Гимнастиката има посебно место во меморијата на кочанци, како спорт и како стил на живот. Голем дел од населението имало директен контакт со соколството, гимнастиката или со културно-забавниот живот кој се одвивал во кочанската Соколана.
Соколското друштво не престанувало да работи и во години на војни на Балканот, а близу половина век работело исклучиво на волонтерска основа, благодарение на ентузијазмот, големата волја и широките погледи на луѓето во него водени од мотото „Во здраво тело – здрав дух“. Со доброволна работа бил изграден Друштвениот дом – познатата Соколана, Партизан, објектот што постои и денес, непосредно до Градскиот плоштад. Во неговата изградба помагале земјоделците од Кочани, занаетчиите и трговците од кочанската чаршија давале доброволен прилог, а за побрза изградба и опремување се издвоиле пари и од општинската каса. Волонтерството и ден-денес е дел од работата на тренерите и на спортските работници во гимнастиката.