IN MEMORIAM
Самоил Дуковски (1929 - 2011) Самоил Дуковски е роден на 2 август 1929 година во Галичник. Детството го поминува во Солун, каде што завршува основно училиште и први клас француска гимназија. Од март 1941 година па се до слободата живее во Гостивар. Продолжува да се школува во Белград и во Скопје каде што 1951 година ја завршува средната Државна театарска школа. Од 1951 година е актер во Драмата на МНТ, па се до 1960 година. На сцената настапува покрај другите и во претставите „Вообразен болен“ од Молиер (Диафарус); „Помладата сестра“ (Хенри), „Г-ѓа Министерка“ (Сима Поповиќ), „Длабоко сино море“ (Вилијам Колиер), „Многу врева за ништо“ (Антонио), „Вештиците од Салем“ (Хедорн), „Ревизор“ (Держи Морда) и многу други улоги. Во Младинско детскиот театар (денешен Драмски театар) настапува од 1959 година. Интензивно играше на сите три сцени. Посебно се истакнува во насловните улоги во пиесите „Балада за поручникот и Марјутка“ и „Гртко“ потоа во „Александра" (Мајорот), „Среќен пат“ (Аркадиј). Настапува во главна улога во „Гавран“; „Оливер Твист“. Има остварено преку 100 ролји. Играл и во претставите „Дундо Марое“, „Јане 3адрогаз“ , „Кралот на елените“, „Бегалка“ , „Свадба“. Првиот награден текст (и воедно прв изведен) му е „Ваташка трагедија“ за која доби трета награда во анонимен конкурс што го распишал Централниот комитет на младината, а беше изведен на 15 јуни 1963 година, во режија на Мирко Стефановски, а во изведба на Младинско детскиот театар. Наградени му се радио драмите „Доксевци“ (1976), и „Охридски дворец за унгарска принцеза“ (1980), на анонимните конкурси, распишани од Драмската редакција на Македонското радио – Радио Скопје. Добил награда и на конкурсот распишан од Драмската редакција на телевизија Скопје во 1984 година, за пиесата „Линија“. Во академската сцена „Мирче Ацев“ во Скопје, ја режираше својата пиеса „Блиц Мисла“. Со неа настапиле на интернационалните фестивали на Студентски театри во Загреб (Хрватска) и Краков (Полска) во 1969 год. Автор е и на пиесите „Раѓачка“, филозофска комедија.
„Смртта на сончогледот“ (1963), „Зелини и народ“ (1993), „Режисери и актери“ (1986), „Син“ (1990), „Витосани“, „Мили снајки“ (1992), „Наши мајстори“ (1994), „Расфрлени куршуми“ (1994), „Доксевци“ (1983), „Бездушен софтвер“ (1995), „На минус 45“, „Росписка меана“ (1998), „Палавите деца на Талија“ (1998), „Дојденци“ (1999), „Демонски скалпел“ (2000), „Надуениот самоволник“ (2000), „Парајлиска настинка“ (2001). Повеќето од драмите се реализирани во „Аматерски театри“ објавувани во часописи и списанија и во сопствена режија, како и фотокопирани. Самоил Дуковски е прв менаџер на рок групата „Леб и сол“ од 1976-1989 година во кој период се реализирани мошне успешни турнеи по земјата и настапи по светот. Самоил Дуковски беше еден од иницијаторите во растежот на Драмски театар, како самоуправувач, активно делуваше во решавањето на многуте проблеми кои стоеја на патот и со заеднички напори се решаваа. Најповеќе неговата соработка помагаше за редовното прикажување на претставите, и присуството на гледачите. Незаменлив беше во таа насока. Не дозволуваше одлагање на претстави, поточно ја вршеше најтешката работа за еден театар, да не се одлага претставата и салонот да биде полн. Добитник е на повеќе признанија меѓу кои Медал за заслуги за народ (1974), Плакета на Град Скопје (1969) и Плакета на Сојузот на синдикатите за општествени дејности (1975). Р.С
164