Зборник: Слемираме низ скопските маала

Page 1

СЛЕМИРАМЕ НИЗ СКОПСКИТЕ МААЛА ЗБОРНИК СЛЕМ-ПЕСНИ

КРЕАТИВНО-ЕДУКАТИВНA РАБОТИЛНИЦА ЗА ПИШУВАЊЕ СЛЕМ-ПОЕЗИЈА, СЛЕМ-ИЗВЕДБА И САМОСНИМАЊЕ СЛЕМ-ВИДЕО


Приредила: Елена Пренџова СЛЕМИРАМЕ НИЗ СКОПСКИТЕ МААЛА ЗБОРНИК СЛЕМ-ПЕСНИ. КРЕАТИВНО-ЕДУКАТИВНA РАБОТИЛНИЦА ЗА ПИШУВАЊЕ СЛЕМПОЕЗИЈА, СЛЕМ-ИЗВЕДБА И САМОСНИМАЊЕ СЛЕМ-ВИДЕО


РАБОТИЛНИЦАТА „СЛЕМИРАМЕ НИЗ СКОПСКИТЕ МААЛА“ СЕ РЕАЛИЗИРАШЕ СО ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА ГРАД СКОПЈЕ КАКО ДЕЛ ОД ПРОГРАМАТА И ПРОЕКТИТЕ ОД ОБЛАСТА НА КУЛТУРАТА ОД ИНТЕРЕС НА ГРАД СКОПЈЕ ЗА 2021 ГОДИНА

* Авторските права за идејата за креативнита работилница на проектот „Слемираме низ скопските маала“ се интелектуална сопственост на Елена Пренџова. Не е дозволено делумно ни целосно преземање, копирање и користење на идејата и програмските активности без нивна претходна согласност и дозвола.


Автор(к)и: АНГЕЛА ЗИМБАКОВА БОЈАНА ПАШОВСКА ДАМЈАН ЕССЕ ДАФИНА „ДАФФНЕ“ ВЕСЕЛИНОСКА КРИСТИНА КОПЕВСКА ТАЊА КУЗМАНОСКА


Дизајн на креатива: АЛЕКСАНДРА НОВЕСКА


ЗА ПРОЕКТОТ Проектот „Слемираме низ скопските маала“ претставува креативно-едукативнa работилница за пишување слем-поезија, слем-изведба и самоснимање слемвидео. Во фокус на работилницата е слем-поезијата, одликите на слемпоезијата, пишувањето слем-поезија, културата на однесувањето на сцена, односот со микрофонот и пред камера, техниките на слем-изведба, динамиката на гласот и правилниот говор и изговор, односот со публиката, техниките за учење текстови напамет и снимањето слем-видеа со мобилен телефон. Целата на работилницата е учеснич(к)ите да се запознаат со слемот како изведбена уметност; да научат да пишуваат слем-текстови, успешно да изведуваат слем-настапи пред камера и да научат да самостојно да снимаат слем-видеа. Менторка на работилницата е слемерката и едукаторка Елена Пренџова. Слем-текстовите напишани за време на работилницата за креативно пишување и слем-видеата снимени за време на видео-работилницата се прикачени на официјалната слем ФБ страница: Poetry SLAM Macedonia – https://www.facebook.com/slammacedonia, и на веб-страница специјално креирана за потребите на проектот https://prendzovaproekti.wixsite.com/slemvoskopje.


ЕЛЕНА ПРЕНЏОВА – МЕНТОРКА

Елена Пренџова е магистерка по филолошки науки и дипломирана професорка по англиски јазик и книжевност. Авторка е на 7 авотрски збирки поезија и на прирачник за поезија. Уредничка е на 4 антологии, вклучително и Антологијата на македонската слем поезија од 2021 год. Од 2015 год. ги уредува зборниците на слем-поезија во кои се поместени учесниците и учесничките на Националниот слем-натпревар што традиционално се одржува во октомври во Прилеп. Ја претставуваше Македонија на Европското слем-првенство во 2016 година и настапуваше на Европското слем-првенство во 2018 година како учесничка на работилницата за слем-поезија интерпретирана во ансамбл под менторство на таткото на слем-поезијата Марк Кели Смит од САД. Во 2019 година беше стипендистка на програмата за перформативни уметности iPortunus и „Креативна Европа“ остварувајќи резиденцијален престој во Естонија и Словенија каде менторираше слем-работилници и настапуваше на слем-настани. Во 2020 година беше членка на жири-комисијата на Европското слем-првенство.


Добитничка е на повеќе национални награди за поезија: 2018 „Јован Котески“ за најдобра поетска книга Шшш! Интимистичка Вајбер поезија 2015 „Даница Ручигај“ за најдобра поетска книга Политички коректна поезија од авторка, членка на Друштвото на писателите на Македонија 2014 „Караманов 2014“ за најдобар поетски ракопис Љубољубна 2012 „Македонска книжевна авангарда“ за ново авангардно книжевно творештво за необјавен поетски ракопис Живот под ѕвездите 2011 „Бели мугри“ за најдобар поетски ракопис Пораки од морето на млад/а автор/ка Пренџова е првата во нашата земја која почна да менторира работилници за креативно пишување, реализирајќи ги своите работилници и надвор од земјата:  ноември 2021: Коменторка на креативно-едукативната работилница за слем-поезија, слем-изведба и снимање слем-видео „Слем за животот во Скопје“ – со финансиска поддршка на Град Скопје и во организација на Домот на културата „Кочо Рацин“ – Скопје  ноември 2020: Коменторка на креативно-едукативната работилница за картографијата и креативното пишување „Да ги доближиме природните и техничките науки до младите: Забавна картографија“ за основки и основци – со финансиска поддршка на Град Скопје и во организација на Домот на културата „Кочо Рацин“ – Скопје  октомври-ноември 2020: Коменторка на креативно-едукативната работилница за цртеж и креативно пишување „Скопска архитектура што инспирира поезија“ наменети за млади од повисоките класови од средните училишта – со финансиска поддршка на Град Скопје  октомври-ноември 2019: Менторка на серијата креативни работилници за креативно пишување наменети за основци/основки и средношколци/средношколки што се одржуваа во 6 градови низ Македонија со завршна приредба во Скопје – „Карван на креативни работилници за креативно пишување“ – со финансиска поддршка на Министерството за култура во рамките на манифестацијата „Нов културен бран 2019“  март 2019: Коменторка на работилницата за креативно пишување „Мали приказни од Скопје“ во соработка со „Просветно дело“, Скопје – со финансиска поддршка на Град Скопје и во организација на Домот на културата „Кочо Рацин“ – Скопје


 март 2019: Коменторка на работилница за креативно пишување во

  

градската библиотека „Бора Станковиќ“ во Врање, Србија во склоп на манифестацијата „Борински литературни денови“, организирана од градот Врање август 2018: Коменторка на слем-работилница во рамките на Интернационалниот филмски фестивал „Оревче бич фестивал“ март 2018: Менторка на работилница по креативно пишување на ориентални кратки поетски форми во „Врајтинг студио“, Скопје февруари 2018: Менторка еднодневната едукативна работилница по креативно пишување на тема „Ориентални кратки поетски форми – ХАИКУ И СЕНРЈУ“ во рамките на проектот „Самодовербата и социјалната инклузија предуслов за достоинствено старењее“ во Куманово декември 2017: Коменторка-инструкторка на работилница „Уметничка креативност во поезијата“, проект „Социјална инклузија на лицата од трето доба“ во рамките на проектот на Републичкиот одбор на Црвениот крст на Македонија во Скопје декември 2016: Менторка по слем-работилница со средношколците од Охридската гимназија, спроведена преку Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) октомври–ноември 2015: Хонорарна менторка по работилниците за стилски вежби по креативно пишување „Надреалистички техники по пишување“ во школата за уметности „Џолев и уметностите“.


АНГЕЛА ЗИМБАКОВА

Ангела Зимбакова е втора година во СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“ во Скопје. Во слободно време црта и фотографира. Понекогаш знае да напише и по нешто во дневникот. Сака да доминира и да искажува свои ставови и идеи без разлика колку се различни од сравовите и мислењата на другите.


ОНА МЕСТО Се сеќаваш ли на она место? Беше сосема обичен училишен ден. Толпа околу нас, ание изолирани во свој свет. Како да бевме сами, на она место, во ходниците низ толпата, кога тебе те видов за првпат и кога за себе сфатив многу. Се сеќаваш ли, на она место, оној момент, во ходниците? Бидејќи јас многу добро ти ги паметам прамените коса што ти ги прекриваа сините очи. Носеше сина маичка, фармерки и бели патики. Паметам како вчера да беше. Се сеќаваш ли на тоа место? Да, токму во ходниците, на вториот кат. За првпат се поздравивме, се запознавме. Не знам за тебе, ама јас тој ден изгубив свест, а баш 30 минути покасно правев тест по историја. Се сеќаваш ли на она место? Во ходниците на вториот кат, до она големоно цвеќе. Не зборувавме со саати, но направи да се осетам ко да сум те знаела со години. Каде ли згрешивме? Кажи ми, во кој дел од приказната згрешивме? Зарем не бевме доволни еден за друга? Или, стој! Не! Можеби не беше ти. Можеби беше само до мене. Повторно ќе те прашам и ветувам за последен пат,


Дали се сеќаваш на она место во ходниците на вториот кат до големоно цвеќе, веднаш до втората училница? Или заборави? Толку. Ништо ли не ти значеше тој момент, тие моменти таму? Во ходникот. Сите смеења, плачки, стресови, погледи, приказни и раскажувања, учење... сеќавања. Ах, тој проклет ходник! Тие проклети моменти! И тие проклети сини очи... Колку би сменила сè, кога би знела колку ќе боли. Само да не те погледнев оној момент, колку силно би затворила очи. Само кога би се вратила. Не знам до кого е, дали до мене, дали до тебе, што ова нашето толку брзо заврши што не ни почна. Можеби да беше друго она место, или некој друг миг. Можеби ќе беше поразлично. Можеби. Судбина. Ама ах, да имав моќ да се вратам во тој миг, на она место, во ходниците, на вториот кат, до она големоно цвеќе до втората училнива. Колку многу би сменила.


БОЈАНА ПАШОВСКА

Бојана Пашовска e втора година во СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“ во Скопје. Во слободно време се занимава со карате, чита и пишува поезија.


ДЕВОЈЧЕТО, А НЕ ДЕВОЈКАТА КОЈА СУМ Малата јас не знаеше за љубов Малата јас не ја разбираше Сè ова беше додека не ѝ се појави ти во животот и ѝ го промени само со своето битие и постоење. Животот почна да те бара во секој како изгубено дете Почна да те гледа тебе каде и да оди Јас, а не животот почна да копнее по тебе Јас најдов засолниште во чуствата кон тебе, заштита, безбедност како новороденче во рацете на својата мајка бегав од реалноста, а ти беше мојта омилена фантазија. Девојчето во мене мислеше дека истото го чуствуваш, дека и таа ти вродила едно непознато ново чувство Таа не знае, но згрешила, дека сега останато од тоа е нејзиното скршено срце. Никогаш не помислила дека по тебе и нејзиното маало ќе ја потсетува и ќе изгледа на тебе, ќе се измени, патеките по кои сте шетале клупите на кои сте седеле ќе ѝ раѓаат спомени на старите добри времиња кои нема да се вратат, дека гледајќи го од тераса хоризонтот на нејзиното маало единственото нешто што ќе го види си ти. Истиот ти кој си замина без поздрав, ја остави сама малечката јас да поставува прашања чии одговори ги имаше само ти, кој ја остави со надежта дека некогаш ќе се вратиш, но таа пополека згаснуваше. На истиот живот на кој ти некогаш му беше светлината, бојата, музиката, сега му претставуваше болка, немир, мрак. И ден-денес девојчето во мене бара љубов во нечии други погледи И ден-денес сака некој да ја гледа како што таа те гледаше тебе И ден-денес пробува да ги пронајде чуствата кон тебе во друг. Но, знаеш што? Не успеала, бидејки нејзиното мало кревко срце сè уште ја бара личноста во која слепо се заљубила


Но, знаеш што? Тоа е девојчето во мене, а јас сум сега девојка девојка која го води животот, а не тој неа девојка која за разлика од девојчето кое те сакаше денес си ја знае вредноста Па сакам да ти кажам БЛАГОДАРАМ што ми го покажа тоа, и, иако не успеа помеѓу нас, сепак мојот живот го разбра поимот љубов благодарение на тебе.


ДАМЈАН ВРБA ЕССЕ

Хип хоп артист. Поет. Философ. Поет–философ. Роден во Скопје, Македонија, планета Земја, галаксија Млечен пат.


БРАВО Дамјан Ессе, 81. дете на Кисела Вода, Бутел па Аутокоманда. Јаˈ сум дете на Скопје, не на банда... артист, поет, филозоф, не вандал. Но не молчам, тоа е проблем, газда! Ова е време на маски, уште делиме на женски и машки, нација, боја, религија – која?! Ко да е битно, сите го јадеме исто. Не се дише! Сите сме во иста каша... Кажи, или сакаше нешто да прашаш? Можеби, кој сум, што сум и кој ми дава право не е битно... Сè дурˈ суˈ у право! Тоа ми е ставот. Да не газиш по никој и да си го следиш сонот... Тоа е за браво! Да фрлаш ѓубре во канта Тоа е за браво. Да им помагаш на други... Тоа е за браво... Да бидеш свој... Тоа е за браво! Да кажеш ко што е, без разлика, дали си во право... Тоа е за браво! Да си ист и пред питачот и пред царот. Да не си слуга на зарот... Тоа е за браво!


Да не си роб на ствари и пари... Тоа е за браво! Да одиш гордо и исправено... Тоа е за браво. Да вежбаш дурˈ не станеш мајстор... Само напред, браво! Да го надминеш стравот... Тоа е за почит. Браво! Капетанот на палуба тоне со бродот. Човек треба секогаш да си стои на зборот пред својот народ пред својот пород гордо, исправен... Да си го живее сонот. Неправда, па тоа е неправда Ретко кој е среќен денеска Неправда, па тоа е неправда На секој можен начин нè поделија. На крајот на краиштата... Полна чаша вино празно шише совест од доблест денес се бега ко од болест! Маските доле


ДАФИНА ВЕСЕЛИНОСКА – ДАФФНЕ

Дафина „Даффне“ Веселиноска е четврта година во СУГС Гимназија „Јосип Броз– Тито“ во Скопје. Таа е посветена бегалка од реалноста, а од скоро и скитничка низ Скопје. Пишува песни за да може да преживее.


*** Беше, ми се чини, пред недела-две шетавме со другарка ми покрај кеј двете ѝ велам: „Се чувствувам како вчера да се преселив овде“. а таа мене: „Како што минува времето, сè повеќе го сакам Скопје“. Важно е: Нешто да се случува. Што сè не наоѓам во Скопје! Ама што наоѓа Скопје во мене? Сè може да се најде овде во градот убав кој никако да бликне од алтернативци во парк девојки со карирани здолништа и момчиња со долги коси и расштимани гитари до изреволтирани активисти и активистки со двојни стандарди ги има, чесни криминалци, капиталисти по некој социјалист и едно илјадници на патријархатот претставници уметници, за среќа, ги има и нив само кои за слава, каква и да е таа а кои за душа творат – тоа нека биде ваша проценка Има овде, разочарани мајки, незасегнати татковци безнадежни фраери кои со кабриолети реметат девојки – накратко психопати Има, има па во Дебар Маало дури и маси на точаци има секој втор е студент на ФИНКИ и маки мачи училишта, колку сакаш ама ќе те натераат многу-многу да не сакаш Вардар вредно пластика си разградува Леб и сол убаво си кажаа: ,,Насмевни се, не бери гајле, намигни ми, ајде на здравје, Скопје”!1

1

Стих од песната „Скопје“ од Леб и сол


Барем тоа во Скопје наоѓам јас... Но, што наоѓа Скопје во мене? Наоѓа, секојдневно и тоа, дилеми од типот на: Еве тука, еве вака, а овие така и сега каде вака? И вџашеност од типот на: Од кога вака? И до кога такаа? Секој четврток во биртија иста шема а петок сабајле.... аа не ја отворам таа тема. Во сабота во Калдрма – треба Стефан да се гледа недела, па каде си ти до сега? Но, и покрај сите збрки ради потребата сенешто да се случува како дете на Скопје: ,,Вечно ќе ја сакам убоста јас твоја, Скопје граде мој мил...”2

2

Стих од песната „Скопје“ од Импулси


КРИСТИНА КОПЕВСКА

Кристина Копевска е родена во Скопје, а моментално е ученичка во втора година во СУГС „Раде Јовчевски–Корчагин”. Посветена е на нејзината голема љубов – ракометот, но сака да пишува поезија во слободно време.


МОЈОТ ИЛИНДЕН Шармантниот Илинден, како и многу други, изгубен во меандрите на вселената, кован од градителите на времето, мирно се лепат, во самракот на историјата, по патеките на животот. Мојот Илинден беше една куќа каде живееше нежноста и разумот. Мојот Илинден не беше затвор, иако не дозволува да се види хоризонтот. Мојот Илинден го поминуваа мали улички, беше опкружен со прекрасни градини каде беа засадени секакви плодови. Мојот Илинден отсекогаш се раѓал повторно во атмосфера што зрачи со ведрина. Имаше луди луѓе кои времето го поминуваа на забава, да нè натераат да сонуваме, да нè заниша и да нè натера да патуваме во земјите каде зрачи убавина и задоволство . Мојот Илинден отсекогаш знаел да ни понуди поети кои играа со ретките зборови, изреки и метафори, кои нè натера да останеме цели ноќи да ги разбереме и сфатиме. Мојот Илинден беше магична реалност понудена како наследство од мажи и жени достојни и полни со храброст на кои им оддавам голема и искрена почит. Во моето сеќавање се чуваат непроменети сите слики, од неговите раскошни украси и неговите прекрасни пејсажи, мириси на зрело овошје наменети за нас како вистинска порака, од оние кои ги засадија со љубов и нежност, величествен, спокоен и единствен.


Но, за мене, која пораснав во неговиот пресрет, Илинден е мојот главен предводник на мојата судбина во спокојството на неговиот лик. Мој Илинден, Мојата љубов кон тебе е секогаш безгранична Ти живееш во моите вени и во моите артерии, целото мое срце чука за тебе, и повторно сите патишта секогаш ме враќаат и ќе ме враќаат овде... Во мојот роден Илинден.


ТАЊА КУЗМАНОСКА

Тања Кузманоска е мајка, сопруга, преведувачка, професорка по англиски и македонски јазик и книжевност, и алхемичарка на природна козметика за внатрешно и надворешно разубавување. Во 2020 година, за поетскиот ракопис Низ огнови ја доби наградата „Лесновски ѕвона“ за најдобар дебитантски поетски ракопис доделена од истоимената манифестација што се одржува секоја година во Кратово во чест на поетот Чедо Јакимоски. Ужива да пишува, да пешачи во природа и да фотографира. Оние што ја познаваат ќе кажат различни работи за неа, секој според себеси, но сите ќе се согласат дека е остра на збор, но мека по душа и... безнадежно искрена.


ВО НЕКОЈА НАСЕЛБА НА ВЕТЕНИОТ ГРАД (Слем за булингот во училиштата во Скопје) Дојде со детски сјај во очите полна со надеж за ветениот град, Мила шеснаесетгодишна девојко. Очекувањата издишаа брзо како огромен балон наполнет со воздух. Те гледаа напреку зашто не зборуваше на нивен дијалект Ти викаа да „зборуваш литературно“ а ти си остана на свое, душо моја силна. Нема сите да те разберат чедо мое. Тие не знаеја како ти беше кога во исто време почина тетка ти, ти умре мачето, ти го однесоа Риги којзнае каде и се исели од родниот град. Тие не знаеја во колку градови после живееше и како е да се сменат четири училишта и дваесет наставници пред дојдеш во Скопје. Нема сите да те сакаат душо моја. Ти сакај се доволно и за бабите и дедовците, за тетките, и братучедите, за другарките и другарите. И не очекувај ништо од никого Ти сама создај сѐ, чедо мое. Некои ќе те мразат само затоа што не си како нив. не си „in the box“. Некои ќе ти вртат грб Затоа што не им се придружуваш во глутницата, таму каде што се силни, затоа сама сакај се чедо мое.


Ти не се влечеш на грбот на родителите, роднините и партијата, сѐ постигнуваш со своја сила, душо моја, затоа ти ќе бидеш успешна, а тие нема да можат да се снајдат надвор од нивното стадо. И да му чиниш секому добро, сите нема да ти веруваат на чесните намери затоа што самите не се чесни. Како кога го зеде мобилниот на девојчето што го заборави во училница и никој не сакаше да ѝ го однесе, освен ти, а мајка ѝ потоа кажа во училиштето: „Таа сакаше да го украде“. Затоа сама верувај си себеси, чедо мое. Колку и да ја кажуваш вистината ќе има некој што ќе каже: „Не верувајте ѝ, лаже." Но знај дека секогаш ќе има некој што ќе ти верува. И запамети дека нема сите да ја разберат твојата уметност. Снимаше најкреативни видеа, но кога им ги покажа некој кажа: „Таа сѐ уште си игра со кукли!“ Тогаш ги избриша сите седумнаесет видеа на You tube и не сними ниту едно повеќе. А беше единствена што на десет години снимаше со сопствена сценографија, костимографија, сценарио, текст,


режија и ликови, на течен англиски јазик и без ничија помош. И да црташ најубаво, ќе има некој што ќе каже: „Таа не е добра уметница“. Но ти продолжи да твориш зашто секогаш ќе има некој што ќе го допреш, и сама цени се, чедо мое. Те навредуваа секој ден, а ти со наведната глава молчеше и плачеше. Те нарекуваа глупава и дебела, иако имаш совршен ум и тело. Наставниците сѐ слушаа и никогаш не им кажаа да престанат. Те тепаа во училиштето, душо моја а службите гледаа, молчеа и ги заштитуваа. Затоа што насилниците беа „нивни деца“ а ти не беше „нивна“. И знај, попаметна и помудра си од сите нив. А вам од елитната скопска населба, што ви згреши тоа единаесетгодишно нежно, кршливо суштество? Та кога дојде првпат на училиште да му го изгазите новиот комплет по техничко? Наставничката потоа се дереше зошто не ги направи макетите а тоа со наведната глава молчеше и плачеше? Зошто последниот ден цела група го влечевте од класот преку училишниот двор, до паркот? И никој не ве запре, никој не му помогна освен друго исмејувано девојче. А кога ми се јави и дотрчав ви кажав ако само уште еднаш ја допрете ќе ве пријавам во полиција –


едно од децата рече „Ти знаеш ли дека главниот на полицијата ми е татко?“ Потоа родителски, ги советував дека не е добро така да се однесуваат, а од училиштето ми се заканија со тужба. Кој ќе плати за сите навреди, за сите исмејувачки песни, чедо мое? Врз чија совест ти капеа солзите? На чија вага ќе се измерат непроспиените ноќи? Во кои универзуми одекнува крикот: „Зошто, Господе?“ Никогаш повеќе не се плаши од никого, чедо мое. Заборави сѐ, а мене остави ми го проклетството на непростувањето и незаборавот. Долго време помина сега си веќе девојка. Веќе ги заборави и случките и имињата и лицата и не знам каде ќе те однесе ветерот, но знам дека ќе најдеш подобро место под сонцето, во некоја населба на некој ветен град.



Issuu converts static files into: digital portfolios, online yearbooks, online catalogs, digital photo albums and more. Sign up and create your flipbook.