Оваа монографија обработува неколку категории археолошки наоди откриени на територијата на Република Македонија што потекнуваат од неолитскиот период (6500 – 4000 години пред нашата ера). Пред сè, станува збор за керамички предмети обликувани во форма на човечкото тело или на одредени негови делови, не ретко комбинирани со некои други елементи од тогашното негово опкружување: антропоморфни фигурини, антропоморфни модели на куќи и антропоморфни садови. Во оваа публикација, акцентот не е ставен на самите наоди, туку на нивната научна интерпретација. Врз база на типолошките, компаративните, интердисциплинарните и семиотичките методи, во неа се прави обид за откривање на митско-религискиот карактер на овие артефакти, нивното место во социјалните сфери на неолитските заедници, како и на односот на тогашниот човек кон сопственото тело и светот во кој егзистирал.