BE U, B EU! (Brochure)

Page 1

Биди свој, биди ЕУ! www.antolog.mk

BE U, B EU!

Кофинансирано од Програмата на Европската Унија Креативна Европа

2019


Кофинансирано од Програмата на Европската Унија Креативна Европа

Последниот чувар на островот Елис

Гаел Жос Превод од француски: Маргарита Терзијан-Маленкова

ISBN: 978-608-243-268-7 Наслов на оригиналот: Le dernier gardien d'Ellis Island Година на издавање: 2018 Број на страници: 176 Димензии: 13x20

Неколку дена пред конечното затворање на Центарот за имиграција на островот Елис во ноември 1954 година, Џон Мичел, последниот жител на островот, пишува дневник во кој тој го раскажува својот живот на овој познат остров. Со многу емпатија и чувства овој чиновник на Федералното биро за имиграција се сеќава на Лиз, неговата сакана сопруга, и на Нела, италијанската емигрантка. Преку неколку човечки судбини, Гаел Жос говори за судбините на милиони луѓе, кои во името на подобра иднина го оставиле највредното за нив за да пристигнат меѓу карпите на островот Елис, како пристапно место пред влезот во Ветената земја. Авторката се обидува да го отвори прашањето за нивниот престој, нивните долги и исцрпувачки патувања со брод, нивната сиромаштија, нивниот страв дека ќе бидат вратени, токму во моментот кога се толку блиску, сепак далеку од „La Merica“. Нарекуван уште и Остров на надежите и Остров на солзите, островот Елис бил познат и како затворски камп за време и по Втората светска војна, а Џон Мичел е тамошен чувар и сведок на тие ужаси. НАГРАДА ЗА ЛИТЕРАТУРА НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА ВО 2015 ГОДИНА. Гаел Жос (родена 1960) е француска писателка. Студирала право, новинарство и клиничка психологија. Иако дебитирала со поезија, подоцна објавила четири наградувани романи. По неколку години поминати во Нова Каледонија, денес работи и живее во околината на Париз. Маргарита Терзијан-Маленкова (родена 1941) дипломирала француски јазик. Од 1976 до 2003 работела како преведувач од француски, италијански, шпански и од српски јазик во Македонската радио-телевизија. Долгогодишното професионално искуство е надополнето и со над 50 книжевни преводи. Била член на Советот на Струшките вечери на поезијата. Добитник е на награди за превод. Активен член е на Сојузот на преведувачи на Македонија и на редакцискиот одбор на списанието „Огледало“.

www.antolog.mk

стр.1


Кофинансирано од Програмата на Европската Унија Креативна Европа

Стаклената река

Емил Андреев Превод од бугарски: Душко Крстевски

ISBN: 978-608-243-330-1 Наслов на оригиналот: Стъклената река Година на издавање: 2019 Број на страници: 228 Димензии: 13x20

Што се крие зад буквите ND издлабени во темелите на еден православен храм? Какви се чудните камени статуетки на црквата во село Градиште и чиј е духот што броди во неа? Пред овие прашања стои младата Французинка Елен Тибо, која пристигнува во Бугарија за да најде траги од доцното богомилство. Овде Елен сретнува група студенти што ја реставрираат црквата заедно со својот професор Стефан Методиев. Откако ќе се вдоми во куќата на баба Монка, каде што е сместена и убавата сликарка Марица, Елен се запознава со Виктор Марков. Започнуваат да се случуваат невообичаени нешта што ги вовлекуваат во мистериозни случувања што го запираат здивот. Соништа, преданија и реалност измешани во едно ужасувачко дводневно патување во земниот пекол на љубовта и страста. Емил Андреев мајсторски раскажува и гради една естетика на ужасот, напнатоста и загатката. Романот е истовремено и мистичен, и авантуристички, и готски, и историски! НАЈДОБРИОТ БУГАРСКИ РОМАН НА 2005 ГОДИНА. Емил Андреев (1956) е бугарски писател. Завршува англиска филологија на Великотрновскиот универзитет, а подоцна специјализирал и новинарство. Работел како учител, новинар, преведувач и професор по англиски јазик на Богословскиот факултет при Софискиот универзитет. Добитник е на наградата на читателите за роман на 2005 година и на наградата „ВИК“ за најдобар роман на 2005 година. Преведуван е на англиски, полски, словачки, српски и македонски јазик. Душко Крстевски е роден во Скопје, на 22 мај 1981 година. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Магистранд е по филолошки науки. Бил предавач по македонски јазик и литература. Автор е на една книга поезија и на голем број есеи објавени во периодиката. Учествувал на повеќе поетски фестивали, како и на семинари и на летни школи по филологија. Работи како наставник по македонски јазик во Меѓународната гимназија „НОВА“. Преведува од бугарски, хрватски и од српски јазик. www.antolog.mk

стр.2


Кофинансирано од Програмата на Европската Унија Креативна Европа

Прости ми

Ида Хегази Хојер Превод од норвешки: Искра Бадева

ISBN: 978-608-243-327-1 Наслов на оригиналот: Unnskyld Година на издавање: 2019 Број на страници: 208 Димензии: 13x20

Спонтана љубовна приказна на двајца млади. Приказна за љубовта, но и за тоа како таа згаснува. Парот започнува врска, воопшто не познавајќи се еден со друг. Но она што се случува со текот на времето е премин во мачно секојдневје исполнето со опсесија, сомнежи, болка, кое ги руши границите помеѓу вистината и лагата, сонот и реалноста. Приказната открива страст, но и репресија и лаги како механизам на промислена самоодбрана. Надежта, соништата за свадба и големото патување на море, копнежот за единство и вечност се задушуваат во сите прикриени вистини, опасни тајни и сомнежи. Реализам што се граничи со апсурдот на сонот и со црниот хумор. Ида Хегази Хојер нуди ретроспектива на љубовта што е силна и мрачна, радосна и тажна, великодушна и себична, откривајќи ги грубите и ранливи страни на човекот, механизмите на интеракција, како и можноста за помирување. И, кога сè е неповратно, остануваат живиот спомен во крвта, монолог од дното на душата и едно тивко: прости ми... НАГРАДА ЗА ЛИТЕРАТУРА НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА ВО 2015 ГОДИНА. Ида Хегази Хојер (1981) е норвешка писателка со данско-египетско потекло. Студирала социологија. Првиот роман го објавува во 2012 година, а веќе во 2014 година ја добива Бјернсоновата стипендија, која Друштвото на норвешки книжари ја доделува на млади таленти. Следната година норвешкиот неделник „Моргенбладет“ ја сместува меѓу десетте најдобри млади писатели од Норвешка. Искра Бадева е родена во Скопје во 1980 година. Како вљубеник во културата и литературата на Северот ги има завршено студиите по скандинавистика на Софискиот универзитет во 2007 година. Живее и работи во Скопје. Досега има преведено повеќе од дваесет романи од норвешки и од шведски јазик. Ја има добиено наградата „Златно перо“ за 2011 година која ја доделува Здружението на литературни преведувачи на Македонија.

www.antolog.mk

стр.3


Кофинансирано од Програмата на Европската Унија Креативна Европа

Историја на порнографијата

Горан Трибусон Превод од хрватски: Владимир Јанковски

ISBN: 978-608-243-281-6 Наслов на оригиналот: Povijest pornografije Година на издавање: 2018 Број на страници: 512 Димензии: 13x20

„Историја на порнографијата“ е прекрасна и топла приказна што го следи растењето на една група пријатели од нивните најрани денови до стапувањето во брак. Пред нашите очи паралелно изминуваат сите настани што биле важни за нив од 1950-тите до 1980-тите години – појавата на првите рок-плочи, долгите коси, увозните фармерки, љубовите, политиката и, на крајот, порнографијата, која е некаков изместен лајтмотив на целата книга. Трибусон е брилијантен во детаљот и во водењето на приказната, духовит во поставувањето на дијагнозите и сугестивен во оцените. Читателот во речениците на неговиот раскажувач ги чита сопствените коментари. Сите тие порано поинакви луѓе, успешни или неуспешни, почитувани или презрени, од своите животи го направиле спротивното од тоа што имале намера да го направат. КРУЦИЈАЛНО ДЕЛО ЗА СОВРЕМЕНАТА ХРВАТСКА ПРОЗА. Горан Трибусон (1948) е хрватски писател. Магистрирал филмологија. Работел како уредник во „Школска книга“. Редовен професор е по филмско сценарио. Пишува телевизиски и филмски сценарија. Член е на Хрватската академија на науките и уметностите. Критичарите го декларираат како еден од најважните претставници од генерацијата на борхесовците. Неговите романи се автобиографски и генерациски, со елементи од популарната култура и од митологијата на секојдневјето. Владимир Јанковски (1977) е писател и преведувач. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работел како уредник во неколку издавачки куќи. Објавил пет авторски книги, од кои два романа, две книги во соработка со фотографот Иван Блажев и една книга разговори со писателот Влада Урошевиќ. Ја составил антологијата на светскиот расказ „Пат околу светот во дваесет раскази“. Активно се занимава со книжевен превод. Преведува од хрватски, српски, босански и од англиски јазик. www.antolog.mk

стр.4


Кофинансирано од Програмата на Европската Унија Креативна Европа

Сага за Јон и за неговите писма до бремената сопруга додека тој ja минува зимата во пештера подготвувајќи се за нејзиното доаѓање и за новиот живот

Офејгур Сигурдсон Превод од исландски: Мери Кицовска

ISBN: 978-608-243-297-7 Наслов на оригиналот: Skáldsaga um Jón og hans rituðu bréf til barnshafandi konu sinnar þá hann dvaldi í helli yfir vetur og undirbjó komu hennar og nýrra tíma Година на издавање: 2018 Број на страници: 208 Димензии: 13x20 Во 1775 година на Исланд владее невиден студ. Свештеникот Јон Стајнгримсон е осомничен за убиство на првиот сопруг на неговата сопруга Торун и протеран од манастирот. Тргнува на југ, кон Мирдарлур, и се сместува во една пештера. Чекајќи да пристигне сопругата, се надева дека таму ќе може да започнат нов живот. Но вулканот Катла се буди и почнува да блуе облаци пепел, уништувајќи ги природата и населбите, а Јон е во опасност да биде закопан жив во пештерата. Тој го исполнува времето во размисли за љубовта, идентитетот, верата, загубата, обновата на Исланд. Земјоделството и пишувањето писма до Торун му ги оттргнуваат мислите, но Јон ќе мора да се соочи со своето минато. „Сага за Јон“ е фасцинантна епистоларна приказна за „огнениот свештеник“, комплексна и таинствена личност, една од најнеобичните во историјата на Исланд.

НАГРАДА ЗА ЛИТЕРАТУРА НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА ВО 2015 ГОДИНА. Офејгур Сигурдсон (1975) е исландски писател и преведувач. Дипломирал философија на тема поврзана со Жорж Батај. Автор е на седум збирки поезија и на четири романи. Добитник е на Исландската книжарска награда во 2014 година и на Исландската награда за книжевност во 2015 година. Еден од ретките исландски автори чиј роман за три месеци се распродал во пет изданија. Преведуван е низ целиот свет. Моментално живее и работи во Белгија. Мери Кицовска (Скопје, 1977) е преведувач и толкувач по англиски и исландски јазик. Во периодот од 2001 до 2009 година живее и работи во Рејкјавик, Исланд, каде што, покрај другото, го изучува и го усовршува исландскиот јазик. Од англиски на македонски и обратно има преведено голем број текстови и дела. Од исландски на македонски досега превела седум книги.

www.antolog.mk

стр.5


Кофинансирано од Програмата на Европската Унија Креативна Европа

Човекот по име Уве

Фредрик Бакман Превод од шведски: Ивица Челиковиќ

ISBN: 978-608-243-309-7 Наслов на оригиналот: En man som heter Ove Година на издавање: 2019 Број на страници: 352 Димензии: 13x20

Запознајте го Уве, 59-годишен вдовец. Тагата по неговата сакана го тера секој ден да ја посакува сопствената смрт. Уве е еден од оние што покажуваат со прст во луѓе што не им се допаѓаат. Секое утро врши инспекција по населбата во која живее. Ги преместува велосипедите и проверува дали ѓубрето е правилно селектирано – иако веќе поминале неколку години откако е разрешен од должноста претседател на здружението на станари. Вечно гневен и незадоволен, лесно избувлив, накратко: сосед од кошмарите. Меѓутоа, зад неговата мрзоволност, педантерија и железна принципиелност се крие една многу тажна судбина... И така, еден ноемвриски ден, кога соседот што се вселува во соседната куќа случајно го уништува поштенското сандаче на Уве, одеднаш почнува комично топлата приказна. Приказна што суштински ќе промени еден човек и едно соседско здружување. Ова е роман за влијанието на еден човечки живот врз безброј други. Истоимениот филм во 2017 година беше номиниран за „Оскар“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. ШАРМАНТЕН РОМАН ШТО ЌЕ ВЕ НАСМЕЕ, ЌЕ ВЕ РАСПЛАЧЕ И ЌЕ ВЕ НАТЕРА ДА ПОСАКАТЕ ДА СЕ ПРЕСЕЛИТЕ ВО СКАНДИНАВИЈА. Фредрик Бакман (1981) е шведски писател, блогер и колумнист. Неговите книги се продадени во милионски тиражи низ целиот свет, со што станал еден од најпопуларните писатели за сите генерации читатели. Пишува романи проткаени со оригинален хумор и со искрена човечка трогателност. Преведен е во повеќе од четириесет држави. Живее и работи во Стокхолм, со својата сопруга и со двете деца. Ивица Челиковиќ (1962) е поет, раскажувач и преведувач. Студирал новинарство во Скопје и во Гетеборг, Шведска, каде што живее и работи. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Сојузот на шведските писатели. Добитник е на повеќе награди и признанија. Превел повеќе од триесет дела од познати шведски писатели на македонски јазик. Преведува и македонска литература на шведски. Добитник е на петгодишна работна стипендија за периодот 2016-2020 година од шведскиот Писателски фонд. www.antolog.mk

стр.6


Кофинансирано од Програмата на Европската Унија Креативна Европа

Времиња на игра.

Детство во Трансилванија

Клаудиу М. Флоријан Превод од романски: Ермис Лафазановски

ISBN: 978-608-243-266-3 Наслов на оригиналот: Vârstele jocului. Strada Cetății Година на издавање: 2018 Број на страници: 368 Димензии: 13x20

Ова дело, опиено од мирисите на детските игри и на убавите спомени, ги опишува настаните поврзани со едно мешано германско-романско семејство што живее некаде близу градот Брашов во седумдесеттите години на XX век, видени и пренесени преку очите на едно шестгодишно дете. Живеејќи помеѓу два различни менталитети, на германските Саси и на романските Олтенци, момченцето се обидува да ги опише и да ги разбере премрежињата низ кои минале неколку генерации од двете семејства, притоа опишувајќи ги парадоксите на различните идеологии, култури и религии конфронтирани на различни нивоа. За него сите настани се само игри што ги играат, не само децата туку и возрасните, и тоа – во домот во кој живее, на улицата пред куќата, во маалото каде што го поминува времето. НАГРАДА ЗА ЛИТЕРАТУРА НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА ВО 2016 ГОДИНА. Клаудиу М. Флоријан (1969) е романски писател. Германскиот јазик и култура се негова потесна специјалност. Работел во Министерството за надворешни работи во родната држава, а потоа и како романски дипломатски претставник во Берлин, Германија, и во Берн, Швајцарија. Романот „Времиња на игра. Детство во Трансилванија“ првобитно е објавен на германски јазик. Ермис Лафазановски е современ македонски раскажувач, романсиер, преведувач. Автор е на десетина авторски книги. Добитник е на неколку книжевни признанија, меѓу кои и наградите: „Стале Попов“ и „Прозни мајстори“. Расказите му се преведени на голем број домашни и странски антологии, а романот „Храпешко“ досега е преведен на осум јазици. Преведува од романски јазик и досега има преведено дел од најзначајните современи романски автори. Член е на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија.

www.antolog.mk

стр.7


Кофинансирано од Програмата на Европската Унија Креативна Европа

Маѓепсница

Дорота Тераковска Превод од полски: Милица Миркуловска

ISBN: 978-608-243-304-2 Наслов на оригиналот: Córka czarownic Година на издавање: 2018 Број на страници: 352 Димензии: 13x20

Длабоко во шумата, далеку од светот на луѓето, пред златокосото девојче со име Луеле е отворен светот на маѓепсничките вештини. Таа уште од мали нозе „голта“ магични книги, совладува како да чита мисли, да разговара со ѕвездите, учи да стане маѓепсница. Но не може да насети зошто го прави тоа, зошто, и покрај големите опасности, мора да патува на сите четири страни на Великото Кралство. Стотина години порано, нејзината земја е освоена од свирепите варвари. Според она што е запишано во таинствената Песна, сега, 777 години подоцна, се ближи крајот на нивното владеење. Дали поробената земја најпосле ќе се ослободи од рацете на Освојувачите? Дали на престолот ќе седне праведен владетел? Дали Луеле ќе успее да порасне? Дали ќе се исполни пророштвото? „Маѓепсница“ е првиот успешен обид да се напише фантастичен роман од рамништето на Толкин и Урсула Ле Гин и е една од најубавите фантастични сказни на сите времиња. Од 1994 година впишано на Светската листа „Ханс Кристијан Андерсен“, ова ремек-дело е уживање за сите генерации читатели. РЕМЕК-ДЕЛО НА ФАНТАСТИКАТА, КОЕ Е УЖИВАЊЕ ЗА СИТЕ ГЕНЕРАЦИИ ЧИТАТЕЛИ. Дорота Тераковска (1938-2004) е полска писателка и новинарка. Дипломирала социологија во Краков. Работела како редактор, публицист, била член на полското Здружение на новинари, писатели и сценски автори и композитори. Призната авторка на фантастични книги за деца и млади, кои со задоволство ги читаат и возрасните. За романот „Маѓепсница“ ја добива наградата на Светскиот совет на книги за млади (IBBY). Милица Миркуловска (1965) е редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, и преведувач од полски на македонски јазик од 1989 година, почнувајќи од телевизиски серии, есеи, стручни и научни статии, фрагменти од полски книжевни дела во одделни списанија. Има преведено 4 научни монографии (лингвистика и етнологија) и десетина дела од постарата и поновата генерација полски автори, меѓу кои и двајцата нобеловци Х. Шенкевич и Ч. Милош. www.antolog.mk

стр.8


Кофинансирано од Програмата на Европската Унија Креативна Европа

Глад

Џамал Уаријачи Превод од холандски: Ели Пујовска

ISBN: 978-608-243-312-7 Наслов на оригиналот: Een honger Година на издавање: 2018 Број на страници: 688 Димензии: 13x20

Аурели Линдебом е шокирана кога сосема неочекувано е уапсен нејзиниот љубовник! Александар Лазло, светски познат филантроп што работи во организацијата „Помош за развој“, е обвинет за сексуален напад врз едно од своите посвоени деца од Етиопија. Дали Аурели навистина била со човек што, без нејзино знаење, имал педофилски тенденции? Десетина години подоцна, таа има ќерка и работи како ТВ-новинар. Во тој период Лазло како гром од ведро небо повторно стапува во контакт со неа, со предлог што ќе има далекосежни последици... Дали ќе се слушне приказната на Лазло? Приказна за борбата против грчовитиот молк за табуата, за доминантниот страв и став во холандското општество!

НАГРАДА ЗА ЛИТЕРАТУРА НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА ВО 2016 ГОДИНА. Џамал Уаријачи (1978) е холандски писател. Роден е во Амстердам во мултикултурно семејство со потекло од Холандија и од Мароко. Студирал психологија. Пред целосно да му се посвети на пишувањето, работел како онлајн-терапевт. Бил номиниран за наградата на „БНГ банка“ и за наградата „Златен був“. Автор е на неколку модерни романи. Пишува раскази и колумни на контроверзни теми. Ели Пујовска (1971) е професионална преведувачка. Преведува од холандски и од фламански, како и од англиски јазик. Работела како проектен асистент и како менаџер на повеќе проекти. Има преведено повеќе од 25 книги за повеќе издавачки куќи. Добитничка е на наградата „Златно перо“ за најдобар превод на годината.

www.antolog.mk

стр.9


Кофинансирано од Програмата на Европската Унија Креативна Европа

Повторно роден

Маргарет Мацантини Превод од италијански: Калина Јанева

ISBN: 978-608-243-334-9 Наслов на оригиналот: Venuto al mondo Година на издавање: 2019 Број на страници: 544 Димензии: 13x20

Едно утро Џема се качува во авион заедно со шеснаесетгодишниот син Пјетро. Тргнуваат за Сараево, град што го нема посетено откако го напушта во хуманитарен авион со новороденчето в раце, град што сè уште носи видливи лузни од војната во 1990-тите. На аеродромот ги дочекува Гојко, босански поет и стар пријател на Џема, со кого се запознава во далечната 1984 година, во екот на Зимските олимписки игри, додека работи на својата теза за Иво Андриќ, и преку кого ја среќава љубовта на својот живот, Диего, фотографот од Џенова што слика вирчиња. Романот раскажува токму за оваа љубов, страсна и несовршена како и сите вистински љубови. Но раскажува и за трнливата голгота на Џема кон мајчинството, за стравотната војна, за неизмерната болка и за загубата, но и за надежта, отелотворена во Пјетро. Добитник на наградата „Кампиело“ во 2009 година. Пенелопе Круз и Емил Хирш ги толкуваат главните улоги во филмот снимен според овој прекрасен роман. ДАЛЕКОСЕЖЕН ПОРТРЕТ НА МАЈЧИНСТВОТО, ЉУБОВТА, ЗАГУБАТА, ВОЕНО САРАЕВО... Маргарет Мацантини е родена во Даблин, а живее во Рим со сопругот и четирите деца. Авторка е на книгите „Туба со цинк“ (1994), „Манола“ (1999), „Остани кај што си“ (2001, награда „Стрега“ 2002, награда „Гринцане-Кавур“, награда „Европски Цептер“ за најдобра европска книга), „Зоро“ (2002), „Повторно роден“ (2011, награда „Павезе“, награда „Матеоти“) и „Сплендор“ (2013). Повеќето од нејзините книги се екранизирани во успешни филмови од страна на нејзиниот сопруг, актерот и режисер Серџо Кастелито: „Остани кај што си“ со Пенелопе Круз во 2004, „Повторно роден“ со Пенелопе Круз и Емили Хирш во 2012, „Не можеш да се спасиш сам“ со Рикардо Скамарчо и Јасмина Тринка во 2015 година. Мацантини е авторка на сценариото на филмот на Кастелито, „Среќната“ (2017), со Јасмина Тринка, која ја доби наградата за најдобра женска улога во категоријата „Un certain regard“ на Канскиот филмски фестивал. Калина Јанева (1981) дипломирала англиски јазик и книжевност, со италијански јазик и книжевност како втор главен предмет, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Како книжевна преведувачка има објавено речиси 40 книжевни преводи, претежно од англиски на македонски, но и обратно, како и десетици стручни преводи. Од 2013 година преведува книжевни дела и од италијански јазик. Активен член е на Здружението на преведувачи на Македонија и првиот и засега единствен македонски делегат во Европскиот совет на здруженија на книжевни преведувачи. Моментално е редовна студентка на постдипломските студии по англофони книжевности и книжевна теорија на Универзитетот „Алберт Лудвиг“ во Фрајбург, Германија, каде што работи и како асистент-истражувач.


Биди свој, биди ЕУ!

BE U, B EU!

Oригиналноста му дава смисла на животот. Да се биде свој е врвно начело на сè што правиме. Секој од нас тежнее кон сопствен стил на размислување и однесување. Колку и да е нешто повторливо во текот на историјата, човекот настојува да дејствува по свое. Често велиме: „Како што само јас знам!“ односно „Како што само ти знаеш!“. И литературата е начин на живот, трагање по свој глас во соодветна форма. Од тој стремеж на европските автори и литература секогаш да бидат оригинални и препознатливи, самосвојни и впечатливи, е инспириран и овој внимателно селектиран пакет книги. „Модата е тренд, оригиналноста е евергрин“, извикуваат писателите од Европа.

Ваквиот избор дава мозаичен поглед кон европската литература во својата предодреденост да се развива на што повеќе јазици, во што повеќе жанрови, во што повеќе стилови, во што повеќе перспективи, од аспект на што повеќе човечки искуства. Во десетте книги секој автор го бара своето место, преку својот поглед на свет, приказна, начин како ја пренесува, преку маниризмите и идеите што му се нему својствени. Но и да се остане свој, преку припадност и здружување. Геслото на постмодернистите дека е сè веќе кажано во литературата, дека сè е сторено во животот, се преобликува во копнеж да се пркоси на стереотипите, и создава оригинално чувство што ги рефлектира животните облици многу подалеку и подлабоко од каде што погледот достигнува. BE U, B EU! Книжевен центар „Антолог“ / ул. „Ѓорѓи Пулевски“ бр. 29 лок. 1, 1000 Скопје, Република Северна Македонија / www.antolog.mk / Телефон – факс +389 2 3201 007 / Електронска пошта contact@antolog.mk / Facebook http://www.facebook.com/antolog / Fanpage АНТОЛОГ - Книжевен центар / Twitter @Antolog_Books / Instagram antolog_books

www.antolog.mk

Кофинансирано од Програмата на Европската Унија Креативна Европа

2019


Issuu converts static files into: digital portfolios, online yearbooks, online catalogs, digital photo albums and more. Sign up and create your flipbook.