Issuu on Google+


Сплетот од чиста природна средина, здрава храна и традиција се наоѓаат во центарот на Македонија. Чашка е овде, под пазувите на Солунска глава, преку изворите на реката Бабуна. Неодоливо привлечна за туристи или случајни намeрници, трагачи по трајни вредности. Културата на живеењето на македонското и албанското население се пример за соживот и мултиетничка цивилизација. Традицијата е вековита нишка за опстојување на сите села кои гравитираат во Општина Чашка, а ги има 42. Низ вековите се гаела традицијата на одгледување на земјоделски производи, кои на мештаните им даваат единствена егзистенција. Мајките и бабите ги негуваат и рецептите за приготвување на јадења од овие производи, кои се белег за традиционалната кујна на Aзотот. Гравот, компирот, печурката, медот, малината, капината, сирењето, млекото и месото се производите кои треба да се сертифицираат и да им се даде примат на македонската трпеза како здрава и еколошки произведена храна, наспроти генетски модифицираната. Затоа јас како Градоначалник се залагам за промоцијата на храната, природата и традицијата да бидат вековит корен за АЗОТОТ, како честа туристичка дестинација во Македонија. Градоначалник на Општина Чашка Горанчо Пановски ~2~


Поблиску до природата и традицијата е мотото под кое го организираме Саемот на здрава храна. Оваа година во дворот на училиштето во с. Богомила. Овде, локалните земјоделци имаат можност да ги презентираат своите земјоделски производи и рачни изработки. Овој САЕМ НА ЗДРАВА ХРАНА се одржува по петти пат во општинава, но секоја година во различно село, за да можете сите Вие да ја запознаете месноста АЗОТ. Овде луѓето произведуваат здрава храна, овде е природата, овде е здравјето. Целта на овој саем е токму тоа, посетителите да се запознаат со природната и здрава храна, која земјоделците ја произведуваат и е надалеку прочуена. Воедно да се запознаат со природните убавини на крајот и вековната традиција на носии и специјалитети од храна приготвени на традиционален начин. Голема благодарност до бизнис секторот од општина Чашка, до родителите, наставниците и учениците, до ЛС Чашка, без кои овој саем не би можел да се одржи. Повелете во АЗОТ, овде сте опкружени со чиста природа, здрава храна и ведри и насмеани лица, АЗОТОТ е место кое ќе Ве отргне барем на момент од секојдневието и проблемите. Директорка на ООУ Петре Поп Арсов, с. Богомила, Општина Чашка, Нина Маркова ~3~


Ова е брошура која ќе се обиде да ви ги доближи дел од убавините на Општина Чашка. Местоположбата на селата, храната што се произведува и се подготвува веќе со генерации, традиционалните носии, местата кои можете да ги посетите и да престојувате. Ќе ве однесеме на прошетка низ селата: -

Стариград Мартолци Оморани Владиловци Извор Теово Согле Богомила Ореше и Нежилово, тоа се селата кои се распоредени околу географскиот центар на Македонија, месноста Крива Круша.

~4~


СТАРИГРАД Селото Стари Град се наоѓа во планински дел, под планината наречена Гарван, на околу дваесеттина километри од Велес. До него може да се стигне и со железничкиот сообраќај, како попатна станица на релацијата Велес-Прилеп. Низ него тече реката Бабуна. Името Стари Град го добило по тврдината која се наоѓа покрај селото, од која и ден денес има некои остатоци. Црквата се наоѓа во горниот дел од селото и потекнува од 1871-та год. Населението oд полјоделските култури најмногу одгледува тутун и компир, а од сточарството најмногу е застапено одгледувањето на овци и на кози. Населението одгледува овошни насади на јаболка, круши и сливи. Овој крај е познат по производството на природен јаболков оцет кој се произведува по традиционален семеен рецепт. Од овошјето најзастапени се јаболката кои се вистинска мала ризница на состојки кои позитивно влијаат на организмот. Познато е нивното влијание на имунитетот, варењето на храната, одржувањето на телесната тежина, чистењето на организмот, зацврстувањето на непцата и на усната флора. Интересен е фактот дека со миење на забите уништуваме 60 проценти од бактериите во устата, а со едно јаболко 90 проценти.

Затоа не дозволувајте денот да ви помине без јаболко, а алкохолниот оцет веднаш заменете го со природен јаболков оцет! - од Стариград. ~5~


ОМОРАНИ Селото Оморани се наоѓа во подножјето на планината Мукос, оддалечено 30 километри од Велес. До него може да се стигне и со воз. Во текот на своето постоење ја менувало својата местоположба поради честите напади и палежи. Во селото има две цркви Св.Петка и Св.Константин и Јелена. Манастирот Св.Никола се наоѓа во падините на планината Мукос, во манастирот има соби за престој со кујна и трпезарија, а има и чешма со бистра и чиста вода. Селска слава на ова село е Свети Никола на 1-ви јуни. Во селото се наоѓа споменикот на народниот херој Васил Антевски-Дрен. Во атарот на селото Оморани има големи пространи планини во кои има разновиден дивеч како диви свињи, зајаци, волци и лисици. Риболовот е застапен на реките Бабуна и Црнушка со кленот, мрената и црвеноперката. Од сточарството најзастапено е овчарството. Производството на мед е карактеристично за секое семејство во Оморани. Ливадскиот мед чија боја варира од жолта и светло црвена до потемна; багремовиот мед со изразена светла боја, пријатен мирис и благ вкус; медот од костени кој е темен со препознатлив мирис и изразен карактеристичен горчлив вкус; липовиот мед кој е бистар, речиси проѕирен, со пријатен мирис и многу благ вкус. Тој се чува на ладно и темно место, во убаво затворена стаклена тегла.

Трајноста на медот е неограничена, меѓутоа Вие не мора да го чувате толку долго, во Оморани има уште мед! ~6~


ВЛАДИЛОВЦИ Селото Владиловци се наоѓа во подножјето на планината Јасеновска Глава. Низ него тече реката Црничка. Селото од најблискиот град Велес е оддалечено 33 км. Во него има црква Св. Никола и манастир Св. Ѓорѓија. Од полјоделство населението највеќе одгледува тутун, домати, пиперки, грав и компири. Од шумските плодови собира капинки, диви јагоди, диви сливи, чаеви, печурки, ореви, смокви и уште многу други дарови кои природата ги дава. Пасиштата околу селото овозможуваат да се одгледува и крупен и ситен добиток како и живина. Најзастапени се говедата, овците и козите. Од млекото се произведуваат разни млечни производи – познатата матеница, киселото млеко, урдата, киселата павлака и многуте видови сирења, а од живината се добиваат свежи јајца. Со својот вообичаено примарен извор на калциум и калиум, млекото и млечните производи обезбедуваат нутритиенти кои се витални за здравјето и одржувањето на телото.

Кога сакате да пробате сирење подготвено на традиционален начин побарајте го во Владиловци! ~7~


МАРТОЛЦИ Селото Мартолци е оддалечено 30 км од Велес, помеѓу планините Руен, Вртошка и Мартолас. Името го добило по тоа што три пати било спасено, а Март е третиот месец во годината. Црквата и манастирот во селото се викаат Св.Ѓорѓи. Селска слава е Ѓурѓовден која традиционално се прославува на 6-ти мај. Во ова село сега се гради и нова црква која ќе се вика Св.Илија. Населението се занимава со полјоделство, сточарство, лов и риболов. Од полјоделските култури највеќе одгледува: тутун, царевка, пченица, компир, жито и житни култури, пипер, домат, зелка и праз. Од сточарството се чува кози, овци, крави и свињи. Во атарот на селото Мартолци како и другите села од овој крај има изобилство од билки, раскошни ливади со мајчина душица, кантарион, ајдучка трева, камилица, коприва, од кои се подготвува природен чај со исклучително пријатен мирис и вкус кој продира до сите сетила. Активните биолошки компоненти го прават овој чај природен еликсир. Препуштете се на уживањето во шолја добар чај, организмот ќе ви биде благодарен!ама не каков било чај, од Мартолци да е ! ~8~


ИЗВОР Селото Извор се наоѓа во подножјето на планината Руен, со надморска височина од 760 м, на оддалеченост од 24 км од Велес. Низ него минува реката Црничка. Името го добило по големите извори што се наоѓаат во центарот на селото. Водата од овие извори се користи за пиење и наводнување. Во селото има една црква и еден манастир, Св.Атанасије. Во непосредна близина на селото се наоѓа специјалната болница за белодробни заболувања и туберколоза Јасеново, која опкружена со густа нискостеблеста листопадна шума и мал број на магливи денови има идеална местоположба за овој вид на заболувања. Населението од полјоделските култури одгледува компир, грав, грашок, леќа, брокула, тутун и жито, а од сточарството овци, кози, свињи и говеда. Од природата се собираат разни шумски плодови. Во околината на селото има услови за лов. Во селото има подрачно училиште на училиштето Петре Поп Арсов. Изворското поднебје има идеални услови за растење на оревот. Овој јаткаст плод содржи малку заситени масти, без холестерол, квалитетни растителни протеини, витамини и минерали. Со негово конзумирање се намалува ризикот од срцеви заболувања и дијабетес. Делува заштитно против стресот и ја подобрува функцијата на клетките.

Па затоа конзумирајте по една рака од овој јаткаст производ, така полесно ќе го контролирате стресот во ова брзо време! ~9~


ТЕОВО Ридско-планинско село заобик��лено со планините Јакупица и Бабунa. Името на селото потекнува од зборот Теос, човекот за кој се смета дека се доселил прв во селото и го насадил јаворот, кој е еден од најстарите јавори и е обележје на селото. Црквата Св. Атанасиј, потекнува од XVIII век, a манастирот Св. Арханѓел Михаил е изграден пред неколку години, во 1997год. Во овој манастирски комплекс, може да престојуваат посетители и гости со целодневен престој, затоа што ги има сите услови за развој на манастирски туризам. Во селото се застапени сите полјоделски култури, жито и житни култури, тутун, грав, компири, јаболка, круши, јагоди, а има и развиено сточарство, одгледување на овци и кози, производство на млеко и млечни производи, како што е познатото теовско сирење. Од природата се собираат шумските плодови: печурки, чаеви, дренки и диви јагоди, ореви и други билки. Има идеални услови за ловот бидејќи е планинско село, а развиен е и риболовот на реката Бабуна. Препознатлив производ за селото е теовскиот компир. Како растение кое бара мала површина за одгледување, успева и во поостра клима и за кое постојат највеќе рецепти за приготвување како варен, печен, пржен, на жар...

Начинот на приготвување на компирот зависи од традицијата и од навиките на луѓето, а вкусот ? - тој зависи само од тоа дали ви е теовски компирот! ~ 10 ~


СОГЛЕ Селото Согле се наоѓа во централниот дел на Република Македонија на левиот брег од течението на реката Бабуна, 40тина километри оддалечено од Велес. Селото датира од пред 600-тини години и неколку пати му е менувано името, од Ѕвезданово во византиското владеење, Сокле за време на османлиското валадеење и по ослободувањето се нарекува Согле. Во согленската околија има и манастир Св.Богородица стар околу 6 векови, нова изградена црква Св.Пантелејмон и стара џамија од пред 5 века. Населението се занимава со полјоделство, сточарство и со занаетчиство. Од полјоделските култури се застапени житни култури, компир, пченка, грав, лук, кромид и тутун. Од сточарството се чуваат овци, кози, крави и коњи, се произведува млеко и млечни производи, а од занаетчиството најмногу е познато по градежништвото. Шумската печурка е обележје на овој крај, каде ја има во изобилство. Буковка или вргањ, печурките се "месото на нашите шуми и ливади". Дивите печурки се богат извор на минерални материи, ароматски слоеви, витамини, белковини и аминокиселини. Освен свежа, печурката се дистрибуира во откупните центри и како сушена.

Луѓето велат Секогаш по дождот огрева сонце - а ние велиме - по дождот растат печурките! ~ 11 ~


БОГОМИЛА Богомила се наоѓа под падините на планината Јакупица. Околу селото и во него тече реката Бабуна, на која се наоѓа стариот камен мост кој потекнува од Римскиот период. Името потекнува по попот Богомил кој живеел и делувал на овие простори и со свои приврзаници го ширел Богомилското движење. Тие биле наречени Богомили и Бабуни. Во селото има 2 цркви: Св. Атанас и Св.Илија. Во манастирот Св.Спас има и соби во кои може да се престојува. Во селото има и мотел во кој исто така може да се престојува. Основното училиште во селото го носи името на револуционерот Петар Поп Арсов – еден од основачите на Македонската револуционерна организација, по потекло од Богомила. Од сточарството се одгледуваат крави, кози и коњи. На крајот од селото има и фарма со ноеви. Од полјоделските производи се одгледува зеленчук како домати, пиперки, лук, кромид, праз, моркови, цвекло. Се одгледуваат и пченица и пченка. Од овошје има јаболка, круши, сливи, грозје. По бујните ливади има и диви и питоми круши, капинки, јагоди, јаболка и чаеви. Во блиската шума има дренки, костени, лешници, диви јагоди и различни видови на печурки, најмногу вргањ.

Овој крај е познат по производството на вкусното богомилско гравче – омилениот македонски мешункар! ~ 12 ~


ОРЕШЕ Селото Ореше го добило името по човекот Дамјан кој дошол од Гари, од селото Орешко, во турско време. Ореше се наоѓа под планината Даутица, го делат две реки, едната тече од планината Даутица, а другата од другиот дел од селото и се спојуваат во средината на селото, во една река која се вика Ѓоковица. Населението е со мијачко потекло. Селото Ореше заедно со селото Папрадиште се издвојуваат по потеклото на населението, специфичната градба на куќите и конфигурацијата на теренот. Празникот на црквата Св.Богородица е на 28 август, а на манастирот Св. Ѓорѓија, кој е оддалечен од селото 3,5км., на 9 декември. Од полјоделството најмногу се одгледуваат грав, компири и пченка. Од шумските плодови најмногу има боровинки, капинки, малинки, јагоди, планински чај и печурки. Овие плодови во текот на сезоната се собираат во голема количина и претставуваат извор на егзистенција на локалното население. Богати со растителни влакна, го заштитуваат срцето од болести, го подобруваат видот, рамнотежата, координацијата, краткотрајната меморија, ја намалуваат желбата за прекумерно јадење и се борат со дебелината.

Боровинки, капини, малини... што и да изберете нема да погрешите! ~ 13 ~


НЕЖИЛОВО Лоцирано во подножјето на планината Јакупица на 45 км. од општинскиот центар, од левата страна на реката Бабуна со површина од 32,8 км2. Околината на селото е еден од најубавите природни предели во регионот. Густа букова и дабова шума, пространи ливади и пасишта. Над селото на падините на планината Јакупица, на надморска висина од 1435 метри, се наоѓа планинарскиот дом Чеплес. Изворите на реката Бабуна се несекојдневна глетка, а љубителите на планинaрењето имаат можност да се искачат на еден од најубавите планински врвови во Македонија, Солунска Глава(2540 м.). Чистата изворска вода овозможува функционирање на рибниците кои се изградени, за одгледување на калифорниска и златна пастрмка. Нежилово има потенцијал за развој на планинскиот, рекреативниот и здравствениот туризам. Од неодамна тука има и сместувачки капацитет во кој може да се престојува во хотелски услови.

На сите ни е позната важноста на рибата во пирамидата на исхрана. Затоа конзумирајте ја што почесто! ~ 14 ~


ПРВИОТ САЕМ НА ЗДРАВА ХРАНА БОГОМИЛА 2007 ГОД. Саемот започна да се организира во 2007 год. во Богомила под мотото Поблиску до природата на иницијатива на дирек торката на основното училиште Петре Поп Арсов, Нина Маркова, со симболично обележување на денот на пролетта 21 Март. Во организацијата се вклучи целиот наставен кадар, сите ученици и родителите. Сите производи на продажните штандови беа донирани од родителите на учениците и локалното население, ги продаваа учениците заедно со наставниот кадар, а собраните средства беа искористени за уредување на училишниот двор. Гостите на влезот беа пречекани со традиционално месено лепче и мелена сол, а потоа можеа да пробаат и од вкусните локални традиционални специјалитети приготвени од вештите раце на мајките и бабите. ~ 15 ~


БОГОМИЛСКИ СПЕЦИЈАЛИТЕТ

Пченкарно брашно

Масло

Вода

Сирење

Замесената течна смеса од еден килограм пченкарно брашно и млака вода се потпекува кора по кора под добро угорен вршник. По секое потпекување на кората се попрскува масло. Постапката се повторува сè додека се потроши целата пченкарна смеса. Овој специјалитет од АЗОТ може да добие многу различни вкусови во зависност од додатокот кој го ставаме помеѓу секоја потпечена кора ( сирење, урда, месо....) Време на подготовка 2-3 часа ~ 16 ~


БОГОМИЛСКА НОСИЈА Богомилската носија е стара повеќе од 100 години. Тоа е свечена носија која порано се носела за манифестации како празници и свадби. Порано припаѓале на бабите, но денес како културно наследство се пренеле на внуките и тие гордо ја облекуваат и покажуваат пред другите. Иако денес се облекуваме помодерно, не ја забораваме нашата традиција и припадност, велат младите девојки. Богомилската носија е рачно изработена и се состои од: бела кошула темен елек украсен со срма и синџирчиња преградник украсен со срма појас во различни бои црвена скутина со црни пруги шарен појас

~ 17 ~


ВТОРИОТ САЕМ НА ЗДРАВА ХРАНА ИЗВОР 2008 ГОД. Традицијата продолжи со учество на производители со различни земјоделски производи, а на штандовите повторно беа учениците. Најголем интерес имаше за медот и млечните производи. За посетителите имаше организиран превоз, а во организацијата на саемот помогна и локалниот бизнис сектор. За сите производители од страна на училиштето беше обезбеден штанд и рекламен материјал како етикети, флаери, и визитки. На овој саем за првпат беше организиран избор на највкусен традиционален специјалитет во категории солено и благо. Сите специјалитети беа внимателно дегустирани и по направениот избор беа поделени благодарници на најуспешните и пригодни награди за сите учесници обезбедени од Прокредит банка. ~ 18 ~


ИЗВОРСКИ СПЕЦИЈАЛИТЕТ

Подготовка Се замесува меко тесто од околу 1 килограм брашно, вода и квасец. Од тестото се сукаат кори , кои се попрскуваат со масло и се предиплуваат. Во меѓувреме се подготвува и смесата од млади коприви и праз, пропржени во врело масло. Стасаниот зелник се пече четириесетина минути, а пред да се извади од рерна се попрскува со матено селско јајце. Потребно време за приготвување 2 -3 часа Овој стар рецепт најдобро е да се подготви во рана п��олет кога копривата е сè уште млада, а највкусен е во комбинација со домашно кисело млеко или пресна матеница. ~ 19 ~


МИЈАЧКА НОСИЈА Носијата на Мијаците укажува за нивното болјарско (царско) потекло. Oваа носија е една од најпримамливите од овој крај. Стара е повеќе од 200 години. По потекло е од с.Илино во близина на Лазарополе. Има машка и женска носија. Женската носија може да биде: моминска, невестинска и старинска. Нејзини составни делови се: -минтан- долна облека од клашна, украсен на предниците и ракавите со кадифе, згора извезен со срмено "букме" и гајтани. Вез - "лоза" се закопчува со сребрени филигрански петлици. -скутина- фута стамболска-ариградска копринена, украсена со "колца". -шамија-свилена со "киски" - реси, индустриски производ. -кошула- "тнока" од домашно дебело платно, целосно извезени ракави. Го добила името по главниот орнамент застапен на ракавите и кошулата. -елек- од домашно платно, предниците ~ 20 ~


потплатени со "свита" - чова и згора украсени со срмени гајтани и позлатени петлици. -сокај- украс за на глава, направена од алова "свита" - чова и платно. Долниот дел украсен со срмени ширити и китки. - дарпна за на глава -класеник гувеалскигорна облека, од домашна бела клашна богато извезена со срмени и "алосани" гајтани, "букме" и позлатени "петлици" пафти со срмен колан -игла од сребрени пари-накит за на глава со четири реда синџири, а на средина со чапрасчиња, кувенџиска изработка. -појас-каен четворно од "чиста" црвена волна. По краиштата богато украсен со "киски" - реси. -бело грло -волнени чорапи (гувеалски) - плетени од волна, ишарани со шарбите "петнаесет игли" и "девет игли".

~ 21 ~


ТРЕТИОТ САЕМ НА ЗДРАВА ХРАНА ТЕОВО 2009 ГОД. Во организација на Саемот се вклучи и Општината, со сите свои ресурси. Ниту снегот и лошите временски услови не можеше да ги спречи посетителите да присуствуват. Рекордниот број на специјалитети и богатата културно уметничка програма која ја водеше Александар Кукулев, беше само дополнување на продажните штандови на кои можеа да се најдат производите карактеристични за овој крај: компирот, медот, сирењето, урдата, оревите, рибата, оцедот, печурките и рачните изработки. На многу од штандовите родителите продаваа заедно со своите деца. Родителите ги продаваа производите, а децата се погрижија да направат етикети, флаери, за нив и секако визитки за да се зголеми можноста за понатамошна продажба и пласман на производите. ~ 22 ~


Овој рекламен материјал, како и знаменца, беџови и мултимедијални цедиња, беше изработен од страна на учениците, членови на УТТП-ученичкиот тим за техничка поддршка во ООУ Петре Поп Арсов. Учениците добија можност да креираат производи кои најдобро ќе ги промовираат локалните производители. За нив ова претставуваше несекојдневно искуство и пример како најдобро да се искористат достапните ресурси, новата технологија и локалните средства во функција на средината на живеење. Ентузијазмот на учениците, нивните стекнати информатички вештини и способности, технологијата и поддршката обезбедена од страна на Проектот за основно образование - ПЕП преку ИКТ компонентата и координаторите Олга Самарџиќ Јанкова и Петар Николоски, поддршката од директорката Нина Маркова, наставничката по информатика Славица Карбева и претставниците на локалната самоуправа Чашка, Лидија Пљакова и Димче Анѓелов, беа причините за успехот. Изработените промотивни материјали ги нагласуваат убавините на регионот, неговите природни и историски вредности, локалното производство на здрава храна и партнерството помеѓу училиштето и општината за градење на капацитети на локалната заедница. ~ 23 ~


ТЕОВСКА НОСИЈА До неодамна носијата припаѓала на старата баба Веса, која со воздишки се сеќава на младоста, празниците и различните свечености кога ја носела токму оваа носија. ,,Таа е многу стара и сега носијата ми ја подари мене``- вели ученичката од осмо одделение. Носијата е изработена рачно на разбој. На неа доминираат црвената и црната боја.

Составни делови на носијата се : - бела кошула - чапак со шарени цветчиња црвено-зелен елек -црно скутале со црни пруги низ него - црвен појас ~ 24 ~


ТЕОВСКИ СПЕЦИЈАЛИТЕТ

 Од замесеното меко тесто со пченично брашно, вода, масло и малку квасец се тегнат корите, без да се чека да стаса тестото.  Секоја истегната кора се прска со масло , рендан компир и малку кромид зачинети по вкус. Биберот во комбинација со компирот дава посебен вкус.  Се пече во загреана рерна , а пред крај се попрскува со млака вода и масло. Потребно време за подготовка - околу 2 часа

Доколку оваа пита ја подготвите со теовски компир и свежи селски јајца вкусот ќе биде незаборавен. ~ 25 ~


ЧЕТВРТИ САЕМ НА ЗДРАВА ХРАНА СОГЛЕ 2010 ГОД. Покрај училиштето, општината и локалниот бизнис сектор, во организирањето на овој саем се вклучи целото локално население од село Согле, кое го подготви целиот терен за одржување на Саемот. Повторно беше изработен рекламен материјал од страна на тимот за техничка поддршка од училиштето и информатичкиот центар од општина Чашка. Акцентот на овој саем се стави на народните носии за кои беше организирано и ревијално претставување пред присутните и фотографирање. Беа претставени носии со потекло од сите села во крајот.

~ 26 ~


AЛБАНСКА НОСИЈА Албанската Фустанела или здолниште е вообичаен дел од облеката на мажите. Фустанелата била важен дел од традиционалните албански носии. Селаните обично носеле фустанела направена од груби волнени материјали, з богатите – свилени. Традиционалната албанска женска носија се состои од:

-шалвари кои се шијат од 12 м свила -кошула

од

тенка

проѕирна

ткаенина -елек од дебела ткаенина везен со срма и мунизди -капа везена со срма и мунизди -појас кој се вика фишек колан од кадифе и срма

~ 27 ~


СОГЛЕНСКИ СПЕЦИЈАЛИТЕТ

Потребни состојки  Пченично брашно  Масло  Лук  Вода Замесената течна смеса од брашно и вода се потпекува на сач во вид на кори . Потоа во тавата се реди кора па смеса од толчен лук и масло и сè така додека се потрошат сите потпечени кори. Подготовката на валангиите трае уште 1 час печење во добро загреана рерна. Време за приготвување  1 час на сач  1 час печење Пробајте ја оваа традиционална албанска пита koja секое семејство од Согле со задоволство ја приготвува. “Не е само името посебно туку и вкусот на валангиите” - рече семејството Џини. ~ 28 ~


Потребни производи за подготовка  Пченично брашно  Свинска маст  Домашна урда  Квасец  Вода За една тава потребно е околу 700 гр. бело пченично брашно. По замесувањето на тестото се сукаат кори со големина на нашата тава. Следува ред сукана кора, ред урда и масло, и се така се реди додека се употреби предвиденото тесто. Се сече, и по околу еден час стоење се пече во добро загреан шпорет на дрва. Време на подготовка 2-3 часа И сечењето е мајсторија велат, заради тоа и го добил името СЕЧЕНИК СО УРДА. ~ 29 ~


ПЕТТИ САЕМ НА ЗДРАВА ХРАНА БОГОМИЛА 2011 ГОД. Малиот јубилеј - пет години од организацијата на Саемот на здрава храна беше доволна причина саемот да се организира на местото каде што започна – во Богомила. Оваа година имаше рекорден број на производители кои ги изложија своите производи за продажба и рекорден број на посетители кои дојдоа со организиран превоз. Не изостанаа и вкусните специјалитети од вредните мајки и баби на учениците. Јубилејот на саемот се обележа со печатена брошура ПОБЛИСКУ ДО ПРИРОДАТА И ТРАДИЦИЈАТА во која на триесетина страници беа претставени карактеристиките на селата од кои доаѓаат учениците во училиштето, земјоделските производи кои се произведуваат во нив, традиционалните носии кои се пренесуваат од колено на колено, вкусните специјалитети и мала хронологија на претходно одржаните саеми. Оваа брошура се испечати благодарение на поддршката на Олга Самарџиќ Јанкова. ~ 30 ~


ШЕСТИ САЕМ НА ЗДРАВА ХРАНА ОМОРАНИ 2012 ГОД. Толку народ на едно место селото Оморани не видело многу долги години. Навраќањето на традицијата и здравата храна што се произведува во овие краеви беше празник за очите. На овој саем покрај штандот на училиштето Петре Поп Арсов беа поставени и штандови на средното хемиско училиште Димитрија Чуповски од Велес и средното општинско училиште Орде Чопела од Прилеп со нивните прехрамбени насоки. Учениците имаа можност да ги претстават своите пекарски производи и рачни изработки. Преку вакво претставување образовниот процес најдобро се поврзува со местото од каде потекнува традицијата. Културно уметничката програма на Саемот беше збогатена со настап на Ансамбл Ќерамичар. На саемот беше претставена традициона лната куќа Ранчо и Ванчо на Ката, која со својот адаптиран амбиент нуди пријатно сместување за љубителите на селскиот туризам.

~ 31 ~


САЕМ НА ЗДРАВA ХРАНА ПОБЛИСКУ ДО ПРИРОДАТА И ТРАДИЦИЈАТА Саемот низ слики - saemnazdravahrana.blogspot.com

Издава: ООУ Петре Поп Арсов, с.Богомила, Чашка Директор: Нина Маркова

Изработка: Славица Карбева, Зорица Адамчевска, Емилија Несторова, Учениците од 5 до 8 одделение при ООУ Петре Поп Арсов, с.Богомила, Чашка

Дизајн на корица: Горан Џалевски Второ дополнето издание, Октомври 2012 год.

~ 32 ~


Второ дополнето издание Октмври 2012 год.

~ 33 ~


Saem na zdrava hrana