svetlina10web

Page 17

Така и било, и не само што таа ги облекувала страдните и бедните во градот Јопија, но и во наши дни се спомнува со стравопочит нејзиниот срдечен труд и на многумина им служи како пример. Секој нека прави, колку што може. Но како, ќе речат, Господ бара бесконечно совршенство, а вие барате толку малку... Какво ќе е тогаш искачувањето на планината? Значи човекот не се движи, туку стои во место. Не. Ако човекот го воплотил Христа во своето малечко дело, тој постепено ќе почне да се искачува кон врвот. Не може да стои оној, во кого живее Христос. Чувствувајќи Го во себе Бога, преку такво дело на љубовта, човекот се ородува со Христа и со Негова помош ги пронаоѓа во себе сите сили потребни за понатамошно одење по Неговите патишта и по патот на светиите до самиот врв на Планината Господова. Оној кој е верен во мали нешта, Господ во вистинско време ќе го повика и на поголеми. Само не треба да се заборави, дека на секој пат, во секоја дејност, молитвата нè крева нагоре, дека и мали дела во слава Божја не можеме да вршиме ако не се искачуваме на планината на молитвата заради зајакнување на силите, - не за мртва, обврзувачка, со неми усти, - туку вистинска, горешта и искрена. Господ „ги возведе апостолите на висока гора“ (Марко 9, 2). Зошто? Заради молитва во осаменост. Самиот Господ непрестајно се оддалечува од толпата и ги зема учениците, за да можат и тие да се одморат и сосредоточат; „дојдете и вие во осамено место и одморете се малку“ (Марко 6, 31) - им велеше Он. На крстот, во претсмртни маки, до последната минута од Својот живот Господ и Син не престанува да се моли и постојано ги поттикнува кон молитва своите ученици: „Бидете будни и молете се за да не паднете во искушение“ (Марко 14, 38). Планината на која Он ги возведува своите ученици, самата таа го претставува тој тежок, трнлив пат, кој ние треба да го изодиме, за да се искачиме на височината на доброто и на височината на вистинската молитва. Силата на молитвата е најголемата тајна, меѓутоа по својата едноставност таа ѝ е достапна и на чистата детска душа. И ние треба да го бараме од Бога дарот на света, горешта, а не само обврзувачка, молитва. И тој дар ќе ни даде сила уште на почеток да бидеме светилник кој силно гори во нашиот дом, а потоа, можеби, и пошироко да ја шириме Христовата светлина. Да се молиме. Само Христос може да го изврши тоа чудесно дело во нашето срце; само Он ќе нè поведе нас, како Своите ученици, по тесниот, стрмен, карпест пат, кој води кон високата планина. Он ќе нè поддржи и ќе нè понесе на своите раце, отстранувајќи ги сите препреки; следејќи Го Него, ќе го достигнеме врвот и ќе ја добиеме наградата, која ги очекувала учениците на Тавор; таму, далеку од вревата и световната суета, тие го слушале само гласот на Спасителот, - тие Го спознале во Него Синот Божји, и биле сведоци на Неговата предвечна слава. Така е и со нас, кога ќе се вознесеме со душата кон Господа, кога ќе ги оставиме далеку зад себе сите земски искушенија и светски соблазни, Он ќе ни даде да вкусиме од неописливото блаженство на близината до Господа, која ни дава сила во животните борби, цврстина во искушенијата и утеха во тагата. Превод од руски јазик Миле Иваноски, апсолвент на Руски јазик Наслов на оригиналот Епископ Михаил (Семенов), Преображение в святость

15


Issuu converts static files into: digital portfolios, online yearbooks, online catalogs, digital photo albums and more. Sign up and create your flipbook.