ОСВРТ кон прашањето на саморегулацијата во медиумите во Македонија

Page 1

ОСВРТ кон прашањето на саморегулацијата во медиумите во Македонија

Во изработката на овој документ учествуваа: Мирче Адамчевски, Тамара Чаусидис, Билјана Петковска, м-р Снежана Трпевска , м-р Жанета Трајкоска.

Изработено со поддршка на „Friedrich Ebert Stiftung“


Содржина

1. Вовед 2. . Функциите и важноста на медиумската саморегулација

2

3

4

3. Саморегулацијата, наспроти регулацијата на медиумите

6

4. Медиумската саморегулација како замена за судските постапки

7

5. Облици на медиумска саморегулација и модели на финансирање

8

6. Искуства со медиумската саморегулација во Македонија

10

Нацрт - препораки

13

< ОСВРТ кон прашањето на саморегулацијата во медиумите во Македонија >


1. Вовед Македонскиот институт за медиуми и Високата школа за новинарство и за односи со јавноста заедно со Фондацијата Фридрих Еберт спроведуваат заедничка иницијатива чија основна цел е да се придонесе во поттикнувањето темелна и квалитетна јавна дебата за состојбата во која се наоѓа медиумскиот сектор во Република Македонија. Мотивот за оваа иницијатива беше фактот што недостасуваат аналитички и истражувачки зафати чија цел е да се идентификуваат причините поради кои медиумскиот сектор во Република Македонија и новинарството се соочуваат со сериозни проблеми и да се дадат насоки и препораки што ќе им помогнат како на надлежните тела за утврдување и имплементирање на медиумската политика, така и на медиумската заедница. Проектот се состои од изработка на четири сеопфатни анализи, фокусирани на различни актуелни прашања во медиумскиот сектор во Република Македонија, кои потоа ќе се дистрибуираат до сите релевантни субјекти и до медиумите. Овoј документ е втор во циклусот анализи предвидени за 2010 година и е посветен на прашањето за медиумската саморегулација во Република Македонија. Документот ги опфаќа сите најзначајни прашања поврзани со медиумската саморегулација: функциите и важноста на медиумската саморегулација, медиумската саморегулација како замена за судските постапки во врска со објавени содржини во медиумите, разликите помеѓу регулацијата и саморегулацијата на медиумите, формите на медиумска саморегулација и облиците на финансирање, како и искуствата со медиумската саморегулација во Македонија. Главната цел на документот е да се согледаат позитивните искуства од саморегулацијата и да се поттикне воведувањето различни облици на саморегулација во медиумската сфера. За таа цел, на крајот од документот се дадени и предлогпрепораки за натамошни активности за зајакнување на принципот на саморегулација во медиумите во Македонија. Во изработката на докуменот беа вклучени претставници од Македонскиот институт за медиуми, Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и угледни новинари и уредници кои имаат теоретски познавања, долгогодишно искуство и професионален интерес за оваа област.

Скопје, октомври 2010 година

< ОСВРТ кон прашањето на саморегулацијата во медиумите во Македонија >

3


2. . Функциите и важноста на медиумската саморегулација Mакедонските аспирации за влез во Европската унија ñ наложуваат на државата да достави доказ за функционирањето на демократијата, што подразбира, меѓу другото, постоење на слободни и одговорни медиуми. Македонија е потписник на Европската ковенција за човекови права, која во членот 10 прецизно го регулира аспектот на слободата и одговорноста на медиумите. Член 10 – Слобода на изразување 1. Секој има право на слобода на изразување. Ова право ја вклучува слободата на мислење и слободата на примање и испраќање информации и идеи без мешање на јавните власти и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите да бараат дозвола за работа од радио, телевизиските и филмските компании. 2. Остварувањето на овие слободи, со оглед на фактот што вклучува обврски и одговорности, може да подлежи на такви формалности, услови, ограничувања или санкции кои се предвидени со закон, и кои се неопходни во демократското општество, во интерес на националната сигурност, територијалниот интегритет или јавната безбедност, спречувањето неред или злочин, заштитата на здравјето и моралот, угледот и правата на другите, спречувањето ширење доверливи информации или во интерес на зачувувањето на авторитетот и непристрасноста на судството. Границите помеѓу правата што произлегуваат од слободата на медиумите и нарушувањето на правата на граѓаните во однос на објавените содржини во медиумите, најдобро се уредуваат преку системот на медиумска саморегулација. Системот на саморегулација се смета за едно од специфичните конститутивни обележја на демократскиот карактер на одреден медиумски систем. Во споредба со законските облици на регулација, саморегулацијата претставува „мек“ регулаторен инструмент кој е поблизок до природата на медиумите, како отворени и динамични системи. Со оглед на фактот што наложувањето законски обврски за новинарите во однос на почитувањето на професионалните стандарди се смета за навлегување во уредувачката независност на медиумите и на новинарството, саморегулаторните механизми се најсоодветниот начин за заштита и унапредување на професионалните новинарски стандарди, бидејќи овозможуваат истовремено почитување на етичките принципи во извршувањето на професијата и зачувување на уредувачката слобода на медиумите. Во тој контекст, постоењето на саморегулаторно медиумско тело гарантира заштита на медиумската слобода, како и заштита на јавноста од медиумска злоупотреба. Медиумската саморегулација се опишува како севкупност на автономни норми и тела за нивна имплементација, воспоставени како израз на слободната волја на припадниците на новинарската

4

< ОСВРТ кон прашањето на саморегулацијата во медиумите во Македонија >


професија, со цел да се унапреди примената на професионалните и етичките стандарди во медиумите и да се зголеми угледот на новинарството. Поимот опфаќа поставување и усвојување на професионално-етички стандарди кои се однесуваат на новинарската професија (етички кодекс, новинарски кодекс, итн.), како и тела за нивна имплементација (медиумски омбудсмани, совети за новинарска етика/стандарди, совети на честа, и сл.) чија задача е да ги штитат и да ги застапуваат интересите на медиумските професионалци, јавниот интерес, да ги утврдуваат и спроведуваат нормите и процедурите и да вршат надзор и санкционирање за непочитување на професионалните и етичките правила во новинарството. Користа на системот за саморегулација се манифестира низ дефинирањето на професионалните стандарди и унапредувањето на одговорноста на медиумите. На тој начин, системот го штити угледот и професионалните интереси на новинарството, ги унапредува квалитетите на медиумската понуда на пазарот и ги промовира интересите на корисниците и јавниот интерес. Саморегулацијата може да игра важна улога во процесот на консолидација на општествената одговорност на медиумите, нивната оспособеност и решителност во прв ред да се промовираат интересите на јавноста, а не на сопствениците, огласувачите, или било чиј поединечен интерес. Увидот во историскиот развој на овој принцип покажува дека превенцијата против мешањето на државата во слободата на информирањето и независноста на медиумите често била одлучувачка причина која ги поттикнала медиумите да воспостават саморегулација. Меѓу најчесто истакнуваните особености на системот за саморегулација е неговата автономија. Тој не се заснова врз закон, туку претставува доброволна и слободна творба на социјалните партнери во медиумската индустрија. Тоа се гледа од основачките акти на телата кои се задолжени за спроведување на саморегулацијата, потоа во самостојното регулирање на поставеноста и начинот на работа на овие органи, изборот на нивните членови, утврдувањето на професионалните и етичките стандарди и нивната интерпретација, како и одлучувањето во врска со одговорноста и санкциите. Универзалноста и доброволноста се темелни начела на саморегулацијата. Универзалноста се однесува на фактот дека основните професионални

стандарди во

новинарството не смеат да бидат предмет на избор од страна на новинарите и на медиумите, бидејќи без нив е невозможно да се практицира новинарството. Не постои формален авторитет кој стои над саморегулацијата. Нејзината моќ извира од желбата на новинарите и медиумите да придонесат кон консолидација и кредибилитет на својата професија. На тој начин, преку транспарентност, непристрасност и чесност во постапувањето, се постигнува широко уважување на гледиштата и одлуките на телото за саморегулација, како помеѓу новинарите и издавачите, така и во јавноста. Високите професионални и етички норми и надзорот врз нивното спроведување, резултираат со зголемување на кредибилитетот на медиумите во јавноста и имплементација на општествените функции на новинарството.

< ОСВРТ кон прашањето на саморегулацијата во медиумите во Македонија >

5


3. Саморегулацијата, наспроти регулацијата на медиумите Регулирањето на одделни аспекти од функционирањето на медиумите со закон (особено на радиодифузниот сектор) е неопходно за да се обезбедат уставни и законски гаранции што ќе овозможат слобода на медиумите, но и заради остварување на демократските, културните и економските цели и заштитата на публиката. Но, законската регулација треба да се остварува само до одредено ниво, бидејќи медиумите можат непристрасно и објективно да ја надгледуваат и анализираат власта во едно општество само доколку државата спроведува, колку што е можно, помала контрола.

Во секоја демократска држава неопходно е со закон да бидат регулирани следните прашања:

--

Да постојат уставни гаранции за слободата на изразувањето и забраната на цензура;

--

Да постојат законски одредби што ќе го гарантираат пристапот до информациите на

државните органи и што ќе овозможи тајност на изворите на информации што новинарите ги користат во своите истражувања; --

Со закон да се гарантира непристрасна, фер и транспарентна постапка на доделување

дозволи за работа на радиодифузните медиуми; --

Да постојат законски одредби со кои се гарантира независноста на медиумите од било

кој центар на моќ, правила со кои се спречува медиумската концентрација и се гарантира транспарентност на сопственичката структура; --

Да постојат законски одредби со кои се спречува дискриминацијата и заштитата на

индивидуалните права на другите, а посебно одредби со кои се заштитуваат малолетниците од содржини што можат да им наштетат во развојот; (ова особено се однесува на радиодифузните програми). Клеветата и навредата треба да се предмет само на граѓанска постапка. Истото се однесува и на нарушувањето на приватноста, повредата на честа и достоинството - дури и во случаите кога тоа е намерно направено од страна на неодговорни и непрофесионални новинари.

6

< ОСВРТ кон прашањето на саморегулацијата во медиумите во Македонија >


4. Медиумската саморегулација како замена за судските постапки Медиумската саморегулација ги определува границите помеѓу правата што произлегуваат од слободата на медиумите и нарушувањето на правата на граѓаните во објавените содржини во медиумите. Таа се остварува преку разгледување на жалбите доставени до саморегулаторното тело и донесување одлуки за тоа дали, и на кој начин, е нарушен етичкиот кодекс. На тој начин се воспоставуваат одредени стандарди и за медиумите и за јавноста во однос на тоа што е прифатливо за објавување во медиумите, а што не е. Се смета дека е многу подобро кога медиумите ќе се согласат самите да се регулираат, отколку да му ја препуштат регулацијата на некое тело. Публиката, т.е. граѓаните, повеќе им веруваат на медиумите кои се подготвени да сносат одговорност за својата работа. Исто така, саморегулацијата има и многу практични предности: трошоците на постапката за поднесување жалба против некој медиум се значително пониски во споредба со ангажирањето адвокати; постапките се завршуваат побрзо; процесот е помалку конфронтирачки, отколку соочувањето во судница. Од досегашните искуства во светот, не се препорачува една жалба или поплака истовремено да биде процесирана и во судска постапка и преку саморегулаторен механизам. Саморегулацијата најдобро функционира кога засегнатите страни ќе бидат соочени и низ процес на посредување спорот ќе биде разрешен преку корекција, извинување, или слично. Доколку истовремено се води и судски спор, ова е тешко да се оствари. Медиумите, обично, се помалку заинтересирани за решавање на спорот преку механизмите на саморегулација доколку оценат дека нивната добронамерност да се реши случајот може да биде употребена против нив во судската постапка. Саморегулаторните органи наложуваат „морални санкции“ за медиумите што ја злоупотребиле својата позиција, а тие како резултат на доброволното вклучување во системот на саморегулација, се должни да ја објават утврдената санкција, со што медиумот и одговорните признаваат пред своите вработени, пред менаџментот и пред публиката, дека не ги почитувале стандардите што самите се обврзале дека ќе ги применуваат.

< ОСВРТ кон прашањето на саморегулацијата во медиумите во Македонија >

7


5. Облици на медиумска саморегулација и модели на финансирање Моделите на механизмите за саморегулација се различни и се разликуваат од држава, до држава, во зависност од локалните и историските особености. Најпознати и најраспространети облици се колегијалните органи (медиумски совети, жалбени комисии, судови на честа). По правило, дејствуваат на национално (некаде на регионално) ниво, односно во големите медиумски системи (на пример во јавната радио и телевизија). Нешто повеќе од половината национални совети во Европа го регулираат однесувањето на сите медиуми, додека другите само печатените медиуми. Според новите искуства, најпрепорачливи се интегративните „трипартитни“ модели, составени од претставници на најважните играчи во медиумската сфера: сопствениците на медиумите, новинарите и корисниците - јавноста. Со ваквата структура се нагласува дека новинарите и издавачите (сопствениците) имаат одговорност и кон својот еснаф, но и кон корисниците. Имајќи предвид дека саморегулацијата треба да му служи на јавниот интерес, за најдобар се смета моделот на меѓусебна контрола и влијание меѓу партнерите. Ваквиот модел ја надминува потенцијалната нетранспарентност, или дури изолационизам и самодоволност, и значително го зголемува општиот кредибилитет на овие тела. Во првите децении од развојот на саморегулацијата преовладувале грански, или професионални типови на колегијални органи, стриктно ограничени на издавачите (сопствениците) и новинарите и засновани врз ригидна интерпретација на начелото за автономија. Во времињата кога се формирале, претставувале вистински придонес кон независноста на медиумите. Повеќето еволуирале во поинаков механизам, но, на пример, Германскиот совет, кој ужива висок углед, цели 50 години ја задржал оригиналната структура. Парцијалните типови на совети се под контрола на само еден од социјалните партнери, само новинарите, или само издавачите. Ова е пракса во земјите на поранешна Југославија, тела од типот на новинарски совет на честа. Во Италија, вакво тело е Ordine Nazionale dei Giornalisti, основано со закон, но членовите ги избираат новинарите. Во Велика Британија, саморегулаторно тело е Press Complaints Commission, која е под контрола на издавачите. Ваквите форми можат да ја надоместуваат функцијата на интегративните тела, под услов да постои барем премолчено признавање на одлуките од страна на социјалните партнери кои не се застапени. Во спротивно, ќе дојде до создавање на напнати односи во медиумскиот сектор, кои не се во согласност со добрите новинарски практики. Покрај колективните, во неколку земји постојат и инокосни органи со релативна автономија, по примерот на Шведскиот омбудсман за медиуми. Таквите органи не ги утврдуваат професионалните стандарди, ниту, пак, носат мериторни одлуки во врска со поднесените жалби. Тие се овластени само да посредуваат во процесот на помирување помеѓу оштетените граѓани и редакциите. Имајќи

8

< ОСВРТ кон прашањето на саморегулацијата во медиумите во Македонија >


предвид дека брзата сатисфакција на оштетениот има одлучувачко влијание врз намалувањето на штетата предизвикана со работата на новинарите, ефикасното реагирање на таквите тела ја зголемува практичната вредност на системот за саморегулација. Оваа функција најчесто ја вршат истакнати личности, со голем углед во јавноста, кои со своето дејствување ги унапредуваат новинарските етички норми и ја зголемуваат медиумската компетентност на корисниците. На тој начин се нагласува посредничката и превентивна улога на саморегулацијата. Во системот на саморегулација, многу е распространета и институцијата „редакциски омбудсман“ (застапник, адвокат или уредник на читателите). Се среќава во преку 100 редакции ширум светот, меѓу кои и во некои од најугледните медиумски куќи (Washington Post, Guardian, Le Monde, итн). Во овој концепт најдобро се манифестира начелото на доброволност. Покрај тоа, посебно доколку се работи за угледна редакција, се создаваат влијателни „етички арбитри“ како кон јавноста, така и кон другите гласила. Секако, од аспект на целисходноста и вкупната ефикасност на системот, редакцискиот омбудсман е инфериорен во споредба со интегративните модели, но е нивно одлично дополнување. Трошоците за тековните активности на советите се разликуваат од држава, до држава. Во државите со големина приближна на Хрватска, трошоците изнесуваат околу 100.000 € годишно, во Германија 400000 €, додека во Британија 2.230.000 €. Трошоците се однесуваат на работата на стручните служби, подготовката и одржувањето на седниците, повремено на надворешната стручна соработка, публикувањето на одлуки и други извештаи, како и промовирањето на системот. Финансиските средства, главно, ги обезбедуваат издавачите, во Британија и Данска во целост, додека во повеќето други земји, издавачите обезбедуваат половина или повеќе, од буџетот (на пример во: Германија, Норвешка, Белгија, Шведска, Турција), а остатокот го обезбедуваат здруженијата на новинарите, или државата. Неусловена државна субвенција постои во: Финска, Германија, Литванија, Луксембург и Кипар. Важно е да се обезбедат стабилни извори на финансирање и преку финансирањето да не се нарушува независноста на советот. Постојат и одделни специфични решенија, како на пример во Данска, каде тековните трошоци се покриваат преку сметката на Министерството за правда, а потоа издавачите му ги рефундираат средствата на Министерството, за трошоците направени во претходната година.

< ОСВРТ кон прашањето на саморегулацијата во медиумите во Македонија >

9


6. Искуства со медиумската саморегулација во Македонија Во Законот за радиодифузната дејност јасно е дефинирано правото на исправка и одговор и обврската за надзор над спроведувањето на одредбите од Законот од страна на Советот за радиодифузија. Исто така, јасно се дефинирани стандардите на новинарското работење, почнувајќи од правото на слободен прием и пренесување на информации и правото на слободно изразување, преку објективното и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења. Со Законот е регулирано дека во програмите на радиодифузерите, како и во програмите што се реемитуваат преку јавните комуникациски мрежи, не се дозволени програми што се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, или кон поттикнување, или повикување на воена агресија, или на разгорување на национална, расна, полова, или верска омраза и нетрпеливост. Заштитата на изворот на информирање, исто така, е опфатена. Всушност, може да се каже дека во него е вградено сé она што е напишано во Кодексот на новинарите. Но, според Извештајот за работата на Советот за радиодифузија за 2009 година, за прекршувањата на Законот за радиодифузната дејност и на подзаконските акти, поврзани со емитуваната програма на радиодифузерите, на трговските радиодифузни друштва, Советот за цела година поднел само две барања за поведување прекршочна постапка. Првото барање е за прекршување на член 71 од Законот и член 7 од Правилникот за заштита на малолетната публика, за емитување програмски содржини што можат штетно да влијаат врз физичкиот, психичкиот и моралниот развој на малолетниците, во несоодветен временски период од деноноќието. Второто барање за прекршочна постапка е поведено за констатирано прекршување на член 70, став 1 од Законот, односно за емитување содржини (учество на малтретиран малолетник во забавна програма), кои можат сериозно да го загрозат физичкиот, психичкиот и моралниот развој на децата и младите. Советот на МРТ во својот опсег на работа има и одредени надлежности од саморегулаторна природа (ја утврдува програмската политика и го надгледува спроведувањето на програмските начела), но, во основа, тој е дефиниран како орган кој врши надзорни и управувачки функции во јавниот сервис и нема карактеристики на вистинско саморегулаторно тело. Советот на честа во рамките на ЗНМ е единственото саморегулаторно тело во областа на медиумите во Македонија, кој постои од 2001 година. Досега работеше во два состава, со по пет членови. Од досегашната работа на Советот, клучните проблеми со кои тие се соочуваа се: --

Недоволна информираност на новинарите за тоа што, всушност, претставува

саморегулацијата. Имено, дел од новинарите саморегулацијата ја разбираат како механизам што треба да ги заштитува нивните синдикални права (отказ од работа, неплатено породилно отсуство, и сл).

10

< ОСВРТ кон прашањето на саморегулацијата во медиумите во Македонија >


--

Неподготвеност на новинарите и медиумите за самокритичност. Медиумите ја доведоа

до апсурд максимата „никогаш не признавај грешка“, и, навистина, се ретки случаите кога одреден медиум признава дека направил пропуст. Објавувањето на оценките на телото за саморегулација досега беше можно само кога стануваше збор за конкурентски медиум, или кога поводот бил да се оспорува и критикува оценката на Советот. Сепак, евидентирани се и одредени позитивни примери, кога медиумот јавно ја признал грешката (Шпиц, Дневник), или кога новинар усно потврдил дека „сепак, Советот бил во право“.

--

Паролата „ова не се однесува на мене “. Кај дел од новинарите владее чудно уверување дека етичкиот кодекс и правилата на

професијата не се однесуваат на нив само затоа што не се членови на ЗНМ. Со други зборови, тоа значи дека секој новинар кој не е член на еснафско здружение, има право да не ги почитува правилата на професијата, и на тоа никој не смее да реагира. Загрижува што ваквото искривоколчено поимање на професионалните стандарди и новинарската етика како „право на избор“ се тренд кој има тенденција длабоко да се вкорени во новинарската заедница. Во периодот од 2007, до почетокот на 2010 година, Советот опсервирал и решил повеќе од 70 случаи. Дел од нив се резултат на претставки, а за дел Советот реагирал самоиницијативно. За повеќето, Советот има објавено и соопштение кое е доставено до сите медиуми и поставено на веб-страницата на ЗНМ. Неколку случаи што се решени со медијација, не се објавени. Над 40 случаи се одговори на поднесени претставки, што, сепак, укажува дека постои потреба од инстанца која ќе може да арбитрира во случаи кога постои сомневање дека новинар ја злоупотребил својата позиција. Од досегашната работа на Советот на честа, може да се констатира дека најчести грешки на новинарите се: --

Непочитување на правилото за пресумција на невиност. Често полициските обвинувања,

или соопштенија се единствен извор на податоци, а зборот осомничен се брише, па лицето за кое се информира, практично е прогласено за виновно, без судска одлука. --

Објавување непроверени, неточни информации, имиња и податоци.

--

Непочитување на приватноста (објавување информации за здравствена состојба,

приватни податоци, мотиви за самоубиство, и сл.) --

Злоупотреба на малолетници – објавување имиња и информации за деца, објавување

фотографии, адреси, снимки и имиња на деца–жртви, интервјуа со жртвите, или со членовите на нивното семејство, и сл. --

Објавување тврдења на политичари за нивни противници во кои тие обвинуваат за

финансиски малверзации, кражба или злоупотреба на службената положба. Новинарите ваквите изјави ги пренесуваат во контекст во кој се претставени како факти, а не како политичка пресметка на спротивставени страни. Притоа, често недостасува втората страна, а јавноста останува во уверување дека се објавени факти.

< ОСВРТ кон прашањето на саморегулацијата во медиумите во Македонија >

11


--

Говор на омраза и стереотипи за малцинските групи. Во пракса, се покажа дека во македонското новинарство постои подготвеност за

саморегулација, но таа е повеќе декларативна, отколку реална. Во услови во кои дел од новинарите работат со нерегулирани економски и социјални права, тие одбиваат да разговараат за професионалните стандарди, аргументирајќи дека не се можни професионални стандарди во услови на загрозен егзистенцијален статус. Сепак, тоа е аргумент што, доколку се прифати, лесно може да биде оправдување за непрофесионално и неетично работење. Ова дотолку повеќе што, запоставувањето на етиката, новинарската професија ја прави подложна на она на што, практично, сме сведоци – нејзино претворање во пропаганда. Впрочем, се чини дека ова е тренд што полека, но сигурно, метастазира. Досегашните два состава на Советот на честа, претставуваа збир од новинари-ентузијасти кои се обидуваа да сопрат нешто што е невозможно да се сопре доколу не се вклучат сите кои јасно ги разбираат задачите и улогата на новинарството во демократско општество. Во спротивно, ова професионално малцинство нема да може да опстане. Оттука, важно е да се има предвид дека, заради справувањето со оваа ерозија на вредностите е неопходно активно вклучување и на другите два сегмента од системот - медиумските сопственици и претставниците на јавноста.

12

< ОСВРТ кон прашањето на саморегулацијата во медиумите во Македонија >


Какви облици на саморегулација може да функционираат во Македонија?

Нацрт - препораки 1. Сите социјални партнери во медиумскиот систем треба да се стремат кон стимулирање на употребата на сите форми и облици на саморегулација, за кои ќе биде оценето дека можат да функционираат и да придонесат во унапредувањето на професионалните и етичките стандарди и угледот на новинарството и на медиумите во Македонија. 2. Редакцискиот омбудсман/уредник на читателите, е наједноставната форма на саморегулација, која не чини многу, а може значително да придонесе во подигнување на стандардите и угледот на медиумите што ќе одлучат да ја применат. Воведувањето редакциски омбудсман треба да биде охрабрено во сите редакции, а особено во јавниот сервис - МРТ. Формирањето Совет за етика и омбудсман за читатели во изданијата на Медија принт Македонија – МПМ (Дневник, Вест и Утрински весник), досега е единствен позитивен пример, иако телото сé уште не започнало активно да работи. 3. Советот на честа во рамки на ЗНМ, како колегијален орган составен од новинари – членови на ЗНМ, треба да продолжи уште поактивно да ја извршува својата задача, согласно Статутот на ЗНМ и Деловникот за работа на Советот. 4. Идејата за медиумски омбудсман како јавна функција (како народен правобранител), или во рамките на канцеларијата на Омбудсманот, е позитивна, под услов да се воведат механизми таа да се остварува независно и ефикасно, за да се избегне перцепцијата на овие институции како „провладини“, или „опозициски“. 5. За да успее, саморегулацијата мора да биде инклузивна, консултативна и транспарентна, и да вклучи што поголем број медиуми и претставници на другите два социјални партнера сопствениците на медиумите и претставниците на јавноста. 6. Имајќи го предвид долготрајниот тренд на директно влијание на сопствениците врз уредувачката политика на медиумите, потребно е да се обезбеди директно ангажирање на претставници на сопствениците во заедничко саморегулаторно тело што ќе се стреми да ги обедини сите редакции, и ќе ги вклучи и радиодифузните, печатените и онлајн медиуми. 7. Потребно е отворање јавна дискусија околу потребата од формирање на независно саморегулаторно тело, на пример „совет за новинарска етика“, во кој ќе членуваат претставници на новинарските здруженија и професионалните медиумски организации, претставници на сопствениците на медиумите (делегирани преку Стопанската комора, или друго еснафско

< ОСВРТ кон прашањето на саморегулацијата во медиумите во Македонија >

13


здружение), и претставници на јавноста, т.е. граѓаните (пензиониран судија, претставник од Здружението на потрошувачите, академски професори од областа на новинарството, и др.). 8. Постапката на формирање на ова тело треба да биде транспарентна и отворена за сите кои сакаат конструктивно да придонесат кон овој процес. 9. Најдобро е финансирањето да го обезбедуваат медиумите што ќе членуваат во телото, без никакво мешање на државата. 10. Да се формира иницијативен одбор што ќе го започне процесот на формирање на телото, ќе подготви план за работа и ќе има мандат до формалното конституирање на советот. 11. Паралелно со овој процес, неопходно е да се покренат „креативни“ иницијативи, од типот на новинарски награди, или слично, што ќе ги стимулираат новинарите да не прифаќаат задачи кои се спротивни на професионалните и етичките стандарди. 12. Неопходно е да се зајакнат критериумите за новинарска едукација на сите кои (сакаат да) работат како новинари. 13. Советот за радиодифузија треба да ја зајакне примената на санкциите за неспроведувањето на програмските стандарди, согласно Законот за радиодифузна дејност.

14

< ОСВРТ кон прашањето на саморегулацијата во медиумите во Македонија >


Користена литература:

Закон за радиодифузна дејност на Р. Македонија Статут на здружението на новинарите на Македонија Извештај за работата на СРД за 2009 година Европска конвенција за човекови права -член 10 Прирачник за медиумска саморегулација, издаден во 2008 година од страна на претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите: http://www.osce.org/publications/rfm/2008/04/30697_1117_ en.pdf Истражување на Article 19 и Меѓународната федерација на новинарите (IFJ), март, 2005 г. „ Freedom and Accountability: Safeguarding Free Expression Through Media Self-Regulation” www. article19.org ; www.ifj.org http://www.media-accountability.org/aipce_index.php

< ОСВРТ кон прашањето на саморегулацијата во медиумите во Македонија >

15


Македонски институт за медиуми и Висока школа за новинарство и за односи со јавноста Јуриј Гагарин 17 / 1-1 1000 Скопје тел. 30 90 004 факс. 30 90 104 www.mim.org.mk www.vs.edu.mk


Issuu converts static files into: digital portfolios, online yearbooks, online catalogs, digital photo albums and more. Sign up and create your flipbook.