
10 minute read
ШОУТО ПРОДОЛЖУВА, КАЛЕНДАРОТ
Светско првенство во Формула 1
ФОРМУЛА 1 ВО НЕКОЛКУ НАВРАТИ СЕ ОБИДУВАШЕ ДА СОЧИНИ КАЛЕНДАР ЗА РЕСТАРТИРАЊЕ НА СЕЗОНАТА, НО РАЗНИТЕ ПРЕЧКИ ОКОЛУ ПАТУВАЊАТА, ИЗОЛАЦИИТЕ И ДРУГИТЕ ПРОПИСИ, ЕДНОСТАВНО ДОВЕДОА ДО СИТУАЦИЈА ВО КОЈА СЕ ПОТВРДЕНИ САМО ПРВИТЕ ОСУМ ТРКИ ВО ПЕРИОД ОД ПОЧЕТОК НА ЈУЛИ ДО СРЕДИНА НА СЕПТЕМВРИ, ДОДЕКА СÈ ДРУГО Е ВО ФАЗА НА ПРЕГОВОРИ!
Advertisement
Oткако стана извесна варијантата дека некои трки ќе отпаднат од календарот поради разни причини, а бројот од најмалку 15 до 18 трки мора да биде задржан заради легитимитет на првенството, се прејде на договарање по две трки на извесни автодроми. Така, стартот на првенството е прецизиран за 5 јули во Австрија, но воедно е проследен со уште една трка на 12 јули, по што ќе следи „комшискиот“ Хунгароринг на 19 јули. Августовската сесија започнува со првата од двете трки во Силверстоун на 2 август, за седум дена подоцна да има уште една за Големата награда на Британија. Барселона е „џокерот“ предвиден за 16 август повторно како домаќин на шпанското гран при, по што повторно има 14 дена пауза. На 30 август во својот традиционален термин доаѓа Спа Франкоршамп, односно трката за Големата награда на Белгија, а на шести септември, повторно во својот традиционален термин, трката во Монца за Големата награда на Италија. Ако се направи анализа на овој редослед кој може уште да се нарече и прва половина од ревидираниот календар, станува јасно дека и покрај острата криза со пандемијата

во Шпанија и Италија, овие две локации се назад во календарот, иако во нивна близина беа жариштата за кои се говореше како за воени полиња. Веќе беше потврдено дека од календарот отпаѓа Монако бидејќи нема да се бара нов датум за него, а подоцна се објави дека, исто така, отпаѓаат и уличните трки во Азербејџан и Сингапур. Најголемо изненадување е откажувањето на јапонското гран при во Сузука, кое традиционално се смета за еден од класиците покрај Спа, Монца и Силверстоун. Но, во услови на заткулисна комуникација, сите детали не се обелоденети. Мора да се земе предвид дека постои можноста и земјата домаќин едноставно да не сака да преземе ризик, без оглед во кој дел точно го гледа тоа, или, пак, се плаши од финансиски крах на трката без публика. Интересно е да се спомене дека и во мотоциклистичкото првенство, Јапонија го повлече своето гран при во Мотеги. Со тоа се „апсолвирани“ десет од претходно планираните 22 дестинации, но исто така се смета дека доцното откажување на првата трка во Австралија всушност ја елиминираше од можноста да се најде повторно во календарот, што би значело дека 11 трки се во игра. Холандија требаше да се врати во календарот во мај, но поради пандемијата, исто така, објави дека ќе сочека една година. Најлоши се шансите за Мексико и Бразил, каде што избивањето на пандемијата се случи подоцна. Во тој дел од светот е и трката во Тексас, па чисто од логистички причини таа може да ја доживее судбината на другите две трки, доколку се откажуваат во пакет. Од друга страна, извесно е дека сезоната ќе заврши со трки во Бахреин и Абу Даби, при што дури се спомнува шансата Бахреин да има две трки, поради можноста да ја модификува патеката во сосема нов дизајн, двојно побрз од актуелниот и со многу мал број на свиоци. Со други зборови, несигурни се уште трките во Кина, Виетнам, Канада, Русија и Франција. Најголеми шанси од оваа група има Кина која преговара за две трки, додека Канада се чува во резерва доколку може да се спари со друга блиска во регионот. Останатите трки не се спомнуваат во медиумите, но затоа, пак, има заинтересираност и од две патеки кои не беа претходно планирани, а тоа се германскиот Хокенхајм и италијанскиот Муџело. Според извесни шпакулации, со две трки во втората половина од септември во Германија, потоа две трки во Кина со уште една во резерва (најверојатно Русија), календарот би можел да ја добие конечната физиономија, штом веќе се знае дека финишот е со дупла трка во Бахреин, како и една во Абу Даби. - Тие не прашаа пред повеќе време, дали сте отворени за повеќе од една трка ако имаме проблеми да најдеме алтернативи? Тоа е единствено нешто што го имам официјално од Формула 1. Тоа беше мошне рано, кога уште се обидуваа да го состават европскиот дел од календарот. Нашиот одговор беше дека можеме да преговараме на таа тема. Идејата за користење на другата конфигурација е на Рос Браун, особено деталите во кои тој навлезе. Интересно е, сметаме дека е возможна,- рече Шеикот Салман по прашање на трките во Бахреин, предвидени за крајот на ноември и почетокот на декември, кој како најголем проблем ја истакна трката од светската серија на трки на издржливост, чија што трка во календарот ја закажале за 21 ноември. Но, ако еден предизвик беше да се состави календарот, сосема поинаков предизвик е да се направи протокол за „новата реалност“. Трките без гледачи (барем на почетокот) ќе значат помалку атмосфера, но во исто време треба да бидат соодветно шоу за ТВ преносот. Сепак, традиционалната „Парада на возачите“ ќе биде укината бидејќи беше наменета за публиката на трибините. Традиционално пред почетокот на трката, кога сите болиди се на стартните позиции, во најголем дел ќе има само
механичари и мошне ретко некој гостин, кој ќе мора да го запазува правилото за дистанцирање. Промени ќе има и во процедурата на прогласување на победниците: засега плановите се во насока првите три болида да бидат паркирани пред главната трибина, а возачите да стојат на нив. Нема да има физичко доделување на трофеи, туку тие ќе бидат прикажани само на ТВ. Според насоките за организиација, доколку се случи во некоја екипа повторно да се појави заболен како што беше случај тоа со Мекларен во Австралија, сезоната нема да се прекине и натпреварите ќе продолжат. За вакви ситуации изработен е Правилник на 80 страници и ќе биде своевидна „Библија“ за организаторите. Надежите се големи дека во сезоната кога се прославува 70. роденден од одржувањето на првата трка, сепак ќе има шампионат. Постојат некои недоумици, бидејќи беа планирани 22 трки, па евентуалниот шампион кој би бил прогласен по мал број одржани трки, би можел да нема легитимитет каков што се посакува. Очекувањата се дека организаторите ќе успеат да создадат сезона во која ќе има најмалку две третини од планираниот број на трки, односно најмалку 15 со цел да се добие таквиот легитимитет. Ова е важно и заради ТВ преносите кои мора да ги има во извесен минимален број, за договорите за ТВ правата да бидат валидни. Може да се претпостави дека доколку првиот дел од сезоната не биде повлијаен од некакви случувања, сè би можело да оди според планот, а обратно, ако ни првите осум трки не се целосни, хипотеката се зголемува. Ситуацијата сега претставува борба со горе доле „познат“ непријател, за разлика од она во март 2020, кога паниката беше голема. Среќата ги следи храбрите, па во овој случај тоа е единственото нешто кое навистина им е потребно на организаторите и учесниците. Среќа, и тоа во континуитет.
• Александар Табаковски
ПЕРФОРМАНСИ И ШАНСИ

Бидејќи помина многу време од зимските тестирања, тогаш супериорниот Мерцедес сè уште е фаворит број еден за титулата. Луис Хамилтон има шанса да изедначи или собори повеќе рекорди на Михаел Шумахер, но со оглед на неизвесноста поради капацитетот на сезоната, неблагодарно е да се зборува однапред. Се верува дека првите три трки ќе дадат добар вовед во тркачките перформанси на тимот, бидејќи Австрија како патека бара болид со конфигурација во која има потентен мотор, добар систем за ладење, а не толку сензитивна аеродинамика. Влијанието на моторот е големо, па 10 коњски сили можат да направат разлика и од 19 стотинки, велат предвидувањата, додека за Унгарија тој износ е 12 стотинки. Обратно, во Унгарија како патека со големи аеродинамички барања може да се очекуваат сосема спротивни резултати. За потсетување е дека лани на овие две патеки Ред Бул беше најдобро подготвен. Натаму, Силверстоун, Спа и Монца ќе ги форсираат брзите болиди, како што тоа беше Ферари лани. Ваквиот микс ветува жежок старт, така што првите три трки навистина можат да бидат своевиден лакмус за остатокот од сезоната, но исто така и сите осум сами по себе можат да значат дека во вториот дел од сезоната се оние на кои што нема вакви екстреми и можеби одат во прилог на Мерцедес. Како и во секоја друга ситуација, времето ќе покаже кои прогнози биле точни!

ПЕРИОДОТ ПО СТОПИРАЊЕТО НА СИТЕ АКТИВНОСТИ НА СВЕТСКИТЕ ТРКАЧКИ ПАТЕКИ ДОНЕСЕ ГОЛЕМ ПОДЕМ ВО ТАКАНАРЕЧЕНИТЕ ВИРТУЕЛНИ ТРКИ, КАДЕ ШТО ВОЗАЧИТЕ ПРЕКУ СИМУЛАТОРИ ГИ ПОКАЖУВАА СВОИТЕ ПОЗНАВАЊА НА ВАКВИОТ ТИП ТРКИ. ОНА ШТО ПОРАНО БЕШЕ ИГРА ЗА РАЗОНОДА, ДЕНЕС Е ГОЛЕМА ИНДУСТРИЈА ШТО ЗАРАБОТУВА ОГРОМНИ ПАРИ ОД ДЕЦАТА И ОД ОНИЕ ШТО СЕ ЧУВСТВУВААТ КАКО ДЕЦА.
На големите шефови од мотоспорт светот оваа идеја им се допаѓа од едноставна причина што им обезбедува „образована“ публика за следење на трките во иднина. Децата преку виртуелните трки дознаваат што значи да се вози болид, какви квалитети треба да има еден возач, како се учи одредена патека, како се сетира возилото за разни потреби итн. Сето тоа дава солидна основа за да може идните млади луѓе добро да го разбираат светот на трките и во него да уживаат со големото знаење, да се идентификуваат со своите идоли и да ги посетуваат трките за да уживаат во реалноста. Меѓутоа, интересот за трките, па макар и кога во нив учествуваат вистински Ф1 пилоти, генерално останува затскриен бидејќи успесите во овие трки не им значат ништо на учесниците, освен можеби на децата во публиката што би сакале да ги имаат нивните квалитети. Така, при спроведената анкета меѓу фановите на официјалниот сајт, околу 50% од испитаниците воопшто не ја гледале долго најавуваната виртуелна трка низ улиците на Монако. Од другата половина испитаници, 40 % искажале некаква позитивна оцена меѓу 3 и 5, а околу 10 % искажале негативно мислење со оцена од 1 до 2. 04.2020 | www.amsmklubmobiliti.mk Според написите на интернет-порталите, светската гејминг-индустрија во 2018 година имала продажба од околу 140 милијарди долари. Порастот на светско ниво се очекува да има стапка од 12 % во нормални околности, а за пандемијата едни сметаат дека ќе доведе до пораст, а други до намалување, секој поради свои причини. Во статистиката се вели дека делот на индустријата што се занимава со таканаречениот е-спорт, каде што се трките, има предвиден пораст од 30 %. Бројот на светската популација на „гејмери“ се зголемува со развојот на мобилната телефонија, па сега се идентификувани 2,2 милијарди различни профили, за разлика од дамнешните времиња кога се бараа скапи играчки конзоли. Парите што се вртат во огромна мера се заработуваат од таканаречените „бесплатни игри“ или дури 85 % од приходите доаѓаат оттаму. Кои приходи во бесплатни игри? Тоа е трикот – не плаќате за да ја купите играта, туку за да купите некакви помошни елементи во неа со кои имате поголеми шанси за добар резултат. Статистиката вели дека повеќе од 50 % од луѓето направиле барем една микротрансакција купувајќи такви „ситници“, а како највлијателни за бизнисот се сметаат извесни ликови што за тоа држат „предавања“ на своите канали по разни социјални мрежи. Можеби сето ова не допира до тркачката публика, но тоа е цената што се плаќа за таа едукација на идните гледачи. За разлика од вистинските трки, овој пат немаше класични вести за ваквите трки. Напротив, две најголеми сензации беа дека еден

американ - ски возач од НАСКАР во текот на играта упатил расистичка навреда до соперник, не знаејќи дека неговиот глас се пренесува до сите. Втората беше дека (сега веќе поранешен) пилот од Формула Е, повикал профи гејмер да вози наместо него во една виртуелна трка. Можеби засега ќе продолжи таквата поларизираност, но во иднина е можно најголем дел од публиката да доаѓа токму од овие „извори“. Јапонската компанија „Сони“ е прва што ги проби Ф1 игрите на пазарот од 1996 до 2006 година, додека од 2009 година Берни Еклстоун ја започна соработката со компанијата „Кодмастерс“ што сè уште трае. Во целата анализа недостасува податок колку заработуваат организаторите на Формула 1 од ваквите настани или од лиценцирањето на „официјалната игра“ бидејќи очигледно се вртат огромни пари, но тркачката индустрија каде што трошоците се најголеми – нема некоја придобивка од тоа. Парите завршуваат во џебовите на компаниите што ги развиваат игрите и смислуваат секојдневни нови начини за продажба. Заклучокот се наметнува сам по себе и верувам дека еден ден компанијата што е промотор на Формула 1 и самата ќе биде сопственик на својата игра и ќе заработува од тоа бидејќи мора да се разграничи што е главен 06.2020 | www.amsmklubmobiliti.mk производ, а што е само забава. •