Брошура темели за убава иднина – училиште во капиштец

Page 1

Основно училиште

„Капиштец“ Општина Центар

ТЕМЕЛИ ЗА УБАВА ИДНИНА


Основно училиште

„Капиштец“ Капиштец, со повеќе од 12 000 жители, е најголемата населба во Центар, но на нејзината територија нема ниту едно основно училиште. Поради тоа, голем број на деца се принудени да одат во училишта кои се наоѓаат далеку од населбата, па дури и во соседните општини. На долгиот пат до училиштето, децата поминуваат повеќе сообраќајници кои ја загрозуваат нивната безбедност. Со изградбата на новото основно училиште, Капиштец конечно ќе добие свое модерно училиште за 500 ученици, по сите светски стандарди. Градењето на ново училиште во најголемата населба во Скопје е дотолку позначајно, ако се знае дека во општина Центар, училиште не е изградено од 1969 година. Полни 47 години по Ј. Х. Песталоци, ние го градиме нашето современо училиште, кое ќе биде едно од најубавите на Балканот. При проектирањето, водевме сметка училиштето да биде прилагодено на новата Кембриџ образовна програма, согласно законот за изградба на ваков тип образовни објекти. За секој ученик е планиран минимум простор од 5 m², а во секоја паралелка од 25 до 28 ученици. Со ова, ги исполнуваме меѓународните стандарди.



Сите училници и кабинети ќе бидат прилагодени на различната возраст на учениците, односно на предметите што ги учат. Целта е учениците да го чувствуваат просторот како свој и лесно да се движат во него. Поради тоа, училиштето е проектирано врз концептот на основна клетка-училница, организирана околу централен хол. Училишниот двор е парк, каде што зеленилото се простира низ целата градба.


Место за удобен раст, развој и учење Имајќи предвид дека учениците поголемиот дел од денот го поминуваат во училиште, целокупната архитектура на објектот е планирана на начин на којшто ќе им се овозможи пријатен амбиент. Училишниот двор нуди можности за продолжен престој на учениците и за разни активности на отворено. Природниот зелен ѕид треба да ги заштити од фреквентната улица „Васил Ѓоргов“, што ќе се постигне со садење на нови дрвја и зеленило, вклопени во веќе постоечкиот дрворед. Високото зеленило е доминантно на границите од парцелата каде што ќе се гради објектот, додека ниското зеленило е предвидено како природно опкружување за наставата во природа. Посветено работиме и за заштита на природната средина. За таа цел, пред да биде започната изградбата, беа обележени позициите на карактеристичните дрвја, со цел да се зачуваат што е можно повеќе и да се вклучат во новиот проект. На мапата на плацот за градење, од стручните лица се обележени околу 60-ина дрвја. Идејното решение на објектот дозволува природата да стане дел од внатрешноста, со што учениците, наставниците и посетителите ќе имаат постојан поглед на бујното зеленило при движењето низ училишните скалила и коридори.


Објект за 9 различни генерации При планирањето на просторот, водевме сметка дека во училиштето ќе учат деца на возраст од 6 до 15 години, меѓу кои постои значителна возрасна разлика. Низ тие девет години, потребите и интересите на учениците значително се менуваат. Идејното решение обезбеди објект кој на 9 различни генерации ќе им овозможи место за пријатно школување.

Основни карактеристики на објектот ПОВРШИНА НА ПАРЦЕЛАТА:

10.600 m² ВКУПНА ПОВРШИНА НА ОБЈЕКТОТ:

11.886 m² КАПАЦИТЕТ:

500 УЧЕНИЦИ


Број на простории: 20 УЧИЛНИЦИ, 8 КАБИНЕТИ, СПОРТСКА САЛА, САЛА ЗА ГИМНАСТИКА, АУЛА СО ТРИБИНИ, КУЈНА СО ТРПЕЗАРИЈА, ДВА ЛИФТА, ЕДЕН ЗА КУЈНАТА И ЕДЕН ЗА ЛИЦА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ, СПОРТСКИ ТЕРЕНИ ЗА ФУДБАЛ, ОДБОЈКА И РАКОМЕТ, БОТАНИЧКА ГРАДИНА, ПОДЗЕМЕН ПАРКИНГ СО 95 ПАРКИНГ-МЕСТА.


Основни карактеристики Целиот објект ќе биде изведен во армирано бетонски систем кој нуди исклучително високо ниво на сеизмичка заштита, по врвни стандарди и максимална безбедност на учениците. При изградбата ќе се користат природни материјали, кои не се штетни за здравјето и за околината. Кабинетите ќе бидат модерно опремени со најсовремени наставни помагала, односно со интерактивни табли и таблет компјутери. Подовите во просториите ќе бидат од винил со антибактериски и антиалергени особини, за поедноставна и поголема хигиена. Во целиот објект , односно во сите тоалети ќе има топловодно подно греење, кое овозможува идеална температура низ просториите. Енергетско-ефикасната фасада на објектот спречува сончеви и други атмосферски влијанија, а флот-стаклата претставуваат посебна заштита.


Конкурс со 21 идејно решение На конкурсот за изградба на новото основно училиште, кој го распиша општина Центар, пристигнаа рекордни 21 идејно решение. За тоа колкав беше интересот од страна на архитектите, илустрира една друга бројка за споредба: на конкурсот за надградба на Собранието на Република Македонија пристигнале само 6 идејни решенија. За што поголема транспарентност на целиот процес и во изборот на победниците, во Музејот на град Скопје беа изложени сите идејни решенија, истовремено презентирани и во соодветен каталог. Првата награда за идејно решение ја доби архитект Бесиан Мехмети со соработниците Стефан Атанасовски, Никола Кунгуловски и Арменд Хебити. Втората награда им беше доделена на архитектите Бранислава Ѓорѓевиќ, Елена Пазарџиева, Биљана Смилевска, Марија Димитриевска и Стефан Тодоровски. Откупени се три идејни решенија.



АРХИТЕКТOT БЕСИАН МЕХМЕТИ, ЗА ИДЕЈАТА НА ПРОЕКТОТ, ПО КОЈ ЌЕ СЕ ГРАДИ УЧИЛИШТЕТО, ИЗЈАВИ: “Зададениот габарит е подреден за 3 основни ленти-тракти, од кои средишниот е за заеднички активности, додека страничните се за учење. Преку овој проект и со самиот проектен пристап, организацијата на одредени простори, интеграцијата со природата, создавањето на едукативни тематски катчиња, простор за социјализација, игра и одмор дадовме придонес кон подигнување и унапредување на воспитно-образовниот процес, создавање на идни генерации во рамки, кои ги овозможува нашиот домен, архитектурата”.

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ АНДРЕЈ ЖЕРНОВСКИ, ЗА КАПИТАЛНИОТ ОБЈЕКТ КОЈ ГО ВЕТИ ВО ИЗБОРНАТА ПРОГРАМА: “Во 70-тите години од 20 век, како во еден здив се реализира густа структура за домување на просторот од ОУ „Ј. Х. Песталоци“ до ОУ „Кочо Рацин“, која останува без тежишна точка што ќе држи рамнотежа. Во меѓувреме, голем број генерации основци остануваа без свој мемориски училишен код. Сето тоа беше предизвик за мене кога се кандидирав за градоначалник на нашата општина. А кога на предизвикот ќе одговорите соодветно, тогаш сè доаѓа на свое место. Кога се согласувате да го земете ракописот на оваа сегашност во раце, да го прочитате, во тој миг ја земате обврската тоа да го пренесете и на нашата иднина”. И така, конечно, ја имаме тежишната точка со форма, содржина и име. Меѓу двете училишта ќе никне трето. Тоа е училиштето „Капиштец“.



Issuu converts static files into: digital portfolios, online yearbooks, online catalogs, digital photo albums and more. Sign up and create your flipbook.