2 minute read

Волонтирај

Volontiraj

Advertisement

Сакам да ви ја раскажам мојата приказна за тоа како станав младински работник и волонтер. После повеќе од 20 години работа во канцеларија, решив да ја напуштам работата и да сменам нешто во мојот живот. Секогаш ме привлекувало да помагам на луѓе кои се нашле во неповолна ситуација и на кои им е потребна помош. За организацијата Волонтерски Центар Скопје знаев од порано, па решив да им се обратам. Се понудив за волонтер. Поради моите години (45) не беше возможно да бидам ЕВС волонтер во странство, но ми понудија да ме обучат за младински работник и да волонтирам на локално ниво. Почнав да учествувам на семинари, тренинзи, младински размени и обуки во странство и во Македонија. Првиот меѓународен тренинг курс беше во Благоевград, Бугарија каде што темата беше развивање на знаења, вештини и компетенции на младинските работници во разрешувањето на конфликтите и градење на мирољубиви решенија. Тоа прво искуство ми остави голем впечаток, бидејќи имав можност да се дружам и работам со млади луѓе и младински работници од неколку европски земји и ја зацврсти мојата определба да се обучувам и работам во

ова поле. Следуваа обуки во Романија, Данска, Полска, Црна Гора, Бугарија... каде што научив многу нови работи, стекнав големо искуство, запознав луѓе од цела Европа, воспоставив контакти со многу организации, ги зајакнав моите компетенции и вештини кои сега ги користам во мојата тековна работа на проекти и активности. На интеркултурните настани се запознав со традиционалните обичаи и специфичности од разни земји и во исто време имав прилика да ја претставам Македонија, сите интересни факти и податоци, како и храна и пијалоци, од кои најбаран и најкарактеристичен беше, секако, нашиот македонски ајвар. За сето време додека се одвиваа меѓународните проекти, Волонтерски Центар Скопје ми пружаше логистичка поддршка поврзана со организирање на патувањата, комуникација со организацијата домаќин и техничките детали, но и морална и пријателска поддршка која ми беше од голема помош. Некои од тековните проекти се одвиваат онлајн поради пандемијата со КОВИД 19 и можноста да се отпатува на некоја нова дестинација, привремено е одложена до стабилизирање на состојбата.

На локално ниво, ВЦС ме вклучи во неколку проекти, а имав и прилика да волонтирам на еден настан каде што заедно со двајца ЕВС волонтери ги придружувавме дечињата од Дневниот центар во Шутка на доделување на новогодишни пакетчиња од страна на градоначалникот на град Скопје.

Волонтерски Центар Скопје функционира како едно големо семејство во кое јас бев прифатен уште на самиот почеток. Сите вработени и волонтери секојдневно се тука за мене и несебично се трудат да ми помогнат секаде каде што има потреба и да ми ги пренесат своите знаења и искуства. Освен службено, често и приватно се дружиме и забавуваме и имаме заеднички патувања, а од неодамна сум назначен и за ментор на млад волонтер од Франција, кому му помагам да се снајде во секојдневниот живот во Македонија.

Ова е мојата приказна, но може да биде и твоја доколку чувствуваш желба или потреба да бидеш волонтер и да станеш член од нашето семејство.

Јосип Гегај