Статијата е посветена на македонското малцинство во Бугарија во времето од 1948 г. до падот на комунизмот во Бугарија. Посветено е внимание на процесите кои довеле да крај на еднаш даденото признание и малцински права и до наметнување на целосно спротивна политика. Започнат со запирање на процесите на обединување на Пиринска Македонија со НР Македонија и укинување на културната автономија на македонското малцинство во Бугарија и скратување на малцинските права, процесот еволуирал во обид да се инструментализира малцинството. По неуспехот на овој проект се стигнува до целосно негирање на постоењето на македонското малцинство во Бугарија и неговото третирање како закана за територијалниот интегритет на државата. Како неизбежна последица на скратувањето на правата и особено на негирањето се јавуваат долга низа на репресии и прогонување на оние што не биле согласни да се откажат од својот идентитет, како и засилена асимилација на припадниците на македонското малцинство.