НАЈДОБРО Е ДА СИ СВОЈ
Петко не дочека ниту Сонцето да изгрее за да ја викне Лина и да ѝ се пофали. Беше пресреќен што тргнуваше во ново училиште. „Колку многу нови другари ќе запознаам!“ - си помисли и веднаш скокна да се спрема. На Лина ѝ се спиеше, но се обидуваше да му даде поддршка и мамурно го бодреше. „Ти завидувам, Петко. Тоа е едно од најдобрите училишта во градот. Едвај чекам да ми раскажеш како ти поминал првиот ден.“
„Каков би можел да биде, Лина? - возбудено извика Петко додека Лина се восхитуваше на неговата нова чанта. Ги купив најубавите тетратки и најшарениот прибор. “ „Палтото ми е ново, патиките удобни, а лицето насмеано. Мора да биде... СОВРШЕНО!“ - крикна Петко и ја нарами чантата.
За жал, возбудата на Петко брзо згасна. Тој доживеа нешто што нималку не го очекуваше. Наместо добри другарчиња, Петко запозна деца кои почнаа да го исмеваат веднаш штом влезе во новата училница.
„Види каков топчест стомак има!“ - се смееше Иван. Петко се свитка од срам и ко закован седеше цел ден. Едвај чекаше да се стрча дома.
Се обидуваше да ги скрие солзите, но толку му беше тешко што тие самите потекоа. „Никој ни збор не рече за моите нови патики“ - си помисли. „Никој не ја забележа мојата чанта, ниту тетратките, ниту палтото... Но сите го забележаа мојот стомак. Зарем заслужив вакво нешто?“
„Па, јас никогаш никого не сум повредил. Сè што сакав е да запознаам нови другарчиња и да си поминам убаво на училиште“. Не сакаше ни да помисли на следното утро зашто знаеше дека повторно ќе биде мета на исмев. Кутриот Петко, никогаш не бил потажен.
Зеде самолеплива лента, си ги замота ушите и ги залепи за главата. „Ете, - си рече во себе и се насмевна, гледајќи се во огледалото. Сега се мали. Сега нема за што да ми се смеат.“
Почна првиот час без никој ништо да му довикне. За момент почувствува огромна среќа. „Успеав! - си помисли. Веќе никој нема да ми се смее.“
Но одеднаш почувствува дека нешто не е во ред. Го крена погледот и над него стоеше наставникот со страшен израз на лицето. Беше вознемирен зашто Петко беше прозван неколкупати, но ушите му беа залепени и не си го слушнал името.
Тажен и вознемирен Петко влета во зградата без да крене глава. Тетка Душка го поздрави, но толку беше занесен што ниту ја чу ниту ја виде. Влезе во лифтот без збор и ја остави тетка Душка зачудена. „Што му е на Петко? - си помисли. Ова не личи на него.“
Лина дојде и мавна со раката. „Добар ден, тетка Душка“ - се насмевна. „Што му е на Петко, Линче? Да не знаеш? Дојде од училиште и не рече добар ден. Помина со наведната глава и без збор ја збриша во лифтот.“ „Хм - се замисли Лина, повторно тие лоши деца.“
Лина се обиде да го развесели, но немаше утеха за повредениот Петко. Дури ни омилените колачиња, што му ги донесе не сакаше да ги јаде. Откако го ислуша, Лина му ја кажа единствената вистина. „Ти направи грешка со тоа што сакаше да го покриеш стомакот, и рацете, и ушите, Петко. Никој не е совршен и не треба да се менуваш за другите да те сакаат.“
„Јас сум само дете со топчест стомак, куси раце и големи уши!“ - прошепоти Петко. „Не, Петко!“ - го прекина Лина. „За мене си другар со искрени очи, убава насмевка и големо срце. Таков си кога си свој, и таков треба секогаш да бидеш. Најдобро е да си свој, Петко. Тоа е единствениот начин.“
Петко се согласи и Лина го натера заедно да играат одбојка. „Но јас никогаш не сум играл одбојка, загрижено рече Петко. Не знам да играм.“ „Никој не се родил со знаење, но секој може да научи!“ - се насмеа Лина.
Кога стигнаа на игралиштето, Петко се запрепасти. „Тие се! - се сепна и лицето веднаш му поцрвене од срам. Децата од моето одделение.“ И додека Лина успеа да одговори, децата го заобиколија Петко и почнаа да му се смеат. „Зошто ги криеше ушите досега? Се срамиш зашто ти се големи?“
„Оставете го!“ - викна Лина одеднаш. „Многу сте силни на зборови, а? Ајде да ве видам колку сте добри на терен. Ако ве победиме со Петко, ветувате дека повеќе никогаш нема да му се смеете?“
„Ама Лина - шепна Петко, јас ти кажав дека не сум толку добар во одбојка. Знаеш... рацете ми се куси...“ „Пссст“, го прекина Лина. „Секако дека си добар. А и згора на тоа, го имаш најдобриот партнер во твојот тим.“
Петко попусто се трудеше. Едноставно не можеше да дофати ниту една топка. Но, одеднаш топката прелета над него, тој го оптегна увото и ја удри толку силно, што никој не можеше да ја одврати.
Пресреќен, Петко сфати дека иако неговите раце се куси, неговите уши се силни и може да игра со нив. Никој повеќе не можеше да ја фати топката. Петко ја водеше играта и на крај...
ПОБЕДИ! Лина скокаше од радост, а неговите соученици му честитаа.
Петко гордо замина од игралиштето заедно со Лина. „Што ти реков јас, Петко, а? „Да!“ - призна Петко. Во право беше. „Најдобро е кога си свој!“