Issuu on Google+


Содржина

1

ПРЕДГОВОР

2

МАСОНСКИ ХРАМ ВО СПОМЕН НА БРАТОТ ЏОРЏ

3

КУЌАТА НА СЕМ

4

ВОЈВОДИНА НА 40 СТЕПЕНИ ПОД СЕНКА

5

EXIT - ШЕСТИ ПАТ

6

СА ЛОВЌЕНА ВИЛА КЛИЧЕ ДОБРО ДОШО - ЏЕГЕР МИЧЕ

7

МЕГДАН ПОМЕЃУ МАГАРЕТО И СЛОНОТ

8

ЧЕСНИ МАЖИ СО ДОБРИ СРЦА

9

ПИВОТО ВО ЧЕШКА

10

ЗА МЕЧЕТО УШКО, ПРАГА, YMCA

11

170 ЈАЗИЦИ ВО ЊУЈОРК, ЊУЈОРК

12

МАУНТ ВЕРНОН

13 14

КАФИЧОТ НА ЗДРАВЈЕ” ВО ГРАДОТ НА РИДОТ “ АНАПОЛИС И КИНТЕ-КУНТЕ

15

ЧИФЛИКОТ НА ГОСПОДИН СМИТСОН

16

КУЛТУРЕН НАТПРЕВАР ПОМЕЃУ НАРОДИТЕ

17

МАЛА ЖЕНА - ГОЛЕМА ВОЈНА

18

ТРИЕСЕТ СКУЛПТУРИ - НА ЕДЕН МОСТ

19

КАТЕДРАЛАТА НА СВЕТИ ВИТ

20

МУЗЕЈ НА КОМУНИЗМОТ

21

LILEHAMER - БЕШЕ ЕДНАШ ЕДНА ОЛИМПИЈАДА

22

НОРВЕШКА, НОРВЕШКА

23

МАКЕДОНИЈА ВЕ ВИКА НА ЧИНИЈА ФО


Друго од Константин Петровски: Филтер Југославија, Феникс 2008 (http://issuu.com/kokan/docs/filter)


ПРЕДГОВОР РЕШАВАЊЕ НА ЕДНА ДИЛЕМА ЗА НАЦИОНАЛНАТА ПРИПАДНОСТ НА ЕДНО ПОЗНАТО МЕЧЕ

Нема дилема дека патувањата се фатални за предрасудите, како што одaмна забележа еден писател кој што од немај каде мораше да патува по светот и да држи предавања само за да се куртули од банкротот&борџот. Но сепак човек доаѓа и до некои вистини или барем факти, од кои што на крајот, ако си речеме искрено и нема некоја голема корист. Тргнете од мојот пример – цело време во моето детство, веројатно и во добар дел од младоста мислев дека Мечето Ушко е од Русија. На едно мое патување, веројатно малку по моја, малку по туѓа грешка, стигнав до погрешна информација дека татковина на ова симпатично мече е Чешка. Така е и напишано во еден од моите први патаписи Норвешка Норвешка! oбјавен во првиот број на неделниот магазин ЕГО ( www.ego.com.mk) од Битола, на 9 септември 2004 година. Грешката се провлече во уште еден патепис.Но со староста и годините ( да нема дилема, се е релативно) стануваме попаметни. Нормално некои од нас и помудри. Ушко долго време го немаше на телевизија, веројатно зеде неплатен кој што почна да наликува на вечна пензија. Изгледа се умори од тоа на милиони дечиња низ Источна Европа во 7:15 по локално време да им одржи мала морална прповед за вредностите на другарството и сите етички дилеми кои што од прво наведеното можат да произлезат. Веројатно си рече дај еднаш да си ги ставам пижамчињата и дирек да си легнам во моето креветче и онака работам и вон сезона, попрецизно во зима, кога сите од мојот вид мирно си спијат во некоја пештера! Ушко, успешно ги фати новите трендови во светот на медиумите и доби своја фан страна на Facebook која што во овој момент има 1461 членови. Беше тоа фин и доста елегантен начин да им се јави на своите другарчиња од детството. Ушко поседува и статија на Википедија ( http://en.wikipedia.org/wiki/Mi%C5%9B_Uszatek) и тоа покрај на универзалниот англиски и родниот полски, и на унгарски, словенечки, фински и каталонски ( Официјален јазик на Андора,а се зборува и во некои покраини во Шпанија помеѓу другото и како втор официјален јазик како на пример во Каталонија, Валенсија и Балеарските острови.) Преку овој јазик Ушко им се претстави и на дел од жителите на островот Сардинија, бидејќи каталонски се зборува и во градот Алџира на овој остров). Ако се суди според статијата на Википедија, Ушко пред две години пукал на договор со некоја јапонска продукција и тоа за долгометражен филм, преку кој што според моја проценка треба на голема врата да се врати во шоу бизнисот. Википедија не зборува како завршиле преговорите и дали Ушко во иднина ќе се дружи и со некој манга јунак. Но Ушко може да биде задоволен: Властите во полскиот град Лоѓ во неговата Полска му посветиле една фонтана, во близина на главната улица на градот. Од 2008 секој четврток малите Пољаци ја имаат таа чест повторно да се дружат со Ушко. Ушко извини за овие мои дилеми во врска со твоето национално прашање. Во знак на извинување еден ден ќе ја посетам твојата фонтана и ќе напишам текст за неа.

Константин Петровски 11 ноември, 2009 Битола


МАСОНСКИ ХРАМ ВО СПОМЕН НА БРАТОТ ЏОРЏ

Американската Александрија за разлика од другите александрии низ цел свет не е формирана по налог на суетата на нашиот голем Александар. Градот во 1749 го формирале трговецот и плантажер Џон Александар со уште неколкумина луѓе од неговиот еснаф.Тие имале потреба некаде да ги шитнат тутунот, пченката и житото кои што робовите ги произведувале на нивните плантажи. Се сетиле дека наједноставно е да формираат град во близина на нивните чифлици,а во градот секако ќе има и пазар. Денес во Александрија во државата Вирџинија постои куќата на Џон Александар, основачот по кој што градот го добил своето име. Вилијам Ремзи, исто така еден од основачите може да се види ноќе како шета низ градските улици. Неговиот дух велат локалните жители често ја посетува Александрија која што самиот тој го основал. Но не само неговиот, александрријаците ќе ви кажат дека духови се појавуваат во еден куп стари куќи. Можете да платите и водач, специјализиран за туристички тури на куќи опседнати со духови. Тоа е веројатно надалеку прочуениот прагматичен дух на Американците или по наши кажано способноста од се да се прај пари. Но и да и ги нема духовите александријците сигурно нема да бидат страдни за леб. Далеку од тоа. Во градот кој што брои 124 248 жители живеат голем број вработени во федералната влада, персонал на американската армија и разно - разни тендерџии чија што основна дејност е давање на услуги на владата. До центарот на Вашингтон од Александрија има шест милји. Добро ситуираните семејства на вашингтонските бирократи живеат во куќи чие што земјиште во одредени случаи достигнува цена од 556 000 долари и згора. Кога сме кај парите, мала дигресија. Александрија има продавница на ГАП. Мојата дребност, успеа од неа да изнесе цела вреќа со кошули, маички, панталони и што уште не, за сто долари. Повторувам за сто американски долари. Ова го кажувам за да ви ја потврдам тажната вистина дека нашите бутици не дерат за анонимни брендови купени на некој софиска тезга. Туку ексик пари, за Александрија прајме муабет. На времето Џорџ Вашингтон, млад сопственик на плантажата Маунт Вернон редовно доѓал во блиската Александрија.Тука си изградил и куќа, за да можи да преноќи кога времето е лошо и не можел да се врати на својата плантажа. Вашингтон меѓу другото работел како геометар и вршел мерења низ Александрија. Веројатно дружбата со шестарот му се допаднала, па така во 1752 година младиот плантажер ќе стане член на масонската ложа Фредериксбург од Вирџинија. Останатото е историја: На вториот континетален конгрес во Филаделфија Вашингтон како професионален војник е избран за генерал на американската армија, потоа станува прв претседател на на САД и историска фигура која што се нарекува татко на американската нација. Како и да е, уште додека била жива вдовицата на Вашингтон Марта, масонската ложа на Александрија ќе добие многу од неговите лични работи во своја сопственост. Со нив александриското масонското братство, сега преименувано во “Александрија Вашингтон ложа број 22” во 1811 ќе отвори масонски музеј. До 1920 година него ќе го посетат 40 000 луѓе. Големиот мајстор на Вирџинија Џозеф Ајглстон сметал дека масонските браќа мора на многу подостоинствен начин да му се одоложат на својот брат Џорџ. Затоа Ајлгстон во 1910 ќе покани многу големи мајстори на масонски ложи на роденденот на Вашингтон( 22 февруари) да дојдат во Александрија. Резултат на овој состанок ќе биде формирањето на асоцијацијата Џорџ Вашингтон национален меморијал, чија што цел била да се изгради грандиозне масонски објект посветен на првиот американски претседател. Темелите на храмот ќе бидат удрени на 1 ноември 1923 во


присуство на тогашниот претседател Калвин Кулиџ и поранешниот претседател на САД и масон Вилијам Тафт. На двесте годишнината од раѓањето на Вашингтон во мај 1932 година претседателот Харберт Хувер ќе го отвори музејот. Меморијалот е висок 333 фита, не би можел да ви преведам во метри- можеби неколку илајди. Извишената кула финишира високо во небото со врв на египетска пирамида. Чиста спротивност на малиот масонски храм, голем колку една семејна куќа, што го видов во едно американско предградие.Зградата има десет спрата, а само одредени простории се достапни за посетители. Дел од филмот “Национално богатство- книга на тајните” е сниман во една од просториите на меморијалот. Само што во овој случај меморијалот го глумеше вашингтонскиот музеј Смитсонијан. Музејот започнува со голем хол. Отспротива од влезната врата е споменикот на Џорџ Вашингтон, а од страна се двата ѕида исцртани со мурали. На нив се насликани значајни настани од животот на Вашингтон со вметнати масонски артефакти. Сонцето над Вирџинија го прави влегувањето во ладниот хол на меморијалот вистинско олеснување. Во него се собира групата на туристи, кои што го чекаат својот водач низ музејот на масонеријата. Како и многу други американски музеи, посетата и на масонскиот меморијал е бесплатна. Дел од овој музеј се соби кои ги претставуваат различните форми на масонерија кои што се појавиле во текот на долгогодишното постоење на братството. На пример темпларите имаат своја соба: витешки оклоп и ентеириер на црква. Како што објасни нашиот водач низ музејот, инаку масон од шкотск�� ритуал, темпларскиот огранок на масонеријата е за оние браќа кои што својот етички систем го градат врз основа на христијанството. Самата масонерија е братство отворено за машките припадници на сите религии и нации. Патем речено, поставката во собата на темпларите е финасирана од Големиот логор на витезите темплари во Соединетите држави. Собата спонзорирана од масонскат гранка Tall Cedars of Lebenon of North America го реконструира храмот на кралот Соломон. Копија на престолот на премудриот библиски цар е поставена во средината на просторијата. Делот од музејот посветен на Џорџ Вашингтон ги чува неговите книги со масонска тематика, бисти на неговиот лик со масонски регалии и еден негов споменик. Покрај паметникот бајрак на шкотскиот ритуал од масонеријата. Масонскиот меморијал има и библиотека од околу 20 000 наслови, книги кои што зборуваат за масонското братство. Отворена е за јавност во одредени денови. Туристичката тура завршува на врвот на масонеријата. Тука, од тркалезното балконче на кулата се гледа Александрија, престолнината Вашингтон и симболите на масоните направени од камен. Со лифтот кој што се движи во вертикала, пак сме на приземје. Во продавничката на меморијалот на масонот Џорџ Вашингтон можи да си купите маици со лого на меморијалот, значки со масонски симболи и останати џиџи-миџи масонерија. “Џорџ Вашингтон - масонски меморијал” потврдува дека кога се во прашање масоните ништо не е тајно. Попрецизно не е баш се тајно. Меморијалот е атракција на градот Александрија и пишан е во сите туристички водичи. А слично на Дизниленд отворен е за сите посетители.


КУЌАТА НА СЕМ

Бледо кафеава шолја, а на неа насликани две момчиња. Еднотото ентузијастички во кафеаво ја бои оградата, а другото пак седнато се потпира на неа. Оваа шолја е еден од многуте предмети кои што може да си ги купите во продавницата на “Куќата - музеј на Марк Твен”. Марк Твен во оваа куќа ја создал и сцената која што е претставена на шојлата- Том Соер легачи, а друг му ја брка работата и ја бои оградата наместо него. Тука, во црвената викторијанска куќа во Хартфорд, државата Конектикат, Марк Твен меѓу другото ги напишал и “Јенки на дворот на кралот Артур” “Принцот и питачот” и “Хаклбери Фин”. Последнава Ернест Хемингвеј ја нарекол почеток на американската литература. “Животот на Мисисипи”, исто така напишани во куќата во Хартфорд, е првото позабалежено дело на Марк Твен. Во неа тој го дава и објаснувањето за својот псевдоним. Марк Твен е израз кој што пилотите на парабродите на Мисисипи го користеле за да означат одредена мерка водена длабочина. Овој псевдоним претходно го користел еден капетан на брод на Мисиспи. Неговите текстови, практични совети за пловење по Мисисипи, ги печател локалнот весник во Њу Орлеанс. Откако баталил пловење по параброди, Марк Твен работел како рудар во Невада, новинар во Калифорнија, држел предавања, патувал и пишувал патеписи од Хаваите . . . Еден ден решил да ги фрли своите скитнички чевли и се оженил со Оливија Ландгон- Ливи. Сакајќи да биде поблиску до својот издавач во 1872 година Твен се преселил во Хартфорд, Конектикат во Нова Англија. Нова Англија, во тоа време била средиште на интелектуалниот живот во Америка и извор на прогресивните идеи. Прв комишија на Твен била авторката на “Колибата на чичо Том” Хариет Бичер Стоу. Нејзината куќа постои и денес и е исто така музеј отворен за посетители. Марк Твен живеел во куќата во Хартворд од 1874 до 1891 година. Ова е дел од периодот кој што Американците во својата историја го бележат како “Златно време”. Од 1870 па некаде до кај 1890, САД ќе доживеат огромен економски развој во индустријата и земјоделието. Отворени се голем број на нови дуќани, мали фабрики, банки, рудници и се зголемува железничката мрежа. За да ја градат железницата во Америка ќе пристигнат и кинеските емигранти. Твен ги споменува во една секвенца од неговата постхумно објавена “Автобиографија”. Работејќи како млад новинар во еден весник во Лос Анџелес, ќе види како една група на Ирци малтретира еден Кинез. Револтиран, ќе напише текст за тоа и ќе му го предаде на уредникот. Овој културно ќе му објасно дека текстот не може да се печати. Твен, нормално ќе запраша зошто, кога тие силеџии навистина го малтретираа Кинезот. Едноставно - ќе му одговори уредникот, најголем број од нашите читатели се ирски емигранти и твојата приказна ќе биде катастрофа за нашиот тираж. Твен до крајот на својот живот (1910) многу пишувал и читал. Во неговата куќа се останати книгите од неговата голема библиотека. Старите тврди корици, најчесто


во некоја комбинација од кафева и зелена боја зборуваат дека Самуел Клеменс( вистинското име на писателот) или Сем како што го викале пријателите се интересирал за сè и сешто. Ова е библиотека во која што во братска дружба се бајките на браќата Грим, дела од историјата, политиката, филозофијата, природните науки . . . На првиот спрат, покрај библиотеката е и собата за цртање, или по наши дневната. Тука е и кујната. На Марк Твен во секој случај не му недостигала екстраваганција. Близу до еден од големите прозорци има малечка фонтана. Куќата има деветнаесет соби. Шталата е изградена на десетина метри од самата куќа. Стилот е ист - питорескна готика. Марк Твен бил пријател со својот коњушар Џорџ. Единствен пат кога се вратил во Хартфорд е за да присуствува на погребот на Џорџ. А се вратил зашто повеќе не живеел во куќата. Во 1891 година, поради банкротот на издавачка куќа во негова сопственост Твен ќе мора со своето семејство да ја напушти куќата во Хартфорд. Наредните години ќе патува низ Европа и ќе држи предавања за да присобери некоја пара. “Ако се занимавате со бизнис, не ги следете моите стапки” ќе им порача на своите пријатели и на генарациите на читатели од целиот свет. Но и по враќањето во Америка, семејството нема да живее во Хартфорд. На Ливи( сопругата на Твен) ќе и биде тешко да живее таму каде што починанала нивната ќерка Сузи. Во 1903 ќе ја продадат куќата. Музејот на Марк Твен е посебна зграда, во близина на куќата на писателот. Тука се пријавувате за тура со платен водач низ куќата- цена дванаесет долари. На ѕидовите од холот на музејот испишани се максимите на писателот, кои што, да употребам клише навистина не губат од актуелноста до ден денешен. “Не им ја кажувај вистината на луѓето кои што тоа не го заслужуваат” “Бадијала полн стомак, ако умот гладува” “Секогаш почитувај ги твоите претпоставени, доколку ги имаш” “Патувањата се фатални за предрасудите” . . . Во една сала може да се види и краток филм за животот на Твен. Музејот има и поставки со првите изданија на неговите книги, лични работи и ракописи. Марк Твен или Самуејл Клеменс денес го нема. Во 1909 година рекол “На овој свет дојдов во 1835 година со Халиевата комета и ќе заминам со неа” Наредната 1910 кога Халиевата комета повторно го обележала небото Марк Твен починал. Неговата куќа постои и денес. Тука се спалните на неговите ќерки, собите со играчки, собата во која што неговите деца биле подучувани од приватни учители. . . И за нас, генерациите кои што дојдовме по него најбитната просторија - собата со билијард. Тука покрај билјардската маса обложена со црвена чоја Твен ги забавуавал своите пријатели. И побитното, Марк Твен тука ги создал Том Соер и Хаклбери Фин. Во нив раскажа дел од својот живот и животот на неговите другари од детството. Марк Твен се залагаше за право на глас на жените, ги критикуваше неговите сонародници кои што бараа Америка да стане имеријална сила слична на европските и бараше Англија да не врши агресијата врз Бурите во Јужна Африка. Неговата критика на белгискиот крал Леополд за бруталниот однос кон домородците во Слободната држава Конго не сакаше да ја печати ниту еден американски издавач. Ја мразеше расната сегрегација во својата земја велејќи дека тоа е срам за самите белци. Твен во една од своите легендарни максими ќе рече “Секогаш биди чесен. Ќе усреќиш неколку луѓе и ќе го разгневиш остатокот.” Сем Клеменс за време на неговиот живот разгневи многумина. Претседателот на САД Теодор Рузвелт во една прилика не сакаше да се ракува со него зашто Твен го нарекол империјалист. Но ете луѓето кои ги усреќи не се неколкумина. Тоа се милионите читатели на Том Соер од цел свет. Денес неговата куќа во Хартфорд Конектикат ја посетуваат илјадници почитувачи на неговото творештво и неговата личност од цел свет. Понекогаш и некој од Македонија.


Војводина на 40 степени под сенка: Урнебес во мирната раминица Младината која што на почетокот на јули годинава се нацрта во Нови Сад, веројатно сака да слуша многу поинаква музика отколку онаа која што на времето ја свирел Јаника Балаш. Сепак, споменикот на малечкото буцкасто човече со тамбура лоциран на една од главните раскрсници на градот, им посакува добре дојде на овогодинешните EXIT - овци. Ете ти незнаење, јас мислев дека главна фаца кога се работи за комбинацијата Војводина & музика е Звонко Богдан! Или да бидем искрен, за мене Нови Сад отсекогаш бил градот во кој што живее војводинскиот бард Ѓорѓе Балашевиќ. МЕШАВИНА ОД НАРОДИ Како и да е, висината на Балаш не е репрезентативен примерок на типичен жител на Нови Сад. По она што можев да го видам, жителите на овој град се високи, а девојките на симпатичен начин крупнички. Во главниот град на Војводина живеат околу 304.519 жи-тели. Најбројни се Србите, околу 65,3%, а веднаш по нив доаѓаат Унгарците со 7,6 %. Покрај нив во Нови Сад живеат и Хрвати , Словаци и Црногорци. Понатаму во помал процент - Словенци, ние, т. е. Македонци, Романци, Италијанци, Русини... Мојата EXIT- експедиција беше корисна во поглед на последниве. Научив дека Русините се Украинци - унијати, или поинаку кажано Грко-католици. Во Нови Сад покрај православните и католичките храмови, има и Црква на реформираните калвинисти, Грко-католичка (подигната 1822) Словачко- Евангелистичка, и најстарата правос-лавна црква посветена на свети Ѓорѓија, за која се претпоставува дека е подигната во 1734 година. Потоа, адвентистички гробишта, па гробишта на Назарените, па понатаму... Мислам дека половина странички од ЕГО нема да ми бидат доволни да ги набројам храмовите и гробиштата на сите жители на војводинската престолнина. Војводина е редок пример на Балканите за заедничко живеење на 26 различни нации! Србите, а и останатите војвоѓани, општо земено себе си се сметаат за културен, чесен и народ со пристојни манири. Историскиот контекст оди во прилог на оваа самоперцепција. Накратко - во периодот кога најголемиот дел од Србите ги броеле годините од едно до друго востание и писмен човек бил редок вид, нивните сонародници од хабзбуршката монархија презеле иницијатива својата нација да ја стават во цивилизирана Европа. Уште од самото нивно доаѓање во Војводина некаде во 17 век (веројатно се сеќавате на сликата Сеоба Срба, порано ја имаше во историските учебници), Србите се стекнале со право на автономија во религиозните прашања. Ова постепено во-дело кон формирање на српска гимназија, а потоа и богословија во Сремски Карловци. Најпозната општествена фигура од овој период е митрополитот Стефан Стратимировиќ (се шушка дека бил масон!), кој што од виенскиот двор ја издејствувал Повелбата од 1791, со која што добил дозвола за отворање на српска гимназија. Седејќи во едно кафуле во центарот на Сремски Карловци, кој што има околу 10.000 жители, добивам впечаток дека тоа е едно од најмирните места во кои што некогаш сум бил. Во отприлика еден саат, колку што лигавев едно шише од пивото Лав, низ главната улица поминаа едвај две- три коли. Типичен центар на мал средноевропски град. Црква, општинска зграда и задолжителната чешма. Патем речено, сите градски чешми се идеални за легенди од типот “кој што пие од оваа чешма ќе”... Така е и со оваа во Сремски Карловци. Се верува дека девојката која што пие вода од оваа чешма ќе се омажи во Сремски Карловци. Онаа пак што од принцип избегнува да гаси жед на оваа локација, кжсметот ќе си го најде надвор од ова симпатично гратче.


ПЕТРОВАРАДИНСКА ТВРДИНА Денес тоа е местото каде што се одржува EXIT, а понапред воен објект. Австроунгарците почнале да ја градат во 1762. Тоа била првата фаза на изградбата. Втората со која што тврдината го добила горе-долу сегашниот облик траела од 1753 до 1780. Гибралтарот на Дунав, како што уште ја викаат, најинтезивно се градела за време на владеењето на Марија Терезија. Како воен објект го користела и некогашната ЈНА до 1952 година. На тврдината има цел систем од ходници во должина од 16 километри. Од овде за време на Првото српско востание, на востанците им биле префрлани првите топови. Тврдината без сомнение е супер место за одржување на музичкиот спектакл EXIT. Ама сепак, доколку се пушти да врне, во неа може да биде кално. Но сепак, EXIT е повод за невидена гунгула: се сé точка во една од малите улици, преполнети со продавачи. Се шитка сé: exit-белегзии, капчиња, чаши, разноразни џиџи-миџи. А да ќе го заборавев најбитното! Еден продавач на хот-дог и алхохол, бесплатно ни откри финта како да прошверцуваме во тврдината мали шишенца од омилената пијачка на Војвоѓаните, Пелинковец. Едноставно се зема кифла, се вади внатрешноста (мекото што би рекле ние) и внатре се става малото внуче со Пелинковец. Како и да е, влегуваш во тврдината. Газиш на кал, шлап-шлап и те фаќа страв патиката да не ти остане во калта, па да се чудиш што те најде. Сепак со цели две патики стигнуваш на посакуваната локација, попрецизно до бината која што си ја одбрал и супер се забавуваш. Гужва, играње, скокање и разбира се, дехидрираш. И што правиш? Трчаш до шанкот и земаш пакување на негазирана Вода-Вода. Е, ај сега - луѓето полнат обична вода, ја пакуваат во шишиња, и печалат пари од тоа! НОВИ САД- ДЕНСКА ШЕМА Патиките се исчистени, спремен си за истражување на градот. Без увод - најдобро место за пиење на кафе е улицата на “ЛазаТалечки” широка неколку метри, има место токму за да се извадат столици пред кафулињата, и да може двајца човеци да се разминат. Тука се Martahouse Pub, London, Cuba Libre... Нови Сад не е само градот во кој што живее Балашевиќ. Тоа е сепак и место каде што се одржува EXITфестивалот. И каде што Јаника Балаш заедно со својот бенд Eight tambura players from Petrovaradin (цитат од едно книџе за Нови Сад на англиски) правел супер свирки.


EXIT - Шести пат ЖУРКА НА ПЕТРОВАРАДИН Еее, егоисти мои! Можам сега јас да ви речам дека имам мочано со Били Ајдол во исто ВЦ, па сега сум ептен важен чоек( ВИП), ама не ми е работата да се фалам. А факт е дека ако имаш акредитација за новосадскиот Exit ‘06, најголем ќар ти е што можиш да го користиш ексклузивното ВЦ. Внатре ти е како во секое ВЦ, смрди-корни, ама за разлика од најголемиот дел од 150.000 луѓе кои што годинава го посетија EXIT, нема да чекаш ред пред бело-сините кабини на Петроварадинската тврдина. А тоа во одредени случаи знае да биде многу корисна работа. Знаете во кои, мислам, луѓе сме... СВЕТСКИ БРЕНД Ако направам споредба со ланското издание на фестивалов (тогаш уште ја немав осознаено користа од мојата акредитација), неминовно се наметнува заклучокот дека EXIT од оваа година стана светски бренд. Самиот факт што годинава триесет британски новинари го поминаа Каналот и ја запукаа на Балканите, во Нови Сад, најдобро зборува за значењето на фестивалот. Ако минатата година посетителите на фестивалот воглавно се регрутираа од земјите на некогашната Југославија, плус по некој Бугарин, оваа година во голем број беа присутни Англичани, Французи, Чеси, Руси, Ирци... Овие последните можеа да уживаат во музиката на Ородокс Келтс, белградски бенд кој одлично ги изведува баладите и танците од зелениот остров. На World Music stage- от, каде што настапија православните Келти, успешен настап имаа и земјаците Фолтин и Влатко Стефановски со Бугаринот Теодосиј Спасов. Покрај овие локалци EXIT е единствена прилика за луѓето кои што живеат во југоисточната Европа да видат светски музички ѕвезди и да увидат колку се тие распрдени. Така, Мориси инсистираше автомобилот што ќе го пречека да не биде во сребрена или пак бела боја. А затоа што тој и неговите музиканти се вегетаријанци, ужасно ги нервирал мирисот на скара во бекстејџот. Франц Фердинанд имаа горе- долу поприземни барања. Направиле некое ферманче на кое што напишале се што ќе им треба во текот на нивниот престој во Нови Сад и инсистирале тоа да биде неотпакувано. Алекс Капранос барал разгледници од Нови Сад, ама со залепена маркичка, нема смисла човекот да си ја мачи душата и да лижи. Естебери и неговата тајфа Калт, рекоа дека се заколната антиалхохоличари и сакаа во бекстејџот за време на нивниот престој таму да нема ни капка алхохол. Финците од Хим се интересираа дали во Србија е забрането пушењето, зашто како што самите изјавија, тие пушат се и за утре - ништо не оставаат. ЕДЕН Е БИЛИ Овој чичко од педест години несомнено беше ѕвезда на овогодинешниов фестивал. - Шетав денес низ Нови Сад и видов еден куп убави жени. Се надевам дека вечерва, нешто ќе... знаете веќе што (Били беше поексплицитен во во својот исказ). На ова можеби илјада жени од публиката заурлаа: “Били земи ме мене”! Ако е Били еден, тогаш и Рамбо Амдеус не е за фрлање. Море, далеку од тоа! Настапи на Fusion Stage-от, и на своите лојални фанови им вети дека наредната година заедно ќе направат Јогурт-револуција. - Ќе го преземеме Main stage- от, знате тоа е она место каде што настапуваат фини и угледни уметници. Рамбо кога одеше неговата песна Једно те исто побара десетина доброволци да се качат на сцената, за како што појасни да импровизираат балетска група. - А вие во публиката рипајте колку што можете повеќе. Нека мислат овие од телевизија дека сте се наполниле со таблети. Да ги заебиме, да мислат дека сме зрели за во Европа.


Настрана луцидностите на Рамбо, но и оваа година медуимите информираа дека секоја вечер на тврдината полицијата запленува разно-разни наркотици. А колку останаа незапленети... Oваа година управата на EXIT се реши на една полјанка на тврдината да насади седум-осум киосци за храна и тоа утописки да го крсти Food Land. Се даваше - од грчка&мексиканска храна, преку палачинки со еурокремче, па до традиционалната домашна лесковачка. Мојата дружина воглавно составена од северни соседи некако е најрасположена за нивниот traditionaly роштиљ. Деца бе, кај ви е духот за откривање и освојување на нови контиенти, култури и турлии манџи? Смело се упатувам кон киоскот за мексиканс��а храна (и нека оспорува после некој дека потекнуваме од Александар Македонски) и порачувам едно мексиканско булито со сланина. Мислам бурито. Без разлика што значи тоа. Не е битно бе што значи, оти е многу убава работа! Тоа подразбира палачинка, а внатре ќе рече - касајчиња сланина, башка исецкани крастајчиња, домати и други зајриња. И да си речеме правина, луѓето не штедат, од се си има потаман. Си го земам спакувано во пластична кутија, го лапам за пет минути. Дружината го следи мојот пример. НОВИ САД Е EXIT Нема сомнение, на картата на светот Нови Сад се препознава по својот фестивал. - Музичар сум и горда сум што во нашиот град се одржува ваков фестивал, ми рече една постара госпоѓа во продавница. Оваа година EXIT истрпи критики за изневерување на својата мисија. Фестивалот започна пред шест години како форма на отпор кон режимот на Слободан Милошевиќ и прокламирање на слободарските вредности. Оваа година организаторите беа критикувани поради соработката со Радикалната партија на Воислав Шешељ, која што ја држи локалната власт во Нови Сад. Меѓу најжестоките критичари имаше и некои од основачате на EXIT, кои што тврдеа дека фестивалот се откажал од своите идеали само за да може да опстане. Бојан Бошковиќ, еден од главните менаџери на фестивалот ги отфрли критиките и рече дека договорот со локалните радикали не значи и нивна контрола врз фестивалот. - Единствената цел ни беше да бидеме сигурни дека ќе може да ја користиме Петроварадинската тврдина за нашиот фестивал. А за тоа не можат да не критикуваат - рече Бошковиќ за војводинското издание на дневниот весник Блиц. Тој истакна дека фестивалот сепак на прво место ја става музиката, иако има и политичко значење. - Сакам луѓето да допатуваат овде, да ја откријат Србија како земја на млади, пријателски расположени и добро образовани луѓе, кои што немаат страв од тоа да ги оспоруваат своите лидери. Се уште се бориме против многубројните негативни стереотипи за овој дел од светот. EXIT ќе се бори до крај - оптимистички финишира Бошковиќ. Настрана стереотипите, но на прв поглед Србија ги има типичните проблеми за една посткомунистичка земја, башка траумите од режимот на Милошевиќ. - Тешко се живее, заработувам колку за живот и ништо повеќе, ми се пожали (мал куриозитет!) таксистката која што ме возеше. Добро, мала дигресија, в зора таксистите покрај Дунав, кога капнат уморен треба да се прибереш во твојата привремена дома, знаат да те одерат земајќи тридупла цена од вообичаената тарифа. Дремејќи во едно кафуле во Змај-јовина улица (новосадска верзија на нашиот Широк Сокак), крајно непристојно наслушнував интервју за работа, помеѓу стопанот на кафулето и две девојки. Едната ја прими со дневница од двеста динари (отприлика тоа се двеста денари), а со другата беше држ-не дај, пробна работа, за EXIT ќе работиш, а после...


А после, пусти маки транзициски. Еден познаник ми кажа дека државниот земјоделски комбинат во Бечеј во кој што работи ќе се приватизира и дека се очекува едно илјада луѓе да останат на улица. Невработеноста во Србија се проценува на околу 900 000, ама токму тие денови српскиот министер за труд и социјална политика Слободан Лаловиќ излезе со изјава дека вистинската бројка на луѓе кои што бараат работа е нешто повеќе од 500 000. Душан Миќуновиќ, сопственик на градежната фирма Професионал од Нови Сад, вели дека општо земено условите за водење на една градежна фирма во Србија се добри. - Првичниот данок на додадена вредност на стамбена структура беше осумнаесет проценти, но на нашите забелешки државата реагираше разумно, така што денес тој изнесува осум отсто. Душан вели дека е оптимист во однос на развојот на својата фирма, а како бивш спортист потенцира дека сака да победува. Низ медиумите тие денови Србија ја следеше дебатата кога треба да се слави Денот на востанието против фашизмот, зашто и четниците на генералот Дража Михајловиќ се бореле против окупаторот, а според некои и востанале порано од титовите партизани. Насловните странички на весниците ги полнеше и штрајкот на затворениците во белградскиот затвор кои што во знак на протест поради лошите затворски услови за живот си ги сошија устите. ФИНАЛЕ Ама не фудбалско (кое не го гледав на видео-бимовите на Тврдината). EXIT е како онаа журка од автостоперскиот водич низ галаксијата. Разликата е што таа одвреме-навреме има мала пауза. Потоа наредната година повторно продолжува. Покрај лошите работи од типот на патување со очајно лош автобус на Транскоп повеќе од десет саати, компликации на граница од типот ај растури го ранецот, (а носиш ли нека наркотична средства а? чиме се бавиш а? новинар, а где?), не претерано добриот ПР на организацијата на фестивалот, посебно за странските новинари... сепак, вреди барем еднаш да си дел од оваа интергалактичка журка. Секогаш е убаво да се оди во Нови Сад, да се испие едно кафе во улицата на Лаза Талачки (оваа година се асфалтираше, ама сепак успеав да го направам тоа) и да се изгледаат врвни имиња од светската музика. Барем еднаш во животот потрудете се да ги направите овие работи.


Са Ловќена вила кличе: Добро дошо - Џегер Миче

Црногорците без сомнение се горди на своето потекло и на својата мала држава. Подгорица е преполна со фирми кои што го носат предзнакот Монтенегро: Монетенгро арлајнс, телевизија Монтена и огромниот магацин за пијалаци Монтеко одалечен десетина километри од Подгорица. Но и уште стотици мали дуќанчиња, трафики и бутици кои што во своето име го имаат предзнакот мотенегро во различни варијанти. Името Црна Гора прв пат е употребено во единаесетиот век во некој ватикански документ и значи црна шума или црна планина. Се претпоставува дека поимот монтенегро најпрво го користеле Венецијанците. Денес тоа е општо прифатен термин во западна Европа за Црна Гора. Црна Гора оваа година прослави една година од својата независност. На 27 мај 2006 година на референдумот за независност Црногорците се определија да ја обнова својата држава. Од 419.240 гласачи кои што излегле на гласање за независност се определиле 230.261 Црногорци или 55 отсто. За останување во унија со Србија се изјасниле 185.002 или 45,5 посто. Првото признавање на независноста на новата држава доаѓа од Исланд, на осми јуни 2007. Ден- два подоцна независноста ја признаваат Естонија и традиционалниот црногорски сојузник Русија. Та не бадијала некогашниот крал на Црна Гора Никола Први ги мажи двете (од вкупно девет!) ќерки за најблиски роднини на кралското семејство Романови! Кралот Никола во паузата помеѓу државничките должности, слично на неговиот предок Његош пишувал пиеси и стихови. Една од неговите песни Онамо, Онамо некаде до почетокот на дваесетиот век беше и химна на Црна Гора. Никола ќе ги зајакне врските со Русија. По негова заслуга во Црна Гора ќе почне наголемо да тече руска помош во живи пари за образование и за други општествени цели, како и оружје за црногорската војска. Општо земено, за време на владеењето на кралот Никола Црна Гора (1860- 1914) почнува да фаќа каков-таков чекор со современиот свет. Актуелниот претендент на црногорскиот престол, доколку некогаш монархијата се рестврира, се вика Принц Борис Петровиќ Његош. Роден е 1980 година во Франција. Принцот Борис во 2005 година дипломирал на позната академија за декоративни уметности “École Nationale Supérieure des Arts Décoratif”. Живее во Париз и сонува еден ден да стане (ограничен со уставот) господар на Црна Гора. Кралот Никола бил просветен, ама апсолутист. Политичките противници ги ставал во затворот на островот Грможур на Скадарското езеро. Велат, пазел овде да лежат само непливачи. Скадарското езеро е национален парк кој што опфаќа 40.000 хектари. Самото езеро опфаќа 319 километри квадратни. На Црна Гора и припаѓаат 2/3 од езерото, а на Албанија 1/3. Во своите писанија римскиот историчар Тит Ливиј го споменува како мочуриште. Езерото е уникатен воден музеј на флора, фауна и историски споменици. Во него има 930 различни видови на алги, неколку видови на водени растенија како трска, рогоз, лотос... Во водената и мочуришната вегетација на Скадарското езеро има и неколку ендемски видови. Тука живеат и 39 опишани видови на риби и многу влечуги. Башка 264 видови на птици. Во јужна Европа овде е едно од ретките живеалишта на пеликани. Околу езерото кружи и некоја легенда за некој вид на животинче слично на Лох Нес. И да постои јас не го видов на крстарењето низ езерото со бродчето Лотос. Со мојата група семинарци на АТА се капевме насред езеро и одговорно тврдам дека водата е топла ко да е пуштена од бојлер. На островите на Скадарското езеро плови историјата на средновековната црногорска држава. На брегот на езерото и на неговите острови некогаш имало околу дваесет манастири, па затоа и


езерото го добило името Зетска Света Гора. Балшиќи, владетелите на Зета на островите подигале манастири за спас на својата душа. Така на островот Бешки има две цркви. Поголемата, Свети Ѓорѓиј и помалата, посветена на Богородица, која што ја подигнала Јелена Балшиќ како свој мавзолеј. Црква посветена на Света Богородица има и на осторовот Морачник. Манастирот го носи името на островот, прв пат се споменува во една повелба на Балша Трети од 1414. Се верува дека Балша е и ктитор на манастирот. Во 1843 година Турците ќе освојат три острови од Скадарското езеро: Грможур, Врањина и Лесендро. Његош или владиката Раде, како што народот го викал по неговото крстено име, неколку пати се обидувал да ги врати островите под црногорска контрола. Во војувањето немал успех. Отогаш постои и поговорката, употребувана кога некој жали за нешто “Изгоре ко владика за Лесендром”. Оваа година Црногорците сакаат да го промовираат Скадарското езеро како прифатливо место за добар годишен одмор. На телевизија видов спот кој што ги рекламира убавините на најголемото езеро на Балканот. Црна Гора полага многу во туризмот како стопанска гранка. - Во Црна Гора во последниве години доста се работи на развој на туризмот - вели Вељко Јованчевиќ од Центарот за претприемништво и економски развој од Подгорица. Мислам дека секој кој што барем еднаш дошол во Црна Гора ги видел нејзините природни убавини и културно- историските споменици, сака да дојде повторно. Досега е доста направено, но може и повеќе, вели младиот економист. Инаку според проценките Министерството за туризам во 2006 Црна Гора ја посетиле 400.000 странски туристи, а тоа е за 30, 40 посто повеќе од 2005. На пример во хотелот “Лидо” на улцињската голема плажа има 60 посто повеќе туристи од лани.Според Небојша Поповиќ, помошник министер за туризам сите показатели говорат дека оваа сезона ќе биде една од најуспешните, по бројот на гости и по остварените финасиски резултати. Според директорот на Националната туристичка агенција Саша Радовановиќ на почетокот на оваа сезона во Будва се очекува приход од туризмот во износ од 350 милиони евра. Могер е плажа во Будва слична на охиридското Градиште. Воглавно ја полнат млади луѓе кои што како и во секое летувалиште трагаат по летна романса. Меѓу Могер и Градиште има и некои разлики. Прво, може да се видат девојки кои што се сончаат топлес. Второ Могер е изгор скап за просечниот македонски џеб. Две литри Књаз Милош - две и пол евра! Се практикува и соц-реалистичката навика да се наплаќа капиталистичко евро за влез на плажата. Клиентелата различна. Забележливи се руските туристи кои што може да ги читаат ресторанските менија и реклами на својот мајчин јазик, па Срби и домашни Црногорци. Во сенката на карпата запознав едно битолско друштво. Со нив е и момчето кој што преку микрофонот во Инфинити во април ја побара за жена својата девојка. Заедно со неа беа на одмор и се надевам дека поминаа убаво. Не можам да се сетам на неговото име, ама ЕГО заради неговата храброст и оригиналност го наградува со овие неколку реда во текстов. Услугата по кафани во Будва, според моето скромно искуство - охридска. Сакајќи со моите пријатели да ручам во едно ресторанче во стариот град на Будва (мал лавиринт со симпатични тесни улички и камени куќи) седнавме во нешто што се рекламираше како коноба. Порачавме скара. По околу десетина минути дојде келнерот, веројатно и сопственик на конобата кој што љубезно не информира дека не може ќебапи, оти нема месо, па ај ако може да најдеме компромис во порција ражњичи. Финтата била како што ни рече дека тој фактички не форсира месо, туку повеќе морска храна. Сега ти објаснувај дека во менито пишува и чевапи. Со шише Никшќко пиво моравме и подолго да ја чекаме храната.


Никшиќко е домашно црногорско пиво, бренд во бивша Југославија и омилено помеѓу жителите на Подгорица. Никшќо натстрешници по кафичи, никшиќко постер реклами, никшиќко голд, никшиќко темно и светло... Црногорската престолнина ги чува спомените за куќата во која што се родил Борислав Пекиќ и храбро фаќа чекоро за иднината. - Црногорската економија е економија во подем, вели Вељко Јованчевиќ од Центарот за претприемништво. Од година во година Црна Гора бележи забележителен економски растеж. За тоа најмногу е заслужна либералната економска политика која што ја сприведува нашата влада. Општо земено имаме ниски даноци. Тука би ја спомнал ниската даночна стапка за данокот на добивка. Во последниве неколку години имавме странски инвестиции во туризмот. Во 2006 имавме 505 милиони странски инвестиции, а досега во тековната 2007 странските инвестиции се преку 650 милиони евра. Меѓу другото приватизиран е и комбинатот за алуминиум во Подгорица. Алуминиумот учествува со 40 посто во црногорскиот извоз. Со исклучително мали даноци ќе му конкурираме на целиот регион во привлекувањето на странски инвестиции, оптимистички финишира Јованчевиќ. Подгорица ја има улицата “Слобода” слична на битолскиот Широк Сокак. Тука има кафичи со извадени маси надвор и традиција на шетање+седење и пиење кафе. Подгорични имаат и улица посветена на жртвите на Голи Оток, што е навистина океј потег да им се одаде почит на настраданите во овој концентрационен логор. Има и саат-кула, ама во неа нема саат! Таксистот знаеше да ми каже дека е висока дваесет метри. Се пофали дека тоа морал да го учи кога полагал испит за таксист, ама не знаеше да ми каже каде е саатот! Во центарот на градот е кафичот Гринич. Стросан со темно-кафена дрвенарија, Гринич ги следи музичките традиции на рок музиката и хитовите на музичките ѕвезди на бивша Југославија како Филм, Азра... Јелена, активистка на невладина организација редовно доаѓа во Гринич. Вели дека и се допаѓа овде. Била во Скопје и воодушевена е од Охрид. По кафичи трешти музиката на најпознатиот Македонец Тоше Проевски. Црна Гора, земјата на поетот Његош ги пречека и испрати Ролингстонси. Велат дека на плажата Могер неколку дена пред доаѓањето на рок-диносаурусите осамнал транспарент со следниов текст: Са Ловчена вила кличе, добро дошао Џегер Миче! Црна Гора, карпи и жешко сонце, мирис на смокви, високи, тенки и убави девојки...Народ кој што е горд што никогаш не ги носел прангите на ропството. Некои места заслужуваат човек да се врати во нив. Барем неколку пати .


Америка – избори МЕГДАН ПОМЕЃУ МАГАРЕТО И СЛОНОТ!

Во населбата Falls Church во близина на Вашингтон дворовите со педнатно суредена трева во овој месец добиваат по малку чудни жители. Тоа се темно сини табли, во форма на правоаголник, широко околу поливина метар, со тенко стапче забодени во земјата. На староседелците верверички, кои што трачаат покрај дрвата барајќи нешто за јадење ( а за Денот на вештерките, ако домаќинката остави вистинска тиква пред врата може да и ја изглодаат целата само за да дојдат до семките), во овој октомври друштво им прават Таблите Обама – Бајден и Мек Кејн - Пејлин. Кандидатите за претседател и потпретседател на Демократската и Републиканската партија. Нивните имиња, испишани на таблички бесплатно се добиваат на пазарите на фармери, а стопаните на куќите кои што ги истакнуваат во своите дворови за ова, на мое големо чудење од македонска перспектива не добиваат ни цент. Тоа го прават веројатно за да го истакнат своето политичко убедување, или подршката на кандидатот што им лежи на срце. По продавници и на тезгите на трговските центри маички со Обама и Мек Кејн, привезоци,беџови, шољи со нивните ликови или имиња, во книжарници на посебен штанд биографии на претседателските и потпретседателските кандидати или книги пишувани за нив или против нив, малечки кукли на маскотите на двета партии, Магарето ( демократите ) и слонот ( републиканците ) Се очекува само 30, преку сила 40 проценти од американските гласачи во ноември да излезат на претседателските избори. Американците немаат цензус за валидност на изборите. Колкумина гласале – гласале, се бројат гласовите и се прогласува победникот. Кој не гласал, здравје може тоа да го направи по четири години. За да го оствари своето гласачко право секој Американец прво треба да направи мастрав и да се регистрира за гласање. Низ ходниците на вашингтонското метро и низ улиците на околните градови, ,активисти со различни иделошки убедувања и веројатно различен интерес ве убедуваат: Аман за аман, регистрирај се и гласај!


Регистрирањето, како што разбрав од една радио реклама во полза на Обама, може да се направи и преку Интернет. Американците не ја познаваат и практиката на предизборен молк. Политичка агитација е дозволена и на денот на изборите, а партиски активисти има и околу избирачките места кои што им сугерираат на гласачите за кого да гласаат. Како и секогаш ( попрецизно од 1960 година кога демократот Џон Кенеди, според некои го победи републиканецот Ричард Никсон, само поради тоа што делувал помладо и попривлечно од својот противкандидат) телевизијата е главниот медиум каде што кандидатите ќе се ги одмеруваат силите. На три дебати се сретнаа Мек Кејн и Обама, а потпретседателските кандидати Џо Бајден и Сара Пејлин на една. Барем според моите сознанија, слично како и кај нас дебатите не влијаат премногу врз одлуката на гласачите. Повеќето од нив горе – долу веќе одлучиле за кого ќе гласаат. Дебатите се одржуваат во салите на универзитетските кампуси - кои што според сфаќањата на Американците се неутрален терен. Барак Обама, афро – американски сенатор од Илиноис, дете од мешан брак помеѓу Американка и Кениец, себе си се претставува како човек на новото време. Инаку, во целокупната историја, во американскиот сенат седеле сам�� тројца црни сенатори. Јавноста, прв пат го запозна на изборната конвенција на Бил Клинтон, кога Обама одржа забележителен говор.Бившиот уредник на престижно списание посветено на правните науки, својот пат низ животот го градел школувајќи се на реномирани универзитети . Работел во адвокатска фирма, како активист за човекови права и предавач на правни науки на ценети факултети. Републиканскиот кандидат Џон Мек Кејн, ја турка сликата на бунтовник со причина кој што е спремен да ги поднесе сите жртви за општото добро. Во своите политички реклами, Мек Кејн ги потсетува Американците дека по многу прашања не се согласувал со Џорџ Буш и со неговите сопартијци. - Сум работел на многу корисни проекти во Сенатот со моите пријатели републиканци и демократи, и партизанското однесување ( Американците велат партизан за партиски војник ) никогаш не ми било својствено – истакна Мек Кејн во една од дебатите со Обама. Мек Кејн, кој што потекнува од семејство на високи офицери на американската војска, пет години поминал во виетнамски заробенички логор. Како син на адмирал, му било понудено да го напушти логорот. Мек Кејн ова го одбил: - Дури се тука моите другари останувам и јас. Мек Кејн и Обама ја ораат земјата и ги кршат копјата околу прашања од типот на војната во Ирак, Авганистан, Ал–Каеда, социјалното и здраственото осигурување, економскатата криза, образованието на младите генерации, оданочувањето... Во нивните политички ставови им се брои и претходното изјаснување на теми од типот на употреба на алхохол, дрога ( Обама призна дека во младоста користел марихуана и тоа го нарече негов најголем морален пад ), прогласување на денот на Мартин Лутер Кинг за државен празник ( Мек Кејн прво одбил да го подржи ваквиот предлог, за подоцна јавно да се извини и да признае дека згрешил ), абортус, односите со Русија ( Во очите на Путин гледам три букви: КГБ, рече Мек Кејн во една од дебатите), Куба, Северна Кореа... Барак Обама, доколку биде избран за претседател, ветува дека во 2010 послединиот американски војник ќе го напушти Ирак. Мек Кејн во април 2008 изјавил: „Како претседател ќе се потрудам нашите трупи од Ирак да се вратат дома како победници од војната која што еден дел од големата борба против радикалниот исламски екстремизам и напорот нашата нација и понатаму да биде безбедна ќе биде мојата главна цел“. Џон Мек Кејн во својата кампања ја претставува старата добра Америка, онаа која што Винстон Черчил ја нарекуваше „ Големата Република“. Тој сака да им го стопли срцето на своите сограѓани потсетувајќи ги дека уште постојат луѓе како него, кои што ќе ги нашлапаат лошите каубојци лажгото на карти ќе го фатат за уши и од парабродот на Марк Твен ќе го фрлат во Мисисипи, и повеќе со стап, а помалку со морков ќе се справат со новите Индијанци во ликот на Бин Ладен.


Зад Барак Обама, покрај неговите Афро–Американци, стои Америка на кинеските, либиските, пакистанските, виетнамските ресторани, и на стотици други народи кои што во потрага по подобар помин дошле да им ја продаваат својата храна на Американаците. Америка во која што е сосем нормално на улица и во продавница да се зборува на шпански, а по стоковни куќи да пазарат госпоѓи на кои што религијата им налага во јавност да се појавуваат само со врзна шамија на главата. И самиот полу – имигрант, со него веројатно се идентификуваат повеќето од оние чии што дедовци се по тазе дојдени во Америка во потрага по подобра живеачка. Етаблирани адвокати, професори, високо образовани државни службеници, собрани околу Демократската партија и идеологијата на американскиот либерализам навиваат за Обама. Тој ја има и предноста во анкетите. Но американските избори се како американскиот фудбал ( кај нас познат како рагби ) – во една секунда може да дојде до промена на резултатот.


Чесни мажи со добри срца!

Тие не се нељубезни и строги, онака како што ги опишува филмот “Сведок” со Харисон Форд. Амишите во Ланкестер, Пенсилванија се дружељубиви, насмеани и за некој долар ќе ве повозат со коњска запрега низ нивните имоти. Знаат за Македонија ( “Да, тоа е земјата која што се наоѓа северно од Грција” ). Во секојдневниот живот не користат струја за ниту една потреба и одбиваат да се фотографираат. Амишите втората божја заповед ја земаат здраво за готово: “Не прави никаква слика според ликот на она што е на небото, ни според она што е на земјата, ниту пак според она што живее во водата” . Затоа секое фотографирање од страна на туристите го сваќаат како ептен сериозна повреда на нивниот закон. Нивните сваќања и начин на живот, целосно се базираат на христијанството, се разбира онака како што самите Амиши го поимаат. Приказната за Амишите започнува пред околу тристотини години во Европа; - Нашите предци дошле од Швајцарија во Новиот Свет, ми рече Ејмус, Амиш кој што со својата запрега, мене и уште десетина туристи не повози низ комплексот на амишки фарми. Амишите водат потекло од протестантската конфесија позната под името Анабаптисти. Некои историчари сметаат дека во средниот век, Анабаптистите ја обновиле и промовирале античката идеја за демократија. Во протестантската Швајцарија, каде што воглавно доминирале протестантските следбеници на Калвин и Цвингли, Анабаптистите биле сметани за религиозни и општествени радикали. Тие се противеле на неодвоеноста на црквата и државата, а мислеле дека крштевањето треба да се прави во постари години. За официјален датум на нивното создавање се смета 21 Јануари 1525. Анабаптистите биле прогонувани од католиците и од протестантите. Илјадници од нив изгинале во овие прогони. Засолниште наоѓале во шумите, но и во солидарноста на соседите.Се претполага дека во шумите ги држеле и своите богослужби. Од таму и амишката традиција, богослужбите да се одржуваат во приватни куќи а не во некоја зграда која што би била официјален храм. Принципот е следниов: секоја недела едно семејство е должно да подготви храна за припадниците на својата конгрегација. Тие доаѓаат кај нив на гости и тука се одвиваат религиозните обичаи плус ручек и дружење. Наредната недела кај друго семејство и така со ред. Иако целата нивна култура е базирана на христијанството, Амишите не бараат големи квалификации за свештеник. Двајца членови на заедницата може да го предложат било кој машки припадник на конгрегацијата за нивен свештеник. Како што е забележано во книгата A quite moment in time, A contemporary view of Amish society од Џорџ Крепс, Џозеф Донермајер и Марти Крепс за Амишите единствен критериум при изборот на свештеници е тоа да бидат “чесни мажи со добри срца”. Мажи, жените не може да се кандидираат за свештеници. Сепак тие може да даваат предлози за оваа функција. Воопштено, кандидатот за свештеник треба да биде добар пример за придржување до амишките вредности и вера. На крајот сите кандидати се собираат во една соба во каде што се наредени онолку книги со религиозни химни колку што има кандидати за свештеничка служба. Секој си одбира по една книга. Оној кој што ќе ја одбере книгата во која што има ливче со цитат од библијата, тој е новиот свештеник! Во ливчето обично се наоаѓа следниов стих: “ ... Господе, ти кој што ги познаваш срцата на сите луѓе, покажи ни ги двајцата кои што си ги одбрал за да го завземат местото на свештеник... “ Потоа, веројатно дека свештеникот може да дотурка до бискуп на амишката заедница. А бискупот, може да одредува кој може да вози тротинет! Да, со оглед на тоа дека нивниот закон им забранува да возат автомобили, Амишите возат тротинети низ нивните имоти. Со нив се појавуваат и на автопатот и решително фаќаат пат за до кај првиот комшија. Ејмус, нашиот bagy driver, или по наши пајтонџија


ми кажа дека неговата сестра е мажена во заедница слична на Амишката, заедницата на Менонитите. Амишите и Менонитите во Европа биле едно семејство - Анабаптисти. Со текот на времето, помеѓу Анабаптистите се појавиле разлики во врска со некои религиозни прашања. Внатрешниот конфликт во 1693 година ќе финишира така што лидерите на двете спротивставени фракции, едни со други ќе се екскомуницираат. Денес Менонитите се сметаат за полиберални, а Амишите за поконзервативни. Мерилото при ваквите квалификации е технолошкиот прогрес. Според авторите на “A quite moment in time”, не може да се застане зад ставот дека Амишите стриктно следат едни правила, а Менотитите строго се придржуваат до други принципи. Постојат варијанти, на пример некои менонитски конзервативни групи, по својот начин на живот многу се поблиску до Амишите, отколку до Менонитите. Но сепак по некои прашања постојат јасно дефинирани разлики. На пример Амишите многу повеќе се трудат да се дистанцираат од американскиот начин на живот. Менонитите, со текот на времето се доближиле до живеење слично на нивните соседи, припадници на останатите протестантски конфесии. На пример Менонитите имаат цркви, а Амишите како што кажав немаат. Менонитите возат коли, а Амишите одбиваат да го прават тоа. Менотите користат трактор, Амишите ораат со плуг. Менонитите не се придржуваат до строго носење на традиционалнта облека, Амишите никаде не мрдаат без своите големи шешири. Голем дел од оние Амиши кои што одби��аат својот живот да го поминат на ист начин како своите родители, се решаваат да им се придружат на Менонитите. Во Амишката заедница се пристапува со церемонијата на крштевање. Крштевањето значи и прифаќање на амишкиот начин на живот. Книгата “A quite moment in time” вели дека родителите и целата амишка заедница го охрабруваат, но не го принудуваат подмладокот да остане во заедницата. Пред тоа, барем на повеќето од нив, им се овозможува живеење во надворешниот свет. На пример преку работа во фирма која што ја поседува не - Амиш или преку тоа што некое младо дете ќе си купи кола ... Овој период од животот, Амашите го викаат Rumspringa. Во слободен превод на македонски би звучело младост - лудост. Според документарецот на авторката Луси Вокер Devil’s Playground во румспрингата, може сешто да се случи. Покрај стандардните тинејџерски шеми, девојки, дечковци, секс & рокенрол, некои млади Амиши заглавуваат и со дрога. Крштевањето се изведува во последините години од тинејџерството или пак раните двасетти. Околу осумдесет деведесет проценти од младите Амиши се решаваат да останат и да живеат во заедницата и да го следат патот на бога и нивните родители. Покрај стравувањата на родителите дека надворешниот свет ќе им ги испорасипи децата, големата бројка на оние кои што ќе одлучат да се крстат, зборува дека тоа се неоправдани стравови. Се претпоставува дека дури кога Амишите нема да се решат за крштевање, сепак си тераат мирен живот според христијанските принципи. Амишите, може грубо да се дефинираат како култура која што се придржува до одреден начин на живот, базиран на нивната интерпретација на христијанството. Во Европа денес не постојат. Голем дел изгинале во прогоните, а дел се асимилирале. Вилијам Пен, по кој што и го добила името сојузната држава Пенсилванија, имал намера во новиот свет да направи оаза на толеранцијата. Така мислел дека најдобро ќе биде на имотот кој што го добил од англискиот крал, да ги насели европските репресирани религиозни групи. Ги повикал Амишите да дојдат во Америка, земја каде што нивната вероисповест ќе биде толерирана.


Во 1737 година првата група на Амиши, со бродот “Шармантната Ненси” ( малку неморално име, барем за амишки вкус) ќе допловат во Америка. Ќе се населат во Ланкестер, Пенсилванија, кој што денес е една од најголемите Амишки заедници во Америка. Започнува американската авантура! II Првата амишка заедница ќе биде формирана во областа Беркс, Пенсилванија. Со текот на времето амишки заедници ќе се формираат во соседната Канада, потоа во Алабама, Делавер, Илиноис, Индијана, Канзас, Тенеси...Ланкестер во Пенсилванија е најпознатата амишка заедница во Америка. Во Ланкестер,во споредба со другите заедници, Амишите и најмногу остваруваат приход од туризам. Луѓето кои што не припаѓаат на нивната заедница, Амишите поради јазикот ги нарекуваат Англичани. (На зафрканција едне Амиш ми рече дека гарант се викам Џорџ). Тие не се непријателски настроени кон нив, но сепак се трудат да бидат одвоени од Англичаните. Самата суштина на постоењето на Амишите е поврзана токму со ваквото одвојување од неверниците. Во овој поглед, Амишите се повикуваат на цитатот од Библијата: “Немојте да имате никакви врски со неверниците. Зошто, што имаат заедничко праведноста и изопаченоста? Или пак можат ли светлината и мракот да бидат пријатели?”. Во одбрана на својот начин на живот тие ги цитираат и стиховите од Коринтјаните: “Излезете од нив и живејте одвоено, им рече Бог”. Така, Амишите не употребуваат струја, не затоа што ја сметаат за дело на ѓаволот, туку затоа што на тоа гледаат како воспоставување на контакт со Англичаните. Во секој случај, употребата на струја во некои амишки заедници може да се толерира. Притоа се преферира струјата да се произведува на амишката фарма, а не да се зема со поврзување со надворешниот свет. На пример за струја, Амишите користа и батерии од дванаесет волти. Се смета дека Амишите стравот од струјата го поставуваат како брана за лошите навики на современото општество. Со струјата доаѓа и телевизијата, а со неа и конзумеристичкиот начин на живот. Конзумеризмот би предизвикал некој амишки натпревар во богатење и веројатно тоа би било крај за амишката култура и постоењето на Амишите. Горе- долу повеќето амишки фарми прават некакви компромиси со употребата на современата технологија. Некои семејства имаат фрижидери на керозин. Дозволата за употреба на современа технологија, која што за нивните соседи не - Амиши е секојдневие, кај Амишите мора да биде одобрена од црковните старешини. Предлог некое техничко парче да влезе во животот на Амишите треба да даде член на заедницата. Барањето, мора да биде поткрепено со аргументи дека се работа за направа неопходна за успешно водење на некој бизнис и просперитет на Амишите. Не доаѓа во предвид да се бара употреба на некој изум кој што би служел единствено за забава. Така, може да се користи машина за косење на трева, ама да е движена од човечка рака. Амишите, без да му се мислат прифаќаат нова машина за работа на нивната фарма, но само ако таа може на некој начин да се движи со човечка рака или коњска запрега. Целокупниот живот на Амишите се одвива според збир на непишани правила кои што усно се пренесуваат од генерација на генерација и се викаат Ordnung. Би требало да се чита како “отнинг”. Секоја амишка заедница си има свои посебни правила. За нив и нивната примена решаваат локалните религиозни лидери. Некои Амиши на пример дозволуваат да има сигнално светло на задниот дел од кочијата, некои пак не. Некои практикуваат да ставаат ретровизор на својата кочија, некои сметаат дека тоа е неправилно. - Нашиот Ordnung создава мир, љубов, посветеност, еднаквост и единство - вели еден амишки свештеник. Тој создава желба за заедништво и пријателство. Ги зајакнува брачните врски, го поддржува заедничкиот живот на семејството, го охрабрува семејството да учествува во религиозниот живот и да не комуницира со надворешниот свет. ( Од книгата на Доналд Крајбил “Мистеријата на Амишите”). Прописите на Ordnung на поединецот му советуваат да води живот посветен на бога, семејството и заедницата. Во заеднички правила , кои што горе - долу важат за сите амишки заедници спаѓаат:


одвоеност од надворешниот свет, напорна работа, подреденост на жената во однос на сопругот, соодветен начин на облекување и константно одбивање да се има осигурување на животот. Со принципите на социјалната заштита на американското општество, Амишите си имале мака. Како што реков, тие одбиваат контакт со надворешниот свет. Па, така нивните верувања не им дозволуваат да издвојуваат пари за социјално осигурување, кое што во постари години ќе им овозможи примање на пензија. Во 1965 година американскиот Конгрес ќе донесе закон кој што ќе им го загарантира ова право. Според овој закон, Амишите доколку не работат во фирма надвор од нивниот свет, не мора да плаќаат социјално осигурување. А и самата заедница има развиено чувство за грижа на старите лица. Така младата генерација ја превзема грижата за постарите, кои што најчесто живеат во посебна куќа, блиску до младиот брачен пар кој што ќе изроди еден куп деца. Амишите, децата ги сметаат за дар од бога и најчесто нивните семејства се многудетни. Оваа нивна карактеристика ја одржала заедницата цели три века, а веројатно ќе ја одржува и во иднина. Со многуте деца за Амишите ќе се појави и еден друг проблем. Американскиот систем бара обврзно основно образование за секое дете. Амишите ова го одбиваат, оти е спротивно на нивното сваќање да немаат контакти со надворешниот свет. До почетокот на дваесетиот век Амишите без проблем ги пуштале своите деца заедно со останатите да одат на школо. Проблемот настанал кога Америка почнала да се индустријализира и менува. Ова довело до промена на наставните планови и воведување на предмети кои што на младите Американци им давале знаење за да се адпатираат во новата Америка. Амишите заклучиле дека за нивните деца нема ништо корисно во новиот образовен систем. Разни начини на принуда од властите во повеќе сојузни држави биле применувани кон родителите затоа што не ги испраќале своите деца на школо. Најголем дел од Амишите своите деца ги едуцирале во училишта организирани од нивната заедница. Во ноември 1965 година, во Ханзелтон, Ајова имало обид од страна на локалните власти децата од амишкото училиште со сила да бидат втерани во школски автобус за да се однесат во државно училиште. Повеќето дечиња му ја дувнале и се скриле во полето со пченка. Тука се нашол и некој фотограф, кој што направил фотографии од настанот. Многу весници објавиле фотографија на Мали Амиши што трчаат кон безбедноста на полето насадено со пченка; јавното мислење застанало на страната на Амишите. За многумина Американци ова било нарушување на еден од основните принципи на нивната земја - слободата на вероисповед. Во мај 1972 година Врховниот суд на САД донел одлука според која принципот на одвоеност на црквата од државата им го гарантира на Амишите правото да бидат ослободени од обврската да ги испраќаат своите деца во државни училишта. Според книгата A quiet moment in time ( Џорџ Крепс, Џозеф Донермајер и Марти Крепс) малите Амиши денес одат во училишта кои што се речиси исти со оние кои што нивните прадедовци ги напуштиле на почетокот на дваесетиот век. Тие се состојат од една просторија, која што е училница. Тука покрај читање, математика и се она што подразбира основно образование во цел свет, амишкиот подмладок има и предавања поврзани со библијата. Покрај мајчиниот германски, децата учат и англиски кој што им овозможува подобро да се снајдат во надворешниот свет. Германскиот, кој што Амишите го користат во секојдневната меѓусебна комуникација е и средство за одржување на идентитетот на заедницата. Амишката заедница има претрпено и обвинувања за сексуална злопотреба на деца Според Википедија, бројот на злоупотребени деца не е поголем од бројот на децата со слична судбина во други општества. Како поспецифичен проблем се јавува тоа што дел од Амишите сакаат да веруваат дека таков престап може да се случи само во лошиот свет на Англичаните. Википедија наведува дека казнување со екскомуникација од заедницата ( shun ) понекогаш се применува и врз жртвите кои што проговориле за своите проблеми. Екскомуницирањето - shun се врши врз оние кои што се огрешиле во законите на амишката заедница. Казната се применува само врз оние кои што со крштевање пристапиле кон верата на Амишите. Оној кој што е екскомунициран, мора да ја напушти заедницата. Екскомуникацијата се применува како последна мерка. Пред тоа црковните лидери се трудат да најдат некое решение за човекот кој што се огрешува во амишките закони. Ако се констатира искрено покајување, екскомуницираниот може да се врати во својата заедница. Прељубата, или по наши швалерај, кај Амишите се смета за еден од


најголемите гревови. Амишите и нивниот начин на живот го привлекуваат вниманието на филмаџии, научници, писатели... “Сведок” е популарен филм од пред повеќе од дваесет години. Дејството се врти околу момче - Амиш, кое што е единствениот очевидец на убиство. Покрај филмови поврзани со животот на Амишите, снимени се и многу ТВ - серии, дел од нив класични американски комедии. Amish fiction или по наши Амишка проза е посебна категорија на on line продавницата за книги Амазон. На прв поглед, во 189 наслови прикажани на сајтот на Амазон како Amish fiction има љубовни романчиња, книги за млади читатели, детективски романи... Дејствието се одвива во амишките заедници или во содржината е вметнат протагонист Амиш. Џон Хустетлер (1918 - 2001) е најпознатиот проучувач на Амишите. Роден во конзервативна амишка заедница во Пенсилванија, Хустетлер во тинејџерските години ќе свати дека повеќе сака да чита книги отколку да ора земја и да живее во согласност со амишките закони. Никогаш не се крстил, а со тоа не станал ни Амиш. Животот го посветил на истражување и објаснување на амишката култура. Неговото име и книги се синоним за авторитет во научната мисла која што се занимава со проучување на Амишите. И на крајот - дали некој од надвор може да пристапи во Амишката заедница? Амишите немаат зацртано цел да евангелизираат и да ја шират својата вера. Во теорија дозволено е примање на членови од не - амишки семејства, но во пракса тоа се случува многу ретко. Конвертитот како прво мора да го научи нивниот германски дијалект. Потоа целосно да го прифати начинот на живот на Амишите. А да си речиме искрено, колкумина од нас може да живеат без струја, телевизија, автомобил, мобилен и ( не дај боже) интернет? При оваа констатација, авторот на текстов, тргнува прво од себе. П.С. Најсакани егоисти ова е крај на серијалот за Америка. Во повеќе од десет репортажи се трудев да ви претставам мал дел од големата Америка. Последните редови ги користам за да им се заблагодарам на мојот брат Игор Петровски и неговата девојка Ивон Феј за тоа што ме прошетаа низ мал дел од големиот експеримент наречен Америка. Без нив и без мојот напор да сменам 4 авиони во 24 часа овие текстови немаше да постојат.


ПИВОТО ВО ЧЕШКА

Шо е финтата со пивото во Чешката Република? Прво, ефтино е, дури и за македонскиот плиток џеп! Второ ретко да постои локал во Прага кој што нема пиво на точење. Пиво точено имаат и трафики - сендвичари и fancy кафичи во центарот на градот. Трето, Чесите сакаат да го пијат; во 1995 година измерено е дека еден Чесите испиле 161 литро пиво по глава на жител. Нивните комшии Словаци, со кои што до 1993 година живеаа во иста држава (и цивилизирано се разведоа) преферираат да пијат вино. Првиот кувар за традиционални чешки манџи пишуван од Магдалена Ретлигова, нуди и рецепт за супа од пиво! Реков, ефтино е! На туристичките локации, како на пример Карловиот Мост или стариот дел од градот, каде што според правилата на дејноста туризам би требало да ги одерат туристите може да се добие половина литар пиво во пластична чаша за нешто помалку од сто денари. Стандардна цена на светлото пиво во Прага би била околу педесет-шеесет денари. Екипата Македонци, нормално пронајде една зелена трафика, која што веднаш ја именуваше како Кај Бомбата и каде што половина литар пиво во пластична чаша се добиваше за тро подолу од педесет денари. Плус сенки, домаќинска услуга, скара, питулицата со лук брамборек и добро кафе! Чесите во врска со пивото изградиле и урбани легенди. Во книгата на Мајкл Џексон „Водич низ пивата во светот“ наведена е една од поинтересните. Таа вели дека пивото овозможува подолг живот. Пивото, според оваа урбана легенда го топи алуминиумот во телото и така ги намалува последиците од процесот на стареење. Башка, според оваа теорија пивото го намалува и ризикот од Ајцхалмерова болест! За волја на вистината, Чесите имаат една од најмалите стапка на заболеност од оваа болест во Европа! Википедија дава податоци според кои првата регистрирана пиварница во Чешка е во Брно во 1118 година. Денес најпознатото чешко пиво се прави во градот кој што на чешки звучи како П`лзен, а ние го знаеме во неговата германска варијанта на името Пилсен. Во 1842 година, пиварницата во Пилсен ќе го вработи пивскиот мајстор, Јозеф Грол. Грол ги знаел, во тоа време новите финти за ферментација на светло пиво. Се смета дека во тоа време чешкото пиво не било бог знае какво, но со доаѓањето на Грол бизнисот за производство на пиво тргнал за напред. Истата година, Грол ќе го исферментира (свари) првото светло Пилснер пиво во светот. Пивото веднаш постигнува успех и почнува да се дистрибуира низ целата австриска имеперија. Секое утро, специјален воз со пиво тргнувал од Пилсен кон Виена.


Познат бренд е и Бадвајзер, омилено пиво на американските рагбисти во тинејџерските филмчиња и серии. Бадвајзер, во суштина е името на градот кој што на чешки отприлика би бил Чешке Будејовице. Едноставно, сопствениците биле Германци, па така и го именувале своето пиво според изговорот на името на градот на нивниот јазик. Подоцна некој батка од Европа ќе емигрира во Америка и ќе почне да го користи брендот на Бадвајзер за да си прави свое пиво. За време на комунизмот, малку се вложувало во нови технологии за производство на пиво. Веројатно се сметало дека работниците како владеачка класа ќе почнат да пијат отпојќе пиво и со тоа да ја однесат државата на крив пат. Википедија наведува 21 фирма која што во Чешката Република денес се занимаваат со производство на пиво. Одредени сајтови на интернет наведуваат веб-адреси на стотина пиварници, веројатно дел од нив се од помал обем. Кое пиво е најдобро? Претседателот на Асоцијацијата на чешките пиварници на Антон Крачешвил мудро појаснува. Издвојувањето на едно пиво како подобро од друго е бесмислено - како да ги оценувате жените според бојата на косата, оти некои мажи сакаат русокоси, а пак некои црнокоси! Иако на пазарот влегуваат и странските големи пиварски компании со увоз на своите пива, сепак Чесите им се лојални на домашните брендови. Ми се чини дека Чесите се поврзани кон пивото повеќе отколку Србите кон сливовицата, Македонците кон мастиката, или Грците кон узото. За нив пивото е некој вид на национална гордост, а купувањето домашно пиво патриотски долг. Се разбира, заборавив да ви кажам дека домашните чешки пива се далеку поефтини од увозните.


За Мечето Ушко, Прага, YMCA, Мексиканците, Американците, Англичаните, Швајцарците, Холанѓаните ... За сите оние кои што израснаа во комунизмот, следново е факт: во бившата Чехословачка се правеа најдобрите детски играни и цртани серии. Секое дете, родено кон крајот на седумдесетите од минатиот век во Македонија, сонуваше барем на кратко да се добере до прстенот на Арабела. Мечето Ушко, произведено во комшиската Полска, ги јадеше сите филозофи од Сократ до Сартр во предметот другарска етика. Секој понеделник, во 7:15 Ушко заедно со магаренцето, прасенцето и две малечки плавуши ќе решеше некој важен проблем. Потоа си ги облекуваше своите пижамчиња и седнат на своето креветче ќе одржеше морална беседа, најчесто за правилата на другарството. Ушко, ревносоно, преку личен пример ја проповедаше здравата навика на легнување во пристојно време. Нашите родители , додека Ушко се превртуваше во своето креветче додека го фати сон, доследно ја спроведуваа неговата порака: ај си легна мечето, легни си и ти. Во главниот град на Чешката Република - Прага, годинава од 3ти до 9ти август се одржа фестивалот на YMCA Европа. Илјадници членови на YMCA од целиот свет се собраа во паркот Виставиште во Прага, каде што можеа да ги презентираат своите активности. Мексиканци со своите огромни сомбрера, штандот на шкотската YMCA на кој што ми дадоа ливче на нивна молитва преведена на македонски јазик, норвешката YMCA од каде што си купив одлично дизајнирана маичка, Англичаните кои што знаеа за Битола, Американци кои додека чекаме трамвај ме прашуваат дали сум слушнал за Ричмонд во Вирџинија (задоволно се смеат кога им кажувам дека брат ми живее во блискиот Арлингтон), Холанѓани кои сакаат да слушнат каде е Македонија, Швајцарци кои што внимателно ме слушаат додека над картата на Македонија во кратки црти им објаснувам кои сме, кај сме и што сме и мал милон настапи на уметници и забавувачи одцел свет. Кафе во трговскиот центар Чодов, шетање низ историскиот локалитет Вишеград, стотици фотографии на К а р л о в и о т мост, авантура низ прашките улици кога ние неколкумина залутавме ни сам не знам каде, и користејќи го она што ни е достапно како ноќна варијанта на јавен превоз се прибравме во студентскиот дом во Јужно Место дури во четири и пол наутро. Малечка плочка со пејсаж од планина во Русија која што едно девојче ми ја подари додека набрзина проаѓаше покрај мене. Одвај стигнав да и кажам фала. Дома се испостави дека е магнет, па така една руска планина сега седи закачена на мојот фрижидер. Ако го читаш текстов уште еднаш - фала! Парче проѕирна пластика, кое што го добив во шаторот на YMCA Трансилванија на кое што пишува: „Благословен си кога се грижиш“. Многуте пријатели од Америка со кои што истеравме пат од Скопје до Прага. Добро е што имавме проблеми на граница, оти маката ги зближува луѓето. Па како поинаку ќе станевме пријатели во толку кратко време? Денот кога фестивалот се пресели пред катедралата на Света Људмила, чешката кралица која што го примила христијанството од словенските просветители, солунските браќа Свети Кирил и Методиј. Зората во Скопје, кога чекајќи го возот за Битола, го испивме најдоброто макијато од сендвичарата на железничката станица. Едно е сигурно – Чешка не е само земја каде што живее принцезата Арабела. Во нејзиниот главен град, годинава се одржа YMCA Фестивалот 2009.


170 јазици во Њујорк, Њујорк!

Жолти такси јурат без никаков ред, рикша- точак се мотка помеѓу колите дури чекаат на семафор и толпи луѓе кои што брзаат некаде. Вака отприлика изгледа Њујорк, попрецизно Бродвеј во една августовска ноќ годинава, некаде кон единаесет часот. Не знам дали Големото јаболко никогаш неспие, ама видов еден бездомник како си дремка на скалите од една зграда. Во гужвите, кои што по малку наликуваат на априлска сабота денски на Широк сокак, се слушаат англиски, шпански, полски и еден господ знае какви не јазици. Според Википедија жителите на Њујорк зборуваат околу 170 јазици! Како овде повторно да се собрале сите народи од планетава за по втор пат да пробаат да ја извишат кулата вавилонска, а ако неа ја нема, тогаш како утеха за неуспешниот проект на човештвото од Вавилон, низ Њујорк вишат големите облакодери. Нив во хартија, во цртеж, за два - три долари ги продаваа продавачи кои што меѓу себе си се разбираа на руски јазик. Холандски не слушнав, иако самиот град своето постоење им го должи на Холанѓаните. Ама, ако одиме во детали, човекот што прв го боцнал знамето на Кралството Холандија на почвата на денешената сојузна држава Њујорк е Англичанецот Хенри Хадсон. Градот не го добил името Хадсонленд ( Хадсдон подоцна ќе се именува една река во Америка) туку Нов Амстердам. Една поголема територија околу него долго време се нарекувала Нова Холандија. Во Англо- Холандската војна ( 1665- 1667 ) двете големи сили ќе најдат мунасип во размената на колонијални територии. Во оваа војна стапот ќе го јадат Британците па една просперитетна колонија во денешна Индонезија ќе мора да ја трампат за Нов Амстердам, тогаш само малку повеќе од село. За време на американската војна за независност Њујорк бил упориште на Индијанската федерација на племињата Ирокези. Четири од племињата се бореле на страната на Британците, а две биле сојузници на американските бунтовници. Во 19 век во Њујорк, како еден од главните индустриски центри на Америка ќе нагрнат емигранти од секое делче на планетата. Преку островот Алис, кој што во тоа време бил некој вид на Шенген центар, емигрантите ќе влегуваат во Новиот свет. По кратката процедура на брза администрација и медицински преглед станувале Американци. Шареноликоста на народи, ем сите различни, ем сите Американци е денешната најкарактеристична особина на градот. Емиграцијата во наше време опфаќа луѓе од Доминиканската Република, Кина, Јамајка, Гвајана, Пакистан, Еквадор, Хаити, Тринидад и Тобаго, Колумбија и Русија. Најголемата еврејска заедница надвор од Израел е во Њујорк. Истото е со Порториканците најголемата нивна комуна надвор од матицата е њујоршката. Четвртина од денешните Native Americans или по наши


Индијанци живеат во Њујорк. Од сите градови во Америка, Њујорк има најголема популација на Афро Американци. Голема заедница имаат и Индијците. Една од постарите емигрантски заедници е ирската. Според едно генетско истражување се смета дека на секои педесет њујорчани има еден со ирска крв. Во првата половина на деветнаесетиот век, доаѓајќи во Њујорк, оваа заедница своето место под сонцето ќе си го бара преку политичкиот клуб “Тамани Хол”. Тоа бил локална подружница на Демократската партија, организирана во форма на корумпирана политичка машинерија но, сепак на сиромашните Ирци им давала каква- таква перспектива. Се сеќавате најдраги егоисти, “Бандите на Њујорк” говорат токму за овој период од американската историја, кога криминалот и политиката беа едно те исто. Финале: Њујорк е светско чудо на современиот свет. По илјада години гарант ќе го има статусот на пирамидите во нашево време. Во него бев на пропатување околу час и половина. Вреди да се види, без сомнение, како што многу работи треба да се видат во текот на животот. Веројатно тоа е едно од ретките места каде што можете да видите човек во костум на Спајдермен како оди на работа. Но, Њујорк е премногу голем и конфузен за градско дете од Битола, и според мојата американска локација селско дете од Вирџинија. Во авионот патував со едно момче, младо даскалче по географија и психологија од Канзас, кој што ми рече дека иако многу сака да патува никогаш не бил во Њујорк. Патем речено, детево го исправаше патот од Кенија за дома, а ми кажа дека ништо не го трга да прошета помеѓу облакодерите на Големото јаболко. Кој како сака и како што му чини. А во земја од триста милиони луѓе, човек може и да си дозволи избор.


Маунт Вернон-куќата на револуционерот

Што да се каже и напише за земја која што најбитната личност во нејзиното постоење ја става на огромно лижалче? Сакајте верувајте сакајте не, најдраги егоисти ама лижавче со големина на есенско јаболко со втиснат профил на Џорџ Вашингтон се продава во музејот на куќата на првиот американски претседател. Не знам дали во Македонија може да се продава лижалче на пример во облик на Љубчо Георгиевски. Или на пример Киро Глигоров. Љубчо во црвено- црна варијанта, а пак Киро во сино- жолто а? Ако некој пак пред триесет години би пробал да шитка на Кркрдаш лижавче со облик на Јосип Броз, веројатно не му гинеа пет- шест години во Идризово. Џорџ Вашингтон за кој што неговиот соборец од Американската револуција Хенри Ли рекол дека меѓу Американците бил прв во војната, прв во мирот, го држел првото место во срцето на секој Американец, денес е прв во лижавчињата во Америка. Тие се продават во музејот на неговата плантажа. Куќата, со голем дел од околината како на пример амбарот, градината и живеалиштата на робови се уште постојат и се отворени за туристи. Тука таткото на Америка го проживеал својот век, со исклучок на периодите на својот живот кога бил војник или претседател на држава. А Вашингтон во суштина бил нешто меѓу политичар и војник. И како војник не бил Наполеон. Вашингтон во американската историја вкнижува три победи од девете битки што ги водел во текот на војната за независност. Но генералот на американската војска имал способност на која што признание и одавале непријателските британски весници. Вашингтон успеал да ја одржи својата војска во текот на осумте година на Американската револуција за независност( 1775- 1783). Континеталната армија, послабо во секој поглед од Британската империја, константно страдала од порази и неединство. Во април 1775, кога веќе се знаеше дека ќе има војна помеѓу американските колонии и Британија, Вашингтон се појавил пред претставниците на Континенталниот конгрес во унформа. Без многу дилеми на предлог на Џон Адамс бил избран за главен командант на континеталната армија. Вашингтон бил илјадници милји далеку од ренесансниот дух на еден Томас Џеферсон, исто така плантажер од Вирџинија. А во споредба со иноваторскиот дух на мојот колега новинар Бенџамин Франклин Вашингтон навистина делува неимпресивно. Во Маунт Вернон, се уште постои големата библотека на првиот американски претседател, а Вашингтон за чудо се пробал и во пронаоѓањето на механички направи. Но тој никогаш не бил интелектуалец. Ама бил професионелен војник. А таквите во војна се многу попотребни од чесната интелегенција. Кога Континенталниот конгрес го избирал, веројатно многу малку му се забележувало на Вашингтон што во војната против Французите и Индијанците, успешно војувал како лојален припадник на британската круна. Денес Американците со гордост истакнуваат дека Џорџ Вашингтон ги имал сите услови да се прогласи за цар како на пример Наполеон или диктатор како Оливер Кромвел. Вашингтон по победата над британската војска, земајќи го за пример римскиот генерал Синцинатус кој што ја одбил моќта над Рим, се враќа во Маунт Вернон. За да го продожи среќниот живот со идната прва - прва дама на САД, Марта Вашингтон. Младиот Вашингтон ќе ја запознае вдовицата Марта Кастис за време на едно отсуство од војната против Французите и Индијанците. Кога се венчале двајцата имале по дваесет и седум години. Во бракот заедно ќе ги воспитуваат децата на Марта од првиот брак. Вашингтон немал свои деца, но како свои ги сакал децата на неговата жена. На првиот спрат во куќата на Маунт Вернон, се уште стои пијаното на кои што очувот Џорџ инсистирал поќерката Марта Кастис солидно да научи да свири. Вашингтон бил широка рака и ги обезбедувал дури и внуците на неговата жена по линија на нејзиниот прв сопруг. Човекот кој што поседувал 17 000 акри земја и стотина робови можел тоа и да си го дозволи. Џорџ Вашингтон не бил подолу од другите вирџиниски плантажери


кои што го имитирале животот на нивните пандани, селските благородници во матицата Англија. Од сопственикот на плантажата се очекувало активно да учествува во политичкиот живот на колонијата. Тој морал да биде активен во црковната заедница, да има познавања од геометрија за да си го омеѓи сопствениот чифлик, , по малку да тргува, да членува во локалнта масонска ложа и еден ден да седне во законодавниот дом на својата колонија. Плантажерот покрај споменатово морал да има и знаења од агрономија и медицина. А сето ова тој морал да го прави, зашто немало кој да прај мастрафи за него. Колонијата Вирџинија и генерално американскиот југ не ја познавале институцијата град. Првиот комшија плантажер можел да биде одалечен и стотина и кусур милји. Според искажувањата на Даниел Борстин во книгата “Американци: колнијалното искуство” со Вирџинија владела олигахија на 400 семејства, сопственици на плантажи во чии што редови Џорџ Вашингтон се сметал за новопечен богаташ. Секој кој што сакал да завземе и најситна позиција во државниот апарат морал да биде на некој начин поврзан со некое од 400те семејства. Борстин вели дека оваа олигархија за чудо владеела со Вирџинија многу коректно и до револуцијата забележани се само неколку злоупотреби на политичката функција. Повеќето од нив поврзани со роднински врски живееле во палати слични на Маунт Вернон. На приземјето од Маунт Вернон, тремот гледа на големата река Потомак, која што некогаш била главната собраќајница по која што пловеле бродови со тутун, памук, робови, рум и виски. Нема Американец (нормално и Македонец) кој што кога ќе фрли поглед на Потомак од тремот на Маунт Вернон не му завидува на американскиот прв претседател. Вашингтон бил свесен за ова и велел дека ниту еден имот не е сместен на поубаво место. На првиот кат се гостинските соби. Водачот низ куќата - музеј и објаснува на нашата група посетители дека понапред во Америка немало хотели и дека секој патник можел да тропне во било која куќа на југот и да добие преноќиште. Побогатите, нормално имале и соби за гостите. Ова се почетоците на она што постои и денес и се нарекува јужњачко гостољубие. Борстин ова го објаснува со потребата на осамените плантажери и нивните семејства колку- толку да дојдат во контакт со нови луѓе. Во својата книга Борстин вели дека Вашингтон секогаш испраќал роб кај едно дрво, на неколку милји од својата плантажа за да ги информира патниците намерници за убавините на Маунт Вернон и да ја пренесе љубезната покана на својот господар да преноќат на неговата плантажа. Денес наместо песна на робовите низ чифликот на Џорџ Вашингтон се слуша џагорот на туристите и чкрапањето на нивните фото- апарати. На само околу дваестина минути со кола од градот кој што го носи неговото име. Многумина доаѓаат да ја видат куќата што била Бела куќа пред денешната Бела куќа да биде изградена. Тука има и соба каде што Вашингтон се собирал со членовите на својот кабинет ( многу помал од денешниот кабинет на Џорџ Буш) и каде донесувал важни одлуки за младата држава. Се разбира и Музејот со пластични пушки, капи какви што носеле војниците на Вашингтон и се разбира лижавчиња со неговиот профил. И пак од шо мака овие последниве? Има една коментар на англискиот писател Џон Голсворди, кој што зборувајќи за британската империја ќе рече: Дури се мајтапиме со колонијалниот дух, ја исмеваме империјата, дотогаш е се добро. Значи сигурни сме во себе си, нашето царство е безбедно. Кога ќе почнеме да удираме во патриотските труби, готово е со нашата сигурност и нашата империја.


Кафичот На здравје” во градот на ридот “

Кафичот “Cheers” навистина постои! Постарите егоисти сигурно се сеќаваат на серијата во која што бившата безбол ѕвезда на Red Sox Сем , држи кафич во Бостон и како шанкер мора да ги слуша секирациите на гостите. А одвреме- навреме се труди да се смува со келнерката Дијана. Мојот најзапаметен лик е буцкото Норм, полн со вицеви и добра војла. Иако малку работи, малку не работи, Норм е секогаш крај шанкот и има пари за пиво. Некој во осумдесетите години од минатиот век се сетил дека може да сними ТВ- серија која што би се одвивала во некој кафич во Бостон. Првата сезона на серијалот не поминала добро, па кафичот кој што по наши се вика “На здравје” малку паузирал од ТВ- екраните. Потоа пак се ставил во етер, истерал двеста и кусур епизоди во десетина години и собрал еден куп “ЕМИ” награди. Да си имаме поштовање. Јас во Бостон не видов ни “Cheers” ни бутур Срамота е да се лажеме. Меѓутоа, знаете како е на туѓина: “Понекогаш сакаш да одиш таму каде што сите го знаат твоето име”. Прво гледање на испишаната фирма “Cheers” без многу думање се нурнав внатре. Се испостави дека тоа е дуќанче за сувенири со логото на оваа позната ТВ- серија. Малку се разочарав што не можам да се запознам со Норм. Единствено ми остана да си купам маичка во зелена- ирска варијанта со логото на кафулето кое што е погламурозно од Hard- rock и Хотел Шератон заедно. Вистинското меанче “Cheers” е во некој друг дел од Бостон и неговата посета ја оставив за друг пат. Основачите на Бостон и колoнијата Масачусетс не би биле претерано среќни што нивниот град денес се препознава по една кафана. Во Новиот свет пуританците сакале да го изградат “Град на ридот”- ”City upon a Hill” . Прогонети од старата татковина, пуританците сакале во Нова Англија да го остварат она што немале шанса да го сторат во старата: градење на општество по урнекот на божјиот закон. Тоа подразбирало редовно одење в црква и стекнување на писменост (воглавно за подобро да може да се разбере библијата). Се препорачувало повеќето жители на колонијата да се во брак. За конзумирање на алхохол фала богу не станувало збор. Денес Бостон има голема студентска заедница која што на Градот му дава лежерно- боемска атмосфера. Во она што се дефинира како Поголемата територија на Бостон( конгломерат на населби од 4, 4 милиони жители, градот Бостон има околу 550 000) има 250 000 студенти кои што студираат на повеќе од сто универзитети и колеџи. Најпознати од нив се Харвард и МИТ(Massachusetts Institute of Technology ). Харвард е формиран во 1636, а намената му била да едуцира свештенички кадар. Емерсон колеџот е приватна образовна институција која што школува кадри за филмот, изведувачките уметности, креативното пишување и новинарството. Патронот на колеџот Ралф Валдо Емерсон, во времето шетал низ улиците на Бостон, барајќи издавач за своите пропведи и есеи. Во 19 век голем дел од американските издавачки куќи се наоѓале во Бостон. А тоа било причина многу писатели за свое место за живеење и творење да го одберат овај град. Тука во извесни периоди од својот живот живееле Натаниел Хортон( “Буквата на срамот”) Хенри Џејмс ( “Европејци” ; “Бостонци”) Хенри Дејвид Торо( Молба за помилување на капетанот Браун)… Вилијам Гарисон, таткото на аболиционизмот почнал во 1831 година во Бостон да го издава весникот на неговото движење “Ослободител”. Туристичкта понуда на Бостон нуди тура со водач за дванаесет долари низ еден од познатите квартови во кои што живееле книжевните имиња. Boston by foot. Не да се фалам, ама цела ја изодев. За човек да се квалификува за овој вид на литературно- туристички водач и да ги шета посетителите на Бостон мора многу да се помачи. Прво, плаќа пари за членарина во непрофитната организација која што ги организира турите. Потоа мора да полага испит, писмен и устен. Ако положи, океј може да води свои групи. Но за тоа не добива ни долар! Се е на волонтерска основа. Не успеав да ископам што е поентата да се биде бостонски книжевен водач! Престиж,


служба на заедницата или можеби правње на CV за некој друг чекор во кариерата? Кој знае? Или тоа е духот на жителите на американската Атина, кои што фала богу мора и да се одмараат. А за тоа често го користат Boston Common и Frog Paund. Првиот е голем парк, еден од најстарите во Америка, а второво е специфичен базен во парков. Длабок е дваесетина сантиметри, а широк околу илјада метри. Во него под надзор над своите родители безбедно се шлапкаат дечиња. Идеален изум на американската цивилизација- најмалите се шлапкаат во вода, а родителите, ем ќе одморат, ем не мора да се грижат за безбедност на младината. Деветнаесетиот век на Бостон покрај развојот на книжевниот живот му донел и нов бран на емигранти од Европа. Така во битисувањето на заедницата своите судбини ќе ги вткаат Италјанците и Ирците. Денес ако не во друго, тогаш нивното влијание се гледа во многуте ресторани кои што нудат ирска и италјанска кујна. Ирските пабови и ресторани ги бојат своите дограми во зелено, колку да се потсетата на тешките денови кога нивните предци истоштени од гладта во сопствената земја, по долго патување со брод, се истовариле во Бостон. Америка не им приреди некое топло добре дојде. Настрана тоа што сиромашни емигранти нигде никој нејќи. Ирците имаа и една голема маана за американскиот вкус- беа католици. А Америка и тогаш и сега беше доминатно англо- протестантска. - Нема работа за Ирци, беше еден од првите написи кои што не предвидуваа многу розева перспектива за католичките емигранти во земјата на слободата. Споеменикот на ирските емигранти им е подигнат пред големата книжарница Border book - мајка, татко и младо дете. Еден од ирските емигранти во Бостон ќе отвори нешто што историчарите го опишуваат како кафеана, а веројатно било прчварница. Се презивал Кенеди и е зачетник на политичката династија на Кенедиеви, која што својот подем ќе го доживее во 60- тите години од минатиот век. Нешто слично на бушовци кое што во моментов палат и гасат во американската политика. Градот за кој што Американците велат дека е најевропски има уште милион работи за кои што човек може да пишува. На пример безбол клубот Red Sox, кој што е главен компетент на Јенките од Њујорк. Ме предупредија да не ја носам капата на јенките која што ја купив во продавницата на клубот во Њујорк, веројатно зашто ривалството е жестоко. Duck tour е некој вид на автобус кој што може да забразди и во подлабока вода и за кој што може да си платите за да си се повозите. Ова е специфично возило, кое што го користеле Американците при истоварувањето во Нормандија 1944. Денот Д поминал, а на некој му текнало дека автобусот кој оди и по вода и по земја може да се искористи и во мирнодопски цели. Така настанале познатите Boston Duck tours. Бостон, па и бостонците имаат една навика која што барем јас не ја забележав кај другите Американци. Сакаат да седнат в кафана, која што гледа на улица и да гледаат како луѓето поминуваат. Ним, за разлика од нивните сонародници како да не им е доволно шетањето во некој трговски центар.Тие имаат и многу улици каде што човек мора да се движи пеш. Точно ли е ова? Па човек не може да знае само со едно одење. Мора барем уште еднаш да се напрај пат. Тогаш може да обидам да го најдам вистинскиот кафич “Cheers”. Норм гарант е таму!


Анаполис и Кинте-Кунте

Не мора најсакани егоисти (и егоистки секако) од младата генерација да прашувате по дома кој е Кинте - Кунте. Јас лично за вас, се распрашав кај постарата постава егоисти кој и што е господинот на кој што во Анаполис, Мериленд му е подигнат споменик. Во седумдесетите - осумдесетите од минатиот век одела екранизиранта верзија на популарниот роман “Корени” на Алекс Хејли. Хејли, терал кариера на морнар и подофицер на крајбрежната стража во Мериленд. Ова била една од ретките јавни служби кои што им биле достапни на Афро - Американците пред Втората светска војна. За време на службувањето во морнарицата пишувал кратки раскази. Од поморство, Хејли ќе вплови во новинарство и книжевност. Интересно е дека покрај “Корени” Алекс Хејли е коавтор и на автобиографијата на радикалниот Афро - Американски лидер Малком Икс. Хејли го запознал Малколм кога го интервјуирал за магазинот “Плејбој”. Романот и серијата “Корени” се бројат во “семејна сага”. Toa e литературен жанр кој што ги следи судбините на неколку генерации од едно семејство низ ( што би рекле учените браќа критичари) бурните настани на историското минато. Зачетникот на едно семејство, кое што ќе ги почуствува благодетите на робовладетелството на американскиот југ е Кинте - Кунте. Фатен од трговците со робови во својата родна Африка, Кинте - Кунте по мачно патување преку Атлантикот, ќе доплови до Анаполис, денешната сојузна држава Мериленд. Тоа ќе биде првото нешто, што тој и стотици илјади Африканци ќе го видат од својата нова татковина: Пристаништето на Анаполис, главниот американски центар на просперитетната трговска гранка - трговијата со робови. Анаполис, во суштина бил симбол на тргувањето со луѓе и наголемо профитирал од него. До некаде и својот развој во колонијален центар пред Американската војна за независност му го должи токму на овој занает. Кинте - Кунте, спомен и симбол на борбата на Афро - Американците за елементарна човечка слобода и граѓански права денес мирно си седи на пристаништето во Анаполис. Во главниот град на Мериленд, тој со книга во рацете им раскажува на неколку дечиња за родната Африка. На неколку метри од неговиот споменик, на местото каде што некогаш се вкотвувале бродовите со робови, сега мирно лебдат јахти и бротчиња за рекреација. Инаку, Алекс Хелји се сметал за потомок на Кинте - Кунте во девето колено. Анаполис е седиштите на Американската морнаричка академија, формирана во 1845 година. Името на градот е во суштина синоним за американска морнарица и воено - поморско образование. Низ градот може да се видат млади луѓе во бели униформи слични на онаа што ја носи Ричард Гир во “Офицер и Џентлемен”. Сепак, Анаполис многу повеќе наликува на медитеранско монденско летувалиште за постарата генерација, отколку на град со војнички традиции. Улиците кои што водат до пристаништето се полни со дуќани кои што продаваат туристички артикли со поморска тематика. Најзастапени се маичките со брод или котва. Ракот, симболот на државата Мериленд исто така се продава и како сувенир ( на пример на сребрен брош ) но и како манџа за јадење. Морските јадења се општо земено карактеристика на рестораните во регионот. Поминувајќи покрај споменикот на Кинте - Кунте триесетте и кусуро илјади жители на Анаполис се прашуваат: што е вистина, што човечка фантазија, што историја, а што книжевност. Ама во едно се сигурни - знаат што е телевизија.


Чифликот на господинот Смитсон

Експедиција! Со оглед на тоа дека доаѓам од дел на светот каде што луѓето слегуваат под земја само за да кренат некоја тегла со ајвар , влегувањето во метро за мене навистина е авантура. Карта се зема од картомат - слично на кафематите на книжни пари кои што кај нас дојдоа пред некоја година. Ти натре пари - назад ти излегува картата во вредност на сумата која што автоматот ти ја голтнал. Вашингтонското метро се смета за едно од поубавите во Америка. А за разлика од подземните железници во некои други американски градови, метрото на американската престолнина е и на добар глас по својата безбедност. Мојата метро - одисеја траеше цели три станци, или во време, накај десетина минути. Последниот чекор се покажа и како последна значајна препрека пред мојата цел. Констатирав дека постојат повеќе излези, кои што фала богу водат на различни улици. Кој е мојот? Со оглед на тоа дека немам слушнато за цивилизациската придобивка со име мапа на метрото, терам роднокрајни мудрости ако не знајш, прашај ! Кај првото униформирано лице. - Госпожа ова е излезот за музеите на Смитсонијан? - Да, тоа е излезот за Смитсонијан. По скалаторите и веќе сум на летното сонце. Над земја си е над земја, остај ти тие работи подземни објекти. По Пенсилванија авенијата доаѓам до информативната табла за комплексот на музеи Смитсонијан. После мојот значаен успех, во смисла на тоа што допатував сам со метро, исправен сум пред мини - разочарување. Музејот на Американската историја се реновира и ќе биде отворен за посетители дури идното лето. Истото е и со музејот на Американските пошти. Здравје. Како утеха, ми остануваат петнаесетина музеи и уметнички галерии распослани на стотина километри низ американската престолина. Влезот е бесплатен. Само мора да поминете детален претрес од страна на чуварите на музејот, кои што како по некое непишано правило речиси сите се афро - американци. Еден од најголемите комплекси на музеи и со самото тоа респектирана научна установа Смитсонијан, своето постоење му го должи на англискиот научник Џејмс Смитсон (1765 - 1829). Смитсон во својот тестамент оставил поголема сума на пари предвидена за “Институција за зголемување и ширење на научното знаење помеѓу луѓето”. Знаењето, според неговата замисла требало овој пат да се шири во Америка, бивша британска колонија која што Смитсон никогаш не ја видел. Во 1846, претседателот Џејмс Полк го потпишал ак��от за формирање на Институтот Смитсонијан. Институцијата била комбинација од јавна и приватна сопственост. Денес Смитсонијан е практично едно од телата на американската влада. Во неговиот борд седат 17 припадници на тешкиот американски естабилшмент. На пример потпретседателот на САД. Може да се каже дека членувањето во управата на Смитсонијан е и една од неговите ретки занимации и официјална функции. Друштво на состаноците на бордот му прават тројца сенатори кои што тој ќе си ги одбере, плус тројца членови на долниот дом. Последниве ги предлага спикерот на домот. Другите се важни фаци од општествениот живот, како на пример претставници на американската бизнис - заедница. Нивен егзикутивец, нешто како извршен орган од еден човек е Секретарот на Смитсонијан. Секретарот во суштина е одговорен за секојдневните активности, функционирањето на музеите и координација на работата на 6300 вработени во Смитсонијан. Описот на работното место, на прв поглед делува како типична бирократска работа.


Ама, не е така. Биографиите на секретарите се ласкави писанија за животот на научни умови и нивните откритија кои што го задолжиле човештвото. Денешниот секретар се вика Кристијан Сампер и тој е првиот Латино - Американец на оваа функција. Роден е во Коста Рика. Дипломирал биологија во Богота и има докторирано на Харвард. Латино - Американец е и водачот низ музејот на Американските Индијанци. Ни рече дека е од Боливија, Индијанец, а чинам дека името му беше нешто како Колја. Музејот на Американските Индијанци е музеј на Индијанците од двете Америки, јужната и северната. Меѓу носиите на индијанските жени, огромните кануа, ќерамика, пушки, скулптури, ќебиња, во простор низ кој што се ширеше звукот на индијанските ритуални песни... ја слушнав приказната за Тупа - Камаро, индијанска верзија на нашиот легендарен Карпош. Тупа Камаро бил храбар индијански воин контра шпанските колонизатори во Боливија. Кога го фатиле, го врзале за четири коњи и го растргнале. Постарите егоисти ќе се сетат дека Тупа - Камаро е името на една марксистичко - герилска група која што во деведесетите се обиде преку држење заложници да постигне некои свои цели и заврши неславно со убивање или заробување на нејзините припадници. Музејот на Американските Индијанци е на еден начин место за нивен поу - воу (pow - wow). Зборот означува духовен лидер, а се користи како термин со кој што асоцира на секое и по било кој повод собирање на Индијанците во денешна Америка. Самиот музеј е средиште на разно - разни активности, како на пример состаноци на припадници на различни индијански племиња, прикажување на документарци, место за творење на индијанските уметници. Музејот е замислен како место за промоција на индијанската култура, едукација на јавноста за историјата на индијанските племиња и активизам за правата на единствените Американци кои што не морале да се доселуваат во својата татковина. Националниот музеј на авијацијата и на вселената го ишетав набрзина и си купив привезок авионче од продавницата. Тука, обесени од таванот стојат едно чудо авиони, кои што Американците ги користеле во различни периоди од нивната историја. Поставките се однесуваат на се она што е поврзано со летањето: фотографии на првите авијатичари, симулации на ѕвездено небо и можност да поминете низ вселенски спејс шатл и да видите дека космонаутите во него си имаат и када. Ова е одличен музеј за технички настроени луѓе. За мене, на пример многу поинтересен беше Националниот музеј на Африканската уметност. Е шо нема тука! Ритуални маски од црниот континент, разно - разна ќерамика и за мене нај интересните Африкански христијански ракописи. На пример од Етиопија и Египет. Тоа е дел од Смитсонијаните. А има и природо - научен музеј, ботаничка градина, галерија на Американската уметност... По моја слободна проценка човек може еден месец секој ден да посетува нешто од дваесетината музеи и да не му биде досадно. Американците тоа и го прават. Забележливи се групите на мали деца под надзор на своите наставници. Пензионери кои што веројатно имаат ем време, ем пари да патуваат до Вашингтон за да посетата некој музеј. Замокот за ориентација, некој вид на штаб на Смитсонијан, беше во моите последни посети. А ете препорачуваат него да го посетите прв, да се информирате за Смитсонијан и да си земете пропект. Може и така. Но шетањето без компас, од музеј од музеј е сепак посебна авантура.


Културен натпревар помеѓу народите

Триесет милиони категоризирани книги и разно – разни пишувани материјали на 470 јазици. Една библија од во цел свет останатите четири, кои што ги печател германскиот квалификуван графички работник Гутенберг. Педесет и осум милиони ракописи. Па, повеќе од 4 милони мапи и музички ракописи со ноти. Два милиони и осумстотини илјади носачи на звук, како на пример плочи. Милион весници од цел свет и 500 000 микрофилмови. Шест илјади наслови на стрипови. Конгресната библиотека на САД Сето ова започнало со одобрените 5000 долари во 1800 година од страна на претседателот Џон Адамс за “ обезбедување на книги кои што ќе им бидат од корист на членовите на американскиот законодавен дом”. Во тоа време веќе бивш преседател на Америка, Томас Џеферсон, решил на свој начин да даде придонес во формирањето на библиотеката. - Педесет години собирам книги кои што се поврзани со Америка и се што е значајно во секоја наука - тврдел сопственикот на плантажата “Монтичело”. Џеферсон и понудил на државата да и ги шитне неговите книги. Финасиската состојба не му била баш најдобра, па ова му се видело како можност да земи некој долар. Патем речено, во книгите на Џеферсон имало и писанија кои што не биле од правно – политичка тематика, какви што се претполагало дека ќе им бидат најпотребни на политичарите. Огромната библиотека содржела дела од областа на филозофијата, природните науки, литературата, занимации, секојдневна живеачка…Ами, со право се прашале тогашните американски бели главатари – каква корист за идните законодавци од “107 рецепти за вкусни јадења”? Џеферсон на тоа одговорил: - Мислам дека во мојата библиотека нема област за која што членовите на Конгресот нема да сакаат да се информираат. Визионерски нели? Џеферсон во 1815 година му продал на Конгресот 6487 книги за сума од 23 950 долари . Од тоа пак не бил ќар. По неговата смрт, “Монтичело” (куќата ја проектирал Џеферсон) бил продаден на лицитација. Џеферсон пак, од кога ги продал книгите сватил дека направил голема грешка. Веднаш почнал да купува нови книги и да реди полици за нова библиотека. “ Не можам да живеам без книги” ќе крикне неговиот ренесансен дух. Болката е овековечена на црно моливче со бели букви, кое што се купува во продавницата на Конгресната библиотека. Тука, за долар и пол може да се снабдите и со речиси оригинал на Џеферсоновата “Декларација за независност”. Во жолт плик, свиткана како писмо, на бледо – кафеава имитација на хартија која што се користела пред два века, напишан е текстот на декларацијата. Тоа е историјата на бројките од првиот пасус на текстов. И приказната на Конгресната библиотека во


Вашингтон . Името и е таман стокмено. Од библиотеката книги може да изнесуваат само членовите на Конгресот и Сенатот. Двата законодавни дома на САД. А како што јавно, пред многубројните посетители, изјави туристички водач на нашата група низ Конгресната библиотека, нема потреба за грижа. Тие и онака не читаат книги. Според мене подобро. Мислам, замислете некој сенатор да се зачита и не ја враќа Волкот и трите прасиња или Хајди? Што може да прави директорот на Конгресната библиотека? Ќе му пушти афиша ко на времето шо пуштаа кај нас од градската а? И натре пишано ќе те дам на суд? Па директорот, кој што патем речено се вика Librarian of Congress, предложен е од самиот Сенат. Актот за именување го потпишува претседателот на Америка, но првиот библиотекар на американската национална библиотека мора да има подршка од Сенатот. Кога претседателот Џералд Форд во 1975 година, по предлог на Сенатот за Librarian of Congress го постави Даниел Борстин, познат американски историчар, остар протест вложи Американската асоцијација на библиотекари. Борстин, се велеше во нивниот протест, никогаш не работел во библотека и во животот не дал ниту една книга на заем. Сепак, во Сенатот именувањето поминало без проблеми. Да прецизирам, од библиотеката, книгите можи да си ги носат дома следниве: Сенатори & Конгресмени плус нивниот персонал, судии на Врховниот суд на Америка и нивните службеници, вработените во библиотеката и некои други адиминистаративци на владата. Останатите, со наполнети осумнаесет години можат бесплатно да си се зачленат и да читаат колку сакаат во многуте reading rooms или по наши читални. Секоја читална си има и свој фонд на книги. Се сеќавате најсакани егоисти дека Васил Тупурковски, наше дете во Вашингтон ни кажуваше како денови врвел во Конгресната библиотека за да си ги пиши книгите за големиот Александар. Колку да нема дилема, нашиот Александар. А во која reading room киснеше Василе, не знам. Можеби во Европската читална. Во овој библиотечен фонд, кој што влече корени уште од донацијата на Џеферсон, има и пог��лема збирка на пишани материјали на Јужните Словени. Македонија во овој оддел ја претставуваат научните студии во издание на МАНУ и Книгите на нашиот историчар Александар Матковски. Бугарите имаат репринти на стари ракописи од шеснаесетиот, седумнаесетиот и осумнаесетиот век. Босанците, во овој културен натпревар на народите играат со филмовите на Емир Кустурица. Србите со режисерот Душан Макавеев. Суштината на Конгресната библиотека е да добие по еден примерок од секоја отпечатена книга во светот. Ова денес ја прави собиралиште на научници, истражувачи и љубопитници од целиот свет. За време на моето шеткање низ библиотеката со останатите туристи, забележав група на Французи кои што ја трошеа својата пауза од читање. Конгресната библиотека е спектакл на човечкиот дух. Книги, филмови, весници, звуци, музејски експонати и културни случувања. Таа е и архитектонско – вајарски потфат. Релјефите на мали дечиња, вајани во стил на барокни буцмасти ангелчиња го симболизират одот на човекот низ неговата историја. Кое се излежува на глобус, кое држи в рака некоја алатка... Конгресната библиотека дава една исклучителна можност за сите мачни души што стапнале на факултет. Од птичја перспектива може да видите една читална. Долу, како мравки зачитаните членовите на библиотеката. Егоисти, ме разбравте нели? Веројатно повеќето од нив пишуваат книги за испит и испитуваат студенти. Учат в читална а? Е нека видат малку и тие што е мака!


Мала жена - голема војна

Најсакани егоисти, ве потеков со куќи на славни личности од Америка. Но, ете тоа нека биде добар пример за нашите авторитети, како Американците им прават чест и почит на нивните великани. Нова Англија и сојузната држава Конектикат во деветнаесетиот век била собиралиште на прогресивните американски умови. А денес, Конектикат е омилено место за живеење на богатите Американци. Во оваа држава, која задржала нешто од пасторалниот дух на 19 век, финасиската елита може да си биди раат додека некој дебело платен брокер му се секира за нивните акции на њујоршката берза. Хариет Бичер Стоу нема потреба од посебно претставување. Нејзината куќа, која што се наоѓа во Хартфорд, Конектикат, е на дваесетина метри од куќата на Марк Твен. Хариет Бичер Стоу е писателката на “Колибита на чичо Том”, во мое време обврзна лектира во шесто оделение. Кога Абрахам Линколн ја запознал и рекол: “Значи вие сте таа мала жена која што ја започна оваа голема војна” Ако Хариет била мала, тогаш нејзиното семејство било големо. Големо, затоа што го сочинувале деветмина браќа и сестри. Но, големо и по нешто друго. Бичер причер (Beacher preacher ) или по наши проповедниците Бичер, барем за поупатените, денес се еден од синонимите за аболиционизмот. Кој не знае - аболиционизмот е политичко движење во деветнасетиот век кое што барало ослободување на робовите. А Хариет Бичер Стоу и нејзината“Колибата на чичо Том”се негови најсилни афирматори. Таткото на Хариет, Лајман Бичер на прв поглед не делува како некоја импресивна личност. Бил презветаријански свештеник, одбивал да им држи часови по теологија на Афро - Американците и бил нетолерантен кон католицизмот. Своето место во историјата на Америка го заслужил како иницијатор на религиозното движење од првата половина на деветенаесетиот век - “Големот будење”. Неговите синови и ќерки дефинитвно го надраснуваат во секој можен поглед. Неколкумина од децата на Лајман Бичер биле огнени аболиционисти и истакнати мислители. На пример Хенри Бичер, на кој што денес му е подигнат споменик во Бруклин, Њујорк е еден од најпознатите либерални теолози. Го прифаќал дарвиновото учење за еволуција, се залагал за право на глас на жените и бил за ограничување на употребата и продажбата на алкохол. Прохибицијата во Америка е многу стара идеја, а не изум на политичарите од дваесетиот век. Ја подржувал антиропската “Партија за слободна земја”, претходник на денешната Републиканска партија. За време на Граѓанската војна, црквата во која што Хенри бил пастор собрала пари за да се опреми една цела артилериска единица во служба на северот. Потоа, Хенри заминал во Англија, за со своите проповеди да влијае на јавното мислење и да го оневозможи политичкото признавање на југот од страна на Британија. Едниот од браќата на Хариет, Чарлс Бичер е познат композитор на црковни химни, автор на многу теолошки расправи и аболционистички памфлети. Нејзината сестра, Елизабета Бичер е лидерка на движењето за право на глас на жените. Но, славата на Хариет оди многу подалеку од Америка. Нејзината куќа - музеј е најдобар доказ за тоа. Во едната од просториите на музејот, изложени се кориците на изданијата на “Колибата на чичо Том” на десетици јазици. Португалски, шпански, норвешки... Колибата била бестселер на деветнаестиот век. Таа во еден период била најпродавана книга по библијата. Пред да ја напише книгата, Стоу напорно истражувала на терен. Разговарала со побегнати робови и читала мемоарска литература од робови кои што успеале да се еманципираат. Книгата прво одела како серијал од четириесет продолженија во аболиционистичкиот магазин “Национална Ера”. Во 1852 година “Колибата на чичо Том” е испачетена како книга и за кратко


време целиот тираж е распродаден. Ќе доживее уште многу успешни изданија. На американскиот југ “Колибата на чичо Том” била примена како класична навреда. Хариет Стоу поттикнала цело литературно движење на американскиот југ, кое што се нарекувало Анти - чичко Том литература! Авторите на овој правец тврделе дека проблемите на ропството во книгата на Стоу се преувеличени и тенденциозно интерпретирани. Општо земено, овие писатели се труделе да ги претстават стопаните на плантажите како брачен пар на совесни христијани кои што доблесно се грижат за своите робови како за сопствени несозреани деца. Најпознати автори од овој про - ропски бран се писателите Каролина Хенц и Вилијам Симс. Хенц ја напишала “Плантажерска сопруга од север”, а Симс “Меч и вретено”. Симс во времето важел за еден од најдобрите американски историчари и книжевник кој му бил ал пари и на Едгар Алан По. Овој вид на реплицирање на книга со книга ја достигнал бројката од околу триесет писанија во корист на ропството. Дел од нив се изложени во малечката витрина во музејот, во истата просторија каде што се изложени кориците со преводите на Чичо Том од различни делови на светот. На овој начин, тие сведочат за литературниот и хуманистички триумф на малата жена. - Пишував како жена и христијанка скршена од неправдите на нашево време - ќе рече Стоу подоцна. Денес многу историчари му даваат за право на Линколн. Според нив, “Колибата на чичо Том” е дело кое што ќе го испрати американското општество по патот на граѓанската војна и конечното ослободување на робовите. Куќата на Стоу открива и еден друг интересен факт за неа. Сакала и умеела да слика. На двата спрата од куќата, се наоѓаат нејзините слики. До крајот на својот живот во 1896 година Стоу напишала уште околу двасетина книги. Ниту еден од нив не ја достигналка славата и тиражот на Чичо Том. Дел од овие книги се исто така поврзани со ропството на Афро - Американците. А еден дел се типични претставници на сентиминталниот роман на деветнаесетиот век. Знаете, дете - чупе, па љубов, мажачка... Пандан на денешните љубовни романчиња, што веројатно му прави чест на жанрот.


ТРИЕСЕТ СКУЛПТУРИ - ЕДЕН МОСТ

Јапонските туристи, секогаш добро вооружени со камери и фотоапарати воопшто не му се лутат на жешкото августовско сонце, кое што напладне силно пече над чешката престолнина. На Карловиот мост во Прага, кој што речиси седум века ја премостува В’лтава, ревносно чкрапаат со своите дигиталци и уживаат во погледот на големата река. Сигурно дека некој од нив во својата дигитална картичка ќе ја смести и скулптурата на светите Кирил и Методиј. Во туристичкиот водич за Прага ќе прочита дека христијанството на овие простори на луѓето им станало поприфатливо во деветиот век кога почнале да го проповедаат браќата родени во нашиот Солун. “... Тие во 864 година дојдоа во нашата земја од Византија и во Велика Моравија се бореа против латинското влијание на Франечката држава”, појаснува книгата “Прага, историски дел од градот, неговите споменици и култура”. Оваа книга има осумдесет странички, може да се набави во повеќето киосци во стариот дел од градот, а има верзии на француски, германски, руски и ако добро се сеќавам, италијански и шпански. Италјанците ги има на Карловиот мост, тука се и Русите на кои што Прага им е релативно блиска туристичка дестинација, Шпанците на чиј што јазик некако навикнавме како да е наш благодарение на ТВ-сапунците... Нормално, и малата група на Македонци кои што имаат намера детално да ја истражат Прага и се решија прва дестинација да им биде Карловиот мост. Градењето на мостот е поврзано со две, сега веќе историски личности, Светиот римски император и крал на Бохемија, Карло Четврти и главниот мајстор, Петар Парлер. Во 1342 мостот на Јудита (именуван по името на жената на кралот Владислав) ќе настрада во голема поплава. За градење на нов мост имепараторот Карло го ангажира германскиот ѕидар Петар Парлер. Во 1350 Карло го именувал Парлер за свој главен архитект. Парлер, Германец од Келн, бил син на еден од мајсторите кој што учествувале во градењето на познатата катедрала во овој град. Петар Парлер си бил приказна за себе. Авторот Петер Деметз во својата книга “Прага во црно и злато, историја на градот”, вели дека Парлер бил вмешан во неколку сомнителни бизнис-зделки, а зад себе имал и неколку бракови. Но, историчарите без дилема се согласуваат дека бил талентиран уметник. Неговите браќа, братучеди и синови и останата поширока родбина ќе формираат специфичен градежен клан кој што долго време по неговата смрт (во 1399) година ќе го форсираат неговиот стил (наречен “прекрасен”) низ Прага и цела Централана Европа. Карло Четврти бил еден од најобразованите средновековни владетели. Течно зборувал латински, чешки, германски, француски и италјански. Се допишувал со Петрарка. Помеѓу другото, Петрарка се надевал дека Карло, како император на Светата римска империја, ќе го префрли својот двор во Рим и со тоа ќе ја обнови античката слава на овој град. Со оглед на тоа дека поминал цели седум години од својата младост на францускиот двор, каде што кралувал неговиот вујко, Шарл Четврти од Франција, Карло решил Прага, градот во кој што бил роден, да го строса по урнек на Париз. Покрај тоа што на Парлер му наложил да го изгради Нов Град, денес исто така историски комплекс, Карло Четврти го формирал и Прашкиот универзитет, кој што денес го носи неговото име. Општо земено, од времето на овој монарх, Прага почнува да се профилира како интелектуален центар во Централна Европа. Денешните Чеси го сметаат за отец власти, татко на татковината.Мостот почнал да се гради некаде во 1357 година. Постои легенда, која што раскажува дека мајсторите ставале јајца во малтерот за камењата подобро да се залепат еден до друг. Реплика!


Зарем ова со јајцата не го смисливе ние во Битола, кога ја градевме Саат-кулата? (Колку што знам, во комбинација беа некаде илјадници јајца, распоредени во не знам колку влошки). Со јајца или без нив, мостот ќе стане една од сцените на кои што ќе се одвива историјата на чешкиот народ. Така, во 1621 година на кулата на Карловиот мост ќе бидат поставени главите на 21 водачи на анти-хабзбуршкиот бунт. Војни, излевања на Влтава во која што ќе оштети по некоја од триесете скулптури, револуции... сето ова ќе поминува по Карловиот мост. Од триесете скулптури на светци на Карловиот мост, некои се сепак заменети со понови. А некои веќе и ги нема тука. Така на пример скулптурата на Игнацијо Лојола, основачот на Исусовата војска ( езуитите) во 1890 година ја однела една поголема поплава. Лојола бил однесен во прашкиот лападиариум, каде што е и денес, а пак на негово место дошла скулптурата на светите Кирил и Методиј. Во суштина, комплексот на скулптури на Карловиот мост е некој вид на визуелна историја на христијанството, со акцент на католичката гранка и значајните чешки светители. Тука е Јован Крстител, распнувањето на Исус на крстот, па Франческо од Асиз, црковниот отец Августин, лекарите Кузман и Дамјан, основачот на правните науки кај Чесите, свети Иво...Триесете скулптури денес се дружат со насмеаните туристи од цел свет и сакале или не, им позираат на нивните апарати. Продавачите на разгледници, сувенири, слики и цртежи од Карловиот мост, слично на скулптурите веќе станале дел од мостот.


КАТЕДРАЛАТА НА СВЕТИ ВИТ Стотици луѓе трпеливо чекаат да влезат во една голема зграда. Сенката која што огромното здание ја фрла не е кој знае каква заштита од жешкото сонце во првите денови на август. Иако сите овие луѓе сакаат да влезат во најголемата и најважната катедрала на една земја ретко кој од нив тоа го прави од религиозни побуди, како аџиите кои што ја посетувале во средниот век. Сите тие се туристи, дојдени од различни страни на светот за да и се восхитуваат на Катедралата на свети Вит во Прага. Додека стоиме во ред од по двајца-тројца, сличен на оној кога од школо не носеа на организирани дешавки, сфаќам дека близу до мене има група која што си дошла со квалификуван туристички водач. Искушението да се потприближам до нив, а со тоа да се шверцувам и да наслушнам дел од приказната за катедралата е големо. Постоењето на црквата е во голема мера поврзано со светецот кој што го носи името Wanceslaus пак Чесите го викаат Вацлав и го сметаат за заштитник на својата земја. Вацлав бил роден во 907 година во кралското семејство кое што владеело со тогашна Бохемија (бренд за кристал ценет од нашите мајки и предок на современата чешка држава). Неговиот дедо, Борислав, христијанството го примил од светите Кирил и Методиј. Смртта на таткото малиот Вацлав го направила причина за конфликт помеѓу неговата мајка Драгомира, која што била ќерка на еден племенски пагански главатар и неговата баба Људмила. Људмила денес е почитувана како светица и во Прага и е посветена една катедрала. Таа, исто така, била покрстена од Светите Кирил и Методиј и Вацлав го воспитувала во христијански дух. Двете жени дошле во отворен судир во врска со грижата за Вацлав. Некои легенди сметаат дека Драгомира сакала да го внесе Вацлав во светот на паганството. Некаде во 924 година Вацлав станал крал на Бохемија и ја испратил во прогонство својата мајка Драгомира. Владеел околу десет години. Во 935 година, неговиот помлад брат Болеслав ќе покаже кралски амбиции и ќе го убие својот брат. Народот исткал легенда според која, Вацлав заедно со својата армија од храбри витези спие во планината Бланик, во близина Прага. Доколку некогаш на Чешка и се закани опасност, Вацлав и неговите витези ќе се разбудат и ќе се пресметаат со душманот. Во склоп со сфаќањата на средновековната култура, поради својата насилна смрт Вацлав бил сметан за маченик. Бил канонизиран како светец, а од 2000 година, неговиот ден, 28 септември во Чешка е прогласен за државен празник. Е сега, јас од водачот во чија што група се шверцнав ја слушнав само приказната за неговото убиство, а другото морав сам да го ископам! Вацлав за време на неговото владеење го поставил и христијанскиот храм во форма на ротонда посветена на свети Вит. Овој светител денес е почитуван како заштитник на актерите забавувачите, танчерите и болните од епилепсија. Вацлав му го посветил храмот на Вит, воден од типична причина за средновековниот човек чиј што поглед на свет го определувал христијанството - имал реликвија поврзана со овој сицилијански светец. Неговото рамо го добил од светиот римски император Хенри Први. Постојат претпоставки, според кои Вацлав сакајќи што побрзо своите поданици да ги префли на христијанство, намерно го одбрал овој светец за да асоцира на старото словенското божество на Сонцето Свантевит. Храмот, во суштина им е посветена на тројца светци и неговото целосно име е Катедрала на свети Вит, свети Вацлав и свети Адалберт. Последниот е некогашен бискуп на Прага кој што го загубил животот во 956 година во Прусија, обидувајќи се да ги покрсти нејзините жители. Катедралата, каква што денес ја познаваме почнала да се гради во 1344 година, кога прашката бискупија била издигната на ниво на надбискупија. Првиот нејзин градител бил Французинот Матијас од Арас. Кога Матијас умрел во 1352 година, неговата работа ја продолжил Петар Парлер. Свети Вит почнала да се гради во готски стил за подоцна на неа да почнат да се лепат елементи на барокот и ренесансата. Финиширана е во дваесетиот век. Градена, нормално со прекини, цели шестотини години! Катедралата ја исполнуваат многу скулптури, мурали, фрески и на нив прикажаните сцени од библијата и моралните поуки кои што тие ги произведуваат. Потребни се цели фермани за да се каже по некој збор за нив. Верувам дека овој текст е доволен за еден ден самите да одите и да ги видите.


МУЗЕЈ НА КОМУНИЗМОТ

Ставот на Чесите кон комунизмот е кратко кажано - траума. На картата за влез во музејот на која што под црвената петокрака е ликот на другарот Сталин (со кој што господинот Броз раскрсти уште во 1948) и на која што пишува дека музејот е сместен во прашката улица Na Prikope 10, наведени се пет точки на дневниот ред: СОН, РЕАЛНОСТ, КОШМАР, ОКУПАЦИЈАТА ВО 1968, РЕВОЛУЦИЈАТА ВО 1989. По предлог на авторот на овие редови во дневниот ред се прифаќа и точката РАЗНО, во капитализмот преобразена во ТЕКОВНИ ПРАШАЊА. СОН Си купуваш карта за во музејот, која преведена во наши пари е 12 - 13 евра. Инаку просториите на музејот, кои што на времето биле бал-сала за комунистичката елита денес се први комшии на Мекдоналдс, еден од симболите на современиот капитализам. Веднаш ве пречекува, како секој солиден домаќини на визита, другарот Маркс во форма на голема статуа. До него се другарите Ленин и Сталин, демек нешто како членови на семејството.. На табличката следи кратко објаснување кое што вели: Карл Маркс, во младоста новинар-боем од Германија (а што друго?), ја искова филозофијата за идеално општество во кое што човек на човека нема да му биде роб. Следат сликички за еден од конгресите на кој што чешките и словачките комунисти, во дваесетите години на дваесетиот век се делат од чешките и словачките социјал-демократи, веројатно затоа што овие последниве им делувале премногу свилени за вистинска борба со капитализмот. Формирана е Комунистичката партија на Чешко - Словачка. За време на Втората светска војна, голем дел од членовите на партијата ќе избегаат во Москва. Во 1945 година, лидерот на чешкословачките комунисти, Клемент Готвалд, склучува договор со лидерот на емигрантската влада во Лондон на Чешко-Словачка, Едуард Бенеш, за формирање на влада на национален спас, која што ќе ја преземе власта по заминувањето на нацистите од земјата. На слободните избори во 1946 Комунистичката партија добива 38 проценти од гласачите. Ова е единствен случај комунистичка партија да добие толкав број на гласови на слободни избори во поствоена Европа. Се смета дека добриот резултат на изборите е последица на разочараноста на гласачите од Западот, кој што со Минхенската спогодба во 1938 практично му ја подари ЧешкоСловачка на Хитлер. Во 1948 година, со форсирање на Националниот фронт (во кој што комунистите ќе имаат мнозинство) и со државен удар, комунистите целосно ќе ја преземат власта. Бенеш и лидерите на некомунистичките партии ќе се надеваат на формирање на влада составена од претставници на католичкиот клер, со која што би се одбегнала опасноста од комунизмот. До тоа нема да дојде. Клемент Готвалд, како убеден сталинист, ќе почне да се пресметува со мангупите во своите редови кои што нема да се согласуваат со градење на комунизам според советскиот модел. Така, во еден од многуте монтирани судски процеси во педесетите години, генералниот секретар на партијата, Рудолф Слански и неколку постари комунисти ќе бидат обвинети за Троцкистичко - Титоистички Ционистчки заговор.


РЕАЛНОСТ Потоа, лека-полека, комунистите расчистуваат со остатоците од старата предвоена Чешко-Словачка Република, скроена по либерално-граѓанските стандарди на првиот нејзин претседател, филозофот Томаш Масарик. Прво, од војската се протеруваат сите образувани офицери кои што служеле во предвоената армија на земјата и кои што немале изградено, а веројатно ниту можеле да изградат лојалност кон комунистичкиот режим. На нивно место доаѓаат старешини со рурален бекграунд, кои што поради својата глупост (како што објаснуваат сликичките во музејот) стануваат предмети на новински карикатури и безброј вицеви. Во Чешко-Словачка се воспоставува посебен вид на воена структура, Народна Милиција, пополнувана главно од редот на селанството и мобилизирана кога требало да се спречат антивладини активности. Под сликата на група на мажи, во воена униформа со темна боја, кои делуваат многу опасно, стои табличка со објаснување: Народната Милиција никогаш не добивала куршуми, пушките на нивните припадници секогаш биле празни! КОШМАР Во стаклена витрина со закосена предница, присутна и денес во многу мали колонијалчиња низ Македонија, неколку мали бели ќесички. Ми личат на некој вид на сок за растворање, од оние кои што се ставаат во литар вода. Вака во комунизмот изгледала еден просечен чешки и словачки бакал. Празен. Така гранапџиите, станале една од највлијателните касти во општеството, кои што секогаш може да ви обезбедат некое прехрамбено артикалче, од зад тезга. Чесите педантно изанализирале колку отповеќе штетни состојки имала храната за време на комунизмот, во смисла на железо, хемиски состојки... такви работи. Филмот (се прикажува на телевизор во една помала соба во музејот), во кој што се презентира овој податок зборува и за лошите агро-хемиски средства, користени во земјоделието за време на комунизмот, кои што и наштетиле на почвата. Празнотијата на продавниците оди во комбинација со сето она што значи полициска држава и државна пропаганда насочена против САД. Меѓутоа, Чесите, со оглед на тоа дека уште додека живееле во Австро-Унгарија, Америка ја сметале за олицетворение на остварувањето на човековите слободи, од инает почнуваат да уживаат во кантри-музика! ОКУПАЦИЈАТА ВО 1968 Во јануари 1968 година, Александар Дубчек, по националност Словак, доаѓа на местото генерален секретар на комунистичката партија. Го наследува хард-лајн сталинистот, Антониј Новотни. Дубчек ќе го воведе принципот на „Социјализам со човечки лик“, што во кратки црти значи раскрстување со сите видови на зависност на земјата од Москва. Започнува периодот кој што историчарите го именуваат како „Прашка пролет“. Финтата била што „Социјализмот со човечки лик“ сакал да воведе слобода на говорот и печатот, па и формирање на политички организации надвор од шинелот на комунистичката партија. Нормално, на шефот, Леонид Брежњев, тогаш генерален секретар на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз, тоа нема да му се допадне. Во август 1968 трупите на Варшавскиот пакт (Совети, Бугари, Полјаци Унгарци и источни Германци) влегуваат во Чешко-Словачка. Интервенцијата е оправдана со потребата да се спаси ЧешкоСловачката Социјалистичка Република од контрареволуција.


Студентот Јан Палах во Прага се самозапалува во знак на проетест и така станува легенда и инспирација на многумина слободоумни луѓе... Седумдесет и два граѓани на Чешко-Словачка се убиени, а стотина се ранети. Многу високообразувани луѓе ќе ја напуштат земјата. Википедија споменува бројка од 70.000 до 100.000 луѓе! Повеќето без проблем се прифатени во западноевропските земји. Шестмина високи политички функционери, вклучувајќи го и Дубчек ќе бидат киднапирани од КГБ и со авион одведени во Москва. Тука, под само бог знае каков притисок тие ќе ги потпишат Московските протоколи, со кои што Чешко-Словачката Социјалистичка Република повторно станува советски сателит. Само еден член на делегацијата нема да ги потпише протоколите. - Можете веднаш да ме убиете или да ме пуштите во Сибир, кратко ќе им каже на Советите Франтишек Кригел, кога ќе одбие да стави потпис на протоколите. Нема да го направат ни едното ни другото. Тој заедно со другите членови на делегацијата ќе се врати во Прага и до крајот на животот ќе биде активен во антирежимската опозиција. Кога Кригел ќе умре во болница во Прага во 1979 година (полицијата дури и додека боледувал пазела на него), властите нема да дозволат погреб, плашејќи се дека може да дојде до отворени протести против режимот. Од 1987 година, во Стокхолм се доделува наградата Франтишек Кригел на истакнати поборници за човекови права. Александар Дубчек ќе биде сменет од функцијата на генерален секртар, а ќе биде наследен од неговиот сонародник, Словакот Густав Хусак. РЕВОЛУЦИЈАТА ВО 1989 Без капка крв, познатиот дисидент Вацлав Хавел станува претседател на демократска ЧешкоСловачка, а на Народната милиција им ги конфискуваат празните пушки. Според видувањето на Музејот на комунизмот, ова е крај на кошмарот. ТОЧКА РАЗНО Чесите, веќе знаете најсакани егоисти, имаа најуспешна транзиција и веројатно имаат многу малку причини да имаат носталгија кон комунизмот, за разлика од балканските народи. За мене, посетата на Музејот на комунизмот беше еден вид враќање во некоја лоша верзија на моето детство, без благодетите на титовиот комунизам, во смисла на полни продавници и можност да се патува низ светот. Политички слободи немаше, ама пак - кога на Балканот ги имало? Наместо да кажам нешто паметно, во смисла на различни сфаќања, култура, традиции и историски котекст, јас би кажал нешто практично. Дај да собереме во една зграда стари шпориња од `60-те и некоја, да настегаме бисти од Тито (има една во Гимназијата, а можи и од некој отпад да се најди за ефтини пари) пух моторчиња, Застава 101 од 1975, амбалажа од прашок Билјана во сина боја... Кој сака да ги види, бујрум - десет евра!


ЛИЛЕХАМЕР - БЕШЕ ЕДНАШ ЕДНА ОЛИМПИЈАДА

Адаптацијата на земја во која што во 10 часот навечер е бел ден е навистина тешка за човек кој целиот свој живот го поминал во Македонија. Уште ако ви се наводенат патиките како на пример моите, верувајте ќе мора да почекате да ви се исушат цели три дена , зашто дури и при крајот на јуни сонцето е реткост а дождот вообичаен за Норвешка . Ако сте party animal, плус самонаречен урбан тип, Лилехамер не е вашиот град и сигурно повеке ќе ви се допадне норвешката престолнина Осло . Но ако сонувате за живот во куќа со солидно уреден простран тревник , и улици во кои што одвреме - навреме ќе помине некој автомобил Лилехамер е дефинитивно место за вас. Единствено кафуле кое што работи до четири часот наутро е Феликс . Има две билијардски маси со зелена чоја ( на кои што играа неколку момчиња кои што зборуваа турски) плус добро изработени дрвени масички. Од другата страна на шанкот , сопственикот на кафулето излепил банкноти од целиот свет , а меѓу нив и една од македонски десет денари ! Инаку современа Норвешка е пекол за пушачите! Со законот кој стапи на сила пред околу десетина дена забрането е пушење во сите затворени простории заклучно со кафулиња , дискотеки , барови . Овој порок може единствено да се практикува на отворено или како во Феликс во дворчето на кафулето каде што исто така можете и да и го испиете пијалокот. Пивото е околу педесет круни (отприлика осум евра) кафето 10 круни или едно евро . Норвежаните на последните два референдуми со многу тесна разлика од околу два - три посто го одбија влегувањето во Европската унија, а со тоа и употребата на еврото како валута . Кога ќе се спуштите десетина метри подолу од Феликс доаѓате до главната улица . Неколку маркети и бутици , еден ЦД шоп , книжарница со разгледници во која што се продаваат и сувенири: трол кукличка помала и поголема , трол привезок , разгледница со трол... Градот има и доста голем Луна Парк во кој има џиновска статуа на ова суштество од нордиската митологија . Добивам впечаток дека Норвежаните зелениот трол со голем нос и со нешто што наликува на коса , толку грд а истовремено толку симпатичен, го сметаат многу повеќе за национален траде марк отколку Викингот. Лилехамер има музеј на најважниот настан во неговата историја - Зимските Олимписките Игри одржани во 1994 . Норвежаните се горди на својата олимпијада. Во малечкиот проспект на музејот на олимписките игри , во кој што е запишан по некој куриозитет за секоја досега одржана олимпијада на страничката за Лилихамер е наведено дека тоа се досега најдобро организирани олимписки игри . Покрај прочуената скандинавска ефикасност , ова сепак звучи малку самобендисано . Музејот има поставки кои што треба да ја доловат атмосферата на сите досега одржани олимпијади. На пример скии кои што се користеле на олимпијадата во Осло 1924 .Слика на американскиот атлетичар Џеси Овенс ,кој што во 1936 година на летните олимписки игри во Берлин успеа да освои четири медалји и со самото тоа да навести дека Афро - Американците не се инфериорна тука кога се работи за спорт можеби повеке се супериорна раса . Во градот се одржуваат доста спортски настани од типот на Скандинавска недела на велосипедизмот, трка со мотоцикли, натпревари во нордиско трчање. Но има и доста случувања од културата - на пример во октомври оваа година ке се одржи и jazz фестивал, кој што е еден од неколкуте вакви фестивали кои што се одржуваат во Норвешка.. Иако Олимпијадата е најголем настан во историјата на ова мало норвешко градче за најголема туристичка атракција се смета Музејот под отворено небо . Норвежаните сватиле дека може одлично да си ја презентираат својата историја доколку на огромна површина го прикажат животот на


обичниот човек во последните неколку века . Тука може да се види селско училиште од пред двеста години, куќа со разбој за ткаење и црква од пред три века и слично. Шетајки низ калливи тесни улички меѓу овие градби направени од груби трупци навистина се чувствувам како да сум се вратил неколку века назад во времето . Музејот содржи и уште еден комплекс кој го оцртува животот во Норвешка во триесетите години на минатиот век . Малечка уличка во која што има пошта, апотека , кројачки салон, киосци со весници од тоа време. Од поштата може да испратите и разгледница , во што ви помага љубезен службеник облечен според тогашната мода . Тука е и железничката станица - воз со дрвени вагони поставен е на шини и се разбира парна локомотива! Ете еднаш се гради , им носи приход на повеќе генерации плус ја презентира културата на една земја .


НОРВЕШКА , НОРВЕШКА

Да имав малку повеќе талент за поезија можеби ќе ви напишев некоја песничка за прекрасното чувство кога човек ќе го рипне шенгенското перде. Со видео камера ќе можев да ви го покажам морето по кое што пловеле Лиаф Ериксон , викингот кој стигнал до Америка пред Колумбо и неговиот татко , откривачот на Гренланд Ерик Црвениот . Патем речено овој вториот бил докажан пустикуќа кого што неговата заедница го осудила на прогонство поради убиство . Ете вака сега ми останува само на неколку странички да ви раскажам како ја доживеав Норвешка. КАДЕ БЕ ? Франкфурт , аеродром , контрола на патни исправи . Пасошот на најубавата од сите можни убави земји и со мое име во него добива посебен третман. Германскиот аеродромски полицаец го превртува низ раце , го мотка под некоја виолетова ламбичка. Со мустаќи и капче слично на она што на времето го носеше народната милиција кај нас : • Каде и зошто ? • Осло , Норвешка , студиски престој ! • Да ја видам вашата карта . Таа не го добива должното внимание како пасошот , туку е удостоена само со еден поглед. • Среќен пат . Пронаоѓам книжарница во која додека фатам авион за Осло може продуктивно да губам време разгледувајќи книги . Цена - во просек 10 евра . Како најнов хит се рекламираат мемоарите на бившата прва госпожа на Америка Хилари Клинтон, сега американски сенатор. Но и нејзиниот сопруг Бил веќе ги објавил своите мемоари ( Дали имаат поглавје за Моника ? ) . Уште еден Американец е доста популарен , тоа е авторот на документарецот Фаранхајт 9 / 11 Мајкл Мур. Неговата книга се вика “ Еј дечко каде е мојата земја” . Времето брзо минува и се качувам на авионот за Осло. ИСС , ЛУЃЕ , ПОЗНАНИЦИ , ПРИЈАТЕЛИ Меѓународната летна школа ( International Summer School) на универзитетот во Осло се одржува повеќе од педесет години . Започнала 1946 година , како начин американските студенти со норвешки корен да ја запознаат татковината на своите претци. Денес собира луѓе од сите континенти , конкретно оваа година имаше оклолу петстотини и кусур студенти од сто земји . Воглавно се држат курсеви од општествените науки , кои траат рамно шест недели. Туку мала дигресија , абе да знаете колкави се пластичните лажички за кафе во Норвешка, речиси колку железните ни , што си ги има секоја куќа домаќинска во Македонија . Абе на толкај ! А не ко овие нашиве шо ги даваат по кафичи , може човек со заби да ги изеде. Еее кај сме ние а кај е Европа ! Ама Норвешка не е член на Европската Унија . На последниот од низата референдуми , гласачите со тесно мнозинство го одбија членувањето во новото европско семејство . Но земјата е дел


од шенгенскиот визен систем. Така Норвежаните може во секое време да влезат в автомобил и без покажување ниту на лична карата да одат во било кој дел од новата држава која што за престолнина го има Брисел. НОВИ СОЗНАНИЈА , ШИРЕЊЕ НА ХОРИЗОНТИ И ХОРИЗОНТОВИ ЛИНИИ Абе Мечето Ушко да ти се прикажувал и во Чешка! Со Јирка колега од Брно , Чешка доаѓаме до историско откритие . Генерации на Чеси , исто како и Македонци пораснале со антологиската реченица: Ај, си легна мечето легни си и ти. За оној што се сеќава на Прстенот на Арабела , да споменам дека во деведесетите одело и некое продолжение, ама ти било ординарна глупост. Понатаму Едвард Мунк , чија што слика Крик пред некоја недела е украдена не ти бил Германец како што мислев досега туку Норвежанец. Ети ти резил, а понапред покажував склоности за Историја на Уметност. Кажувам дека сум од Македонија , и нормално на повеќето прва асоцијација им е нашиот Цане ( Александар ) Македонски...Многу сум ќеф за ова. Не од друго туку од чист инает. Голем број луѓе што ги запознав абер немаат каде е Македонија , па морам да објаснувам дека сме на Балканот , комшии со Грција. Маргарет од Кина ме прашува што мислам за комунизмот . Комунизмот велам, тешка глупост , ама Тито си беше прва лига. Кој е тој ? Ех кој е , види сега , благо земји што га има памтиче се вековима ( Цитат ,ама не думам од кој , мал бев) . ТОЧКА РАЗНО Одиме на рафтинг, или спуштање по диви води со гумен чамец .Шестмина во едно кајче , плус инструкторот , кој е и наш капетан. Поминуваме кратка обука за тоа на која команда како да весламе . Иако сме народ сувоземен и немаме море доброволно се пријавувам да седнам напред во чамецот и како што вели нашиот капетан , да ја голтам водата. Инаку главниот на нашето кајче е влезен во филм наредник во американската војска кој што се прави лош ,ама брате да ти кажам ќе видиш многу фер чоек . Чичко Ханс , како што се вика капетанот има сериозни забелешки на нашето веслање. И во право е . Само кога ќе замислам како изгледаме во гумениот жолт чамец додека еден со друг си ги удираме веслата , и дека на наредба напред еден весла напред , а друг назад ми иди да се скинам од смеа. До крајот на патувањето не паднав ниту еднаш во ладната вода , еден куп бранови се плиснаа директно во мене , и ете достојно ја одбранив честа на дете од земја кај што Лихнида го веслаше кајчето. После рафтувањето си жива вода, разбира се . При бидејќи Норвешка важи за една од земјите со најзачувана природа и незагадена вода не мора да ги периш алиштата . Само сушење и чао ! Се на сè , рафтингот е прекрасна работа , ако имате шанса да го пробате воопшто не се двоумете , искористете ја.


Ден пред рафтингот имавме она што кај нас се вика планинарење а во белиот свет хајкинг . Четири сати освојувавме некоја планина , и капнав , одвај се искачив до врвот ( 2000 и кусур метри надморска височина , така нешто). Водичката на нашата група ми раскажува дека Норвежаните уживаат да се пентерат по планини , и дека дури и малечките деца ги носат на вакви патешествиа . Ете ми вели си пишувал за Лилехамер , напиши нешто и за планинарењето . Како не , вака закашкан в кал, испотен ко стока , може да изнедрам сценарио за Најдолгиот пат втор дел . Туку рече господ се качивме и слеговме , и славната експедиција заврши. ДОМА Каков е скопскиот аеродром во споредба со неколку други што ги имам видено ич не жалам што Битола нема воздушно пристаниште. Повторно сум во најубавата од сите можни убави земји . И сите ме прашуваат како се почувствува кога после Скандинавија дојде тука на Балканите, во жална Македонија. Не зн��м , навистина. Таксистот до Скопје ми зеде 1200 денари, и во тој поглед не бев претерано среќен. Една Американка на некоја журка ме праша: А каква земја е таа Македонија ? Искрен реков , тоа е најубавата земја на светот . Вие сте на потег. Одлучете сами. МАРКО ПОЛО ( Авторот е регистриран како трговец - поединец , и уште за време на Никола Груевски , виде не виде , кладе фискална каса )


МАКЕДОНИЈА ВЕ ВИКА НА ЧИНИЈА ФО!

Како сиот свет да се преточил во Америка, па оваа земја се претворила во шаренило од идеи, обичаи, навики, вкусови...и сите тие живеат заедно и едни со други. Американците имаат тв-шоу што се вика “Повик од Македонија”! Сакајте вервајте-сакајте не, ама постои религиозна тв-програма со ова име. Во неа спиритуални хорови пеат христијански песни и бараат да донирате некој долар за нивната религиозна заедница. Парите се даваат преку повик на телефон, впишан во десниот агол од телевизорот. Има мал милион на вакви програми кои што телевизиски ве евангелизираат. Дел од нив се католички, ама протестантските конфесии се во поголем број. Ако судиме по ова, за голем дел од Американците религијата е битен дел од животот. Така според едно телефонско истражување од 1991 година 88% од испитаниците се изјасниле дека припаѓаат на некоја од христијанските деноминации. Од нив 26,8% се католици, а 61,5% припаѓаат не некатоличките конфесии: презвитеријанци, англиканци, мормони, лутерани и многу други. Во моментот и американската држава е во крстоносен поход против злото поведен од страна на претседателот Буш. Ова само ја дополнува религиозната атмосфера во земјата која што на банкнотите ја декларира својата вера во севишниот. Америка воопшто не остава впечаток на земја која што е во војна и чија што валута во последниве неколку години ја губи трката со еврото. Народот ги полни количките по супермаркетите за кои што Веро е маалски колонијал. Еден од нив е и синџирот на супермаркети “Таргет”. Тука се пазари буквално сè и сешто, од чечкалица до компјутер: сокчиња и се за јадење, ранци за на школо плус школски прибор (во август фирмите специјализирани за оваа дејност - имаат медиумска кампања Back to school), книги и ЦД-а, куфери и играчки, лекови...Нема што нема! Обично супермаркетите имаат и кафетерија во која што може и нешто да се касне. Како кој идел во Новиот свет, со себе ја носел и својата храна. Така денес низ американските улици има италјански, ирски, кинески, мексикански, виетнамски и само еден господ знае уште какви не ресторани. Суши е јапонска манџа која што најчесто се порачува во јапонски ресторан. Не сум импресиониран, а за еден зачин не знаев дека е лут, па каснав отпојќе... бетер од пипер буковска. Од кинеската храна ме бендиса само едно благо праено од ориз. Кинезите од оризот прават милион работи, па ете од него може да се направи и колаче. Во кинескиот ресторан речиси никој не користи виљушка (а ги има од сите раси), со ретки исклучоци, вклучително и авторот на овие редови. Секој вешто си делка со стапчињата. Мој фаворит од азиските манџи е виетнамскиот Фо. Фо е говедска супа (многу е бистро за да го речам чорба) со долго фиде кое што личи на ептен тенки макарони. Тоа е основата, а во варијанти може во него да има и чкембе или некое друго месо. Ова јадење се служи во голема длабока чинија. Фо целосно се поклопува со македонските сваќања за добар оброк: голема количина, месо, кромид сечен на тркалца и лути зачини. Како и повеќето манџи, Фо се јаде без леб. Лебот е реткост во јадењето на Американците, или барем не го зазема она место кое што ние сме навикнале да го има во исхраната. Речиси во секој ресторан пред јадењето ви носат исечен леб, а отстрана нешто за мачкање, на пример путер. Во еден италјански локал со топлиот тазе леб ми донесоа нешто што личеше на макало. Вака ќе ве пречакаат Американците и во нивниот дом. Пред главниот оброк домаќините вадат леб или бисквита која што треба да се намачка со нешто. Во Арлингтон, во ресторанот “Либанска таверна” како увертира во јадењето донесоа таратур. Седев на дрвени плетени столици, исти онакви какви што си поштоват нашите баби и за жива глава не се делат од нив. Јадев ќофтиња слични на оние што ги готват личните македонски домаќинки. Фин пример како многу нации се развивале под влијание на иста култура. Името на синџирот на ресторани “Либанска таверна” има интересна историја.


Кога почнувале да работат сопствениците изнајмиле некој дуќан кој што претходно бил грчка таверна. Требало на вратата да се стави нова фирма, ама луѓево не биле при пари. Затоа само го префарбале она грчка, испишале либанска и проблемот бил решен. Америка е полна со вакви примери на луѓе кои почнувале со малку или од нула. Ана Бејлер еден ден во 1988 година ќе почне да ги продава своите дома месени переци на пазарот на фармери во Ланкестер, Пенсилванија. Денес Перечињата месени од тетка Ана - Auntie Anne’s Pretzels се продаваат во Америка, Индонезија, Велика Британија, Малезија, Филипини и Канада. Само што тетка Ана не ги меси. Мислам, некој шо клал појќе од 200 милиони долари не ќе седни сега да меси переци!? Фирмата работи на принцип на франшизинг и во наброениве земји има повеќе од 800 дуќани. Од Auntie Anne’s Pretzels се шири мирисот на путер. Ги има во неколку варијанти, а во дуќаните на тетка Ана може да се пијат и разни сокчиња. И што уште нема - крофните Dunkin donuts, мекдоналдси (ако им речеш биг милкшејк се чудат шо бараш, финтата е да кажеш large) лепчето (пупале!) bigl... Него некаде во1880 во Њујорк го донеле ЕвреитеАшкенази. Од нив го научиле и другите Американци и денес се продава во продавници. Нормално, секој Евреин ќе ви каже дека никој не прави бигл ко шо правела мајка му и дека тие в продавница не се ни одалеку толку добри. Ова благо лепче, во форма на прстен го има во разни варијанти - со шеќер, со чоколадо, преливи...Различно е, како што Америка се разликува од регион до регион.


Автор на корица: Благојче Количоски (www.inovatixlab.com) Илустрации: Виктор Лозанов (sentinelite.deviantart.com) Графичка подготовка: Димитар Додовски


На пат одам, за пат прашам