InfoMACEF br 213

Page 1

БРОЈ 213, ДЕКЕМВРИ 2020

ИНФО МАЦЕФ

МАЦЕФ е доброволно научно здружение, коешто нуди услуги и стручни знаења од областа на енергетиката и заштита на животната средина во Република Македонија и пошироко. МАЦЕФ е член на: - ЗЛЕК – Заедница на лиценцирани енергетски контролори - мрежата managenergy формирана од страна на European Commission DG Energy and Transport www.managenergy.net - Асоцијацијата на консултантски организации - РЕЕЕП, официјален партнер на Sustainable Energy Europe -----------------------------------------

Среќен 18-ти роденден МАЦЕФ!

МЕГА ИНТЕРВЈУ со Проф. д-р. Константин Димитров На предлог на членството, претседателството на МАЦЕФ едногласно донесе одлука за доделување на почесна титула – доживотен претседател на МАЦЕФ на идејниот творец и со-основач на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија, проф. д-р Константин Димитров. Во оваа прилика, разговаравме со професорот Димитров за неговите мотиви да ја посвети кариерата на машинството. Му честитаме и се надеваме дека со овој гест успеавме да ја изразиме благодарноста не само на членството и раководството туку и на пошироката јавност за неговата грижа и личен придонес кон подобрување на состојбите во енергетиката во Македонија. Проф. д-р Димитров дипломира на Факултетот за електротехника и машинство при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, образованието го продолжува во Загрепскиот универзитет каде се стекнува со звањето магистер по машинство – топлинска енергија, за во 1973 да се стекне со академската титула доктор по технички науки на Машинскиот факултет - Скопје. Работел на струката во Швајцарија, каде имал можност да се исели, но одлучил да ја продолжи својата кариера од Скопје. Се пензионира како редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје.


ИНФО МАЦЕФ

број 213, декември 2020

_________________________________________________________________________________ Разговорот го започнуваме со секојдневни и помалку лични прашања. Професоре, со кои три зборови најдобро би се опишале? - Љубопитен, упорен, колерик. Кога знаевте дека сакате да бидете инженер или пак таа одлука спонтано се разви? - Уште од основното училиште. Си игравме со истрошени батерии, цртав модели на вселенски бродови, на шега стававме сулфур во печката на дрва во училиште (за да губиме часови), а посериозно се насочив со матурската работа по предметот физика. Која е вашата потесна област на интерес? - Енергетика, парни и гасни турбински постројки, и особено енергетска ефикасност. При првата средба со студентите, им порачував дека секоја инсталација или постројка е субоптимална, а нивна задача како инженери е да придонесат за нејзино подобрување. Дури и да се работи за мало подобрување, во текот на животниот век на постројката, заштедите ќе прераснат во значителни. Со денешни зборови – да се оствари поголема енергетска ефикасност. Колку време на дневна основа минувате со истражување на нови содржини? - Покрај редовните работни обврски, кога ќе “налетам“ на прашање и некоја констатација која не ми е најјасна или прифатлива, преку интернет се обидувам да добијам одговор... како љубопитен истражувач сфаќам дека сум навлегол во други подрачја кои не се поврзани со тековната обврска, но среќен сум што сум го проширил знаењето. Човековото знаење е ограничено, затоа пак незнаењето е неограничено големо. Продлабочувајќи го сопственото знаење, откривам колку многу работи не ги знам, и тоа чинам ме прави поскромен. Колку инвестирате во себе и во знаењето...што значи да бидете експерт во потесна област? Знаењето се гради преку работа исто како што пливањето се учи во вода! Колку повеќе завршени работи излезат во јавност (проекти, студии, реферати) и се изложени на јавна критика или одобрување, толку стануваш посигурен дека си на прав пат во струката и можеш стручно да ги „одбраниш“ своите ставови. Кој момент од кариерата ви е најдраг, а на кој радо не би се присетиле? - Бев пријатно изненаден кога еден мој колега, со кого не бевме во многу добри односи, ме препорачал кај еден инвеститор со следниве зборови: - „Ако некој може овој проблем да го реши, тогаш тоа е само Кокан!“ Така и беше, го решив проблемот со валавницата во Железарница во Скопје. Не очекувам и не се трудам колегите да ме сакаат, доволно е да ме ценат! Сте имале прилика да работите како млад инженер во Швајцарија, а сепак сте се вратиле во Македонија (дел од тогашна Југославија) и сеуште сте тука. Може ли добро да се заработува во Македонија како инженер? Што би им препорачале на идните инженери? - Работев во светски реномирана фабрика, во одделот за развој на гасни турбини. По завршувањето на тримесечниот договор, директорот на одделот ми предложи да продолжам во редовен работен однос. Без размислување го одбив. Не е се во платата! Начинот на живот, другарите, пријателите и роднините ништо не може да ги замени. Разговорите и дружењето во Идадија и во Драмски театар беа мотив за нов ден, за ново истражување. И, едно е плата, а друго се примања. Имав дополнителни примања затоа што работев на решавање на проблеми во индустријата. Ако си сигурен во своето знаење и ако си подготвен да преземеш ризик дека можеш да го решиш проблемот кој што инженерите во определена фирма не го согледуваат, ќе имаш и повисоки примања, а нема да бидеш ограничен од месечната плата. Дали кариерата завршува со пензионирањето? - Како за кого. Мојата работа не е физички исцрпувачка, а се чувствувам интелектуално способен. А тоа го чувствуваат и партнерите (надвор од Македонија) кои сеуште ме ангажираат за соработка во моите области на интерес.


ИНФО МАЦЕФ

број 213, декември 2020

_________________________________________________________________________________ Како го минувате времето кога не работите? - Фамилијарните дружења ми се најпријатни моменти. Следам литература и филмови од жанрот на научна фантастика. Впрочем, тоа што било фантастика пред дваесет години, денес е веќе реалност во која живееме. Веројатно од тие книги извлекувам заклучоци и идеи за мојата сегашна работа. Разговорот го продолжуваме кон кариерниот развој. Центарот за енергетска ефикасност на Македонија со кој се поврзува вашето име е формиран во 2002 година. Што ве поттикна да иницирате формирање на здружение на граѓани чија цел е промоција на енергетската ефикасност? - На почетокот на 2000 година почна да се споменува терминот “енергетска ефикасност“, што за мене беше основна работа во наставата, во делот на енергетските постројки. Во комуникација со колегите раководители на секторите за Европа од УСАИД и Алијансата за заштеда на енергија од САД, навлегов во развивање на еден проект раководен од EnEfekt од Бугарија. После многу состаноци и работни задачи Алијансата издвои мала сума средства за да започне работата на МАЦЕФ. Роденденот, со комплетирана администрација е 22 декември 2002 година. Во многу ваши претходни изјави, енергетската ефикасност ја дефинирате како ресурс, кои се вашите проекции за нејзина примена во Македонија? Енергетската ефикасност е најдобриот енергетски ресурс во Македонија, а и во целиот свет. Наместо да инвестираш во изградба на нови енергетски постројки (електроцентрали, топлификациски системи или котлари) инвестираш во намалена потрошувачка на енергија, а при тоа се задржуваат параметрите за комфор во просторот за живеење или работа. Во исто време се намалува притисокот врз животната средина т.е. нема емисија на штетни гасови. Победничка варијанта! Кои се слабите и силните страни на македонскиот енергетски сектор на крајот на оваа 2020 година? Намерата да инвестираш во енергетски постројки во странство е најлошото нешто што може да се случи во енергетскиот сектор. За жал, нема силна страна во енергетскиот сектор. ТЕЦ Осломеј не работи, нема јаглен. Неразумно ја потрошија водата од акумулациите, езерата се претворија во поточиња. РЕК Битола има проблеми со производството т.е. секоја година се намалува количината на произведената електрична енергија. ТЕЦ Неготино сеуште не е поврзано на мрежата со природен гас. Во Скопје нема приклучено нови објекти на гасната мрежа, иако има готови проекти за неколку средни училишта... Доколку имате моќ на одлучување во енергетскиот сектор кои цели би ги зацртале за наредната декада 2021-2031? - Изградба на хидроцентралите Чебрен и Галиште со сопствени средства, државата може да издвојува годишно 100 мил. евра за оваа цел. Изградба на две гасни когенеративни централи во Тетово и Гостивар. Замена на котлите во ЕСМ Енергетика со нови, високоефикасни кондензациски, или изградба на гасна когенеративна постројка од 120 – 150 МW. Што мислите дали е можна декарбонизација на Македонија до 2050 година? Да, со максимална примена на мерки за енергетска ефикасност, разумно инвестирање во обновливи извори на енергија, премин од енергетски интензивна индустрија (топилници) кон индустрија која не троши енергија. За крај, кој енергенс ќе биде клучен на крајот на 21-от век? - Вода за пиење, воздух за дишење! *** Во декември 2020 г., на проф. д-р Димитров му беше доделена и плакета за придонес кон развојот на инженерството – енергетска ефикасност од страна на Комората на овластени архитекти и овластени инженери. Во таа прилика, на својот Фејсбук профил Димитров напиша: „...Признанијата од колегите секогаш најмногу се ценат. И поттикнуваат да продолжам со работа и да го пренесувам стекнатото искуство на помладите.“

Издавач: Центар за енергетска ефикасност на Македонија, 2020г; Рекакција: Ј. Д. Капац, гл. уредник, М. Димитрова, С. Паневски, Ж. Илиевски. К. Димитров, Д. Трпкоска.


Issuu converts static files into: digital portfolios, online yearbooks, online catalogs, digital photo albums and more. Sign up and create your flipbook.