BookStar 2019

Page 1

07>10

BookStar 2019


ОФИЦИЈАЛНА ПРОГРАМА

2


BOOKSTAR 2019 ОТАДЕ Т’га за отаде!

Што се наоѓа отаде сивата магливост по слушнатите приказни на црната и белата страна? Различностите надвладуваат, па оваа година претставуваме шест автори со спротивни заднини, тематики и интереси, кои ќе се обединат и заедно ќе дискутираат на темите опфатени во нивните романи: религија, националност, традиција, политика, сексуалност и вечно присутната желба за моќ. Отаде шизоидните наративи во секојдневјето, постојат личните приказни, кои најдобро сведочат за хаосот на идеологиите. МАЛ ЈУБИЛЕЈ ЗА BOOKSTAR, АНТОЛОГИСКИ ПОТФАТ ЗА НАС BOOKSTAR 2019 е фестивал на европската литература, кој петта година по ред ги објаснува културолошките промени преку книжевноста. Фестивал од социјално ангажиран карактер чија цел е да разбранува интерес кај пошироката јавност, нудејќи содржина што помага полесно да се разберат проблемите со кои се соочува општеството денес. Фестивалот „BookStar“ e прв фестивал на европската литература во Северна Македонија, организиран од издавачката куќа „Антолог“. Во рамките на оваа манифестација, која започна во 2015 година, а се одржува секоја есен, се вклучени Саемот на европската литература, гостувања на странски и на домашни автори, промоции, дискусии, музички настапи и други настани од полето на културата. Дирекција на Фестивалот „BookStar“ Книжевен центар „Антолог“ Адреса: ул. „Ѓорги Пулевски“ бр. 29 лок. 1 1000 Скопје, Северна Македонија Телефон: 02 3201 007 Интернет-страница: antolog.mk Инстаграм: @bookstar_festival Твитер: @bookstar2016 Фејсбук: АНТОЛОГ – Книжевен центар Волонтери: Марта Димитров Ивона Лаушевиќ Јованка Пачовска Сара Петровска Христина Ангелеска Дијана Велковска Катерина Котеска

Книжарница „Антолог“ Адреса: ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 31 лок. 1 1000 Скопје, Северна Македонија Телефон: 02 6169 150 Инстаграм: @antolog_mk Тим: Жарко Кујунџиски Кристина Велевска Ирена Трајкова Ивана Смилевска Ирина Тумбовска Валентина Кујунџиска Златко Кујунџиски Јана Андева Јован Настевски Јон Александар Котевски Ана Василева Игор Станојоски Јасминка Делова-Силјанова Јулија Петровска

3


ХАЛДОРА ТОРОДСЕН Исланд 7 октомври 19:00 Кино Фросина МКЦ Претставување на книгата „Двојно стакло“ и разговор со авторката Халдора Тородсен (Исланд) Промотор: Ана Мартиноска Модератор: Ана Василева Превод: Мери Кицовска ISBN: 978-608-243-362-2 Број на страници: 80

Халдора Тородсен (1950) е исландска писателка. Дипломирала педагогија и уметност во Исланд. Работела како учителка, графички уредник во дневен весник, раководител на ликовната наставна програма за основните училишта и како програмски директор во радио. Пишува во повеќе жанрови, и тоа поезија, кратки раскази, микрофикција и романи. Роман за јазот помеѓу генерациите во едно општество и за изолацијата и на младоста и на староста. Непретенциозно херојско обожавање на обичниот човек. Главниот лик е 78-годишна вдовица. Смртта полека ѝ се приближува. Таа живее сама во својот мал стан во Рејкјавик. Секојдневно го набљудува светот низ двојното стакло на прозорецот во својата кујна. Со годините, бројот на пријателите се намалува, здравјето ѝ се влошува и енергијата и живоста постепено се цедат од нејзиното тело. Сè што ја очекува е изолација и смрт. Но одеднаш се случува чудо. Се вљубува во еден човек по име Сверир, а потоа планираат да се вселат заедно во стан во дом за пензионирање. Новата љубов го раздвижува нејзиното осамено постоење, давајќи ѝ надеж, но и сомнежи и стравови. Свесна за генерациското табу, кое буди потсмев, се прашува: како ќе гледаат другите на оваа љубов? Приказна раскажана без сентименталност, со цврст и полн стил, чија оригиналност со право се стекнува со Наградата за литература на Европската Унија во 2017 година и со престижната Исландска награда за литература за жени во 2016 година.

4


МИХАЛ ВИВЕГ Чешка 7 октомври 20:30 Кино Фросина МКЦ Претставување на книгата „Воспитувањето девојки во Чешка“ и разговор со авторот Михал Вивег (Чешка) Промотор: Јасна Котеска Модератор: Ана Василева Превод: Маргарета Карајанова ISBN: 978-608-243-358-5 Број на страници: 224 Фото: © David Konecny Михал Вивег (1962) е еден од најпопуларните и најпродавани современи чешки писатели. Дипломирал чешки јазик и педагогија. Како романсиер, драматург, сценарист и автор на раскази и на колумни пишува со многу хумор и оригинална иронија постигнувајќи длабоки значења. Од крајот на 1990-тите секоја пролет објавува по една книга. Преведен е на 25 јазици. Добитник е на наградите за литература „Јиржи Ортен“ и „Магнезија литера“. Неговите книги се распродадени во милион примероци само во Чешка. Младиот учител Оскар е во лоша финансиска состојба, па ја прифаќа понудата од милионерот Карл да дава приватни часови за неговата ќерка. Беата е убава и внимателна девојка, која се соочува со тешкотии со целиот свет, како и со самата себеси. Животот на учителот се претвора во лудило и безумие, ураган на страст и беспрекорни затајувања меѓу љубовницата, сопругата и деветгодишната ќерка. Овој роман може да се чита на најмалку четири начина: како сугестивна приказна за животната трагедија на една дваесетгодишна девојка; како духовита сатира на тогашниот систем на образование во Чешка; како „книга за пишувањето книги“; и конечно и како иронична љубовна приказна. Еден од најуспешните романи од 1990-тите години, кој е преведен на многу јазици, филмуван и распродаден во над 110 000 примероци. Други преводи од Вивег на македонски: „Раскази за бракот и сексот“ (превод: Донка Роус и Јасминка Делова-Силјанова, „Табернакул“, 2000), „Тројца за никаде“, заедно со Халина Павловска и Ива Херцигова (превод: Донка Роус, „Македонска реч“, 2008).

5


КАДЕР АБДОЛАХ Холандија 8 октомври 19:00 Кино Фросина МКЦ Претставување на книгите „Куќата на џамијата“ и „Бележникот на татко ми“ и разговор со авторот Кадер Абдолах (Холандија) Промотор: Мерсиха Исмајлоска Модератор: Ана Јовковска Превод: Елизабета Божиноска ISBN: 978-608-243-296-0 Број на страници: 288

Кадер Абдолах (1954) е ирански писател што пишува и на холандски јазик. Неговото вистинско име е Хосеин Саџади Гемагами Фарахани. Тајно ја проучувал западната литература и го осознал поимот за слободата на сосема поинаков начин. Како студент по физика во Техеран пишувал за левичарски андерграунд весник, a тајно објавил две збирки раскази под псевдонимот Кадер Абдолах. На холандската литературна сцена дебитирал во 1993 година. Делата на Абдолах се преведени на дваесетина јазици. Кога бил дете, Ага Акбар, непризнат син на персиски благородник, отпатувал со вујко си во длабочините на Персија, кои криеле мистериозна пештера. Во неа се наоѓал релјеф издлабен со клинесто писмо, стар три илјади години, од времето на првиот персиски крал. За да се ослободи од она што го чувствувал, малиот Ага Акбар создал сопствено писмо од овие симболи, со кое страсно пишувал за својот живот, за своето семејство, за емоциите и за општествените промени што се случувале во неговата земја. Создал личен дневник што само тој можел да го разбере. Години подоцна, неговиот син Ишмаел живее како политички дисидент во егзил. Обидувајќи се да го дешифрира наследениот бележник, тој ги раскажува не само татковата судбина како селски поправач на килими туку и својата приказна на политички активист во судир со властите во земјата во која е роден, но и приказната на Иран од XX век. И ниту една од овие приказни не може некого да остави рамнодушен. Воодушевувачки амбициозен роман за патувањето на една култура кон современието и чудесна и безвременска хроника за вечната љубов на синот кон таткото.

6


КАДЕР АБДОЛАХ Холандија Превод: Ели Пујовска ISBN: 978-608-243-357-8 Број на страници: 400

Alef Lam Miem, започнува арапската азбука, со верување дека, точно искомбинирани, овие букви ги откриваат тајните на универзумот. Така започнува и „Куќата на џамијата“, импресивна книга за желбата на човечкиот дух да освојува. Добре дојдовте во куќата на џамијата. Иран, 1969 година. Пристигнува пролетта, а додека жените се подготвуваат за празниците, Седик чека додворувачот да тропне на вратата. Нејзиниот чичко Носрат се враќа од Техеран со гламурозна жена, а Шахбал копнее по телевизор за да го гледа слетувањето на Месечината. Но никој не може да предвиди што ќе се случи. Домаќинството доживува голема љубов и загуба бидејќи ги отвора вратите за верата и за политиката. „Куќата на џамијата“ го истражува начинот на живеење на традиционалното иранско семејство и како тоа излегува накрај со промените под влијание од Западот, револуцијата и последователната радикализација. Покрај тоа, книгата ги прикажува борбите на чаршијата, религиозното правило на имамите и внатрешните семејни поделби на традиционалисти и револуционери. Абдолах лета низ фикцијата и низ историјата со „магичен килим“, преплетувајќи ја опојноста на ориентот со ужасната реалност со која се соочува семејството на Ага Џан. Романот, како камерата на Фелини, го носи читателот низ серија вињети од мал градски живот што го привлекуваат вниманието кон големата слика (феминизмот, тензијата меѓу институционалната религија, моќта и народната вера) без воопшто да звучат како лекција по историја или социологија. Фасцинантен и карактеристичен. Одмерен и моќен пример на литературен отпор.

Ја напишав оваа книга за Европа. Тоа е книга за уметноста, за религијата, за сексот, за филмот, за важноста на радиото и на телевизијата. Го тргнав превезот и го покажав исламот како начин на живот за да биде подобро разбран. Романот го ткаев со стихови од Куранот. Суштината на Куранот како книга е многу важна за мене. Како книга, а не како верска одредница. Мојата намера беше да му го прикажам на светот исламот што живее во домот на едно семејство, а не да пишувам за радикалниот ислам.

7


ЕВГЕНИЈ ВОДОЛАЗКИН Русија 8 октомври 20:30 Кино Фросина МКЦ НАГРАДА БУКСТАР 2019 Претставување на книгите „Авијатичарот“, „Соловјов и Ларионов“ и „Лавр“ и разговор со авторот Евгениј Водолазкин (Русија) Промотор: Венко Андоновски Модератор: Ана Јовковска Превод: Ѓорѓи Крстевски ISBN: 978-608-243-302-8 Број на страници: 336

Евгениj Водолазкин е руски писател роден во 1964 година во Киев, Украина. Од 1990 година работи во Одделот за староруска литература, каде што е водечки научен соработник. Автор е на повеќе од сто трудови поврзани со древната и со новата руска литература. Предава на универзитети во Минхен и во Санкт Петербург. Неговиот роман „Лавр“ ги освојува наградите „Големата книга“ и „Јасна Полјана“ во 2013 година. Преведен е на повеќе од 15 јазици. Инокентиј Петрович Платонов се буди во болница во 1999 година, без сеќавање за тоа кој е или како се нашол таму. Иако изгледа како да е триесетгодишен, постепено сфаќаме дека е постар од еден век! Вистински Робинсон Крусо, фрлен на брегот на еден чуден модерен свет што не го разбира и од кој де факто е изолиран. Како точно пристигнал во постсоветската ера, очигледно транспортиран директно од 1920-тите? Места и моменти во времето од руската култура, вклучувајќи го и револуционерниот и постреволуционерниот Петроград. Единствената, временски фрактурирана биографија на Платонов му дава широка перспектива на рускиот живот: исто како што еден авијатичар би можел да испита широк простор озгора, неговите спомени датираат од раниот советски период до крајот на дваесеттиот век. „Авијатичарот“ е дело на сеќавање и заборавање. За заедничкото плетење и разбирање на еден век во руската историја. Романот запрашува: Која е поврзаноста меѓу индивидуалната и колективната меморија? Што е поважно во нашето разбирање на минатото: големите историски настани или малите детали од секојдневниот живот, како што се звуците и мирисите?

8


ЕВГЕНИЈ ВОДОЛАЗКИН Русија Превод: Павел Попов ISBN: 978-608-243-003-4 Број на страници: 352 „Лавр“ ни го претставува Арсениј, роден во 1440 година, одгледан од дедо му, билкар, кој живее во близина на Кирило-Белоезерскиот манастир, на петстотини километри северно од Москва. Станува познат исцелител и пророк што „соборил демони со камења и разговарал со ангели“. Водолазкин е насочен директно во срцето на руското религиозно искуство, интимно, но претпазливо и окултно. Поглед на средновековно христијанство чии клучеви се молитвата и верата. Во целост без иронија – напор да се ископа значењето од далечното минато на Русија.„Верата кај Водолазинкин не е ниту екстатична, како што се многу облици на западното христијанство, ниту е хиерархиска, како источното христијанство, ниту е научна, како јудаизмот, туку е едноставна потрага по внатрешниот мир!“ – „Њујоркер“ Арсениј, распнат по смртта на својата сопруга, патува во градот Псков, тогашна Литванија. Тој поминува децении без да изусти збор, повеќето од неговите молитви во молк не се со Бога, туку со духот на Устина. Превод: Павел Попов ISBN: 978-608-243-293-9 Број на страници: 336 Соловјов е млад историчар што доаѓа во Санкт Петербург да ја истражува личноста на генералот на Белата армија, Ларионов, кој ги водел трупите против болшевичката револуција. Потоа патува на Крим за да ги бара исчезнатите страници од дневникот на генералот. Потрагата по вистината на Ларионов е движечка сила на книгата во која се прикажани настаните од животот на Соловјов. Несомнено имаме нов книжевен жанр – историски детективски роман. Овој историски запис станува флуиден како и секоја друга животна приказна што била усно пренесувана. Ларионов е легенда. Честопати е присутен комичен тон што го спречува да биде само филозофски билдунгсроман. Описот на академскиот свет во кој се наоѓа Соловјов е познат секому што поминал низ тие ходници. Водолазкин успева да ја пренесе комичноста на академијата без да ја претвори сатирата во фарса. Претставената ограниченост на научните стремежи е спротивставена на сериозната намера на емоционалното и интелектуално истражување на Соловјов. Приказ на процесите на размислување, кои брилијантно преминуваат во историска студија.

9


СЛОБОДАН ШНАЈДЕР Хрватска 9 октомври 19:00 Кино Фросина МКЦ Претставување на книгата „Исцелување на светот“ и разговор со авторот Слободан Шнајдер (Хрватска) Промотор: Ана Стојаноска Поздравна реч: Владимир Милчин Актерска поддршка: Сузана Киранџиска Превод: Владимир Јанковски ISBN: 978-608-243-314-1 Број на страници: 504

Слободан Шнајдер (1948) е хрватски писател и драмски автор. Дипломирал филозофија и англистика на Филозофскиот факултет во Загреб. Основач и долгогодишен уредник на списанието за театар „Пролог“. Објавува романи, есеи, колумни и театарски дела од 1966 година. Негови драми се изведувани низ повеќе градови на Европа, иако некои од нив се избегнувани во Хрватска. Автор е на три романи. „Исцелување на светот“ е приказна за животот на двајца луѓе во време на крајности. Георг и Вера во една точка од своите животи имаат екстремно спротивставени биографии. Тие се среќаваат кога тоа станува можно, откако сè на светот било против таа нивна средба. Но потоа заминуваат секој по својот пат, иако сега пак сè ги упатува на тоа да останат заедно. Епска приказна што сведочи за моќта на идеологијата способна да подели речиси сè. Романот го опфаќа периодот од втората половина на XVIII век, кога група германски колонисти пристигнуваат во Славонија, во рамките на реформите на Марија Терезија, па сè до распадот на Југославија кон крајот на XX век. Овој роман чука на вратата на сегашноста. Односно, овој роман чука на вратата на егзистенцијалистичкиот страв, неизвесност и општиот гнев. Најнаградуваниот хрватски роман во последните неколку години. Добитник е на наградите „Меша Селимовиќ“, „Мирко Ковач“, „Радомир Константиновиќ“, „Кочиќево перо“ и „roman@tportal.hr – награда за најдобар хрватски роман“. Други преводи на Шнајдер на македонски: „Утеха на северните мориња“ (превод: Петре Бакевски, „Тера Магика“, 2000), „Хрватски Фауст и други драми“ (превод: Јелена Лужина, „Блесок“, 2011).

10


МАРКО ШЕЛИЌ МАРЧЕЛО Србија 9 октомври 20:30 Кино Фросина МКЦ Претставување на книгата „Малтерего“ и разговор со авторот Марко Шелиќ Марчело (Србија) Промотори: Иван Шопов и Ѓоко Здравески Превод: Сашо Христовски ISBN: 978-608-243-341-7 Број на страници: 320 Марко Шелиќ Марчело (1983) е српски музичар и писател, познат по своите социјално ангажирани текстови и еклектичен пристап. Еден од најистакнатите српски хип-хоп изведувачи. Дипломирал српски јазик и книжевност во Белград. Педагошкиот факултет во Крагуевац му доделува почесна диплома за педагошко дејствување. Пишува романи, колумни, есеи, рубрики за стрип. Твори и труби во Белград. Младиот и талентиран Лео е ставен пред изборот на насилството. Пишување на своевиден дневник на лудакот – во кој имагинарниот одмаздник, неговото (М)алтерего, брутално ја спроведува правдата – е начинот на кој Лео избира да не избира насилство, сè до денот кога трупот од неговата приказна ќе се појави на вести. Една омразена водителка ја наоѓаат мртва само ден по „незгодното“ ТВ-интервју со Лео – падната од голема височина на место каде што нема згради. Од каде се нашла тука? Сигурно не паднала од небо? Кој ја убил? Има ли тоа некаква врска со Лео или со Малтерего? Кога фигурата одговорна за темните соништа на Лео и траумата од минатото повторно се појавува, виорот на настаните ги брише границите на имагинацијата и реалноста, моралот и тонењето. Интелигентен и хумористичен, а на моменти темен и остар, романот го прикажува животот во целосна форма, но и во неизбежното изобличување на јазикот на денешниот млад, едуциран и очаен свет, што го доведува до подлабока литературна вистина. Шелиќ нурка на зачудувачко ниво во темната бездна на човековата природа. Ќе ја почувствувате острината на проголтаната кука длабоко во стомакот. Супер урбана проза, која поигрува со елементи од различни популарни жанрови. Роман полн со насилство што покажува презир кон насилство и носталгична желба за рок-културата, која како нов бран се засноваше на љубов и разбирање“, го објаснува „Малтерего“ Давид Албахари.

11


КНИЖЕВНИ ДИСКУСИИ Да се биде eвропски романописец денес

Учесници: Кадер Абдолах (Холандија), Михал Вивег (Чешка), Луан Старова (Северна Македонија), Оливера Ќорвезироска (Северна Македонија) Модератор: Соња Стојменска-Елзесер 8 октомври – 17:00 часот Двајца странски и двајца домашни писатели ќе ги споделат своите искуства во доменот на романескната проза: зошто токму роман, кои се соодносите на фактот и фикцијата во нивните романи, колку личната биографија е инкорпорирана во нивното творештво, може ли романот да измени нешто во современиот свет, дали прават компромиси кон публиката, што мислат за „натпреварот“ меѓу книгата и филмот, постои ли европски роман?... Ретка можност да се слушнат мислењата за животот со, за и во литературата на

Во сенката на читателот

Учесници: Халдора Тородсен (Исланд), Калина Малеска (Северна Македонија), Фросина Пармаковска (Северна Македонија) Модератор: Весна Мојсова-Чепишевска 9 октомври – 17:00 часот Оваа средба е замислена како книжевна афтерворк дружба модерирана од Весна Мојсова-Чепишевска (1967), при што своите размисли и ставови ќе ги споделат Халдора Тородсен (1950), Калина Малеска (1975) и Фросина Пармаковска (1985). Што е книгата без читател? Дали овие авторки сакаат да се во сенката на читателот? Дали во досегашното свое пишување пишувале за претпоставен (конкретен) читател или пишувале заради самиот чин на пишување? Дали се подготвени да пишуваат за табу-теми (непријатни, скокотливи, незгодни, нелагодни)? Дали се подготвени да пишуваат приказни (книги) по нарачка? Во соработка со: Друштвото на писатели на Северна Македонија.

12


#5 САЕМ НА ЕВРОПСКАТА ЛИТЕРАТУРА

За време на фестивалот „BookStar“ (7-9 октомври), специјално за нашите читатели го организираме петтото издание на Саемот на европската литература. Меѓу другото, ќе можете да ги набавите книгите добитнички на престижната Награда за литература на Европската Унија, меѓу кои: Емануела Пагано, Троглодитни тинејџери Маренте де Мор, Холандска девица Лука Бекавац, Виљево Милен Русков, Возвишување Магдалена Парис, Магионичар Сара Стридберг, Бекомберја – ода за моето семејство Давид Машадо, Просечен индекс на среќата Лоренцо Амури, Апнеја Офејгур Сигурдсон, Сага за Јон Џамал Уаријачи, Глад

Клаудиу М. Флоријан, Времиња на игра. Детство во Трансилванија Ана Ким, Скаменето време Изабел Вери, Обескостена Јан Њемец, Историја на светлинатa Дулсе Марија Кардозо, Сочувство Гаел Жос, Последниот чувар на островот Елис Ида Хегази Хојер, Прости ми Хелена Хеншен, Во сенката на злосторот Халдора Тородсен, Двојно стакло

Учесници:

СРЕДБИ СО ЧИТАТЕЛИ Од август оваа година во Книжарницата Антолог – Центар се состанува Клубот на читатели, кој неформално го носи името „Книжевно матине“. Составен и организиран од една од најважните алки во светот на книгите – читателите, Клубот се состанува еднаш месечно и ги дискутира и ги анализира прочитаните дела. За октомврискиот состанок, групата планира да ја анализира книгата КУЌАТА НА ЏАМИЈАТА од Кадер Абдолах и ќе има ексклузивна можност тоа да го направи во присуство на авторот. Средбата е закажана за 9 октомври од 18 часот и е од отворен карактер. На 9 октомври од 9:00 часот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Катедра за славистика, веќе втора година по ред организираме средба меѓу студентите и чешките писатели. Овој пат студентите ќе разговараат со Михал Вивег.

13


РАБОТИЛНИЦА

Марко Шелиќ Марчело е добропознат на нашата јавност и како писател и како рап-музичар. Но тој исто така со години работи на полето на едукација на младите луѓе од цел Балкан. Одржал огромен број средби и работилници со средношколци и студенти. Затоа, Факултетот на педагошките науки на Универзитетот во Крагуевац му доделил и почесна диплома Magister Humanitas за педагошко дејствување и за особен придонес во развојот на културата на младите. Првпат имаме можност овој супер кул уметник да настапи и да се дружи со млади луѓе од Северна Македонија! Работилницата ќе се одржи на 8 октомври од 15:00 часот. Пријавете се на citamezaedno@gmail.com најдоцна до 5 октомври 2019 година.

ПОЧЕСНО УНИВЕРЗИТЕТСКО ПРЕДАВАЊЕ

На 10 октомври од 10 часот во Салата за седници на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје почесно предавање ќе одржи годинашниот добитник на наградата „BookStar“ – Евгениј Водолазкин. Ќе преведува Андреј Јованчевски. Освен тоа што студентите и гостите ќе можат да поразговараат непосредно со овој голем руски писател и да ги слушнат неговите видувања за романот денес, во оваа пригода ќе биде доделена и наградата „BookStar 2019“ за романот „Авијатичарот“, со што ќе заврши и официјалниот дел на Фестивалот „BookStar 2019“.

14


ПОТКАСТ ГОЛ РУЧЕК: LIVE

Поткастот ГОЛ РУЧЕК продолжува понатаму… Овој пат со Душко Крстевски, познат на книжевната јавност по своите впечатливи настапи како поет и како литературен промотор. За време на „BookStar 2019“, на сцената на култното кино „Фросина“ ќе седнат на жешкото столче четворица европски и македонски писатели, кои имаат што да кажат на многу книжевни и општествени теми. Ова е можност во живо да присуствувате на снимањето на новите епизоди од првиот книжевен поткаст кај нас, и тоа: Халдора Тородсен (Исланд) – 8 октомври – 17:00 часот Марко Шелиќ Марчело (Србија) – 8 октомври – 18:00 часот Венко Андоновски (Северна Македонија) – 9 октомври – 17:00 часот Евгениј Водолазкин (Русија) – 9 октомври – 18:00 часот Live stream @ https://www.facebook.com/mkc.mkd/

ОFF-ПРОГРАМА Свесни сме дека годинава фестивалската програма е набиена. Многу промоции, средби, дискусии, работилници. Затоа, на крајот на денот, ве покануваме на неформална дружба со гостите писатели и сите вљубеници во уметноста. Дел од странските писатели искажаа желба да слушнат македонски евергрини. Дел од нив, пак, сакаат да ги запознаете и преку нивните омилени песни. 7 октомври – 21:30 Музика по желба на Халдора Тородсен (Исланд) 8 октомври – 21:30 Музика по желба на Слободан Шнајдер (Хрватска) 9 октомври – 21:30 Музика по желба на гостите

15


Oрганизатор:

Поддржувачи:

Meдиумски пријатели:

www. ww w.ant antolog.m olog.mk k


Turn static files into dynamic content formats.

Create a flipbook
Issuu converts static files into: digital portfolios, online yearbooks, online catalogs, digital photo albums and more. Sign up and create your flipbook.