Issuu on Google+

ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА КАБИНЕТ

Писмо на поддршка од Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов за иницијативата на Y-PEER Македонија „10 дена активизам“

Почитувани претставници на македонските младински организации, Би сакал да ја изразам мојата искрена поддршка за иницијативата која вие младите ја спроведувате за младите. Ја поздравувам вашата подготвеност да делувате, да обликувате, проектирате и придонесувате кон развојот на политики кои ве засегаат директно вас. За да создадеме иднина за младите и успешно да ги таргетираме нивните потреби, неопходно е да го чуеме нивниот глас денес. Младинското учество во процесот на креирање и донесување одлуки, не само што внесува свежина и иновација, туку придонесува и кон зголемена ефикасност, но и зајакнување на чувството на одговорност за сопствената иднина. Уверен сум дека вистинскиот пристап при решавањето на проблемите и предизвиците со кои младите луѓе се соочуваат, претпоставува нивно директно вклучување во процесите на донесување одлуки. Тоа воедно ќе ја зголеми нивната самодоверба, но и нивниот потенцијал за напредок во кариерата и животот. Младинско учество го зајакнува не само нивниот позитивен развој, туку и севкупниот капацитетот на општеството, гради поширока основа за вклучување на граѓаните и создава посилна и инклузивна заедница. Младинското учество е неопходно за развојот на активно граѓанство, како и за целосно остварување на социјалните права и одговорности на младите во Република Македонија. Како и досега, целосно го поддржувам младинскиот активизам и вклучувањето на младите во донесувањето одлуки, бидејќи тоа не само што ќе овозможи поголема свесност за младинските прашања во една држава, туку и ќе обезбеди посигурна иднина за сите нас. Со почит, д-р Ѓорге Иванов


Писмо за поддршка од Претседателот на РМ