Порта3 216

Page 55

in memoriam

Радомир Лаловиќ (1933-2014)

П

очетокот на годинава го означи крајот на животот на уште еден член на Академијата на архитектите при Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Замина архитектот Радомир Лаловиќ, кој професионално и етички дејствуваше во најинтензивниот период на урбаната изградба во Македонија, но и во светот, припаѓајќи на функционалната и конструктивна модерна, „образован проектант и самоук урбанист прифатен од стручната средина со доверба и почитување“, како што беше речено за него при врачувањето на наградата „Андреја Дамјанов“ во 2007 година. Архитект Радомир Лаловиќ е роден во 1933 година во Скопје, каде што во 1960 година дипломирал на Градежноархитектонскиот факултет на тема „Автокуќа и катна гаража“ кај професор Ѓуро Анцел. По дипломирањето се вработил во Институтот за студии и прокетирање „Бетон“. Потоа заминал за Швајцарија, каде што се вработил во Високата техничка школа во Цирих. Во 1980 година се вратил во Македонија и работел во Заводот за урбанизам во Кочани, филијала Скопје, а потоа во Заводот за урбанизам на град Скопје, каде што во 1991 година ја завршил својата професионална кариера. По скопскиот катастрофален земјотрес интензивно се вклучил во обновата на градот.

Учествувал во проектот за училиштето „Песталоци“, работејќи во студиото на Алфред Рот во Цирих. Многу значајно за неговиот развој и напредок во професијата е тоа што бил во можност да престојува во странство, во повеќе земји, при што имал можност да соработува со светски афирмирани архитекти, како што се Алфред Рот, Алвар Алто, Јорн Утцон и Кензо Танге. По враќањето од Швајцарија ги проектирал и извел Комплексот банки, заедно со Олга Папеш, како дел од Деталниот урбанистички план за Скопје на јапонскиот архитект Кензо Танге. Позначајни реализации во неговото творештво се стоковната куќа „Меркур-импорт“, основните училишта „Моша Пијаде“ и „Борис Кидрич“, станбеноделовен трговски комплекс во Кочани, Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп, стоковната куќа „Југопромет“, деловен центар и СОК во Струмица, и други. Истовремено бил активен и во областа на урбанизмот, особено во Струмица и Кочани, каде на сопствените урбанистички планови реализирал и дел од предвидените објекти. Добитник е на повеќе признанија, од кои позначајни се Диплома од областа на проектирањето за станбено-деловниот комплекс во Кочани во 1983 година, Златна плакета за повеќегодишна соработка со Општина Кочани во 1983 година, Диплома на БИМАС за Комплексот банки во Скопје во 1984 година и други. Во печатот често објавувал свое професионално мислење за

актуелните архитектонски проблеми, а со свои реферати учествувал на повеќе симпозиуми. Во слободното време се занимавал со макетарство, фотографија и сликарство. Архитектот Лаловиќ за себе велеше дека завршил архитектура и почнал да работи како архитект, но постепено ги изнаоѓал и вредностите на урбанизмот, така што почнал да се самообразува во таа област и да работи на многу урбанистички проекти. „Јас на некој начин го изодив целиот пат на архитектонско и урбанистичко планирање, од архитектонско планирање, преку урбанизам, до просторно планирање“, ќе нагласеше тој. Во едно интервју за „Порта 3“, тој упати порака, како аманет до младите архитекти, што е мошне важно денес кога сме сведоци на изопачени вредности во архитектурата. Тој тогаш рече: „Архитектот го демнат две опасности. Од една страна е рационалната граница кога авторот брутално одговара на поставената задача без и најмалку имагинативност, кога функцијата останува разголена до непрепознатливост. Од друга страна е ирационалната граница, кога авторот премногу агресивно настапува во еден амбиент со личниот инспиративен набој со желба да се наметне на тој амбиент. Овие две граници не би смееле ни да се допрат, а камоли да се преминат. Просторот меѓу нив е доволно широк за творештво. Мојата препорака до помладите колеги е да ја прифатат оваа мудрост“. 31 јануари 2014 ПОРТА

55

55


Issuu converts static files into: digital portfolios, online yearbooks, online catalogs, digital photo albums and more. Sign up and create your flipbook.