Нема стих, нема мир! (книга)

Page 1

Нема стих, нема мир!

Библиотека

Бесмртни мисли книга 11

Скопје, октомври 2017

© Антолог, Скопје, 2017 Сите права се задржани.

Директор Жарко Кујунџиски

Одговорен уредник Валентина Кујунџиска

Лектура

Кристина Велевска

Техничко уредување Ана Андроска

Печатница Графоден ул. „Тодор Чангов“ 19/1, Скопје Тираж 200

Printed in Republic of Macedonia

Нема стих, нема мир!

- антологија на нашите омилени песни: бунт -

приредувач и јазична редакција Кристина Велевска

БИСТРИЦА МИРКУЛОВСКА (писателка, преведувачка)

Објавени дела: „Цвеќенца“ (1960), „Првачиња“ (1972), „Празнични виделини“ (1979), „Сите деца мили“ (1982), „Ѕвездена“ (1986), „Виделина“ (1989), „Клучарчиња“ (1992), „Прекршен лет“ (1996), „Навева снег“ (2002), „Скаменет крик“ (2005), „Вековит пат“ (2006), „Сонувам сон“ (2007), „Цвеќе на мирот“ (2007), „Низ песна да ти кажам“ (2008), „Лапидариум“ (2009), „Далечни проблесоци“ (2010), „Каде си, татковино?“ (2010), „Сонувалка сум“ (2011), „Градинче“ (2012), „Запрено време“ (2013), „Молика пелистерска“ (2013), „Калеидоскоп“ (2014), „Илина и други сказни“ (2015), „Фатаморгана“ (2016), „Денови без насмевка“ (2017)

Преводи: „Песни“ – Антон Ашкерц (1962), „На пругорнината“ –Иван Цанкар (1983), „Возот в снег“ – Мато Ловрак (1987), „Молитва за родот“ – Иво Фрбежар (2001), „Пасторала“ – Владо Жабот (2006), „Донесена од маглата“ – Фери Лаиншчек (2008), „Ljubim knjigo“ – Александар Кујунџиски (2009)

АЛЕШ ШТЕГЕР (Словенија)

Ѕид

Не минува ден да не помислиш Дека и тебе те соѕидале вон светов.

Ти ја одзеле перспективата. Те исклучиле.

Не минува утро да не се заколнеш Дека денски ќе го урнеш ѕидов, а не вечер, Кога се враќаш разурнат. Твојот протест е безначаен.

Нема никој за да ти укаже на антибезбедност.

Тулите се отвораат сами, меки небаре часови.

Ти даваат премин без да ги допреш со дланка.

5

Иако нема никаква друга страна, никаков крај.

Никаде нема да втасаш и ништо никаде не те држи.

Немаш ѕид каде сето ова би завршило.

И никаде, никому, никогаш не припаѓа твојот ѕид.

(препев: Бистрица Миркуловска) СИМОН ГРЕГОРЧИЧ (Словенија)

Соча

Красна си, бистра ќерко планинска, Ти лична си сред горска убост, Дур’ проѕирни длабочини

Виор не сматува со срд и грубост, Красна си, ќерко планинска!

Ти толку живо, чесно течеш Ко одот момински од гората;

И јасна си ко воздух горски

И гласна си ко спевот силен

Ко спевот младински од планина. Красна си, ќерко планинска!

Јас радо гледам в браној бодри, Во твојте браној зеленомодри:

Од гори тивки зеленилото, Од ведро небо, пак, синилото

Со убост во нив се разлеале;

Па росите од синевината, Па росите и од планината

Со убост тебе те напоиле –Красна си, ќерко планинска!

Ти мене си ми знанка свидна!

6

Надојдуваш од долој горски, Ко пратеник од домот идеш

И мили поздрави ми носиш –Сред поле Господ да те прими!

О, како шумиш гласно, милно, О, како скокаш цврсто, силно Кога низ гора уште течеш!

А навлезеш ли в поле веќе

Одот твој зошто е среќен?

Зошто ко морна бавно течеш?

Зошто со тага гласот ечи?

Тешко од гората се двоиш, Од лулката на браној твои?

Дал’ знаеш – течеш покрај гробој

Словенските кај биле домој?

Те мачи тебе двојна мака.

И кога бавно течеш така,

Јас чинам, солза ти си јасна, Но и како солза – красна!

Красна си, бистра ќерко планинска, Ти лична си сред горска убост, Дур’ проѕирни длабочини

Виор не сматува со срд и грубост!

Но се заканува кон тебе, клета, Виорот страшен, виорот снажен, Од југ се задава тој ветер; Над полја што ги поиш тажна, Ќе беснее со моќта сета –

О, не е далеку тој ден!

Над тебе сводот ќе е јасен, Наоколу од куршуми град, И крвав дожд и поток солзи, Оф, бојот врел и молњи, страд.

Лут челик тука сал ќе сече, А ти, пак – крвава ќе течеш:

Крв наша тогаш ќе те пои, Крв туѓа тогаш ќе те мати!

Јас порака ти праќам чиста, Ти тогаш сети се, о, Сочо бистра:

Колку ќе имаш скрити води Во вишни облаци на сводот, Колку ќе имаш во планините, Колку ќе имаш во рамнините,

Исфрли тој час в силен ек, Нарасни, скипни в страшен тек!

Ти в меѓи брежни не скривај се, А разлеј се – со браној диви Туѓинците од земја гладна Потопи ги на дното ладно!

(препев: Бистрица Миркуловска)

БОЈАНА ДОЈЧИНОВСКА (писателка)

Објавени дела: „Книга подарок за посебна дама како тебе“ (2017)

АРТУР РЕМБО (Франција)

Песна од највисоката кула

Нека дојдат тие времиња луди

од кои занес во нас се буди.

Толку стрпливост имав во себе што заборавност веќе ме фати.

Стравувањата в простор небен сосе маките јас ги пратив.

А жедта тешка што ме мачи вените веќе ми ги мрачи.

Нека дојдат тие времиња луди од кои занес во нас се буди.

Како што ливадата летна – заборавено парче земја –се размножува и цвета со коров и со темјан

под брмчењата гласни

на мувите гнасни.

Нека дојдат тие времиња луди од кои занес во нас се буди.

(препев: Влада Урошевиќ)
9

Денови

КОЧО РАЦИН (Македонија)

Како на вратот ѓердани

ниски камења студени, така на плешки денови легнале та натежнале.

Денови ли се – денови аргатски маки големи!

Стани си утре порано

дојди си вечер подоцна, наутро радост понеси

навечер тага донеси –

ај пуст да е, пуст да би останал живот кучешки!

Роди се човек – роб биди роди се човек – скот умри скотски цел живот работи

за други, туѓи имоти.

За туѓи бели дворови, копај си црни гробови!

За себе само ’ргај си за себе маки тргај си –нижи си ѓердан денови

нижи си алки ковани, нижи си синџир железен околу вратот навезен!

10

ВЕРА КАЛИН (писателка)

Објавени дела: „Бездомникот со златен часовник“ (2015), „Ловци на светулки“ (2016)

ВИЛИЈАМ БАТЛЕР ЈЕЈТС (Ирска)

Велигден, 1916 В. Б. Јејтс

Во самракот ги сретнав: живи    Лица, доаѓаа од далек’,

Од дуќанот, крај тезгата, меѓу сиви    Куќи од осумнаесеттиот век.

Упатив понекој наклон сонлив

Или некој љубезен празен збор,    Ил’ застанав, дофрлив

Некаков љубезен празен збор.

И исто помислив на

Шега или трик    Која во клуб, крај каминот

Се раскажува на пријател или друг,    Уверен дека и ним, како и мене    Им се слатки шеги и разоноди.

Но потоа сè, сè се промени:    Ужасна убавина се роди.

Деновите на таа жена поминуваа

Во луда доброта и денгуби,  Ноќите во расправии ѝ изминуваа  Додека грлото и гласот не ѝ станаа груби.

А немаше посладок глас

11

Од нејзиното младо и убаво соло;

Додека јаваше во кас,  Овој човек, пак, водеше школо    И седлаше коњ крилат;

Помагач и пријател, другиот    Тек добиваше сила;

Па можеше на слава да се надева, кутриот.    Духот негов приемчив беше,

А мислата смела и блага.

Оној другиот ми се чинеше  Надуена, пијана битанга.

Па, иако ја навредуваше онаа што

Срце ми милува, но строга

Можам и него да го спомнам зашто

Ја напушти својата улога.

Во оваа обична комедија

Чудна промена и нему му се згоди,    Пресврти се изредија:

Ужасна убавина се роди.

Кон една цел со пламен

По летото и зимата

Срцата станаа камен

Што ѝ пречи и на климата.

И коњот што доаѓа од патот,    И јавачот, и птицата во лет,

И облаците јадри на небото

Сè се менува за минути пет;

Во потокот стреловито

Се менуваат сенките на облачниот свод, Во брегот се заби копито, Шикна вода по тој повод.

Барската птица црцори И слуша повик женски, мамен; Од минута до минута живеат сè до зори А преживува, меѓу нив, и камен.

12

Предолгото жртвување може

Да го скамени и срцето што спие.

Кога е доволно? Тоа ти, Боже

Одлучи, додека ние

Ќе повторуваме шепот нејасен,

Име по име,

Како мајката детето в сон страшен

Што го повикува по име.

Што е ова ако не самрак?

Не, не е ноќ, туку смрт;

Требаше ли смрт во овој мрак?

Англија, без никаков нацрт

Можеше да стои на зборот.

Сега го знаеме нивниот сон убав,   Еден сон сонија и умреа;

А што ако безмерната љубов

В смрт ги одведе, па животот го запреа?

Ги впишувам во својот спис –

Мекдона и Мекбрајд

И Коноли и Пирс

Отсега, па за навек, Под зелена боја каде и да се оди,  Ќе се променат одново:

Ужасна убавина се роди.

(препев: Елена Стојановска)

ДИЛАН ТОМАС (Велс)

Не биди љубезен на умирање

Староста нека не си оди тивко во ваква добра ноќ, нека разбеснува и пали до крајот на сета своја моќ, против умирањето на светлоста нека рика и рита.

13

Мудрецот на залез знае дека праведен е овој мрак, но молњата на животот тој не ја слови во својот фак па во ваква добра ноќ и тој е во клоцачката свита.

Питомиот човек сака со последниот бран на здивот в сјај да танцуваат кревките дела на неговиот живот и затоа против умирањето на светлоста тој се гневи.

Сонцето го славел жестокиот човек фатен во тесно, но предоцна принаучил дека тоа не се лаже лесно па и тој во ваква добра ноќ маршира со силите леви.

Сериозен човек на умирачка со слепечки поглед зјае, но и така мижав како фраерски метеор може да сјае, и затоа и тој со клоци умирачката од немост ја плеви.

Та и ти, мил мој татко залегнат на овој жалосен срт, колни и благословувај ме со твоите бесни солзи, во оваа добра ноќ не биди љубезен со твојата смрт, клоцај и рикај, на умирачка не треба да се ползи.

(препев: Љупчо Бочваров)

14

ВЕСНА МОЈСОВА-ЧЕПИШЕВСКА (критичарка, есеистка, антологичарка)

Објавени дела: „Рацин и експресионизмот“ (2000), „Литературни преокупации“ (2000), „Лицето на зборовите“ (2004), „Мал книжевен тестамент“ (2007), „Игра и симулации“ (2011), „Семеен албум“ (2015)

Приредени антологии: „Жени. Гласови“ (2008), „Antologija wspólczesnej literatury macedońskiej“ (2009), „DON’T YOU FYROM ME (Suvremena makedonska pričа)“ (коавторство, 2009), „Ветерот носи убаво време“ (коавторство, 2012), „Пишувачот“ (2012), „VÍTR PŘINÁŠÍ HEZKÈ POČASÍ (Antologie nejmladší makedonské poezie)“ (2014), „Од чежње до ероса“ (коавторство, 2014)

ВЕЛИМИР ХЛЕБНИКОВ (Русија)

Слобода за сите

Во виорот бесмртен што плови Следете ја слободата лудо.

Луѓето со крилја лебедови

Го веат знамето на трудот.

Очите на слободата се пламени

Спореден огнот е како – ладот, Нека ги наземи иконите, на камен, Нови ќе создаде гладот.

Да тргнеме заедно со песна пламена.

Напред – за слобода сите!

Воскресението за гибелта ќе биде заемно!

Ќе оживее секој повторно во дните.

Напред по патот на соништата, Слушајќи ги звучните чекори дур’ одиме.

15

Ако се оковани боговите, И нив ќе ги ослободиме...

(препев: Ефтим Клетников) КОЧО РАЦИН (Македонија)

Синови на гладот

...Ништо јас немам... син сум на гладот: Врз телото, по светот, талкам испустеник. Немам ни очи: разумот погледи ми го ледат, А уста дувло за понекој морничав крик.

Презирот и смеата награда ми се за сè И молкот аморфен од природа, земја и небо.

О, зошто тоа?... Зар мене ми падна в дел Талкањето, светот и суво парче од лебот.

Мојата омраза ми е плод на бдеењето, Мојата стрпливост го крие ужасот на моќта.

(препев: Гане Тодоровски)

16

ДАРКО АНГЕЛОВСКИ (поет)

Објавени дела: „Душевен санаториум“ (2016)

Преводи: „Нема што повеќе да се изгуби“ – Наџван Дарвиш (во процес)

ВИЛИЈАМ БЛЕЈК (Англија)

Кој ќе одговара?

Ех, да имав глас како гром и јазик да го удавам грлото на војната! Кога сетилата

се стресени и душата доведена до лудило, кој ќе одговара? Кога душите на угнетените се борат во воздухот бесен, кој ќе одговара?

Кога виорот од гнев ќе дојде од Божјиот Престол, кога Неговиот намуртен лик ќе ги натера народите да се здружат, кој ќе одговара?

Кога Гревот ќе замавне со крилјата над битката

и со радост ќе заплови низ поплавата од Смрт; кога душите ќе ги разнебити вечен оган

а ѓаволите Адски ќе ликуваат над изгинатите, кој ли ќе одговара? Кој ли го стори ова?

Кој ли ќе застане пред Божјиот Престол?

Кралевите и Благородните на Земјата се криви!

Не слушај, Рају, твоите пратеници се криви!

(препев: Зорица Петкоска)

17

Безумна песна

Липаат ветровите бесни, а ноќите застудуваат; дојдете ми тука, Сни, јадовиве ме опседнуваат:

глеј, зората се обзнани

над источните стрмнини, а птиците в мугри избиваат

и земјата ја одбиваат.

Глеј го сводот поплочен

од рајот над нас, од тага измачен пишувам со страст: ноќта ме слуша, денот солзи лее; се разбеснуваат ветровите громки

и играм со луњата што дивее.

Небаре демон вивнат

чемерно завивам, во ноќта сум живнат

и со ноќта заминувам; му вртам грб на истокот, кој на удопствата е врутокот, оти светлоста мозокот ми го зграпчува со болка што измачува.

(препев: Зорица Петкоска)

18

ДОЛОРЕС АТАНАСОВА-ЛОРИ (поетеса)

Објавени дела: „Будење во трето лице еднина“ (2014), „Со ветрот под рака“ (2016)

ЈЕХУДА АМИХАЈ (Израел)

Медијаторите, миротворците

Медијаторите, миротворците, преговарачите за компромис, посредниците Живеат во белата куќа И прехрана добиваат оддалеку Преку прикриени канали, преку мрачни вени, како некој ембрион.

И секретарките им се нацрвени и насмеани, И шоферите со дипломатски имунитет ги чекаат подолу, како оседлани коњи, И дрвјата што ги засенуваат се вкоренети во ничија земја, И заблудите им се како деца што отишле во полето да берат циклами, Но не се враќаат, И мислите им лебдат некаде горе, немирни, како извиднички авиони И фотографираат и се враќаат и ги развиваат сликите Во темни и тажни соби.

И знам дека имаат тешки лустери, А момчето што бев јас седи и се лула на нив, Наваму-натаму, наваму-натаму, додека не остане таму.

И подоцна ноќта ќе извлече ’Рѓави и изопачени заклучоци од нашите стари животи.

И над куќите мелодијата ќе ги собере расфрланите зборови

19

Како раката што собира трошки од масата По оброкот, кога разговорот продолжува, А децата веќе си легнале.

И ми надоаѓаат надежи како смели морепловци, Како откривачи на континенти што дошле до остров Каде подзастануваат ден-два

Да си починат...

И потоа отпловуваат.

Препев: Ѓургица Илиева

КОЧО РАЦИН (Македонија)

До еден работник

Да бидеш човек, да имаш топла крв, да мислиш со глава и да работиш со рака и па да бидеш нешто мртво.

През цел свој живот и ден и ноќ

да се трудиш и мачиш

и па да бидеш гладен и страден.

Работник патник:

да немаш ништо, да страдаш за сето –а ти и твоите браќа да праите сè!

Палата да праиш

да живееш во визба –

од лулка до гроб

да бидеш роб.

Од вашата мака

да живеат друзи!

20

О, братко! Плукни на таков живот! Со браќата твои, со маката ваша, сронете го овој свет и нов направете –братски!

21

ДРАГАНА ЕВТИМОВА (писателка, преведувачка)

Објавени дела: „Постоењето на динамиката“ (2005), „Јас сум некаде на друго место“ (2011), „Фусноти по сеќавање“ (2014), „Се гледаме наскоро. Е.“ (коавторство, 2017)

Преводи: „Џенем“ – Душан Чатер (2012), „Августа“ – Уршка Кришељ Грубар (2013), „Стариот е пак пијан“ – Душан Чатер (2013), „Made in Slovenia“ – Алеш Чар (2013), „Небо во капини“ – Наташа Крамбергер (2013), „Во својот двор“ – Сузана Тратник (2013), „Ноќ во Европа“ – Полона Главан (2014), „Трошки“ – Миха Мацини (2015), „Нема друга“ – Јела Кречич (2017)

ИВАН ДОБНИК (Словенија)

Ги затвораш своите очи

Ги затвораш своите очи и моите прсти се река од ѕвезди што те галат. Ветерот заспива во ноќта, во која се спушта нашата едрилица на безгрижното море.

Безвремено диши по солената роса на кожата.

Двајцата бегаме во себе, твоето тело е сончев оган што танцува.

Воздухот на твоите усни е ранет од допирите.

Паѓаш во мене: долгото патување започнува.

Водопадот од неизговорените зборови доби тежина на белите крилја од гугутките, скриени во твојата

темна коса.

Не постојат јазици на земјата што би можеле да го изговорат името на твојата убавина.

Нашите тела ги зборуваат зборовите на птиците и брановите во облиците на трепетливи житни полиња по долгите летни светлини. Ги затвораш своите очи на шумската чистинка среде собата и те испивам

22

како река со извор во широка гора.

Така дојде ти во моите соништа таа ноќ.

(препев: Драгана Евтимова)

Те сакам

Подари ми го твојот мов. Твоите заби.

Твоите коски. Твојот здив. Твоето сонце. Твојот воздух.

Твоите мисли. Твоите прсти. Твојата сенка.

Твојата крв. Те сакам. Го сакам твоето море.

Ги сакам твоите дрвја. Ги сакам твоите бои. Ги сакам твоите зборови.

Го сакам твоето крајбрежје. Ги сакам твоите привиденија. Ја сакам твојата светлина.

Ја сакам твојата страст. Го сакам твоето молчење. Ја сакам твојата бездна.

Сето тоа го сакам. Уште повеќе те сакам. Твојот оган го сакам.

Неподвижноста на воздухот. Жарењето на ледот. Цветот на праската.

Спокојот на земјата. Јанѕата на коњот. Мирисот на твојата девојка.

Далечината, која никогаш не ја преминуваш, а секогаш сонуваш за неа. Рибите од коралите, кои те милуваат.

Водопадите на ноќта, кои те затвораат во јазикот на осаменоста. Треперејќи те сакам. Жестоко те сакам. Разголено те сакам. Меѓу бамбуси и тополи, во пејзажот на црните птици.

Допрени се моите очи. Моите патеки и секундите, кои ја претставуваат вечноста на природата.

Тоа се лисјата. Тоа се децата. Тоа се твоите подморски светови. Тоа е крвта на буквите, тоа се гладните усти за сол на твојот грб. Зграпчи ги додека уште горат.

Пиј ги долго време. Бидејќи времето не е важно,

23

ниту годините, ниту местата, ниту начините како ќе го направиш тоа. Ветерот се оддалечува, се бара и се пронаоѓа во опустошениот пејзаж

како мене, кој останувам и пишувам, кого можеш да го посетиш во кое било време.

Доцната осаменост. Знае за боите. Го чувствува студенилото.

Ги слуша брановите. Го кине утринскиот весник.

Дува во облаците и во тревата. Ги вее семињата

на габровите. Останува и заминува. Пее и чека.

Подари ми ја својата прошетка. Подари ми го твоето дишење.

Подари ми ги твоите ноќи. Темните џепчиња на радоста.

Вителот на недостижните усни. Тетратките во кои никој не го запишува моето име. Онаа воздишка.

Онаа надеж. Оној мрак каде што се губиш и никој

не може да те најде, ниту во книгите, ниту под ќебињата, никаде.

(препев: Драгана Евтимова)

24

ЖИВКО ГРОЗДАНОСКИ (писател, преведувач)

Објавени дела: „Отпечатоци врз коцки мраз“ (2009), „Приказни за тревите и други приказни“ (2011), „Куфер за тројца“ (2014)

Преводи: „Next“ – Алесандро Барико (2010), „Сенилност“ – Итало Звево (2011), „Коски од сепија“ – Еуџенио Монтале (2013), „Кал“ – Николо Аманити (2013), „Нешто напишано“ –Емануеле Треви (2015)

ПЈЕР ПАОЛО ПАЗОЛИНИ (Италија)

Балада за мајките

Се прашувам какви мајки сте имале.

Кога би ве виделе сега, вработени

во еден за нив непознат свет, вшмукани во еден незавршен круг од искуства толку различни од нивните, со какви очи би ве погледнале?

Кога би биле крај вас додека си го пишувате своето делче конформизам и барок, за да го подадете на уредници измлатени од безброј компромиси, би сфатиле ли кои сте?

Плашливи мајки, со древен страв врз лицето, истиот страв што како болест ги изобличува цртите во бледило

замаглено, страв што ги оддалечува од срцето и ги затвора во старото неприфаќање.

Плашливи мајки, кутрици, загрижени дали синовите ќе ја научат онаа плашливост

25

за да побараат место, за да бидат корисни, за да не навредат привилегирани души, за да се заштитат од секакво сочувство.

Простодушни мајки, кои со понизност на девојчиња научиле само едно, и единствено, голо значење на светот, со души во кои сите ние сме проколнати да не покажеме ни болка ни радост.

Простодушни мајки, кои за вас никогаш немале ни еден единствен збор од љубов, немале ништо освен онаа глувонема љубов, како кај ѕверките, и со неа ве израснале, немоќни пред вистинските повици на срцето.

Понизни мајки, со векови учени без љубов да ја наведнуваат главата, на својот фетус да му ја пренесуваат

древната, срамна тајна дека треба

да се задоволи со остатоците од забавата.

Понизни мајки, кои ве имаат научено

дека слугата може да биде среќен мразејќи го оној што е, како него, врзан, дека може да биде среќен кога лаже и сигурен кога работи нешто скришно.

Сурови мајки, подготвени да го бранат она малку што, граѓански, го поседуваат, својот просечен живот и платата, речиси со гнев на човек што бара одмазда или е фатен во некаква бесмислена замка. Сурови мајки, кои отсекогаш ви велеа: Преживувајте! Мислете на себе!

Никогаш немајте ни милост ни почит за никого, негувајте си го во срцето својот интегритет на мршојадци!

26

Да, плашливи, простодушни, понизни, сурови, такви се вашите кутри мајки! Затоа и не се срамат кога ве гледаат – во вашата омраза – дури и вообразени, во оваа долина од солзи.

Така, вам ви припаѓа овој свет: ве збратимуваат спротивставените пориви, непријателските земји, длабоката одбојност

кон тоа да се биде различен: да се одговори на дивата болка на она што значи да се биде човек.

(препев: Живко Грозданоски)

АЛДО ПАЛАЦЕСКИ (Италија)

Е па остајте ме бе да си играм!

Дрн, дрн дрн цр цр цр, бау бау бау, мјау.

Препејувачот си игра, си се лади, си се бувта в гради.

Немојте да го кудите, од дремка да го будите, нека си шизи кутриот, овие будалштини ситни за него многу се битни.

Куку, руру, O, куку, кукукурукукуру!

27

Но кој му дал таква власт?

Што е оваа книжевна лобода?

Слобода, драги мои, слобода, препејувачка слобода.

Мојата најинтимна страст.

Пам-па-рам-пам-пам, Тин-ти-рин-тин-тин, Тра-ла-га-ла-ла, Ја-ја-ја-ооооо-ја-ја-ја!

Знаете што е ова?

Ова е многу напредна ствар, не се ова глупости празни

ова е нешто... многу слично

на други препеви разни.

Бубу? Бубу? Бубу?

Ау ау ау ау, Пиууу!

Пиу?

Ама, ако препевот нема врска оригиналот го навредува, значи препејувачот се мрднал...

Кој му дал да преведува?

Барабарабарабарабум!

Бам!

Гиригиригиригиригун Гран!

Балала. Гарара. А.

Не дека препевов нема врска, со врски си е.

28

Препевов е нешто од типот...

како кога некој сака превод да прави а нема ни нерви ни речници здрави. Многу вулгарна работа.

Ама, јебига.

Аааааааааааааае!

Ееееееееееи!

Иииииииииии...о!

Ооооооооооооу!

Уууууууу...а!

А! Е! И! О! У!

„Ама смирено, младичу.

Прво, одговорете ни:

нели ова вашево личи на поза?

Пред ова читателот ќе зева, а вие нешто се надевате

да кренете врева?“

Хууууоооу... хуууааооууу...

Хуууиууххх... Шааауу шау шау, Жжжжжууу... Жн жн жн, Шау К К.

„Како да ве вразумиме?

Од претенциозност треба да се чувате. Добро, што е ова? Како од свахили да препејувате.“

Раи, даи, алалаи, Ри-ри-ри-ри-ри. Ри.

„Ма, оставете го нека се глупира, некого сигурно ќе изнервира,

29

играчкава скапо ќе го чини, ама доцна ќе е за извини.“

Јоујоујоу гоугоугоу

тоутоутоу па тоу па тоу, о тоу, оооооооооу.

„Треба препејувачот да си знае дека кариера ризикува со препев лош.

Ќе го дискредитираат и уништат засекогаш –

професори и критичари, знаете – на секој ќош!“

Хаха...

Ха, ха, ха. А-ха-ха-хааа!!!

Како сакаш кажи, ама, јас сум потполно во право: времињата се изменија, никој веќе не води сметка за тоа кој и како преведува.

Е па остајте ме бе да си играм!

(препев: Живко Грозданоски)
30

ЗОРИЦА ПЕТКОСКА (писателка, преведувачка)

Објавени дела: „Ѕвезди и искри на сонот“ (2001), „Зборигами“ (2015)

Преводи: „Направи едно чудо“ – Светлана Христова-Јоциќ (2011), „Избор раскази“ – Драги Михајловски (2011), „Аристотел од Ресен“ –Зоран Ковачевски (2011), „Тој не е пијаничиште“ – Ирвин Велш (2013), „Зошто да не?“ – Ирена Ристеска (2013), „Несвесна цивилизација“ –Џон Ралстон Сол (2015), „Базилика“ – Викторија Богданова (2015), „Сите птици – распеани“ – Еви Вајлд (2016)

КЕРОЛ ЕН ДАФИ (Шкотска)

Воен проглас за крај

Во сите мои сни, пред мојов беспомошен поглед

тој се струполува кон мене, гргори, се гуши, се дави.

Да можеше поезијата да раскаже назачки, навистина, да почне од мигот кога шрапнел те покосил во калта гнасна... но се исправуваш, зачуден, гледаш крвта кобна искрвавена тече пругоре од глибта назад во раните; гледаш редови и редови британски момци се премотуваат назад в ров, ги бакнуваат фотографиите на своите –мајки, девојки, сестри, братчиња

сега надвор од приказната

за да гинат, гинат и гинат.

Дулче – не – Декорум – не – Про патриа мори. Си одиш.

Си одиш; ја фрлаш пушката (бајонет)

како сите твои останати другари –Хари, Томи, Вилфред, Едвард, Берт –и си палите цигари.

На плоштадот кафе носат

31

и топол француски леб а илјадниците мртви за погреб си ја тресат калта од коса и се редат за дома. Свежо оживеан, еден дечко ја свири ирската Типерери, ослободен од Историјата; сјајните, здрави коњи достојни за херои, кралеви. Ти се потпираш на ѕид, твоите милиони живеачки се уште возможни и преполни љубов, работа, деца, дарба, англиско пиво, добра храна. Го гледаш поетот како си го пика тефтерчето в џеб и се смешка. Да можеше поезијата назачки да раскажува, така и ќе направеше.

(препев: Зорица Петкоска)

СИЛВИЈА ПЛАТ (Англија, САД)

Лазаринка

Пак истото го сторив. Еднаш во десет лета ми успева –

Чудо сум подвижно, кожата ми Светла ко наци-ламба, Десната ми пета

Пердув-лесна, Лицето необоен, фин Еврејски лен.

Тргни ми го чемберот Ој, непријателе мој. Се плашам ли? –

32

Носот, очите длапки, двата реда заби?

Здивот гнил, За ден ќе снема сѐ.

Брзо-брзо во месото

јамата гробна што го изеде

удобно ќе ми биде.

а јас – озарена жена.

Само триесет имам.

Ко мачка сум што девет пати умира.

Ова е Број Три.

Какво евтино проклетие

да се збрише секое десетлетие!

Шурки светло од сите страни.

Џган луѓе кикиритки крцкаат

и да видат сакаат

како ме слекуваат на цело –стриптиз на дело.

Господа, дами

Ова е моја дланка, Моја нога.

Може сум коска и кожа.

Но пак сум си онаа иста жена.

Првиот пат имав десет лета.

Несреќа беше.

Вториот пат мислев: терам докрај и нема назад.

Се склопчив

33

ко школка.

А тие се провикаат, и црви од мене тргаат ко бисери лигави.

Умирањето

е уметност, ко и сѐ друго.

Го правам тоа мајсторски.

Ко да си во свет адски.

Ко да е вистинско.

Ќе речеш може, дар имам.

Лесно е вака во ќелија да си.

Лесно е вака да седиш ладен.

Усиленото

враќање сред бел ден

Кон истото место, лик, истиот занемен гаден извик:

„Чудо!“

Е она што ме вади од такт.

Се плаќа

Да ги видиш лузните мои, се плаќа Да го заушиш срцето мое –Тоа стварно бие.

И се плаќа, баш скапо се плаќа, За збор ил’ допир со рака Ил’ од крв капка

Ил’ перче коса или нешто руба.

Па види, хер Доктор.

Па, хер Непријател.

34

Твое сум дете, Драгост твоја, Душиче чисто златно

Што на крик се топи. Плен сум на ражен.

Ама знам за обѕирот твој снажен.

Пепел, пепел –Со маша ти жбараш.

Месо, коска, ништо нема –

Пакло сапун, Венчален прстен, Заб златен.

Хер Бог, хер Луцифер

Вардете се Вардете се

Со алови ми коси Од пепелта летам И ко воздух мажи гнетам.

(препев: Кристина Зимбакова)
35

ИВАН (ИВИЦА) ЏЕПАРОСКИ (поет, есеист)

Објавени дела: „Слики од изложбата“ (1989), „Еклоги“ (1992), „Песни“ (1998), „Волја за мисла“ (2008), „Грабнувањето на Европа“ (2012), „Светлината на Света Гора“ (2015)

БЕРТОЛД БРЕХТ (Германија)

Прашања за еден работник што чита

Кој ја изгради седумвратната Теба?

Во книгите имиња на кралеви стојат.

Влечеа ли кралевите блокови од карпи?

А Вавилон што повеќе пати разурнуван беше –кој го изградуваше толку пати? Во кои куќи

на Лима што зрачи со злато работниците сместени беа?

Каде отидоа работниците кога Кинескиот ѕид беше готов? Големиот Рим

е полн со триумфални арки. Кој ги издигна? Над него триумфираа цезарите? Зар Византија што во песни

е опеана толку, имаше само палати за жителите свои?

Дури и во сказочната Атлантида рикаа во ноќта, кога морето ја голтна, давениците по своите робој.

Младиот Александар ја освои Индија. Тој сам?

Цезар ги победи Галите.

Немаше ли крај себе барем еден готвач?

Филип од Шпанија плачел кога неговата флота потонала. Зар не плачел никој друг?

Фридрих Втори победил во Седумгодишната војна. Кој победил освен него?

36

Секоја страница една победа.

Кој ја зготвил победничката гозба?

Секои десет години еден голем човек.

Трошоците кој ги платил?

Толку многу извештаи.

Толку многу прашања.

(препев: Душан Томовски)

Две грешки

ХАНС МАГНУС ЕНЦЕНСБЕРГЕР (Германија)

Признавам на времето

стрелав со врапци на топови.

Дека немаше полн погодок

увидувам сега.

Но јас никогаш не сум тврдел дека сега треба сосем да се молчи.

Спиење, дишење, пишување песни речиси не е престап.

А да не зборуваме за познатиот разговор за дрвја.

Со топови на врапци сепак би значело во обратна грешка да се падне.

(препев: Душан Томовски)

37

ИЛИНА ЈАКИМОВСКА (поетеса, теоретичарка)

Објавени дела: „Амбар на душата: етичкото во поговорките“ (2004), „Сонце во тегла“ (2009), „Најважната игра“ (2013), „Телото: етнолошко-антрополошка студија“ (2015)

МАНОЛИС АНАГНОСТАКИС (Грција)

Младите од Сидон

Всушност не треба да се жалиме добро и срдечно друштвото е ваше, пука од младост, девојки свежи – момци без никаква мана и крепки

полни со страст и љубов спрема животот И спрема секое дејствување вредно Добри се, со мисла и сок, и вашите песни

толку, ама толку човечки, трогателни, за децата што умираат на друг континент за хероите што загинале во времиња други за револуционери црни, зелени, жолтеникави за болката на Човекот кој страда воопшто

Особено се одликувате поради она учество

во проблематиката и во борбите на времето наше давате непосредно и делотворно присуство – а потоа мислам дека имате право, и тоа многу, по двајца, по тројца да играте, да се љубите и да се одморите, брате, по толкав напор.

(препев: Паскал Гилевски)

38

Чистка

ПЕТАР Т. БОШКОВСКИ (Македонија)

Небаре предците ни биле за резил, старината топтан се урива, фрла.

Се туркаат плевни, амбари и трла, се редат на клада ковчези и чези.

Чистачите одат од керал до таван

по предмети што за нив не се требни.

Што ќе им е разбој, што ќе им се гребни, фурка или бутин, склопец или аван?

Бесчесници шути, тие и се грозат

од она што треба да им биде блиско.

Не им годи патот од стапало ниско,

па го ништат векот на својата лоза.

Само не дај Боже да го скршат вратот пикајќи го в мутли со надеж за злато.

39

ИСКРА ДОНЕВА (поетеса)

Објавени дела: „Говорот на срцето“ (2000), „Кој ќе ги згрее птиците“ (2006), „Небеска раскрсница“ (2009), „Скакулче игра плочка“ (2013), „Татко“ (2013), „Лазарополски хаикуа“ (2013), „Јас, принцеза од бајки“ (2014), „Калеидоскоп“ (2015), „Љубовни далги“ (2015)

ФРАНЧЕСКО ПЕТРАРКА (Италија)

134.

Не, нема мир, ни војна, ниту враг;

се плашам в надеж, стинеам и горам;

се влечам в прав, со облаци се борам; за сите туѓ, ги барам сите пак.

Во власта нејна злото не го корам.

Ни тоа иде, гнетот ѝ е драг;

Амор не убива, но оковот е јак, сред живот – бескрај само мака творам;

Без очи гледам; нем – за болки зборам јас барам спас за гибел и за жед, се мразам сам, го сакам сиот свет.

Од бол сум жив; од плачот насмев творам; и смрт, и живот, проклетство ги сви, а виновна си, Дона, само ти.

(препев: Георги Сталев)

40

СИЛВИЈА ПЛАТ (Англија, САД)

Тато

Нема, нема веќе, мој црн чевелу, во кој живеев како стапало, цели триесет години, кутра и пребледена, одвај да дишам и офкам.

Тато, требаше да те убијам, а умре пред да имам време, вреќа полна со бог, мермер-бреме, гнасна статуа со еден сив прст на нога како на морж.

И главата во непредвидливиот Атлантик, каде зелен дожд паѓа над синилото, во водите на убавиот Нозет, се обидував да те повратам, Ach Du.

На германски јазик, во полски град, срамнета со земја од бран на војни, војни, војни.

Но името на градот е познато, мојот полски пријател

вели ги има дузина или две, затоа не можев да ти кажам кај си појден, од кај си дојден, никогаш не сум можела да зборувам со тебе.

Јазикот ми се врзувал.

Се заглавил во стапица од бодликава жица, Ich, Ich, Ich, Ich,

41

одвај зборував.

Мислев секој Германец си ти, а јазикот им е бесрамен.

Локомотива, локомотива, ме влечка како Еврејка, Еврејка во Дачу, Аушвиц, Белсен.

почнав да зборувам како Еврејка, а можно е да сум Еврејка.

Снеговите на Тирол, бистрото виенско пиво, не се толку чисти ни вистинити.

Со моите цигански предци и мојата чудна среќа, и тарот-картите и моите тарот-карти, можеби и по малку сум Еврејка.

Секогаш ти ме плашеше, со твојот луфтвафе, твоето мимимини твоите уредни мустаќи, и тие ариски очи, светлосини панцирмен, панцирмен, Ах ти-

Не бог, ами свастика толку црна што и небото не може да ѝ писне.

Секоја жена обожава фашист, чизмата в лице, на грубијанот грубо срце од грубијан како тебе.

Стоиш покрај таблата, тато, на сликата што ја имам твоја, дупче на твојата брада место на твоето стапало ама исто како ѓавол си, не помалку човекот во црно кој го искина моево црвено срце баш тој. Имав десет кога те закопаа,

42

на дваесет сакав да умрам

и се вратив, вратив, вратив откај тебе.

Мислев дека коските ќе останат.

Но ме извлекоа од гроб

и ме залепија со лепило, ама не добив слепило, направив кукла како тебе, маж во црно со Мајнкамф стил.

И со страста за клада и шајки, реков да Јас да Јас, Така тато, конечно завршив проклетиот телефон го исклучив од жица гласовите да не стигнат низ него.

Ако убив еден, убив двајца –

вампирот што ми рече дека си тоа ти и ми ја пиеше крвта една година, седум години ако сакаш баш да знаеш. Тато, сега можеш да лежиш таму.

И колец ти ставив во твоето црно мрсно срце, а и селаните не те сакаа.

Играат и скокаат по тебе Секогаш знаеја дека тоа беше ти.

Тато, тато, копиле едно, завршив.

(препев: Љупчо Петрески)

43

ИСТОК УЛЧАР (поет)

Објавени дела: „Сенки низ циркускиот шатор“ (2014), „Интензивен курс по агонија“ (2016) ЈОСИП ОСТИ (Босна и Херцеговина, Словенија)

Од многу нешта те поштедија, студенооко девојче

Од многу нешта те поштедија, студенооко девојче, во прегратката на оној што цел живот ќе повторува само еден единствен збор: „Зошто?! Зошто?! Зошто?!...“

Те поштедија од татковите беспричински прекори, мајкините тепања за непризнавањето на она што не си го сторила, паѓањата од точак, одраните колена, остриот учителски поглед, убодот на осата, солзите што капат врз страниците на недочитаниот сентиментален роман, стравот од темнината, ужасувањето од малите гради во отсликот на огледалото, кошмарните сништа, срамот од дразбата од благиот

ветрец, маките на првото вљубување, несоницата, главоболките, ненадејното грубо прегрнување, разочарувањето, болката... Од сето тоа, и од уште многу нешта

непријатни

во животот, те поштедија оние што, со мирна рака и око соколово, го местеа нишанот на снајперот.

Го местеа црното крвче, колебајќи се само,

44

пред истрелот, дали ќе го забијат во длапката меѓу твоите густи веѓи или на голото ритче на твоето детско срце. Притоа, и многу што ти ускратија во, во суштина, грдиот живот, преполн со убави мигови. Но за тоа не зборува оваа песна,

како ни затоа дека умре врз татковите раце. (препев: Игор Исаковски)

РИНА ЈАНКУЛОВСКА (Македонија)

за време на

во екот на гневот најдовме љубов и заборавивме дека во револуцијата нема многу што да се романтизира

војната е војна и под шарени знамиња а ние заборавивме дека песните на гневните

се само пискотници, вресоци за помош

во екот на гневот, беревме цвеќиња

и наместо венци плетевме штитови

не слушнавме кога ни рекоа дека тоа нема да ги запре оние што пробуваат да нè згазат

и слепо баравме нежност

онаму каде ја нема

во екот на гневот јунаштвото го гледавме во облик

на врат свиен под чизма

и гледавме убавина каде што гинеа луѓе за доброто на незасегнатите

а надежта не се губеше

ни зад солзавец и железни врати

45

во екот на гневот се замислувавме на првите борбени линии а се криевме под клуч, со срца забрзани како бомби што нема да ги детонираме љубовта не значи многу кога можеш да ја пресечеш со една обична железна барикада.

46

ЈЕЛЕНА ЛУЖИНА

(преведувачка, теоретичарка, критичарка)

Објавени дела: „Македонската битова драма“ (1995), „Македонската нова драма“ (1996), „Театралика“ (2000), „Театралика, пак“ (2003), „Избрани есеи – Selected essays“ (2004), „Театралика, три“ (2006), „Отаде“ (2008), „Лична библиотека – прв рафт“ (2008), „Esej kao zavođenje“ (2008), „Есеј(от) како вежбалиште“ (2010), „Petar Selem“ (коавторство, 2011), „Meštar, fragmenti o Ivi Ermanu, glumcu“ (2013), „Зад мене, по мене“ (2014), „Проект Чернодрински – 50 Години МТВ Војдан Чернодрински“ (2015), „Marija Crnobori – Eseji o fragmentima“ (2016), „Случајот Георгиевски“ (2017), „Pulski eseji“ (2017)

Приредени книги: „Македонската драматика/драматургија помеѓу традицијата и современоста“ (1997), „Теорија на драмата и на театарот“ (1998), „Ежен Јонеско – Лекција“ (1998), „Семјуел Бекет – Чекајќи го Годо“ (1998), „Македонската театарска критика“ (1998), „Актерството и режијата во македонскиот театар“ (1999), „Прилози за историјата на македонскиот театар“ (2000), „Ten Modern Macedonian Plays“ (2000), „Другиот во наставните содржини во високото образование“ (2002), „Коле Чашуле – Избрани драми, том 1 и 2“ (2002), „Balkan Theatre Sphere“ (2003), „Театарот на почвата на Македонија, 1“ (2004), „Intercultural Theatre“ (2005), „ММЕ... Нова европска драма“ (2005), „Theatre And Identity“ (2007), „Театарот на почвата на Македонија, 2“ (2007), „Македонскиот театар: балкански контекст“ (2007), „Петар Селем – Доба на режијата“ (2007), „Македонска битова драма“ (2008), „Марин Држиќ – Комедии и пасторали, избор“ (2008), „Благоја Иванов, Кораби“ (2008), „Томе Арсовски, Парадоксот на Диоген (2008), „Theatre And Memory“ (2008), „Kazalište kao akcija“ (2009), „Коле Чашуле – Антимемоари“ (2009), „Marija Crnobori – Životić“ (2011), „Слободан Шнајдер – Хрватски Фауст и други драми“ (2011), „Изгубени Германци и други драми“ (2011), „Lost In Space аnd Other Plays“ (2011), „Дејан Дуковски – Собрани драми“ (2012), „Кревко театарско паметење“ (2013), „Чашуле, отпосле“ (2013), „Биљана Србљановиќ – Скакулци и други драми“

47

(2013), „Срѓан Јаниќијевиќ – Купидона и други драми“ (2014), „Љубиша Георгиевски – Театарски магии, мнемопис“ (2014), „Јордан Плевнеш – Вечната куќа“ (2014), „Антологија на македонската драма“ (2014/2015), „U znaku kairosa“ (2015), „Јордан Плевнеш – Драми / првите тринаесет“ (2015), „Виктор Иванчиќ – Работници и селани / есеи“ (2016), „Најновата македонска драматика“ (2016), „Братислав Димитров – Глоговиот џбун и други драми“ (2016), „Olivera Nikolova: Baršunasti pokriv, novelete o ubijačicama“ (2017), „Dora Delbianco: Kad je stao svijet“ (2017) МИРОСЛАВ КРЛЕЖА (Хрватска)

Велипеток година илјада деветстотини и деветнаесетта На Карл Либкнехт, за спомен

О, Големо Безглаво Нешто, проклето име твое, навек во сите векови!

Крвави чајки пак раката човечка ја гнојат, а злогуката птица на мракот мртовечка песна пее, злогуката птица на мракот, слепата птица утот. О, Големо Безглаво Нешто, проклето името твое навек на сите векови! Во борба со глутница лажни, глутница виновни богови, падна Човечкиот Син.

Своите крстови голготски ги забоде циркусот од губава Јудеја до царскиот Берлин.

Сред крвава пленичка светлост на црвената жандарска ламба што може хрватскиот човек?

Тој голта хрватски солзи, солена и горчлива сол.

Дали идеалот бел, презрен и исплукан, гол, ќе биде распнат навек?

Сред крвава пленичка светлост на црвената жандарска ламба,

48

што може хрватскиот човек на Европскиот Велипеток?

Кога Синот Човечки го колат, раните му ги палат, врз глава му сипаат клетви и камен и куршум, на овој облачен, црн, Европски Велипеток, кога се тресе крвава куглата земја во дим, од Трансвал до Кремљ, од Пекинг до Рим, хрватскиот човек посмртна светилка пали, кармини тажно пие и пее за ова време:

пак една глава падна како крваво семе.

На јарболот е пак прикован адмиралот.

Но ништо! Мугрее. Интернационала.

(препев: Гане Тодоровски)

А бре, Македонче

А бре, Македонче, Каде се спремаш?

Борба те чека, Борба за слобода.

Нека разберат

Крвави фашисти, Македонско име, Нема да загине.

Момци накитени, Моми наредени, В борба ми влагат.

Борба за слобода.

КОЛЕ ЧАШУЛЕ (Македонија)

49

ЈОСИП КОЦЕВ (поет)

Објавени дела: „Јас, Квентин Скриблер“ (2015), „Напишана тишина“ (2016)

ЗБИГЊЕВ ХЕРБЕРТ (Полска)

Послание од господин Когито

Оди кај пошле оние во вилает темен по ништожноста на златното руно твојта награда задна

оди простум сред ничкосани сред на плеќи паднати и в прав турнати

не си останал цел да поживееш часот ти чукнал сметка треба да дадеш

достоинство имај умот штом ти бега достоинствен биди најсетне само тоа ќе се брои

а Гневот твој сила нек’ нема ко море чуеш ли глас на унижен столчен

сестра ти Прекора крај себе ја чувај за кодоши душмани гниди – ќе победат тие на погреб ќе ти дојдат, преграб земја лесно ќе ти фрлат а црвот ќе издлаби твој животопис среден

и не проштавај верно не в моќта своја ќе простиш в име на изневерените в мугра

50

чувај се сепак од непотребна гордост в зрцало гледај си го ликот на кловн повторувај: ме избрале мене – зар поарен нема

од суровост в срце се чувај љуби вруток на мугра птица со незнајно име даб сред зима светлина по ѕидот величествено небо здивот твој топол не го бараат тие постојат да се каже: утеха нема

бдеј – штом светло на планини знакот ти даде – стани и оди дур’ крвта в гради ја движи твојта ѕвезда мрачна

повторувај стари заклетви на човек сказни и легенди

така ќе здобиеш благо за здобивање што не е

повторувај големи зборој повторувај со упор ко оние преку пустина што ишле и гинеле в песок

а за награда ќе ти фрлат што-годе со удар смеа на буниште столчен

оди само така ќе те примат в друштво черепите ладни в друштво на предците твои: Гилгамеш Хектор Роланд што бранеле кралства до бескрај и пеплосани градој

Верба имај Оди

(препев: Милица Миркуловска)

ЈЕХУДА АМИХАЈ (Израел)

На полпат од веков

На полпат од веков еден кон друг се свртевме за миг,

51

со пола лице и јадри очи ко древна египетска слика.

Косата ти ја погалив во спротивна насока од патот твој.

Се довикувавме ко имиња на градови што човек ги минал патем.

Прекрасен е светот кога за зло се буди. Прекрасен е светот кога заспива за грев и милост.

Во нескладот на заедништвото наше, мое и твое. Прекрасен е светот.

Земјата луѓето ги пие и љубовта нивна ко вино, за в заборав да втоне. Но неможно е тоа. Како и за врвовите на планината Јехуда, ни за нас спокој нема.

На полпат од веков еден кон друг се свртевме, телото ти го видов сенка кај фрла и мене ме чека. Кожните ремени на патот долг

градиве попреку ми ги стегнале цврсто. Пофалба изустив за смртните бедра твои, ти со пофалба ми врати за ликот мој минлив, косата ти ја погалив во насока на патот твој, гласниците на твојот крај ги допрев, раката ти ја допрев за сон што не знае, и устата што можеби ќе запее.

Пустинска прав масата ја прекри, та ни залак врз неа не скршивме, со прстот сал, буквите од името ти ги впишав.

(препев: Зоран Анчевски)
52

ЈУЛИЈАНА ВЕЛИЧКОВСКА (писателка, преведувачка)

Објавени дела: „XX години Поетска ноќ во Велестово“ (2009), „Комарци“ (2010), „Годишни времиња“ (2014)

МАРАМ АЛ-МАСРИ (Франција)

Атифе

Мајка: почината

Татко: Сафар Али Возраст: 16

Земја: Иран Занимање: Смртта не ѝ дозволила

да работи

Дали е злочин ако моите стапала се среќни додека ја допираат сушноста на Земјата кога танцувам?

Дали е злочин, да си ги разголам рамениците, да си ја пуштам косата слободно да се вее?

Дали е злочин да ставам боја на моите усни, за да кажам дека имам уста?

Дали е злочин што сум девојка како и сите други девојки во светот,

53

Дека имам тело, дека спијам, дека пеам, дека пишувам, дека копнеам, дека љубам?

Дали е злочин да се живее во земја каде слободата

е обесена за врат?

(препев: Јулијана Величковска)

ВИЛИЈАМ ВОЛ (Ирска)

Револуцијата ќе дојде

но не и овде

глави ќе се тркалаат

но не на моја одговорност

и ќе има врева

и ќе има плач

и ќе има подобар свет

и секој ќе знае

дека копилињата си го добија

дури и ако дојдат нови копилиња

тие ќе бидат наши нови копилиња

а не старите копилиња што ги држеа своите чизми врз нашите грла и се смееја и се смееја

и воздухот ќе биде почист

и низ канализацијата ќе тече црвена крв толку многу што морето ќе се затемни

целиот остров опкружен

54

со бојата на зајдисонцето

на пат кон животот што и така не беше наш и над сè

ќе има пеење пронаоѓање на сосема поинакви начини да се биде заедно и одвоено

и нови начини на помнење но не и овде

(препев: Јулијана Величкoвска)

55

КАЛИНА МАЛЕСКА (писателка, преведувачка)

Објавени дела: „Недоразбирања“ (1998), „Бруно и боите“ (2006), „Именување на инсектот“ (2008), „Случка меѓу настани“ (2010), „Призраци со срмени нишки“ (2014), „Мојот непријател Итар Пејо“ (2016)

Преводи: „Remnants of a Sky“ – Владо Малески (2010), „Тристрам Шенди“ (том 1 и 2) – Лоренс Стерн (2012, 2013), „Сестрите Макиока“ – Џуничиро Танизаки (2013), „Љубовните самоубиства кај Сонезаки. Битките на Кошинга. Искоренетиот бор. Љубовните самоубиства кај Амиџима“ – Чикамацу Монзаемон (2014), „Собрани раскази“– Амброуз Бирс (2014)

АНА ЛЕТИЦИЈА БАРБО (Велика Британија)

Глувчешка петиција1

Чуј, ти, молитва на пленик мал, за слобода крик;

срце нек’ бие за створот клет што испушта вик!

Напуштен и тажен седам јас, зад решетки сам; Треперам болно в злокобен час судбата ја знам.

Ако в гради слобода носиш и ропство мразиш,

1 Песната му е упатена на теологот и научник Џозеф Присли. Според легендата, кога ја прочитал песната од Барбо, Присли го пуштил глушецот врз кој вршел експерименти.

56

пушти го глувчето од пранги, слободно да гази!

О, в крв немој да си го свалкаш срцето златно!

Оти нема радост од таква победа матна.

Оброк ми се од гозба трошки

фрлени штури;

Ако твојто срце безмилосно

ми земе дури –

и воздух и светлина мила

со својата моќ;

за едно суштество ситно ќе дојде вечна ноќ.

Ако в умот можеш да најдеш

милост кон сите;

тогаш сочувствително, чесно ти минат дните.

Ако – ко што учат мудреци –умот е оган, и од форма на форма мине а ист е, тогаш

Внимавај црвот што го згазиш, братска душа има; битие слично како тебе удар ќе прими.

Ако животов минлив е сè што ни е дадено, милост во твоите гради нек’ биде всадена.

57

Куќата полна со мир нека везден ти биде; а срцето нежно кон глувчето мало што го виде.

Оти штом закана за луѓе и глувци стигне, некоја друга милост ќе треба стапица да дигне.

(препев: Калина Малеска)

ВИЛФРЕД ОВЕН (Велика Британија)

Dulce et Decorum Est2

Згрбавени, ко просјаци стари парталави, опаднати, снеможени, колнеме низ калта, зад грб ни фрчат сенишни рафали, и бавно кон починка се влечеме со исцедени сили. Војниците лидаат. Многумина без чизми, куцаат, со крв засирена. Ранети, слепи; истоштени до смрт; глуви дури и за звукот на бомбите што фучат непрестајно зад нив. Гас! Гас! Брзо! – Од уплав безглаво ги ставаме неспретните гас-маски во последниот миг, но некој пушта вресок и наземи треснува

2 Овен, кој учествувал – и загинал – во Првата светска војна, во оваа песна ги опишува своите искуства од фронтот. Според фуснотата од Нортоновата антологија на англиската литература, том 2 (New York: Norton, 1993): Насловот се состои од првиот дел од латинскиот израз: Dulce et decorum est pro patria mori, односно: Убаво и соодветно e да се умре за татковината (од Хорациј, Оди 3.2.13).

58

се препелка ко жив да гори во пламен ил’ жар. –Мрачно низ матно стакло и в густиот зелен чад, небаре в зелено море го гледам кај тоне.

Во сите мои сништа пред немоќниве очи кон мене се фрла, тоне, се гуши, се дави.

Ах, да можеш да видиш низ кошмар некој како

е зад запрежната кола каде го ставивме, како очите му се превртуваат од бол, дур’ глава му виси, на ѓавол да му се слоши; да можеш да ја слушнеш, при секој ѕвекот, крвта како му гргнува од устата полна пена, звук грозоморен, глетка страшна, горка ко пелин врз загноени рани на невини јазици –пријателке3, не би ја изговорила толку лесно

пред деца желни за некаква голема слава старата лага: Ducle et decorum est Pro patria mori.

(препев: Калина Малеска)

3 Според фуснотата од Нортоновата антологија на англиската литература, ова се однесува на Џеси Поуп, авторка на патриотски песни од времето на Првата светска војна, во кои ја слави и ја романтизира војната и ги поттикнува мажите да се борат во неа.

59

ЛИДИЈА ДИМКОВСКА (писателка, преведувачка)

Објавени дела: „Огнот на буквите“ (1994), „Изгризани нокти“ (1998), „Нобел против Нобел“ (2001), „Скриена камера“ (2004), „Идеална тежина“ (2008), „pH неутрална за животот и смртта“ (2009), „Резервен живот“ (2012), „Црно на бело“ (2016), „НоУи“ (2016), „Отаде Л. Американски дневник“ (2017)

Преводи: „Небесни птици“ – Василе Андру (2001), „Зборува жената“ – Јуриј Худолин (2002), „Архангел во саги“ – Ана Бландијана (2004), „Баналии“ – Бране Мозетич (2004), „Законот на желбата“ – Андреј Блатник (2005), „Суд(бин)ско толкување“ – Алеш Мустар (2007), „Шуми, икони“ – Примож Репар (2007), „Глаголи на сонцето“ – Томаж Шаламун (2008), „Тивко се ниша часовникот“ – Драго Јанчар (2009), „Разбираш, нели?“

– Андреј Блатник (2013), „Имагинарни случки од букурешките улици“ – Константин Абалуца (2013), „Сѐ уште сум млада“ –Дениса Дуран (2016), „За човекот кој го изгубил убедувањето“

– Иван Цанкар (2017)

МАРИНА ЦВЕТАЕВА (Русија) ***

Андре Шение на губилиште на смртта ѝ се јави, А јас живеам – и в страшен грев ми минат дните. Постојат времиња – железни – за сите И не е поет тој при мирис на барут што слави.

И не е татко тој што брза да му го земе Пред битка на синот оклопот боен со рев.

60

Постојат времиња во кои сонцето е – смртен грев.

Не е човек тој што живее во ова време.

4 април 1918 год.

(препев: Ефтим Клетников)

СТЕФАН ИВАНОВ (Бугарија)

зборови напишани врз ливчиња во

библиотеката од 22-ца бегалци4

сакам да сум слободен

каде и да сум

да не сум окован во лисиците

на простотилакот на незнаењето

да нема црн облак во синото небо

да се појавува цвет од чадот на цигарата

надежта да не биде предавник

смртта да не ја надживува љубовта

несреќа да ја снајде омразата

татко ми да не биде в затвор

да не се римуваат иднината и загубата

и утре моето семејство

да биде што подалеку од лагата

да биде покрај мене

среќата да добие таков статус

и да биде ништо пред тоа што ќе зрее во зеницата на срцето

тогаш

(препев: Зоран Јакимоски)

4 Песна создадена единствено од зборовите што бегалците и лицата што имаат потреба од заштита ги напишаа во библиотеката врз ливчињата добиени на влезот.

61

ЛИЛЈАНА ПЕЦОВА-ИЛИЕСКА (поетеса, теоретичарка)

Објавени дела: „Ликот на змејот во македонската народна поезија“ (2005), „Ликовите во романот Последниот лет на птицата селица од Бранко Варошлија – метафори или типизирани конструкти?“ (2006), „Дефанзивен грч на самоидентитети во една постмодернистичка конструкција – романот на Драги Михајловски Смртта на дијакот“ (2007), „Вивисекција на македонската народна приказна“ (2017)

ХЕНРИК ИБСЕН (Норвешка)

За преживеаните

Дури сега јунакот го воспеваат, кога во ковчег мртовечки го креваат.

Тој факел за татковината разгоре, со него го жигосавте в чело горе.

Тој ве научи со сабја да се борите, вие сабјата в срце му ја заривте.

Тој тролови сотре во битки херојски, го соборивте сред предавнички војски.

Но неговите победи сјајни ги цените како свои знајни.

Нека сјаат, за мртвите да најдат спокој и слава врз неговата со трње крунисана глава.

(препев: Зорица Петкоска)

62

ДАНИЛО КИШ (Србија)

Совети до младиот писател

Негувај го сомнежот кон владејачките идеологии и принцови. Држи се подалеку од принцовите. Внимавај говорот да не си го загадиш со јазикот на идеологиите.

Верувај дека си помоќен од генералите, но не срамнувај се со нив. Не верувај дека си понемоќен од генералите, но не срамнувај се со нив.

Не верувај во утописките проекти, освен во оние што сам ги создаваш.

Биди подеднакво горд кон принцовите и кон толпата.

Имај чиста совест во однос на привилегиите што твојот писателски занает ти ги носи.

Проклетството на својот избор не смешувај го со класната опресија.

Не биди обземен со историското итање и не верувај во метафората за возовите на историјата.

Не качувај се, според тоа, во „возовите на историјата“, оти тоа е само глупава метафора.

Секогаш имај ја на ум мислава: „Кој ќе ја погоди целта, сè промашува.“

Не пишувај репортажи од земјите во кои си престојувал како турист; воопшто не пишувај репортажи, ти не си новинар.

Не верувај во статистики, во цифри, во јавни изјави: стварноста е она што не може да се види со голо око.

Не посетувај ги фабриките, колхозите, работилиштата:

напредокот е она што не се гледа со голо око.

Не се занимавај со економија, социологија, психоанализа.

Не биди следбеник на источните философии, зен-будизмот итн.; ти имаш попаметна работа.

63

Биди свесен за фактот дека фантазијата е сестра на лагата и, според тоа, опасна.

Не здружувај се со никого: писателот е сам.

Не верувај им на оние што велат дека ова е најпоганиот од сите светови.

Не верувај им на пророците, оти ти си пророк.

Не биди пророк, оти сомнежот е твое оружје.

Имај мирна совест: принцовите не те засегаат, оти ти си принц.

Имај мирна совест: рударите не те засегаат, оти ти си рудар.

Знај дека она што не си го кажал во весниците не пропаднало засекогаш: тоа е тресет.

Не пишувај според порачката на денот.

Не обложувај се на мигот, оти ќе се каеш.

Не обложувај се ни на вечноста, оти ќе се каеш.

Биди незадоволен од својата судбина, оти само будалите се задоволни.

Не биди незадоволен од својата судбина, оти ти си избраникот.

Не барај морално оправдување за оние што издале.

Чувај се од „ужасувачката доследност“.

Чувај се од лажните аналогии.

Поверувај им на оние што скапо ја плаќаат својата недоследност.

Не верувај им на оние што својата недоследност скапо ја наплаќаат.

Не застапувај го релативизмот на сите вредности: постои хиерархија на вредностите.

Наградите што ти ги доделуваат принцовите примај ги со рамнодушност, но не прави ништо за да ги заслужиш.

Верувај дека јазикот на којшто пишуваш е најдобар од сите јазици, оти ти друг не поседуваш.

Верувај дека јазикот на којшто пишуваш е најлош од сите, макар што не би го заменил за ниеден друг.

„Така, бидејќи си млак, и не жежок, ниту студен, ќе те изблујам од устата Своја.“ (Откровение Јов., 3, 16)

Не биди сервилен, оти принцовите ќе те земат за вратар.

Не биди суетен, оти ќе наликуваш на принцовите вратари.

Не дозволувај да те уверат дека твоето пишување е општествено неполезно.

64

Не мисли дека твоето пишување е „општествено полезна работа“. Не мисли дека и ти самиот си полезен член на општеството.

Не дозволувај да те уверат дека поради тоа ти си општествен паразит.

Верувај дека твојот сонет е повреден од говорите на

политичарите и принцовите.

Знај дека твојот сонет не значи ништо наспроти реториката на политичарите и принцовите.

Имај за сè свое мислење.

Не искажувај го своето мислење за сè.

Тебе зборовите најмалку те чинат.

Твоите зборови се најдрагоцени.

Не настапувај во име на својата нација, оти кој си ти за да бидеш нечиј претставник, ако не свој.

Не биди во опозиција, оти ти не си наспроти, ти си долу.

Не биди со власта или принцовите, оти ти си над нив.

Бори се против општествените неправди, не правејќи од тоа програма.

Не дозволувај борбата против општествените неправди да те скршне од твојот пат.

Запознај ја мислата на другите, потем отфрли ја.

Не создавај политичка програма, не создавај никаква програма:

ти создаваш од магмата и хаосот на светот.

Чувај се од оние што ти нудат конечно решение.

Не биди писател на малцинствата.

Штом некоја заедница ќе почне да те присвојува, преиспитај се.

Не пишувај за „просечниот читател“: сите читатели се просечни.

Не пишувај за елитата, елита не постои; елитата си ти.

Не мисли за смртта, и не заборавај дека си смртен.

Не верувај во бесмртноста на писателот, тоа се професорски глупости.

Не биди трагично сериозен, оти тоа е комично.

Не биди комедијант, оти болјарите се свикнати да бидат забавувани.

Не биди дворски шут.

Не мисли дека писателите се „совеста на човештвото“: веќе имаш видено толку многу гадови.

Не дозволувај да те уверат дека си никој и ништо: веќе имаш видено дека болјарите се плашат од поетите.

65

Не чекори кон смртта за каква и да е идеја, и не поттикнувај никого на гибел.

Не биди кукавица, и презирај ги кукавиците.

Не заборавај дека херојството бара голема цена.

Не пишувај за празници и јубилеи.

Не пишувај пофалници, оти ќе се каеш.

Не пишувај посмртна реч за народните великани, оти ќе се каеш.

Ако не можеш да ја кажеш вистината – молчи.

Чувај се од полувистините.

При општо славје, нема причина и ти да земеш учество.

Не врши им услуги на принцовите и болјарите.

Не барај услуги од принцовите и болјарите.

Не биди толерантен од учтивост.

Не истерувај ја правдата низ иглени уши: „не се расправај со будалиот“.

Не дозволувај да те уверат дека сите сме подеднакво прави, и дека за вкусовите не треба да се расправа.

„Кога двајцата соговорници грешат, тоа сè уште не значи дека имаат право.“ (Попер)

„Да се дозволи другите да имаат право не нè заштитува од една друга опасност: да поверуваме дека можеби сите имаат право.“ (Idem)

Не расправај се со игнорантите за нештата што првпат ќе ги чујат од тебе.

Немај мисија.

Чувај се од оние што имаат мисија.

Не верувај во „научно мислење“.

Не верувај во интуиција.

Чувај се од цинизмот, па и од сопствениот.

Избегнувај ги идеолошките општи места и цитати. Имај храброст песната на Арагон во слава на Гепеу да ја наречеш бесчестие.

Не барај олеснителни околности за тоа.

Не дозволувај да те уверат дека во полемиката Сартр-Ками обајцата имале право.

66

Не верувај во автоматското пишување и „свесната нејасност“ –ти тежиш кон јасноста.

Отфрлувај ги книжевните школи што ти ги наметнуваат.

При спомнувањето на „социјалистичкиот реализам“ го напушташ секој понатамошен разговор.

На тема „ангажирана книжевност“ молчиш како риба: ги препушташ нештата на професорите.

Оној што ги споредува концентрационите логори со Санте го пушташ да се прошета.

Оној што тврди дека Колима е поинаква од Аушвиц го праќаш по ѓаволите.

Оној што тврди дека во Аушвиц истребувале само вошки, а не луѓе – истата постапка како горенаведената.

Segul il carro e lascia dir le genti. (Данте)

(препев: Никола Маџиров)

67

МАГДАЛЕНА ДЕЛКОВА (поетеса)

Објавени дела: „За тебе, љубов моја“ (коавторство, 2009)

АРТУР РЕМБО (Франција)

Што се за нас, срце...

Што се за нас, срце, тие пластови од крвје и жарје, тие убиства и збесната врева, тој липот на пеколот против редот врвен, тој северен ветар што врџ останки се крева,

и таа одмазда? Ништо!... Но да – ако сепак ја сакаме. Смрт за кнезот и за сите газди!

Долу минато, правда, врз моќ што се крепат!

Сакаме крв, пожар што врз палатите јазди!

На војната, духу, треба сиот да се ветиш!

Да гриземе! Републики, нема да ви простам!

Императори, народи, бојни регименти, робовладетели – бесно ви довикувам: Доста!

Кој ќе ги заврти витлите на пламот ако не ние и оние што браќа се наши?

Напред, пријатели, нека радоста нè вџаси!

Не, нема да работиме, ќе палиме само!

Европо, Азијо, Америко – за вас крај е!

Налетот наш – о, полиња, о, градови мудри –ве столчил! Одмазда! – Но пред нас бездна зјае!

Ќе избувнат вулканите! И Океанот ќе удри...

68

Браќа се тоа, срце, што секаде ги барав!

Црни незнајници, дружно в јуриш жесток! Но еве несреќа! Треперам, а земјата стара врз мене, врз братот ваш, се руши со трескот!

Нејсе! И натаму останувам на истово место.

(препев: Влада Урошевиќ)

АЦО КАРАМАНОВ (Македонија)

И можеби ти ќе дојдеш тогаш

И можеби ти ќе дојдеш тогаш

за последен пат на морскиот срт

немоќен и студен каде спијам прераната да ја колнеш смрт.

А моите усни насмевнати ќе бидат и душата уште ќе живее велам а очите верувај сами ќе видат и пак со тебе сѐ ќе делам.

Ќе бидам буден тогаш верувај

дури ќе излезам од темниот гроб повторно да ја запеам моќната песна на црниот и побунетиот роб.

Од моите очи ќе капат капки дожд

земјата да ја напојат родна

та и мртов ќе мислам на тебе и неа ти среќна да бидеш, таа плодна.

69

МАРИЈА ГРУБОР (писателка)

Објавени дела: „Ликвид“ (2009), „Водата нешто носи“ (2015)

МАГДА ШАРАЦ (Македонија)

За слободарцките работи

како што веќе ви спомнав еднаш одамна, јас сум малечка и сакам да прашувам!

[бидејќи малку разбирам?]

но, истовремено, имам и една многу детинеста, тајна интелектуална фантазија.

имено, многу обожавам кога зборот „слобода“

се наоѓа запечатен, врело како бакнеж или тазе потковица, на усните на моделите на рекламите, во тефтерите на политичарите, во ајфоните на омладине, во ајпедите на двогодишниците, во писанијата на дежурните медиумски третосменци, во лудачкиот сјај во очите на Трампови, во рефрените на ексгрејнџерите, во психоделичните дискурси на трансерите, во сериските кодови на дроновите, во телата на ќерките на нафташите, во малограѓанските кокошарници, во скорпискиот отров некритично излеан на социјалните медиуми, во телевизиските јавувања од страна на средовечни мажи

70

кои еднаш, таму некаде, ја прочитаа „50 Shades of Gray“

кога нивните сопруги голтаат мартинија

со капки солна киселина.

исто, многу ми е симпатично кога „Слобода!“

е врежан, прецизно и храбро

во тестисите на Коњот на Воинот, во религиозните книги со тврд повез и во преданијата на Хунзите.

или уште подобро:

кога блеснат како оникс

во прес-конференциите на терористите, мислам револуционерите, овај де фанатиците,

сакав да кажам оние пер со пушкине, или

во милосрдието на фашистите, Газдите или мекотелите, суперхероите, таблоидите

и наравно

во советите добиени од енергетските вампири

во малиот космос наречен The Land of The Sun.

или

начкрабан со креон на излупените ѕидови на робијашките ќелии, можеби и насликан на голите, одлични, мошне силиконски гради на активистка со идентитетска криза, ретка пулмонарна болест, и 4-годишен gender non-binary внук

71

додека протестира ЗА основното право за добивање на услугата педикир за вообичаено дискриминираните

кученца со три нозе.

(патем, зошто толку ретко зборуваме за абортусите?)

впрочем (колку секси збор, нели?).

јас просто се возбудувам додека наслушнувам додека магичниот, шармантниот, сексапилниот, недофатливиот, арогантниот, пребогатиот, ужасниот,

ограничувачкиот, манипулативниот, бирократскиот, патетичниот, интимниот, шизичкиот, ризичниот и мошне, мошне змајски збор: СЛОБОДА доаѓа,

така знаете милозвучно и суптилно како слонски тропот по Земјава намачена, како несмасни Сизифовски камења што се тркалаат од Св. Пантеле кон нихилистот Вардар, од површината на неокортексот на некои платени мегафони, од глувците што живеат во канализацијата врз која пишува „Коце Металец“ (!)

на двеста метра од еден јагленосан натпис колективно студио МАТЕКС

просто: хууух! еве, се насолзувам од среќа кога го чувствувам како вибрира, од поетичните грла на самопрокламираните пророци, исцелители, водачи, анархисти, бајачки, хеликоптер-мајки, а исто така и од бебиња со „Че Гевара“ маички (ќе ти ја купам, Б.), или од мастилавите чакри на „ранети елени“ (прашај ме другпат) и „несфатени уметници“ (...)

72

дури и затреперувам како пролетен лист во есен, само тогаш кога

њу-ејџ, хипи-консумеристи и Stradivarius-raised млади зелки

ми го говорат, нежно, уз контрабас, на увце: Слобода! Појако! Ох, Слобода!

притоа куцкајќи на компјутерчиња

во коцкички

во зградички

во гратчиња

во ДНК-та на своите

идни деца, мрморејќи spell-ои врз коските на предците што загинаа

со срце вперено кон небо

во партизаните.

но има едно нешто, едно посебно, толку валкано, злокобно перверзно нешто,

што мене ме пали повеќе од сѐ друго...

:кога Господарот

на својот Роб

токму во секундата пред да фрсне камшикот

како невоспитана молња сред анксиозна луња ќе му рече:

Јас

Те Жртвувам Во име На Слободата.

73

МАРКО ТОМАШ (Босна и Херцеговина, Хрватска)

Мојот народ

Мојот народ е растурен по градови.

Моите луѓе се будат во Сајгон и Манагва.

Пијат во загрепските кафеани и на сплитските ѕитчиња.

Одлепуваат со спид во сараевските ноќи.

Возат деца во школо по виенските улици.

Халуцинираат под берлинското небо.

Брзаат на работа во Париз.

Свират бенџо во единбуршките пабови.

Вежбаат јога во Сомбор.

Мочаат во белградските ходници.

Се сакаат на Босфор.

Кажуваат мрсни вицеви по мостарските дворови.

Мијат садови во копенхашките ресторани.

Бараат сончево место во Осло.

Бездомни сирачиња, Дикенсови момчиња и девојчиња.

Мои луѓе, велам.

(препев: Калина Буневска Исаковска)

74

МАРИЈА САРЕВСКА-ТОДОРОВСКА (преведувачка, новинарка)

Објавени дела: „Чудесна Македонија“ (2012)

Преводи: „Маската на црвената смрт“ – Е. А. По (2003), „Тешка задача“ – Педро Заралуки (2006), „Наследена загуба“ – Киран Десаи (2006), „Собирач на Светови“ – Илија Тројанов (2012), „Синови и љубовници“ – Д. Х. Лоренс (2012), „Босанците го трчаат почесниот круг“ – Иванчица Ѓериќ (2012), „Слепило“ – Жозе Сарамаго (2013), „Подметки за соништа“ – Владислав Бајац (2013), „Краток водич за долг живот“ – Дејвид Б. Агус (2014), „Бродоградилиште“ – Хуан Карлос Онети (2014), „Книга на спомени“ – Ана Марија Шуа (2014), „Темната соба“ – Исак Роса (2015), „Небото е повторно тука“ – Клара Санчез (2016), „Во вортексот на остварените желби“ – Ана Бучевиќ (2017)

ТОМАС ТРАНСТРОМЕР (Шведска)

Алегро

Го свирам Хајдн по еден црн ден

и чувствувам едноставна топлина во рацете.

Тангентите сакаат. Меки чекани удираат. Звукот е зелен, жив и смирен.

Звукот вели дека има слобода

и дека некој не му плаќа данок на царот.

Ги пикам рацете во моите хајдн-џебови

и имитирам некој што смирено го гледа светот.

75

Го кревам хајдн-знамето – тоа значи: „Не се предаваме. Но сакаме мир.“

Музиката е стаклена куќа на падината кај што камењата летаат, се тркалаат.

А камењата се тркалаат попреку низ сѐ но секое стакло останува цело.

(препев: Миодраг Станковски)

Светот е шоу (на Делчев)

АЛЕКСАНДАР РУСЈАКОВ (Македонија)

Светот е детско игралиште Минско поле за да си играат невините Детска игра, куц-камен Креда исцртана врз асфалтот на смртта Скокај, дете, на една нога до пеколот

Светот е роденденска забава

И проектилите за масовно уништување И ракетите со дострел до твоите соништа Се шарени свеќички врз тортата на смртта Огномет за крајот на животот

А кловновите на ужасот

Под маските со хистерична смеа Ги затвораат за тебе подароците на постоењето

Светот е свадба Ѓаволот се жени со воените профитери

Бескрајно оро за лажни миротворци

76

Сценаристи на постојаната апокалипса И ороводците ја силуваат невестата И бајонетот ја кине невиноста

А крвта на чаршафот и последната воздишка Се воени трофеи од крвавата веселба

Светот е шоу Маркетинг-кампања за дум-дум и напалм Пријателскиот оган е одобрен од експертите

Колатералната штета е препорачана од докторите Дебатна емисија Во која секогаш се согласуваат

Религиските фанатици, силувачите на верата И модерните научници, џелатите на уката

Убиј го различниот од себе

Вирус за послабиот од тебе

А шоуто мора да продолжи

Додека има осиромашен ураниум во камерите

Светот е рајска градина

Во која цвеќињата на животот

Ги полеваат господарите на смртта

77

МАРИЈАНА ЈАНЧЕСКА (есеистка)

Објавени дела: „Медитеранот во драмите: Недоразбирање од Албер Ками, Парите се отепувачка од Ристо Крле и Чест од Васил Иљоски“ (2010), „(Де)мотивацијата на младите за политичка партиципација преку социјалните мрежи“ (2013)

ТОМАЖ ШАЛАМУН (Словенија)

Моето племе не ја слуша веќе слободата.

Не ја препознава, не ја гледа

кога го допира.

Моето племе мисли

дека забавеното

убивање

на телата и душите

е природно.

Само понекогаш

кога во него за миг

продира нешто

слично на озон,

78

на детство, си го брише челото испотено,

го истресува од себе овој кошмар, овие окови, се врти настрана и заспива.

(препев: Лидија Димковска) ЛИДИЈА ДИМКОВСКА (Македонија)

Слобода

Слободата во лифтот на светот секогаш притиска погрешно копче П: наместо на приземје излегува во подрумот, а таму пред лифтот стојат маскирани крадци кои ѝ удираат клоци и шлаканици, или исклештени манијаци со спуштени панталони, или обезбедувачи што ја штипкаат за задникот кога нагло се врти кон лифтот

што цимолејќи веќе се искачува угоре, и потоа сите ја грабаат за градите, ја влечат за нозете, а таа се отима, и помодрена се довлечкува по скали до приземјето, а таму стојат деца со училишни чанти и го чекаат лифтот од најгорниот кат.

79

„Види ја каква е!“, си шепкаат, потрчуваат по скалите дома и се заклучуваат, страв им е од слободата

да не нагрне врз нивната врата,

да не се испружи пред нивниот праг, да не им побара вода, леб или постела.

А не знаат дека слободата што ја имаат во животот

се мери со преостанатите шолји од сервисот за чај во еврејските музеи низ светот, не знаат дека морињата исфрлаат и луѓе, не само школки, не знаат дека џелатот станува жртва кога ја обезглавува, а жртвата станува џелат кога ја заборава, не знаат дека металот на чеканот е отсекогаш лабав

и паѓа пред да мавне, директно врз прстите, не знаат дека тоа е таа иста слобода за која учат на часовите по историја, а лесно ја удира воз на ближната пруга, не знаат дека слободата што ја имаат во животот

е бела површина над црна длабочина, исто како мев на трудница од кој и тие се родени, но некои дури во смртта ќе станат и слободни

80

МИЛЧО МАНЧЕВСКИ (режисер, сценарист, писател)

Објавени дела: „Духот на мајка ми“ (1997), „Слики, зборови и лаги“ (2015)

Филмографија (селектирана): „Пред дождот“ (1994), „Прашина“ (2001), „Сенки“ (2007), „Мајки“ (2010), „Четврток“ (2013), „Крајот на времето“ (2017), „Бикини мун“ (2017)

ЖАК ПРЕВЕР (Франција)

Барбара

Се сеќаваш ли Барбара

Врнеше без престан

Врз Брест тој ден

А ти одеше насмеана

Наврната зрачна маѓепсана

Под крупните капки на дождот

Сети се Барбара

Те сретив во улицата Сијам

Се смееше

И јас се смеев

Се сеќаваш ли Барбара

Не те познавав

Ниту ти мене

Се сеќаваш ли

Се сеќаваш ли на тој ден

И не го заборавај

Еден човек в некој порти

Засолнет

Го викна твоето име Барбара

81

А ти отрча кон него низ дождот

Наврната зрачна маѓепсана

И му се фрли в преграб

Се сеќаваш ли Барбара

Не се лути што ти велам ти

Оти ти му велам на секој што го сакам

Па макар само еднаш да сум го видел во животот

Оти ти му велам на секој што го сакам

Па дури и да не го познавам

Се сеќаваш ли Барбара

И никогаш не заборавај го

Тој дожд толку благ и среќен

Врз твоето среќно лице

Врз тој среќен град

Тој дожд врз морето

Врз арсеналот

Врз бродот од Цесан

Ох Барбара

Свинштина е оваа војна

И што е со тебе сега

Под дожд од железо

Оган челик и крв

А оној што те стегаше в преграб Вљубено

Дали умре го снема или е уште жив Оф Барбара

Сè уште врне врз Брест

Како што врнеше некогаш

Но не е исто оти сè е урнато

Тоа се само посмртни капки дожд

Ужасни и очајни

А не е ниту оној потоп веќе

Од железо челик и крв

Туку просто дожд од облаците

Кои ги снемува како пци

Како пци кои ги носи

82

Водената струја од Брест Да изгнијат некаде далеку Многу далеку од Брест Од кој ништо не останало

(препев: Љубиша Стојановиќ)

АЛЕН ГИНЗБЕРГ (САД)

Рикање За Карл Соломон I Ги видов најдобрите умови од мојата генерација уништени од лудило, цркнувајќи од глад хистерично голи, вклучувајќи се низ црнечки улици взори барајќи лута инјекција дрога, ангелоглави хипстери горејќи за древната небеска врска со ѕвездениот динамо во машинеријата на ноќта, кои сиромаштија и партали и пропаднати очи и до доцна затворено седење и пушење во натприродниот мрак од станови со ладна вода лебдејќи преку врвовите од градовите контемплирајќи џез, кои ги открија своите мозоци на Небото под надземни железници и видоа мухамедански ангели да се тетерават врз осветлени наемни покриви, кои поминаа низ универзитети со блескотни ладни очи халуцинирајќи за Арканзас и за Блејк-лесна трагедија меѓу учените за војната, кои беа истерани од академиите како улави и за објавување непристојни оди на прозорците од черепот, кои свиваа опаш во небричени соби по долна облека, горејќи ги парите во корпите за отпадоци и слушајќи го низ ѕидот

83

Теророт, кои беа уапсени во своите венерични бради враќајќи се низ Ларедо со појас марихуана за Њујорк, кои јадеа оган во бојосани хотели или пиеја терпентин во Рајската алеја, смрт, или ги клистираа своите торза ноќ по ноќ со соништа, со дроги, со разбудувачки мори, алкохол и патлак и бескрајни мадиња, неспоредливи ќор-сокаци од морничав облак и секавица во духот скокајќи кон половите на Канада и Патерсон, осветлувајќи го сиот неподвижен свет на Времето меѓу нив, Пејота солидарност на салите, зелено дрво од градината зад куќи гробарски мугри, пијанство од вино преку покривите, предградија со магацински фасади на чајни глави позајмено возење за забава неон семафор што трепка, сонце и месечина и вибрации на дрвјата во рикачките зимски залези на Бруклин, ѓубравници што декламираат и крилеста кралска светлост на духот, кои се заковаа себеси во метрото за бескрајно возење од Батери до светиот Бронкс со амфетамин додека вревата од тркала и деца не ги собори морничави со скршени муцки и строшени бледила од мозоци исушени од сјајот на пустошната светлина од Зоолошката градина, кои тонеа цела ноќ во подморничката светлост од локалот Бикфорд обледеа надвор и заседнаа попладне со бајато пиво во пустиот локал Фугаци слушајќи го праскотот на кобта од хидрогенскиот џубокс, кои зборуваа непрестајно седумдесет часови од паркот до прошетка до барот до Белви до музејот до мостот Бруклин, загубен баталјон на платонски дискутанти скокајќи од тремови од противпожарни скали од прозорски прагови од Емпајр Стејт од месечината, дрдо-до-дорејќи пискајќи повраќајќи и удири во очните јаболкца и шокови од болници и затвори и војни,

84

цели интелекти изждригани во целост сеќавање за седум дена, и ноќи со сјајни очи, месо за синагогата фрлено на улица, кои исчезнаа на никаде фрлено на улица, кои исчезнаа на никаде Зен Њу Џерси оставајќи трага од нејасни слики разгледници од Атлантик Сити хол, страдајќи источнички потења и тангерски вртења коски и мигрени од Кина под апстиненција од дроги во бледо мебелирана собра во Њуарк, кои скитаа околу и наоколу на полноќ по железнички станици думајќи се каде да одат, и отидоа, не оставајќи скршени срца, кои палеа цигари во херметички товарни вагони товарни вагони товарни вагони клацкајќи се низ снег кон осамени фарми во прадедовска ноќ, кои го студираа Плотин По св. Јован од крстот телепатија и бап кабала зашто космосот инстинктивно им вибрираше под нозете во Канзас, кои самуваа низ улиците на Ајдахо во потрага по визионерски индијански ангели кои беа визионерски индијански ангели, кои мислеа дека се луди само кога Балтимор светеше во натприродна екстаза, кои скокаа во лимузини со Кинезот од Оклахома на импулсот од зимскиот полноќен уличноосветлен малопаланечки дожд, кои се талкаа гладни и осамени низ Хјустон во потрага по џез секс или супа и го следеа брилијантниот Шпанец за да разговараат за Америка и Вечноста, безнадежна работа, па затоа се качија на брод за Африка, кои исчезнаа во вулканите на Мексико оставајќи ги зад себе само сенката од фармерките и лавата и пепелта од поезијата растурена во огништето Чикаго, кои се појавија одново на Западниот Брег испитувајќи го ФБИ со брада и шорцови со големи пацифистички

85

очи секс во својата мрка кожа раздавајќи неразбирливи летоци, кои ги гаснеа цигарите в раце протестирајќи против на ркотичната тутунова збрка на капитализмот, кои поделуваа суперкомунистички памфлети на плоштадот Јунион плачејќи и свлекувајќи се додека сирените на Лос Аламос не ги замолкнаа со завивање, и го замолкнаа со виење Ѕидот, а и бродот за Стејтн Ајланд завиваше исто така, кои се отепаа од плачење во белите гимнастички сали голи и растреперени пред машинеријата од други скелети, кои ги гризеа детективите за врат и цркаа од задоволство во полициските марици за никаков друг злочин освен сопствената дивозаработена педерастија и интоксинација, кои рикаа на колена во метрото и беа одвлечкани од покривот мавтајќи со гениталии и ракописи, кои допуштаа да бидат ебени в газ од светечки мотоциклисти и врескаа од радост, кои чукаа и беа чукани од тие човечки серафими, морнарите, нежности на атлантската и карипската љубов, кои тресеа мадиња наутро и навечер со ружи и на тревата од јавните паркови и гробишта растурајќи си го слободно семето на кој-годе што ќе дојде што може, кои икаа до бескрај обидувајќи се да се кикотат но завршуваа со липање зад некој оддел од турска бања кога русиот и гол ангел доаѓаше да ги прободе со меч, кои ги загубија своите момчиња миленици од трите стари кучки на судбината еднооката кучка на хетеросексуалниот долар еднооката кучка што намигнува од утробата и еднооката кучка што не прави ништо туку си седи на газот и ги сечка интелектуалните златни конци од разбојот на мајсторот, кои се пареа екстатично и ненаситно со шише пиво љубовница пакло цигари свеќа и паѓаа од кревет, и продолжуваа

на подот и долж ходникот и завршуваа припаѓајќи на

86

ѕидот со визија на една конечна путка и свршуваа избегнувајќи го и последниот степен свесност, кои ги засладија киднапирањата на милион девојки трепетни на зајдисонце и беа со вцрвенети очи наутро готови да го засладат киднапирањето на изгрејсонцето, со образите од задниците што севаат под амбари и голи во езеро, кои заминаа курвајќи се низ Колорадо во милијарди украдени ноќни коли, Н. Ц., таен херој на овие песни, ебач и Адонис од Денвер – радост од споменот на неговите

безбројни лежења со девојки во пусти сврталишта и

дворови од ресторани, на разнишани редови од киносали, на планински врвови во пештери или со испиени келнерки во познати крајпатја осамени кревања комбинезони и посебно солипсизми во бензинскопумпни нужници, а и во сокаците од домаш ниот град, кои се губеа во огромни валкани филмови, се прешалтуваа насоне, се будеа во некој ненадеен Менхетен и се поткреваа до сутеренски мамурлаци со бездушен Токај и ужаси од Третата авенија железни соништа и се спрепнуваа од бироата за вработување, кои чекореа цела ноќ со чевли полни крв соспи снег на доковите чекајќи некоја врата од Ист Ривер да се отвори во одаја полна топли испаренија и опиум, кои создадоа големи самоубиствени драми во апартманите спилести брегови на Хадзон под за време војната сина поплава од месечина и главите ќе им бидат крунисани со лавор во заборав, кои ја јадеа јагнешката чорба на имагинацијата или го преживеаја ракот од калното дно на реките во Бауери, кои плачеа на романсата од улиците туркајќи колички пол ни кромид и лоша музика, кои седеа во грамофони дишејќи во мракот под мостот, и се кренаа да изградат клавичембала во своите мансарди, кои кашлаа на петтиот кат во Харлем крунисан со пламен

87

под туберкулозното небо опкружено со портокалови амбалажни сандаци на теологијата, кои чкртаа цела ноќ лулајќи и тркалајќи се преку возвишени напеви што на жолтото утро беа строфи неразбирливо брборење, кои вареа згниени животни дроб срце папци опашки боршч и тортили сонувајќи за чистото зеленчуково кралство, кои се нуркаа под камиони за месо во потрага по јајце, кои ги фрлаа рачните часовници од покрив за да го фрлат своето гласачко ливче за Вечност вон Времето и будилниците за следната деценија им паѓаа секојдневно врз главите, кои си ги сечеа вените трипати едноподруго бездруго, креваа раце и беа принудени да отворат антикварници во кои

мислеа дека стареат па плачеа, кои беа живи изгорени во своите фланелни костуми на Медисон авењу среде експлозии од оловни стихови и пијана бучава од железните полкови на модата и нитроглицерински вресоци на рекламните самовили и синапово плампање на подлите интелигентни издавачи, или пак беа прегазени од пијаните такси-коли на Апсолутната Реалност, кои скокаа од мостот Бруклин ова навистина се случи и отшетаа незнајни и заборавени во сеништа замелушеност од Чајнатаун супа сокаци и против пожарни коли, без ни едно муфте пиво, кои пееја од своите прозорци во очај, испаѓаа од прозорците на подземната железница, скокаа во гнасниот Пасаик, се нафрлаа на црнци, плачеа низ цела улица, танцуваа на скршени вински чаши босоноги кршеа грамофонски плочи носталгичен европски германски џез од 1930тите го свршија вискито и повратија олцкајќи во крвавиот тоалет, стенкање во нивните уши и млаз од колосални парни писоци, кои се тркалаа како буриња по автопатот на минатото патувајќи до заемни стариколи-Голготи осамено

88

затворско бдеење или бирнигамска џез инкарнација, кои возеа кросконтри седумдесет и два часа за да пронајдат дали јас имав визија дали ти имаше визија дали тој имаше визија за да ја пронајдат Вечноста, кои патуваа до Денвер, кои умреа во Дневер, кои се вратија во Денвер и чекаа попусто, кои бдееја над Денвер и мозгаа и самуваа во Денвер и конечно заминаа да видат кое Време е, и сега Денвер самува за своите херои, кои коленичеа во безнадежни катедрали молејќи се за

заеднички спас и светлина и гради, сè додека душата

не го осветли за секунда своето влакно, кои го загубија разумот в затвор очекувајќи невозможни

злосторници со златни глави и со шарм на реалноста во своите срца кои пееја слатки блузови за Алкатраз, кои се повлекоа во Мексико за да се оддадат на некој навик, или во Стеновитите Планини на нежниот Буда или во Тангерна момчиња или во железницата Јужен Пацифик на црната локомотива или во Харвард на Нарцис на Вудлон на верига боливачи или в гроб, кои бараа судење на менталното здравје обвинувајќи го радиото за хипнотизам и беа оставени во сопственото лудило и во сопствените раце и пред неодлучна порота, кои фрлаа со компир-салати на предавачите за дадаизмот

њујоршкиот колеџ и веднаш потем се претставија на гранитните скали од лудницата со избричени глави и харлекинска реч за самоубиството, барајќи моментна лоботомија, и на кои место тоа им беше дадена конкретната празнина од инсулин метразол електрицитет хидтротерапија психотерапија терапија за разни занимања пинг-понг и амнезија, кои во безхуморен протест превртеа само една симболична пинг-понг маса, одморајќи се на кратко во кататонија, враќајќи се години подоцна навистина ќелави со исклучок на една перика од крв, и солзи и прсти, кон согледливата коб на лудакот во болничките притвори од лудите градови на Исток,

89
од

во смрдливите сали на Ходочасната Држава Рокланд и на Грејстоун, карајќи се бескрајно со ехото во душата, лулајќи и тркалајќи се на полноќните самотни клупи долменски кралства на љубовта, сон за животот и ноќна мора, тела претворени во камен тежок како

месечината, со мајка конечно изе... и со последната фантастична книга фрлена од прозорецот под наем, и со последната врата затворена во 4 наутро и со последниот телефон

искршен од ѕидот како одговор и со последната мебелирана соба испразнета до последното парче ментален мебел, со жолтата хартиена ружа свиткана

на закачалка од жица во орманот, па дури и тоа измислено, со ништо друго освен ронка надежна халуцинација ах, Карл, сѐ додека ти не си на сигурност не сум сигурен ни јас, а сега ти си навистина во тоталната животинска супа на времето – и кој затоа трчаше низ смрзнати улици опседнат од ненадеен блесок за алхемијата на употребата на елипсата на каталогизирање на метриката и на авионот што вибрира, кој сонуваше и направи оваплотени пукнатини во Времето и Просторот низ спротивставени слики, и го улови архангелот на душата меѓу две визуелни слики и им се придружи на елементарните глаголи и ги стави еднододруго именката и тирето на свесноста скокајќи со усетот на Pater Omnipotens Aeterna Deus.

за да ги продаде синтаксата и стапката на кутрата човечка проза и да застане пред вас без збор и интелигентен и тресејќи се од срам, отфрлен па сепак исповедајќи си ја душата за да му угоди на ритамот на мислата во својата гола и бескрајна глава, лудак скитница и ангел битник во Времето, непознат, па сепак забележувајќи го овде она што може ќе остане да се каже во времето што доаѓа по смртта, и се крена оваплотен во сенишна облека џез во златнорогата сенка на оркестарот и го дувна страдањето на голиот

90

дух на Америка во еден eli eli lamma lamma sabachthani-ски саксофонски крик што ги потресе градовите до последното радио со апсолутното срце на песната на животот искасапен од нивните сопствени тела достатни да се јадат и за илјада години.

(препев: Богомил Ѓузел)

91

МИЛЧО МИСОСКИ (поет)

Објавени дела: „Чекајќи го ангелот“ (1991), „Записки“ (2013), „Изневерено време“ (2016), „Песочни капки“ (2017)

ФРАНСИС КОМБ (Франција)

Земјата не е тркалезна

Тврдам, не, не и не, Земјата не е тркалезна

Ако Земјата беше тркалезна

Тоа ќе се видеше Тоа ќе се знаеше

Ако Земјата беше тркалезна

Ќе немаше на една страна

Луѓе што се толку многу горе

И толку недопирливо високо

И луѓе исти како нив

Што се толку многу долу

Долу и подолу од долу

Изгазени во калта најдолу

Ако беше тркалезна не ќе беше така

Ако Земјата беше тркалезна

Ниедна држава

Не ќе можеше да рече

Јас сум центар на Земјата

Бидејќи сите ќе беа во центарот И сите луѓе што се распосеани

Насекаде по Земјава

92

Ќе беа сместени

Во нејзината утроба Како нејзини деца А воопшто не е така...

Земјата не е тркалезна

Тоа воопшто не е случај

Бидејќи таа се движи наопаку

Ви реков и пак ќе ви речам

Никогаш нема да се одречам од тоа Земјата воопшто не е тркалезна...

Во секој случај, сега засега...

Сѐ уште не е тркалезна...

(препев: Јордан Плевнеш)

Според една идеја на латинскиот поет Проперс На Патрисија

Земјата ќе даде плодови дури и среде зима Ледените санти ќе дојдат да ги освежат пустините Сите реки ќе се вратат на своите извори Птиците ќе пливаат по водните пространства Рибите ќе летаат под вишното небо

Ние ќе чекориме на самите врвови од дрвјата

Ѕвездите најнежно ќе ни зборуваат на уво И капитализмот ќе се откаже од профитот Врбата кога ќе роди грозје И ќе се преокупира за добродетелта на сите луѓе во светот Сето тоа ќе се случи на земјава И дури тогаш кога мојата љубов Ќе научи да попушта кога треба.

(препев: Јордан Плевнеш)

93

НИКОЛА МАЏИРОВ (поет, преведувач)

Објавени дела: „Заклучени во градот“ (1999), „Некаде никаде“ (1999), „Во градот, некаде“ (2004), „Преместен камен“ (2007)

Преводи: „Природен роман“ – Георги Господинов (2003), „И други приказни“ – Георги Господинов (2003), „Лесно ми е да бидам полоша“ – Антонија Новаковиќ (2008), „Бездната на едно отсуство“ – Марам ал Масри (2009), „Врата и збогување“

– Ли-Јанг Ли (2009), „Луѓето без иднина ги љубат луѓето без минато“ – Јехуда Амихај (2010), „Балади и распади“ – Георги Господинов (2011), „Хит депо“ – Фарук Шехиќ (2011), „Телото на нејзиното тело“ – Славенка Дракулиќ (2011), „Предмети“

– Марко Погачар (2012), „Хотел Загорје“ – Ивана Симиќ-Бодрожиќ (2012), „Нешто не е во ред?“ – Татјана Громача (2012), „Суровост“ – Ивица Пртењача (2012), „Агрегатна состојба“ –Звонко Маковиќ (2013), „Аритмија“ – Делимир Решицки (2013), „П.С.“ – Ана Ристовиќ (2016)

АДАМ ЗАГАЈЕВСКИ (Полска)

Обиди се да го опееш осакатениот свет

Обиди се да го опееш осакатениот свет.

Не заборавај ги долгите јунски денови, дивите јаготки, капките вино, росата.

Копривите што плански ги обраснуваа

напуштените домови на прогнаниците.

Мораш да го опееш осакатениот свет.

Ги набљудуваш елегантните јахти и бродови; едниот од нив го очекува долго патување, другите само солен заборав.

94

Ти виде бегалци што одеа кон никаде, слушна џелати што потпевнуваа радосно.

Должен си да го опееш осакатениот свет.

Не заборавај ги миговите кога бевте заедно

во белата соба, а завесата се нишаше.

Врати се во мислите на концертот каде избувна музика.

Есента собираше желади во паркот

додека лисјата кружеа над лузните на земјата.

Опеј го осакатениот свет

и сивиот пердув што го изгубил дроздот, и нежната светлина што скита, исчезнува и се враќа.

(препев: Н. М.)

Оставете нè

ТАДЕУШ РУЖЕВИЧ (Полска)

Заборавете на нас на нашето поколение живејте како луѓе заборавете на нас

ние им завидувавме на растенијата на камењата

на пците им завидувавме

сакам да сум стаорец ѝ велев тогаш нејзе

сакам да ме нема

да заспијам сакам

по војната да се пробудам зборуваше со склопени очи

95

заборавете на нас

не прашувајте за нашата младост оставете нè

(препев: Петре Наковски)

96

НИКОЛИНА АНДОВА-ШОПОВА (писателка)

Објавени дела: „Влезот е од другата страна“ (2013), „Поврзи ги точките“ (2014)

ХУАН ХЕЛМАН (Аргентина)

Доверби

седнува на масата и пишува „со оваа песна нема да ја заземеш власта“ вели „со овие стихови нема да ја кренеш Револуцијата“ вели „ниту со илјада стихови нема да ја кренеш Револуцијата“ вели

и освен тоа: овие стихови нема да му служат за да живеат подобро да јадат подобро аргатите учителите дрвосечачите или тој самиот да јаде живее подобро

нема да му служат да освои нечија љубов

нема да заработи пари со нив

нема да влезе во кино бесплатно со нив

нема да му дадат облека за нив

нема да добие тутун или вино за нив

ни папагали ни шалови ни чамци

ни бикови ни чадори нема да добие за нив

што се однесува на нив дождот ќе го измокри

нема да добие прошка или милост поради нив

„со оваа песна нема да ја заземеш моќта“ вели „со овие стихови нема да ја кренеш Револуцијата“ вели

97

„ниту со илјада стихови нема да ја кренеш Револуцијата“ вели седнува на маса и пишува (препев: Марија Петровска) АДАМ ЗАГАЈЕВСКИ (Полска)

Мајмуни

Еден ден мајмуните дојдоа на власт. Ставија златни прстени на прстите, облекоа бели, иштиркани кошули,

вовлекуваа чад од мирисливите хавански цигари, а стапалата ги заробија во црни лакирани чевли. Не го забележавме тоа занесени со други работи: некој го читаше Аристотел, некој друг штотуку преживуваше голема љубов. Говорите на владетелите станаа малку хаотични и дури неразбирливи, но и онака никогаш не ги слушавме внимателно, повеќе ја сакавме музиката. Војните станаа уште подиви, затворите смрдеа повеќе од порано.

Се чини дека на власт дојдоа мајмуните.

(препев: Иван Шопов)

98

СНЕЖАНА СТОЈЧЕВСКА (поетеса)

Објавени дела: „Шеќер по подот“ (2012), „Под нулата“ (2013), „Модри фантазии“ (2015), „Треба да е лесно“ (2017)

БРАНЕ МОЗЕТИЧ (Словенија)

Слушаш ли, Дејв, надвор нешто тропа.

Можеби е некој провалник. Или експлодирала бомба.

Ајде Дејв, разбуди се, можеби повторно избила војна

и пак треба да се оди в подрум. Немаш поим од сето тоа.

Колку часови и дни треба да се пробдеат во темнина.

Или е само пожар. Или соседот паднал од кревет.

Сѐ е можно. А ти спиеш и не велиш ниту збор.

Разбуди се, Дејв, да не бидам сам ако е крај на светот.

Ти, купче месо, Дејв, ти, кој веќе со сите си спиел.

Тебе ништо не може да те помрдне. Нема ни да знаеш

дека си умрел и телото ќе ти засмрди. Во подрумот

ќе биде толку одбивно што ќе морам да го исфрлам надвор, да им стане плен на побеснетите пци.

Потоа сите ноќни барови ќе бидат на сигурно од тебе.

Дејв, ништо не велиш. Ме слушаш ли, дали некогаш воопшто си ме слушал? Пак тропа.

Мислам дека не се работи за војна. Веројатно се урива

нашиот свет, на парчиња, онака, средноќ, кога сите чесни луѓе спијат како ти сега, Дејв, а јас го наслушувам шумот

и страв ми е, страв.

(препев: Лидија Димковска)

99

МИТКО АПОСТОЛОВ (Македонија)

Далеку сме од коските на револуционерите Кон Црвената песна, на Александар

Се спрема војна, а далеку сум од коските на револуционерите, од месечините во октомври, тајни се сите тајни писма, бандерите за кодирани пораки се искривени кон исток, заклучени се печатниците за хартиени летоци. Неспремен сум за затишје.

Ти порасна во шинел со петокрака – кажи ми како е. Ти немаше страв од стравот,

како е

да се расте кога расте војна.

Кажи ми каков е лебот кога супата е само бистра вода, цигарата поделена меѓу четворица, мирисот на свежо, црно, ретко, горчливо кафе кажи ми, некои од твоите ножозбори

кажи ми – ти го помина сето тоа. Еве, секое утро се спрема војна, а јас сум неспремен за барут. Затоа, кажи ми, како е веќе да не се плашиш од ништо, ниту од глад, ниту од студ, ниту од жед ниту од сон, ниту од последни родендени и црвени улици.

Далеку сме од коските на револуционерите, од месеците како октомври, кажи ми, дали е тоа крв на твоите раце или боја што нѐ дели од слободата.

СТЕФАН МАРКОВСКИ (писател, Македонија)

Објавени дела: „Еднонасочно“ (2009), „Апеирон“ (2010), „За некои спомени на онаа некогашност“ (2010), „Хиерархиска еволуција на свеста“ (2012), „Мета(де)конструкција и општа филозофија“ (2012), „Среќата е глагол“ (2013), „Продавачот на ветар и магла и други приказни“ (2015), „In Nomine“ (2016), „Сиво сјаат вселените“ (2016), „Смртта долетува насмевната“ (2017)

ВИЛИЈАМ ЕРНЕСТ ХЕНЛИ (Англија)

Invictus5

Од дно на ноќта над мене што бдее

од крај до крај, црна и морна

му благодарам на Богa, кој и да е, за душата моја непокорна.

Судбината дур’ во вилица ме зема ниту трепнав, ни да заплачам нема животот дур’ удари ми дава –крвавам, но не ќе наведнам глава.

Вон ова место од гнев и од очај

ништо друго нема освен сенка страшна годините дур’ ми претат пред очи пак ќе ме сретнат со душа бестрашна.

И зар е важно што пред тесна порта стојам, и што смртна казна обвинет слушам?

5 Неосвоив (лат.)

101

Јас сум господар на судбината своја.

Јас сум капетан на мојата душа.

(препев: Јасмина Кантарџиева) ЈАНИС РИЦОС (Грција)

Утре можеби ќе нѐ убијат

Се смееме навнатре.

Насмевката сега ја криеме.

Одметничка насмевка,

како што сега сонцето е одметнато одметната е и вистината.

Ја криеме насмевката како што ја криеме в џеб фотографијата на љубената

како што ја криеме идејата за слободата

меѓу двата листа на срцето.

Овде секој има небо и иста насмевка.

Утре можеби ќе нѐ убијат.

Утре можеби ќе нѐ убијат.

Оваа насмевка и ова небо нема да ни ги одземат.

Оваа насмевка,

Оваа насмевка, Оваа насмевка и ова небо не можат да ни ги одземат.

(препев: Стефан Марковски)
102

СОДРЖИНА

Бистрица Миркуловска: Ѕид – Алеш Штегер; Соча – Симон Грегорчич 5

Бојана Дојчиновска: Песна од највисоката кула –Артур Рембо; Денови – Кочо Рацин 9

Вера Калин: Велигден, 1916 – Вилијам Батлер Јејтс; Не биди љубезен на умирање – Дилан Томас 11

Весна Мојсова-Чепишевска: Слобода за сите –Велимир Хлебников; Синови на гладот –Кочо Рацин

15

Дарко Ангеловски: Кој ќе одговара?;

Безумна песна – Вилијам Блејк

17

Д. А. Лори: Медијаторите, миротворците – Јехуда Амихај; До еден работник – Кочо Рацин

19

Драгана Евтимова: Ги затвораш своите очи; Те сакам – Иван Добник

22

Живко Грозданоски: Балада за мајките – Пјер Паоло Пазолини; Е па остајте ме бе да си играм! – Алдо Палацески 25

Зорица Петкоска: Воен проглас за крај – Карол Ен Дафи; Лазаринка – Силвија Плат 31

Иван Џепароски: Прашање за еден работник што чита – Бертолд Брехт; Две грешки –Ханс Магнус Енценсбергер 36

103

38

Илина Јакимовска: Младите од Сидон – Манолис Анагностакис; Чистка – Петар Т. Бошковски

Искра Донева: 134. (Од Канцониерот) – Франческо

Петрарка; Тато – Силвија Плат

40

Исток Улчар: Од многу нешта те поштедија, студенооко девојче – Јосип Ости; за време на –Рина Јанкуловска

44

Јелена Лужина: Велипеток година илјада деветстотини

Јосип Коцев: Послание од господин Когито

Калина

Димковска: *** - Марина Цветаева; зборови напишани во библиотеката од 22-ца бегалци –

Лилјана Пецова-Илиеска: За преживеаните – Хенрик Ибсен; Совети до младиот писател – Данило Киш 62

Магдалена Делкова: Што се за нас, срце... – Артур Рембо; И можеби ти ќе дојдеш тогаш – Ацо Караманов 68

Марија Грубор: За слободарцките работи – Магда Шарац; Мојот народ – Марко Томаш 70

104
и деветнаесеттата
Крлежа; А бре, Македонче – Коле Чашуле 47
– Мирослав
– Збигњев Херберт; На полпат од веков – Јехуда Амихај 50 Јулијана Величковска: Атифе – Марам ал-Масри; Револуцијата ќе дојде – Вилијам Вол 53
Малеска: Глувчешка петиција – Ана Летиција Барбо; Dulce et Decorum Est – Вилфред Овен 56
Стефан
60
Лидија
Иванов

Марија Саревска-Тодоровска: Алегро – Томас Транстромер; Светот е шоу – Александар Русјаков 75

Маријана Јанческа: „Моето племе“ – Томаж Шаламун; Слобода – Лидија Димковска 78

Милчо Манчевски: Барбара – Жак Превер; Рикање – Ален Гинзберг 81

Милчо Мисоски: Земјата не е тркалезна; Според една идеја на латинскиот поет Проперс – Франсис Комб 92

Никола Маџиров: Обиди се да го опееш осакатениот свет – Адам Загајевски; Оставете нè –Тадеуш Ружевич

94

Николина Андова-Шопова: Доверба – Хуан Хелман;

Мајмуни – Адам Загајевски

97

Снежана Стојчевска: Слушаш ли, Дејв, надвор нешто тропа – Бране Мозетич; Далеку сме од коските на револуционерите – Митко Апостолов

99

Стефан Марковски: Invictus – Ернест Хенли; Утре можеби ќе нè убијат – Јанис Рицос

101

105

Издава Антолог

ул. „Ѓорѓи Пулевски“ бр. 29 лок. 1, Скопје тел. / факс (02) 3201 007 Жиро сметка 300000003674784 Комерцијална банка а.д. Скопје ЕДБ 4080014541495

CIP – Каталогизација во публикација Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, Скопје

821(4)-1(082.2)

НЕМА стих, нема мир! : антологија на нашите омилени песни: бунт / приредувач : Кристина Велевска. - Скопје : Антолог, 2017. - 106 стр. ; 20 см. - (Библиотека Бесмртни мисли ; кн. 11)

Белешки за застапените автори

ISBN 978-608-243-247-2

COBISS.MK-ID 104708618

Issuu converts static files into: digital portfolios, online yearbooks, online catalogs, digital photo albums and more. Sign up and create your flipbook.