UNITED WE READ! читаме заедно! Кофинансирано од Програмата на Европската Унија Креативна Европа
www.antolog.mk
Неверојатната приказна за џиновската круша
Кофинансирано од Програмата на Европската Унија Креативна Европа
Јакоб Мартин Стрид Превод од дански: Лара Крстева-Ичокаева ISBN: 978-608-243-337-0 Наслов на оригиналот: Den utrolige historie om den kæmpestore pære Година на издавање: 2019 Број на страници: 108 Димензии: 22x29
Животот си тече мирно како река, сè додека Мичо и Себастијан, наместо риба, не уловат порака во шише со своите трски за риболов. Дали писмото навистина е од Еремија, градоначалникот на Сончев Град, кого никој го нема видено веќе цела година? Постои ли Мистериозниот Остров? Како да се заобиколат намуртените пирати, Страшниот Морски Змеј и Катран Црното Море? И ништо помалку важно: Што ќе се случи доколку го насадат семето што стигнало заедно со писмото во шише? Одговорите ќе ги најдете во оваа возбудлива и бајковидна сликовница роман за деца од сите возрасти. Јакоб Мартин Стрид е роден во 1972 година во Копенхаген, Данска. Станал познат стрип-цртач во дневниот весник „Политикен“.Неговиот бунтовнички, хумористичен и поетски дух продолжил да се развива и во книгите за деца, кои многу бргу ја освоиле детската публика, не само во Данска туку и во целиот свет. Во 2010 година ја освоил наградата за најдобри илустрации на Министерството за култура на Данска. Во 2012 година ја добил и значајната национална награда „The Crown Prince Couple’s Culture Prize“. Анимираниот филм со истиот наслов „Неверојатната приказна за џиновската круша“ ја доживеа својата премиера во 2017 година, а во Македонија се прикажуваше во кината на „Синеплекс“. Лара Крстева-Ичокаева е родена 1971 година во Скопје. Завршила гимназија во Еснес, Данска. Дипломирала германски и француски јазик и литература во Загреб, Хрватска. Магистрирала во Женева, Швајцарија, од областа на современата француска литература. Работи како раководител на Германската стопанска комора, во Република Северна Македонија. Преведува од дански, германски, француски, српски и од хрватски јазик. UNITED WE READ!
читаме заедно!
Голманката и морето
Кофинансирано од Програмата на Европската Унија Креативна Европа
Марија Пар Превод од норвешки: Искра Бадева ISBN: 978-608-243-375-2 Наслов на оригиналот: Keeperen og havet Година на издавање: 2020 Број на страници: 192 Димензии: 14,5x21
Пред нас е долгоочекуваното продолжение на „Вафли во форма на срце“ од авторката што не залудно ја нарекуваат „новата Астрид Линдгрен“. Сега Триле и Лена имаат 12 години и тргнуваат во авантури што се многу посериозни и многу поопасни. Во нивното одделение се појавува ново девојче – Биргите од Нидерланд, која кај Триле предизвикува дотогаш непознати емоции. Во исто време, над фудбалската кариера на Лена се надвиснуваат темни облаци. Новиот тренер не ѝ дава шанса да се развива како голманка и таа ќе мора да се пресели во друг тим. Палавата Лена ќе го натера својот пријател Триле повторно да тргнат во уште една неразумна авантура – со импровизиран сплав ќе испловат кон немирното море. Влегувајќи во светот на возрасните, Лена и Триле сфаќаат дека им претстојат многу повеќе одговорности. Внимавајте! На сопствена одговорност јавате на бранови од солзи и смеа! Марија Пар е исклучителна авторка на книги за деца од Норвешка. Нејзиниот прв роман, „Вафли во форма на срце“, е преведен на повеќе од дваесет и пет јазици и ги освои книжевните награди: „Сорсиер“ (Франција) во 2010 година, „Зилферен хрифел“ (Нидерланд) во 2008 година и влезе во потесен избор за добивање на престижната награда „Браге“ (Норвешка). Воедно, според книгата е снимена популарна телевизиска серија за деца на најгледаниот ТВ-канал во Норвешка, а се направени и неколку театарски претстави. Нејзиниот втор роман, „Toње Глимердал“, ја доби норвешката книжевна награда „Браге“, како и „Критикс прајз“ во 2009 година. Марија Пар е магистер по нордиски јазици и книжевност и работи како наставник во основно училиште. Живее во Норвешка со своето семејство. Искра Бадева е родена во Скопје во 1980 година. Како вљубеник во културата и литературата на Северот ги има завршено студиите по скандинавистика на Софискиот универзитет во 2007 година. Живее и работи во Скопје. Досега има преведено повеќе од петнаесет романи од норвешки и од шведски јазик. Ја има добиено наградата „Златно перо“ за 2011 година, која ја доделува Здружението на литературни преведувачи на Македонија.
UNITED WE READ!
читаме заедно!
Ана
Кофинансирано од Програмата на Европската Унија Креативна Европа
Николо Аманити Превод од италијански: Калина Јанева
ISBN: 978-608-243-374-5 Наслов на оригиналот: Anna Година на издавање: 2020 Број на страници: 272 Димензии: 13x20
Ана, нејзиниот брат и други деца шетаат низ Сицилија, јадат слатки и конзервирана храна, борејќи се да преживеат. Храната и водата стануваат луксуз. Пожари беснеат низ целата земја. Дистопија. Пред четири години опасен вирус од Брисел ја заразил целата планета и го убил целото возрасно население! Останале само деца. Организирани како детски орди, изгубените и оставени мали жители изгледаат како да ја започнуваат цивилизацијата од нула. Поминувајќи низ низа авантури и опасности, спознавајќи ги љубовта и пријателството, Ана расте и созрева. Пред да умре мајка им, ги предупредува дека кога ќе достигнат одредена зрелост, вирусот ќе ги убие и нив. Но им кажува и дека некој, некаде, ќе има лек! Во овој извонреден дистописки роман, Аманити фрла остра критика на корпоративниот глобализам што владее со светот и го потсетува човештвото дека наскоро ќе исчезне ако се остави на ова и не се спротивстави. Николо Аманити (1966) е италијански писател. Студирал биологија. Автор е на неколку романи и збирки раскази. Добитник е на највисоките книжевни награди во Италија – „Вијареџо“ и „Стрега“. Голем дел од неговите книги се филмувани од режисери како Габриеле Салваторес и Бернардо Бертолучи. Во 2014 година и Аманити се испробува како филмски режисер. Калина Јанева (1981) дипломирала англиски јазик и книжевност, со италијански јазик и книжевност како втор главен предмет, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во тринаесетгодишната кариера како книжевна преведувачка има објавено речиси 40 книжевни преводи, претежно од англиски на македонски, но и обратно, како и десетици стручни преводи, главно од хуманистичките области. Од 2013 година активно преведува книжевни дела и од италијански јазик. Активен член е на Здружението на преведувачи на Република Северна Македонија и првиот и засега единствен делегат во Европскиот совет на здруженија на книжевни преведувачи. Моментално е редовна студентка на постдипломските студии по англофони книжевности и книжевна теорија на Универзитетот „Алберт Лудвиг“ во Фрајбург, Германија каде што работи и како асистент-истражувач.
UNITED WE READ!
читаме заедно!
Boспитувањето девојки во Чешка
Кофинансирано од Програмата на Европската Унија Креативна Европа
Михал Вивег Превод од чешки: Маргарета Карајанова ISBN: 978-608-243-358-5 Наслов на оригиналот: Výchova dívek v Čechách Година на издавање: 2019 Број на страници: 224 Димензии: 13x20
Дејството во романот почнува кога писателот и наставник по чешки јазик и литература, Оскар, ја прифаќа понудата на локалниот бизнисмен, новопечен богаташ, да ѝ одржи курс по креативно пишување на неговата постара ќерка Беата во текот на летниот распуст. Беата е нескротлива млада девојка што од револт дека нејзиниот татко насилно ја прекинува љубовната приказна со еден од неговите вработени со денови не разговара со никого. Тешката задача да ѝ предава на младата девојка што во потполност го игнорира духовитиот учител ја завршува повеќе од успешно, па дури и се вљубува. Поточно, Оскар развива еден комплексен однос, кој опфаќа емпатија, страст и инспирација. Сатиричен приказ на чешкото посткомунистичко општество и првите тајкуни. Веројатно најуспешното дело на чешкиот автор, кого го споредуваат со Ник Хорнби, има и своја филмска екранизација од 1997 година. Михал Вивег (1962) е еден од најпопуларните и најпродавани современи чешки писатели. Дипломирал чешки јазик и педагогија. Како романсиер, драматург, сценарист и автор на раскази и колумни пишува со многу хумор и оригинална иронија постигнувајќи длабоки значења. Од крајот на 1990-тите секоја пролет објавува по една книга. Преведуван е на 25 јазици. Добитник е на наградите за литература „Јиржи Ортен“ и „Магнезија литера“. Неговите книги се распродадени во милион примероци само во Чешка. Маргарета Карајанова е преведувач од чешки јазик и поранешен лектор на Масариковиот универзитет во Брно, Република Чешка. Во 2007 година почнала да ги преведува делата на Милан Кундера, а продолжила и со книги на Томаш Змешкал, Хана Андроникова, Јиржи Хајичек, Радка Данемаркова, Даниела Ходрова, Ладислав Клима, Виктор Фишл и Михал Вивег. Во последно време преведува и книги за деца.
UNITED WE READ!
читаме заедно!
Совршената дадилка
Кофинансирано од Програмата на Европската Унија Креативна Европа
Лејла Слимани Превод од француски: Владо Ефтимов ISBN: 978-608-243-340-0 Наслов на оригиналот: Chanson douce Година на издавање: 2019 Број на страници: 208 Димензии: 13x20
Кога Мирјам одлучува да почне да работи наместо да остане домаќинка, таа и нејзиниот сопруг бараат совршена дадилка за своите деца. Никогаш не сонувале дека ќе ја најдат Луиз: тивка, љубезна, посветена жена, која умее да пее приспивни песни, го чисти нивниот стан во Париз, останува доцна без приговор и приредува прекрасни забави за децата. Но, како што парот и дадилката стануваат сѐ позависни еден од друг, љубомората, незадоволството и сомнежите се зголемуваат. Потоа, еден ден, две деца се убиени од eдна „совршена дадилка“! Градејќи напнатост со секоја страница, овој роман е возбудливо и храбро набљудувано истражување на моќта, класата, расата, семејството, мајчинството и лудилото! Во 2016 година романот ја добива наградата „Гонкур“ и набргу станува бестселер со над 450 000 продадени примероци! Лејла Слимани (1981) е француско-мароканска писателка и новинарка. Родена е во Рабат, Мароко. Дипломирала на Институтот за политички студии во Париз. Привремено сакала да биде актерка. Работела како новинарка во списание. Во 2017 година е именувана за личен претставник на претседателот на Франција, Емануел Макрон, за промоција на франкофонијата. Владо Ефтимов (Штип, 1956) е преведувач од француски и од српски јазик. Дипломирал во 1980 година на Филолошкиот факултет – Катедра за романска филологија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Од 2003 до 2014 година работел во редакцијата „Детска радост“ како новинар и уредник на повеќе списанија за деца и млади. Правел голем број новинарски текстови, дваесетина драми (за аматерскиот театар „Чекори“), стотина сликовници и книги за деца и млади, како и книги за возрасни. Се занимавал и со лексикографска дејност.
UNITED WE READ!
читаме заедно!
Клуб на обожаватели Перифериски квартет
Кофинансирано од Програмата на Европската Унија Креативна Европа
Горан Трибусон Превод од хрватски: Владимир Јанковски ISBN: 978-608-243-356-1 Наслов на оригиналот: Klub obožavatelja, Periferijski kvartet Година на издавање: 2019 Број на страници: 208 Димензии: 13x20
Маргините на градот се преплавени со приказни. Друштвата што произлегуваат од нив сами по себе се книжевни ликови. „Клуб на обожаватели“ донесува четири раскази во кои се раскажуваат неколку необични судбини, смешни и полни со пресврти, судбини за неколку веќе средовечни другари од приградската населба Плинара. Педесетгодишниците ги свлекоа фармерките, ги заврзаа сложените јазли на вратоврските, некои од нив тешко се разболеа и се соочија со фактот дека ветувањата биле празни и дека гротеската е единствената работа што има шанси во светот што толку сериозно се занимава со работи што ним им изгледаат трагикомични. Со својот однос кон минатото и зборувањето за сегашноста, „Клуб на обожаватели“ потсетува на најдобрите страници на Трибусон, авторот што со своето чувство за доловување на стварноста и живописноста на дијалозите ги исполнува централните простори на хрватската проза свртена кон секојдневјето. Горан Трибусон (1948) е хрватски писател. Магистрирал филмологија. Работел како уредник во „Школска книга“. Редовен професор е по филмско сценарио. Пишува телевизиски и филмски сценарија. Член е на Хрватската академија на науките и уметностите. Критичарите го декларираат како еден од најважните претставници од генерацијата на борхесовците. Неговите романи се автобиографски и генерациски, со елементи од популарната култура и од митологијата на секојдневјето. Владимир Јанковски (1977) е писател и преведувач. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работел како уредник во неколку издавачки куќи. Објавил пет авторски книги, од кои два романа, две книги во соработка со фотографот Иван Блажев и една книга разговори со писателот Влада Урошевиќ. Ја составил антологијата на светскиот расказ Пат околу светот во дваесет раскази. Активно се занимава со книжевен превод. Преведува од хрватски, српски, босански и од англиски јазик.
UNITED WE READ!
читаме заедно!
Во сенката на злосторот
Кофинансирано од Програмата на Европската Унија Креативна Европа
Хелена Хеншен Превод од шведски: Ивица Челиковиќ
ISBN: 978-608-243-360-8 Наслов на оригиналот: I skuggan av ett brott Година на издавање: 2019 Број на страници: 256 Димензии: 13x20
На 7 март 1932 година во познатото шведско семејство Фон Сидов се одвивала крвава драма, која не престанала да го интригира вниманието на јавноста сè до денес. Толкав шок и интерес од пошироката јавност предизвикале само уште убиствата на шведскиот премиер Улоф Палме и на министерката за надворешни работи Ана Линд. Во Стокхолм студентот по право Фредрик фон Сидов со железна прачка ги убил својот татко Јалмар, окружен судија и претседател на шведското Здружение на работодавците, и нивните две слугинки. Заедно со својата сопруга Софи избегал во хотел во Упсала, каде што, откако ги пронашла полицијата, со пиштол ја застрелал сопругата, а потоа и себеси. Зошто го направил тоа? Убиствата со години биле главна тема во цела Скандинавија. Срамот на семејството бил голем, тие биле „фини“ и за такви работи не се зборувало јавно. Општествен скандал било најлошото што можело да се случи на некое шведско семејство од повисоката класа. Убиецот бил вујко на авторката Хелена Хеншен, која имала 15 години кога се случиле бруталните и никогаш докрај разјаснети убиства. Обидувајќи се да го сфати она што мајка ѝ никогаш не можела да ѝ го раскаже, Хеншен со ова дело го прекинала молкот, а како резултат на тоа пред читателите е еден силен и импресивен роман. НАГРАДА ЗА ЛИТЕРАТУРА НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА ВО 2009 ГОДИНА. Хелена Хеншен (1940-2011) била шведска писателка, дизајнерка и илустраторка на книги за деца. Основач е на познатата дизајнерска компанија „Ма-Јонг“ од Шведска. Писателската кариера ја започнала во 64-тата година од животот со романот „Во сенката на злосторот“, кој добил високи оценки од критиката и наишол на одличен прием од читателите. Во 2008 година го објавила романот „Таа сакала“, за кој повторно се инспирирала од семејната историја. Ивица Челиковиќ (Скопје, 1962) е поет, раскажувач и преведувач. Студирал новинарство во Скопје и во Гетеборг, Шведска, каде што живее и работи. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и Сојузот на шведските писатели. Добитник е на повеќе награди и признанија. Превел повеќе од триесет дела од познати шведски писатели на македонски јазик. Преведува и македонска литература на шведски. Добитник е на петгодишна работна стипендија за периодот 2016-2020 година од шведскиот Писателски фонд.
UNITED WE READ!
читаме заедно!
Невидливиот чувар
Кофинансирано од Програмата на Европската Унија Креативна Европа
Долорес Редондо Превод од шпански: Виолета Јагев ISBN: 978-608-243-331-8 Наслов на оригиналот: El guardián invisible Година на издавање: 2019 Број на страници: 384 Димензии: 13x20
По многу години минати надвор од Елисондо, инспекторката Амаја Саласар се враќа во родниот град за да го најде убиецот што ги избира своите жртви меѓу младите девојки. Тој ги задушува и ги остава голи во шумата следејќи некој вид мрачен ритуал. Додека се обидува да го изгради профилот на убиецот и да ги реши убиствата, Амаја мора да се соочи со сеништата од сопственото минато. Тоа се мрачни епизоди за кои никогаш не зборувала и што ја принудиле да замине без желба да се врати, но измешани и со старите народни верувања од областа Навара. Фасцинантна приказна во која тајните и легендите се испреплетуваат со ужасни злосторства. Што кријат бастанските шуми? „Невидливиот чувар“ е првата книга од „Бастанската трилогија“, преведена на повеќе од 20 јазици. Филмската верзија е изработена од страна на продуцентите на трилогијата „Милениум“ на Стиг Ларсон. Долорес Редондо (1969) е баскиска писателка што пишува на шпански јазик. Студирала право и гастрономија. По дипломирањето, работела во неколку ресторани, за на крајот да отвори и свој локал. Во светот на литературата влегла пишувајќи кратки раскази и приказни за деца. Добитничка е на наградата „Премио планета“ за 2016 година. Со „Бастанската трилогија“ станува глобален книжевен феномен. Виолета Јагев (родена 1953) е дипломиран инженер технолог и преведувач од шпански јазик. Живеела во Перу 17 години, каде што на шпански јазик завршила основно и средно образование и првите две години на факултетот за петрохемија. Дипломирала на Технолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со преведување се занимава од 1979 година и има над 40 книжевни преводи. Добитник е на наградата за превод „Ванѓа Чашуле“ во 2012 година и на наградата „Кирил Пејчиновиќ“ за преведувачкиот опус во 2017 година на Советот на Меѓународната средба на книжевни преведувачи.
UNITED WE READ!
читаме заедно!
Куќата на џамијата
Кофинансирано од Програмата на Европската Унија Креативна Европа
Кадер Абдолах Превод од холандски: Ели Пујовска
ISBN: 978-608-243-357-8 Наслов на оригиналот: Het huis van de moskee Година на издавање: 2019 Број на страници: 400 Димензии: 13x20
Семејството на Ага Џан со векови е едно од најпознатите и најмоќни семејства во градот. Тие живеат во раскошна куќа поврзана со џамијата. Верни на муслиманската традиција, секоја нивна генерација „раѓа“ по еден имам, духовен лидер на своето време. Кога умира имамот Алсабери, семејството го избира Галгал. Но неговите проповеди имаат политички конотации. Галгал се приклучува на антиамериканското движење и бега во друг град. Имамот е важен човек, но важен е и Ага Џан, богат трговец и писател. Тој сфаќа дека големите општествени промени носат тешки времиња. Сѐ повеќе членови на семејството ја напуштаат куќата на џамијата и тргнуваат по различни патишта. Како одговор на слободниот живот, група предводена од Хомеини ја презема власта. Сите оние што не го почитуваат исламот на ист начин како што тоа го прават тие се егзекутирани на самото место. Роман за богатството на иранската култура, суштината на исламот, уметноста, човековата природа, влијанието на радиото и телевизијата. Кадер Абдолах (1954) е ирански писател што пишува и на холандски јазик. Неговото вистинско име е Хосеин Саџади Гемагами Фарахани. Тајно ја проучувал западната литература и го осознал поимот за слободата на сосема поинаков начин. Како студент по физика во Техеран пишувал за еден нелегален весник и тајно објавил две збирки раскази под псевдонимот Кадер Абдолах. На холандската литературна сцена дебитирал во 1993 година. Делата на Абдолах се преведени на дваесетина јазици. Ели Пујовска (1971) е професионална преведувачка. Преведува од холандски и од фламански, како и од англиски јазик. Работела како проектен асистент и како менаџер на повеќе проекти. Има преведено повеќе од 25 книги за повеќе издавачки куќи. Добитничка е на наградата „Златно перо“ за најдобар превод на годината.
UNITED WE READ!
читаме заедно!
Двојно стакло
Кофинансирано од Програмата на Европската Унија Креативна Европа
Халдора Тородсен Превод од исландски: Мери Кицовска
ISBN: 978-608-243-362-2 Наслов на оригиналот: Tvöfalt gler Година на издавање: 2019 Број на страници: 80 Димензии: 13x20
Смртта полека ѝ се приближува на една постара жена што живее сама во својот мал стан во Рејкјавик. Таа секојдневно го набљудува светот низ двојното стакло на прозорецот во својата кујна. Нејзиниот сопруг неодамна починал, бројот на пријателите се намалува, здравјето ѝ се влошува и енергијата и живоста постепено се цедат од нејзиното тело. Сè што ја очекува е изолација и смрт. Но одеднаш се случува чудо. Нова љубов го раздвижува нејзиното осамено постоење, давајќи ѝ надеж, но и сомнежи и стравови. Свесна за генерациското табу, кое буди потсмев, се прашува: како ќе гледаат другите на оваа љубов? Приказна раскажана без сентименталност, со цврст и полн стил, чија оригиналност со право се стекнува со Наградата за литература на Европската Унија во 2017 година и со престижната Исландска награда за литература за жени во 2016 година. НАГРАДА ЗА ЛИТЕРАТУРА НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА ЗА 2017 ГОДИНА Халдора Тородсен (1950) е исландска писателка. Дипломирала педагогија и уметност во Исланд. Работела како учителка, графички уредник во дневен весник, раководител на ликовната наставна програма за основните училишта и како програмски директор во радио. Пишува во повеќе жанрови, и тоа поезија, кратки раскази, микрофикција и романи. Мери Кицовска (Скопје, 1977) е преведувач и толкувач по англиски и исландски јазик. Во периодот од 2001 до 2009 година, живее и работи во Рејкјавик, Исланд, каде што, покрај другото, го изучува и го усовршува исландскиот јазик. Од англиски на македонски и обратно има преведено голем број текстови и дела. Од исландски на македонски досега превела осум книги.
UNITED WE READ!
читаме заедно!
UNITED WE READ! читаме заедно!
STORY-BOX Сакате да споделите со нас некакво мислење од читањето на книгите од проектот „Читаме заедно“? Сакате да ни упатите некаков совет, мислење, пофалба, критика? Сакате да објавите рецензија за некоја од книгите? Сакате да ни дадете на читање некое ваше дело? Имате креативна фотографија со некоја од книгите? Слободно искористете ја нашата „Кутија за читатели“ или мејлот: „citamezaedno@gmail.com“
Книжевен центар „Антолог“ / ул. „Ѓорѓи Пулевски“ бр. 29 лок. 1, 1000 Скопје, Република Северна Македонија / www.antolog.mk / Телефон – факс +389 2 3201 007 / Електронска пошта contact@antolog.mk / Facebook http://www.facebook.com/antolog / Fanpage Книжевен центар Антолог / Twitter @Antolog_Books / Instagram antolog_books Нема сомнение, писателите ги пишуваат книгите одделени од вревата на светот и во осаменост. Но подоцна секоја книга си го наоѓа својот читател. Односно: за секој читател ќе се најде книга. Иако во јазикот ваквите фрази користат еднинска форма, во реалноста книгите и луѓето доаѓаат во множина, тие формираат своевидни заедници. Исто како што и луѓето се поврзуваат преку страста кон читањето, така и книгите, иако имаат свои карактеристики по кои ги класифицираме, се обединуваат во една точка: моментот на читањето. Во читањето сите сме исти и еднакви. Моментот на читањето е онаа точка во која постоењето на луѓето и на книгите добива подлабоко значење. Кога овие десет потврдени и општествено актуелни книги ќе се сретнат во таа точка, во рацете на македонските читатели, нема да има посилна и повлијателна заедница. ЧИТАМЕ ЗАЕДНО! – UNITED WE READ!
Кофинансирано од Програмата на Европската Унија Креативна Европа
www.antolog.mk