Етничката припадност на населението во Повардарието досега била предмет на проучување во повеќе наврати. За разрешување на овие прашања претежно биле користени резултати од истражуваните некрополи, односно појавите што се однесуваат на погребните обичаи и начинот на погребување. Тие во основа придонесоа да се коригираат повеќе прашања што дотогаш беа присутни во науката. Сега веќе не е спорно дека регионот што го зазема Повардарието, во текот на целото железно време припаѓал на Пајонците. Покрај податоците од пишуваните извори, лингвистичките, социолошките и историските појави, се базираат и на археолошки и антрополошки истражувања.