Св. Христофор е светител кој никогаш не влегол во кругот на најчесто претставуваните светители во византиската екумена, иако неговиот култ бил воспоставен доста рано. Неговото најрано споменување е она од црквата во Халкедон, изградена од епископот Еулалиј во 450 и осветена на 22 септември 452 год. Сепак, најстарите запишани податоци за неговото житие потекнуваат од подоцнежниот период - латинските житија се од околу VIII век (BHL, 1764 - 66), а грчките од XI век (BHG, 308w - 311k). Според записите, тој се викал Репревос (лат. Ребребус), потекнувал од родот на Мармаритите, кои биле северноафриканско племе на човекојадци и имале кучешки глави (цѕноцепхалус). Бил заробен од страна на римските војски, веројатно во историско потврдените кампањи на Диоклецијан против африканските племиња во 301/302 год., и бил одведен во воен логор во или околу Антиохија, во Сирија. Бил регрутиран да служи во одредот нумерус Мармаритарум, каде што бил покрстен и го добил името Христофор (Христоносец).