ТВОРЕЧКИ РЕМИНИСЦЕНЦИИ

Page 1

Марко Коловски ТВОРЕЧКИ РЕМИНИСЦЕНЦИИ (Кон концертот на Македонската филхармонија и солистите Александар Иванов на виолина и Игор Иванов на кларинет на отворањето на Деновите на македонската музика 2018) Во една навистина свечена и, - за Деновите на македонската музика – посакувана атмосфера, во новиот амбиент на солидно пополнетата сала на Македонската филхармонија, со свечено доделување на

традиционалните годишни награди на СОКОМ („Трајко Прокопиев“ – М. Коловски; „Панче Пешев„ – Д. Андовска и Н. Димушевски и „Г Божиков – Биг-бендот на Здружението на џез музичарите и слободните уметници на Македонија) започна годинашнава најобемна смотра на најновите дострели на македонските творци и актуелната исполнителска кондиција на нашите музички ансамбли и уметници.

1


Од творечка гледна точка концертот би можел да се наслови и како „Носталгија“. Можеби не буквално, на пример како жал на авторите по веќе одминатите времиња, но, секако, како нивен однос кон поблиската, па и подалечната традиција, однос со кој како да сакаа да кажат: „Еве, и низ ова што ние го претставуваме вечерва, живеат великаните на музичката историја, главно од дваесеттиот век. Не со директни цитати, ами со духот на нивниот творечки и музички стил што ги пронижува нашите композиции. И докажуваат дека стиловите, особено доколку до нив е дојдено низ еден еволутивен пат на музичката историја, не се временски ограничени. И можат да бидат естетски и уметнички делотворни во еден релативно долг временски период. Особено ако тие се применат инвентивно.“

Се разбира, никој од тројцата застапени автори вечерта: Сони Петровски (2016) со „Трите псалми“ за хор и оркестар, Панде Шахов со Концертот за кларинет и оркестар (2005) и Филип Иванов со Концертот за виолина и оркестар (2016) не го кажа ова буквално, но слушајќи ги нивните композиции таквиот став се наметнуваше како неминовна творечка позиција. Според реакциите на публиката што ќе ги спомнеме подоцна – сосема исправна. 2


Значи, Сони Петровски трите псалми издвоени од опусите на двајца автори што пишувале во духот на византиската традиција („Богородичен тропар“ и „Достојно ест“ од Јоан Хармосин – Охридски

(1829–1890) и „Отца и Сина“ од Манасиј поп Тодоров (1856–1938)), кои на европска нотација ги транскрибирале Јане Коџабашија и Мирјана Павловска – Шулајковска, ги земал како основа за создавање на една, сега веќе нова партитура во која вокалите се комбинирани со традиционалните инструменти на симфонискиот оркестар. Постапката не може да се нарече нова ниту во светски (тука е Илирион Алфеев, на пример), ниту во наши рамки (Живоин Глишиќ), но што е поважно, ваквиот пристап, особено преку примерот на веќе спомнатиот руски владика и композитор, доби светски признанија, а тој самиот – светска слава. Со „позитивни вибрации“ од страна на публиката беа примени пред неколку години и оркестрациите на неколку духовни напеви од страна на Глишиќ. И овој пат, како и при

првата изведба пред две години во Охрид, „Трите псалми“ доживеаа убав прием и громогласен аплауз. Беа изведени прилично уверливо при што, нивото на филхармоничарите се подразбираше само по себе, а во фокусот беше хорот „Херувими“ кој што нашата јавност поретко го слушала, што е разбирливо бидејќи е понов (2013) и специфичен вокален состав (се занимава со изведба на духовна музика од 3


византиската традиција на нашето минато). Тој, пак, - хорот „Херувими“ беше на висина на својата задача: ги испеа напевите повеќе од коректно, со чувство за мера во пренесувањето на божјата порака преку пеаниот збор и со соодветно прилагодување на балансот што го бара новиот контекст. Притоа, барем за дел од публиката, своите врвови ги имаше таму каде што и авторот Сони Петровски, се чини, ги дофатил посакуваните височини: во творбата „Богородичен тропар“. Како и да е, беше тоа еден одличен вовед во изведбата што следеше потоа.

Како што рековме, и Панде Шахов во својот Концерт за кларинет и оркестар не бегал од влијанија. Или не се плашел дека тој на одделни места, и според оркестрацијата и според фактурта и според определени тематски материјали и нивната разработка ќе заличи на некои од неговите претходници, повеќето од времето на минимализмот. На Стив Рајх, на пример. Не се плашел бидејќи и тој, а и секој подобро информиран музичар знае дека не е стилот тој што ги определува

лимитите и хоризонтите на една композиција, туку тоа се инвентивноста и свежината со која авторот ќе се движи низ него, и, особено – музикалноста со која ќе го „пронижи“. И, во таа смисла, ниту авторот на овој текст, ниту пак публиката имаат некоја посериозна замерка на авторот. Првиот – затоа што знае дека ова што го слушна е 4


само еден од многуте творечки патишта, па според тоа не може да се поставува прашањето зошто наваму, а не натаму. Важно е дека сето тоа е на „магистралата на музиката“; Вторите – затоа што делото, вакво какво што е, е слушливо, приемчиво, може да се доживее како дело во кое се чувствува „работа на духот врз материјалот“. Филхармоничарите под раководство на прецизниот Борјан Цанев концертот го изведоа сосема солидно, а солистот Игор Иванов покажа како и без видливи бихејвиористички афектации може да се постигне култивиран тон, умерен пристап, прецизност во изведбата. Не е тоа, барем во делот на спомнатата визуелна афектација, соодветно на модерните изведувачки трендови (да се потсетиме на израелката Шерон Кам на пример, или на нашите Лумановски и Ангелов) кога изведувачот со своите мимики, со својот визуелен израз буквално сугерира и ја засилува уметничката експресија, но – тоа е стилот на Игор Иванов и тој, во овој случај се покажа како сосема доволен.

Својата кулминација воведниот концерт на годинашниве Денови на македонската музика ја доживеа со изведбата на Концертот за виолина и оркестар од Филип Иванов. Најнапред да го спомнеме

куриозитетот што сосема ретко се среќава на која и да е сцена: солист на делото (Александар Иванов) да биде братот на композиторот (Филип Иванов), а со оркестарот да диригира нивниот вујко (Борјан 5


Цанев). Но, кулминацијата не беше заради оваа роднинска врска. Или, можеби, сосема малку имаше врска со тоа. Кулминацијата беше што и во ова дело Филип Иванов се покажа уште еднаш како композитор пред кој стои одлична перспектива, што Александар Иванов навести дека ние конечно ќе добиеме виолинист што ќе може да оствари светска исполнителска кариера во вистинската смисла на зборот (нека ми простат нашите помлади и квалитетни виолинисти, но нивните кариери беа за скалило подолу), и што сево ова и Борјан Цанев како диригент и Македонската филхармонија „го спакуваа“ во сосема успешна изведба за да може на крајот да слушнеме громогласен аплауз каков што ретко се слуша при изведби на дела од наши автори.

Значи, Филип Иванов, како и повеќе пати до сега, сакаше да покаже дека во еволуцијата не може да има скокови. Никаде, па ниту во создавањето на музички дела. И затоа се потпрел врз досегашната традиција на пишување на вакви дела (Сибелиус, Брух, Чајковски, Шостакович, Прокофјев), врз формалните принципи кои веќе се докажани како „музикотворни“ (сонатна форма, репризи, скерцо, каденца, финале итн.), дека, како и многумина автори од историјата, не смета дека музиката може да биде „програмска“ и да изразува нешто надвор од неа, ами е чиста игра „на форми што се движат“ (според формализмот на Ханслик). И дека таа игра може да се потпира дури и

6


врз еден мотив што се провлекува низ сите делови од композицијата. И сево ова го направил и музички успешно и технички захтевно. Но, токму тој технички аспект му овозможи на Александар Иванов да блесне во сиот сјај, да ја внесе целата своја страст и енергија (до степен, дури во еден момент и самиот инструмент да не може да ја издржи!) и да го покаже она што веќе го спомнавме: дека во моментов е една од насјајните „ѕвезди во раѓање“ на нашето музичко небо. Дека и вака сложената солистичка делница може да се изведе со интонативна прецизност и со страст. И да ги предизвика овациите на крајот. Се надеваме – само како почеток на една блескава светска кариера.

7


Issuu converts static files into: digital portfolios, online yearbooks, online catalogs, digital photo albums and more. Sign up and create your flipbook.