Issuu on Google+


Содржина:

Spisanieto izleguva so blagoslov na Negovoto Visokopreosve{tenstvo Mitropolit Povardarski g. Agatangel

Прослава на три значајни јубилеи во Повардарската епархија ПРВО ЗАМОНАШУВАЊЕ ВО ПОВАРДАРСКАТА ЕПАРХИЈА СВЕТИ ГРИГОРИЈ ПАЛАМА БЕСЕДА НА ПЕДЕСЕТНИЦА РАЗМИСЛУВА Њ А ЗА ЧОВЕЧНОСТА ИЛИ: ЕМАУС И ПОНАТАМУ Е ПРЕД НАС

Ѓ аволот

се плаши од бројаницата и молитвата

ШТО ЗНАЧИ ПОИМОТ КАНОНСКИ ЦРКВИ Радоста во Христа Сигурен показател на нашата духовна состојба Поуки од старец Јероним егински Житие на светиот Никола Планас Совети до свештениците За хомосексуалноста За гревот

Pravoslavna Svetlina Spisanie za pravoslavna vera, obrazovanie i kultura; broj VI, juli 2008, izleguva ~etiri pati godi{no. Izdava~: Povardarska eparhija na Makedonskata Pravoslavna Crkva, Veles. Glaven i odgovoren urednik: Mitropolit Povardarski g. Agatangel.

1

Ureduva~ki odbor: |akon Vlatko Stoimenov, ѓакон Jani Mulev, dipl. politikolog Nikola Cilakov, dipl. teolog Sne`ana Kolevska. Dizajn i kompjuterska podgotovka: Nikola Cilakov. Lektura: Kosovka Saveska Pe~ati: “1kniga” - Veles. www.povardarska-eparhija.org.mk e-mail: info@povardarska-eparhija.org.mk


Прослава на три значајни јубилеи во Повардарската епархија Со Воскресна Вечерна Богослужба, со која чиноначалствуваше Митрополитот Брегалнички г. Иларион, а во сослужение на голем број на свештенослужители од повеќе епархии на Македонската Православна Црква, во Соборниот храм на Повардарската епархија „Св. вмч. Пантелејмон“, на 10. V. 2008 год. започна одбележувањето на трите значајни јубилеи кои годинава се празнуваат во Повардарската епархија. По завршувањето на Вечерната Богослужба во храмот на светиот исцелител Пантелејмон беше организирана Духовна академија, на која свое излагање по повод јубилеите имаше Митрополитот Агатангел, а програмата беше збогатена со прекрасниот настап на црковниот хор „Св. вмч. Пантелејмон “ од Велес, монодрамата „Слово за Свети Климент“ во изведба на актерката Весна Димитровска и величествената изведба на композицијата „Оче Наш“ од страна на нашиот познат оперски пеач, маестро Борис Трајанов. Прославата продолжи со празничен коктел во дворот на Соборниот храм.

2


ЈУБИЛЕ Ј

3


Прославата продолжи во недела наутро со соборно заедничарење на голем број на верници на Архиерејската Божествена Литургија во Соборниот храм „Св. вмч. Пантелејмон“. 50 години од воскреснатата Охридска архиепископија, олицетворена во Светиклиментовата Македонска православна црква, 30 години од формирањето на Повардарската епархија и 10 години од архипастирската дејност на Митрополитот Агатангел беа предоволен мотив за многу верни чеда од сите краишта на Македонија, како и од дијаспората да дојдат во Велес и заедно да ги прослават овие радосни мигови за Македонската православна црква и македонскиот народ, воопшто. Архиерејската Божествена Литургија започна во 08,30 часот во Соборниот храм на Повардарската епархија „Св. вмч. Пантелејмон“. На Литургијата чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение на Митрополитите – Повардарски г. Агатангел, Полошко-кумановски г. Кирил, Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Брегалнички г. Иларион, поранешен Митрополит Европски г. Горазд и архимандритите Нектариј и Арсениј, како и свештенослужители од повеќе епархии на Македонската православна црква. Голем број на верни чеда, од Велес и многу градови од Македонија, како и многумина кои од дијаспората пристигнаа за да бидат дел од овие радосни мигови, молитвено ја проследија Светата Литургија – токму онака како што вистински му прилега на еден народ, на чија земја ì се припишува предзнакот „библиска“. По завршувањето на Литургијата, на Митрополитот Повардарски г. Агатангел по повод 10-годишнината од неговото хиротонисување во епископ на Македонската православна црква му беа подарени пригодни подароци.

4

На многаја лета, владико свет!


ЈУБИ Л Е Ј

5


Слово на Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан по повод јубилеите

СПАСОНОСНИТЕ ПЛОДОВИ НА СЛОБОДАТА „Добро е да се слави Господ и да Му се пее на името на Севишниот“ (Псал. 91,1). За сè да Му благодариме Нему, зашто таква е Неговата волја спрема нас (сп. 1. Сол. 5,18).

6

Возљубени во Господа, Во овие повелигденски денови, кога кај сите нас сè уште се свежи великопразничните торжествени чувства, еве, по милоста на воскреснатиот Господ, се собравме за да одбележиме достојни настани од нашето македонско црковно воскресение, настани од поновата историја на нашата Света Црква. Имено, оваа година се навршуваат 50 години од возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, како и 30 години од возобновувањето на Велешката како Повардарска епархија и 10 години од хиротонијата за епископ на митрополитот Агатангел. Сите овие настани носат длабок печат на нашето време, време во кое како народ, иако, за жал, само на еден дел од македонската земја, се изборивме за духовна и национална слобода, која, пак, покрај другото, придонесе да ì се врати славата на нашата Света Црква - древната Охридска архиепископија, која неканонски, и од друговерна власт, беше укината во 1767 година. И покрај многубројните обиди да се возобнови Охридската архиепископија, од духовници како и од поединци - првенци и видни личности од нашиот род, како и барања упатени од цели наши градови и села со гласно и јасно неприфаќање на туѓинската духовна власт, сепак не се успеало да се направи нешто позначајно, пред да се случи целосно ослободување. Црковно-училишните општини, како замена за мајката Охридска Црква, формирани во поголемиот број македонски градови (во Охрид 1758, во Тетово 1830, во Кукуш 1830, во Прилеп 1830, во Крива Паланка 1833, во Скопје 1835, во Банско 1837, во Велес 1843, во Ново Село - Штипско 1850, во Куманово 1851, во Неврокоп 1860, во Битола 1864, во Штип и во Струмица 1867, во Солун 1868, во Крушево 1869, во Воден 1870, во Серез 1871, во Лерин 1880 итн.), како и дејноста на преродбениците, меѓу кои свое место имаат и духовни лица (Јоаким Крчоски, Кирил Тетоец, Теодосиј Синаитски, Партениј Зографски, Теодосиј Гологанов, Натанаил Кучевишки и др.) и истакнатите интелектуалци и книжевни творци (меѓу кои особено се истакнале: Григор Прличев, Димитриј Чуповски, Кузман Шапкарев, Крсте Мисирков и др.), дале свој придонес во зачувувањето на споменот за Охридската архиепископија, како и свој прилог во борбата за истата да се возобнови. Но, како што обично тоа се случува - народ којшто нема национална слобода и којшто нема своја независна држава - не е возможно ниту да ја чува, ниту да се избори


ЈУБИЛ ЕЈ за духовна и црковна слобода. Така, дури во првите ослободени македонски територии, во текот на Втората светска војна, покрај организирањето на народна власт, паралелно се формирала и духовната - црковната власт. Свештеничкото собрание во Издеглавје - Дебарца, во 1943 г., е првата „бела мугра“ која го најавила денот и го објавила времето што ќе дојде! Со ослободувањето (1944 г.) и признавањето на Македонија како федерална единица во тогашната ФНР Југославија, се создале услови за разрешување и на црковното прашање. Веќе во февруари 1945 година, во Скопје, се одржал Првиот црковно-народен собор, на кој учествувале свештеници и претставници на црковните одбори од цела Македонија, кои едногласно се искажале за обнова на Охридската архиепископија и создавање на Македонска православна црква, за што бил избран и Иницијативен одбор за организирање на возобновената црква. Но, иако повоена Југославија се потпираше врз рамноправноста на сите и врз братството и единството, кога биле во прашање Македонците и Македонија, многу експерименти од различни области биле токму тука испробувани, запоставувајќи ги дури и националните и духовните интереси на македонскиот народ. Таков однос бил покажуван и за црковните потреби и прашања на православните во најјужната југословенска Република, иако и светите канони и практиката на Светата Црква биле на наша страна. Затоа, во декември 1946 година се одржала свештеничка конференција во Скопје, на која бил избран нов состав на Иницијативниот одбор и биле дадени нови насоки во односите меѓу идната МПЦ и СПЦ. И, наместо меѓу Скопје и Белград да се решаваат недоразбирањата, тие станувале сè поголеми и подлабоки. Македонското свештенство и народ не можеле да отстапат од избраниот пат: ниту имало, ниту можело да има алтернатива за желбата да се возобнови Охридската архиепископија. Кога Архиерејскиот сабор на СПЦ, на своето заседание од месец мај 1958 година донесол негативна одлука за барањето на Иницијативниот одбор за организирање на МПЦ, како што, меѓу другите, било и барањето за хиротонија на епископи за македонските епархии од македонско потекло, па по таквиот негативен став на СПЦ, Иницијативниот одбор донел одлука за свикување на Втор црковно-народен собор и истиот се одржал во Охрид од 4 до 6 октомври 1958 година. Возљубени, патот на Македонската православна црква како возобновена Охридска архиепископија е пат што го оделе и изодиле скоро сите возобновени или новоорганизирани помесни православни цркви. Така, на пример, СПЦ, која била укината во 1766 година, на Соборот одржан во декември 1918 година во Сремски Карловци, била донесена одлука за обединување на српските митрополии во една СПЦ, како возобновена Пеќка патријаршија, што и се потврдило на соборите во 1920-та, односно 1924 година. И Бугарската православна црква, чија Трновска патријаршија има многу слична историска судбина со Охридската и Пеќската архиепископија, по нејзиното укинување во 1393 година, била обновена во 1870 година со помош на Отоманската власт како Егзархија и по поминатите 75 години како непризната од Цариградската патријаршија, конечно во 1945 година дошло до помирување и во 1953-та истата била прогласена за Бугарска патријаршија како замена за некогашната Трновска патријаршија. Грците, пак, и покрај тоа што и Цариградската и Источните патријаршии се грчки, штом, по неколкуте востанија во 20-те години од XIX век се стекнале со слободна територија, и по обидите да се воспостави независна од Цариград црковна власт, по прогласувањето на монархијата во 1833 година, со кралски указ бил свикан архиерејски собор, кој и се состанал на 23 јули 1833, и по четири дена, на 27 јули, истиот прогласил независност за Грчката православна црква. И покрај противењето, Вселенската патријаршија, по десетина години, на 29 јуни 1950-та година, ја признала за автокефална помесната црква во Грција... Поучени од овие и од слични на нив примери меѓу православните цркви, и нашите претшественици го следеле тој пат и направиле ист или сличен чекор. По ослободувањето на еден дел од Македонија било логично да се очекува возобновување на Охридската архиепископија, кое нешто и го направила тогашната наша македонска генерација. По свештеничкото собрание во Издеглавје - 1943-та, по Првиот Црковно-народен собор во

7


Скопје 1945-та, и по Свештеничката конференција, пак во Скопје, во 1946 година и по она како се одвивале работите, логично било и очекувањето, и одржувањето, и одлучувањето на Вториот црковно-народен собор, одржан во 1958 година во Охрид. Тој голем историски собор, за кого што си спомнуваме со должна почит, всушност, бил продолжување и реализирање на сите претходни напори и обиди во изминатите скоро два века да ì се врати славата на древната Охридска Архиепископија. Од Соборот, покрај другите, особено значајни се одлуките - за возобновување на Охридската Архиепископија како Македонска православна црква, изборот на Топличкиот епископ Доситеј, викар на српскиот патријарх, за Архиепископ Охридски и Скопски и Митрополит Македонски, како и донесувањето на Уставот на МПЦ. Возљубени чеда на Македонската православна црква, Размислувајќи за овие настани од пред 50 и повеќе години, се наметнува заклучокот колку богољубиви и родољубиви, колку црковни и евангелски одлуки донесле соборјаните од пред 5 децении!? - Само луѓе исполенти со апостолски визии и со Светиклиментов дух можеа да бараат да се возобнови она што ни е од Бога дадено и она што со векови сме го имале и го заслужуваме како верен народ. Нема поправеден суд од судот на времето и историјата! - А тој суд веќе говори дека и во право и во вистинско време се донесени одлуките за возобновување на Охридската архиепископија како Македонска православна црква. Охридската архиепископија била и останала Македонска црква, Црква на македонскиот народ. Била и останала наша црква, како што е наше и името македонско, како што е македонска и нашата култура и нашиот јазик, и нашата земја. Охридската е Македонска црква, како што Македонската е Охридска! Така било и така ќе остане засекогаш: како наше писмо пред Господа, како наш знак за препознавање! Живеејќи пет децении возобновен црковен живот ќе прашам: зарем некоја друга црква ќе се грижеше така за македонскиот православен народ како МПЦ, и овде во Татковината и ширум по светот за иселените и протераните Македонци? Зарем некоја друга црква ќе се погрижеше така и толку за пастирските и духовните потреби на овој наш напатен народ? Дали некоја друга црква ќе ги формираше потребните епархии и институции за подобро функционирање на црковниот живот, зарем некоја друга црква ќе отвореше Македонска Богословија и Македонски Богословски Факултет, дали некоја друга црква ќе ни ја преведеше Библијата на македонски јазик и ќе ги издадеше потребните богослужбени и други книги и списанија? - Дали некоја друга црква ќе го обновеше Плаошник, како тоа што го направивте вие како чеда на Охридска архиепископија и чеда Светоклиментови. Има уште многу, многу за што треба да Му благодариме на Господа за дарот испратен преку далекувидното дело на нашите претходници. Господ да го награди нивниот труд и нека ни е вечна Црквата наша Македонска и Охридска! „Нека е благословен Бог од ден на ден, зашто го помогна нашето спасение“ (Псал. 67,19). И навистина, со Божја помош растеме во секој поглед: од трите сега имаме десет епархии, со домородно свештенство, монаштво и архиереи. Возљубени домаќини, Да Му благодариме на Господа и за трите децении богат духовен живот и растеж на Повардарската епархија. Како потсетување: оваа епархија, како седиште на архиереј, се споменува уште во XVI век, како дел од Пелагониската митрополија на Охридската архиепископија. По укинувањето, пак, на Охридската архиепископија, оваа епархија, со одлука на Цариградската патријаршија се сретнува како Велешко-дебарска, која подоцна од соседните цркви што владееле со Црквата во Македонија била поделена меѓу Скопската и Охридската епархија. Пред 30 години, благодарение на нејзиниот прв митрополит, подоцнежниот архиепископ Гаврил, се возобнови и Велешката како Повардарска епархија, која е еден 8


ЈУБИЛ ЕЈ од столбовите на нашата Света црква. Во оваа епархија, раководена, со Божја помош, од митрополитот Агатангел, очекуваме уште поголеми постигнувања. Имајќи го него како пастир што си ја полага душата своја за довереното стадо, веруваме дека ќе го доочисти докрај од пред неколку години посеаниот какол и дека нема веќе да дозволи туѓи ветрови и матни води по Вардар. Нека ни е честит 50-годишниот јубилеј од возобновувањето на Охридската архиепископија како Македонска православна црква, 30-те години од возобновувањето на Велешката како Повардарска епархија, а Вам, Високопреосвештен Владико, нека Ви се множат годините и децениите. Амин! Христос воскресе!

Излагање на Митрополитот Агатангел по повод јубилеите

Ваше блаженство, Ваши Високипреосвештенства, почитувани градоначалници на општините низ Повардарската епархија, почитувани претставници на политичките партии од Р. Македонија, почитувани претставници од државните институции и медиумите, чесни оци, драги браќа и сестри Македонци, Македонки и Македончиња,

Собирајќи се во оваа пригода околу престолот Божји во Соборниот храм на Повардарската епархија „Св. вмч. Пантелејмон“ во Велес, ние како православни Македонци добиваме одлична можност да се потсетиме, а воедно и повторно да учествуваме преку благодарење и благоговејност во неколку славни моменти од свештената историја на нашата духовна мајка и закрилничка - Македонската православна црква. Смислата на сеќавање и одбележување на некои јубилеи се состои пред сè во реална историска реконструкција на настаните од минатото, а преку изразување восхит и почит кон слученото и сопствено 9


себепреиспитување за личниот напредок и духовен развој иницирани од она што пред одреден број години се случило. Токму заради тоа и го создал возвишениот Бог времето и неговото мерење, за повторно и повторно, пак и пак, да се нурнуваме и правилно да го разбереме минатото и неговата вистинска смисла и потоа наоружани со сознанијата и искуството на нашите предци да грабиме сигурно кон иднината, но и да оставаме дел од себеси и сопственото знаење, како базична инспирација и вдахновение за идните генерации, за нашите директни потомци. Искрено и со целото свое битие длабоко Му благодариме на Бога и на Неговата света промисла што ни го подари блажениот Архиепископ г. г. Доситеј - роден Македонец, кој од 4 до 6 октомври 1958 година, во Охрид го собра своето напатено македонско стадо и го свика II Црковно-народен собор, на кој преку обновувањето на Охридската архиепископија како Македонска православна црква и со донесувањето на првиот Устав, по кој таа ќе се раководи, беше фрлено божественото семе за идно автохтоно и автокефално црковно живеење и преуспевање на македонскиот православен човек. Денес, по поминати 50 години, разгледувајќи, а воедно и анализирајќи ги плодовите на оваа храбра историска одлука на нашите непосредни предци, со сигурност можеме да кажеме дека духовното семе паднало на добра почва и тоа дало и сè уште дава добар и корисен плод. МПЦ денес, за разлика од тогаш, е организирана во десет епархии, таа има сопствена православна Богословија и Богословски факултет од каде произлегуваат идните свештеници, проповедници и учители. Во овој полувековен период таа успеа да возобнови и изгради стотици духовни светилишта, кои се соборно место и духовни работилници за изградба и калење на македонските православни личности, а со реконструкцијата на древните манастири овозможи во нив да се обнови православното монаштво, кое негувајќи ја древната македонска монашка традиција, базирана врз Христовото евангелие и неговите начела, стана спасоносна станица и поттик за духовна обнова и развој на младите македонски чеда. За време на овие педесет години, македонските цркви и манастири од споменици од далечното минато, со Божја помош и заштита, станаа вистински расад на автентичната македонска култура и современото христијанско живеење. Одбележувајќи го 50-годишниот јубилеј од обновата на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ, нема да биде претерано ако кажеме дека Македонската црква е со најголем напредок на духовен план, споредено со сестринските соседни православни цркви, зашто таа мораше, за разлика од нив, повеќе да се потруди, бидејќи од темел требаше да ги гради религиозните и националните чувства во Македонија, кои за волја на вистината со векови беа поткопувани од страна на лицемерните поробувачи.

10

Дванаесет години по овој Величествен настан, во 1970 година САС на МПЦ донесува одлука (Син. бр. 326/70) за формирање и именување на две нови митрополии на Македонската православна црква. Овие две митрополии ќе го носат името Велешко-повардарска и Полошко-кумановска, а по 7 години од оваа одлука на 17-18. XI. 1977 година од страна на САС на МПЦ е донесена одлука (Син. бр. 85/77) за формирање на Повардарската епархија како посебна епархија, која со својата работа официјално ќе започне од 1. I. 1978 година. За прв митрополит на Повардарската епархија е избран и назначен Епископот велички Гаврил, кој како роден велешанец и поранешен парохиски свештеник од овој град и претходно има оставено и остварено капитални дела со непроценливи вредности за македонскиот народ од повардарскиот регион. Митрополитот Гаврил Милошев со преводот на Новиот завет, а подоцна и на целата Библија на македонски јазик,


ЈУ Б ИЛ Е Ј потоа со организирањето и активното учество во формирањето на православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје и со останатите негови дела, спојувајќи ја духовната и научната дејност во едно, се вбројува во еден од најголемите духовни великани на поновата македонска историја. Активно работејќи во духовното организирање на новата Повардарска епархија, преку осветување и реконструкција на црквите и манастирите во Повардарието, со голема мудрост и баланс со тогашната власт во Р. Македонија, дедо Гаврил во деветгодишниот период од неговото пастирствување, накитен со својата скромност и светителска кротост ќе успее во Повардарската епархија да го зацврсти и втемели духовниот живот на Македонците од овие краишта, а на Македонската православна црква, и покрај неповолните политички прилики од тоа време, да им остави во наследство бројни пријатели и поддржувачи. Делата на овој духовен великан тешко дека ќе можеме достојно да ги оцениме ние денешните генерации Македонци. Реално кажано, ќе треба да помине повеќе време од сега за да сфатиме дека покрај себе сме имале духовен горостас, рамен на нашите славни преродбеници. По поминати девет години на Повардарскиот митрополитски трон Митрополитот Гаврил Милошев на 4. X. 1986 година е избран за Архиепископ на МПЦ, каде и понатаму воден од Божјата рака активно ќе придонесува за духовниот развој на македонскиот православен народ. Веднаш по Митрополитот Гаврил раководењето на Повардарската епархија му е доделено на Митрополитот Михаил Гогов, кој со својата горешта и силна проповед успеа уште како протоереј мнозина да приведе кон царството Божјо. Овој исклучително надарен човек управуваше со Повардарската епархија од 1. I. 1989 г. до 4. XII. 1993 година, за веднаш потоа и него, како и Митрополитот Гаврил, Божјата промисла да го приведе кон тронот на Охридските архиепископи, каде и го доживува своето блажено упокојување. По заминувањето на Митрополитот Михаил од тронот на Повардарската епархија САС на МПЦ во два различни временски периода носи одлуки со кои Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј се поставува за администратор на Повардарската епархија во периодот од 1. I. 1994 г. па до 31. I. 2000 г. и повторно од јули 2002 г. до 1. X. 2006 година. Раководењето на Митрополитот Тимотеј се совпаѓа со еден од најтешките периоди од историскиот живот на Повардарската епархија. Тоа е време кога со помош и организација од страна се направи безумен обид за омаловажување на сè што е сработено на духовен план во изминативе десетлетија и погазување на сè што е македонско. Болните последици од овој трагичен период сè уште ги чувствуваме на своите плеќи и како Македонска православна црква, но и како македонски народ и држава. Голема е заслугата на Митрополитот Тимотеј кој во овој период, особено за време на своето второ администрирање со Повардарската епархија успеа да го стабилизира духовниот живот во Епархијата, но и да ги залечи отворените рани, предизвикани од самоволието и алчноста на еден човек. За успешна и плодородна дејност за време на раководењето на Митрополитите Гаврил, Михаил и Тимотеј со Повардарската епархија од голема полза и помош за целото ова време им беше целото свештенство и верниот македонски православен народ, а во контекст на претходнореченото би сакале на ова место да го спомнеме протоереј-ставрофорот Стојко Ристевски, кој како секретар од самото формирање на Повардарската епархија, сецело, со духовен вознес, беше оддаден на уредувањето на црквите и манастирите во Епархијата и при изградбата на Епархиската зграда. Тој многупати на своите плеќи го носеше целиот товар за благолепието и благосостојбата во Епархијата, за што од длабочината на мојата душа, заедно со целата патства што ми ја додели Бог, би сакал да му кажам едно големо благодарам. 11


Сумирајќи ги впечатоците од 30-годишното постоење на Повардарската епархија, слободно можеме да кажеме дека таа како и Македонската православна црква во целост сигурно чекори на патот на Христовото учење и преданието на светите оци и покрај бројните искушенија и духовни кризи. Повардарската епархија денес се одликува со солидна издавачка дејност, а воедно и активно учествува во харитативните и другите благочестиви дејности кои најдиректно им се приближуваат на нашите конкретни браќа и сестри. Повардарската епархија, надевајќи се на Божјата поткрепа и цврсто држејќи се за Неговиот севишен благослов се труди со сите сили мисионерски да делува, користејќи ги древните и веќе потврдени мисионерски методи, но и новите, овозможени од современиот развој и напредок на човештвото. Вредно е да се спомене дека Повардарската епархија негува одлични односи со власта како на локално, така и на државно ниво. Посебно ја истакнуваме одличната соработка со велешкиот градоначалник г. Аце Коцевски, кој во голема мера ги помогна напорите на Епархијата за отворање на Црковно-народната кујна и обезбедувањето на добри локации во градот за изградба на нови духовни светилишта, а исто така изразуваме голема благодарност на вработените во Министерството за транспорт и врски и на министерот г. Миле Јанакиевски за нивниот труд и добра волја кога се во прашање потребите на Повардарската епархија.

Драги браќа и сестри!

Ние, како Повардарска епархија сигурен сум дека нема да престанеме литургиски да се сеќаваме на добрините оставени и остварени од нашите големи претходници, па користејќи ги нивните непроценливи и вредни дела како добар темел, да ја градиме Црквата македонска насекаде во православните средини од Повардарието. На крајот би сакал во овој пригоден момент длабоко да им се заблагодарам на сите оние кои со било каква добрина, совет, добар збор или благонаклона поддршка помогнале и помагаат за благолепието на Повардарската епархија. Се надевам дека овие нивни дела ќе бидат прифатени од добриот и благ Бог како што Господ Исус Христос ја прифати лептата на вдовицата. Повардарската православна епархија постоела и ќе постои заради својот македонски православен народ и за изградување на неговата духовна величина и убавина.

И сега и секогаш и во вечни векови. Амин На многаја лета...

МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ †АГАТАНГЕЛ (СТАНКОВСКИ)

12


духовен живот

ПРВО ЗАМОНАШУВАЊЕ ВО ПОВАРДАРСКАТА ЕПАРХИЈА На 17.V.2008 година, во манастирот посветен на Пресвета Богородица во Согле, Митрополитот Агатангел благоволи да го постриже во мала схима, досегашниот расофорен монах Филотеј со ново име, монах Авакум. На вечерната богослужба, која започна во 17.00 часот, по входот, јеромонахот Григориј, водејќи го под своето расо, го приведе кандидатот за замонашување пред архиерејот. Митрополитот Агатангел, најпрво го поучи за монашкиот живот, за сите добри, но и лоши моменти, што се дел од монашкиот живот, но и за наградата која Бог им ја дава на оние кои се откажале, од татко, мајка, брат, сестра, сопруг, сопруга и од сè земно заради Христа и Неговото царство. Откако кандидатот потврди дека свесно и доброволно прифаќа да го прими совршениот ангелски живот и дека со Божја помош ќе извршува сè што е предвидено со монашкиот живот, митрополитот го пострижа и му даде ново име Авакум, според светиот маченик Авакум Солунски.

13


Потоа следеше ставање на:

параман (знак на ангелскиот образ, на нетление и чистота и на земениот благ јарем Христов); крст околу вратот (знак на страдањето, понижувањето, плукањето и на сè она што Господ го претрпе за нас); подрасник (облека на веселие и духовна радост, за отфрлање на сè плотско, и постојано радување во Христа); кожен ремен (за умртвување на страстите на телото и за обновување на духот, за бодрост и внимателност, за запазување на Божјите заповеди); расо (риза на спасението и оклоп на правдата за да се оттргне од секоја неправда, и да биде мртов за секое зло дело, но жив за добри дела); камилавка (шлем на спасението и непосрамена надеж за да може да им се спротивстави на сите ѓаволски лукавства); пана (покривало на смирението и постојано послушание, за да ги одврати своите очи да не гледаат суета); сандали (за благовестење на мирот, за да биде брз и трудољубив во секое послушание и добро дело, а бавен во исполнување на својата волја); бројаница (меч духовен, којшто е зборот Божји и непрестајната молитва Исусова: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот“); крст (штит на верата, за со него да ги гасне распалените стрели на лукавиот); запалена свеќа (за со својот чист и добродетелен живот да биде светлина на светот). На крајот следеше поздравување и честитање со зборовите: Како ти е името, брате? Нека ти е за радост на ангелите и пораз на демоните! По вечерната служба беше поставена трпеза, која ја подготвија побожни жени од Велес и од околината на манастирот. По молитвите на пресвета Богородица, заштитничка и игуманија на сите манастири, и на светиот Авакум, Господ да ни даде уште монаси и монахињи, по чиишто молитви се одржува светот. Отче Авакум, спасувај се во монашки чин!

14


Поука, која архиерејот му ја кажува на новиот монах: Гледај чедо, какви ветувања Му даваш на Владиката Христос; зашто ангелите стојат невидливо запишувајќи го ова твое исповедање, за кое ќе бидеш испитуван на второто доаѓање на нашиот Господ Исус Христос. Ти говорам за совршениот живот, кој е сличен на Господовиот живот, сведочејќи ти што треба да прифаќаш, а што да избегнуваш, за да можеш да Му пристапиш и да Му служиш на Господа: Ако сакаш да бидеш монах, пред сè очисти се од секоја нечистотија на плотта и духот, извршувајќи ја светињата во страв Божји. Стекни смиреномудрие, со кое ќе станеш наследник на вечните богатства; остави го обичајот на животно превознесување; имај послушание кон сите; биди безропотен кон секоја служба која ќе ти биде зададена; во молитвите биди трпелив; на бденијата не биди мрзлив, во искушенијата не тагувај; во постите не омалаксувај; знај дека, со постот и молитвата треба да Го измолиш Бога. Во немоќите не станувај малодушен; подзамисли се за лукавите помисли, да не го слушаш врагот, кој ти предлага спомени од твојот поранешен световен живот, и омраза кон добродетелниот живот. Треба да знаеш, ти кој го започнуваш патот што води кон Небесното Царство, дека ако се вратиш назад ќе го изгубиш царството. Ништо да не претпочиташ повеќе од Бога: да не сакаш татко, ни мајка, ни браќа, ни сестри, ни било кој од своите блиски, ниту себеси да се сакаш повеќе од Бога, ниту царствата од овој свет, ни удобност ни почест. Не бегај од сиромаштијата, туку во неа да пребиваш до самата смрт; ништо да не те спречува да одиш по Христа: ни напади и навреди од луѓето, туку секогаш гледај кон богатствата што им се ветени на оние кои живеат побожно, и постојано мисли на древните маченици и преподобни, кои со многу пот и труд, и со безбројни капки крв и страдања сето ова го стекнаа. Над сето ова, секогаш во својот ум имај ги спасителните страдања и животворната смрт на Господа нашиот Исус Христос, коишто ги претрпе доброволно заради нашето спасение, та и ти сите неволји од монашкиот живот и притеснувања послатко да ги претрпиш заради Него. Биди трезвен во сè, претрпи зло како добар воин Христов: зашто Самиот Господ и Бог наш, како богат во милоста, заради нас осиромаши, за ние да се обогатиме со Неговото Царство. Зашто и нам ни приличи да бидеме Негови подражатели, и заради Него сè да претрпиме, преуспевајќи во заповедите Негови ден и ноќ. Зашто самиот Господ рече: ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст, и нека оди по Мене; што значи секогаш да бидеш подготвен до смртта, за исполнување на Неговите заповеди; зашто ќе гладуваш и ќе жеднееш; ќе поднесуваш досада и напади; навреди и гонења, и од други маки ќе бидеш натоварен, со кои се одликува побожниот живот. Кога ќе пострадаш од сето ова, радувај се, вели Господ, зашто голема е наградата на небесата; Нему нека Ме е слава во векови, амин.

Свети Авакум Солунски (+1628) 7/20 август За животот на овој македонски светител нема многу податоци, само се знае дека пострадал заради верата во Христа во Солун, во 1628 година, во времето кога агарјаните навлегле длабоко на Балканот и насилно го потурчувале христијанското население. Неговиот свет спомен се слави на 7/20 август. 15


МА А Л А П Ј И Р О СВЕТИ ГРИГ

А Ц И Н Т Е С Е Д Е П А Н А Д Е БЕС С

16

о своите големи очи на верата, неодамна Го созерцувавме вознесениот Христос, и тоа не помалку од оние, кои Го гледале со своите телесни очи и со исто толку големо блаженство и радост, зашто Господ рекол: ,,блажени се оние, кои не виделе, а поверувале“ (Јован 20, 29), а тие се оние, кои по пат на слушање на проповедта се увериле и преку верата виделе. Значи, неодамна Го гледавме Христос како со Своето Тело се вознесува на небото, а сега, преку дарот на Светиот Дух, гледаме каде се вознесе Христос и на какво големо достоинство ја издигна нашата природа, зашто Он замина таму, откаде што слезе од Него испратениот Свет Дух... Значи, Христос, Кој се вознесе, замина при Својот Највозвишен Отец, во прегратките на Својот Отец, откаде што и Духот исходи... Но, кога некој ќе чуе дека Светиот Дух е испратен во овој свет од Отецот и Синот, нека не мисли за Светиот Дух дека е само од оние кои се испраќаат, туку Он е еднаков по чест со Отецот и Синот, Самиот Он е од бројот кои испраќаат, и Он е Бог Кој говори преку пророците, и тоа на јасен начин го докажува, кога преку устата на пророк Исаиј говори: ,,Мојата рака ја основа земјата... и сега Ме испрати Господ Бог и Неговиот Дух“ (Иса. 48, 13, 16). И Христос на друго место ги потврди зборовите на истиот пророк: ,,Духот на Господа Бога е врз Мене, зашто Господ Бог Ме помаза за да им благовестувам на бедните“ (Иса. 61, 1). Значи, Светиот Дух не е само испратен, туку и Самиот Го испраќа Синот, Кој е испратен од Отецот - доказ, што потврдува дека Он има иста чест и суштина како Отецот и Синот. По благоволението на Отецот и содејството на Светиот Дух, по неизмерната длабочина на човекољубието, единородниот Син Божји слезе од небесните височини на Земјата и постана Човек, проповедајќи чудесна и возвишена наука, која навистина доликува на Бога. Потоа, откако доброволно пострада за нашето спасение и откако воскресна на третиот ден, Он се вознесе на небесата и седна од десната страна на Отецот и таму соучествуваше со Отецот во испраќањето на Божествениот Дух на учениците и апостолите, како што и им вети. Христос, од престолот на небесните височини, како да нè повикува и ни говори: ,,Ако некој сака да има учество во Царството небесно, да се нарече син Божји по благодат, да добие бесмртен живот и непотрошливо богатство, тој нека ги исполнува Моите заповеди и, колку што може, нека го подражава Мојот начин на живот, имајќи Ме за пример Мене Самиот“. ..Кога се навршиле педесет дена од Воскресението, ,,ненадејно се чу шум од небото, како да идеше силен ветар, и ја исполни целата куќа, каде што седеа (апостолите)“ (Дела 2, 2). Тој шум ја повикува целата Земја под Сонцето и сите луѓе, кои веруваат дека им се дарува благодатта на Светиот Дух. Тогаш се исполнило ветувањето на Спасителот, кое им го дал на апостолите, говорејќи : ,,Јован крштеваше со вода, а вие, не по многу дни од денес, ќе бидете крстени од Светиот Дух“ (Дела 1, 5). Тоа навистина и се случило во моментот на шумот од небото, кога ,,им се јавија разделени јазици,


како огнени, и застанаа по еден над секого од нив. И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат“ (Дела 2, 3-4). Сето тоа се случило само за да ја усвоиме големата тајна на Света Троица, зашто и претходно дејствувал Светиот Дух, Кој говорел преку пророците и ја предвестувал иднината. Меѓутоа, Он сега лично, преку огнените јазици, им се јавил на сите и на Божествен начин, седнувајќи на престолот на Христовите ученици и давајќи им моќ да бидат Негови орудија. Но, зошто Он се јавил во вид на огнени јазици? Најпрво, за да покаже дека Он е сроден на Божјото Слово, зашто нема ништо посродно на словото од јазикот. Исто така е неопходно и во благодатта на вероучителството да се има облагодатен јазик. А зошто тие јазици биле огнени? Не само заради едносуштноста на Духот со Отецот и Синот, зашто нашиот Бог е Оган, и тоа Оган Кој ја спалува неправдата, туку и заради двојното дејство на апостолското проповедање, кое истовремено треба да биде благо и опоменувачко. Како што огнот се ложи за да осветлува и грее, така и зборот од проповедта за Христос ги просветлува и весели слушателите, додека оние, кои упорно му се спротивставуваат, ги пали и мачи. Тие светодуховденски јазици, како што објаснува свети апостол Лука, всушност, не биле огнени, туку ,,како огнени“, за да не помисли некој дека тоа бил сетилен и овоземен оган (огнот бил нестворен). А зошто ��ие огнени јазици биле разделени? Затоа што само Христос, Кој слегол од небото, во целост ја поседува силата и дејството на благодатта на Светиот Дух. Значи, врз ниту еден од апостолите не се спуштила сеопфатна благодат на Духот, туку секој делумно добил од таа благодат: еден ова, друг она... Христос им рекол: ,,А кога ќе дојде Утешителот, Кого што ќе ви Го испратам Јас од Отецот, Духот на вистината, Кој излегува од Отецот, Он ќе сведочи за Мене... (и) ќе ве упати на секоја вистина (Јован 15, 26; 16, 13). Сега тоа ветување се исполнило и Светиот Дух слегол врз светите Христови ученици, кои засветлиле како небески ѕвезди, осветлувајќи ја целата вселена. И кога некој ќе запали свеќа од друг, а од другиот ќе запали трет, првата свеќа го задржува својот пламен несмален, па така и наследниците на апостолите - епископите, примиле несмалена благодат на Божјиот Дух, која преминува од колено на колено и ги просветлува сите верни, кои ги слушаат своите духовни пастири и вероучители. На тој начин, секој архиереј во свое време ì носи на својата епархија благодат и дар Божји, носи просветлување од Божествениот Дух, а оние, кои не ги примаат апостолските наследници, престануваат да имаат божествена благодат и се оддалечуваат од Бога. Светиот Дух не само што е насекаде, туку е и над сите; не само што е присутен во секој век и време, туку и пред сите векови и времиња и Он не само што ќе биде со нас до крајот на векот, туку ќе пребива со оние, кои се достојни за идниот век без крај и завршеток. Природното тело умира, а воскреснува како духовно, како натприродно, раководено од Божествениот Дух и облечено во бесмртност и неминлива слава. Ве молам, браќа, да се чуваме од богоодвратните дела и зборови, за да имаме слобода да Го именуваме Бог како свој Отец. Да Му се обратиме искрено, за да ни се обрати Он и нам и да нè очисти од секаков грев, па да бидеме достојни за Неговата божествена благодат. Само на таков начин и ние вечно ќе ликуваме и ќе го празнуваме остварувањето на Божјото ветување - слегувањето на Светиот Дух и Неговата почивка врз луѓето во Самиот Христос Господ, Кому Му прилега слава, чест и поклонување со Неговиот беспочетен Отец и Пресветиот и Добар и Животворен Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин!

Превод од руски: Протоереј Златко Ангелески 17


К

ако се искажува човечноста - љубовта кон ближните и милосрдноста во нашите односи со луѓето? Какви видови на човекољубие постојат? Дали тоа секогаш е искрено и дали доаѓа од срцето? Или може да биде раководено од суетни поттици на личен интерес? Ако е така, дали моралните вредности и понатаму остануваат исти? Честопати си ги поставувам овие прашања, тргнувајќи од класичниот израз на поимот хуманост - добри дела, материјална помош на оние кои имаат потреба, прилог на сиромашните во натура или пари: посредно - преку добротворните организации и институции; непосредно - од рака на рака. Зашто, вредноста на доброто дело, кое несомнено има позитивен општествен ефект, оценето од гледна точка на етичките поттикнувања и околности на дародавецот, може да биде многу променлива.

РАЗМИСЛУВАЊА ЗА Ч ОВЕЧНОСТА ИЛИ: ЕМАУС И ПОНАТА МУ Е ПРЕД НАС Да му се притекне некому на помош, да се нахрани гладниот, да се облече бедниот, да му се овозможи некому да има покрив над главата, навистина, сето тоа се добри дела. Но, колку тие дела се израз на вистинско човекољубие, ако ги извршуваме многу повеќе во очекување на награда на оној свет, или за пораст на сопствениот углед на овој свет, по примерот на фарисејот? Дали во нашите дела отсуствува милосрдноста и сочувството со несреќниците? Извесно е дека сите тие мотиви се преплетуваат во време на јавните давања на прилози во добротворните установи, а особено кога се однесуваат кон анонимните примачи на милостината. Разликите во вредноста на доброто дело меѓу оној, кој себе си нешто си скусува, и оној, кој нешто прима, веќе се истакнати во Светото Писмо. Дури и алтруизмот, кој го проширува човекољубието врз целиот човечки род, кога се работи за големите, елементарни несреќи, иако раководен од чувството на солидарност, истовремено може да биде и израз на благодарност кон Бога за тоа што конкретната несреќа нè одминала. Дали тој факт етички ја намалува вредноста на давањето? Правото и вистинско добро дело можеме лесно да го оцениме. Тоа е она дело, кое го извршуваме за своја радост, но и за радост на другите, а притоа чувствуваме, колку е поголемо задоволството во давањето, отколку во примањето. Како прилог на оваа тема, можеби вреди да се забележи дека се случува да дојдеме во допир со поединци, кои во секоја прилика ги истакнуваат своите добри дела, спротивно на начелото на Светото Писмо: да не знае твојата лева рака што прави десната. Се поставува прашањето: дали со пропаганда на општествениот ореол на хуманоста кај таквите лица, се влијае врз вредноста на нивните добродетели? Меѓутоа, во текот на животот стекнуваме сознанија и искуства, па заклучуваме дека во односите со луѓето, хуманоста не мора да претставува 18


само материјална помош во несреќите. Човекољубието ни оддалеку не е упростено, туку е сложено и повеќеслојно. Зарем по својата вредност во хуманоста не е еднакво и доброто дело во зборови и мисли? Зарем во секојдневниот живот нè ни се случува некоја личност врз нас да делува како мелем на рана, а некоја ужасно да нè огорчува? Факт е дека луѓето се среќни или несреќни. Се случува некои да удираат на големото ѕвоно на славопојки за својата среќа, и тоа пред страдалниците во овој свет. Други, пак, природно надарени, се удираат во градите, фалејќи се со своето одлично здравје како олимписки победници, и тоа повторно пред страдалниците, кои имаат нарушено здравје. Исто така, има луѓе кои никогаш на другиот човек нема да му ги пофалат ни неговиот вкус, ни добродетелите, ни успехот. Дали тие се нехумани? Или пофалбите од таква природа претставуваат задоволување на суетата? Некој страда од наклонетоста да ни пренесува сè што другите говорат за нас, сметајќи дека со тоа ни врши голема услуга. Уште почести се оние, кои и на најсјајниот лик ќе му пришијат некаква забелешка. Зарем во сите овие примери не се работи за проблемот на човекољубието во зборови? Понекогаш чувствуваме дека луѓето се поискрени при изјавата на сочувство, отколку при честитањето на некаков успех. Зарем во тој случај не се работи за проблемот на човекољубието во мислите? Преиспитувајќи ги така своите дела, зборови и мисли во односите со луѓето, честопати доаѓаме во недоразбирање при нивното етичко оценување. Сепак, патот кон човечноста во духот на христијанскиот морал јасно е назначен. Патоказот кон него, несомнено се состои во двоумењата, во настојувањето да се совладаат човечките слабости, кои се расеани низ светот. А во исто време, тоа значи и усовршување во доброто.

Она што се случило со Исуса е единствен настан во човечката историја. Меѓутоа, иако единствена, Исусовата драма постојано се повторува: Исус секојдневно се раѓа, секојдневно прави чуда, секојдневно е предаван, секојдневно се приковува на крстот и секојдневно, по воскресението, со Своите ученици оди по патот за Емаус. Исус е исклучителна појава и личност: со едната нога е во светот и времето, а со другата надвор од нив. Исусовата вечност не се огледа исклучително во тоа што луѓето постојано се потсетуваат на сите клучни настани од Неговиот животопис, туку во тоа што Исусовиот животопис се повторува од ден во ден, од час во час: ако Исус само еднаш би се родил, ако животот само еднаш го проживеал и ако само еднаш воскреснал, тогаш Неговата биографија по ништо не би се разликувала од биографијата на славните личности и би траела во времето на историјата, наместо да трае во секогаш актуелниот живот на верата. Но, само во просторите на верата времето се ослободува од минливоста и добива својство на вечна сегашност. Каде е денес Исус во светот на метроа, семафори, антени, сателити, радари, дигитализација, технологија... Луѓето повеќе не живеат во услови, слични на оние од пред две илјади години, но Исус, и во еден така изменет свет, и понатаму е присутен. Цивилизацијата го измени изгледот на светот, ги прошири просторите, откри нови димензии, што сè уште не значи дека суштински го изменила и односот на човекот кон светот и состојбата на човекот во животот: страдањата, смртта, гревот, минливоста - сето тоа и понатаму останува трајно човечко искушение, а таму, каде што се чувствува страв од смртта и страв од минливоста, таму неминовно е и Исус, без оглед на времето и без оглед на степенот на цивилизациски развој, зашто Исус е повеќе од потребен во секои животни прилики, а особено кога чувствуваме страв од било што, зашто Он е нашата единствена

19


храброст и утеха. Во ова време, Исус на човекот му е потребен многу повеќе отколку било кога. Донекаде, на цивилизацијата не ì успеа обидот верата во Бога да ја замени со вера во науката и технолошката инвентивност. Зошто да се оптоваруваме со мислата за Бога расудуваат идолопоклониците на цивилизацијата, кога генијалните научни и технолошки решенија, речиси за малку, можат да ни го пружат она, што ни го пружаат и Божјите чуда? Сепак, тие нешто забораваат: и покрај сите достигнувања човекот и понатаму умира, и понатаму се бори со самотијата, тагата, бесмислата... Дали смртта во најсовремените клиники е поубава и поутешна од смртта во сопствениот дом, или моментите на самотија пред телевизорот се поосмислени од часовите на самотија во природата? Можеби денешниот човек е наклонет да Го запостави Исуса, но Исус не е наклонет да го заборави него - човекот! Во тоа се состои и основната порака на христијанството. Исус не се родил за да пострада на крстот. Неговата смрт е смрт, но истовремено е и живот: Исус не умрел само за да се врати еднаш од смртта во животот, туку за бесконечно да ги повторува пред луѓето и Својот живот и Својата смрт. И покрај сè, Исус и понатаму е со нас - и со оние кои не Го заборавиле и со оние, кои, по силата на приликите, се одрекле од Него. Можеби не Го забележуваме во ненормалната врева и во заслепувачката светлина на нашата цивилизација. Но Он, чекорејќи невидливо покрај нас, ги слуша нашите разговори, додека ние безглаво трчаме кон своите далечни цели. Секогаш присутен, Исус ги чита нашите мисли, ја забележува нашата збунетост и малодушност пред тајната на Неговата смрт и Неговото воскресение, истата онаа збунетост, која некогаш ја чувствувале и Клеопа и неговиот другар, одејќи кон Емаус. ,,О, безумни и тврди по срце...“ - ги укори Исус Клеопа и неговиот другар. Меѓутоа, денес Исус се однесува поинаку, додека, како невидлив, нè следи. Молчи. Не сака пред нас да се покаже и да нè укори поради нашиот недостаток на силна вера. Но, тоа не значи дека Исус нè напуштил или оставил. Овојпат Исус очекува ние први да Го побараме и ословиме и да направиме сè за да Го здогледаме со својот внатрешен вид. Емаус и понатаму е пред нас.

протоереј Златко Ангелески

20


светогорски старечник

В

о светогорскиот скит на света Ана, монахот Прокопиј од ќелијата „Воведение на Пресвета Богородица“ имаше голема желба да научи црковно пеење, за да може и тој да Го прославува Бога, како и другите браќа. Но, бидејќи не беше многу музикален, отците избегнуваа да го учат црковно пеење. Братот Прокопиј имаше дар од Бога, постојано да ја кажува молитвата „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме, мене грешниот“ и во левата рака секогаш ја држеше бројаницата, од која никогаш не се делеше. Еднаш, беше многу натажен, бидејќи не можеше да најде некого, кој би можел да го научи да пее и замислен за ова, од голема тага, беше престанал да ја кажува молитвата. Одеднаш пред него се појави еден голем, но нему непознат старец, којшто му рече: „Брате Прокопиј, што ти е та си толку нажален? Што те загрижува?“ Прокопиј му одговори: „Што да ми биде, старче, ете, сакам и јас да научам да пеам, ама не се наоѓа ниту еден за да ме научи, зашто ми велат дека малку фалширам“. Тогаш белобрадиот старец му рече: „Затоа ли седиш и се грижиш, кутро чедо? Јас ќе те научам да пееш и ќе те направам најдобар псалт на Света Гора, и ќе пееш како најдобар славеј, ама сакам и ти да ми направиш една услуга“. „Па добро, што сакаш од мене“, - му рече Прокопиј, - „сакаш ли да ти платам? Ќе ти дадам сè што сакаш!“ Тогаш белобрадиот му рече: „Моја плата е да го фрлиш од рацете она, што го нарекувате бројаница, и да престанеш да го кажуваш она, што го нарекувате молитва, и јас ќе те научам на сè што сакаш“.

Ѓаволот

се плаши од бро јаницата и молитвата

Монахот Прокопиј, штом ги слушна овие зборови сфати дека појавата пред него не е монах, туку прелукавиот демон, кој сакаше да го убеди да ја прекине молитвата, и веднаш се прекрсти и му рече: „Бегај од мене, сатано прелукав, не ми треба твоето пеење, ни твоите лукавства, ни твоите добрини“, и демонот стана невидлив. Од овој настан научивме колку се плаши ѓаволот од бројаницата, за која добро велат отците дека е оружје на хрстијанинот против ѓаволот, и од молитвата, која го гори демонот. Додека, пак, од псалтите не се плаши толку и не ги смета за препрека, зашто преку пеењето лесно се одделуваат од молитвата и паѓаат во себељубие и гордост! Превод од новогрчки: Ѓакон Јани Мулев Наслов на изворникот: Ο διάβολος φοβάται το κομβοσχοίνι και την ευχή, http://www.pigizois.net

21


Што значи поимот канонски цркви?

22

Една нова дефиниција се вовлече во Светското Православие во последниве години. Светското Православие почна да ги признава православните цркви врз основа на нивната „каноничност“. Со оваа новоприфатена дефиниција, за да биде „канонска“ црквата мора да биде во целосно заедничарење со Цариград. Цариград стана критериум на Светското Православие. Всушност, понекогаш има медиумски изјави кои ја опишуваат Цариградската патријаршија како источно папство или „водач на Светското Православие“. Последниот патријарх Димитриј го опиша цариградскиот патријарх како најзначаен епископ на православието. Ако една црква се оддели од заедничарење со него, таа не е повеќе „канонска“. Да поставиме едно просто прашање: како се измени сфаќањето на терминот „канонска“? Според Светите Отци, терминот „канонска“ секогаш упатувал на побожно почитување на Светите Канони на Црквата, и се разбира, на оние канони кои се однесуваат на верувањата и побожните обичаи на светата православна црква. Меѓутоа, поради војните и политичката нестабилност во XX век, административната структура на Црквата се поремети, особено во дијаспората. Мајките, или етничките Цркви се обидоа да го зачуваат Православието со запазување на неговата синодална организација, односно, онаа организација што е опишана во Светите Канони за дијацезите и синодите. За жал, обидувајќи се да воспостават надворешен ред, сите канони кои се однесуваат на апостолската вера и на учењето на Отците од вселенските собори, односно, на нејзиниот внатрешен,

мистичен живот, беа намерно превидени од страна на архиереите кои се сметаа себеси за градители на оваа борба за поредок. Овие луѓе беа поттикнати од синкретистичкиот и антидогматски дух што преовладуваше во тоа време, дух што трае и до денес, дух што ги контролира сите актуелни размислувања и пракса во Светското Православие. Задоволни што го отфрлиле мистичниот живот на Црквата Христова, овие реформатори - архиереи во дијаспората, и било каде, набрзина го жртвуваа единството на Црквата во апостолската вистина за модерната идеја, туѓа на раководството на Светите Отци, идеја за единство на човештвото. Оваа модерна група наметна една надворешна административна унија со цел да го сочува единството на една надворешна црковна организација, сега оголена од внатрешниот живот на „верата, еднаш засекогаш предадена на светиите“ (Јуда 3) со сите парохии соединети под една команда. Како пример за тоа како функционираше ова ново реструктурирано Православие во дијаспората, од членовите на парохискиот совет кои даваа заклетва во Грчката архидијацеза во Америка беше побарано да се заколнат дека ќе им бидат послушни на каноните и преданијата на Православната Црква. Обично, овие канони и преданија се третирани како апстрактни принципи, кои не биле дефинирани или разјаснети од страна на свештеникот, кој ја извршува заклетвата. Оваа заклетва обично се толкува како целосно послушание на надлежниот епископ. Реформаторската ерархија, како главно начело во нeјзината модернизаторска платформа ја разви новата теорија,


непозната на Светите Отци, дека каноните се закони, кои треба да бидат толкувани од страна на надлежниот епископ, кој одлучува што е, а што не е „канонско“ во овој нов начин на размислување. Ова е начинот на кој патристичкото, вистинско Православие, ги сфаќа каноните кои беа отфрлени. Еден поранешен епископ на грчката архидијацеза во Америка, кој предаваше во Богословијата на Светиот Крст во Бостон ги споделил своите размислувања со неговите студенти во врска со Светите Канони. Тој забележал дека многу години внимателно ги проучувал каноните и заклучил едно нешто: постои само еден канон кој треба да се запазува во Црквата. Тој цинично соопштил дека само оние канони кои говорат за авторитетот на архиерејот и за послушност кон архиерејот треба да се почитуваат. Сите други канони треба да се игнорираат. Такво милитантно, или подобро речено, папско толкување на каноните им дава слобода на одделни патријарси, митрополити, архиепископи и епископи да дејствуваат сосема одделно од мудроста и раководството на Светото Предание. Таквото иноваторство, мислеа тие, им дава неограничена дозвола да игнорираат некој па и сите канони. Овој став ги сведува сите канони на еден прост функционален принцип: „Биди му послушен на својот епископ“. Со оваа секира во рацете, модернизаторската ерархија брзо продолжи да ја измазнува Црквата со духот на времето, а не со Духот Христов. Таквата процедура може добро да го освести сегашниот метод со кој се донесуваат одлуки во Врховниот суд на САД. Врховниот суд сега се чувствува слободен да ги измени претходните одлуки на Судот, како и законите донесени од страна на законодавните тела, врз основа на современите сфаќања и толкувања на моралните вредности. На пример, абортусот може да е погрешен во еден историски период и осуден од Врховниот суд, но одлуката на Рои-Веид (Со таа одлука се дозволува абортусот како интимно право на мајката да прави што сака со бебето сè додека тоа е во нејзината утроба (бел. на прев). дефинираше дека постојат

други вредносни системи, кои треба да бидат признати. За модерниот начин на размислување, моралноста станува релативна вредност и никогаш не е апсолутна. Модерниот ум посакува да живее во свет каде што нема апсолутни нешта (настрана од неговото барање дека нема апсолутни нешта), настрана од неговиот нихилизам. Понатаму, нема Божествен Авторитет врз кој би можела да се базира било која одлука. Бог беше симнат од престолот и на Негово место застана Врховниот суд. На овој начин, толкувањето на каноните стана селективен одговор контролиран од современата морална и безбожна сцена. Екуменизмот, како една форма на релативизам, е вклучен во тоа. Многуте канони кои забрануваат заеднички молитви со неправославните се исфрлени. Овие канони, продолжува приказната, се „старомодни“. Нема сомнеж дека неправославни христијани учествуваат заедно со клириците на Светското Православие на погреби, венчавки, вечерни служби, Богојавленски служби, па дури и на Божествени Литургии. Во текот на изминативе 40 години тоа се случувало толку често, што веќе станало редовна пракса. Многумина, но не сите, православни христијани не се изненадени или вознемирени кога се случуваат такви сослужувања. Многу православни христијани во т.н. „Канонски“ Цркви се убедени дека унијата на црквите веќе се случила. Ритуалите на Римокатоличката и Протестантската црква сега се признати за „благодатни“ од страна на сите т.н. „Канонски“ јурисдикции, додека Таинствата на традиционалните Православни Христијани се сметани за невалидни. Она што се превидува е фактот што Црквата непоколебливо учи, дека надвор од Црквата нема спасение; нема Таинства (свети Кипријан Картагински +268). Навистина, познато е дека некои клирици на Грчката архиепископија имаат изјавено дека унијата на црквите веќе се случила. Антиохиската јурисдикција ноншалантно дозволила 23


муслимани да бидат кумови, а свештениците да сослужуваат во литиите на римокатоличкиот клир. Православната црква во Америка (ПЦА) дозволи еден манастир отворено да признава римокатолички светители како православни светители, чијшто игумен има изјавено дека не постои теолошка разлика помеѓу православието и римокатолицизмот, и да остане некорегиран од страна на ерархијата на ПЦА. Клирот на Грчката архиепископија се соблазни од фактот дека манастирот не го запазува Великиот Пост, и дозволува јадење месо за време на Великиот Пост. Епископите на СКОБА (Standing Conference of Canonical Orthodox Bishops in America) им забранија на своите клирици да ги крштеваат Римокатолиците и Протестантите бидејќи, според овие епископи, оние во ерес имаат крштална благодат! Каноните се јасни во тоа дека еретичкото крштение не е крштение, туку е проклетство и сквернавење. Светите Отци едногласно учат дека „едното крштение“ за кое се говори во Никејскиот Символ на верата е таинство кое се извршува под раководство на Православен епископ, кој правилно учи, правилно верува. Ако некој ги признава неправославните крштевања, тогаш зошто да не се признаат и другите

неправославни обреди: миропомазание, света Причест итн? Всушност, многу клирици од „канонските“ јурисдикции веќе го сториле тоа. Што е тоа што ја прави Црквата да биде вистински канонска? Нели е тоа приврзаноста кон она што било проповедано насекаде, во секое време, и од сите Православни Отци на Црквата (свети Винсент Лерински +445)? Ако не можеме да ја исповедаме нашата вера и да ја поистоветуваме со верата на исповедниците и светителите на Црквата, тогаш ние навистина не ја исповедаме православната христијанска вера, туку, всушност, ја исмеваме нашата древна православна вера. Но пред сè, молете се да не бидеме одвлечени од „сирените на екуменизмот“. Треба да бидеме прицврстени кон духовниот кораб на Црквата и да не се предаваме на компромисната вера на оние кои ја отфрлиле православната вера и прифатиле нова извалкана вера, која повеќе не ја претставува верата исповедана од Светите Отци, односно, „верата која еднаш засекогаш им беше предадена на светиите“ (Јуда 3). И како заклучок: Ниту еден канон на Православната Црква не учи дека за да бидеме православни мораме да бидеме во заедница со Цариград (или со било кој друг „древен престол“)!

Превод од англиски: Ѓакон Јани Мулев Наслов на изворникот: ORTHODOX CHRISTIAN WITNESS, Canonical churches: What does it mean? December, 2003, vol. xxxvii, No. 12 24


духовен живот

„Радувајте се секогаш“ (1. Сол. 5, 16) „Радувајте се секогаш во Господа, и пак ќе речам: радувајте се!“ (Филип. 4, 4)

З

а жал, не е ретка појава да видиме побожни верници на чии лица не блескаат радоста, добрината, и светлина на благодатта. Има многу оправдувања за ова: семејни проблеми, тешкотии на работа, разни несреќи, економски неуспех, здравствени проблеми, лош развој во националниот и политички живот, итн. Можно ли е сите овие нешта да сочинуваат огромна препрека, та така христијанинот да се лиши од мирот на Светиот Дух и благодатта Христова?

Радоста во Христа Сигурен показател на нашата духовна состојба Се разбира, не; зашто, радоста на побожните верници не доаѓа од отсуството на животните немири и таги, туку од присуството на нашиот Спасител во нивните срца. Кога христијанинот има смиреноумие и плаче за своите гревови; кога негова цел е „секогаш барајте добро еден на друг, и на сите!“ (1. Сол. 5, 15); кога се стреми да ги запазува Божјите заповеди; кога постојано учествува во пречистите Таинства; кога тој непрестајно возвраќа со благодарност на љубовта Божја – тогаш, тој е жив во Господа и има Дарител на радост и мир во неговото срце. Верникот кој е Богоносец и Христоносец „се радува секогаш“ (сп. 1. Сол. 5, 16) и неговото присуство во светот е сведоштво на Воскресението и на Педесетница; тоа е откровение на Царството небесно и блаженството во векот што доаѓа, кое тој веќе го има претходно вкусено. До оние кои се противат и велат дека е невозможно некој да се радува постојано, свети Василиј Велики напишал одлична омилија, насловена како „За благодарноста“ (Patrologia Græca, Том. XXXI, cols. 217-237.), во која тој им се спротивставува на оние кои се осмелуваат „да го обвинат св. ап. Павле за востановување на работи кои се невозможни за нас“. Блажената радост на Христијаните е показател на нивната духовна состојба: недостатокот од радост – и секако, од непрестајна радост – означува недостаток во заедницата со Христа, а исто така и со нашиот брат. Особено, кога во нашите срца нема љубов кон нашиот ближен, кога 25


му наштетуваме и го повредуваме, кога го обезвреднуваме и презираме, и кога го загрижуваме и вознемируваме, тогаш Бог исчезнал од нашите срца и немаме заедница со Него. Апостолот Павле нè поттикнува: „секогаш барајте добро“ (1. Сол. 5, 15), а со тоа тој мисли: „бидете цврсто и крајно подготвени да правите добро еден на друг, односно, на вашите браќа христијански верници и на сите; тоа значи, дури и на неверниците и безбожниците“ (Свети Никодим Светогорец, Толкување на Посланијата, том 3, на грчки јазик). Спротивното – односно, вообразеност и осветољубие, студенило и рамнодушност, омраза кон нашиот брат и суровост – ќе нè направи да личиме на пчела, како што свети Јован Златоуст прецизно забележува: „Зарем не гледате како умира пчелата веднаш штом ќе повреди некого со убодот? Преку тоа животно, Бог нè поучува да не ги нажалуваме нашите ближни, бидејќи така ние први ќе ја сретнеме смртта. Зашто, повредувајќи ги нив, ние можеби им нанесуваме болка привремено; но самите ние нема да живееме подолго, исто како што и ова животно не останува живо“. (Patrologia Græca, Том. LXII, кол. 457 (Толкување на Првото послание до Солунјаните, Омилија 10). Преблагословената Богородица е „радост на сите родови“ (Акатист, икос 10), и во Молебниот канон кон неа, пееме една многу убава химна: „Исполни го моето срце со радост, Дево, ти која си ја примила полнотата на радоста и си направила да исчезне тагата од гревот“ (од Малиот молебен). Да го повторуваме овој радосен тропар често и искрено, молејќи ì се на нашата Сесвета Мајка да нè удостои да се радуваме во Господа засекогаш, во радоста на Воскресението и Царството. Амин! Превод од англиски јазик: Дејан Белчовски, апсолвент на Теологија Наслов на изворникот: Joy in Christ, The Sure Indicator of Our Spiritual Condition www.orthodoxinfo.com 26


П оуки од старец Јероним исихастот егински „Кога Бог ви даде ваше чедо, вие не го сакавте и го убивте!...“ Еден возрасен брачен пар дојде на посета кај старецот. Немаа нивни деца, па имаа посвоено едно девојче, кое веќе беше голема девојка, но имаше многу лош карактер и голема суровост, па нејзините родители кои ја беа посвоиле буквално се измачуваа со неа. Во сета нивна безнадежност, кога слушнаа за старецот, поитаа кај него. Кога огорчените родители му ја објаснија својата болка, старецот им одговори, укорувајќи ги: - Малку е тоа што ви го прави! Требаше главите да ви ги скрши! Го ислушаа со изненадување, без да сфатат зошто и како тоа еден свет човек да зборува така. По неколку минути молчење, старецот продолжи: - Кога Бог ви даде ваше чедо, не го сакавте и го убивте! Е па сега, како сакате да се однесува кон вас туѓото? Не е виновно девојчето, туку самиот ваш грев ве измачува. По ова откровение, мажот и жената почнаа да плачат и скрушено му исповедаа на старецот сè што навистина се беше случило. Со вообичаениот отечки балсам и неговото свето расудување и љубов ги утеши, потоа ги посоветува и им вети: - Сега ќе се помолиме на Бога, да ви се смилува и да го промени вашето чедо... Си заминаа олеснети, радосни. Стигнаа дома многу доцна, чекаа, како и обично, да се соочат со суровост, викање, лошотилок итн., од страна на нивната ќерка. Но за чудо, видоа како една променета личност, со добрина и кротост ги пречекува. Не им се веруваше. По малку време, таа им објасни: - Цело попладне, кога останав дома сама, си размислував: Што добиваме од ваквиот однос и зошто ние тројца да не живееме со љубов и среќа? Ќе се обидам малку да се променам и сите ќе бидеме подобро. Родителите многу се нажалија, кога изненадени ја видоа оваа промена, зашто невозможно беше веднаш во тој момент да поитаат пак кај старецот за да му ја изразат нивната радост и благодарност... Но истовремено сфатија дека покајанието, скрушеноста, исповедта и молитвата на старецот беа доволни за да го оттргнат гревот и да ја „утврдат во срцето“ на нивната посвоена ќерка промената и љубовта. Го прославија Бога и му заблагодарија на старецот.

Синови или слуги? Еднаш во неговата смирена ќелија го посети еден Турчин. Како што рече, го испратил неговиот газда, кој беше судија, за да го покани во неговиот дом. Отец Василиј некако се вознемири. Не беше навикнат на покани за посети од љубезност, и неговиот ум отиде во некое можно „зло“, во едно ново, можеби, искушение. Но се помоли на Бога и отиде со турскиот службеник. Кога стигнаа во гостоприемната соба на судијата, самиот тој го прими со голема срдечност. Седнаа и судијата почна со дискусија: - Ефенди попе, јас сум Турчин, мухамеданец. Но од платата која ја земам, го задржувам неопходното за моето семејство, а останатото го трошам за милостина. Им помагам на вдовиците, сираците и сиромашните, им давам мираз на бедните девојки кои се мажат, им помагам на болните. Строго ги држам постите, се молам и обично се трудам да сум доследен на верата. И кога судам, се обидувам да сум справедлив, не попуштам

27


никому, колку и да има висока позиција. И што велиш, сè она што го правам не е доволно за да го здобијам рајот, како што велите вие христијаните? Отец Василиј беше воодушевен од она што му го кажа Турчинот и со умот веднаш отиде кај стотникот Корнилиј (Дела 1 гл.). Ги споредуваше паралелно овие два живота. Сфати дека пред него стои праведен и добронамерен човек и можеби неговата мисија беше иста со онаа на апостол Петар кон стотникот. Одлучи да посведочи за неговата вера. - Ефенди, имаш ли деца? - Да, имам. - Слуги, имаш? - Имам и слуги. - Кој ги исполнува подобро твоите заповеди, децата или слугите? - Се разбира, слугите, зашто децата, со слободата која ја имаат, честопати не слушаат и прават што сакаат, додека слугите прават секогаш сè што ќе им речам јас. - Кажи ми, ефенди, ако умреш, кој ќе те наследи: твоите слуги, кои ги исполнуваат верно твоите заповеди, или твоите деца кои не те слушаат? - Па се разбира, децата. Само тие имаат право на наследство, не и слугите. - Е па добро, сè што правиш ефенди е добро, но сè што можат да ти направат, е да те стават во редот на добрите слуги. Но ако сакаш да го наследиш рајот, царството небесно, треба да станеш син. А тоа бидува само преку крштевање. Турчинот се воодушеви од примерот кој му го кажа отец Василиј. Зборуваа уште, и на крајот побара од него да го катихизира и да го крсти. И по некое време, Турчинот се крсти и стана христијанин.

За соништата

28

Архимандритот Пантелејмон, од манастирот „Свето Преображение“ – Бостон, го раскажува следново за старецот Јероним: Еднаш, кога бев млад монах и се подвизував сам на околу 40 милји надвор од Бостон, ме посети еден студент на Теологија. Човекот беше од Грција, но студираше во Америка. Ми кажа извонредни работи од неговиот живот, кога бил помлад – виденија, чуда, искуства итн. Не знаев што да кажам. Или би требало да е светител (да има достигнато голема духовна зрелост) или е опрелестен. Додека бев монах на Света Гора, научив дека сите соништа и виденија се измама, и да не им придавам значење и да не им верувам на таквите појави. Но што требаше да му кажам на тој човек – дека сè е од ѓаволот? Имаше отидено кај свештеници, епископи, учители и сите го исмеваа. Повеќе со никого не зборуваше за тоа. Слушнал дека постои некој монах од Света Гора, и со голем труд и трошоци дојде да ме види. Човекот изгледаше дека е побожен и урамнотежен. Од она што ми го кажа немаше очигледен знак дека се работи за прелест, но ѓаволот има многу тактики. Да му речам дека е од Бога? Од каде да бидам сигурен? Да му кажам, пак, дека е од ѓаволот? И за тоа не можев со сигурност да тврдам. Затоа му реков: - Слушај, брате. Јас сум млад монах и немам искуство со тие работи. Ниту сум видел некогаш сон, ниту видение. Ниту пак сакам да видам нешто такво, зашто ѓаволот честопати се преправа во ангел на светлината за да ги прелаже луѓето. Тебе ти треба искусен духовник за да ти помогне. - Да не познаваш некој таков? - ме праша. - Овде во Америка, не. Во Грција запознав еден свет старец, со дарови на Пресветиот Дух, видовитост, прозорливост, пророштво. - Како се вика? Каде живее? - Се вика старец Јероним и живее во Егина. Тоа се случи во пролетта, 1961 година. Во летото тој отиде во Грција и го најде старецот во неговиот аскитирион. Му го раскажа сето она што ми го кажа и мене. Старецот тивко го слушаше без да проговори. Откако заврши студентот,


тогаш старецот отвори уста и му рече: - Те жалам. Толку си слаб во верата, што Бог, за да не се удавиш, ти подаде рака. Блажени се оние кои не видоа, а поверуваа. Да, многу си слаб, па затоа е сето ова. Да се молиш и да внимаваш. Кога подоцна го чув сето ова, зашто и самиот студент дојде и ми раскажа, а една година потоа го видов старецот пак, и самиот тој ми го раскажа случајот, се воодушевив од расудувањето и методот на старецот. Со еден збор го запази студентот од гордост.

„Ти си виновна за болеста на детето!“ Друг пат, кога веќе имавме мало братство овде во Бостон, контактираше со нас една страдална мајка од внатрешноста на Америка, оддалечена повеќе од две илјади милји. Таа имаше едно мало тригодишно дете, кое боледуваше од рак. Некогаш ни телефонираше, некогаш ни пишуваше. Некој ì беше кажал за нашиот манастир и таа бараше помош – да се молиме за да оздрави нејзиното дете. Понекогаш ни испраќаше облека од детето или марамчиња за да ги ставиме врз светите мошти и да читаме молитви и да ì ги вратиме назад, па можеби ќе се случи некое чудо. Ние ì испративме масло од кандилото на свети Нектариј и од свети Јован Руски, и, колку што можевме, ја утешувавме. Жената беше Гркинка, но родена во Америка и не знаеше добро грчки. Честопати нè прашуваше по телефон, зошто ì се родило детето со рак, и со што згрешило тоа, па така да страда. Зошто Бог допушта да се измачува едно невино создание; Ние ì одговоривме дека тоа се судови Божји, а ние не сме Бог па да ја знаеме Неговата премудрост. Но таа пак ни велеше: „Зарем не постои човек Божји за да ми одговори?“ Ние ì одговоривме дека сме грешни луѓе, и не познаваме таков човек. Многу пати нè прашуваше, па еднаш ì реков: Немој залудно да се трошиш, зашто ни се јавуваш од толку далеку. Постојано се молиме, но Бог не нè слуша. Овде во Америка не познаваме таков човек кој би можел да ти одговори на прашањето. Во Грција постои еден старец, на истиот остров каде што е свети Нектариј, но е многу далеку од твојот дом, над осум илјади милји, а и освен тоа, не знае англиски“. Толку требаше. Не губеше време, толкава беше нејзината болка, така што се качи во авион и отиде во Грција. Стигна во Егина. Најде еден таксист кој знаеше едвај англиски, а и таа едвај знаеше грчки и отиде во тихувалницата на старецот. Не го најде таму. Беше слегол во центарот, на пазар. Се врати и таа во центарот и конечно го најде старецот по патот. Почна преку таксистот да му кажува за нејзината мака, и дека од нас слушнала за него. Старецот ì рече: - Ти си виновна за болеста на детето, затоа што го остави законскиот маж и си најде друг. Твојот маж не го поништи бракот, туку ти се заљуби во друг. Сега зошто плачеш? Твоето детенце е невино. Тоа секако ќе се спаси. Ќе биде со ангелите. Но и ти ако сакаш, спасувај се. Бог ги љуби сите и сака сите да ги спаси. Дадена ти е прилика да се покаеш и да се спасиш. Пред да ти се разболи детето, си спомнуваше ли за Бога? Одеше ли во црква? Се прекрстуваше ли? А сега постојано се молиш. Дури и авион фати и толкав пат помина за да дојдеш и да му се поклониш на свети Нектариј, да побараш помош, да си ги кажеш страданијата. Ако немаше страдања, немаше да се сетиш на Бога. Да, ако сакаш сега, поправи се, стани добра христијанка. Детето твое на Бога Му припаѓа, нема да остане повеќе во овој лажен свет. Немој да жалиш. На Бога секогаш да Му благодариш, да Го славиш. Кога се врати, самата таа ми се јави и ми кажа за нејзината средба со старецот. По малку време нејзиното дете се упокои, ��ако што ì кажа старецот. Од каде да го знам јас животот на оваа жена! Во мојот живот запознав шестмина свети луѓе, прозорливи, но дарот на прозорливост и видовитост на старец Јероним беше посилен од сите. Превод од новогрчки: ѓакон Јани Мулев Наслов на изворникот: Π. Μπότσης, Γέροντας Ιερώνιμος ό Ησιχαστής της Αίγινας, Αθήνα, 2001.

29


нови житија

Житие на светиот Никола Планас, свештеник Атински

30

Светиот Никола Планас роден е на островот Наксос, од богати родители, кои на својот имот имале и своја црквичка посветена на свети Никола. Уште како дете тој влегувал во црквата, се завиткувал со чаршав за да личи на свештеник и пеел нешто „попски“. На четиринаесет годишна возраст останал без татко, а мајка му го зела него и сестра му и се преселиле во Атина. На 17 години го ожениле, но по раѓањето на нивниот син, неговата сопруга се упокоила, и тој целиот свој живот го поминал во безбрачност. Подоцна на 28 јули 1879 година, бил ракоположен за ѓакон, а по пет години за свештеник во црквата на пророкот Елисеј. Откако го разделил имотот со својата сестра и со соседот, се ослободил од светските грижи и целосно Му се посветил на Бога, како еден од великите подвижници од пустината. Повеќе пати во животот му се јавувале разни светители и му помагале во неволјите, или му давале лек за некоја болест. Овој вистински работник во лозјето Христово служел секојдневно, и лето и зимо, од осум наутро до три попладне. Во летните горештини на одеждите му излегувала потта како пена. Ги служел сите служби, утрена, часови, литургија, молебен, акатисти итн. Бил целосно посветен на молитвата, па дури размислувал дека треба да се воведе типикот на Неусипајуштите (подвижници кои воопшто не спиеле), но неговите духовни чеда го убедиле дека тоа е невозможно во светот, без братство. Сите пости ги постел без масло, а постел и две недели пред Крстовден. Во џебовите секогаш носел снопови од ливчиња со имиња, кои луѓето му ги давале за да ги спомнува на литургија. Ги спомнувал со месеци сè додека некој од неговите чеда не му ги земел тајно, за да не се развлекува литургијата од толку спомнувања. Кога влегувал во црква за да служи литургија или бдение, луѓето се туркале за да му целиваат рака, некои расото, а некои пак главата, затоа што бил многу низок. Во служењето бил многу величествен, сакал сè да биде величествено, како што Му прилега на Бога. Честопати на литургија се случувале чудесни нешта: појавување на светители, ангели, исцелувања на болни, или гестови од страна на старецот со кои се откривал неговиот дар на прозорливост. Немал високо образование според световните мерила, така што дури ни евангелието на литургија не можел со леснотија да го чита; правел големи грешки кои понекогаш биле и смешни; не знаел ни кој е премиер на земјата, но сепак луѓето го сакале и почитувале поради неговиот свет и целосно Богу посветен живот. Но во животот никогаш не бил наклеветен или лажно обвинет, а самиот тој сметал дека се удостоил за таква закрила, токму затоа што секогаш, пред да излезе од дома се молел со стиховите од псалмите: „Утврди ги стапките мои според Твоето слово и не допушти со мене да овладее никакво беззаконие“ (Псал. 118, 133); „Избави ме од човечко клеветење и ќе ги пазам Твоите заповеди. Озари го


Твојот слуга со светлината на лицето Твое, и научи ме на Твоите заповеди“ (Псал. 118, 134-135); „Нека се исполни устата моја со похвала, па со песна да ја величам славата Твоја, и цел ден да пеам за Твоето велелепие“ (Псал. 70, 8). Денес овие работи се сметаат за претерани ситници, кои им доликуваат само на децата. И така, луѓето заминуваат без размислување, се гневат уште пред да ја напуштат куќата. Каде е молитвата? „Старомодни ситници...“ Нашиот сатански егоизам нè убедува дека ние знаеме сè. Тишината и мирот се протерани, а духовното бунило останува со нас. Во облекувањето секогаш бил скромен, со старо и извалкано расо, затоа што редовно служел во стари и напуштени црквички. Одборниците го укорувале поради тоа што носел старо расо, па затоа му купиле ново. Но, додека служел литургија, дошол еден помлад свештеник, божем да сослужува со него, го соблекол своето старо расо, а го облекол новото на отец Никола и си заминал. Отец Никола го видел сето тоа, но ништо не проговорил. Најпрво бил поставен во една мала парохија со околу 13 семејства, а кога еден свештеник му ја присвоил парохијата, тој добил нова парохија која ја сочинувале 8 семејства. Иако низ неговите раце поминале многу пари, тој за себе не задржувал ништо. Кога се качувал во кочија не му барале пари, бидејќи сметале дека е благослов да го возат поп Никола. Таксистите буквално се тепале кога требало некој да го превезува отецот, затоа што знаеле дека, оној што ќе го земе во својот автомобил, во тој ден Господ ќе му даде многу голема заработка.

Во времето кога Мелетиј Метаксакис бил архиепископ Атински, забранил служење на бденија и замонашувања, но и покрај забраната поп Никола служел тајно. По заминувањето на Мелетиј, дошла промената на календарот. Настапиле нови измачувања, нови страдања за старецот. На прашањето, кој календар е правилен, тој одговорил: „Според убедување стариот, а според обврска новиот“. Но по промената на календарот во Грција, тој, иако не се одделил од својот надлежен епископ, сепак тајно продолжил да служи литургија според стариот календар. Неколку пати бил во опасност да биде уапсен, и насила да му биде соблечено расото и да му биде избричена брадата, од страна на полицијата, која со благослов на црковните авторитети од официјалната Грчка Православна Црква ги гонела сите кои не се согласувале со оваа календарска реформа, но од сите неволји Господ го избавувал. Во тој период се разгорело и комунистичкото движење, и многу свештеници пострадале од нивниот терор, а на списокот за ликвидирање бил и отецот Никола. Но поради неговото големо трпение, љубов и добрина кон претседателот на Комунистите, 31


не само што бил поштеден, туку и целосно го преобразил срцето на овој млад човек, кој нешто подоцна, на возраст од триесет години, се упокоил од парализа на нозете, како добар христијанин и без притоа да убие било кого. Многу чуда се случувале за време на неговиот едноставен но богоугоден живот на земјава: многумина го виделе како оди над земјата; едно дете го видело како лебди над земјата за време на литургијата; за време на обилен дожд го виделе како шета без чадор, а сепак со суво расо, без ниедна капка на него; еднаш кога никаде не можел да најде просфора за литургија, на чудесен начин на престолот нашол свежа просфора и ја отслужил литургијата... Поради неговиот тежок подвиг – педесет години секојдневно служење Божествена Литургија и секојдневно причестување со Телото и Крвта Христови, Бог, Когошто тој Го беше возљубил со сето свое срце, со сета душа и со сета помисла, го даруваше со многу дарови уште во овој живот, и го удостои со вечна слава и радост помеѓу светиите во идниот живот. Неколку децении по неговата блажена смрт во февруари 1932 година, неговите свети и нетелни мошти беа откриени по што следеше и официјална канонизација (акт со кој се признава светоста на една личност) и причислување кон хоровите на светителите, од страна на цариградската патријаршија. Неговиот свет спомен се слави на 17 февруари (стар стил). Чуда кои се случиле по смртта на свети Никола Планас:

32

Еден од неговите роднини страдал од остри болки на ревматизам и артритис, и не можел да се одмори ни дење ни ноќе. Додека седел во собата во агонија, тој го повикал Поп Никола со солзи, и во исто време побарал да му донесат едно од расата на отецот. По малку време, му го донеле, и тој се завиткал со него, повикувајќи го него за помош. Толку требало! Болките прекинале, и измачениот човек отишол и заспал. Потоа отишол на работа без повторно да страда од болки. Една жена, негова далечна роднина, имала ментално пореметена ќерка која ноќно време ја напуштала куќата и правела разни луди нешта. Ја завиткале во расото на отецот, и ì станало подобро. Во текот на партизанската војна, едно семејство добило известување дека партизаните ќе бидат сместени во нивната куќа. Тие виделе прибежиште во посредувањето на отецот, и повикале по него со солзи и страв. Го виделе во сон, и тој им рекол: „Не плашете се, тие ќе дојдат и ќе си заминат без да имате било какви страдања“. И понатаму, го виделе како оди низ куќата и ги благословува собите. Следниот ден, дошле шестмина партизани; тие си легнале и ја поминале ноќта во широката гостинска соба, и си заминале утрото со наведнати глави, барајќи прошка за тоа што ги вознемириле! Во црквата на Свети Јован обично кажувале дека многу жени кои имаат семејни расправии, ќе отидат на неговиот гроб и ќе земат неколку ливчиња од неговата земја и ќе ги искадат нивните куќи со нив, за да


нови житија

има помирување и мир.

Тропар на светиот Никола Планас, глас 5:

Да го пофалиме нашиот заштитник, божествениот Никола; како единствен надарен со блажена добродетел, кој заблеска како вистински свештеник на Севишниот Бог, и беше Негов горешт богослужител. Зашто, преку неговиот свет живот на земјата, тој ни остави највозвишени, божествени и непогрешливи учења на долготрпение, кротост, трпение, нелажно смирение и вистинска богоподобна љубов.

Подготвил и превел од англиски: Ѓакон Јани Мулев Наслов на изворникот: Mother Martha, Papa-Nicholas Planas, Holy Transfiguration Monastery, Boston, MA. 2001.

Совети до свештениците Составени од епископ Василиј

1. Мантијата на свештеникот е знаме на Црквата Христова: затоа мораме строго да ја почитуваме, ние кои ја носиме, со свет живот, та оние кои не носат мантија да ја ценат и почитуваат. (Старец Амфилохиј од Патмос 1889-1970) 2. Чедо мое, отецот исповедник мора да плаче, мора да тагува, дури и повеќе од личноста која доаѓа на исповед, заради олеснување. Твојата тага мора да биде искрена, бидејќи душата го сфаќа тоа. (Старец Амфилохиј од Патмос 1889-1970) 3. Брачни и безбрачни свештеници, да не заборавиме дека ние сме претставници на кроткиот и смирен по срце Исус. Ние сме повикани да напредуваме во смирението, а не да се караме во светиот олтар за првенство по чест. (Старец Епифаниј Теодоропулос од Атина 1930-1989)

4. Клириците, а особено безбрачните клирици мора да бидат бирани од оние во зрела

33


возраст, со извонредно образование, огромна побожност, блескав морал, цврст карактер и целосна духовна изграденост: сите овие нешта се стекнуваат со напори и подвизи, молитви и учење, постење и бдеење, со доброволна сиромаштија и тешкотии, и преку разни откажувања. Зашто подвижништвото не е привилегија или одговорност само на монасите, туку на сите верници, особено на клириците, а најмногу на безбрачните клирици. Православната Црква е длабоко подвижничка и на оние, кои не го сакаат подвижништвото, и кои се љубители на луксузот и комфорот, не им е местото во неа. (Старец Епифаниј Теодоропулос од Атина 1930-1989) 5. Свештеникот е воплотување на апсолутното, израз на постојаното, стабилен и непоколеблив, Небесна труба, пример на беспрекорност, мерка на вечноста. Нека остане засекогаш неизменет, дури и во неговиот вечен изглед, како потсетник и симбол на вековите и на неменливите вистини што тој ги проповеда. (Старец Епифаниј Теодоропулос од Атина 1930-1989) 6. Свештенството е многу голем дар од Бога на човештвото. Тоа е проводник на Божјата благодат. (Старец Епифаниј Теодоропулос од Атина 1930-1989) 7. Ми се чини дека е богохулство кога ќе видам архимандрит да тагува затоа што не бил избран за епископ. Ако сметаш дека твоето тело може да земе леб и вино и, со осветувањето на Светиот Дух, да ги претвори во Тело и Крв Христови; дека ти е дадена сила да правиш од чедата Авраамови учесници во крстот и Воскресението Христово преку крштение, и дека ти е дадена сила да ги полагаш рацете и епитрахилот врз главите на најголемите грешници, и, по исповедта да ги изведуваш со очистена и избелена душа, како тогаш можеш да се сметаш себеси за неуспешен? Затоа што немаш митра на главата? Бог да нè помилува! (Старец Епифаниј Теодоропулос од Атина 1930-1989) 8. Кога ја облекуваме мантијата, ние започнуваме со целта за осветување на нашата душа. Сепак потребна е внимателност. Заради љубов кон световни почести и слава, нашиот егоизам може да ни ја погуби душата, наместо да ни ја освети (Старец Јаков Цаликис од Евија 1920-1991) 9. Сопругите на свештениците мора да живеат свет, речиси монашки живот, со голема почит кон свештеникот, и мора да се облекуваат многу скромно. (Старец Јаков Цаликис од Евија 1920-1991) 10. Луѓето се слепи и не гледаат што се случува во црква за време на Божествената Литургија. Еднаш служев и не можев да го направам Големиот Вход поради она што го видов. Одеднаш почувствував како некој ме турка по рамото и ме насочува кон светото Предложение (Проскомидија). Помислив дека тоа е псалтот. Се свртев наоколу и видов огромно крило што архангелот го беше положил врз моето рамо, и дека тој ме води за да го направам Големиот Вход. Какви чудесни нешта се случуваат во олтарот за време на Божествената Литургија!... Некогаш не можам да се справам со тоа, па така јас седнувам на столче, а некои од сослужителите заклучуваат дека нешто не е во ред со моето здравје, но тие не го сфаќаат она што го гледам и слушам. (Старец Јаков Цаликис од Евија 1920-1991) 11. Кога свештеникот сече честици од просфората и ги спомнува имињата на верниците за време на проскомидијата, ангелот Господов слегува и ги зема овие спомнувања и ги става пред престолот Христов како молитва за оние кои биле спомнати. (Старец Јаков Цаликис од 34


Евија 1920-1991) 12. За жал, денес, постојат многу луѓе кои ја вознемируваат мајката Црква. Од нив, оние кои имаат образование ги сфатиле догматите со нивните умови, а не со духот на Светите Отци. Во исто време, оние кои не се писмени се држат за догматите со нивните заби, поради што тие си ги кршат забите кога зборуваат за црковни теми. На овој начин, поголема штета е предизвикана од оние во Црквата, отколку од оние кои се борат против неа однадвор. (Старец Пајсиј Езнепидис од Света Гора 19241994) 13. Во овој сегашен род, духовниот отец мора да користи икономија (снисходење), зашто, ако тој спроведува акривија (строгост, точност), никој, или само неколкумина, од оние кои доаѓаат на исповед би се удостоиле да се причестат. Сепак, неопходни се најголема грижа и расудување и духовниот отец мора горешто да се моли на небесниот Бог и Отец за да го просветли, како да ја применува икономијата. (Старец Филотеј Зервакос од Лонговарда 1884-1980) 14. Се радувам на мантијата што ја носам и ја сметам за повредна и попристојна од било која друга облека, дури и од пурпурните наметки на кралевите. Се сметам себеси за недостоен да се облекувам во таква скромна, чесна и света облека, која беше прославена од безброј монаси светители, свештеномаченици, исповедници и преподобни. Натажен сум и ги жалам оние свештеници кои ја отфрлаат мантијата и кои ги бричат нивните бради. (Старец Филотеј Зервакос од Лонговарда 1884-1980) 15. Знаете ли колку голем дар е тоа што Бог ни даде право да Му зборуваме во секој час и миг, каде и да сме? Он секогаш нè слуша. Тоа е најголемата чест што ја имаме. Поради тоа ние мораме да Го љубиме Бога. (Старец Порфириј 1906-1991) 16. Православното подвижништво не е само за манастирите, туку и за светот. (Старец Порфириј 1906-1991) 17. Труди се да ја засилиш твојата вера, и за време на Божествената Литургија биди нерасеан и посветен на богослужението, та да можеш да бидеш награден да ги гледаш Божјите величија. (Старец Ѓеорѓи Карслидис од Драма 1901-1959). 18. Свештенослужењето се врши на земјата, но чинот се добива од небото. И тоа е многу правилно, бидејќи ерархијата не ја воспоставил ниту човек, ниту ангел, ниту архангел, ниту некоја друга создадена сила, туку Самиот Утешител, Кој луѓето, сè уште облечени во тело, ги поставил да бидат претставници на ангелското служење. (Свети Јован Златоуст) 19. Мантијата на свештеникот е подобра од панталоните. Мантијата има двојна благодат! (Блажениот свештеник Димитриј Гагастатис 1902-1975) 20. Старецот Софрониј (Сахаров) еднаш ми рече: Кога ќе дојде кај тебе свештеник за исповед не го поучувај. Едноставно ислушај ја неговата исповед и прочитај му разрешна молитва. Тогаш извади го епитрахилот, стави го на неговиот врат, клекни пред него, и побарај од него тој да ти прочита молитва. Ете така правевме на Света Гора. (Архимандрит Захарија од Есекс) 21. Во почетокот на 1989 год., старецот Јаков стана многу натажен од несреќите што ги снајдоа некои личности што ги познаваше и сакаше. Тој прими телефонски повик 35


од селото Прокопи. Отец Јован, свештеникот кој служеше во храмот на свети Јован Руски, штотуку се беше вратил од Америка каде што му беше извршена хируршка интервенција на срцето. Наспроти сите веројатности, тешката бајпас операција беше успешна. Свети Јован Руски исто така бил присутен и раководел со операцијата! Докторот кој ја извршувал операцијата признал дека, всушност, некоја сила ја водела неговата рака. И покрај неговото лошо здравје и лошо време - старецот - отец Јаков го посети отецот Јован во неговата куќа. Но не само тоа, туку при пристигнувањето, тој исто така побара прошка: „Прости ми што те вознемирувам, но јас морав да дојдам и да го посетам служителот на божествениот Јован Руски!“ Луѓето во куќата помислија дека некој бестелесен, бестежински ангел влегол во куќата, бидејќи неговата фигура зрачеше со тивка светлина. Кога ја виде раната од операцијата на ногата на отец Јован, од каде што беа извадени вени за бајпас, Старец Јаков запре – или поточно, падна на земја и ги прегрна нозете на отец Јован. Блажениот старец Јаков, сега во неговата длабока старост, имаше голема почит кон свештениците и ги сметаше свештениците на некој начин како ангели. (од Градината на Светиот Дух: Старец Јаков од Евија 1901-1991) 22. Љубовта кон Христа Бога е дел и парче од љубовта кон ближниот... Свештениците се натоварени со пастирски грижи и честопати се раскинати (помеѓу овие две љубови). Од една страна, тие знаат дека нема полза од тоа да се придобие сиот свет, а да се изгуби душата (сп. Марко 8, 36); од друга страна, пак, постои заповед од Господ: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух“ (Мат. 28, 19), „Бесплатно добивте, бесплатно давајте!“ (Мат. 10, 8). Паралелно со ова е идејата дека витална потреба за човештвото е ДА ГО ЗНААТ ВИСТИНСКИОТ Б��Г (сп. Јован 17, 3). Но како да Го најдеме? Па, ако БОГОПОЗНАНИЕТО е да се продолжи на земјата, тогаш заповед е, луѓето да не скитаат како овци без пастир. Ова знаење е толку важно што свети Исаак Сириски кажува една страшна работа, која е тешка за разбирање и мачно е да се запазува: Не ги споредувај оние кои прават знаци и чудеса и силни дела во светот со оние кои избрале да постат и да се молат во пустината. Претпочитај внатрешно тихување (исихија) повеќе, отколку да храниш гладни во светот, и да приведуваш луѓе во служење на Бога. (Старец Софрониј Сахаров од Есекс 1896-1993) 23. Бог го запалува свештеникот како светилка и го поставува на светилникот на Неговиот светлоносен престол. (Свети Исидор Пелусиот +449) 24. На жената, чијшто син требаше да биде ракоположен за свештеник, старецот Амфилохиј ì напиша: „Најголема радост за тебе е да имаш син кој ќе ги осветува светите дарови, чијашто чест е да проштева гревови, и кој постојано посредува за твоето семејство. И крал да станеше, тој не ќе ја имаше славата на свештеникот. За време на Божествената Литургија свештеникот е повозвишен и од ангелите, бидејќи дури и ангелите во тој час треперат зашто служат во тајната на Светата Евхаристија“. (од Нашиот Старец: Животот и чудата на Старецот Амфилохиј од Патмос 1889-1970) 25. Во навечерието на Пасха во 1919 година, грузиските и руските клирици кои беа затворени од комунистите побараа дозвола да одат во црква, но не им беше дозволено. Тогаш сите заедно почнаа топло да Му се молат на Воскреснатиот Христос да ги укрепи. Кога пееја „Христос воскресе“ затворот се помести и вратите сами се отворија. Од вревата што се создаде сите жители во градот поитаа да видат што се случува. Тие видоа три свети лика како го држат пресветиот крст, кружејќи околу затворот и пеејќи „Господи помилуј“. Овој Божествен знак траеше цела ноќ, па така сите насобрани луѓе од градот го видоа. Кога почна да се разденува ова небесно видение исчезна. Наредниот ден сите заробени свештеници заедно со Старецот беа подготвени за мачеништво. (од Блажениот Старец Ѓеорѓи Карслидис 1901-1959) 36


26. Кога еден епископ го прашал јеромонахот Калистрат, светиот игумен од манастирот Милешева: „Што е најважно за свештеникот?“, тој му одговорил: Најважно е да се комуницира првин со Господарот, потоа со неговите дворски чиновници и најпосле со слугите на Господарот. Господар е Оној што е наречен Христос, чиновници се светителите, а слуги на Господарот се луѓето од овој свет. Зашто, оние кои комуницираат само со слугите на Господарот не обрнувајќи внимание на Господарот, го предизвикуваат гневот на Господарот. (Свети Николај Велимировиќ +1956 во Касијана: поглавје Калистрат.) 27. Исусе, пастиру добар, Ти благодарам што дури и мене, малиот и слабиот, ми даде иста заповед како и на Својот апостол, кога си му рекол: „Паси ги овците Мои!“ (Јован 21, 17). Никогаш, Господи, не би се дрзнал да го примам ова тешко апостолство да не верував дека Твојата благодат ги исцелува слабостите и ги дополнува недостатоците. Во овој миг, кога толку силно ги чувствувам своите недостатоци, јас, Твојот свештеник и Твој жртвоприносител, малиот пастир на Твоето стадо, Те преколнувам: Поддржи ме, Господи, и сочувај го моето срце незлобиво, целосно, несреброљубиво и приковано за Твоите заповеди. Одврати ја од Твојот слуга себичноста, гордоста и световната суета. Сочувај ме од гнев, злопамтење, завист и љубомора. Направи ме човек на молитвата, та не само со своите усни, туку и со своето срце да го величам и прославувам Твоето свето име. Помогни ми да не ги заборавам светите чувства од својата прва Литургија и со нив да го искоренувам зачетокот на грешната навика која често се зачнува во мене. Помогни му на Својот свештеник, Господи, та да им биде на натажените ангел – утешител, на малодушните - извор на духовно укрепување, на несреќните - мирно пристаниште а на повредените - раководител кон Твојот мир и радост. Помогни ми, Избавителу, во својот живот и дејствување да ги соединам добрината и цврстината, одмереноста и силата, благонаклоноста и праведноста. Намали ги моите недостатоци, та никој да не падне поради мојата лична слабост. Поучи ме, Господи, како да ги раководам децата, да ги вдахновувам младите, да ги советувам зрелите, да ги вратам грешните и да ги укрепам оние кои се пред смрт. Научи ме, Господи, Ти Кој ги познаваш човечките срца, како да ги извршувам Таинствата на Твојата Црква, а особено Таинството на исповедта. Дај ми, додека ја извршувам, да бидам совршен познавач на душата и љубвеобилен отец. Помогни ми во својата парохија да бидам поттик за добри дела и предводник во богоугодните зафати, та сите да се изборат за својата среќа и за слава на Твоето име. Амин. (Свештеник Димитриј Гагастатис 1902-1975) 28. Свештенството е дадено како пројава на Божјата љубов кон човештвото. Бог нè љуби и нè направи Негови свештеници. Свештенослужителот му ги позајмува на Бога гласот и рацете за Он да ги извршува Светите Таинства. Свештеникот е детергент со благодатта Божја кога е облечен во неговите одежди, освен ако има некој морален престап, осветољубивост или алчност за пари. Оние кои се трудат во словото Божјо првин треба подвижнички да се подготват за таа служба. (Јеромонах Атанасиј од светиот манастир Ивирон, Света Гора) 29. Животот на свештеникот, на вистинскиот свештеник, секогаш бил тежок, а сега е уште потежок. Некои луѓе мислат дека тоа значи само служење во црква, но не е така; тоа е крајно тежок и сеопфатен начин на живеење. Треба целосно да заборавиш на себе и да им се предадеш себеси на другите. Мораш да ги земеш на себе душите на стотици луѓе и да ги водиш. Не секој е доволно силен за да го прифати овој начин на живот. Многу луѓе мислат дека, да се биде свештеник е лесна професија. Да, лесна е ако не им се предадеш себеси на другите, но крајно тешка е ако го сториш тоа. (Отец Арсениј 1893-1973) 37


30. Еврејските свештеници имаа власт да лечат лепра на телото, или поточно, не да ја лечат, туку само да го потврдат оздравувањето. А ти знаеш колку големо ривалство имаше тогаш за свештенството. Но нашите свештеници примија власт не над лепрата на телото, туку над нечистотијата на душата, и не само да го докажат оздравувањето, туку вистински да исцелуваат! (Свети Јован Златоуст) 31. Што гледаше тој кога започна литургијата? Гледаше оган како слегува од небото и го покрива олтарот и служителот, без овој да го сфати тоа. Подоцна, кога се пееше трисветата песна (Свети Боже, Свети Силни, Свети Бесмртни, помилуј нè), четири ангели слегоа и пееја со нив. Кога се читаше посланието од апостолот, блажениот Павле се појави и го водеше чтецот. А во текот на Евангелието, секој од зборовите излегуваше од устата на свештеникот како пламен. Тогаш започна таинственото алилуја. Сите гласови се преплетуваа во јаже од пламен, којшто стигнува до небото. Малку пред Големиот Вход, кога Светите Дарови требаше да бидат изнесени, одеднаш тој ги виде небесата отворени и се рашири еден неискажлив мирис. Ангелите слегуваа пеејќи Му химни и славословија на Агнецот Христос, Синот Божји. Веднаш, се појави едно дете со пречисто и премило лице. Херувимите го донесоа на нивните раце и Го поставија на дискосот каде што беа светите дарови. Околу Него се насобра огромен број луѓе облечени во бело кои ја рефлектираа Неговата блескава убавина. Свештеникот се приближи за да ги земе светите дарови за Големиот Вход. Тогаш тој ги крена и ги стави врз главата. Два херувима и два серафима одеа напред, и безброј други ангели го следеа, пеејќи неискажливи мелодии. Веднаш штом свештенослужителот ги стави светите дарови на светата трпеза, тие ги покрија со своите крилја. Два херувима стоеја десно од свештеникот и два серафима од неговата лева страна. (од „Виденијата на свети Нифон“)

превод од англиски јазик: Ѓакон Јани Мулев наслов на изворникот: „Councels to Priests“, compiled by Bishop Basil of Wichita

38


Со времени искушенија

Ѓакон Влатко Стоименов

За хомосексуалноста (болест или природна појава)

Неодамна во Р. Македонија, особено во Скопје, НВО центарот за граѓански и човекови права (ЦГЧП) од Скопје постави околу дваесетина билборди со напис „Соочи се со реалноста“. Овие билборди се дел од кампањата за борба против хомофобијата и поддршка на хомосексуалците во државата. На интернет страницата на НВО центарот се вели дека оваа кампања е дел од македонската антидискриминациска програма преку превенција, подигање на свеста и директна помош, која се спроведува во Македонија. ЦГЧП исто така печати и брушура со мотото: „Секој има право да помине“, која ќе се дистрибуира во поголемите градови. Исто така, се организираат работилници кои ќе работат со подмладоците на политичките партии на кои ќе се зборува за штетноста од предрасудите од ваков вид. Во ноември, ЦГЧП организираше меѓународна конференција посветена на положбата на хомосексуалците во земјата и имплементација на европските стандарди. Јас лично сметам дека Македонија е слободна земја, па според тоа секој може слободно да размислува, слободно да се организира и слободно да дејствува. Од погоренапишаните цитати, кои патем да кажеме, се извадени од интернет страниците на овие невладини организации, се потврдува тоа. Во ноември минатата година, Хелсиншкиот комитет за човекови права, навистина организираше конференција за положбата на хомосексуалците во земјата, која сепак и покрај добрата организација беше тотално неуспешна. Па, активистите на овие невладини организации објаснуваа по медиумите дека неуспехот се должи на тоа што во Македонија дури и интелектуалците сè уште не се ослободени од предрасудите, а оние, пак, што сакале да бидат присутни и да земат активно и афирмативно учество во расправата се плашеле од жигосување и од судот на јавноста. Според нив, ова е доказ дека Македонија е сè уште крајно заостаната, полна со предрасуди и, се разбира, далеку од напредниот свет и европските стандарди. Македонија, се сложувам, навистина во последно време лошо се воспитува и на морален и на духовен и на интелектуален план. Македонија, можеме да констатираме, во голема мера отстапува не само од европските стандарди, туку и од своите лични и автентични македонски стандарди. Сакајќи да ја следи Европа и споредувајќи се со неа во сè, Македонија честопати знае некритички да прифаќа сè што доаѓа од неа. Ако продолжи вака, на Македонија ì се закануваат две опасности. Прво, да стане територија во која непречено и слободно ќе дејствуваат секакви опскурни групи и здруженија кои ќе најдат поле за експериментирање на своите погубни идеи и второ, Македонија за кратко време да стане една обична карикатура на Европа и ништо повеќе од тоа. Сепак, да се вратиме на темата која нè поттикна да го напишеме овој текст, а тоа е хомосексуалноста, педерастијата и инвертираноста која во последно време почна организирано да се промовира и во Македонија. Најпрво да видиме што велат хомосексуалците и нивните поддржувачи и промотори. Да видиме кои се нивните факти, аргументи, теории, докази и оправдувања со кои ја бранат својата положба и своето постоење.

39


Хомосексуалците и нивните поддржувачи, велат дека тие како личности (индивидуи) и како појава постојат отсекогаш. Со постоењето на човештвото, паралелно постојат и тие. Но сепак, заради стегите на општеството и цивилизациските предрасуди, тие (хомосексуалците), морале постојано да бидат вовлечени во подземје и од таму тајно да дејствуваат, да се организираат и да општат, далеку од очите на јавноста. Хомосексуалците велат дека ова морале да го прават сè до појавата на сексуалната револуција од шеесеттите години од минатиот век. И тогаш навистина, ако се вратиме назад, веднаш по сексуалната револуција, хомосексуализмот зема сè поголем замав, најпрво меѓу луѓето од џет-сетот, ѕвездите од естрадата, а паралелно со нив и пошироко меѓу народните маси и обичниот човек. Тогаш за првпат се отвораат клубови на хомосексуалци и за оваа појава отворено се зборува. Тогаш за првпат се направени и првите трансексуални хируршки операции, луѓето од медиумите почнуваат да чепкаат по човечката историја и да наоѓаат славни хомосексуални личности. Во филмовите и медиумите, хомосексуалците сè повеќе се претставуваат како нормални луѓе, со нормална работа и нормална психофизичка состојба. Хомосексуалците не се повеќе едни обични феминизирани типови на луѓе, туку тоа се луѓе од нашата средина, нашето соседство, нашето работно место. Хомосексуалците ги има насекаде. Тие се лекари, научници, универзитетски професори, адвокати, спортисти, личности со успешна професионална и бизнис кариера, заслужни граѓани, учесници во добротворни и харитативни акции, со еден збор, хомосексуалците се луѓе кои се пример во општествата во кои работат и во кои живеат. Главен аргумент и доказ за постоењето за нивната хомосексуалност е природата, односно вроденоста. Хомосексуалците тврдат дека тие така се родени, со хомосексуална природа, и по многу години потрага за нивната сексуална насоченост, тие откриваат дека сексуално се свртени кон луѓе со исти пол. Откривајќи го ова, тие се враќаат кон себе и кон својата вистинска природа, а сето ова им причинува спокојство, мир, радост и задоволство. Хомосексуалците свое оправдување наоѓаат и во науката, која темелно работела на оваа појава. Тие особено се повикуваат на Фројд, Рајх, Вајненгер и други, кои работеле на овој проблем и со својата работа и истражување докажале дека сето ова е нормална и природна појава, како на психички, така и на физички план. Овие научници се авторитети во својата бранша и затоа не постои ниту една причина за да не им се верува - велат хомосексуалците. Хомосексуалците се повикуваат и на слободата. На нивното слободно право на избор, на слободната волја. Граѓанските организации го афирмираат и бранат токму ова право. Тие тврдат дека, бранејќи го правото на избор на сексуалноста, всушност ја бранат слободата воопшто. Современиот либерален систем им го гарантира ова, тој ја сфаќа слободата токму како право на избор. Со паролата „Соочи се со реалноста“ и „Секој има право да помине“, македонските невладини организации афирмативно се приклучуваат кон глобалното мислење и кон глобалните трендови во светот кои велат дека хомосексуалците се присутни меѓу нас, тие се дел од нашата реалност, од нашето постоење. Хомосексуализмот е природна појава, па затоа е сосема неправедно и нелогички (нечовечно и нехумано) кон нив да се однесуваме со понижување, омаловажување и простачки. Невладините организации за човекови права нè повикуваат сите да ја издигнеме нашата свест на повисоко ниво, нè повикуваат да бидеме толерантни кон хомосексуализмот како една сосема обична, нормална и реална појава. Во медиумите, сè повеќе се присутни лекари, научници, специјалисти и стручњаци кои го бранат овој модерен и актуелен бран. Оној кој мисли поинаку е доведен на рамниште на еден обичен простак и опскурантист, роб на застарени идеи, противник на човештвото, модерен инквизитор, религиозен фанатик, противник на прогресот, комунистички рецидив, духовен далтонист, пештерски човек, со еден збор, човек со типична интелектуална инсуфициенција. Но сепак, да ги разгледаме мислењата на научниците, поточно истражувањата кои 40


Со времени искушенија ги направиле во поглед на хомосексуалноста, познатите психијатри со светско реноме - Зигмунд Фројд и Хевелог Елис. Тие во својата долга истражувачка работа, дошле до одредени факти за хомосексуалноста (инверзијата), кои ние овде ќе ги искористиме. Нивниот авторитет и искуство ни беа основа за да ја разбереме суштината на оваа појава. Еве што вели Фројд: „Кај инвертираните се забележува различен однос во нивната проценка на нивниот полов нагон. Едни ја примаат инверзијата како нешто што се подразбира самото од себе, како нормална насоченост на своето либидо и енергично ја бранат својата рамноправност со нормалните. Други, пак, се спротивставуваат на фактот на својата инверзија и ја чувствуваат како болна натрапливост. Ваква спротивност на натрапливоста на инверзијата би можела да биде услов за можно лечење преку сугестија или психоанализа. Првата проценка на инверзијата се состоеше во сфаќањето дека, таа е вроден белег на нервна дегенерација и беше сообразна со фактот, дека, лекарите за првпат се нафрлија на неа кај нервно болните или кај лица кои оставаат таков впечаток. Кај многу инвертирани може да се забележи појава на рано сексуално искуство, како трајна последица од која се јавува хомосексуалната наклонетост. Кај други може да се посочат надворешни влијанија во животот, кои довеле до едно поранешно или подоцнежно фиксирање на инверзијата (исклучителни односи со ист пол, заемно живеење за време на војна, во затвор, опасности сврзани со хетеросексуални односи, безбрачност, полова слабост итн.). Инверзијата може да биде ликвидирана преку хипнотичка сугестија, што би било многу чудно ако таа имаше вроден карактер. Од оваа гледна точка, општо може да се оспори несомненоста на појавата на вродената инверзија. Хевелог Елис (британски сексолог) вели дека може да се заклучи дека, една поточна анамнеза на случаите, примени како вродена инверзија, исто така би востановила некое решавачко преживување за насоката на либидото во раното детство, кое едноставно не се зачувало во сознајното паметење на лицето, но споменот може да биде определен преку ова дејство. Според овие автори, инверзијата би можела да биде карактеризирана како честа варијација на половиот нагон, која пак може да биде условена од извесни надворешни животни настани“. Според Фројд, ниту хипотезата за вроденост, ниту за придобиеност ја објаснуваат суштината за хомосексуалноста. Според него, не треба нешто да се заклучи без претходно да се утврди она што во индивидуата е подложно на такви влијанија. Сепак, во дополнението на својата книга, „Теорија на сексуалноста“, Фројд ни открива еден многу важен податок, кој тој го нарекува откривање на психичкиот механизам на хомосексуализмот. „Макар досега да не го објасни наполно произлегувањето на инверзијата, психоанализата го разоткри психичкиот механизам на нејзиното појавување и суштествено ги збогати разгледаните ставови за прашањето. Во сите истражувани случаи, ние востановивме дека, подоцна инвертираните во првите години од своето детство поминуваат низ една фаза на многу интензивно, но кратковремено фиксирање врз жената (најмногу врз мајката), преку чиешто надминување се идентификуваат со жената и се избираат самите себе за сексуален објект, т.е. под влијание на нарцизмот бараат млади и слични на самите себе мажи, коишто тие сакаат да ги љубат така, како што ги љубела нивната мајка. Освен тоа, многу често востановувавме дека т.н. инвертирани не беа сосем нечувствителни кон убавината на жената, но секогаш возбудата предизвикана од жена ја пренесуваа врз машки објект. На тој начин, низ целиот свој живот тие покажуваа механизам, како резултат на кој беше настанала нивната инверзија. Нивниот стремеж кон маж се покажуваше условен од неспокојното бегство од жената“. Од горенаведените извадоци и цитати, јасно може да се заклучи дека науката сакајќи да биде непристрасна, всушност ни открива дека, хомосексуализмот за свој родител го има нарцизмот, односно егоизмот. Тој за волја на вистината е општочовечка појава. Сите ние луѓето, без разлика, во себе носиме дива природа. Па се поставува прашањето, дали треба пред расипаноста и подивеноста на нашата природа да ја наведнеме главата? Дали пред неа треба да се потчиниме? Зарем смислата на самиот човечки живот не се состои во надминување, возобновување и преобразување на природата која ја носиме? За ова 41


(падот и подивувањето на природата) се зборува во Светото Писмо, поточно во првите глави на книгата Битие. Веднаш по падот во грев на нашите прародители, тие виделе колку станала сурова природата. Човекот станал лесен плен на гревот, односно човекот лесно можел да застрани од вистинската смисла на своето постоење. Библијата ни покажува еден непобитен факт, а тоа е дека секој човек во себе носи потенцијал за правење на сите можни гревови. Кој од нас не е сластољубив? Кој не е славољубив? Кој не е горделив? Кој не е себичен? Кој не е крвник? - Но, да се предадеме на сето ова без борба и да го прикажуваме тоа како нормално, тогаш се соочуваме со сериозен проблем. Дивината, расипаноста на нашата природа не ја забележал само Фројд. Зарем слично нешто не наоѓаме кај Бодлер, во визиите насликани од Салвадор Дали, во бласфемијата и светоградието кај Уисманс? Зарем треба да се помириме со сето ова? Зарем не треба да се бориме против ваквата сурова реалност? Хомосексуалците и нивните промотори можеби ќе одговорат дека, како и да е, тоа сепак е нивни живот и тие одлучуваат како и на кој начин ќе го живеат. Впрочем, тие никому не му пречат, зарем не? Но сепак, сето ова во себе носи нови неодговорени прашања. Најпрво, природно и логично се поставува следното прашање: Дали секое современо и модерно демократско општество треба и мора а приори афирмативно да се однесува кон секоја појава, која навидум нема никакви импликации кон здравјето на личноста? Зарем државата не треба да се бори против секоја ненормалност? Што е тоа нормално? Кои појави му пречат на општеството и поединецот, а кои не? Што е со нифоманијата, разните видови сексуални зависници, анорексијата и булимијата, алкохолизмот, никотинизмот, наркоманијата? Зарем сите овие појави не се индивидуални во својата суштина и според законите никому диретно не му пречат? Зарем тие на еден експлицитен и инплицитен начин не го уништуваат поединецот, семејството како основна клетка на општеството, па и самата држава? Зарем државата треба да ја задоволи секоја страст? Зарем таа не е одговорна за општото здравје на својот народ? Каде ќе нè одведе сето ова? Кој е крајниот резултат на задоволување или прикажување небрежност и невнимание кон овие појави? За да одговориме на овие прашања ќе искористиме некои сведочења од луѓе кои директно, преку своето лично искуство се инволвирани во овие појави. Ќе искористиме сведочење од луѓе кои се подложни на овие страсти и се разбира мислење на лекари специјалисти и научници кои ги следат овие состојби во својата кариера. Прво, еве едно сведочење од поранешен педофил, осуден заради своето педофилско дејствување, кој сега по многу години, работи во центар за лечење, рехабилитација и ресоцијализација на педофили. Еве дел од неговите исповеди, искажани во телевизиска, документарна емисија за педофилијата на TV Reality. Се работи за Вејн Бајерс кој веќе 16 г. е „чист“ и помага на педофилите да не рецидивираат. В. Бајерс е подложен на хемиска инjекција која го намалува машкиот хормон, а воедно редовно посетува лекарска терапија кај д-р Берлин. Д-р Берлин тврди дека педофилијата во суштина е медицински проблем и таа е биолошки условена. Педофилијата не може да биде само судски проблем и не може да се реши единствено со затвор. Затворот не е решение за педофилите од единствена причина што таму нема деца. Според д-р Берлин педофилијата е психичка деформација. Тој во својата долгогодишна кариера има опфатено и лечено околу 600 случаи, каде има постигнато 90% успех во лечењето. Еве што вели Вејн Бајерс: „На педофилите објект на нивното сексуално внимание и задоволување се децата. На нив и да им дадете порнографски списанија нивната сексуална страст и нагон нема да се променат. Едноставно, нив децата сексуално ги возбудуваат. Јас сè уште сум педофил, сакам деца, барам и се борам да се излечам, но не можам против себе“. Од ова сведочење на В. Бајерс можеме да заклучиме дека тој слично како и хомосексуалците се повикува на природата, односно биологијата. Педофилијата за него е природно срасната со неговиот психофизички и ментален живот (личност). Сепак, за разлика од хомосексуалците и НВО центарот и Хелсиншкиот комитет за човекови права, В. Бајерс го увидува својот проблем и се бори против него, а не пристапува кон него афирмативно, ниту пак, ги бара своите права, иако она што нему му се случува е природно, 42


Со времени искушенија односно вродено. Ова не значи дека ние се обидуваме да ги афирмираме педофилите или да ги изедначиме со хомосексуалците, туку да ја потенцираме „природноста“ и „вроденоста“ на нивниот нагон и на нивната страст. Слична приказна на својата состојба имаат и некои сексуални масовни убијци, но сепак нивниот пример го сметаме за несоодветен за нашата тема, иако и тие се повикуваат и ја обвинуваат природата, односно вроденоста. Да продолжиме понатаму. Накусо ќе навлеземе во животот на Шон, адвокат по професија, оженет, татко на едно дете. Тој е трансексуалец, решен да го промени својот пол, се подложува на хормонска терапија, зема естроген за намалување на тестостеронот, кој една човечка индивидуа ја прави да биде маж. Неговата сопруга исто така адвокат, начелно го разбира, му излегува во пресрет, но сепак ќе се разведе од него и ќе го задржи нивниот осуммесечен син. Родителите на Шон, образовани и култивирани луѓе, си го сакаат синот назад. Таткото и мајката се вознемирени и се сметаат себеси за лоши родители. Психотерапевтите велат дека детето му е уште мало и со тек на време тоа ќе се привикне на промената. Шон е трансексуалец уште како дете. За него полот не е важен, туку многу поважна е суштината и внатрешната личност. Шон е решен да жртвува сè, родителите, сопругата, синот, за да ја задоволи својата страст. Тој посетува часови кај познат терапевт за говор и женско однесување (манири), плаќа 30 долари на час. Хормоните делуваат на неговото тело и тоа се менува како кај жена (девојка) во пубертет. Според Шон, светот е тој што нè определува да бидеме маж или жена. Позната е онаа операција во шеесеттите години во Чикаго, кога при една лекарска грешка, при зрачење на дете близнак, тотално му е уништен пенисот (членот) од неговото тело. Лекарот, кој тврди слично како Шон, дека средината е таа што го определува нашиот пол ì советува на мајката, машкото дете да биде подложено на пластична операција за промена на полот, за така да биде спасено од фрустрациите, стресот и комплексите кои го очекуваат во иднина, доколку тоа продолжи да биде „воспитувано“ како маж. На детето, со согласност на мајката, му се променува полот и тоа продолжува да расте и да се развива како девојче. Но, во пубертетот настануваат првите проблеми. Девојчето почнува да биде сè понесреќно и станува наклонето кон жени, без претходно тоа некој да му го сугерирал. Откако добива полнолетство и откако дознава што му се случило во раната младост, тоа прекинува со хормонската терапија и продолжува да живее како маж и се оженува. Покрај прекинувањето на хормонската терапија, тој ги прекинува и односите со родителите и роднините, лут поради биолошката неправда што му е направена. Потресни беа сликите од неговата болка и искомплексираност при искажувањето на неговата приказна. Очигледно беше дека се работи за душевно разбиен човек, кому новото семејство преку љубов му помага да се врати во нормалниот животен колосек. Овој пример е одлична илустрација, поука и побивање на тврдењето на Шон и неговите истомисленици, психотерапевти, сексолози и научници, дека средината и општеството ни го определуваат полот. Очигледно е дека машкиот, односно женскиот принцип и пол, се определуваат уште во мајчината утроба и ова останува така до крајот на животот. Во САД постојат околу 600 000 трансексу��лци, а според некои статистики во светот, еден човек на 30 000 е трансексуалец. Оваа бројка воопшто не е за занемарување. Според американскиот професор и доктор А. Смит, трансексуалците лекуваат некоја сексуална психоза, а трансексуализмот е ментална деформација. Доктор Смит го поставува логичното прашање: Ако на трансексуалците, со помош на операција им помагаме, дали на болните од анорексија и булимија треба да им го оперираме во мозокот центарот за примање храна? Дали со тоа ќе им помогнеме? Тој наоѓа сличност во покренувањето на мозокот за желбата за секс и наркоманијата. Дали треба да ги задоволуваме потребите на нинфоманите? Нивните исповеди сведочат за сериозни проблеми кои се јавуваат како резултат на нивната сексуална манија. Што да се прави со алкохоличарите? Дали треба да се оперираат центрите за емоции? Дејвид де Монико тврди дека 5 проценти од светската популација се сексуални манијаци. Кај жените, една на секоја петта жена купува сексуални списанија или чита љубовни романи, кои се еден вид супституција и сурогат за порнографските списанија. Д-р Дејвид де Монико, слично како и д-р Смит смета дека има тесна врска меѓу нагонот

43


за секс, наркоманија и алкохол. Тој во една своја интерна анкета открил дека нимфоманите и сексуалните манијаци во 99 проценти се сексуално напаѓани и во над 70 проценти се физички малтретирани во раното детство. Во светот еден на 100 случаи, секојдневно или во просек единаесет часа во седмицата посетува сексуални и порнографски сајтови. Посетата на овие сајтови се причина за распад на многу бракови. Голем број од американските бизнисмени имаат сериозен проблем со своите вработени, токму заради овие причини. Во далеку поразвиените држави и во далеку поразвиените демократски општества отколку Македонија и македонското демократско општество, на овој проблем во последно време сè посериозно му се пристапува. Еве еден експлицитен пример: Компаниите за алкохол, цигари и сопствениците на казина почнаа да создаваат болници каде ќе бидат подложени луѓето на третман за одвикнување од овие страсти. Главна и основна причина за оваа постапка е фактот дека сето ова создава зависници меѓу луѓето, тие неправилно се воспитуваат и развиваат, па така на еден особен начин тие го убиваат семејството. Неспособни и дегенерирани луѓе не се од корист на општеството, туку напротив, тие за брзо време стануваат товар и јарем кој непроценливо и постепено го инфицира здравото ткиво на самото општество. Пишувајќи го овој текст и поставувајќи ги сите овие прашања, за кои сметам дека се од клучно значење за разбирање на оваа појава, јас всушност, немам немера некого да го ставам на клада, да го осудам или да го жигосам. Единствената причина и намера на овој текст е да бидеме внимателни во расудувањето на она што денес се нарекува „прифаќање, примена и унифицирање на европските стандарди кај нас“ и „европеизација на Македонија“. Не смееме да бидеме толку инфантилни во својот своевиден и уникатен „папагализам“ кон сè што навидум ни доаѓа од Европа и т.н. Запад. Од погоренапишаните редови, видовме дека Европа и модерната цивилизација кон која се стремиме и на која сè повеќе сакаме да личиме, има сериозен проблем кој се обидува што е можно побезболно да го реши. Во Европа, јасно е дека хомосексуалците, трансексуалците и останатите појави не се експлицитно забранети. Таа има либерален систем на уредување, според кој невозможно е сето ова експлицитно да се забрани. Но таа за разлика од нас бара начин за да се справи со оваа реалност. Европа се стреми да ги воспита и научи своите поколенија да не се мразат помеѓу себе. Таа на секоја групација им ги гарантира правата и слободите. Европа се вежба во различноста, но исто така таа не е пасивна и не молчи кога е во прашање нејзиното здравје. Европа и т.н. Запад осознава дека во нејзиното тело постои „болест“ и на еден внимателен и дискретен начин се обидува да се излечи, односно поправи. Ние, Македонците, кои сето ова од страна го набљудуваме можеби не можеме во целост да го видиме. Рековме дека европскиот систем на општествено уредување е либерален, но народот во Европа во голема мера е конзервативен, во позитивна смисла. Македонија, пристапувајќи некритички и рефлексно кон сè што ни доаѓа од таму се доведува во опасност да се зарази од болестите кои постојат во Европа, но откако ќе го направи тоа, да не може да го најде лекот. Сведоци сме дека во последно време, Македонија, условно да кажеме, се „европеизира“ единствено во криминалот, наркоманијата, проституцијата, сивата економија, трговијата со луѓе, тероризмот и друго, а сега и во афирмирање на хомосексуалноста. Македонија, обидувајќи се да биде либерална колку и Европа има телевизиски емисии, кои почнуваат во 22,00 часот, каде главна и основна тема е сексот. И тоа не било кој секс, сексот таму не се набљудува научно, туку оној дивиот порнографскиот. Неодамна водителката М.С. во една своја емисија на Сител, бранејќи го слободниот секс, заговараше дека сексуалното општење е нормална појава дури и за четиринаесет, петнаесет годишни девојчиња. Во Македонија нема медиум каде нема хороскоп, секој од нив си има свој дежурен бајач. Такво нешто во Европа нема да видиме. Се прашувам, зошто не се обидеме да се европеизираме (стандардизираме) и во ова, во цензурата која постои на сите полиња во Европа. Неодамна американската држава Џорџија воведе забрана за вагинален пирсинг кај жените. Цензурата (забраната) не е ограничување на слободата или назадување на демократијата, таа е грижа да не се воспита погрешно својот народ. Не може порнографските телевизиски канали 44


Со времени искушенија слободно да влегуваат во нашиот дом, а претходно за ова да не бидат прашани. Новиот спот на Бритни Спирс, кој беше забранет за прикажување пред 24 часот, поради недолично однесување и разголување е типичен пример за тоа како функционира Европа. Во неа постои „совршен“ ред, поредок, дисциплина и организација. На ова треба да се учиме, ова треба да го стандаризираме кај нас. Да заклучиме. Не можеме да тврдиме дека со менување на полот, некому всушност ќе му помогнеме. Не можеме да тврдиме дека со задоволување на неговата страст ние ќе го решиме неговиот проблем и ќе го направиме среќен. Да бидеме внимателни, насилството врз природата секогаш ни се враќа како бумеранг. Насилството врз нејзиниот ред и хармонија се докажува низ искуството како разурно и погубно. Цепкајќи и разбивајќи ја структурата и јадрото на атомот се развива страшна, силна и убиствена атомска енергија. Насилството врз најситниот дел од природата се покажува како крајно деструктивен чин. Насилството врз природата прави таа во голема мера, ако не и целосно, да подивее. Ако ова му се случува на еден атом, кој не е видлив со голото око, колку ли повеќе ќе се случи врз конкретниот и видливиот човек. Рековме, човечката природа и сета природа треба да се спаси и преобрази воспитувајќи ја во доброто, вистината, слободата, правдата и убавината. Апостол Павле ќе рече: „Сè ми е дозволено но не е сè полезно, сè ми е дозволено но не сакам ништо да завладее со мене“. Во овие неколку зборови сметам дека се крие вистинската смисла и суштина на слободата. Овие зборови на ап. Павле нека ни бидат патоказ и мерило кога ì пристапуваме и перцепираме Европа и сè она што доаѓа од неа. Да не се случи да бидеме немудри и да тргнеме по светот за да бараме иљач (лек), а всушност ние одамна да седиме врз него.

За гревот Ако човекот секогаш би ги исполнувал барањата на моралниот закон и би живеел во согласност со Божјата света волја, тогаш во светот би имало само добро и човекот би бил украсен само со добродетели. Но, првиот човек ја нарушил таа света Божја волја. Гревот се состои во свесно и слободно избегнување или нарушување на Божјата света волја. Етимолошки, поимот грев, на грчки амартија, значи промашување на целта, односно промашување на заедницата со Бога, што е цел на нашиот живот. Гревот е измена на човечката духовна природа, којашто, како создадена по Божји образ, се стреми кон утврдување и усовршување преку богоуподобување (обожение). Поради тоа гревот е зло и води кон расипаност, кон разрушување и како таков предизвикува духовна и физичка смрт. Првиот грев, преку кој злото влезе во светот и ја создаде гревовната склоност, се состои во отфрлање на љубовта кон Бога, во непослушност кон Бога и во неверување во Божјата себлага волја и во горделиво самољубие - од создадени и зависни од Бога

45


46

творенија, првите луѓе посакале да станат како богови, како што уште пред создавањето на светот посакал да стане и ѓаволот, сакајќи притоа да се издигне како таков над Бога (што во никој случај не е можно, па дури и апсурдно - созданието да го надмине Создателот), а истовремено ѓаволот го прелагал и човекот да го посака истото. Но св. Иринеј Лионски многу добро истакнува, дека првите луѓе избегале од Бога, кога го чуле неговиот глас и се сокриле помеѓу дрвјата во рајот, зашто чувството на Божјата блискост ја овенчало нивната душевна мака. Затоа св. ап. Павле бара од христијаните да живеат веќе не за себеси, а за Бога (2. Кор. 5, 15). Св. ап. Јова�� Богослов нè советува: „Не сакајте го светот, и сè што е во него. Ако некој го сака светот, во него нема љубов од Отецот“ (1. Јов. 2, 15). Пристрасната љубов кон светот е непријателство кон Бога: „кој сака да му е пријател на светот, му станува непријател на Бога“ (Јак. 4, 4). Гревот создава гревовна склоност, поради која човекот лесно греши. Таква гревовна склоност има секој човек, на прво место поради наследниот грев (или поточно последиците од него), т.е. поради гревот на нашите прародители Адам и Ева (Рим. 5, 12), а потоа и заради нашите гревови. Гревовните страсти преку честото извршување на гревови создаваат гревовна навика (привикнатост кон гревот), при којашто човекот сосема лесно се предава на гревот и станува склон кон него. Гревовната страст, соединета со гревовна навика, создава порок. Преку порокот, човекот постојано извршува зло и станува зол; тој се доближува до демонските суштества и постанува демоноподобен. Затоа не попусто се вели за порочниот човек, дека демон влегол во него и го покорил на сатаната. Св. ап. Павле зборува за некои, коишто се повеле под дејство на сатаната (1. Тим. 5, 15). А за Јуда Искариот се вели дека сатаната влегол во него (Лука 22, 3; Јован 13, 27). Гревот има судбоносни последици за човекот. Преку него тој се отуѓува од Бога - својот Небесен Отец - неговиот Создател. Преку гревот човекот ја изменува својата богоподобна природа и својата морална предназначеност - да стане бог по благодат. Би можеле да кажеме, дека гревот е нашиот најголем, непомирлив и смртен непријател. Но, најстрашната последица на гревот е вечната погибел, во којашто човекот потпаѓа преку него. Оној којшто не Го сака Бога и својот брат, пребива во смрт; оној којшто Го мрази Бога и својот брат, нема живот вечен, што ќе пребива во него (1. Јован. 3, 14-15), затоа што не можеме да Го сакаме Бога, Когошто никогаш не сме го виделе, ако не го сакаме нашиот ближен, когошто го гледаме постојано. Според содржина гревовите се делат на три групи врз основа на зборовите на св. Јован Богослов: „сè што е во светот - похотта на телото, желбата на очите и гордоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет“ (1 Јован. 2, 16). Кон похотта на телото или телоугодувањето се однесуваат гревовите: чревоугодие (угодување на стомакот) и блуд. Кон похотта (желбата) на очите припаѓаат гревовите: среброљубие, тага и униние. Во животната гордост се вбројуваат гревовите: гордост, суета и гнев. На тој начин се образуваат осумте главни гревови, од кои произлегуваат сите други гревови. Според степенот на виновноста гревовите се делат според тоа, колку човекот свесно, слободно и дејствително греши. Врз основа на тој принцип се разликуваат: гревови, извршени од невнимание или мрзливост; гревови, извршени со мисла, збор и дело; волни и неволни гревови; гревови, извршени по слабост и тешки гревови; смртни и несмртни гревови. За гревовите, извршувани од невнимание или мрзливост човекот е виновен и одговорен, затоа што Светото Писмо постојано нè потсетува да бидеме будни и многу внимателно да постапуваме (Мат. 24, 48-51; Марко 13, 34-37; Лука 12, 35-36). Гревовните помисли се првиот чекор и подготовка кон гревот, но самите по себе не се грев, доколку доаѓаат без наша волја и доколку не се согласуваме со нив. Но ако прифатиме разговор со нив, ако почнеме да размислуваме за предлозите кои ни се нудат во помислите и ако се согласиме со нив, тогаш помислите стануваат грев. Кога би немало гревовни помисли, не би имало ни гревовни дела, затоа што од срцето произлегуваат: убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведочења, хули итн. (Мат. 15, 19).


Волните гревови се извршуваат при целосно сознание и при активно учество на човекот. Поради тоа, тие се тешки гревови. Неволните гревови се извршуваат од незнаење, од невнимание, без зла помисла итн. Гревовите извршени поради човечка слабост произлегуваат од немоќта на човекот да одговори на нападите на ѓаволот. Старозаветниот проповедник вели: „Нема праведник на земјата, кој прави добро и никако да не греши“ (Проп. 7, 20). Единствениот безгрешен на земјата е нашиот Господ Исус Христос, чијашто природа не подлежи на грев. Грев по човечка слабост извршил св. ап. Петар со неговото трикратно одрекување од Христа, за коешто потоа се каел во текот на целиот свој живот. Гревовите по човечката слабост обично се мали и лесни. Под смртни гревови се подразбираат такви тешки гревови, во коишто човек толку многу се утврдил и ожесточил во злото, што повеќе тој човек не верува во Бога - станал роб на сатаната. Таквиот човек се определил за духовна смрт. Крајниот предел на моралниот пад е смртниот грев наречен хула против Светиот Дух. „Секој грев и хула ќе им се прости на луѓето, но хулата против Светиот Дух нема да им се прости на луѓето“ (Мат. 12, 31). За тој грев нема прошка, не затоа што тој ја надминува неограничената Божја милосрдност, љубов и благодат, туку хулата против Светиот Дух не може да биде простена, затоа што оној кој се предал на тој грев не сака да се покае и да побара прошка; и заради ожесточеноста на неговото срце не сака да биде љубен и да љуби, а љубовта е главната карактеристика на сите христијани. Св. Јован Златоуст дури вели дека имало случаи кога, дури „и таа вина (хулата против Светиот Дух) му била простена на оној, којшто се каел. Рамнодушноста е таква состојба, кога човекот не пројавува интерес кон морални квалитети и не се стреми да го осмисли и задлабочи својот морален живот. Тој живее безгрижно и не се труди за своето морално поправање и усовршување. Лицемерието е таква порочна состојба, при којашто човекот ги исполнува надворешно барањата на моралниот закон (како што биле на пр. фарисеите, коишто поради своето лицемерие постојано биле изобличувани од Христос), а притоа е сосема далеку од неговиот дух. Од лицемерие многу лесно се преминува во себеизмама (прелест). Притоа човек може да има некои добри морални квалитети, но истовремено има и многу морални недостатоци. Освен тоа, тој никако не ги осознава тие недостатоци, а ги преценува своите морални совршенства. Светото Евангелие ни го посочува како тип на човек, којшто е обземен од моралното себемамење, богатиот младич, којшто тврдел дека ги исполнил сите Божји заповеди уште од младоста (Мат. 19, 16- 24). Ропството е таква состојба, при којашто човекот целосно е поробен од гревот и завладеан од злото (Јован 8, 34; Рим. 6, 16- 23). Понекогаш човекот прави обиди да ги разбие оковите на гревот; ако тие обиди не успеат, тој ја губи целосно својата слобода, бидејќи станува роб на ѓаволот, и сè подлабоко тоне во бездната на падот. Очајанието се појавува како последица на ропството. Притоа човекот има сознание за длабочината на својот морален пад. Но истовремено се чувствува целосно завладеан од порокот и немоќен за да се подигне, поправи и спаси. Како последица на тоа, тој ја губи секоја надеж и паѓа во очајание (таков е примерот со Јуда). Последната порочна состојба се состои во ожесточувањето, кое е најопасно и непоправливо. Тоа го доближува човекот до демоните (станува демоноподобен) и го води кон вечна погибел. При ожесточување човекот го сознава доброто и има сили да го врши, но до толкава мера се развратил, што веќе се одвратува од него и наоѓа демонска наслада во извршувањето на злото. Колку и да е заслепен човек од лажливиот блесок на гревот и да е вплетен во неговата мрежа, тој преживува мигови на просветлување, во коишто осознава, дека преку гревот тој постапил лошо и недостојно. Тогаш се појавува чувство или свест за вина. Гревот нè прави виновни пред Бога и пред Божјиот суд во нас - пред совеста како глас Божји. Св. Григориј Богослов вели дека во човекот, во неговата душа, Бог устроил внатрешен суд, во којшто човекот како да го слуша судот на Бога над своите помисли и постапки. Чувството 47


или сознанието за вина е силно душевно преживување, при што човекот чувствува или осознава, дека го нарушил својот морален долг и се појавил пред Врховниот Законодавец и Судија - Бог. Тоа е постојан суд Божји над грешникот, којшто се извршува од неговата совест и сведочи за последниот и Страшен Божји суд. Особено силно ја чувствувал својата вина и страдал од нејзината тежина псалмопејачот Давид. Неговата вина била секогаш пред неговите очи (Псал. 50, 5). „Во коските мои нема мир од гревовите мои“ - вели тој – „зашто беззаконијата мои ја надвишија главата моја, како тешко бреме ме притиснаа. Смрдат и гнијат раните мои поради безумието мое. Настрадав и се стопив сосема, цел ден натажен одам“ (Псал. 37, 3- 6). Гревот треба да биде искупен, вината треба да биде оттргната. Затоа Единородниот Божји Син се воплоти и преку Своите крстни страдања принесе искупување за гревовите на човештвото и го ослободи човештвото од неговата вина. Во него учествува не само Бог, но и човекот, бидејќи Христос е новиот, втор Адам и според тоа, Глава на целото човештво. Но тоа не е доволно за ослободувањето од нашата вина. Неопходно е да се покаеме за нашите гревови и преку верата и љубовта да заживееме во Христа и да страдаме и да воскреснеме заедно со Него. Но, и покрај огромната власт на гревот врз нас, ние можеме да се бориме против него и да го победиме. Да се потсетиме, дека грево�� не може да нè завладее и да ни причини никаква штета, ако ние самите не го допуштиме во нас. Високото морално призвание на човекот се состои имено во тоа: постојано да биде на будна морална стража, никогаш да не отстапува пред гревот и секогаш да се бори со злото. Таа борба е тешка, таа бара усилија и жртви, но затоа е благородна, достојна и плодоносна. Борбата против гревот не е надвор од нашите способности и можности. Гревот не ì припаѓа суштински на нашата природа, затоа што ние сме богоподобни, а не демонски суштества. Гревот по суштина е туѓ и противен на нашата богоподобна природа. Ние не сме грешни и зли по природа. Самиот Бог преку устата на пророк Давид вели за луѓето: „Јас реков: вие сте богови, вие сте сите синови на Севишниот“ (Псал. 81, 6). Штом човекот ќе згреши и ќе стане свесен за својот грев, тој не треба да останува во таа состојба, затоа што гревот може да се утврди и да се претвори во страст и навика. Грешникот треба да се задлабочи во себе и да се покае за сторениот грев. Тој треба, со Божја помош, да започне борба против гревовите, со пост и молитва, да се покае пред Бога и да ги исповеда, да ги искорени од себе, и како врв на сè да се причести со светото Тело и Крв Христови. Колку и да е цврст човекот во борбата против гревот, и колку успеси и да жнее во полето на добродетелите, тој со својата немоќност и морални сили не може да го искорени од себе гревот засекогаш, и не може да постигне морално совршенство и вечно спасение. За тие возвишени цели човекот треба да го отвори своето срце за Божјата благодат, којашто нè учи и ни дава сили „да ги отфрлиме нечесноста и похотите од овој свет, чесно, праведно и побожно да поживееме во овој век“ (Тит. 2, 12).

Дарко Милев, апсолвент на Теологија

48


Манастир “св. вмч. Димитриј”

Манастирот „Св. вмч. Димитриј“ се наоѓа во самиот агол на реките Тополка и Вардар. Над манастирот сè уште стојат урнатините од стариот пеонски град Вила Зора. Манастирот е изграден за верските потреби на населението од Стар Велес, кој можеби тогаш служел како градска црква. Во секој случај постанокот на манастирот датира од постаро време, за кое ни сведочат извесни историски податоци, запишани од повеќе патеписци, историчари, археолози и раскажувања на постари луѓе. Но, како и да е, предност за постанокот на манастирот му се дава на средновековието. Судејќи по архитектурата на манастирот изгледа дека тој потекнува од времето кога Македонија се наоѓала под српска власт во XIV век. Се претпоставува дека во овој период манастирот бил само обновен и зголемен, а не и одново изграден. Но манастирската црква главно останала во ист стил како што бил првобитниот храм, што се гледа од еднокорабната базилика, вообличена во крст. Денешната манастирска црква спаѓа меѓу храмовите со еднокорабни постави. Од жестоките гранатирања на турската артилерија во 1385 г., на утврдениот град Велес, манастирот „Св. вмч. Димитриј“ бил затрупан и целосно заборавен неколку векови. Откривањето и откопувањето на манастирот било во 1855 г. и се случило на следниов начин. На околу стотина метри од манастирот на десниот брег од р. Вардар постоела воденица во којашто работел дедо Петре Здравев. Тој преку ноќта кога спиел имал видение: му се јавувал св. вмч. Димитриј, кој му велел да отиде кај градските првенци и да им каже оти на сон светителот му се јавил и барал да се откопа затрупаниот манастир. Така во 1855 г. бил раскопан полуразрушениот храм а потоа доѕидан и реконструиран, а со покривот го добива својот денешен изглед. Основата на манастирот „Св. вмч. Димитриј“ почива на четвороаголна основа со триаголна апсида. Црквата е од средна големина. Ѕидовите се дебели околу 0,75 метри. Внатрешноста е поделена на три нееднакви големини - делови. На западната страна, над главниот влез се издигнува, т.е. се наоѓа камбанарија којашто е изградена на основа на квадрат и висока е околу 11 метри. Храмот има три влеза, од кои двата се на северната страна, а третиот е на западната страна. Над северните врати се наоѓа фреска на св. вмч. Димитриј насликана врз постара фреска на Св. Богородица. Над олтарот е триаголна асиметрична апсида со еден мал прозор на средина. Манастирската црква е многу темна. Има два мали прозори на северниот ѕид. Оваа градба главно е ѕидана со бигор и цигли, коишто наизменично се редени, а помеѓу нив има дебел слој на малтер. Јужниот ѕид е ѕидан од груб камен. Внатрешноста на црквата е поделена на многу правоаголни полиња кои што се исполнети со фрески. Овој живопис претставува чекор назад во црковната ликовна уметност, затоа што боите се едноставни, груби, со големи контрасти. Речиси на секоја фреска на нејзиното дно е напишан нејзиниот дарител. Во најгорниот дел на живописот е животот на 49


Господ Исус Христос, кој почнува со Благовештението, а завршува со Воскресението. Во другите редови се наоѓаат фрески со ликовите на: светители, пророци, апостоли и маченици. Олтарот е преграден со дрвен иконостас, има две врати и тоа северната странична и царските двери. Последнава е изработена во 1872 г. и има убав дрворез. На дрвените икони кои се распоредени на иконостасот е прилепен дебел картон на кој со мрсни бои се изработени икони. Покрај фреската на св. Гаврил Лесновски се и ликовите на преподобниот Арсениј и св. Стефан. Во дворот на манастирот има повеќе објекти со различна намена. Манастирот поседува конак. Во дворот на манастирот има чешма со питка вода која извира некаде од ридот Голик. Улогата на манастирот од самата негова појава, во животот на Велес била голема, без оглед дали со него раководеле монаси или пак, мирско настојателство. Во однос на економската положба на градот, манастирот „Св. вмч. Димитриј“ секогаш со своите финансиски можности му помагал на населението. Во XIX век само за издржување на градските училишта манастирот годишно донирал по 30.000 гроша, а пак на султанот му плаќал по 50 лири. Поседувал плодна земја која се обработувала. Се сееле житни култури, афион, памук. Имал лозови насади и овоштарник. Манастирот имал и свои воденици на реките Вардар, Тополка и Бабуна. Исто така манастирот поседувал и голем богат сточен фонд (овци и кози). Во XIX век во дворот на манастирот се организирал традиционален панаѓур. Денес славата на манастирот „Св. вмч. Димитриј“ е на денот на светителот на кој е посветен, а манастирот најмногу е посетен на Источен петок (Балаклија), првиот петок по Велигден, затоа што првично манастирот бил посветен на Животворниот Извор (Источник) на Пресвета Богородица. На порталната фреска, над влезот од храмот, се оставени двете фрески како две половини, една врз друга, (од св. Димитриј и од пресв. Богородица) за да се гледа дека овој манастир првично бил посветен на Пресвета Богородица, па дури подоцна е посветен на свети Димитриј. И денес на овој ден, верниците од Велес и Велешко во огромен број го посетуваат манастирот. Источен Петок - Балаклија Се слави во првиот петок по Велигден Во Цариград во V век, во близина на таканаречената „Златна Порта“ постоело место полно со кипариси и чинари, уште одамна посветено на Пресвета Богородица. Во шумичката постоел извор, исто така одамна познат како источник на чуда. Со текот на времето местото обраснало со грмушки, а водата исчезнала во калта. Само влажноста на земјиштето навестувала дека постои извор. Еднаш војникот Лав Маркел минувајќи низ тоа место наишол на беспомошен патник, слеп човек кој го загубил патот и не можел да се снајде. Лав му помогнал да се врати на патеката, и го одвел човекот, ослабен заради истоштеноста, под сенка да се одмори, а тој, пак, тргнал во потрага по вода за слепиот. Одеднаш слушнал глас кој му велел: „Лав, не барај вода некаде далеку. Таа е тука, блиску“. Лав, вчудовиден од таинствениот глас, почнал да бара наоколу, но вода не можел да најде. Додека стоел така, натажен и замислен, истиот глас повторно му се обратил: „Цару Лав! Појди во сенката на шумичката, нацрпи од водата што ќе ја најдеш таму и подај му од неа на жедниот. Стави му врз очите од калта во изворот. Тогаш ќе узнаеш Која сум Јас, Која е Таа што толку долго време го благословува ова место. Набргу ќе ти помогнам да подигнеш тука црква со Моето име и на сите што ќе притекнат овде и со вера ќе Ме повикаат ќе им бидат услишани молитвите и потполно ќе се исцелат од нивните болести“. Лав поитал кон назначеното место, зел кал од изворот и ја ставил врз очите на слепиот, давајќи му и вода да се напие, и на овој веднаш му се вратил видот. Без водач тој пристигнал во Цариград, славејќи ја благодатта на Пресветата. Овој настан се случи за време на царот Маркијан (391-457). 50


Царот Маркијан го наследил Лав Маркел (457-473). Тој го запамтил јавувањето на Пресветата и наредил изворот да се исчисти од тињата; изградиле насип за да се оддели овој од другите извори во близината, а водата ја затвориле во голем тркалезен камен базен, над кој изградиле црква посветена на Пресвета Богородица. Царот Лав го нарекол изворот „Животодавен Извор“, зашто таму била објавена чудотворната благодат на Пресветата. Стотина години по Маркијан, владеел царот Јустинијан Велики (527-565), човек длабоко посветен на православната вера. Многу врем�� тој страдал од водена болест, не наоѓајќи помош кај лекарите и сметајќи се себеси веќе за осуден на смрт. Еднаш на полноќ тој слушнал глас: „Ти, цару, нема да оздравиш сè додека не се напиеш од Мојот извор“. Царот не знаел за кој извор му зборувал гласот, та паднал во очајание. Тогаш, дента, Богородица му се јавила велејќи му: „Стани, цару, појди до Мојот извор и напиј се од него, па ќе бидеш здрав како порано“. Болниот ја послушал Пресветата Владичица. Го нашол изворот, се напил од неговата вода и наскоро му се повратило здравјето. Во близина на црквата изградена од Лав, благодарниот цар подигнал нова велелепна црква, каде што подоцна бил основан голем манастир. Во петнаесеттиот век царскиот град паднал во рацете на муслиманите. Прочуената црква на Животодавниот Извор била уништена, а градежниот материјал бил употребен за изградба на џамија на султанот Бајазит. Местото каде што порано стоела црквата било покриено со земја и кршен камен, така што и од самите нејзини темели немало трага. Прекрасната околина била претворена во муслимански гробишта. Турската стража, поставена при урнатините на црквата, им забранувала на христијаните не само да се собираат на тоа место, туку дури и да пријдат таму. Со текот на времето забраната станала не толку строга и на христијаните им било дозволено да направат малечка црква на тоа место. Но, во 1821 г., и таа била урната, а самиот извор бил затрупан. И повторно христијаните ги расчистиле урнатините, го откопале изворот и повторно црпеле вода од него. Дури и при овие остатоци од некогашното величествено свето здание, Пресветата, како и порано, со Својата благодат им помагала на оние што притекнувале при Неа. Подоцна, меѓу скршените парчиња кај еден од прозорците била пронајдена, веќе полураспадната од времето и влагата, плоча на која биле запишани 10 чуда што се случиле при Животодавниот Извор меѓу 1824 и 1829 година. За време на владеењето на султанот Махмуд, православните добиле малку слобода за извршување на богослужбите. Тие го искористиле ова да подигнат, по трет пат, црква над Животодавниот Извор. Во 1835 г., со големо велелепие, Вселенскиот патријарх Константин, во сослужение со 20 епископи и во присуство на мноштво верници, ја осветил црквата којашто и до ден денес стои. Во близина била изградена болница и прифатилиште за сиромашни. Дури и муслиманите зборуваат со голема почит за Животодавниот Извор, како и за Богородица, Која преку него ја излева Својата благодатна моќ. „Голема меѓу жените Света Марија“, вака тие зборуваат за Пресветата Дева. Водата од Животодавниот Извор ја нарекуваат „вода на Светата Марија“. Невозможно е да се наведат сите чуда источени од Животодавниот Извор преку кој беше излеана благодат врз цареви, патријарси, врз големци како и врз обични луѓе. Силата на благодатта до денешен ден дејствува преку изворската вода. Таа сила лично ја имаат доживеано не само православни христијани, туку и католици, Ерменци, па дури и Турци. подготвил: дипл. теолог Снежана Колевска 51


Naslovi od izdava{tvoto na Misionersko - humanitarnata dejnost \akonija



Православна Светлина (06)