Дај две, љубовни! (книга)

Page 1

Дај
две, љубовни!

Библиотека Бесмртни мисли книга 7 октомври 2015

© Антолог, Скопје, 2015 Сите права се задржани.

Главен и одговорен уредник Жарко Кујунџиски

Лектура Кристина Велевска

Насловна Ана Андроска

Ликовно-графичко обликување contact@antolog.mk

Печатница Графоден Тираж 500

Printed in Republic of Macedonia

CIP – Каталогизација во публикација Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, Скопје

821(4)-1082.2)

Дај две, љубовни! : антологија на нашите омилени песни од автори од Европа : љубов / концепт Жарко Кујунџиски ; реализација Кристина Велевска. - Скопје : Антолог, 2015.130 стр. ; 20 см. - (Библиотека Бесмртни мисли ; кн. 7)

ISBN 978-608-243-119-2

COBISS.MK-ID 99547914

Дај две, љубовни!

- антологија на нашите омилени песни од автори од Европа: љубов -

концепт Жарко Кујунџиски

реализација Кристина Велевска

Издава Антолог

ул. „Ѓорѓи Пулевски“ бр. 29 лок. 1, Скопје тел. / факс (02) 3201 007 Жиро сметка 300000003674784 Комерцијална банка а.д. Скопје ЕДБ 4080014541495

Уредничка белешка

OД ИДЕЈА ДО #АНТОЛОГИЈА Жарко Кујунџиски

Со цел да ги претставиме #авторите што соработувале или што во блиска иднина ќе соработуваат со издавачката куќа Антолог, дојдовме на идеја да ги прашаме, не за нивното лично творештво, туку за делата и за поетите што ги инспирираат и на кои искрено им се воодушевуваат. Не беа (пре)многу одамна школските денови, кога девојките кои ни се допаѓаа редовно ги прашувавме што музика слушаат. Се обидувавме да најдеме спојка помеѓу нивниот и својот вкус, нешто што поскоро ќе нè приближи.

На сличен начин, сакавме да им откриеме на читателите дел од личноста на авторите за да можат да си најдат свој/а „партнер/ка“ за читање пред спиење, во парк, во автобус, на плажа... А како автори ги поканивме не само поетите туку и раскажувачите, есеистите, романсиерите, преведувачите. Сите оние што зборовите ги користат креативно штом ќе седнат пред компјутер. А, бидејќи целта ни беше благородна, решивме за почеток да ја одбереме и најблагородната тема на светот. Нешто што било инспиративно уште откога постојат векот и светот. Бидејќи можеме да имитираме нечиј стил на пишување, но во #љубовта сите сме оригинални. Тука нема копирање, нема фолирање. И затоа што, ако љубов имаш, макар е во стихови, ѝ се радуваш на вистината.

Авторите требаше да одберат по две свои #омилени #песни (во стих или во проза) од кој било писател од #Европа. Последново беше услов бидејќи оваа антологија настана инспирирана од првото издание на Фестивалот на европската литература, BookStar. Останувањето на европскиот континент требаше да дава ослободувачко, а не ограничувачко чувство, затоа што на Европа природно и суштински отсекогаш сме ѝ припаѓале, а можеби најмногу во литературата. Особено што ја имавме пред себе Европа

5

во културолошка смисла. Како што, на пример, Евровизија или УЕФА ги вклучуваат подеднакво Балканот, сите земји од поранешниот Советски Сојуз, Швајцарија, Израел, Турција, Норвешка итн.

Во името на европските вредности на разноликост и на интегритет, решивме да ја упатиме поканата и до неколку странски писатели со кои комуникацијата отсекогаш сме ја воделе на пријателска основа. Тие со стопроцентна ефективност и исклучително позитивно одговорија на идејата, што на наше задоволство ја направи антологијата уште поинтернационална и покомплексна.

Некои од авторите испратија постојни препеви и нè потсетија на врвните трансфери од препејувачите-класици како Гане, Блаже, Влада, Паскал, но не е мал бројот и на оние што се решија да пробаат да направат свои верзии, додека некаде бевме принудени да нарачаме нови

препеви, од поети што досега сме ги немале на македонски јазик.

Бидејќи сите автори се #наши, повеќето во смисла на тоа што се од Македонија, а буквално сите во смисла што

нивните имиња се нашле испишани на страниците од книгите на Антолог, тие нам сите до еден подеднакво ни се драги. Затоа, ги подредивме рамноправно, односно под строго азбучен ред според почетната буква на името, за да можете полесно да ги најдете #омилените.

А, за да дознаете на кои љубовни стихови тие „паѓаат“, ќе треба само да ја свртите страницата и поетските дамари на Европа веднаш ќе се отворат пред вас.

П.С. Им благодарам уште еднаш на сите препејувачи и на 48-те домашни и странски автори што зедоа учество во овој проект, а особено на Кристина Велевска, која од една моја случајна идеја направи — антологија. Ете, морав да кажам и нешто лично. Па, наши сме си, нели?

6
Антологија на нашите омилени песни од автори од Европа: Љубов

АЛЕКСАНДАР КУЈУНЏИСКИ (#писател #Македонија)

Дела: „Осилки“ (1978), „За сè и сешто и за друго нешто“ (1978), „Немирен ден“ (1979), „Љубов... оф, оф!“ (1980), „Капка по капка – океан“ (1980), „Во ливадите на детството“ (1981), „Мотошишарка“ (1982), „Другарувања“ (1983), „Солитерски сказни“ (1985), „Тој е патот, друг нема“ (1986), „Жарко Попарко“ (1986), „Од една до сто и една“ (1988), „Строго дов.“ (1990), „Сцени без завеси“ (1991), „Прободено слце“ (1991), „Пијано виножито“ (1991), „За во скришното џепче“ (1992), „Ја сакаш ли природата?“ (1992), „Гатанки-катанки – 1“ (1993), „Азбукарка“ (1993), „Цветови-светови“ (1993), „Сказна за Тумбија“ (1994), „Трнливи стихови“ (1994), „Џуџести џинови“ (1994), „Нека патува добрината“ (1994), „Збор како бор“ (1994), „Предгорје“ (1994), „Жарко Планинарко“ (1994), „Кажи, па ќе ти кажам“ (1994), „Одберете за вашите приредби“ (1994), „Деветнаесет црвени каранфили“ (1994), „Театарче Клопотарче“ (1994), „И гатанки, и боенки“ (1994), „Есен“ (1994), „Зима“ (1994), „Пролет“ (1994), „Лето“ (1994), „За најмалите – најубавите“ (1995), „Чекор по чекор“ (1995), „Повели, детенце!“ (1995), „Зоштковци“ (1995), „Ѕвончето ѕвони“ (1995), „Кралот Ал Со Крпен Шал“ (1995), „Лозинки“ (1995), „Џунгла в соба“ (1995), „Од септември до септември“ (1995), „Денес – забаваче...“ (1995), „...Утре – прваче“ (1995), „На тема, на тема...“ (1996), „Денес празнуваме“ (1996), „Смешна книга“ (1996), „Вреќна Нова година“ (1996), „Нема што нема“ (1996), „Време за зреење и за пеење...“ (1996), „...Време за цветање и за летање“ (1996), „За вас, деца!“ (1996), „Од Сметонија до Бонбонија“ (1997), „Гатанки-катанки – 2“ (1997), „Растеме, растеме...“ (1997), „Добра ноќ, дену!“ (1997), „Загатки и одгатки“ (1997), „Ја сакам природата“ (1997), „Триесет и три итрини“ (1997), „Среќно, забавачиња...“ (1997), „...Идни првачиња“ (1997), „Кој ќе ми чита?“ (1997), „Детство-волшепство“ (1997), „Прваче“ (1997), „Во царството на другарството“ (1998), „1001 гатанка“ (1998), „Чудни чуденки“ (1999), „Зборовно оро“ (1999), „Чисти артисти“ (2000), „Учам, учам, да научам...“ (2000), „Природо, љубов моја!“ (2000), „Книгата дно нема“ (2000), „Гатанки“ (2002),

9

„Едночинки“ (2002), „Надојдени реки“ (2002), „Басни“ (2003), „Боли глава – без демократија и детски права“ (со коавтор, 2003), „Мои бои“ (2004), „Букви, укви, кви...“ (2004), „Броеви-роеви“ (2004), „Одлична единица“ (2005), „Новогодишна честитка“ (2005), „Сакам книга“ (2006), „Нова планета“ (2006), „Сцени и сценарија“ (2006), „Распеани песни“ (2006), „Еколошки сказни“ (2006), „Разбој-разнобој“ (2006), „Дедо Мраз, Дедо Врелчо, Снешко Црнчо и Снешко Белчо“ (2006), „Весело летување“ (2007), „Шах-мат торта“ (2007), „Моите (не)напишани романи“ (2007), „Спомен среде срце“ (2007), „И од пиле млеко“ (2007), „Веков е тркало“ (2007), „100“ (2008), „Нека ечат песни“ (2008), „Расцветани сказни“ (2009), „Јас – Дедо Мраз“ (2009), „Ха и Kу“ (2010), „Зборчиња-изворчиња“ (2010), „Гнездо од бетон“ (2010), „Гулаби над Фуџи“ (2011), „Црешар врз слива“ (2012), „Сонце и месечина“ (2013), „И строфите растат“ (2013), „Happy... роденден!“ (2014), „Смесни пешни“ (2014), „Зообраќај“ (2014), „Уловена смеа“ (2014), „Пијана вселена“ (2014)

ЈУЛИУШ СЛОВАЦКИ (#Полска)

Во албумот на Зофја Бобрувна

Нека не ме моли Зошка за песна мене тажен, зашто во крајот роден штом Зошка ќе се врати, секое цветче на Зошка стихови ќе ѝ каже, секоја ѕвезда нејзе песничка ќе ѝ прати. Кога прекапува ѕвезда, кога прецутува цветот, слушај – дека се тоа најмилни песни на светот.

За тебе цели поеми таму ќе се сложат леко оние цветчиња рујни, ѕвездине јасно што горат, што ќе ти речат тие – истото јас би го рекол, зашто јас од нив сум учел да зборам како што зборат.

Та таму каде Иква сребрени струи плете, некогаш, како Зошка, сум одел и јас дете.

10

А сега еве сум тргнал гостин во далнини матни и уште потаму негде ме гони лошата среќа. Донеси, Зошко, блескот од тие ѕвезди златни, донеси за мене, Зошко, мирис од тамошни цвеќа, задека душава моја да се подмлади сака.

Од небо како да идеш – отаде врати се така.

(препев: Блаже Конески)

КОНСТАНТИН МИЛАДИНОВ (#Македонија)

Бисера

Бисеро моме, Бисеро, Шчо носиш бисер на грло?

Твоето грло хубаво И от дробнаго бисера Хилјада п’ти побело.

Бисеро моме, Бисеро, Зашчо со бисер покривиш Твоето грло хубаво?

Ја нејќу бисер да баца Тук сака твоето грло.

Бисеро моме, Бисеро, За кого низиш бисер’т?

За кого готвиш дарои?

Ја дарој бисер не сака Тук сака мома Бисера.

11

АНЕТА ПОПОВА

(#писателка #Македонија)

Дела: „Нај-кратки раскази“ (2009), „Тринити“ (2013)

ПЕТРЕ М. АНДРЕЕВСКИ (#Македонија)

Во собата на Дениција

Во нејзината соба не се менува

ни дневната светлина, ни пилето што ѝ шета во срцето.

Во нејзината соба еден цвет имитира друг цвет, во нејзината соба има друга соба и еден часовник што се одржува, доближувајќи ги краевите

меѓу моето и нејзиното време, и една вазна што не ја разбира својата намена, и еден пат на билката

што се изгубил во една коцка шеќер, и еден кибрит што го осветлува нејзиното лице и нејзините прсти, од каде што започнува сета убавина во собата.

Во нејзината соба една молња на друга молња ѝ дава знак да го ослободи огнот...

Во нејзината соба може да се каже

и најкусата вистина

и да се читаат писма на сите далечини.

Во нејзината соба може да се каже сè и потоа да се онеме.

Во нејзината соба можат да се откријат сите изгубени земји

со последната љубов меѓу ноќта во ѕверот

12

и заборавената ѕвезда во мртвата птица. И мојата рана на лицето од моите роднини, и средбата на двата гласа што не стигнале никаде, и пепелта од кај што се подигна пролетната пеперуга

и пепелта што стана потоа пеперугата и сè што поверувало во својата сенка, и масовниот хероизам

што е единствена мудрост по кафеаните, и металите што ѕвонат во облаците над Берзитија, и фолклорното богатство осиромашено по музеите, и телефонскиот разговор меѓу двете тревки

и двата инсекта.

Секој што влегол во нејзината соба

заборавил на огнот што го допира водата, заборавил на водата што тропа во плодот, заборавил на стаклото

што го пушта светот да помине, заборавил дека во мувата постои друга мува и ѝ помага смртта да ѝ биде побрза, заборавил да зборува со мајчиниот јазик, заборавил да ја чита старословенската азбука на јатото што не може да го напушти воздухот. Секој што влегол во нејзината соба заборавил да се врати дома.

13

АЦО ГОГОВ

(#писател #Македонија)

Дела: „Географија на маленкоста“ (2009), „Единствен матичен број“ (2012)

АРТУР РЕМБО (#Франција)

Сонувано во зимско време

За неа

Зиме ќе влеземе во еден мал вагон розов

со перничиња од сино платно.

Ќе се сместиме.

Гнездо за бакнежи во возот

е во секое аголче матно.

Ќе замижиш за да не гледаш низ џамот како

сенките однадвор ни се клештат, тие лоши и прости страшилишта на мракот, црни волци и други црни нешта.

Ќе сетиш како нешто те полазува сета...

Еден мал бакнеж, како бубалка што прета, ќе ти протрча лудо низ вратот...

Ти ќе ми речеш: „Барај!“ наведнувајќи глава

– и ние долго ќе ја бараме таа мрава

што многу го заплеткува патот...

(препев: Влада Урошевиќ)

14

На една минувачка

ШАРЛ БОДЛЕР (#Франција)

Минував низ улица во која врева цари. Висока и танка, во црнина и тага, една жена мина, лесно, со раката блага

држејќи го здолништето со везени шари, благородна, вита, со вајани нозе.

Згрчен како лудак, лакомо го пиев од нејзиното око во кое луња спие на сласта што убива пијалакот грозен.

Молња... и потоа ноќ! Убавино што бегаш, ти чијшто поглед сиот ме препороди сега, зар нема да се видиме во времето што иде?

Доцна! Никогаш, можеби, веќе! Тоа крај е!

Ни твој кат јас знам, ни мој пат ти знаеш, ти, што можев да те сакам, ти, што тоа го виде!

(препев: Влада Урошевиќ)

15

БИЉАНА СТОЈАНОВСКА (#поетеса #Македонија)

Дела: „Зборовите немаат значење“ (2015) АЛЕН БОСКЕ (#Франција #Белгија)

Убавата ништожност

Ја сметам ништожноста за многу пријатна за живеење:

чувствувам задоволство

меѓу нејзините ѕидови што лутаат, меѓу нејзините покриви што се отвораат

за да ја поканат ѕвездата да ми направи посета,

меѓу нејзините водоскоци

без вода и без музика.

Среќен сум

зашто немам повеќе грижи околу тоа како да бидам среќен.

Еден даб ми доаѓа в пресрет:

„Вие ќе бидете јас, јас ќе бидам вие“.

Еден штрк додава:

„Ќе ми направите задоволство ако летате место мене“.

Постоењето не е повеќе моја неопходност.

Немам ни облик ни име.

Навечер сум камен, а наутро растение.

Она што останало

од мојот ум не може да се буни:

не сум именлив.

Ништожноста е толку богата:

посатки од злато, тивок оркестар,

16

еднорог со ременче околу вратот, замок на соништа каде што се учи заборав.

(препев: Влада Урошевиќ) РОБЕР ДЕСНОС (#Франција)

Толку сонував за тебе

Толку сонував за тебе што ти ја загуби својата реалност. Има ли уште време да се достаса тоа живо тело и да се бакне врз таа уста раѓањето на гласот кој ми е драг? Толку сонував за тебе што моите раце свикнати да

се вкрстуваат, во прегратките на твојата сенка, врз моите гради, не би се свикнале околу облиците на твоето тело, можеби. Толку што од вистинската појава на она што ме посетува и ме води веќе со денови и со години јас би станал една сенка, несомнено.

О сентиментални двоумења.

Толку сонував за тебе што нема веќе време за да се разбудам. Јас спијам простум, со тело изложено на сите појави на животот и на љубовта, а ти, која единствено постоиш за мене денес, ти имаш чело и усни кои јас би можел многу потешко да ги допрам отколку првите усни и првото чело што ќе наидат.

Толку сонував за тебе, толку одев, зборував, спиев со твојот призрак што не ми остана ништо друго освен можеби да бидам призрак меѓу призраците и стопати

повеќе сенка отколку сенката што се шета и ќе се шета пополека по сончевиот часовник на твојот живот.

(препев: Влада Урошевиќ)
17

БОРИС МИТКОВСКИ

(#писател #Македонија)

Дела: „Патот“ (2013), „Дрво кое шепоти“ (2015)

отец МИТРОФАН (МАТИЌ)

(#Србија)

Воскресенска растреперена исповед на Љубовта

Со Љубовта Моја души човечки ќе крепите

Вие што Мои ученици се нарековте.

Нема да можете ледот на гревот да го стопите Ниту каколот од пченицата да го истребите.

Вие само семе ќе посеете, Со крв и солзи земјата ќе ја оросите.

Нема секое срце за љубов да го загреете.

Руглото на светот и болката ќе ги сносите.

Силна вера за љубов и правда по светот ќе носите, Низ темнината на денот за светлина ќе мечтаете, За бедници утеха топла ќе просите, Со радост химни на Бога ќе пеете.

Меч на злобата крвав вашите глави ќе ги коси За трудот ваш да може подобро да успева.

Со својот Дух Јас ќе ве напојувам

Кога горка тага срцата врели ќе ги прелие Кога во победа на Љубовта ќе замрат надежите смели.

Меѓу вас невидлив ќе стојам

Кога очајание ќе заструи по вашите ќелии, Кога низ липање во бол ќе крикнете: Нашиот Господ

каде ли е?

18

Љубовта Моја огнена секаде ќе ве спојува Со Љубовта довербата ваша во Мене ќе биде поврела.

(препев: Борис Митковски)

св. епископ ГАВРИЛ ВЕЛИЧКИ СВЕТОГОРЕЦОТ (#Македонија #Грција)

Убавината твоја

Убави се сините Видици На морето

И снежните врвови На високите Гори.

Прекрасен е Од житните полиња Недогледот,

А катчето Единственото Во тебе

Подраго ми е Одошто Целиот свет.

(препев: Борис Митковски)

19

ВЕЛКО НЕДЕЛКОВСКИ

(#писател #Македонија)

Дела: „Леб за тате“ (1975), „Големата соба“ (1977), „Како расте Пенчо“ (1978), „Ден за бегство“ (1979), „Збунети години“ (1982), „Втората смена“ (1983), „Записи крај огништето“ (1985), „Пролетни авантури“ (1985), „На наш начин“ (1985), „Симчо“ (1988), „Линија на животот“ (1989), „Бибисек втори“ (1990), „Зло“ (1990), „Осилава пролет“ (1991), „Дежурна приказна“ (1992), „Бибисек од Крампонија“ (1993), „Зборофон Тар-11“ (1993), „Шоу под ведро небо“ (1994), „Смртници и бронза“ (1994), „Ивона што ја нема“ (1995), „Вечниот Таниз“ (1999), „Кога доцни принцот“ (1999), „Фам или небесна кочија“ (2000), „Шармантни песни“ (2001), „Смеантури во Намќорец“ (2001), „Корнет Лизи во Шаренџам“ (2002), „Денот на стршенот“ (2003), „Чуденки со Тимитар Итар“ (2004), „Летачкиот човек Пеперут“ (2005), „Шармерите од осмо“ (2007), „Сенката на Анче Павлова“ (2008), „Мистична зона“ (2009), „Срценца од ведро А“ (2010), „Деници“ (2011), „Љубограм“ (2012), „Живакал“ (2014), „Златко-Златец“ (2015)

АНТЕ ПОПОВСКИ (#Македонија)

Мајсторот и мостот

Кога беше готов мостот, кога се извиши кога се оптегна лакот меѓу бреговите седна мајсторот да си почине, да му се порадува.

Помисли: ќе го урочам – убав е како птица! Не, рече потоа, убав е – како лет на птица:

птиците исчезнуваат – летот им останува.

20

Поседе – и си замина.

Некогаш, мостот кога остана сам, почувствува од земјата, по столбовите нагоре, како да се искачува гласот на мајсторот:

„Што беше било студено долу во историјата...“

„И горе на небото кога не летаат птиците...“

скрцка мостот и се затресе од студ во зорите.

Модрата река

МАК ДИЗДАР (#Босна и Херцеговина)

Кај е таа не се знае

Малку знајме но е знајно.

Зад гората и зад долот

и зад седум и зад осум

Подалеку повисоко

Преку горки преку морни.

Преку трње преку грмје

преку жега преку стега

Преку коба преку сомнеж

и зад девет и зад десет

Подлабоко и посилно

зад мраката и зад молкот

21

Кај не пеат петли веќе

ниту глас на рог се слуша

И полошо и полудо

зад разумот и зад бога

Има една модра река

Широка и длабока е

Сто години широка е

илјадници длабока е

За должина не сонувај

јад и јанѕа непроболна

Има една модра река

Нам ни треба преку неа

(препев: Гане Тодоровски)

22

ВИОЛЕТА ЈАГЕВ

(#преведувачка #Македонија)

Преводи: „Вештицата од Портобело“ – Пауло Коелјо (2007), „Љубов во време на колера“ – Габриел Гарсија Маркес (2009), „Победникот е сам“ – Пауло Коелјо (2009), „Пуста душа“ – Сесилија Алварес (2009), „Кој го уби Паломино Молеро“ – Марио Врагас Љоса (2011), „Адам во рајот“ – Карлос Фуентес (2012), „Примерни новели“ – Мигел де Сервантес Сааведра (2012), „Трагично чувствување на животот“ – Мигел де Унамуно (2013), „Селестина“ – Фернандо де Ројас (2013), „Кралството на овој свет“ – Алехо Карпентиер (2014), „На плоштадот Дијамант“ – Мерсе Родореда (2014), „Габриела, каранфилче и цимет“ – Жорже Амадо (2014), „Ракопис за вториот настанок“ – Мануел де Педроло (2014), „Век на просветеноста“ – Алехо Карпентиер (2014), „Што да сторам кога сè гори“ – Антонио Лобо Антунес (2015), „Дон Сегундо Сомбра“ – Рикардо Гиралдес (2015), „Амадис од Гаула“ – Гарси Родригез де Монталво (2015)

СЕСИЛИЈА АЛВАРЕС ГОНЗАЛЕС (#Канарски Острови, Шпанија)

Допири и нежности

Прекумерни се зборовите, фразите што се нижат, што ме возбудуваат и го велат тоа што веќе го рекле твоите раце.

Сè е прекумерно и недоволно

пред твоето треперливо присуство.

Сè пулсира

кога си крај мене, кога зборот блиску

ја плаши отсутноста

23

и твоите погледи говорат

како реки што плават со допири и нежности.

Постои само

еден јазик на невидливи знаци што плотта бавно

ги впива, што душата како нема азбука

ги восприма, нема како тишината

што ја придружува вревата на љубовта.

(препев: Виолета Јагев)

Од зборот љубов

Од зборот љубов извира тагата.

Од љубовта извира желбата да се вивнеш на небо,

да крадеш ѕвезди

доцна во ноќта од месечината, да ги бојадисаш во сино бакнежите и допирите,

да ѝ дадеш име на секоја прегратка.

Тоа не е збор.

Тоа е светот низ кој одиш без запирање, лет кон животот држејќи се за крилјата на ангелите.

Тоа е медот од кој ти трепери душата, сочна медовина што те опива и те обзема.

Љубовта е чашата

од која го впиваш зборот нежност, кој останува врежан во твоето сеќавање, љубовта е тагата

24

прекриена со лакот на заробените и запечатени спомени

што ти ги лекуваат раните или те повредуваат.

Љубовта

е сè

и

ништо...

(препев: Виолета Јагев)

25

ВЛАДИМИР ЈАНКОВСКИ

(#писател #преведувач #Македонија)

Дела: „Огледало за загатката“ (2003), „Скопје со широко отворени очи“ (заедно со фотографот Иван Блажев, 2008), „Лицата на невидливиот град“ (заедно со фотографот Иван Блажев, 2010), „Вечно сегашно време“ (2010), „Невидливи љубови“ (2015)

Преводи (селектирани): „Музеј на безусловното предавање“ –Дубравка Угрешиќ (2003), „За страдањето на другите“ – Сузан Сонтаг (2006), „Прашај ја правта“ – Џон Фанте (2008), „Бетонската градина“ – Ијан Мекјуан (2010), „Пенелопеја“ – Маргарет Атвуд (2013)

АНДРЕ БРЕТОН (#Франција)

На патот за Сан Романо

Поезијата се остварува во постела како и љубовта

Нејзините расфрлани чаршафи се зората на нештата Поезијата се остварува во шумите

Таа го има просторот што ѝ е потребен Не овој туку еден друг што го условуваат

Окото на јастребот

Росата врз папратта

Сеќавањето за шишето вино врз еден сребрен подавалник

Високата прачка од турмалин над морето И патот на умствената авантура Кој стрмо се искачува

А штом ќе застане веднаш зарастува в густеж

26

Тоа не се разгласува на сите страни

Непристојно е да се остава вратата отворена Или да се повикуваат сведоци

Јата риби огради со сеници

Пруги на влезот од една голема станица

Одрази на двата брега

Бразди во лебот

Меури во потокот

Денови на календарот

Посеклива трева

Чинот на љубовта и чинот на поезијата

Се неспоиви

Со гласното читање весници

Смислата на сончевиот зрак

Синиот блесок што ги поврзува ударите на секирата на дрварот

Конецот на леталото што е во облик на срце или на рибарска вршка

Ритмично удирање на опашот на дабарот Брзина на молњата Слапот на слатки од врвот на старите скали Лавината

Одаја на волшепства

Не господа тоа не е осмата одаја Ниту пак испарувања на заедничката спална в недела навечер Фигури на игра изведени во проѕирноста над барите Обележување на линијата на женското тело поставено до ѕид со фрлање ножови

27

Светли колца чад Кадриците на твојата коса Извитканоста на сунѓерот од Филипини Шарите на коралната змија Влегувањето на бршленот во урнатините Таа го има сето време пред себе Поетската прегратка како и телесната прегратка Додека трае Попречува секаков поглед врз бедата на светот (препев: Влада Урошевиќ)

ЏЕСИ БЛЕЈЗ (#Македонија)

Сакам вакво утро

Ах обожавам утра

за ништо на светот не се пропушта она што следи со изгрејсонцето вагон полн белешки врз стар споменар антените над градот формираат насмевки врз небото се будам од бучавата на последното такси кое ги враќа сините пијани очи на типот

од трети што не ги помрднува ролетните брзам да направам тостови

го полнам ранецот со

оние романи кои се случуваат

од другата страна на океанот

ги заборавам очилата

се спуштам во светот брзам

онаму зад аголот

онаму е кафулето

28

мојата маса

резервирана за перфектен видик

сакам да го фатам

утрото со луѓето што брзаат на работа

го полнам стомакот

со мисли и кафе што мириса

на цимет и печени бадеми

тогаш веќе може да дојдеш

да се појавиш

може да ги донесеш твоите

сонови спакувани во салфета

да порачаш ликер со вкус на портокал да ми ја гризнеш дланката

може да истресеш виц ајде може да ме налутиш

заборавиш на дел од секунда

да ме клоцнеш под масата

или со шепот

со глас што никој нема да го чуе

да ми кажеш едно

ТЕ САКАМ.

29

ВЛАДИМИР МАРТИНОВСКИ (#писател #преведувач #Македонија)

Дела: „Морска месечина“ (2003), „Скриени песни“ (2005), „И вода и земја и оган и воздух“ (2006), „Квартети: за читање, гледање, пеење и слушање“ (2010), „Побрзај и почекај“ (2011), „Пред и по танцот“ (2012), „Вистинска вода“ (2014), „Narro ergo sum / Раскажувам значи постојам“ (2015)

Преводи: „Во земјата на магијата“ – Анри Мишо (2004), „Снег“ – Максанс Фермин (2012)

БЕХЏЕТ НЕЏАТИГАЛ (#Турција)

Тајна љубов

Се сеќаваш, имаше една љубов Пред седум-осум години.

Вчера ја сретнав на минување Среќна беше што ме виде.

На улица така од нога Зборуваше за сè понешто, Се омажила, имала и деца Едно девојче и момче.

Ме прашуваше за тебе Реков дека не сум изменет, Така како што и беше...

Добро ме разбра.

Била среќна, имале куќа, Си го сакала мажот.

30

Малку стисната како виновна, Рече да те поздравам.

(препев: Фахри Каја)

ИГОР ИСАКОВСКИ (#Македонија)

Приспивна

не свртувај се:

додека чекориш по јаже над амбис

не погледнувај назад.

јас го менувам твојот живот.

ти дозволувам да го смениш мојот. заемноста е клуч за блискоста. ти ќе останеш

своја, јас ќе издишам

низ следниот ветер; секогаш

ќе ти дишам низ трепките.

не свртувај се:

оние што некогаш сме биле никогаш нема да сме пак; само подобри стануваме:

посилни, посветли.

31

ДИМЕ МИТРЕСКИ

(#преведувач #Македонија)

Преводи: „Раскази од другиот џеб“ – Карел Чапек (2012), „Бела болест“ – Карел Чапек (2012), „Го имам служено англискиот крал“ – Бохумил Храбал (2013), „Избрани драми“ – Јуџин О’Нил (2013), „Во спомен на баба ми“ – Петра Хулова (2013), „Чувари на општото добро“ – Петра Хулова (2014)

ЈАН НЕРУДА (#Чешка)

30 (од „Гробно цвеќе“)

На погреб ми играа

сè фалцери прости, ручек мајка зготвила, послужува гости.

Други ден ги делеа

моите вили девет, малку сум им оставил,  па си добив клевет.

„Кому мојта љубена

ќе ја даде мама?“

„А, за тоа не мислам, ќе се снајде сама“.

(препев: Диме Митрески)

32

Кир Јана

Бранчиња во вирче едно

ликот го нишкаат ѕвезден, ножиња низ шума нежно ноќе си се сноват везден.

„Кир Јано, ти лична жено, што ти шепна бранчето?

Да не праша, лична жено, што ти прави старчето?“

„Кметот уште ќе да спие, за да живее до сто –јас сум млада и во ноќта немирен си имам сон.

Сонот да не му го кршам, не му лежам в постела, со кир Фернан, млад и личен, в сон сум си погодена“.

(препев: Диме Митрески)

33

ДРАГАНА ЕВТИМОВА

(#поетеса #преведувачка #Македонија)

Дела: „Постоењето на динамиката“ (2005), „Јас сум некаде на друго место“ (2011), „Фусноти по сеќавање“ (2014)

Преводи: „Џенем“ – Душан Чатер (2012), „Августа“ – Уршка Кришељ Грубар (2013), „Стариот е пак пијан“ – Душан Чатер (2013), „Made in Slovenia“ – Алеш Чар (2013), „Небо во капини“ – Наташа Крамбергер (2013), „Во својот двор“ – Сузана Тратник (2013), „Ноќ во Европа“ – Полона Главан (2014), „Трошки“ – Миха Мацини (2015)

ЈЕХУДА АМИХАЈ (#Израел)

Не знам дали историјата се повторува

Не знам дали историјата се повторува

но знам дека ти не.

Се сеќавам дека градот беше поделен

не само помеѓу Евреите и Арапите туку и помеѓу мене и тебе, кога бевме таму заедно.

Си направивме матка од опасности

си изградивме куќа од смртоносни војни како луѓето од далечниот север

кои си градат безбедни топли куќи од умртвувачкиот мраз.

Градот повторно се обедини

но ние не бевме таму заедно.

Сега знам

дека историјата не се повторува

како што отсекогаш знаев дека и ти нема да се повториш.

(препев: Никола Маџиров)
34

ТОМАЖ ШАЛАМУН (#Словенија)

Пишувањето

Пишувањето поезија е нај –

сериозна работа на светот.

Исто како и во љубовта, сè излегува

на видело.

Зборовите треперат

ако се

вистински.

Како што телото трепери

во љубовта, зборовите треперат на хартијата.

(препев: Лидија Димковска)

35

ДУШАНКА КАЕВСКА

(#преведувачка #Македонија)

Преводи: „Америка“ – Франц Кафка (2011), „Ноќно нуркање“ – Ким Смоге (2012), „Животинско срце“ – Херта Милер (2013), „Види кој се врти“ – Тимур Вермеш (2013), „Скаменето време“ – Ана Ким (2014), „Сеќавања, соништа, мисли“ – Карл Густав Јунг (2014), „Групен портрет со дамата“ – Хајнрих Бел (2014), „Месечари“ – Херман Брох (2015), „Чик“ – Волфганг Херндорф (2015)

ГЕОРГ ХАЈМ (#Германија)

Љубов, љубов, каде си...

Љубов, љубов, каде си?

Каде си, сакам да те сакам, Каде си, кај тебе да починам сакам.

Може седиш сега На твојата постела, И си мислиш, Ти не можеш да ме најдеш, Како што јас не можам да те најдам.

Стојам на прозорецот, го гребам со раката Мразот од стаклото.

Гледам низ него, Надвор само црна ноќ, Се вртам јас, А тука светлото саде светка

Над мојот кревет, Како свеќа на мртовечка постела.

Сакам сега да си легнам, Да ја преспијам зимската ноќ,

36

Утре е нов ден. Нема да те најдам.

Ах, утре можеби ќе минеш Крај мене.

А јас не те познавам.

(препев: Душанка Каевска)

ХАЈНРИХ ХАЈНЕ (#Германија)

2 (од „Лирски интермецо“)

Секоја солза моја Цвеќенце лично ќе е.

А секој издив ќе стане

Славеј што слатко пее.

Ако ме сакаш, мило, Цвеќиња ќе те красат, И под прозорците твои Славеи песна ќе гласат.

(препев: Блаже Конески)

37

ДУШКО КРСТЕВСКИ-КРИСТАН (#писател #преведувач #Македонија)

Дела: „Алхемија на 21 век“ (2013)

Преводи: „Тајниот пат на мастилото“ – Кристин Димитрова (2013), „Колекционер на љубовни приказни“ – Александар Секулов (2014), „Четврток“ – Здравка Етимова (2014), „18% сиво“ – Захари Карабашлиев (2015), „Физика на тагата“ – Георги Господинов (2015)

АНДРЕ БРЕТОН (#Франција)

Слободна врска

Жено моја со коси како дрво кога гори Со мисли како молња во горештина

Со половина како песочен часовник

Жено моја со половина на видра меѓу забите на тигарот

Жено моја со уста како значка и како китка најситни ѕвезди

Со заби како траги на бел глушец врз бела земја

Со јазик од килибар и од рапаво стакло

Жено моја со јазик од обесветена причесна

Со јазик на кукла што ги отвора и ги затвора очите

Со јазик од неверојатен камен

Жено моја со трепки како цртички од тетратките на

првачињата

Со веѓи како рабови од ластовичко гнездо Жено моја со слепоочни длапки од лискавица од покривот на стаклените бавчи

И од измаглина врз прозорците

Жено моја со рамена како шампањско И како фонтана со глави на делфини под мраз

Жено моја со зглавки како зрна кибрит

38

Жено моја со прсти од случај и од кец херц Со прсти од покосено сено

Жено моја со мишки како иванденска ноќ

Како козјо грозје и како гнездо на рипки од аквариум Со раце од пена на морски брег и крај брани

И од смеса на жито и на воденички камен

Жено моја со нозе како вретена

Со движења на часовник и на безнадежност

Жено моја со ножни листови од срцевина на боз

Жено моја со стапала како почетните букви по старите

книги

Со стапала како врзоп клучеви фрлен крај бродските

мајстори што пијат

Жено моја со врат од неизлупен јачмен

Жено моја со грло како Златна долина

Како состанок дури и во коритото на поројот Со дојки од ноќ

Жено моја со дојки како морски кртечини

Жено моја со дојки како посатки од рубин

Со дојки како

привиденија на ружи под роса

Жено моја со стомак како ширење на ладалото на деновите

Со стомак како џиновска канџа

Жено моја со грб на птица која полетува вертикално

Со грб од живо сребро

Со грб од светлина

Со тил од измазнет камен и од навлажена креда

Со тил како пад на чаша од која штотуку е испиен пијалакот

Жено моја со бедра како чун

Со бедра од сјај и од перки на стрели

И од пердуви на бел паун

Како неподвижна терезија

Жено моја со задник од песочник и од азбест

Жено моја со задник како грб на лебед

Жено моја со задник како пролет

Со секс од перуника

Жено моја со секс од златно наоѓалиште и

од австралиски клунар

39

Жено моја со секс од алги и од старовремски бонбони Жено моја со секс од огледало

Жено моја со очи полни солзи

Со очи како виолетова збирка на оружје

и како магнетна игла

Жено моја со очи на савани

Жено моја со очи како вода подадена на затвореник

Жено моја со очи на шума секогаш под закана на секирата

Со очи како либела во која се урамнотежуваат

Водата воздухот земјата и огнот

(препев: Влада Урошевиќ)

ГЕОРГИ ГОСПОДИНОВ (#Бугарија)

Љубов

Секоја ноќ

да ја сонуваш жената

до која лежиш.

(препев: Никола Маџиров)

ПОЛ ЕЛИЈАР (#Франција)

Вљубената

Таа е застаната врз моите клепки И нејзините коси се измешани со моите Таа го има обликот на моите раце Таа ја има бојата на моите очи Таа втонува во мојата сенка Како камен во небото.

40

Таа секогаш ги држи очите отворени И не ме остава да спијам Нејзините соништа среде светлини што течат Прават да испарат сонцата

Прават да се смеам, да плачам и да се смеам Да зборувам без да имам нешто да речам.

(препев: Влада Урошевиќ)

41

ЃОКО ЗДРАВЕСКИ

(#писател #Македонија)

Дела: „Палиндром со две н“ (2010), „куќичка за птици-преселници“ (2013)

АНТЕ ПОПОВСКИ (#Македонија)

Ах, тие твои сини очи...

На Виолета Џолева

Чашките, небото, птиците, шетачите, гласовите што ги слушам, крстот на свештеникот спроти мене, песната што се слуша од далеку –сè е престорено во сино.

Се обидувам да запишам нешто

– ракописот син, да проговорам нешто – зборовите сини, да помислам нешто – помислата сина.

Сини герании, сини сонети, сино вино... Сè поради таа пуста несоница по тебе

во која самиот се откривам

и во која

душата ми е голема пустина чие име на ниедна карта не е забележано.

42

ПОЛ ЕЛИЈАР (#Франција)

Јас немам друга желба

Јас немам друга желба освен да те сакам Една луња ја исполнува долината

Една риба реката

Јас те создадов според мерката на својата осаменост Еден целосен свет за да се скријам

Денови и ноќи за да се разберам

За да не видам ништо друго во твоите очи Освен она што го мислам за тебе

И за еден свет што е според твојата слика

И денови и ноќи определени од твоите клепки.

(препев: Влада Урошевиќ)

43

ЃОРЃИ КРСТЕВСКИ

(#писател #преведувач #Македонија)

Дела: „Обични и необични приказни“ (2011)

Преводи: „Вечер кај Клер“ – Гајто Газданов (2007), „Соњечка“ – Људмила Улицка (2007), „Будење“ – Гајто Газданов (2008), „Старица“ – Данил Хармс (2008), „Ловецот на стаорци“ – Александар Грин (2009), „Одбраната на Лужин“ – Владимир Набоков (2010), „Потопи ми ја главата!“ – Јуриј Мамлеев (2010), „Енциклопедија на руската душа“ – Виктор Ерофеев (2010), „Уморни раскази“ – Антун Густав Матош (2011), „Градот Ен“ – Леонид Добичин (2012), „Падот на Колумбија“ – Саша Илиќ (2012) „Новели“ – Антон Павлович Чехов (2013), „Басни“– Иван Крилов (2013), „Раскази и повести“ – Н.В. Гогољ (2014), „Јаре за пет пари“ – Григориј Канович (2014), „Рулет“ – Лада Жиго (2014), „Јас бев тука“– Сас Хено (2015), „Си беше една жена која сакаше да го убие детето на сосетката“ – Људмила Петрушевска (2015), „Приказната на непознатиот човек“ – Антон Павлович Чехов (2015), „Животот на Василиј Фивејски“ – Леонид Андреев (2015)

ЕСАД БАБАЧИЌ (#Словенија)

Кој прв се посомнева Кој прв се посомнева, победува.

И тоа е љубов.

(препев: Игор Исаковски)

44
МАРТИН

ЖИВКОВСКИ (#Македонија)

Раст

Те мазам како бебе.

Те гушкам како девојче.

Те сакам како девојка.

Те гледам како жена.

Те сонувам како баба.

Нејќам да те сонувам како баба.

45

ЃУРГИЦА ИЛИЕВА

(#преведувачка #Македонија)

Преводи: „Сината лисица“ — Сјон (2014), „Слепиот убиец“ — Маргарет Атвуд (2014), „Атомска станица“ — Халдоур Лакснес (2015), „Кентербериски приказни“ — Џефри Чосер (2015), „Книга на тајни“ — М.Г. Васанџи (2015), „Шест прошетки низ наративните шуми“ — Умберто Еко (2015), „Дом Касмуро“ — Хозе Марија Мачадо де Асис (2015)

ВЛАДИМИР НАБОКОВ (#Русија, #САД)

Средбата маѓепсан од чуднава блискост

Копнеж и мистерија и наслада...

како од разбранетa темнина

на забавената маскарада

врз магливиот мост ти дојде.

И протече ноќта, а тивко во неа запловија

во нејзините сатенски извори

таа твоја маска на волчица

и тие твои нежни усни.

И под костените, кај каналот

ти мина и ме намами.

Што ли ми виде срцево во тебе како ли толку ме занесе?

Во таа мигновена нежност ил’ во менливиот облик на рамената твои доживеав ли некој нејасен привид од други – неповратни – средби?

46

Може романтичната сожалба

ти даде да сфатиш

кој ја пушти таа растреперена стрела што сега стихов ми го боде?

Ништо не знам. Чудно

одѕвонува стихот, а во него стрела...

Можеби ти, уште безимена таква, си вистинската, очекуваната?

Но болката уште некрикната

ѕвездениот час ни го мати.

Во ноќта се врати пукнатината двојна

на твоите очи, очи што уште осветлени не се.

До кога? До навек ли? Далеку негде

јас лунѕам и се мачам да го чујам движењето на ѕвездите над нашата средба

и што ако ти судена си ми...

Копнеж и мистерија и наслада и како молба некоја далечна...

Срцево мое да продолжи мора.

Но ако ти судена си ми...

(препев: Ѓургица Илиева) КЕРОЛ ЕН ДАФИ (#Англија)

Бродот

Кога ќе видиш, Беше тоа само

47

Играчка-бротче на едно момче Во езерцето на околниот парк, Кај што заедно шетавме ние.

Ама сепак клекнав Да гледам како плови Со белото едро зазорливо Од килибарна светлина, Доцното сонце Го сонча бранот Што го крева нагоре,

Бродот мој што допловува Товарен со радост.

(препев: Ѓургица Илиева)

48

ЕЛЕНА КОНЕСКА

(#преведувачка #Македонија)

Преводи: „Приказната за Вилхелм Тел“ – Јирг Шубигер (2011), „Види кој се врати“ – Тимур Вермеш (2013), „Зарем плачеше“ – Даче Рукшане (2015) РАЈНЕР МАРИЈА РИЛКЕ (#Германија)

Љубовна песна

Како да ја сопрам душава, да не ја допре твојата?

Како покрај тебе неа да ја чувам кај другите?

Ах, колку би сакал в мрак да ја скријам

божем изгубено нешто,

на туѓо тивко место, каде нема да затрепери штом ќе трепнат длабочините твои.

И сè што ќе нè допре тебе и мене, како некое гудало ќе нè спои

кое од две струни еден глас двои.

На кој ли инструмент лежиме ние?

И кој ли виолинист нè има в рака?

О песно слатка.

(препев: Елена Конеска)

ХАЈНРИХ ХОФМАН ФОН ФАЛЕРСЛЕБЕН (#Германија)

О среќен е оној

О среќен е оној што срце си има Што сал за љубов мисли и збори

49

И верно тој љубовта ја прима Тогаш животот со убост го дари!

Каде срца две во едно се свиле И заедно се во радост и тага, Таму небо и сонце се слиле И се смеат со насмевка блага.

Љубов, само љубовта е живот: Штом срце ти е полно со љубов и спокој, Тогаш Бог многу те дарил Живеј! Сиот свет е твој!

(препев: Елена Конеска)

50

ЕЛЕНА ПРЕНЏОВА

(#поетеса #преведувачка #Македонија)

Дела: „Јас“ (2006), „Таа“ (2009), „Пораки од морето“ (2011), „Антологија на младата македонска авангардна поезија“ (2012), „Живот под ѕвездите“ (2013), „Политички коректна поезија“ (2014), „Љубољубна“ (2014)

Преводи: „Симбиози“ (2015)

ВЛАДИСЛАВА ВОЈНОВИЌ #Србија

Господе Боже!

Ми се јави вчера.

Баш тогаш кога ги поставував плитките, па длабоките чинии,

па сè друго по ред.

По помалку од деветнаесет години.

Му го препознав гласот.

Уште веднаш.

Не се ни преправав

дека не сум го препознала.

Со него никогаш за ништо не се преправав. Немав кога.

Ете толку беше побрз од мене.

Ми вели, бил многу гладен, би наминал веднаш, на ручек.

Пијан, побудален, „отиден“.

51

Немам доволно, процедувам низ заби.

Не планирав, хе, хе, хе.

Не е баш згодно, сепак, знаеш.

Најави се однапред неколку дена.

Едвај го откачив. Ах.

Тогаш малку се гадев од себе

оти сум трезна, оти сум нормална (пази, јас нормална!),

оти сум приспоена

оти составувам крај со крај, оти немам срце како онаа крава, по обилно молзење

да го шутнам котлето

и да го истурам сето млеко.

Е, пријателе мој, знаеш ти сè за слободата

и сè за бесмисленоста, и ја имаш сета храброст на овој свет, па уште и слатка дрскост за будалите, цврста рака за слабаците

и свирепа суровост

за вообразените авторитети

но не знаеш, пријателу, ама баш ништо за маститисот, за хиперлактацијата и за халуцинациите предизвикани од бромокриптинот

кога се пие, не поради болест на зависност, туку за да стане млеко.

Ама не станува, не станува.

52

Не знаеш ти ништо

за палење свеќи, особено не за оние наменети за сите на кои никој не им пали, каде што имаш стабилен идеален дел во моите молитви.

А, ручекот, sorry, него го спремав за детето, за мажот за бабата, за куќата, за светецот-патрон за самиот Бог, кому ти, драг мој патнику-намернику, му се оттргна, како дете на невнимателна мајка на прометна раскрсница, ах, таго моја, ах, снаго моја... Не грижи се, твое е царството небесно.

(препев: Елена Пренџова)

КРИСТИЈАНА ДОБРЕВА #Бугарија

Нема да ти пишам дека многу ми недостигаш

Не пишувај ми. Така само ќе ги запомнам стапките

53

останати по тебе во тишината.

Не пишувај ми, оти зборовите тежина носат...

како таксират.

Не пишувај ми,

за да може да остане смислата

на ненарушениот момент

и ако сè уште можеш да сликаш

на ветрот, раскажи му за мене.

Те молам...

Не пишувај ми.

Можеби тишината

е само поинаква

форма на љубов.
(препев: Елена Пренџова)
54

ЖАРКО КУЈУНЏИСКИ (#писател #Македонија)

Дела: „Spectator“ (2003), „Ендрју, љубов и други непогоди“ (2004), „Америка“ (2006), „Сузан“ (како Џеси Блејз, 2008), „Најдено-загубено“ (2008), „13“ (2010), „Јас имам сон“ (2010), „Мојата Сузан повторно девојка“ (како Џеси Блејз, 2011), „Најкраткото долго“ (2012), „Скопје и сè е можно“ (2013), „Тино од мојот влез“ (2015)

Преводи: „Појадок кај Тифани“ – Труман Капоти (2006), „Евтини приказни“ – Квентин Тарантино и Роџер Евари (заедно со Златко Кујунџиски, 2008).

БЛАЖЕ КОНЕСКИ #Македонија

Питачи

И така, мачно, најпосле стануваме свесни дека е за нас, кои веќе нагло старееме, љубовта толку скапоцена, што нема надеж дека воопшто може да ни припадне, ако еднаш сме ја загубиле или никогаш и не сме ја сретнале. Ние мораме дури и од своите деца да питаме малку наклоност, поблага насмевка, трошка повеќе внимание, писменце поинтимно интонирано – ние стануваме питачи на љубовта. Се фаќаме сами себе во мислата дека би сакале да застанеме на аголот, приквечер, кога се палат излозите, и кога забрзано врват луѓето. Се надеваме на средба, иако е тоа сосем илузорна надеж.

55

РОБЕРТ РОЖДЕСТВЕНСКИ #Русија

Се роди човек

Дрвја, паднете ничкум потајум!

Ровјо непослушна,

задави се в шум!

Се роди човек.

Тој – беден е! Друмник сам на друм!

Подајте му

на бедникот!

Подајте му на бедникот,

сега, в мигов кус, од млеко мајчино

вкус, и одаја

без провев пуст –подајте му на бедниот.

Со збрани веѓи, гледај, гледа тој, намрштен гледа на светот, со неспокој, и плаче човекот.

Тој –

бедниот тој!

Подајте му на бедниот.

Подајте му на најпрвиот

чекор, со страст, в уши – од песна лулкина глас.

За трите мечиња од сказните, в час, прочитајте му

на бедниот.

Нека го знае ноќниот мрак, дневниот сјај, нека се привикне на брег без крај.

56

Подајте му азбука, ај, подајте му

на бедниот.

Нека поверува во добрината, нека проверува како се чека бедата зината.

На трудот непојмлив вистината нека ја изучи бедниот.

Ќе израсне човекот.

Тој –

А вие –

од земјините колови од очите свои сета таа земја

без граници што стои, дајте му ја

на бедниот...!

Но, нека сам

си најде љубов.

Не бива

да му се подаде љубов.

Само на бедни подаваат љубов.

А тој –

Не, не е беден тој!

(препев: Гане Тодоровски)

57

ЖИВКО ГРОЗДАНОСКИ

(#писател #преведувач #Македонија)

Дела: „Отпечатоци врз коцки мраз“ (2009), „Приказни за тревите и други приказни“ (2011), „Куфер за тројца“ (2014)

Преводи: „Next“ – Алесандро Барико (2010), „Сенилност“

– Итало Звево (2011), „Коски од сепија“ – Еуџенио Монтале (2013), „Кал“ – Николо Аманити (2013), „Нешто напишано“ –Емануеле Треви (2015)

ИЗЕТ САРАЈЛИЌ

(#Босна и Херцеговина)

Веќе наглас...

Веќе наглас моите предвечерија те рецитираа на брезите.

Веќе ништо во мојот живот не беше важно како ти.

Веќе сè околу мене беше само дел од општиот мит за тебе.

Веќе ниеден дрворед крај кој ти мина не се викаше едноставно дрворед.

Веќе сè знаеше дека ќе дојдеш.

Плочниците и небото веќе се обложуваа во животот дека си тука некаде.

Иднината имаше илјада имиња и дури последното беше осаменост.

Иднината веќе ги имитираше твоите движења и твојот од.

(препев: Живко Грозданоски)
58

Нека ни простат тревите

Тревите ќе нè молат да ги газиме со својата младост. Тревите ќе нè молат да ги даруваме со нежни сонети.

Ние ќе ги газиме задоцнети и горки, и ќе им пееме За неповратни заминувања, за ускратени спомени.

И ќе ги молиме тревите да ни простат за многу зборови, За многу горки зборови што нема да знаеме да ги премолчиме.

(препев: Живко Грозданоски)

59

ЗАХАРИ КАРАБАШЛИЕВ

(#писател #Бугарија)

Дела: „18% сиво“ (2008), „Кратка историја на авионот“ (2009), „Пиеси и дијалози“ (2010), „Прикаска“ (во коавторство, 2010), „Симетрија“ (2011), „Лисабон“ (2014) НИКОЛА ВАПЦАРОВ (#Македонија)

Проштално

На жена ми

Понекога ќе идам в твојот сон

ко нечекан и далек гост...

Ти не ме оставај на патот, вон, од порти истај го лостот!

Ќе влезам тивко, кротко ќе си седам крај тебе в мракот втренчен, да те гледам сам!

И кога наситен ќе запрам да те гледам, ќе ми те бакнам и – ќе заминам.

(препев: Гане Тодоровски)

60

ЗЛАТКО ПАНЗОВ

и АНАМАРИЈА ЦИНЕГЕ-ПАНЗОВА (#преведувачи #Македонија)

Преводи: „Сецирање на живо“ – антологија на унгарскиот краток расказ (2009), „Округот Синистра“ – Адам Бодор (2010), „Комунистот Монте Кристо“ – Ноеми Сечи (2011), „Крајот на еден семеен роман“ – Петер Надаш (2012), „Свеќите горат до крајот“ – Шандор Мараи (2012), „Заминување и враќање“ – Ѓерѓ Конрад (2013), „Корнел Ешти“ – Деже Костолањи (2013), „Книга на сеќавања“ – Петер Надаш (2013), „Пиксел“ – Кристин Тот (2013), „Едноминутни новели“ – Иштван Еркењ (2014), „Шпанска невеста“ – Илдико Ловаш (2014), „Горе на ридот при помрачување на сонцето“ – Ѓерѓ Конрад (2014), „Ништожни мали животи“ – Шандор Жигмонд Пап (2014), „Малечката Лили“ – Оршоја Карафиат (2015)

АТИЛА ЈОЖЕФ (#Унгарија)

Бисер

Бисер се ѕвездите сјајни, се ронат ко бисерни искри, ко зрна од грозје и пченка, ко капки на водите бистри.

Иако е грутката бледа, и таа е бисер, но беден; ја носат уморни бразди, земјата тажна ја краси.

Твојата рака е ѕвезда, што сјае на челово везден,

61

а мојата рака е грутка, во срцето твое што пука.

Ќе искапат ѕвездите редум, по грутките рало ќе скрца, сал’ небото бисер ќе биде, со нашите споени срца.

(препев: Паскал Гилевски)

КАТАЛИН СЛУКОВЕЊИ (#Унгарија)

Вљубената жена не е конзерва праски, за да чека со недели на полицата во шпајзот. Вљубената жена не е џебна ламба која ќе ја вклучиш-исклучиш по своја волја. Вљубената жена ко сауна, мора да ја затоплиш пред употреба

најмалку половина час, и ако на крајот сепак не дојдеш, или само следниот ден, можеш да почнеш повторно одново – радувај се ако во меѓувреме не прегори и не загори засекогаш.

Вљубената жена, небаре цвеќе во саксија, мора да ја полеваш катадневно – само кактусот ќе издржи без тебе, но кому ќе му се падне седум години нема да се жени.

(препев: Анамарија Цинеге-Панзова)

62

УНГАРСКА НАРОДНА ПЕСНА (#Унгарија)

Од пролетниот ветер ќе надојдат води

Од пролетниот ветер ќе надојдат води Цвету мој, цвету мој.

Секоја птица бира либе, Цвету мој, цвету мој.

А јас кого да изберам, Цвету мој, цвету мој?

Ти мене, а јас тебе, Цвету мој, цвету мој.

Панделката зелена е лесна, Цвету мој, цвету мој.

Нежно ја вее ветрот, Цвету мој, цвету мој.

Ама велот тежи, Цвету мој, цвету мој. Него тагата го лелее, Цвету мој, цвету мој.

(препев: Златко Панзов)

ЗОРАН РАДИЧЕСКИ (#преведувач #Македонија)

Преводи: Софи Рејер (2015) ПАУЛА БОЗАЛОНГО (#Шпанија)

Декември и се бакнавме

Во Северна Кореја веќе заврши годината.

Декември и се бакнавме.

Огнометот

е првиот празник во нивните животи, зачудено откриваа каков облак има небото.

На последниот бакнеж

од првиот ден заедно згаснаа светилките.

Последната ракета со празничен огномет Веќе експлодира, понекогаш ќе претпочитаат Да го немаа искусено крајот на годината Полн со изуми, Сега сите ноќи Им се чинат темни.

Во љубовта, барутот

Е налик на гестови посветени На еден страв што не гори, Доколку пиротехниката е само игра,

64

Ако вечерниот воздух не потсетува Дека во црнилото не постојат бои Без запален оган, Пак фати ме за рака, Нека синото поцрвени, Жолтото нека се претвори во ден И вестите нека ја донесат новоста што ја очекуваш, Трпеливата невистина...

(препев: Зоран Радически)

СОФИ РЕЈЕР (#Австрија)

секојдневје

збунет, грижите се прикриени во утринските брчки

се прикачуваме на нашите стуткани љубови. растурени

кревети. ја китираме пукнатината

во срцата. кутикула

на кутикула: издржи ме

(препев: Зоран Радически)

65

ИЗАБЕЛ ВЕРИ

(#писателка #Белгија)

Дела: „Господин Рене“ (2006), „Песните на Ивет“ (2010), „Обескостена“ (2013)

БЕРТОЛД БРЕХТ (#Германија)

На родените по нас

IНавистина, живеам во мрачно време! Безопасниот збор е глупав. Безгрижното чело

знак е на неосетливост. Оној што се смее само сè уште не ја примил

ужасната вест.

Какво е тоа време во кое разговорот за стеблата е речиси злостор зашто подразбира молчење за толку злодела!

Зарем оној што таму мирно минува улица стварно не е дома за своите пријатели коишто имаат тешкотии?

Вистина: уште заработувам за живот.

Но, верувајте ми: сосема случајно. Ништо од сè што правам не ми дава право сит да си се најадам. Случајно сум поштеден. (Ако ме напушти среќата, ќе бидам изгубен.)

Ми велат: Јади и пиј! Биди среќен што имаш што!

Но како да јадам и пијам кога изеденото го грабам од гладниот, а чашата вода што ја испивам му фали на жедниот?

А сепак јадам и пијам.

Би сакал и да сум мудар.

66

Во староставните книги пишува што е мудро:

да не се мешаш во кавгата на светот и својот кус век да го проживееш без страв.

Да се одржиш и без насилство, на злото да враќаш со добро, своите желби да не ги исполнуваш, туку да ги забораваш

– се смета како мудро.

Јас сето тоа не го можам:

навистина, живеам во мрачно време!

II

Во градовите дојдов во време на нередите

кога во нив владееше гладта.

Меѓу луѓето дојдов во време на буните

и заедно со нив се бунев.

Така измина времето

што ми беше дадено на земјата.

Јадев помеѓу битките, на починка легнував меѓу убијци.

Љубов водев немарно,

а природата ја гледав без трпение.

Така измина времето

што ми беше дадено на земјата.

Патиштата во мое време водеа во мочуришта.

Говорот ме издаваше пред џелатот.

Малку нешта можев. Но властодршците, се надевав, побезбедно ќе си седеа да ме немаше.

Така измина времето

што ми беше дадено на земјата.

Силите беа слаби. Целта

лежеше мошне далеку.

Беше јасно видлива, иако за мене

речиси недостижна.

Така измина времето

што ми беше дадено на земјата.

67

III

Вие што ќе изнурнете од потопот

во којшто ние потонавме, спомнете си, кога ќе зборувате за нашите слабости,

и на мрачново време од кое вие избегавте.

Оти ние одевме, менувајќи ги земјите почесто од чевли, низ војните на класите, очајни

кога само неправди, но не и буни имаше.

А знаеме и самите:

омразата, дури и спрема подлоста, ги унакажува цртите на лицето.

Гневот, дури и оној поради неправда, го прави гласот засипнат. Ах, ние што сакавме да го подготвиме тлото за љубезност, самите не можевме да бидеме љубезни.

Но вие, кога најпосле ќе дојде времето човек на човека да му биде другар, спомнете нè

со трпеливост.

(препев: Пандалф Вулкански) ЕТЕН САВИЦКА (#Белгија)

Свинско мелено (извадок)

Колку свињи под дабовите, колку дабови во шумата, кој ја држи секирата и за кој дел, каде, каде, каде, каде, кукавице моја? во мојот стернум меѓу моите гради се губи работ и од мојот задник

68

тече крв, девственица сум и изгубена, врзана на часовникот, без глава тврдоглава,

со показалецот врз брчките од мојата уста, тишина, не земам ништо од длабочината на џебот и не фрлам ништо што паѓа трепетно

врз мртвите лисје.

(препев: Маргарита Терзијан-Маленкова)

69

ИСТОК УЛЧАР

(#поет #Македонија)

Дела: „Сенки низ циркускиот шатор“ (2014)

ДИМЕ ДАНОВ (#Македонија)

Ego autem non sum dignus

Ти

шеќерна волна, млеко и житарки.

Јас

лажен пророк

и валкан светец

Ти

недопрена роса, магла и ветер.

Јас

груб во чекор

и треперливи раце.

Ти

леш без зборови, потрошена младост.

Јас

анорексичен гулаб

со крилја скршени.

70

Што ме интересира

ДАНИЛ ХАРМС (#Русија)

Песните. Сложувањето на мислите во песни.

Извлекувањето на мислите во песни.

Повторното сложување на мислите во песни.

Прозата.

Просветлението, вдахновението, спознавањето, натсознанието.

Патиштата на успехот.

Изнајдувањето на сопствен систем на движење.

Познавањето на различни непознати науки.

Општите закони на различните појави.

Нулата и ништицата.

Броевите.

Знаците.

Буквите.

Писмата и ракописите.

Сето логички бесмислено и смешно.

Сè што поттикнува смеа.

Глупоста.

Хуморот.

Природонаучниците.

Обележјата.

Индивидуалните празноверја.

Триковите на рацете, но не и триковите со справи.

Убавото однесување.

Човечките лица.

Женската убавина.

Половата физиологија на жените.

Мирисите.

Ликвидацијата на гадливоста. Миењето, капењето и бањите. Чистотата и валканоста.

Храната.

71

Готвењето на некои јадења.

Сервирањето на храната.

Пушењето луле и цигари.

Уредувањето на домот, станот и собата.

Облеката, машка и женска.

Ме интересира: што ги интересира другите луѓе?

Што прават луѓето сами со себе.

Сонот.

Нотесите.

Пишувањето на хартија, со мастило или со молив.

Хартијата, мастилото, моливите.

Дневното забележување на настаните.

Малечки кученца со мазно крзно.

Жените, но само од мојот тип.

Мравјалниците.

Трската.

Водата.

Тркалото. Метеорологијата.

Ме интересираат добри страници од добри томови.

Месечевите мени.

Забележувањето на времето.

Забележувањето на настаните.

Кабала.

Питагора.

(препев: Павел Попов)
72

КАТАЛИН БОГОЕВА

(#преведувачка #Македонија)

Преводи: „Унгарски приказни“ (2012)

ИШТВАН ДОМОНКОШ (#Унгарија)

Бескормилност (извадок)

јас биде

претседатели команданти

од черепот ни стрчат

од маталки рачки

и оди улици громби палто

во воздухот прави

речи-ја-птица салто

расно куче пред пошта

јас надушка кажи-ги-цвеќиња ohne-мирис

јас мисли

јас не оди куќа

се фати за мотика

дигне стандард ’рбет добие

крива линија

графикон

јас навикне

на капиталистичка дисциплина

има два дена слободни

сениште на отказот

седи на ленти производни

тоа беше профитно

73

огромно богатство доби

живот со бинокл на коњски трки заушница ми удри

(препев: Каталин Богоева)

ЕРНЕ СЕП (#Унгарија)

Дај ми рака

Дај ми рака зашто се мурти небото, дај ми рака зашто дува ветрот, дај ми рака зашто паѓа ноќ.

Дај ми рака зашто се растреперив, дај ми рака зашто се зашеметив, дај ми рака зашто се струполив.

Дај ми рака зашто сонувам, дај ми рака зашто тука сум, дај ми рака зашто умирам.

74

ЛЕНЧЕ МИЛОШЕВСКА (#писателка #преведувачка #Македонија)

Дела: „Жедната земја моја“ (1992), „Кадилница на денот“

(1996), „Кумова слама“ (1997), „Камени пораки“ (1999), „Три жени во три слики“ (2001), „Сатанска печурка“ (2008), „Одложена мисла“ (2009), „Аксиос ги дели приказните“ (2010), „Зборот е светлина“ (2015)

Преводи: „Волшебникот од Оз“ – Лиман Френк Баум (1984), „Глувци и луѓе“ – Џон Стајнбек (1986), „Современа канадска поезија“ (1988), „Галебот Џонатан Ливингстон“ – Ричард Бах (1988), „Шекспир во приказни“ – Чарлс и Мери Лам (1990), „Уметноста на љубовта“ – Ерих Фром (1995), „1984 ; Животинска фарма“ – Џорџ Орвел“, „Варава“ – Пер Фабијан Лагерквист (2009)

АРСЕН ДЕДИЌ (#Хрватска)

Не давај се, Инес

Не давај се со годините,

моја Инес, со поинакви движења и навики,      и сè уште собата ти е топла;

пријатен распоред и ретки предмети.

Имаше повеќе вкус од мене.

Твојата соба – убавина – газдарицата ти е во болница.

Секогаш беше различна

по боите на хартијата од своите писма, по подароците,      ме следеше следното утро околу девет до станица.

И се сурива зелениот автобус

туркан од есенскиот ветар, како лист,      низ една белградска надолнина.

75

Во вечерен сум костум и    опкружен од погледи.

Не давај се, младост моја, не давај се, Инес, ти се допаѓа, зар не?

Долго е подготвувано нашето запознавање    и тогаш, случајно, со топла ракија,      и со само неколку реченици лошо прикриена желба.

Твојот начин на госпоѓа и образи на селанка. Простакушо и племкињо моја!

Па твоите гради, кревет,

и мојата соба обесена во воздух како портокал,      како портокалова светилка,

над зелената и модра вода на Загреб; Пролетерски бригади 39, кај Грковиќ.

Навлажена улица од прозорци, подалеку и шум од предвечерни    трамваи.

Убави моменти на носталгија, љубов и сиромаштија,    употреба на заедничка бања

и – ве молам, ако некој ме бара...

Не давај се, Инес – еве ме,    станувам за само да ја превртам плочата.

Дали е тоа непристојно во ваков момент,    Моцарт, Реквием, Агнус Деи...?

За мене е сепак најдраг почетокот.

Располагам со уште милион нежни и безобразни

податоци од нашата младост,      која нас пред сопствените очи нè лаже и краде и напушта.

76

Не давај се, Инес,

искини ја поканата, откажи ја вечерата,    излажи го маж ти одејќи да се исчешлаш      во некој подобар хотел.

Допри ме под масата со коленото,              генерацијо моја, љубовнице.

Знам дека ќе има уште младости, но не повеќе вакви;    во просек 1938-ма.

Јас не ќе имам со кого да останам млад    ако сите остарете

и таа младост тешко ќе ми падне,          а ќе биде сепак дека вие имате право,            зашто сум сам на овој брег

кој го напуштивте и предадовте безволно, а повторно почнува дождот како што веќе врне во октомври на островите.

Море од олово и небо од борови.

Далечни гласови што се мешаат:

гласот од мајка, пријатели, ќерка, љубовници, бродот, братот.

Набрзина собрани алишта пред дождот и исчезна светлината со таа белина.

Уште малку прошетка покрај море и готово. Не давај се, Инес.

(препев: Миле Јовановски-Поречанец)

77

ВИЛИЈАМ ШЕКСПИР (#Англија)

148 (од „Сонети“)

О, што очи сега љубовта ми сменила на друмот, па не можат правата вистина да ја видат!

Или ако ја гледаат, каде ми одлетал умот

па секогаш лажни претстави за јавето ми идат?

Ако е убаво она врз кое лажниот поглед се спушта зошто тогаш за светот истите мерила не вредат?

Ако не е, тогаш љубовта вистината ја кажува сушта, дека окото на љубовта поинаку од светот гледа.

Па и нормално е, зашто како може да гледа здраво кога толку е измачено од гледање и од солзи?

Па затоа не е чудо што и јас не гледам право штом и сонцето не гледа низ облаци кога ползи.

О љубов лукава! Со солзи заслепуваш и се браниш, да не може никој лошите да ти ги види мани.

(препев: Драги Михајловски)

78

ЛИДИЈА ДИМКОВСКА

(#писателка #преведувачка #Македонија)

Дела: „Огнот на буквите“ (1994), „Изгризани нокти“ (1998), „Нобел против Нобел“ (2001), „Скриена камера“ (2004), „Идеална тежина“ (2008), „pH неутрална за животот и смртта“ (2009), „Резервен живот“ (2012)

Преводи: „Небесни птици“ – Василе Андру (2001), „Зборува жената“ – Јуриј Худолин (2002), „Архангел во саѓи“ – Ана Бландијана (2004), „Баналии“ – Бране Мозетич (2004), „Законот на желбата“ – Андреј Блатник (2005), „Суд(бин)ско толкување“ – Алеш Мустар (2007), „Шуми, икони“ – Примож Репар (2007), „Глаголи на сонцето“ – Томаж Шаламун (2008), „Тивко се ниша часовникот“ – Драго Јанчар (2009), „Разбираш, нели?“

– Андреј Блатник (2013), „Имагинарни случки од букурешките улици“ – Константин Абалуца (2013)

АНЏЕЛА МАРИНЕСКУ (#Романија)

Постмодерна фуга 3

Влегов на мала врата во поезијата.

ми се мавтаа под здолништето, божем партали, големите теми, како што е болеста.

болеста се врткаше околу мене уште од дете и ми се вгнезди

во белите дробови и во душата. градите и душата ми се болни.

плукав крв по ѕидовите, ги прскав со облаци од крв прозорците и сакав сосила да влезам во твојата градина.

ми се лизгаа низ вените тевтонските змии на бактеријата јадачка на белодробно ткиво.

те посакував во смртна треска што ми избиваше од очите.

79

би можел ли да ми го растераш сомнежот од душава небаре мала златна двоколка во која е затворена кралицата на твојата душа?

би можело ли оваа двоколка да ја снема нечујно од пред очи токму кога небото се смрачува и грми како човек со помрачен ум?

Боже, ќе преминам преку сите разбирања и закони, па дури и преку трепкањето на твоето лево око кога со невидено уживање го затвораш десното.

ќе преминам и преку тебе. одново и одново.

зошто би водела сметка за тебе кога и онака се вели дека си големото отсуство? но ова отсуство доаѓа како овца, како стадо овци, како воз

полн со затворени животни меѓу камени плочи

и ми се фрла, само еднаш, пред нозе.

Боже, колку било убаво овца на плеќи

да си го трие мевот од моите нозе.

ја украсив задната врата на поезијата со венчиња од мирисливо цвеќе и кожи од одрани животни, си ја украсив портата како што знаев и умеев, ја подмачкав со длабоко езеро и ја обложив со огледала

во кои главата ми изгледа откината од телото

и стои, со ококорени очи, над прозорската рамка на вратата.

ми се скамени главата над вратата излакирана со длабоко езеро.

ми замрзна крвта во главата.

ми се здрви окото од толку гледање.

ми отрпна раката од толку работа.

ми се скамени поезијата.

ако е поезија, тогаш стој со сабја над мојата

неподвижна глава,

80

со ококорени, здрвени очи и со фатена уста.

светлината се провлекува под прагот, надоаѓа,

се пласти и рика:

што и да направиш, каде и да бегаш и колку и да бараш ти си (метафизичка) идиотка во тешки страдања.

ти не ни сакаш да пишуваш, туку само да постоиш, па токму затоа ти велам, треба да пишуваш

за да постоиш и да постоиш за да пишуваш,

ти си златната двоколка што стои пред мојата

скаменета врата.

ти си чаршафот со реси од црна, сјајна волна на масата

о дневната.

ти си дом во внатрешноста на вратата.

а таму стојам јас.

или во мојата внатрешнина стои вратата.

стои потпрена на двете нозе, раширени, со оружје в рака.

застаната на свои нозе стои на мене.

така си мислев додека главата скаменета се врголеше внатре.

(препев: Лидија Димковска)

МАРИНА ЦВЕТАЕВА (#Русија)

Стиховите мои од младоста рана, Кога и не знаев дека сум поет, Сронети ко шурки од фонтана, Како жар од огномет, Како ѓаволчиња мали среде радоста Меѓу сон и темјан и божји храм заскитани, Стиховите мои за смртта и младоста –– Од никого нечитани!

81

Низ подруми под правта век што минат (Кај никој не ги барал да ги земе), Стиховите мои, ко старите вина, Ќе си најдат свое време.

мај 1913 год., Коктебел (препев: Ефтим Клетников)

82

ЛИДИЈА ТАНУШЕВСКА

(#преведувачка #Македонија)

Преводи: „Декалог“ – Кшиштоф Кјешловски и Кшиштоф Пјешевич (2002), „Продавници со боја на цимет“ – Бруно Шулц (2004), „Бела ноќ на љубовта: театарски роман“ – Густав Херлинг-Груѓињски (2006), „Правек и другите времиња“ – Олга Токарчук (2007), „Без догма“ – Хенрик Сјенкјевич (2011), „Продавниците со боја на цимет: Санаториумот во знакот на Клепсидрата“ – Бруно Шулц (2011), „Пишувачот (на Бернхард Шлинк)“ (антологија, 2012), „Талкачи“ – Олга Токарчук (2013), „Цивилизација“ – Ципријан Норвид (2013), „Мистични приказни“ – Стефан Грабињски (2013), „Е.Е.“ – Олга Токарчук (2014), „Империјата“ – Ришард Капушчињски (2014), „Трошка вистина“ – Зигмунт Милошевски (2015)

КАЖИМЈЕЖ ПШЕРВА ТЕТМАЈЕР (#Полска)

Те барам...

Те барам – а кога ќе те видам, Се преправам дека не те гледам.

Те сакам – а кога те среќавам, Се преправам дека не те сакам.

Ќе загинам за тебе – а пред да загинам Ќе викнам дека гинам случајно...

(препев: Лидија Танушевска)

83

Јас сум Јулија Имам 23 години

Еднаш љубовта ја допрев, Вкусот горчлив ѝ беше

Како филџан црно кафе Ритамот на срцето

Ми го забрза

Живиот организам мој

Го раздразни

Мислите

Ми ги збрка

Си замина

Јас сум Јулија

На високиот балкон

Надвисната

Извикувам врати се Врескам врати се Ги валкам

Прегризените усни

Со бојата на крвта

Не се врати

Јас сум Јулија

Имам илјада години

Жива сум –

(препев: Лидија Танушевска)
84
ХАЛИНА ПОШВЈАТОВСКА (#Полска)

Дела: „Ќе“ (2013)

МАНЕ МАНУШЕВ

(#поет #Македонија)

ГАБРИЕЛ РОЗЕНСТОК (#Ирска)

Вчера

Те сакав утре, вчера ќе те сакам, сите времиња се во тебе и прави со нив што ќе посакаш, уништи ги.

(препев: Мане Манушев)

Низ пегавата земја (извадок)

КОЛМ БРЕНАХ (#Ирска)

На патот помеѓу два града од кои секој има две имиња читам зборови на знаци.

Патувам низ пегавата земја и секој град овде има две имиња.

Claonadh – Клејн Cill Dara – Килдер

85

Baile Dháith – Литлтон

Cúil an tSúdaire – Портарлингтон

Родното име со закосени букви кажува за локалната историја, родното име во помал натпис придушено кажува и бавно избледува.

Помеѓу две нијанси, помеѓу две имиња, помеѓу два погледа помеѓу два збора

помеѓу два јазика

помеѓу два света, го живеам мојот живот

помеѓу два живота.

(препев: Мане Манушев)

86

МАРГАРИТА ТЕРЗИЈАН-МАЛЕНКОВА (#преведувачка #Македонија)

Преводи: „Човекот што се смее“ – Виктор Иго (1972), „Вториот пол“ – Симон де Бовоар (1989), „Небото беше црно над Еуфрат: наследници на заборавената земја“ – Жак дер Алексанjан (1992), „Љубовникот“ – Маргарет Дирас (1995), „Вештицата од Портобело“ – Пауло Коелјо (2007), „Вител“ – Кетрин Коултер (2008), „Ветерници на боговите“ – Сидни Шелдон (2008), „Љубов во време на колера“ – Габриел Гарсија Маркес (2009), „Самрак“ – Стефани Мајер (2009), „Африканецот“ – Ж.М.Г. Ле Клезио (2009), „Победникот е сам“ – Пауло Коелјо (2009), „Тристан умира“ – Антонио Табуки (2009), „Се викам Арам“ – Вилијам Саројан (2010), „Помрачување“ – Стефани Мајер (2010), „Девојката со тетоважа на змеј“ – Стиг Ларсон (2010), „Ангелот чувар“ – Пауло Коелјо (2010), „Боговите се жедни“ – Анатол Франс (2012), „Фама за велосипедистите“ –Светислав Басара (2012), „Бувар и Пекише“ – Гистав Флобер (2012), „Пеењата на Малдорор“ – Лотреамон (2012), „Забавата може да почне“ – Николо Аманити (2012), „Деликатно злосторство“ – Сержио Сент’Ана (2013), „Троглодитни тинејџери“ – Емануела Пагано (2014), „На плоштадот Дијамант“ – Мерсе Родореда (2014), „Планетариум“ – Натали Сарот (2014), „Габриела, каранфилче и цимет“ – Жорже Амадо (2014), „Ракопис за вториот настанок“ – Мануел де Пердоло (2014), „Животот пред нас“ – Ромен Гари (2014), „Ру“ – Ким Туи (2014), „Враќањето“ – Дулсе Марија Кардозо (2014), „Чума, Побунетиот човек“ – Албер Ками (2014), „Обескостена“ – Изабел Вери (2015), „Романтичен егоист: антидневник“ – Фредерик Бегбеде (2015), „Што да сторам кога сè гори?“ – Антонио Лобо Антунес (2015), „Нана“ – Емил Зола (2015)

87

Барбара

Си спомнуваш ли Барбара

Тој ден над Брест чиниш од ведра

Без престан врнеше

А ти надождена занесена и ведра

Насмевната врвеше

Под јадрите на дождот капки

Со услупни лесни стапки

Сети се Барбара

Те сретнав на улицата Сијама

Ти се смееше

И јас се смеев

Си спомнуваш ли Барбара

Не сум те познавал јас

Ни ти мене до оној час

Си спомнуваш ли Барбара

Ах сети се ти

Сети се на оној ден

Поројно надојден

О не заборавај го

Под една капија стара

Еден човек засолнет

Го викна твоето име

Барбара

И ти истрча кон него

Цапајќи по една бара

Надождена ведра и занесена

И в прегратка му се фрли прелесна

Си спомнуваш ли Барбара

Не лути се што ти се обраќам на „ти“ Зашто јас му се обраќам така

На секој што го сакам

88
ЖАК ПРЕВЕР (#Франција)

Па макар сал еднаш да сум го видел Во животот

Зашто на „ти“ му се обраќам

На секој што го сакам

Па дури и кога не го познавам

Спомнувај си Барбара спомнувај

И никогаш не го заборавај

Тој дожд толку благ и среќен

На твоето лице среќно

Над градот толку среќен

Тој дожд над морето

Над арсеналот и над секој стан

Над бродот од островот Уесан

О Барбара

Голема ороспија е војната

Голема маскара

И што станува сега со тебе

Под дождот од железо

Од оган челик и крв

Во времето изгубено

А оној кој те стегаше в прегратка

Заљубено

Дали умрел исчезнал или уште е жив И уште завидлив те бара

О Барбара

Уште врне дожд над Брест

Тогаш како што врнеше

Но тоа не е исто зашто урнато е сè Тоа се сал посмртните капки дождовни

Ужасни и очајни

А веќе го нема ни тој порој од страв Од железо челик и крв

Туку просто сал тие тмурни облаци

Кои се раскинуваат како пци

Како пците што ги носи

Водната струја на Брест

89

Во далечни страни да гнијат

Мошне далеку од Брест

Каде што сè урнатините кријат

(препев: Паскал Гилевски)

За тебе, љубов моја

Отидов на пазарот за птици

и купив птици за тебе

љубов моја Отидов на пазарот за цвеќиња

и купив цвеќе за тебе

љубов моја

Отидов на пазарот со железо

и купив верига тешки окови за тебе

љубов моја Отидов на пазарот за робови

и те барав тебе но не те најдов таму љубов моја

(препев: Паскал Гилевски)

90

МАРКО ПОГАЧАР

(#поет #Хрватска)

Дела: „Пијавици над Санта Круз“ (2006), „Посланија до обичните луѓе“ (2007), „Предмети“ (2009), „Атлас на гласови“ (2011), „Зашто ние сме многу“ (2011), „Бог нема да помогне“ (2012), „Црна покраина“ (2013), „Југотон гори!“ (2013), „Хрватска млада лирика“ (2014)

ОТО ТОЛНАИ

(#Србија #Унгарија)

Се плашам дека исклучок сум ти

те молам господе не спасувај ме мене помажествено ќе е така

не спасувај ме мене

иако ќе се молам

првиот смртен грев на покајничко учениче

ќе преколнувам бескрајно

не спасувај ме мене

иако некогаш полни ќе ги исплачам

сите твои садови

ќе ги наполнам и вдлабнатините на твоите напрстоци

и на распаднатите хектолитарски буриња

ќе јачам и липам

дур’ ги наполнам сите твои црни дупнати чорапи

те молам господе не спасувај ме мене

остави го стаорецот

ко вреден работник да рие

да си изгризе пат од мојот стомак

остави го волкот

длабоко во себе го затворив

само ми го џвака лицето

наместо тоа уживај во нас

91

како што сè уште не си уживал во страста на вљубен пар те молам господе не спасувај ме мене чуј ми ја молитвата ко звук на мраз што се крши те молам не спасувај ме мене знам дека и онака никој никогаш не си спасил но се плашам јас исклучок сум ти те молам не спасувај ме мене те молам господе не спасувај ме мене (препев: Каталин Богоева)

ТОМАЖ ШАЛАМУН (#Словенија)

Зачудени очи

Катка, одлична ученичка, доби ЗАЧУДЕНИ ОЧИ. Томаж, одличен ученик, доби ЗАЧУДЕНИ ОЧИ. Катка, пинг-понг шампионка, доби ЗАЧУДЕНИ ОЧИ. Томаж, едриличар, доби ЗАЧУДЕНИ ОЧИ. Катка, Дедо Мраз на четиринаесеттиот реон, доби ЗАЧУДЕНИ ОЧИ. Андраж, одличен ученик, доби ЗАЧУДЕНИ ОЧИ.

Јас веќе пола година

сум без нови ЗАЧУДЕНИ ОЧИ. Андраж, виолинист, доби ЗАЧУДЕНИ ОЧИ. Татко ми постојано заборава што купил, па четирите примероци се негови приватно. Драг приморски роднино Франце Бевк!

Во нашата куќа има дванаесет примероци од твојата книга и сакаме уште!

(препев: Лидија Димковска)

92

МЕРИ КИЦОВСКА

(#преведувачка #Македонија)

Преводи: „101 Рејкјавик“ – Халгримур Хелгасон (2013)

ДОЛОРИС ОРИОРДАН И НОЕЛ ХОГАН (#Ирска)

Лебди

Кога би можел да се вратиш, не Дозволувај да гори, не дозволувај да Згасне.

Сигурна сум дека не сум груба, до Твојот однос е, Ме срозува, руши сè Се заколнав дека ќе Бидам верна, а љубов моја, и ти исто Така.

Па зошто ја држеше за рака? Тоа ли е Начинот на кој функционираме?

Цело време ли лажеше? Сето ова за тебе беше само игра?

Но веќе сум навлечена. А за тебе сум Само една обична будала.

Мора ли да оставиш да лебди?

Мора ли, мора ли да оставиш да лебди?

Ох, го замислував светот со тебе, Не помислував дека ќе тргне наопаку

Но згрешив. Згрешив.

Кога би можел да се обидеш да не лажеш

Нештата не би биле толку конфузни и Не би се чувствувала искористено

Но ти отсекогаш си знаел дека јас Сакам да бидам со тебе.

93

Но веќе сум навлечена. А за тебе сум Само една обична будала Ме смота околу малото прсте И остави сè да лебди.

(препев: Мери Кицовска)

ХАЛДОУР ЛАКСНЕС (#Исланд)

Ослободен од далечината

Еднаш сакав една девојка сјајна

Која беше моја, многу одамна

Со разиграни кадрици на нејзиното чело Со мил глас и тивок

Нејзините очи топли и сјајни

Нејзините завети нежни

Како што блеска насмеаното сонце Нејзините поклонувања до долу

Во нејзините образи црвената крв бликаше Крв црвена во снегот

Уништена судбина на љубовта, верувам дека е Почувствувана многу одамна

Во земјата ги легнаа моите најмили Во земјата легнати длабоко

Сиот мој живот е трудот мрачен Во земјата легнати длабоко

Сиот мој живот е трудот мрачен Осамен сега талкам

(препев: Мери Кицовска)

94

МИЛИЦА МИРКУЛОВСКА (#преведувачка #Македонија)

Преводи: Избрани раскази – Хенрик Сјенкјевич (2002), „Родната Европа“ – Чеслав Милош (2009), „Булеварот на Независноста“ – Кшиштоф Варга (2013), „Бел гавран“ – Анджеј Сташук (2015), „Обвинета: Вјера Гран“ – Агата Тушињска (2015), „Грешни уживања“ – Јежи Пилх (2015)

КШИШТОФ КАМИЛ БАЧИЊСКИ (#Полска)

Магија

Чадот проектира сенки, ликови и коњи Над разлеаниот огин, развивајќи си ја гривата

Жолти пламења повикуваат: „Во ѕвездите зелени

Те преколнувам, демону, Ахарбалу – дојди!“

Тогаш во осамената рамка на сликата настапува

Дух огромен во сини искри

И, како во стапица фатен, стои

Во облаци напрегнати, и ја расфрла насекаде Пареата што го исполнува

И тогаш тој во сивило

Низ вознемирувачката тишина и сенки што гушат „Ахарбалу – проколнува – низ оваа тешка пареа, Aхарбалу – проколнува –Bрати го сеќавањето за неа!“

Па во блесокот на искрите се извиваат румените

Контури на надуените гради, на разотворените усни, Црните веѓи. Тогаш од неговата

Наназад зафрлена глава, продираат очи

Како да се солзи во кои се огледува една слика,

95

Сè помалечка; и плаче: „О, зла среќо!“ А таа веќе како камен одекнува во ноќта.

(препев: Инес Дамеска)

О, дојди ми

О, дојди ми, љубена, барем на сон, пролетта цветови распосла толку бело, толку рано, о, дојди ми и подај ми рака, црна, помрачена од бел цвет, вода од реки.

Јас овде тагувам, а ти си негде далеку, потокот златест на сознанието се одлева како река

дрвјата низ снег негде плачат... далеку....

(препев: Андреј Јованчевски)

96
.....................

МИЛЧО МИСОСКИ

(#поет #Македонија)

Дела: „Чекајќи го ангелот“ (1991), „Записки“ (2013)

ЉУБОМИР ЛЕВЧЕВ (#Бугарија)

Нежност

Сè е како тебе.

Времето чувствува болка.

Како тебе.

Се плашам да ти кажам

но времето се менува...

Како тебе.

Можеби ти недостасуваат децата. Грижата за нив. Вразумувањето...

Да ги нема.

Останаа само љубовта и тревогата.

А причината ја нема.

А ти

со кого зборуваш?

Со причината, нели?!

Го караш она тажно облаче

– Внимавај!

Малечок си, ќе паднеш.

И ќе се престориш во магла и сињак.

На горскиот поток му се срдиш:

Пак си газел во реката.

Студен си! Веднаш излези на сонце!

Поспокојно, мила.

Тие се како мене.

Тие исто така се плашат да ти кажат

97

дека времето се менува

И ти си станала дете,

кое изигрува строга мајка

во театарот на нашите сенки.

Но јас што да правам

кога веќе ја заборавив својата улога!

И кога само нежноста ја помнам.

(препев: Бранко Цветкоски)

Слободно небо или седмата смрт

Прозрачни и расфрлани и уште топли, Се пустеа облаците.

Таму спиеше ти?

Останато е од тебе уште само

Здивот на небото и слободата.

А пак од косата ти паднала Свилената панделка на залезот. Каде си?

Ако го бараш својот шепот

Јас ти го зедов Го држам во шепата Наречена душа.

Го држам таму Како штурец

И тој ми пее шепнешкум:

Љубовта, колку една песна –Тоа е сон

на дете што првпат месечината ја бакнало, Нашата учителка по безумие.

Љубовта, колку две песни –

Тоа сме ние, Јас и ти, Пред да се сретнеме. Нели?

98

Љубовта колку три песни –Тоа е бистар речен премин по којшто нема веќе враќање.

Ниту во татковата куќа, Ниту во твојата стара суштина.

Љубовта колку четири песни –Тоа е атавизмот на срцето.

Тракиска бура. Колешница.

И стрела спроти Небото.

Љубовта колку пет песни –Тоа е пропаста на нашиот самозаборав, И којшто падне, тој останува.

Љубовта колку шест песни –

...од испуканата усна Вкус на

– крв.

Љубовта колку седум...

О, тоа Светата, Магична мачка –Вардачката на египетските гробници, Којашто има седум умирачки.

И нѐ гледа...

Тивко!

Љубов колку еден молк –Тоа е мојата љубов.

И ти ја знаеш. 1989.

(препев: Гане Тодоровски)

99

МИХА МАЦИНИ

(#писател #Словенија)

Дела: „Бендот на Очка Орел“ (1981), „Трошки“ (1987), „Музики“ (1989), „Колекционерот на имиња“ (1993), „Круната на сатаната“ (1993), „Времето е голема чоколадна торта“ (1999), „Кралот на тропачки духови“ (2001), „Домашна достава“ (2002), „Дрво на гласови“ (2005), „Чисти моменти“ (2007), „Лет за Рим“ (2008), „Германска лотарија“ (2010), „Духови“ (2010), „Ако не ти се допаѓа овде, исели се“ (2011), „Прстот“ (2012), „Палома негра“ (2012), „Полни календари, празни денови“ (2012), „Избришана“ (2014), „Само смеата може да нè спаси“ (2014)

БОРИС А. НОВАК (#Словенија)

* * *

Моментот е вечност во прав.

ГРЕГОР СТРНИША (#Словенија)

Врба

I

Ти никогаш нема да умреш, бидејќи и врбата не умира.

– Тука некогаш стоеше врба, вели некој и заминува.

За Тео

100

Но крај бесконечната река, која зад неа е темна, шумна, во своите убави, лисни клетки иста врба уште стои.

Ова е жива магија

на земјата, водата и небото, да вознемирува, да убива, никогаш ништо да не разорува.

II

Во маѓепсано кралство сме

да се разбере земјата, шилестите ѕвезди.

– Бела куќа во бел град, не, палата до небото.

Каде што стои високата палата, некогаш растеше дрво.

Не, низ ѕидовите, прозорците, вратите, дабот сè уште навлегува во ноќта.

И затоа сината палата

навечер понекогаш е како привидение. Секој цврст и зелен желад на дабот го руши, го пљачка белиот ѕид;

Понекогаш во дождлива пролет, кога шеташ околу градот, го откриваш минливиот допир на животните, во дланката за миг чувствуваш рог.

Во сенката до твојата маса

– пази да не влезеш внатре –

101
III

има иглест мравјалник

и зад тебе вгнезден страв.

Тече древната река, стара колку ридот над неа.

И оваа рака и ова движење

ќе постојат кога тебе ќе те нема.

IV

Ова е страшна магија

на земјата, водата и небото.

Во зимските ноќи кога од ѕидот шепоти дабот.

Понекогаш некој среде бел ден, кога е со други луѓе во соба, со светлината од летото, гранка од дабот зашумува.

Станува, го допира челото со раката, погледнува долу на улицата –само тие што излегуваат од прозорецот, тие засекогаш умираат.

V

Таа рака, прстите што ја движат, ќе постои кога тебе ќе те нема.

Ти ќе бидеш иста, жива, и кога веќе ќе те нема.

Трнорушка живее ли?

Иако не, сепак е жива. Станува од трње и пепел како месечината од ноќта.

102

И кога сонцето почнува да грее, како би можела врбата да умре?

Ниту есента не ги зема листовите.

Ти никогаш нема да умреш.

(препев: Драгана Евтимова)

103

НАТАША САРЏОСКА

(#поетеса #преведувачка #Македонија)

Дела: „Сината соба“ (1999), „Кожа“ (2013), „Тој ме повлече со невидлив конец“ (2015)

Преводи: „Пинокио“ — Карло Колоди (1999), „Жената од Порто Пим“ — Антонио Табуки (2002), „Индиско ноктурно“ — Антонио Табуки (2002), „Ерусалим“ — Гонсало М. Тавареш (2012), „Годината на смртта на Рикардо Реис“ — Жозе Сарамаго (2013), „Утрото на светот“ — Педро Гиљерме Мореира (2013), „Сеќавањата на манастирот“ — Жозе Сарамаго (2014), „Исповедта на Лусио“ — Марио де са Карнеиро (2015)

МАРИО ЛУЦИ (#Италија)

Не оди си

Не оди си не оставај ја својата еклипса во мојава соба.

Она што те бара е сонцето, тоа нема милост за твоето отсуство, сонцето те наоѓа дури и во најобичните места

каде што си поминала,

во оние места што си ги напуштила

и во оние каде што неочекувано си отишла гори

и го едначи со нула сиот тој твој горешт ден.

А сепак бил, постоел,

104

ниту еден час нејзин не бил залуден.

(препев: Наташа Сарџоска)

ФЕРНАНДО ПЕСОА (#Португалија)

Љубовта кога се открива

Љубовта кога се открива

Не знае да се открие.

Умее добро да гледа во неа, Но не умее да ѝ проговори.

Оној што ќе посака да искаже што чувствува Не знае што треба да каже.

Говори: се чини дека лаже...

Молчи: се чини дека заборавил...

Ах, но кога таа барем би насетила, Кога би можела да слушне или да види И кога само еден поглед би ѝ бил доволен За да знае дека ја љубите!

Но оној што многу чувствува молчи; Оној што сака да каже колку чувствува Останува без душа и без реч, Останува сам, целосно!

Но кога барем ова би можел да ѝ го раскажам Она што не се осмелувам да ѝ го кажам, Тогаш не ќе треба повеќе да ѝ зборувам Оти веќе ѝ говорам...

(препев: Наташа Сарџоска)

105

НИКОЛА МАЏИРОВ

(#поет #преведувач #Македонија)

Дела: „Заклучени во градот“ (1999), „Некаде никаде“ (1999), „Во градот, некаде“ (2004), „Преместен камен“ (2007)

Преводи: „Природен роман“ — Георги Господинов (2003), „Внатрешна слобода“ — Аленка Зорман (2006), „И други приказни“ — Георги Господинов (2006), „Лесно ми е да бидам полоша“ — Антонија Новаковиќ (2008), „Бездната на едно отсуство“ — Марам ал Масри (2009), „Врата и збогување“ — Ли-Јанг Ли (2009), „Луѓето без иднина ги љубат луѓето без минато“ — Јехуда Амихај (2010), „Балади и распади“ — Георги Господинов (2011), „Предмети“ — Марко Погачар (2012), „Хотел Загорје“ — Ивана Симиќ-Бодрожиќ (2012), „Нешто не е во ред?“ —Татјана Громача (2012), „Суровост“ — Ивица Пртењача (2012), „Агрегатна состојба“ — Звонко Маковиќ (2013), „Аритмија“ — Делимир Решицки (2013)

ЈАНИС РИЦОС (#Грција)

Речиси совршеност

Знаеш, смртта не постои – ѝ рече.

Знам, да, сега кога сум мртва – му одговори.

Твоите две кошули се испеглани, во орманот.

Единственото нешто што недостига е мала ружа.

НИКИТА СТАНЕСКУ (#Романија)

Тажна љубовна песна

Само мојот живот вистински ќе умре по мене, некогаш.

106

Само тревата го знае вкусот на земјата.

Само на мојата крв вистински ѝ недостига

моето срце кога си заминува.

Воздухот е висок, ти си висока, мојата тага е висока.

Доаѓа време кога коњите ќе умрат.

Доаѓа време кога машините ќе остареат.

Доаѓа време кога ќе паѓа студен дожд и секоја жена ќе ја носи твојата глава и облека.

Една голема бела птица доаѓа исто така и ја снесува месечината на небото.

(препев: Никола Маџиров)

ЧЕСЛАВ МИЛОШ (#Полска)

Овој свет

Испаѓа дека ова беше недоразбирање. А буквално ова беше само проба.

Реките веднаш ќе се вратат на своите извори, Ветрот ќе запре во своето кружење.

Дрвјата наместо да цутат ќе растат кон своите корења.

Старците ќе се затрчаат кон топката,

Ќе се погледнат во огледалото и одново ќе бидат деца.

Мртвите ќе се разбудат, не сфаќајќи го тоа.

Додека сè она што се случило не се врати во претходната состојба.

Какво олеснување! Здивнете, вие кои долго страдавте.

(препев: Никола Маџиров)

107

РАДИЦА НИКОДИНОВСКА

(#преведувачка #Македонија)

Преводи: „Продавница на тајни“ – Дино Буцати (2005), „Татарска пустина“ – Дино Буцати (2007), „Паломар“ – Итало Калвино (2008), „Еден, ниеден и сто илјади“ – Луиџи Пирандело (2008), „Пепел“ – Грација Деледа (2009), „Евтини стихови“ –Гаетано Лонго (2010), „Песни“ – Елена Рибет (2010), „Песни“ –Лука Бенаси (2010), „Семејството Малаволја“ – Џовани Верга (2012), „Хенри IV“ – Луиџи Пирандело (2013), „Ослободениот Ерусалим“ – Торквато Тасо (2015), „Татарска пустина“ – Дино Буцати (2015)

ГАЕТАНО ЛОНГО (#Италија)

По бурата

Те чекам и те среќавам

те видувам и те гледам

те барам и те губам

те наоѓам и се губам

во длабочината на твоите очи.

Те помнам и не заборавам

тука си и кога те нема

се смееш и кога не се смееш

те измислувам и кога не сакаш

и усните мои те допираат

и кога не успевам да те измислам.

Меѓу соништата и тебе

само мојот здив.

Околу тебе и околу мене

сладок љубовен оков.

И одново почнуваме

108

ден по ден секој ден ти и јас

како две вљубени мачиња кои ја цицаат светлината

на една далечна ѕвезда.

(препев: Радица Никодиновска)

ТОРКВАТО ТАСО (#Италија)

Роса

Дал’ роса, дал’ плач, дал’ солзи се тие, што од плаштот ноќен

и од блескавото лице на ѕвездите капат?

И зошто месечината сјајна кристални ѕвезди по небото постила чисто и свежа трева во скутот?

Зошто од воздухот мрачен развигорче жално дур’ до зори дува?

Знаци ли тоа беа на заминувањето твое, животу на мојот живот?

(препев: Радица Никодиновска)

ЧЕЗАРЕ ПАВЕЗЕ (#Италија)

Ќе дојде смртта и ќе ги има твоите очи

Ќе дојде смртта и ќе ги има твоите очи –

смртта што од утро до вечер нè следи, будна,

109

како дамнешно каење глува

или како навика глупа. Празен збор очите твои ќе бидат, нем крик, тишина.

На такви ти личат секое утро

кога в огледало во себе ќе се внесеш. О, надеж мила, тој ден и ние ќе дознаеме дека си живот, дека си ништо.

За секого смртта поглед има.

Ќе дојде смртта и твоите очи ќе ги има.

Ќе биде како од навика да си се одвикнал некоја, како во огледалото мртов некој лик

да гледаш како се појавува, како да слушаш усна неподвижна.

Молкум во провалијата ќе слеземе.

(препев: Радица Никодиновска)

110

РОДНА РУСКОВСКА

(#преведувачка #Македонија)

Преводи: „Сагата за Јоста Берлинг“ — Селма Лагерлеф (2009), „Мојот живот како куче“ — Реидар Јонсон (2012), „Повторно дома“ — Анти Тури (2013), „Големото финале во измамничкиот занает“ — Шерштин Екман (2013), „Елен, Полската Глувчица и тајната“ — Марија Френсборг (2013), „Посетата на дворскиот лекар“ — Пер Улоф Енквист (2014), „Сплендорвил“ — Елен Матсон (2014), „Змија“ — Стиг Дагерман (2015), „До последен здив“ — Ане Сверд (2015)

АН ЈЕДЕРЛУНД (#Шведска)

Зборувањето е недоволно. Монотонијата го прави изобилно. Излегува низ очите, продира во секоја нишка.

Се спротивставував. Како ниска форма. Се инфилтрира, а не постои. Што и да е тоа што е.

(препев: Родна Русковска)

Зошто не сме во рајот?

Умирам. Длабоко однадвор. Надвор од себе.

Умирав и вчера, а и откако се родив. Не се родив од себе. Се уништувам.

Моето тело расчеречува сè што поседувам. Не можам да бидам внатре во него.

(препев: Родна Русковска)

111

САВО КОСТАДИНОВСКИ (#писател #Македонија #Германија)

Дела: „Лето во родниот крај“ (1980), „Копнежи“ (1989), „Кафез без птици (Од Ботуше до Келн)“ (1990), „Децата на светот“ (1990), „Песни“ (десет збирки во еден том, 1991), „Песни од Ботуше“ (1992), „Песни“ (десет збирки во еден том, 1993), „Порече“ (1995), „Илјада и една носталгија“ (2001), „Поезија на поезијата“ (2002), „Трите века“ (2005), „Роден крај со срце“ (2005), „Заедно со Филип“ (2013), „Разговори со Бети“ (2013), „Вечен глас“ (2014), „Стихувани години“ (2014), „Писма до Филип“ (2014), „На одмор кај Филип“ (2014), „Секогаш со Филип“ (2014), „Филип е прваче“ (2014), „Како Филип ја научи азбуката“ (2014), „Бисерчиња за Бисера“ (2014), „Живот за Ботуше“ (2014), „Песни од Келн“ (2014)

БАРБАРА-МАРИЈА КЛОС (#Германија)

Елегично

Ноќта беше кратка

ние си легнавме како

две солзи во денот

кога јас раката

за разделба ја дигнав

твоето срце протрча

низ моите прсти.

И

го почувствував

– вкоренето –ударот на твоите прсти.

(препев: Саво Костадиновски)
112

РЕЗА КШАТРУС (#Германија #Иран)

Љубов

Морничаво

како некоја кобра со лошиот јазик

кога сака да укаса

Питомо

како некој паун со тркало од илјада бои

кога сака да пее

Евтино

како некој црно-бел сон

Скапо

како победен народ

Љубов

(препев: Саво Костадиновски)

113

СЛАВИЦА ГАЏОВА-СВИДЕРСКА (#поетеса #преведувачка #Македонија)

Дела: „Бесконечност“ (2001), „Писма“ (2012), „Политики на љубовта“ (2015)

Преводи: „Подемот и падот на Паркинсоновата болест“ — Светислав Басара (2010), „Бегство од биографија: живот во осум имиња“ — Владислав Бајац (2010), „Срце толку бело“ — Хавиер Маријас (2011), „Се случи на први септември (или некој друг ден)“ — Павол Ранков (2014), „Ексцентричен универзитет“ — Станислав Ракус (2014), „Џин“ — Мартин М. Шимечка (2014)

ВЛАДА УРОШЕВИЌ (#Македонија)

Љубовници што спијат по љубовта

Во нивната крв може да се препознае море исто солено и исто сонливо како тие.

Минувачите не забележуваат:

на шестиот кат како ништо да не се крие.

Во собната полутемнина заоѓаат планети

родени во сјајот, бесконечни светови се множат.

Минувачите минуваат, кој ќе сети дека во куќата

што посивува под дождот

прекрасни ламји стојат со гемии

и магнетни стрели покрај острови што се искреваат и тонат

заедно со сонот

114

Далеку долу под љубовниците

кои од бескрајот ништо не ги дели минуваат минувачите заглушени од камионот

ХУАН РАМОН ХИМЕНЕС (#Шпанија)

Ти светлина

Светлина извишена, светлина ти.

Светлина вишна ти, светлина златна, светлина трепетна светлина ти.

А јас пак, црна, слепа, глува, нема, водорамна сенка.

(препев: Матеја Матевски)

115

СНЕЖАНА СТОЈАНОВА

(#поетеса #Македонија #Австралија)

Дела: „За сите овие години“ (2010) ЖАК ПРЕВЕР (#Франција)

Парк

Илјадници и илјадници години не би биле доволни

да се опише

Кратката секунда на вечноста

во која ти ме бакна

во која јас те бакнав

во едни зимски мугри во паркот Монсури

во Париз

на земјата

На земјата која е ѕвезда.

(препев: Паскал Гилевски)

ФЕДЕРИКО ГАРСИЈА ЛОРКА (#Шпанија)

Газела за очајната љубов

Ноќта не доаѓа

за да не дојдеш ти

и за да не дојдам јас

Но јас ќе дојдам дури и

од сонцето на скорпијата голтнат

116

Но ти ќе дојдеш со изгребан јазик од дождовите на солта.

Денот не доаѓа

за да не дојдеш ти

и за да не дојдам јас

Но јас сепак ќе дојдам

на жабите давајќи им го скинатиот

каранфил свој.

Но ти ќе дојдеш

низ темни улици на ноќта.

Ни ноќта ни денот иде

по тебе за да умрам

и по мене мртва да бидеш.

(препев: Матеја Матевски)

117

СОТИР РИСТО

(#писател #Македонија)

Дела: „Ноќ на шепотите“ (1997), „Продолжено образование“ (2009)

СЕРГЕЈ ЕСЕНИН (#Русија)

* * *

Можеби доцна, можеби мигот беше ран, Не се мислев со години на ред, Почнав да личам на Дон Жуан, Како вистински ветрушка-поет.

Што ли се случи? Што ли ми стана? Секој ден во нечиј друг скут, Вознемирен од прељубата на таа дама, Постојано си бев на себе лут.

Отсекогаш сум сакал срцето да неми Во тие чувства нежни и прости, Што ли барам во очајот на тие жени –Лекомислени, лажни и пусти?

Презиру мој, дојди да ме скриеш Секогаш сум бил од тебе обележан.

Во душава клокоти ладен вриеж И шушкање на синиот јоргован.

Душава ми е со лимонова светлина на зора, Порака иде низ маглата – слушни ја –За слободата на чувствата да се врати мора, Дон Жуан, фрлената ракавица прими ја.

118

И спокојно го прифаќам тој предизвик Дека ми е сеедно сега гледам –Виулицата или на мајскиот цвет лик, Љубовта и чувствата не ги следам.

Така се случи, ете тоа ми стана, Секој ден во нечиј друг скут, Среќата не ја залечи таа рана, Од прељубата отровот лут.

13 декември 1925

(препев: Емил Ниами)

Ако

СЛАВИЦА ГАЏОВА-СВИДЕРСКА (#Македонија)

Ако си воздух а јас вода

ќе испарам

Ако си вода

а јас воздух ќе заврнам.

119

СУЗАНА В. СПАСОВСКА

(#поетеса #Македонија)

Дела: „И љубов и заговор“ (1996), „Смртно писмо“ (2004), „Божествена жена“ (2006), „Низ темјанот, еден лилјан“ (2014)

АСЈА БАКИЌ (#Босна и Херцеговина)

Западноевропска новоградба

Исус

прицврстен со клинци за бетонскиот ѕид

страда од поголеми маки:

наместо крст на грбот носи

цел станбен блок

(препев: Иван Шопов)

ДЕНИСА ДУРАН (#Романија)

Автобусот бавно продолжува

Автобусот бавно продолжува

низ неделниот прегорен

есенски воздух.

Се качува жена со детенце в раце, мало и стуткано помеѓу мевот

и градите.

120

Лисјата паѓаат. Возачот на радио слуша литургија.

(препев: Лидија Димковска)

121

СУЗИ ТЕНЕВА

(#поетеса #Македонија)

Дела: „Кантовото разграничување меѓу убавото и возвишеното“ (2011), „Мисли и зборови“ (2014) ПЕТРЕ М. АНДРЕЕВСКИ (#Македонија)

Уште едни податоци за Дениција

Дениција ме опчекуваше од сегде и секаде како дневната светлина што ми ја враќаше сенката: мојата одмена и мојата друга промена.

Јас по цел ден не зборував за да мислам само на неа и на нејзиното лице над кое се грабаа

сите мирисни води и утрински сапуни.

Таа беше нотен клуч пред пролетните клучалници, бел гулаб во изворот и небесна овошна обетка

и мракот што го раскостува мракот.

Таа беше учителка по дишење во сите

челичарници, на сите жетви и косидби, на сите спортски натпревари.

Таа можеше кај што сака да ја задржи ровјата

и да го пренесе дождот кај што ќе помисли и да го спушта копното и да го поткрева небото

и да каже каков снег ќе паѓа во иднината.

Поради неа сè уште имаше луѓе без свои луѓе и луѓе без своја татковина.

Поради неа секој ѕвек на новиот босилек им се јавуваше како пријател на тажните и уплаканите.

122

Поради неа сè уште не може да се дознае дали е постаро јајцето или пилето, гладот или жедта.

Поради неа и не пресушуваа корзата по градовите, поради неа и јас дишев како што дишеше таа, оти таа ми ја одржуваше земјината тежа.

Нејзините дојки беа и земни полови

и сè што имав загубено беше меѓу нив пронајдено.

Таа имаше свој ракопис, свои гатанки и балкони, таа имаше свој терезија и свои магнетни полиња, како и песната што имаше своја песна.

Таа беше дулец што ги разведува небесните клaденци.

И поведение на копривата, расонета во љубовната возбуда.

Нејзината исхрана беше под заштита

на сите народи

и кај што ќе запреше таа – таму се градеа и нови населби.

И кога сè спиеше, нејзината убавина беше будна

и неа сите вилаети ја сонуваа во продолженија.

Таа беше време на моето време, а јас само сведок на нејзиното столетие.

ФРАНСИСКО БРИНЕС (#Шпанија)

Зборови за една разделба

Будна е светлината

и во очите се вовлекуваат контурите на ридот, а кликот на птиците го занесува увото идејќи од градините влажни.

Населбите бели на брегот, среќни од плотност и младост, далечни, покрај морето, дишат.

123

Јас не сум таму, но тоа што беше го сакам: радоста жива, избришаните чувства, сега кога времето во градината во сенките се прибра

и мирисот на ружите во воздухот се крева. Има чадови бели и смирени гулабици

во висината, и гласови што се оддалечуваат, за една разделба премногу живот има.

А еден ден ќе се случи,

ни пријатната светлина, гласовите во домот, плодовите во градината, запомнетите дни од младоста кратка и дална,

па ниту љубовта што за мене те исполнува ќе ја запрат разделбата неизбежна.

Ќе се приберам во сушата

и со изгубената слика на светов изгубен и себеси сам, чувствувам дека тоа ќе биде една почивка пуста, дека животот не постоеше и дека жарот на секоја разделба е само измамност една.

(препев: Матеја Матевски)

124

ТАТЈАНА ГРОМАЧА (#писателка #Хрватска)

Дела: „Нешто не е во ред?“ (2000), „Црнец“ (2004), „Бели врани“ (2005), „Божествени дечиња“ (2014)

ЧЕСЛАВ МИЛОШ (#Полска #Литванија)

Дар

Ден толку среќен

Рано маглата се крена, работев в градина, Колибрија трепереа над цветот анамска рака.

Немаше на земјата нешто што би посакал да имам.

Не познавав никого што вреди да му позавидиш.

Што лошо станало, сум заборавил.

Не се срамев да мислам, што и да сум бил.

Не чувствував никаква телесна болка.

Исправајќи се, видов сино море и едра.

Беркли, 1971

(препев: Милица Миркуловска)

Средба

Минувавме пред мугрите по замрзнати полиња, Црвено крило се распавтуваше, сè уште ноќ.

И зајак одеднаш претрча пред нас, А еден од нас со рака го покажа.

125

Одамна беше. Денес веќе не се живи, Ни зајакот, ни тој што покажуваше на него.

Љубов моја, па каде се, каде тргнале Блесокот од рака, линијата на одот, шумот на грутките –Не прашувам од жал, ами од замисленост.

Вилнус, 1936

(препев: Лидија Танушевска)

126

СОДРЖИНА

Уредничка белешка 5

Александар Кујунџиски: Во албумот на Зофја Бобрувна – Јулиуш Словацки; Бисера – Константин Миладинов 9

Анета Попова: Во собата на Дениција –Петре М. Андреевски 12 Ацо Гогов: Сонувано во зимско време – Артур Рембо; На една минувачка – Шарл Бодлер 14

Биљана Стојановска: Убавата ништожност – Ален Боске; Толку сонував за тебе – Робер Деснос

16

Борис Митковски: Воскресенска растреперена исповед на Љубовта – отец Митрофан (Матиќ); Убавината твоја – св. епископ Гаврил Велички Светогорецот

18 Велко Неделковски: Мајсторот и мостот –Анте Поповски; Модрата река – Мак Диздар

20

Виолета Јагев: Допири и нежности; Од зборот љубов –Сесилија Алварес Гонзалес

23 Владимир Јанковски: На патот за Сан Романо –Андре Бретон; Сакам вакво утро – Џеси Блејз

26 Владимир Мартиновски: Тајна љубов –Бехџет Неџатигал; Приспивна – Игор Исаковски 30 Диме Митрески: 30 (од „Гробно цвеќе“); Кир Јана –Јан Неруда 32

Драгана Евтимова: Не знам дали историјата се повторува – Јехуда Амихај; Пишувањето –Томаж Шаламун 34 Душанка Каевска: Љубов, љубов, каде си... – Георг Хајм; 2 (од „Лирски интермецо“) – Хајнрих Хајне 36

Душко Крстевски-Кристан: Слободна врска – Андре Бретон; Љубов – Георги Господинов; Вљубената –Пол Елијар

38

Ѓоко Здравески: Ах, тие твои сини очи... – Анте Поповски; Јас немам друга желба – Пол Елијар

42

Ѓорѓи Крстевски: Кој прв се посомнева... – Есад Бабачиќ; Раст – Мартин Живковски

44

Ѓургица Илиева: Средбата – Владимир Набоков; Бродот – Керол Ен Дафи

46

Елена Конеска: Љубовна песна – Рајнер Марија Рилке; О среќен е оној – Хајнрих

–Кристијана Добрева

51

Жарко Кујунџиски: Питачи – Блаже Конески; Се роди човек – Роберт Рождественски

55

Живко Грозданоски: Веќе наглас...; Нека ни простат тревите – Изет Сарајлиќ

58

Захари Карабашлиев: Проштално –Никола Вапцаров

60

Златко Панзов и Анамарија Цинеге-Панзова: Бисер – Атила Јожеф; „Вљубената жена...“ – Каталин Слуковењи; Од пролетниот ветер ќе надојдат води –унгарска народна песна

61

Зоран Радически: Декември и се бакнавме – Паула Бозалонго; секојдневје – Софи Рејер

64

Изабел Вери: На родените по нас – Бертолд Брехт; Свинско мелено – Етен Савицкаја

66

Исток Улчар: Ego autem non sum dignus – Диме Данов; Што ме интересира – Данил Хармс 70

Хофман фон Фалерслебен 49
Нема да ти пишам дека многу ми недостигаш
Елена Пренџова: Господе Боже! – Владислава Војновиќ;

Каталин Богоева: Бескормилност – Иштван Домонкош, Дај ми рака – Ерне Сеп 73

Ленче Милошевска: Не давај се, Инес – Арсен Дедиќ; 148 (од „Сонети“) – Вилијам Шекспир 75

Лидија Димковска: Постмодерна фуга 3 – Анџела Маринеску; „Стиховите мои...“ – Марина Цветаева 79

Лидија Танушевска: Те барам... – Кажимјеж Пшерва Тетмајер; „Јас сум Јулија...“ – Халина Пошвјатовска 83

Мане Манушев: Вчера – Габриел Розенсток; Низ пегавата земја – Колм Бренах

85

Маргарита Терзијан-Маленкова: Барбара; За тебе, љубов моја – Жак Превер

87

Марко Погачар: Се плашам дека исклучок сум ти –Ото Толнаи; Зачудени очи – Томаж Шаламун

91

Мери Кицовска: Лебди – Долорис Ориордан и Ноел Хоган; Ослободен од далечината –Халдоур Лакснес

93

Милица Миркуловска: Магија; О, дојди ми –Кшиштоф Камил Бачињски

95

Милчо Мисоски: Нежност; Слободно небо или седмата смрт – Љубомир Левчев

97 Миха Мацини: „Моментот...“ – Борис А. Новак; Врба – Грегор Стрниша

100 Наташа Сарџоска: Не оди си – Марио Луци; Љубовта кога се открива – Фернандо Песоа

104

Никола Маџиров: Речиси совршеност – Јанис Рицос; Тажна љубовна песна – Никита Станеску; Овој свет –Чеслав Милош 106

Радица Никодиновска: По бурата – Гаетано Лонго; Роса – Торквато Тасо; Ќе дојде смртта и ќе ги има твоите очи – Чезаре Павезе 108

Родна Русковска: Зборувањето е недоволно; Зошто не сме во рајот? – Ан Једерлунд

111

Саво Костадиновски: Елегично – Барбара-Марија Клос; Љубов – Реза Кшатрус

112

Славица Гаџова-Свидерска: Љубовници што спијат по љубовта – Влада Урошевиќ; Ти светлина –Хуан Рамон Хименес

114

Снежана Стојанова: Парк – Жак Превер; Газела за очајната љубов – Федерико Гарсија Лорка

116

Сотир Ристо: Дон Жуан – Сергеј Есенин; Ако –Славица Гаџова-Свидерска

118

Сузана В. Спасовска: Западноевропска новоградба –Асја Бакиќ; Автобусот бавно продолжува –Дениса Дуран

120

Сузи Тенева: Уште едни податоци за Дениција – Петре М. Андреевски; Зборови за една разделба –Франсиско Бринес

Татјана Громача: Дар; Средба – Чеслав Милош

122

125

Issuu converts static files into: digital portfolios, online yearbooks, online catalogs, digital photo albums and more. Sign up and create your flipbook.