Власите (Ароманите) во Македонија

Page 1



Со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија: Овој проект е финансиран со поддршка од Европската Комисија. Оваа публикација ги одразува ставовите на авторот, а Комисијата не може да биде одговорна за какво било користење на информациите содржани во неa.

Автор: Јовица Станковски Уредник: Драгана Јовановска Дизајн: Елена Чебан Превод од македонски на англиски јазик: Мила Јосифовска Слики: Н.У. Завод за заштита на спомениците на култура и Музеј – Штип


Овој водич беше развиен како дел од проектот "Cu Tenda - приказни, слики и звуци во движење; Живa Меморија на Југоисточна Европа ", имплементиран од Центар за интеркултурен дијалог, во партнерство со Националниот музеј на Романскиот Селанец , О.Р.С. Osservatorio ricerca sociale (Италија) и Универзитетот во Пловдив "Paisii Hilendarski" (Бугарија). Водичот има за цел да се користи како патоказ на Влашката култура во Македонија, следејќи ги движењата, традицијата и историјата на истата, почнувајќи од пред многу години до денес. Се надеваме дека Водичот ќе инспирира поголем интерес за Влашката култура и ќе придонесе за создавање жива слика за сеќавањето на овој народ како важна врска во македонската и балканската историја и идентитет. Центар за интеркултурен дијалог Куманово, 2018 година

2


Власите во античките извори Власите во средновековните извори Власите и нивната улога во големите балкански градски центри Сточарството како основна стопанска дејност Именување на Власите во Балканските земји Влашки јазик Конфесионална припадност Власите во Македонија Народните носии како карактеристичен белег на културата на Власите Власи Фаршериоти Власите Карагуни Мегленски Власи Власи Саракачани Власите во Кумановскиот регион Влашка носија во Кумановскиот регион Власите и општествените текови во Македонија Позначајни влашки традиции и преданија во Североисточниот регион Кратка белешка за авторот За проектот Проектни партнери

3

4 6 7 8 8 9 10 11 13 14 15 17 17 20 21 23 25 26 27 29


Власите во историските извори најчесто се среќаваат под името Arӑmӑni или Armӑni. Овие називи се изведени од терминот Romanus, според името на градот Рим. Од овој термин се изведени разни етноними за влашката етничка заедница: Români, Rumâni, Rumâri. Подоцна, со додавање на вокалот ‘а’ пред именката (карактеристична форма во ароманскиот јазик) се добиваат термините Aromâni, (Аромани, како најчеста форма на народното самоименување), Arumâni итн. Во литературата, најупотребувано име за нивната колективна идентификација е терминот Влав (мнoжина: Власи). Спорeд некои истражувачи етимологијата на терминот Влав е изведена од името на келтското племе Volcae кое живеело во југоисточна Галија (денешна Франција) и граничело со Германите. Германите ова име го усвоиле како општо име за Келтите, а по нивното романизирање за нив, како и за сите романизирани народи, го употребувале германскиот збор Walh, т.е. луѓе кои го говорат романскиот (латинскиот) јазик. Германското население во Швајцарија и денеска, за своите италијански и француски сонародници, го користат терминот Welsch. Од Германите, називот Walh го превзеле Словените кои за Италијаните го користеле називот Vlachù. Кај Источните Словени името се јавувало во формата Volosi. Според општо прифатеното мислење, името поминало од Балканските Словени кај Грците. Кога се зборува за етничкото потекло на Власите, треба да се потсетиме на уште еден историски настан. Имено, кон крајот 4


на IV и на почетокот на III век п.н.е. Галите, т.е. Келтите, вршат експанзија на Балканскиот Полуостров во два последователни продори. Првпат во 280 год. п.н.е., во правец на Македонија, Илирија и Тракија, при што опустошиле голем дел од овие области. Во вториот продор Келтите се обиделе да го завземат светилиштето во Делфи (Грција). Но, овој поход бил безуспешен. Големата Галска војска била поразена, по што дел од неа се упатил кон Тракија, каде Галите основале краткотрајна држава. Една група го продолжила патот кон исток и преку Хелеспонт отишле во Мала Азија каде што основале држава позната под името Галатија. Дел од поразената келтска војска останал во Македонија, а една поголема група се преселила во Подунавјето, каде и се населиле. Овие Келти се познати под името Скордијци. Така, кога се зборува за етничкото потекло на Власите, постои поголемо несогласување меѓу современите истражувачи. Според едни, Власите на Балканот водат потекло од староседелците Грци, или му припаѓаат на автохтоното романизирано илирско-трачкото население. Други истражувачи сметаат дека Власите се симбиоза меѓу Трачките, Келтските и Јужнословенските племиња. Постои и хипотеза (која денес има се помалку приврзаници) дека Власите (Ароманите) како свои претци ги имаат латинизираните Даки, дојдени од подунавскиот простор на стара Дакија, која Рим ја напуштил во времето на царот Аурелијан (во 271-275 год. н.е.), пред инвазијата на Хуните, Аварите, Словените и другите варварски воинствени племиња. Потиснати од својата татковина кон внатрешноста на Балканот успеале да се населат и опстојат на просторот на Југоисточна Европа, сочувувајки го својот латинизиран јазик благодарение на својата мобилност како последица на нивното основно занимање - сточарството). Кога се зборува за Република Македонија, ќе реферираме на Власи како поширока категорија од Ароманите, односно и за Карагуните, Мегленските Власи и тн. 5


Како што беше напоменато, на почетокот на средниот век, Словените од Источна Европа го користат терминот Walh со кој го означуваат целото романско и романизирано население. Од него тие ја извеле формата Vlakhi и Volosi. Овој назив (Влав) понатаму влегува во грчкиот јазик како позајмица од Балканските Словени. Веќе на крајот на Х и во ХI век, терминот Влав се поврзува со сточарските заедници, без разлика на која етничка група ѝ припаѓаат. Патеписците кои патувале низ влашките територии и го проучувале нивниот живот, стопанство, социјална структура, духовната и материјална култура, потврдуваат дека терминот Власи опфаќа различни племенски заедници. Тие се разликувале по карактерот и менталитетот, од каде произлегуваат голем број имиња за оваа етничка заедница. Но, и покрај ова, во изворите кои потекнуваат од византиските хроничари, терминот Влав се користи како етноним за сите сточарски заедници, во текот на целото постоење на Византиското Царство. Првото спомнување на името Власи во Западна Македонија е во еден текст од 976 год. кој соопштува дека Давид, еден од четворицата комитопули кои го поведоа востанието против Византија, бил убиен од Власи во место помеѓу Костур и Преспа. Во 979 год., во една повелба на византискиот цар Василиј II, се спомнуваат Ароманите од континентална Грција (Елада), под команда на еден од неговите војсководци. Постоењето на големо етничко јадро на Ароманите е потврдено, истовремено и во Тесалија. 6


Во XVI и XVII век, Власите имале развиена трговска мрежа по целиот Балкански Полуостров, преку која влијаеле не само на развојот на трговијата, туку и на занаетчиството во големите балкански градови, давајки му печат на градскиот живот и придонесувајки за нивниот развој. Трговските врски на Власите брзо се прошириле и вон границите на Балканот: во Унгарија, Австрија, Италија, Турција. Нивните каравани ја крстосувале Југоисточна Европа во времето кога трговските патишта, особено во планинските предели, не биле сеуште развиени. Голем подем доживеал и тогашниот центар на Власите - ароманскиот град Москополе (Воскопоја). Во текот на следните векови, со слабеењето на Турското Царство и теророт на агите и беговите, Власите ги напуштаат своите стари огништа и мигрираат кон север. Првиот бран на иселување започнал во 1769 год. кога Москополе е опљачкано од околните Албанци, а вториот во 1788 год. кога истото е ограбено и запалено од Турците. Покрај Москополе настрадале и други влашки населби во Јужна Албанија, Епир и Тесалија, што предизвикало иселување и на голем број трговци, занаетчии и сточари. Во втората половина на XVIII и на почетокот на XIX век, од Jужна Албанија и Северозападна Грција (регионите на Епир и Пинд) се доселиле во Македонија две групи влашко население. Поголемата група, составена од занаетчии и трговци, се населила претежно во урбаните и руралните центри во Западна Македонија, како постојано население, а помалата група од номадски сточари од просторите на Грамос и Фаршери (Албанија) се населила по македонските планини.

7


Во јужниот дел на денешна Република Македонија се населиле Мегленските Власи. Сточарството како основна стопанска дејност Основното занимање на Власите било сточарството, поточно овчарството. Најрано се развило на планините Пинд, Грамос, Олимп, во северен и јужен Епир, а потоа се проширило на Шара, Бистра, Осогово и на планините во Србија и Хрватска. Летно време стадата заминувале на планините, а зиме презимувале во рамнините. Овие движења се одвивале на голем простор: Власите од Северна Грција стигнувале, на исток до Тракија, на север до планините на северната граница на денешна Република Македонија, а на југ до Пелопонез. Власите од Албанија се движеле на југ кон Грција, на север кон Србија, а стигнувале и до далматинскиот брег. Именување на Власите во Балканските земји Балканските народи користат повеќе називи за именување на Власите. Грците ги нарекуваат Пистики (Власите од Етолија и Аркадија), Боми (Власите од Беотија), Власи, Куцовласи и др. Во Албанија Власите се познати, исто така, под повеќе називи: Арванитовласи, Коги, Ромери, Доти и др. Во Србија за градските Власи се користи терминот Цинцари. Бугарите ги нарекуваат Власи, Влахи, Влаи. Во Турција - Влах, Олах, Чобани. Романците за влашката етничка заедница ги користат термините Ароманци или Македороманци. Поради црната носија на Власите сточари во Далмација, Византијците ги нарекувале Црни Власи или Мавровласи.

8


Во зависност од географското потекло, Власите на Балканот имаат, исто така, разни називи. Власите од Албанија се познати како Музакири (Власи од Музакија), Фаршероти (Власи од пределот Фаршери), Москополци (Власи од Москополе). Во Грција (каде Власите се јавуваат како доста компактна маса), се среќаваат како Пинди (Власи околу планината Пинд), Грамосјани (Власи од планината Грамос), Епириоти (Власи од Епир), Меглени (Власи од Меглен) и т.н. Во Македонија се познати како Крушевјани (Власи од Крушево), Гопешани (Власи од Гопеш), Амбелоти (Власи од Горна и Долна Белица) и сл. Влашки јазик Влашкиот јазик, како и другите денешни јазици од романското јазично семејсто, потекнува од народниот (вулгарен) латински јазик. Со римското освојување на Балканскиот Полуостров започнува процесот на романизација, која се одвивала преку римските колонисти од Апенинскиот Полуостров, кои се измешале со староседелците. Како резултат на ова мешање, во јазичен смисол, се појавува една романска јазична варијанта, какви што се среќаваат на почетокот на средниот век на подрачјето на денешна Италија, Франција, Шпанија и Португалија (од кои понатаму се развиле современите јазици на овие денешни западноевропски држави). Во создавање на влашкиот јазик на Балканот силно влијаеле контактите со локалните јазици на старобалканските племиња, пред сè на оние кои му приоаѓале на илирскотрачкиот супстрат. Каква била фонетската структура на овој стар вулгарен латински јазик, во недостаток на пишани извори, тешко може да се дефинира но тој, со текот на времето, почнал да се диференцира. Резултат на оваа 9


диференцијација, според општо прифатеното мислење, се двете негови гранки - западен балканско-романски јазик, кој потполно исчезнал, и источен балканско-романски јазик. Од последниот настанале денешниот романски, ароманскиот и јазикот на мегленските и истарските Власи. Влашкиот јазик не се развивал континуирано поради севкупните историски и општесвени услови на Балканот, што резултирало со влијанија на грчкиот, албанскиот и словенските јазици. Поради ова, тој денес претставува збир на повеќе источно- романски јазици со повеќе дијалекти. Власите никогаш не изградиле матична држава, па ги говореле и јазиците на народите со кои ја делеле истата територија. Така, за сите Власи може да се каже дека се билингвисти. Конфесионална припадност По конфесионална припадност Власите се православни христијани. Во нивните народни обичаи и прослави, особено кај оние кои долго време се занимавале со номадско сточарење, постојат реликтни остатоци од старите пагански верувања. Тоа е, веројатно, една од причините поради која византискиот цар Василиј II, за да ги стави под своја контрола, во 1020 год. формирал епископија на Власите со седиште во Врање. Оваа епископија била под јурисдикција на Охридската архиепископија. Подоцна, во XIV век се формирани и други влашки епископии, како што биле оние во Лерин, Прилеп и др.

10


Како етничка група во Турското Царство, Ароманите биле de facto признаени уште од септември, 1878 год., после Берлинскиот конгрес, кога централната власт им издала наредба на локалните власти да не го попречуваат нивното образование. Тогаш се развиле повеќе центри на ароманската култура, меѓу кои Битола станал еден од најзначајните. На 23 мај 1905 год., султанот Абдул Хамид II потпишал проглас со кој на Власите им биле дадени национални права во Отоманското Царство, право да избираат свои градоначалници, право на настава на влашки јазик во училиштата и богослужба на свој јазик во црквите. Овој настан денес се слави како национален празник на Власите. Првите трајни населувања на Власите во Македонија се случуваат во првата половина на XIX век, предизвикана од разурнувањата на влашките населби во Епир и Тесалија, како и насилствата на кои биле изложени. Власите се населуваат во Битола и планинските села североисточно од Битола, во Крушево (кое до 1830 год. било мало село во Прилепската каза населено исклучиво со Македонци), во западниот и јужниот дел на Егејска Македонија, во долината на реката Брегалница, во Штипско, Кочанско и Овче Поле. Власите во Македонија се населени претежно во градовите, а планинските села во кои живееле во минатото во југозападна и источна Македонија, во најголем број, се раселени. Денес, поголеми влашки заедници се среќаваат во Нижополе, Трново, Гопеш, Магарево, Маловишта, Горна и Долна Белица, Крушево (10,53 % од населението), Штип (4,6 %), Битола (1,33 %), Кочани, а ги има и во Скопје (0,5%), Охрид, 11


Велес, Ресен, Куманово и во други места. Во Република Македонија, според пописот од 2002 год., како Власи се изјасниле 9.695 лица (или 0,48% од населението). И покрај релативно малиот процент на застапеност на Власите во вкупното население, Република Македонија е единствената земја во која официјално им се признаени националните права како на јазично и етничко малцинство. На националната телевизија се емитува програма на аромански јазик, постои Унија за култура и издаваштво на Ароманите, повеќе здруженија кои го негуваат нивниот културан идентитет и т.н. Во Крушево, каде влашкото население е застапено во најголем процент, влашкиот (ароманскиот) јазик е официјален, покрај македонскиот. Власите, како сточари, трговци и добри занаетчии, оставиле значаен белег во стопанскиот и културниот живот на просторот на денешна Република Македонија. Иако нивната култура е специфична, изградена на основа на усмени преданија и вредности од минатото, нивната материјална и духовна култура е вградена во македонското и светското културно наследство. Богатите влашки села граделе убави цркви со вреден живопис, иконостаси и друг црковен мобилијар. Многу луѓе со влашко потекло оставиле силен печат на македонската култура, а некои од нив станале светски познати. Да споменеме само некои од нив: Рајко Жинзифов, познат македонски преродбеник; браќата Милтон и Јанаки Манаки, првите филмски сниматели на Балканот; Фанула Папазоглу, класичен филолог; Бранислав Нушиќ, комедиограф; Тоше Проески, една од најголемите пејачки звезди на Балканот и многу други.

12


Слика 1: Народни носии (женска и машка) на Власи – Карагуни 13


Народните носии на Власите се разликувале од носиите на другото население од иста територија. Начинот на облекување зависел од видот на занимање со кое одредена влашка заедница се занимавала (сточарство, земјоделство и т.н.), од кој предел потекнувала, но и од влијанијата кои ги прифатила. На пример, носијата на Власите сточари била направена од волна (платното многу ретко било употребувано). Влашката заеденица во Македонија, според основните карактеристики на народната носија може да се подели во три групи: Власи Фаршериоти, Власи Карагуни и Мегленски Власи. Власи Фаршериоти Носијата на Власите Фаршериоти (по потекло од областа Фаршери во Албанија) припаѓа на старобалканскиот тип на сточарски носии. Била изработувана од волна, но некои делови (кошулата без ракави) биле памучни. Машката носија се изработувала од бела волнена преѓа, а женската од темносина клашна (волнено платно) богато декорирана со вез и гајтани. Жените носеле цврст појас, со широки сребрени токи. Носијата на жените и девојките била широко отворена во пределот на градите, што не е случај со женската носија кај другите влашки заедници. Основна карактеристика на женската носија е доминантната темносина боја на која се наоѓа вез изработен од црвени волнени конци. Таква била џоката (најкарактеристичниот дел од женската носија), безракавна облека долга до под колена, која се носела над фустанот. Женската носија ја изгубила својата првобитна форма во периодот меѓу 1925-1930 год. По овој период Влаинките почнале да се облекуваат во градски фустани, по новата современа мода (мода ала-франга). Најкарактеристичен елемент од женскиот накит е короната, која по својот облик, украсни елементи изработени од злато и сребро, потсетува на вистинска круна. 14


Основна карактеристика на машката носија која е составена, исто така, од повеќе делови, е нејзината бела боја. Во периодот меѓу двете светски војни кај оваа носија се забележуваат промени во бојата, како и исфрлање на некои нејзини делови. Почнала да доминира темносината боја (во битолскиот регион) и кафеавата боја (кај Фаршериотите од Охридско-струшкиот регион). Фаршериотите се сконцентрирани во селата Нижополе, Горна Белица, Гопеш и во други села во Охридско-струшкиот и Битолско-преспанскиот регион. Власите Карагуни Власите Карагуни се населени во Источна Македонија, во регионите на Огражден, Штип, Свети Николе (село Мездра и др.), Куманово (село Доброшане). Женската носија на овие Власи е волнена и е, исто така, составена од повеќе елементи. Во однос на колоритот доминираат црната и црвената боја (Слики 2 и 3). На главата носеле капа изработена од црна валана клашна, а над капата се забрадувале со црна волнена марама. Капата на невестите била украсувана со сребрени монети (Слики 4, 5, 6). Машката носија е слична со женската. Мажите на главата носеле крзнено капче кое, во турско време, било заменето со фес. Врз телото носеле долга кошула со густи фалти, која се спуштала до колена. Над неа носеле елек и волнена туника без ракави во бела или црна боја. Во постудените денови, овие овчари, кои биле во постојано движење, носеле кабаница, изработена од козина (козјо крзно), која ја користеле и како покривач кога спиеле на отворено. Носеле бечви изработувани од црна клашна и украсени, околу отворите со црни, сини, или срмени гајтани. Жените и мажите меѓу веѓите носеле тетовиран крст. 15


Слика 2: Фустан

Слика 3: Скутиња - пешкир

Слика 4: Накит за глава - амур

Слики 5 и 6 – Накит за глава – наушници и фундија 16


Мегленски Власи Носијата на Мегленските Власи, во јужниот дел на Македонија (во македонскиот дел на планината Кожуф), припаѓа на централнобалканскиот тип носии. Главниот материјал за изработка на носијата било сукното (вид волнена ткаенина). Женската кошула била изработена од домашно ткаено платно, а над неа се носела долактица од клашна украсена со богат вез на предниот дел и околу ракавите. Над неа се опашувал волнен појас, исто така богато декориран. На нозете носеле шарени, богато украсени чорапи, а на главата волнена темноцрвена шамија украсена со цветни орнаменти. Посебен украс претставувала невестинската капа, украсена со разнобоен накит. Носиите, посебно празничните и невестинските, се украсувале со накит од мониста, сребро и вештачко цвеќе, како и предмети со апотропејска (заштитна) функција. Машката кошула, особено онаа за свечени прилики, се изработувала од памук и не се украсувала. Се носеле бели волнени чакшири, карактеристични за старобалканската сточарска носија, кои по Втората светска војна биле заменети со пантолони од домашно црно платно. Наместо белиот фес почнале да се носат шубари, а покасно и качкети. Власите кои мигрирале во градовите ги заменувале кожните опинци со кожни чевли. Власи Саракачани Како посебна, недоволно истражена група на Власите во Македонија се Саракачаните. Се смета дека се потомци на древните сточари кои ги населувале високите балкански планини. До крајот на XVIII век биле сконцентрирани во Епир, од каде ја започнале својата преселба кон север (Југозападна и Централна Албанија, Македонија и Источна Србија) и кон 17


исток (Бугарија и Западна Мала Азија). Говорат северногрчки дијалект на кој влијаеле и јазиците на другите балкански народи со кои биле во контакт (словенските, албанскиот, ароманскиот). Грците ги нарекуваат Саракачани, а во Македонија, Србија и Бугарија се познати како Каракачани. Нивните летни населби на високите планини се состоеле од колиби со купаста форма. Иако се со христијанска вероисповест, во нивните верувања и обичаи се сочувале многу пагански елементи. Саракачаните, во нивните летни населби во близина на високите планински пасишта, формирале производни центри за млечни производи, волна, ткаеници, бои, садови од дрво и кожа. Со ова производство се занимавале жените, додека мажите ги паселе стадата. Некои романски научници сметаат, според некои аромански зборови во говорот на Саракачаните, дека тие се погрчени Власи. Други сметаат дека Саракачаните се елинизирани Траки или Илири, додека Власите се романизирани староседелци. Во Македонија се спомнуваат кон крајот на XIX век, а во првата половина на ХХ век се населиле во гевгелиско, валандовско и Богданци. Се среќаваат на високите македонски планини каде се занимавале исклучиво со номадско сточарство (Кожуф, Никодинска Планина, Ниџе со Кајмакчалан, Баба, Козјак и др.). Во зимскиот период Саракачаните се симнувале во македонските низини, или зимувале во Солунско Поле. По Втората светска војна, со законот за колективизација, дел од Саракачаните се иселиле во Грција, а дел од тие што останале започнале стационарен начин на живеење, населувајки повеќе урбани населби во Гевгелиско, Валандовско, Демир Капија, Битолско, Овчеполско, Штипско и Струмичко. 18


Народната носија на Саракачаните припаѓа на старобалканскиот тип на носии. Жените (според податоци од крајот на ХIХ и почетокот на ХХ век) носеле поткошула, кошула, сукна (изработена од црвено или темносиво валано волнено платно, која кај невестите била богато декорирана), скутина, ткаен појас и тенок појас украсен со мотиви изработени од монисти, украсен елек од темносина клашна. На нозете носеле црни волнени чорапи украсени со волнени конци и кожни опинци. Главата ја покривале со волнен шал. На рацете и челото жените се тетовирале со стилизирани крстови. Мажите носеле волнена поткошула и кошула од бело платно, гаќи од бела волнена клашна и бели ногавици прицврстени за гаќите со волнена врвца. Околу половината опашувале појас и кожен ремен. Над горниот дел од телото облекувале бел прслук и бела долама. Сточарите носеле кабаница со долги ракави. На главата носеле бел или црвен фес, а зиме шубара. Судејки според носиите, нејзините функции, колорит и декорација, можеме да кажеме дека Власите и Саракачаните се две сточарски заедници со значителна разлика меѓу нив.

19


Кон крајот на ХIХ век во Куманово се доселуваат влашки семејства од Велес и Крушево, занаетчии и трговци. Тие во Куманово го донесуваат ќурчискиот, терзискиот и казанџискиот занает. На почетокот на ХХ век во некои села од Кумановскиот регион (Бајловце, Малотино, Блаце, Макреш, Проевце, Кутлибег, Доброшане) се доселуваат неколку десетици влашки семејства кои се занимавале со анџиство и сточарство. За време на иселувањето на Турците од Македонија, Власите купувале нивни имоти, при што започнале да го напуштаат номадскиот и почнале да преминуваат на полуномадски начин на сточарење. Едновремено, Власите се преселуваат и концентрираат во селото Доброшане, во близина на Куманово, на чиј пазар пласирале дел од своите производи. Власите од Доброшане (кои себе се нарекуваат Грамостијани, т.е. дојдени од Планината Грамос, Грција), во периодот од Ѓурѓовден (6 мај) до Митровден (8 ноември) ги терале своите стада на пасење на Калин Камен во Осоговските Планини, во близина на Крива Паланка. На планината формирале привремено живеалиште каде правеле млечни производи (сирење, кашкавал) од кои дел одел на кумановскиот пазар, а дел се извезувал во Грција.

20


Влашка носија во Кумановскиот регион На носиите на овие Власи преовладува црната боја. Украсена е со разнобојни украси изработени од волна, срма (сребрен конец за везење), свила и тантела. Посебно е впечатлива невестинската носија која се состои од повеќе делови. Од нив најкарактеристична е кошулата и украсот за врат изработен од мониста. Дел од горната облека е фустанот, долг до потколена, богато наберен, без ракави. Над фустанот се носел минтан, горна облека долга до половината, со долги ракави, изработен од чоја (клашна) и платно. Над минтанот се носело чоено џубе, напред отворено и без ракави. Џубето било богато украсено со жолта и бела срма и разновидни гајтани. Преку џубето носеле скутина, украсувана со гајтани. Околу половината се носел срмен колан (Слики 7 и 8), а на нозете богато декорирани чорапи и опинци.

21


Слика 7: Колан од мониста

Слика 8: Колан од мониста

22


Со Законот за колективизација од 1948 год., Власите го напуштаат полуномадското сточарење и започнуваат да се занимаваат со земјоделие. Започнува и нивна миграција кон градовите што предизвикало длабоки промени во нивниот традиционален начин на живот. Постепено, во нивните традиционални носии исчезнуваат старите волнени ткаенини кои се заменуваат со материјал од индустриско потекло (кадифе, платно и т.н.). Мешањето со македонското население по градовите допринело за забрзување на овие процеси. Затоа, зачувувањето на влашката култура, јазик и обичаи, е голема задача не само на ентузијастите од Влашката заедница, но и на институциите кои се бават со нивно истражување и популаризација. Република Македонија отсекогаш ги поддржувала овие активности како дел од културните политики на државата. Власите, еден од најстарите етноси на Балканот, неминовно го заслужуваат тоа. Сепак, и покрај сите овие активности, под влијание на општествените промени, вклучително и економски текови и влијанија, влашката заедница денес е изложена на миграции. Поради тоа, се поголем дел од Власите мигрираат од руралните во урбаните средини, а не мал дел е и на оние кои се иселуваат надвор од терторијата на Република Македонија. Како резултат на ваквите текови, за жал, влашката материјална и духовна култура е загрозена од деградација и исчезнување. Од некогаш поголемата влашка заедница денес Власите во Кумановскиот регион се концентрирани во градот Куманово и селата Доброшане, Макреш и Стрезовце. Во поширокиот регион, Власи има кратовските села Оратовица и Коњух, како и во околината на Пробиштип. Поради ваквата состојба, преостанатата влашка заедница во Република 23


Македонија, вклучително и во Куманово, активно се организира во повеќе здруженија на граѓани. Во таа насока, за негување на влашката култура и традиција се грижат и повеќе здруженија на граѓани (невладини организации). На национално ниво, таква е, на пример, Лигата на Власите со седиште во Скопје, додека во Североисточниот регион тоа е Здружението на Власите во Куманово „Халча Ал Брова“, кое е именувано во чест на истакнат влашки активист од Куманово. Здружението е формирано во 1999 год. и оттогаш има реализирано повеќе проекти и активности, со посебен акцент на младите, за кои организира часови за изучување на влашкиот јазик, фолклор и традиционални обичаи, но и повеќе современи обуки и работилници кои имаат за цел меѓусебно да ги поврзат Власите од Кумановскиот регион и да ги мотивираат активно да се вклучат во современите општествени текови. Така, во рамките на своите активности, ова Здружение, одбележува повеќе датуми од значење за Влашката заедница во Кумановскиот регион, како на пример: 23 мај - Национален ден на Власите, кој се одбележува со свечени академии организирани во соработка со Лигата на Власите на Република Македонија, пропратени со повеќе уметнички настапи. По повод истиот празник се реализира и „Ден на влашката литература“ на кој се чита влашка поезија и се промовираат книги од влашки автори; 12 јули - Ден на влашкиот фолклор на планина, манифестација која се одржува секоја година на Пониква, на Осоговските Планини (во близина на градот Кочани), под мотото „За Петровден сите на планина“. На неа земаат учество повеќе влашки културно-уметнички друштва од Република Македонија и регионот. 24


Еден исклучително интересен настан кој го оргнизира Здружението „Халча Ал Брова“ е посета на културноисториската локација „Калин Камен“ на Осоговските Планини. Истиот е поврзан со легенда која е стара неколку века. Имено, на оваа локација во близина на градот Крива Паланка, кон крајот на XVII век се населиле Власи од планината Грамос, откако нивното село било нападнато од Турците. Тука дошле 86 влашки семејства и, што е невообичаено за нивните планински живеалишта, изградиле куќи од цврста градба. Овде биле произведувани квалитетни млечни производи - сирење, кашкавал, но и волна и јагниња, кои потоа биле носени во Солун, а оттаму некои производи завршувале дури во Америка. По палењето на оваа населба од страна на Турците, Власите се отселуваат во Кумановско, но и во Овче Поле и Бугарија. Денес, овој настан секоја година го одбележува Здружението со организиран излет на локалитетот на кој можат да се вкусат традиционалните влашки специјалитети, да се чујат нивните песни, да се заиграат нивните традиционални ора, и да се слушнат нивните преданија.

25


Јовица Станковски e роден 1949 год. во Куманово. По професија е археолог и историчар на уметноста. Поголемиот дел од работниот век го посветил на култура. Работел во НУ Музеј – Куманово, а еден период бил и директор на институцијата. Автор е на повеќе стручни трудови, научнопопуларни прилози и репортажи од областа на археологија. Во пошироката јавност е познат откако во 2001 год. го откри архео-астрономскиот локалитет „Кокино“ кој претставува еден од најзначајните локалитети од овој тип во светот. Досега реализирал повеќе научно-истражувачки проекти кои ги има презентирано на конференции и предавања низ Европа.

26


"CU TENDA" ("патување со шатор") предлага увид во имагинацијата на културите во движење од Југоисточна Европа. Користејќи го како креативност на примарните алатки и меѓусебно поврзување, проектот се обидува да ја истражи живата меморија на културните и етничките групи од Балканот и Јужна Италија, по симболичен пат низ времето и просторот.

За таа цел, проектот се стреми кон: Да го олесни пристапот до знаење за овие културни групи (истражување / документирање културна историја, финализирано со документарни филмови и создавање на дигитална јавна архива и веб-страница, публикации, голема промоција и дисеминација); Да го охрабруваат и поддржуваат саморекламирањето и креативните манифестации на сопствен идентитет на овие групи(преку театарска претстава, креативни работилници);

27


Да ја поттикне комуникацијата и вистинската интеракција меѓу овие култури и меѓу мнозинските и малцинските групи (интерактивна размена, посети со повеќе цели, интерактивни изложби и интеркултурни работилници / сесии); Основниот концепт на проектот е предизвикот да се замисли и да се доживее наследството, особено нематеријалното наследство, преку мноштво перспективи, методи, дисциплини(антропологија / етнографија, музеологија, фотографија, визуелни уметности, изведувачки уметности, ракотворби, музика итн.). Врз основа на ова гледиште за интердисциплинарна како суштински, комплексен инструмент кој помага во разбирањето и вистинската средба со "другиот" (културни групи), проектот поддржува мобилност и циркулација на знаење и креативен капитал (уметници, професионалци во културата кои соработуваат и работат транснационално) со цел да се откријат и да придонесат за европските заеднички вредности. Проектот, исто така, вклучува и стратегија за развој на публиката, фокусирана на привлекување на нови категории на јавност кон доживување на сеќавање на етничките групи на ЈИ Европа. Преку ова, се очекува поголема свест за прашања од културна разновидност и малцинства на европско ниво. 28


Центар за интеркултурен дијалог (ЦИД) е организација на граѓанското општество која работи на промовирање на интеркултурно прифаќање и активно граѓанство преку процесите на градење на капацитетите, образованието и младинската работа. Активноста на организацијата се фокусира на многу аспекти кои се од интерес за младите: од обезбедување на услуги и информации, до истражување и поддршка за креирање политики и вмрежување. ЦИД работи на создавање на различни одговорни и кооперативни заедници каде што граѓаните активно придонесуваат за социјалниот развој и интеграција. Нашата мисија е да обезбедиме одржлив развој на заедницата преку создавање на можности за квалитетно ангажирање на граѓанското општество, унапредување на можностите за учење и активно вклучување на младите луѓе и другите граѓани. Нашите цели: Да се развијат и да се обезбедат квалитетни можности за учење во рамките на неформалното образование за различни групи ученици Да се понуди развој на капацитетите на граѓанското општество за директно вклучување на граѓаните во донесувањето на одлуки во заедницата преку инклузивни работни практики и можности за мрежно поврзување

29


Да се зголеми квалитетот на образованието и услугите за учење преку поттикнување на меѓусекторска соработка, програми за доживотно учење и иновативни образовни алатки Да се олеснат системите за поддршка на младите, како и механизмите за учество на младите преку квалитетна младинска работа и развој на инклузивни политики

Националниот музеј на романскиот селанец е јавна институција основана во 1990 година, финансирана од романското Министерство за култура, дел од европското семејство на Музеи на уметностите и традициите, чиј профил е етнографија и културна антропологија. Музејот е задолжен за истражување, стекнување, конзервација, реставрација и промоција на културното наследство во Романија, користејќи современа перспектива на традицијата. Нејзината постојана изложба ја одразува уникатната музеографија за која беше доделена наградата EMYA во 1996 година. Музејот вклучува постојани активности како што се: организирање на привремени изложби, некои се фокусираат на прашањето за разновидноста на културните групи во Романија; објавување каталози за изложби и колекции, визуелни истражувања и годишно списание за антропологија; уредување серија на мулти-медиа материјал; развивање програми за креативност за деца. Музејот активно учествува во културниот живот на градот и на разни заедници низ целата земја, ангажирајќи ги во интерактивни проекти. 30


Универзитет во Пловдив "Паисии Хилендарски" е една од водечките високообразовни институции во Република Бугарија. Тој е втор по големина универзитет во Бугарија, првично основан во 1961 година, прогласен за универзитет во 1972 година. Универзитетот доби официјална државна акредитација (2013), што му овозможува да доделува секоја форма на образование, односно специјалистички, додипломски, магистерски и докторатски. Неговите одделенија вклучуваат природни, хуманитарни, социјални, инженерски и економски науки. Наставата и 31 истражувачки активности ги спроведуваат повеќе од 700 високо квалификувани предавачи со полно работно време. Универзитетот активно одржува меѓународни контакти со речиси сите европски земји, САД, како и земји во Азија и Африка. Тој учествува индивидуално или заедно со други европски универзитети во програмите на ЕУ, САД и Швајцарија, кои финансираат научни истражувања. Академската заедница продолжува да развива силни истражувачки синергии со високообразовните институции во Европа, Русија и Блискиот Исток.

31


ORS - Osservatorio Ricerca Sociale - Centro studi, politiche e ricerche sociali Здружението, кое се активира од 2011 година и е основано законски во 2013 година, е активен културен оператор во областа Трицасе, Италија. Нејзиниот главен континуирано развиен проект, LIQUILAB, се занимава со антрополошко истражување, уметност и туризам. Главната мисија на организацијата е обновување и развој на традиционалната, модерната и меѓукултурната меморија на обичните луѓе, преку сојузот меѓу антропологијата, уметноста и туризмот. Здружението презема проекти за истражување и промоција на материјално и нематеријално наследство. Теми на работа се: заедница на земјоделци, рибарски заедници, традиционални занаети итн. Организацијата има искуство во регионални и европски проекти поврзани со антрополошко истражување, работилници за традиционални занаети, меѓугенерациска размена, театарски проекти, популарна музика и сл. Во моментов, организацијата развива програма за архивирање традиционална, модерна и интеркултурна меморија, која наскоро ќе биде достапна на интернет.

32


CIP - Каталогизација во публикација Национална и универзитетска библиотека "Св. Климент Охридски", Скопје 94(=135)(036) 316.722(=135:497.7)(036) 39(=135:497.7)(036) СТАНКОВСКИ, Јовица Власите (Ароманите) во Македонија / [автор Јовица Станковски]. - Куманово : Центар за интеркултурен дијалог, 2019. - 32 стр. : фотографии; 21 см Кратка белешка за авторот: стр. 26 ISBN 978-608-65413-3-0 а) Власи - Историја - Водичи б) Власи - Културен идентитет - Македонија - Водичи в) Власи - Етнологија и фолклор - Македонија – Водичи COBISS.MK-ID 11067 33


Овој водич беше развиен со поддршка од Програмата Креативна Европа на Европската Унија, како дел од проектот "Cu Tenda - приказни, слики и звуци во движење; Живa Меморија на Југоисточна Европа" 34


Turn static files into dynamic content formats.

Create a flipbook
Issuu converts static files into: digital portfolios, online yearbooks, online catalogs, digital photo albums and more. Sign up and create your flipbook.