Крпен студентски живот - Истражување за животниот стандард на станарите во ДСД „Скопје“

Page 64

Крпен студентски живот

и др., 2015) која досега ги делегираше претставниците во управните органи на ДСД „Скопје“ и ја организираше работата на советите на станари во домовите, како и процесите за менување на легислативата која ја дефинира формата на студентската претставничка организација, во ДСД „Скопје“ не се формирани совети на станари за академските години 2017/2018 и 2018/2019 (Радио МОФ, 2019). Наодите од теренското анкетирање за студентското учество во процесите на носење одлуки кои директно ги засегаат како станари во домовите дополнително ја усложнуваат сликата за студентско учество. Високи 92 % од испитаниците изјавиле дека досега никогаш не учествувале во носењето одлуки за условите за живот во домовите, а како причини за ова најчесто посочуваат на недостаток на време за таков ангажман, неинформираност за механизмите на учество и немањето верба дека нешто би можеле да променат дури и да се вклучат во процесите на носење одлуки. Слично на ова, дури 76 % од испитаниците не знаат каде би можеле да се обратат ако имаат идеја за студентска активност која би сакале да се случи во студентскиот дом во кој престојуваат. Од друга страна, 76 % од испитаниците знаат каде би можеле да се обратат ако имаат некаков проблем во студентскиот дом, при што најчесто споменувани се управата и портирите. Овие три податоци посочуваат на пасивна улога на студентите кои, од една страна, не се вклучуваат во процесите на донесување одлуки и не знаат каде би можеле да предложат своја идеја за студентска активност, но знаат каде/кому да му се обратат за решавање на одреден проблем кој го имаат. Кога станува збор за нивото на информираност на студентитестанари за функционирањето на домот, резултатите повторно посочуваат на ниско ниво на интерес. Дури 93 % не знаат како се трошат финансиските средства наменети за функционирањето на домовите, а повеќе од 70 % од испитаниците имаат ниски основни познавања за управните органи кои функционираат во рамки на државните студентски домови и се одговорни за начинот на нивната работа. Кога станува збор за корупција во студентските домови, правните акти од областа на студентскиот стандард и документите кои ја уредуваат работата на државните студентски домови, не нудат одредби за спречување или забрана на коруптивни дејствија. Со други зборови, во случаи на коруптивни дејствија, применливи се одредбите од Казнениот законик и Законот за спречување на корупција. Како тема, корупцијата е спомената само еднаш во програмата за работа на ДСД „Скопје“ од 2014 година каде се предвидува формирање на комисија за спречување на препродажба на легла, што укажува дека во домовите биле забележани коруптивни или нечесни дејствија и управата одлучила да преземе мерки по тоа прашање. Сепак, непознато е дали оваа комисија била формирана и какви активности презела. Таа не е спомната во програмите за работа во следните години.

64


Turn static files into dynamic content formats.

Create a flipbook
Issuu converts static files into: digital portfolios, online yearbooks, online catalogs, digital photo albums and more. Sign up and create your flipbook.