Page 1

МАКЕДОНИЈА КАКО УТОПИЈА

Младен Србиновски


Гледиште МАКЕДОНИЈА КАКО УТОПИЈА I. Можни ли се утопиите? По пресвртот во доцниот 19 октомври 2018., во македонското Собраните и изгласувањето од претениците со двотретинско мнозинство за можни промени на македонскиот Устав за неше зачленување во НАТО и ЕУ, очигледно дека утопиите и кај нас се можни. А, тие го движат светот. Завршија еден месец пред тоа бранувањата со Референдумот, и во Македонија работите си останаа или се вратија повторно или вечно, да се матни. Попусто Америка и Европа божем решија: Македонија ќе е победник. Ние победници за победа што не знаеме, партнери со оние кои освен за победи, за друго не знаат, со наша лажица сркнаа зада видат што значи тоа пораз. Колку Американците и Европејците победнички што се недостижни, толку нам ни нема рамен во прокрчување пат кон поразот. Затоа неповикан и без навреди, (како и секогаш,) се јавувам од под “излиената бетонска плоча на изолацијата“ затоа што како доволоно да не ни е јасно фајдето и тежината од постојаните македонски победи во вечното наше кумулативно губитништво. Ова е бегла расправа за затскриениот, нашиот македонски и околниот балкански поткожен шовинизам, сите кој како што знаеме и умеме, на Европа како сопствен посебен идентитет и приказна што ѝ го продаваме. Мојот пулс, мојот шовинизам е овој текст и сето до сега што сум напишал, а вие што не престанавте да читате, преку вашите дамари со овој текст сами ќе се проверите. Тоа ќе е целта на ова писание од мојата активна тишина. Противниците на Референдумот, затскриени зад дебелата сенка на ВМРО, предопределени за величење на поразот, нашите бучни господари на јавното мнение од петни жили што ја кочат работата за наше членство во НАТО и ЕУ, а на кутриот народ дојден во фазата, спасува јте се кој како што може, по никаква цена не му кажуваат ЗАШТО се против нашиот влез во семејството на богатите? Како најзначаен од новата генерација македонски политичари и најмалку кому може да му се префрла за нашиве состојби во кои се најде кога седна на премиерското место, Заев е прв со неговата Влада која стави црта под македонистичката сметка наречена македонска катастрофа и одтука дојде победничката искра: на проблемите колку се може, да им се гледа в очи. Тоа е точката на обединувањето, сите да се надминеме и погледнеме на работите од растојание. Најтешката работа во полкитиката и од таа позиција колку што нас не турка кон победништво, него многу пати тоа го ставаше пред губитнички искушенија како парадоксалност на македонските состојби. Тогаш, ЗАШТО, многу тешко, или скоро неможни се подрасчистувања на работите кај нас кога сенешто е на ачик?


Доволно е само да се видат лицата на катавечерните тв дебати по македонските медиуми и веднаш знаеме кој какво гледиште ќе застапува и кој на кого ќе се спротивставува. Ете, ништо полесно за поставување на проблемот, а всушност, најтешката, до скоро, најказнивата работа во Македонија, непростлив престап ако се кажеше дека, во основа, има две “вистини“, две гледања за Македонија и македонскиот корпус од прашања. Тогаш, да се обидеме логички да ги подредиме точките од ставовите на овие две крајно спротивни, непомирливи стојалишта за Македонија, а вие, почитувани читатели, самите лесно ќе можете, секое лице од тв дебатите кој на која определена страна да го сортирате. И како што се крајно непомирливи спротивставените протагонисти на политичките дебати, тоа се, во основа и двете крајно спротивставени гледишта за балканскиот географски регион Македонија. Првото, европското, западното, отсекогаш во надворешна употреба, дека: федерална република Македонија, а денес самостојна Македонија, на дел од географскиот регион Македонија е држава на граѓаните што живеат во неа и второто, антиевропското, нашето локално, сосема обратното, за внатртешна употреба дека: Република Македонија е национална држава на македонскиот народ и народностите што живеат во неа, со национални малцинства во околните држави... Овие две стојалишта паралелно си функционираа на двете нивоа, надворешно и внатрешно, седумдесетина години. Во федерална Македонија во рамките на титова Југославија, а потоа и во самостојна Македонија, драконски се работеше овие две спротивставени стојалишта никогаш да не се судрат на наш внатрешен терен. Но, со паѓањето на Берлинскиот ѕид и обединувањето на блоковски поделената Европа, тие две непомирливи стојалишта за Македонија почнаа и овде да се судираат и не еднаш до безсознание се врескало на такви изјави и од надворешни политички емисари или кон текстови од тукашни непослушници. Сакале да признаеме или не, но набргу ќе бидеме приморани да сватиме и прифатиме дека меѓудржавните договори со Бугарија и Грција се токму тоа, договори во дослух со науката и потпрени врз историските факти кои одат во прилог на првото стојалиште за Македонија. Едноставно и болно само за оние што сеуште не знаат и во незнаење што ги држиме: нашава македонска проблематика на тој начин се учи по славистичките и византиолошките центри насекаде по светот. Вклучително и во Србија и во Русија. Со премолчено аминување, но поддржувани од државата, затоа маѓународните научни списанија на нашите македонисти не им објавуваат македонистички “научни“ текстови. И затоа, меѓу другото, нашите универзитети не можат да напредуваат на Шангајската листа кон најдобрите универзитети. Ние, повоените две - три генерации родени во федеративна Македонија во рамките на титова социјалистичка Југославија, воспитувани и образувани сме по второто, сталиновото коминтерновското стојалиште, дека: Македонија е национална држава на македонскиот народ, со своја историја, јазик и национални малцинства во околните држави... За тие неколку благопријатни децении на македонизмот, од 1944 до 1991., ова второ, македонистичко, коминтерновско и антиевропско гледиште го “шишаше“ го фалсификуваше првото, надворешното, европското, граѓанското гледиште и го обликуваше по свои потреби за внатрешна употреба. За таа услуга, неговите актери, нашите македонисти добиваа секакви привилегии, титули и функции. Од паѓањето на Берлинскиот ѕид, пак, започна, полека полека, а сега веќе ептен видливо, обратниот процес. Сега првото гледиште веќе дваесет и неколку години


го “шиша“ второто, македонистичкото гледиште. Не сваќајќи и не објаснувајќи му ја на народот оваа длабока игра, обичниот народ во овој заплеткан процес чувствува дека неговите учени зад грб нешто го работат и сета оваа кошмарност емотивно губитнички ја доживува. И така е. И точно е. Но, она што е најбезобразно и ни се продава за божемна нормалност е дека и двете дејанија ги изведуваат истите луѓе. Истите татковци и нивните ќерки и синови. И на нив постојано, непријателите им се исти. Со вака прочистеното методолошко поставување на “двете вистини“ за Македонија, едната европска, поставена на фактите и втората, волунтаристичка, антиевропска или македонистичка, на видело ја извадивме јатката на македонскиот проблем. Значи, ние со децении се обидувавме и сакаме со антиевропското, (во случајов) со второто стојалиште да станеме членки на првото, европското стојалиште за Македонија. Што се направивме и какви далавери не сторивме и, никако не одеше. Европа во изминативе скоро три децении од нашето осамостојување постојано ни порачува: со сраснат шовинизам, македонизмот во нас како наш божемен идентитет, не нејќе во своето семејство. А, како ние кутри, да им објасниме дека тој инектиран шовинизам во нас како наш идентитет е веќе станат наша природа. Ете го одговорот за обичниот народ што се чуди и прашува: како тоа само македонските политичари и интелектуалци никако да не можат за најважните работи да се сложат. Едноставно, стојалиштата на истите македонисти од скоро им се дијаметрално спротивни, неодамна вака меѓу себе се поделија, а со децении дуваа во иста тиква која пред сите ни се распукува. За реата, друг пат. Но, дури сега се појавува најтешкиот, внатрешниот проблем на непомирливите меѓусебни македонски поделби. Политичката идеја за самостојна Македонија срочена од историското БМОРК, ВМОРО, ВМРО е по некој чудесно среќен начин идеја компатибилна со веќе спомнатото европско и научно гледање за Македонија, а концептот на АСНОМСКА Македонија за држава на македонскиот народ со свој јазик, црква, култура и национални малцинства во околните држави е европски неприфатлив и сите овие емотивно болни реформи и договори се всушност “шишање“ на асномскиот концепт на Македонија и нејзино преобликување по концептот на Уставот на историското ВМОРО. Првиот, европскиот Илинден и Вториот, коминтерновскиот Илинден се суштински противположни еден на друг. За овој проблем и за неше национално помирување имам и цела книга напишано, (“Обеди ништожност“, Скопје 1999.), но очигледно прокукурикав многу пред време. Токму затоа, после сето поминато, време е трезвено и отворено да погледнеме на нашите два концепта за Македонија што нашите интелектуалци никако, вака подредено и прегледно на народот не му ги срочуваат. Да почнеме со европскиот, “вмровскиот“ концепт за Македонија. Црни или бели, позитивни или негативни, од утопиите како најдлабоките занеси на човечката природа е придвижуван светот. Идејата за самостојна Македонија е класична утопија. Големите сили не му дозволуваат на географскиот регион Македонија со преовладувачко население (тогаш) македонски Бугари да се припои со царството Бугарија и тие се самоорганизираат внатре. Тој сон од испуканиот македонски кошмар, е чудесен изблик на човештина, чекори и чекори пред сите


останати национално преродбенски “утопии“ на Балканот, наш државнички легитимитет на толерантност. Од нашите предци измечтаена, во секој поглед конципирана, бела, позитивна утопија. Тоа е “преамбулата“ на Уставот на историската организација ВМОРО: “да ги сплоти сите незадоволни елементи во Македонија, без разлика на вера и народност и да ги подготви за борба во името на еднаквите слободи, права и задолженија во заедничкото слободно општество“. За разлика од подоцнежните, негативните, црни, “усреќувачки“ утопии на ХХ век, оваа утопија, во принцип, не заслужува наводници и ете, преживеа идејата на нашите предци за самостојна Македонија која не пропагира за едни рај, а за други пекол. Некоја деценија подоцна, кошмарност или црна утопија за населението од географска Македонија подготвува и спроведува српската политичка и научна општественост. Ова е зародишот на македонистичката, сепаратистичката, антиевропската концепција. Увидувајќи дека не ќе можат одеднаш македонските Бугари под турско да ги посрбат, српските учени, од Новаковиќ, преку Белиќ и Цвијиќ, подготвуваат дијаболична стратегија за наше постапно откинување од бугарсктвото преку т.н. македонизам. Дефинирањето на македонизмот отприлика би бил веќе споменатото, второто стојалиште како гледање на Македонија, дека: во централниот дел на Балканскиот полуостров, меѓу Бугарите и Србите, има уште еден посебен словенски народ со свој јазик, историја, култура, црква, традиции и (од АСНОМ) со свои национални малцинства во околните држави. Македонизмот е крајната точка, врвниот дострел на српскиот “империјализам“ кој подоцна, преку Коминтерната и Сталин, со признавањето на македонците (со голема буква) за Македонци, за посебен народ. Ова сваќање на македонизмот како наша официјална државна идеологија е прокламирано на АСНОМ 1944. и тоа уредување траеше до Охридскиот мировен договор од 2001. Со ова наше “второ“ стојалиште, или нашата вистина за внатрешна употреба, со децении ја убедуваме меѓународната јавност да ни го прифати, но таа нејќе ни да чуе за ова македонистичко стојалиште со драконски мерки што се спроведува на сите начини, од училиштата до медиумите, врз граѓаните на Македонија. Точно е, НАТО и ЕУ сакаат да станеме нивни членки, но неизоставно бараат ова наше стојалиште да го преобликуваме по параметрите на “првото“ стојалиште. Да се поевропеизираме. Од година во година тоа го правиме, никој не ја кажува позадината и веќе рековме, секој наш “губитнички“ потег за наше поевропејчување го доживуваме како национален пораз. Болно и непријатно, но од манипулативноста на анитиевропското стојалиште за внатрешна употреба стаса апсурдот и се појави и деценискиот проблем познат на целиот свет, името на нашата држава. Проблем за Грција и целиот Запад не е првиот Илинден и целиот негов багаж, проблем за Грција и Запад е Вториот Илинден и неговите стојалишта врз која е поставена


асномска Македонија. Годинава во Преспа, јуни 2018., некако се реши тој заплеткан спор и ние од Договорот со Грција, прифативме ново име на државата, република Северна Македонија. Но, да се погледнеме в очи, двете наши скарани политички страни, со години, со децении да го манипулираат населението, да го втурнат 2001. во меѓутнички конфликт, сега името да му се менува на државата и пак да не им кажеме на граѓаните ЗАШТО овие работи се прават, во што е проблемот, (како во овој текст мојата скромност што се труди тоа да го стори) е македонистички шовинизам без преседан! Да се жртвуваат државата и граѓаните само за да останат заштитени од власта не повеќе од двесте државно впрегнати македонистички лакеи - историчари и јазичари. II. Каде протагонистите на црната македонистичка утопија беа изненадени? Ни на сон не веруваа дека ќе стасаат до ова дереџе. Македонизмот не увиде дека неговото време, на блоковски поделената Европа помина и тој ќe остане риба на суво. Штом Франција и Германија се помирија, нивните балкански сојузници, Србија и Бугарија требаше автоматски да се помират. Тоа значеше помирување над, во и за Македонија. До денес, сеуште тоа не го направија. Ние да ги помируваме и нив и сите околу нас, (јас лично, со години тоа се обидував и го правев, за тоа имам и цела книга, “Триумф на ништожноста“ 2017.) но, нејќевме. Топката ни се намести на пенал, но нејќевме да шутираме. Сакавме да произведуваме непријателства. Во титова Југославија ние, република Македонија, имавме само еден меѓусоседски спор. Со Бугарија. Со осамостојувањето на Македонија, се отвори и спорот со Грција за името на нашата држава. Македонизмот како наша официјална идеологија, наместо да увиди до каде стасаа работите, го продлабочи тој втор “непријателски“ фронт кон Грција. Со два фронта со соседите и еден внатрешен со етничките Албанци, беше само прашање на време кога република Македонија ќе колабира. Подлабоко ако размислиме, со отворањето на спорот за името, Грција за себе ја расчисти работата наталожена нед еден век. Овозможи “исчашеното (македонистичко) време“, повторно да се взглоби. Дијаболичните градби и споменици низ центарот на Скопје уште долго ќе го сведочат нашето самофашизирање од немоќ. Македонска трагикомичнот како измислена за некој нов Гогољ. Потпишаниот македонско - грчки договор од јуни 2018., за преименување на државата Македонија во Северна Македонија, сите меѓународни фактори со радост ја примија и поздравија. Грција во договорот кон нас направи една (полу)отстапка и избегна премка за самата да не падне во непотребно самошовинизирање. Дозволи нашиот јазик и понатаму да го нарекуваме македонски јазик, со (*) ѕвездичка за дообјаснување, дека станува збор за јазик од семејството на словенските јазици, а не за јазикот на античките македонци. Но, уште поумесно е што избегна брзоплето да арбитрира во неприкосновеното право на секој човек да се изјаснува кој како што сака. Значи, ќе можеме да се изјаснуваме и како Македонци.


Античкото наследство на Македонија остана во грчки посед и византиски вешто го затворија само нивниот “грчки фронт за името“ со нас. Грчката дипломатија со оваа милиматарска пресметливост ѝ оставија на Северна Македонија да си го продолжи постариот, првиот фронт со Бугарија. Свртените европски рефлектори кон Македонија по едно време ќе почнат да се гаснат и европската општественост ќе нема и понатаму трпение и разбирање за стариот,“идентитетски“ бугарско - македонски фронт. Овој проблем се повлекува од отворено море во плитки балкански води. Напикани во ќошето на очајот, ни останува со женска каприциозност да се инаетиме дека ете, најпосле и засекогаш, легнуваме и се будиме како Македонци, со грб држејќи ја да не падне идеолошката кулиса за внатрешна употреба на која е наредена иконографијата на македонизмот од Мисирков до Конески и сите нас подоцнежните нивни продолжувачи. Не треба нешто посебно за оваа проблематика да се знае, не требаше да бидеме и на доскорешните повеќедецениски грчко - македонски преговори за беспогрешно да ја определиме логиката на преговорите. На оперативна маса беше хемороидот македонизам. Колку повеќе од македонизмот ќе задржиме, сметаме е наш успех, колку повеќе Грците ќе го санкционираат, толку повеќе тие ќе го сметаат за свој успех. Грчката преговарачка екипа во овој спор, македонизмот, или тие како што го нарекуваат, екстремизмот на БЈРМ, професорски го рассекоа. Не ми треба голема инвенција за кога ќе дојде време на менување на натписите по државцните институции да ја замислам таблата на Институтот за Македонски* јазик Крсте Мисирков или таблата на официјалните јазици на Унијата во Брисел и на него само над нашиот, македонски* јазик да има (ѕвездичка). Македонизмот со изгубената придавка: македонски, македонска, македонско, веќе не ќе може да самозагнојува. Не ќе може да образува безброј идентитетски форми како: Македонски народ, Македонска филхармонија, Македонска академија на науките и уметностите, Македонско друштво на писатели, Македонска православна црква, Македонска радио и телевизија... Нашето ново име Северна Македонија е за севкупна употреба, секоја државна институција ќе се преименува, а од можноста ние и понатаму да се определуваме како Македонци, а својот јазик македонски од словенско потекло, задржуваме лузна, ѕвездичка, од македонизмот како симбол и последица од долгиот наш (не)успешно прележан шовинизам. Напикувајќи го македонизмот во ќош, Грција испланирано ни го остави тој агол, сантиметарски простор за инаетење за внатрешна употреба и во него вцртување на наше мало, задушливо шовинистичко крукче во еден ќош од републиката Северна Македонија. Се разбира, Албанците се во другиот ќош од тој македонскиот триаголник на безизлезот во република Северна Македонија. Ние се сложивме да го потпишеме меѓудржавниот Договор за преименувањето на нашата држава, на консултативниот Референдум, оваа есен 2018., тој Договор (не)помина, но како стојат работите, ќе помине во Собранието, а со него нашиот јужен сосед затвора и го опишува големиот грчки круг над македонистичкиот триаголник.


III. Продолжуваме со заокружувањето и опкружувањето. Наше. На часовите по геометрија учевме дека на рамностран правоаголен триаголник може и однадвор со шестар да му се опише голем круг и внатре со шестар да му се впише мал круг. По тоа се разликува добриот од лошиот писател, новинар, мислител... Лошиот писател и најдобрата тема нека ја фати, во неа секогаш мало крукче ќе впише и вишок на ќошеви ќе останат да му стрчат. Големиот талент и на најмалата тема ѝ опишува голем круг, зафаќајќи нешто и вон даденоста, но секогаш држејќи да не бега од крајните точки на ќошевите. Не само кон нас, кон нашата страна од коцкичката, на српската општественост и политика ѝ предстои тешко приземјување и вообличување во шарената балканска сложувалка. Нивниот премногу отворен шестар за опишување на српскиот круг од интереси и тежненија не ги допира упоришните точки на ќошевите од нивниот правоаголен триаголник. Српски дамнешен специјалитет кој на нив сега им задава невидени главоболки. Како во законите на физиката, закостенетата неоформеност штом насилно ја пикате во (европска) оформеност, настанува огромно меѓусебно искричење од сите страни меѓу калапот и телото. Не треба да се знае ништо посебно од минатото, не треба човек да е од овие простори, нека поживее дојденец во Македонија и од она што го гледа и слуша, самиот ќе заклучи: ние немаме големи, отворени меѓудржавни проблемии со Србија. Нивниот шестар од интереси ја опкружува Македонија, но не може да фати голем историски факт за да притиска и диктира услови онака како што тоа ни го прават останатите наши соседи. Се обидуваше и педесетина години тоа го правеше Српската православна црква со непризнавањето на Македонската православна црква. Сега, со согласувањето на МПЦ за најзина црква, мајка да ѝ биде Бугарската православна црква во барањето од Вселенската Цариградска патријаршија за приклучување на нашата црква во Екумената на православните цркви, СПЦ како (само)неметнат фактор за решавањето на македонскиот црковен проблем, самите нови околности ја исклучија. Непристрасниот дојденец во нашето секојдневие би забележал уште еден тукашен специјалитет: српското медиумско присаство во Македонија е далеку поголемо од вкупното присаството на сите останати околни наши соседи. И заедно со тукашните медиуми кои овде ги контролираат, јасно се оцртува моќната пропагаторска мрежа на противењето за наше интегрирање во НАТО и ЕУ. По урнекот на нашиот бивш премиер Груевски, заложувањето на сегашниот српски председател, Вучиќ, таму да подигне педесетина споменици на познати српски личности низ Белград и Србија, меѓу кои и на Стојан Новаковиќ и Слободан Милошевиќ, посетителите тогаш ќе можат, од споменик до споменик, логички да го подредат нивниот долг пат до триумфот на ништожноста. До катастрофата. Бронзено материјализирано и нагледно, од Новаќовиќ, авторот на националниот концепт “Начертаније“, од средината на XIX век, за насекаде сеење ветер, до Милошевиќ, жнеачот на бурата по повеќе од век и половина. IV.


Вообразени или реални, македонистички заматени или појасни, главните наши “идентитетски“ проблеми се со Бугарија. Влегуваме во емотовно топлотното јадро на овој текст. Бугарската историска приказна, или средновековието за географкската област Македонија е многу јасна за специјалистите од оваа проблематика надвор од Македонија и веќе рековме, така се изучува во светот. Посурово речено, бугарските историски аргументи во Македонија доминираат, а околните три држави на многу малку нешто можат да се потпрат за да го бранат нивниот историски карактер на оваа географска област. Иронијата на историјата е што сега токму другите три околни држави, Грција, Србија и Албанија имаат неспоредливо поглемо влијание во македонското секојдневие од државата Бугарија. Каде е тогаш нивната, “бугарската“ грешка? Бугарската страна објаснува општествено - историски неповолности за обезбугарување на мнозинското славјанско население одовде Осогово и за многу нешто е во право. Победничкиот блок на поделена Европа и во Првата и во Втората светска војна беше со Србија и Грција, но, од паѓањето на Берлинскиот ѕид, истите тие околности сега триесеттина години работат за Бугарија. Дали сегашна република Бугарија, веќе десеттина години членка во НАТО и ЕУ е задоволна од она што го направила за и во Македонија е нивен проблем. Нам одовде Деве Баир, ни се чини, не се баш најзадоволни од овдешната наша пријателска срдечност кон нив, како што и ние, македонските граѓани што не сме задоволни од бугарскиот застарен и иритирачки патернализам, со некој убав исклучок како изреботеното од Бугарија за Македонија и за целиот Западен Балкан при нивното неодамнешно ротирачко шестмесечно пртедседателствување со ЕУ. За прв пат, Бугарија во првите шест месеци од балканската пресвртна 2018., успеа и покажа дека и накусо, сепак, може да го отвори шестарот за опишување на својот голем круг околу бугарскиот триаголник од интереси, што не попречува и на другите големи балкански национални кругови да минуваат и по точки и полиња од заеднички меѓусоседски или општобалкански интереси. Актуелниот македонски премиер Зоран Заев ги стави картите на маса и вековните игри на намигнувања во нашиот македонски, па и балкански простор веќе до толку како порано не врват. Затоа што не врват во Европа. Летото 2017., тој го потпиша и македонско - бугарскиот Договор за добрососедство. Среќата ги следи храбрите, од силите сто и педесеттина години Македонија што ја заглавуваа во жив песок, тој за една година ја одглави државата и ја постави на европски шини. Она што генерации и генерации посакуваа од двете страни на македонско - бугарската граница, по потпишаниот Договор за добрососедство со Бугарија, меѓудржавните проблеми драстично се растоварија. Договорот за добрососедство донесе нов критериум во македонско - бугарските односи: способноста или неспособноста сами да увидиме што едни на други правиме, наместо својата правоверност или безобразлук постојано на трети сили да им ја припишуваме.


По Договорот, бугарската страна е на потег. Знаат ли на тој Договор да се благодарни? Тоа ќе им биде внатрешниот лакмус тест за нивно доевропејчување или самошовинизирање. И тука им нема надворешна помош. Времето пред нас ќе покаже дали знаат како понатаму со соседската, (идна Северна) Македонија. Несомнено, по некоја година ќе се изработат транспортните, нафтените или гасовите коридори, ќе се напишат и поправат учебниците, заеднички ќе се слават празниците, овде ќе домолкнат и сега подзамолчените македонисти и пак бугарската јавност ќе остане незадоволна, не сакајќи да увидат дека од нивните потези зависело дали ќе бидеме европски браќа наместо балкански “браќа“. Каде е нивната сметка што не им се покажува на пазар кога сите знаат дека бугарската страна не ги фалсификува и извртува прашливите историски документи? Од други кажано и до сега, со изјавите на некои членови од бугарската Комисијата која што ќе работи со македонската комисија за “пеглање“ на историското градиво во македонските учебници, или коментарите од бугарската страна по заедничкото илинденско чествување на Заев и Борисов во Благоевград, дека бугарската држава може да ги застане македонските преговори кон ЕУ, неможно е да не се исчудуваме на несмасното размислување за Македонија од страна на бугарските политичари и интелектуалци. Или уште подиректно. Да ја објасниме кратковидоста и безобразлукот на бугарската политика преку издавањето на бугарските пасоши. Прв пат кога нешто поконкретно можеше да покаже бугарската политика, се покажа која е. Од опипливата бугарска полза, невидена придобивка за бугарскиот граѓанин и сон за седум милијарди население по светот. Нормално, многумина, илјадници од Македонија аплицираа за бугарски пасоши. Врапчињата веќе зборуваат, оние кои добиваат бугарски пасоши во Македонија се мрачните македонистички антиевропејци и антибугарски мразачи. Пак вечното бугарско внатрешно крукче на впишана идиотштина. А, бугарските пасоши се постојан аргумент во овдешните расправии. По сето она што направи премиерот Заев за македонско - бугарското помирување, не верувам баш некој од семејството Заеви ако побарал бугарски пасош и дека добил. Сега да се живи Гоце Делчев, Карев, Татарчев, Александров, Прличев, Миладиновци... Бугарски пасоши сигурно не би добиле. Или, најдиректно. Опишаниот круг на бугарскиот триаголник, меѓу другото, можеа и со бугарските пасоши да го направат. Веднаш по здобиената можност со бугарски пасоши да може непречено по Европа да се патува, учи и работи, отворено, јавно, со сите сили, ама со сите сили, во Европскиот парламент бугарските европратеници требаа да побараат на сите македонски граѓани што имаат македонски пасош, “без оглед на вера и народност“ да ѝ дозволат на Бугарија да им издаде и бугарски пасоши. Ако тоа не поминеше, а зашто да не, да добијат барем само оние, од осумнаесет до четириесет години. Оние што треба да се школуваат или да работат. Најактивните што бараат и што имаат на животот што да му дадат. Аргументите се безброј, ниту сме многу, ниту некого ќе загрозиме, ниту најмладите овде се виновни вака што се затворени. Ако сме ние нивни


браќа, штом одвоени одамна, во своја држава и со други националности сега живееме, нам на Македонците ако тие сега ни се браќа, тогаш тие и на ним, и на Бугарите им се браќа. Такви некои доброосмислени, широки потези на оцртување на опишаниот, голем круг од топла енергија што можеше бугарската политика да ја направи за Македонија, ќе беше претопло поздравена од сите македонски граѓани. И не само во Македонија. И Белград и Атина и Тирана и Брисел, отворено ќе речеа, браво и благодариме. Секој и секаде ќе рече, чекај па овие “клети“ Бугари никому не мислат лошо, тој спин за нив некој намерно им го ампутира. Вечно актуелната Соломонова мудрост за детето со мајките, бугарската општественост нејќе да ја примени. За потоа сама Европа соломонски да биде мудра. По некои вакви и слични големи потези, Бугарија со полна уста ќе имаше не само уценувачко, туку и морално право да рече: ајде сега, учете ја историјата каква што е. Со учебници во кои немате право младите луѓе системски да ги труете за тие некого, а најповеќе своите предци, да ги мразат. Тоа ќе беше завршниот голем бугарски круг на поевропејчувањето. Нивно, наше и балканско. Фактите се едната линија, мртвата, минатата работа, ланскиот снег, а животот е другата линија, недофатливата и ненапишаната. Што ја живееме и што прави нови документи. Без преддејствија и само со неинтелигентно инсистирање на историските факти, бугарската страна како намерно да работи за одржување на смислената македонистичка одбивност кон нив. Да не заборавиме уште еден факт, без такви човечки преддејствија од бугарска страна, на македонистичките пратеници од република Северна Македонија што ќе влезат во Европарламентот, Бугарија ќе им биде најголемиот непријател. Нека се држат од таквите со бугарски пасоши во Брисел. Да има Меѓународен суд за интелектуални злосторства во Хаг, македонстичките јазичари и историчари за многу нешта би се извинувале. Но, очигледно и бугарските интелектуалци во однос на македонскиот проблем како да се прегазени од времето. Сега, нашите, скопските македонистички претставници во меѓудржавната македонско - бугарска Комисија за фактите нека се сложат тукашните наши учебници да бидат токму по кеиф на бугарските историчари, Бугарија пак во Македонија не ќе биде премногу омилена. Со уцени не се добива пријател, само се губи. Ние сите имаме блиски роднини, па со некои и не зборуваме. Со сила “брат“ не е брат. Или јас можеби не знам што значи брат? На брат уцена не се прави: тоа потпиши, она потпиши, тоа признај, она признај... Тоа треба да го разберат отаде Деве Баир. За жал, што би рекол скопскиот академик, Блаже Ристовски. На спомнатиов академик веројатно веќе му имаат издадено бугарски пасош. Но, тоа е, Бугарија како вечно да е осудена во неа и понатаму да се одвива еден тивок процес на самошовинизирање пост фестум, нивна внатрешна каракачановизација, толку добродојдена за скопските раскринкани антиевропски македонисти, толку непотребна на Бугарија за нејзино повторно бламирање. Цел свет сега кога “работи“ за Бугарија, таа самата си работи против себе.


V. На крајот, по правило, секогаш доаѓа потреба од зборот, излез. Чаре? Излеговме од емотивниот дел и навлегуваме во најдлабинската фаза од текстот. По страничното обработување на македонската коцкичка, ајде на крајот неколку реда за внатрешната природа на македонската коцкичка. Најтешкиот дел. Нашиот соживот со македонските Албанци, но и со останатите тукашни граѓани. Штом сите се изјаснуваме дека сакаме државата да ја европеизираме, да го забодеме нашиот шестар во нашата “слепа точка“ (Чеслав Милош), за опишување на нашиот (северно)македонски круг. За албанскиот опишан круг, не трошевме зборови. Едноставно, радиусот на нивниот круг сите секојдневно го гледаат како се шири и тој никогаш не е поголем од крајните точки на албанскиот триаголник. И тоа е главната причина за страв од Албанците од околните нивни соседни држави. На Албанците сега најмалку им одговараат судири и со нив може како со ниеден друг народ на Балканот отворено да се разговара. За таа позиција крваво се изборија и на останатите држави, вклучувајќе се тука и самите ние, ни останува само културно и отворено да разговараме и заеднички за иднината нешто да превземаме. Но, ние, македонската страна од република Македонија, пред да почнеме здраво катарзично со албанската страна да разговараме, самите пред себе треба да се прашаме: сакаме ли со Албанците отворено за минатото, сегашноста и иднината да зборуваме и да ги жртвуваме до сега прошверцуваните, не повеќе од двесте македонисти или да го жртвуваме губењето на државата? Ни меѓународни учени, ни грчки учени ни бугарски учени, никој друг,туку внатрешните македонско - албански односи ќе ги санкционираат нашите македонисти. Нам само ни е време за најголемиот дел од нивните “научни“ трудови да им се заблагодариме. Тоа е интелектуалното македонско референдумско прашање на кое треба “за“ да заокружиме. Македонските Албанци во секој поглед и на секој план се појаки од нас. Ние, Македонците, историски сакавме да направиме сепаратизам преку македонизмот од бугарското етничко цело. Направивме и сега, шеќер не ни треба. Да речеме, писателот, академик Митко Маџунков кога да се појави во јавноста, рони солзи на немоќ по кого ќе стигне. По Бугарите зад железната завеса во време на неговата младост што не знаеле што се џвакала и фармерки, на Албанците што нејќеле да прифатат во Македонија заеднички јазик да ни бил македонскиот јазик, на неодговорниот премиер Заев сенешто што потпишува, на старата курва Европа и Америка... Од каде да почнеш со академикот со книжевно дело и размислување на селски свекор? Што да правиме Албанците што нејќат да зборуваат со нас на македонски? Нејќат и готово.


Зашто на Белиќ и Ростковски не им истекнало и меѓу Албанците да изнајдат и протежираат албански сепаратизам? Можеби им текнало, но не им успеало. Што да правиме што нивните Наум Веѓилхарџи, Фаик Коница или Сами Фрашери не станале албанските Пулески, Чупоски и Мисирков, а нивниот Наим Фрашери наместо да пишува епови за Скендер Бег, не им ги напишал “За албанцките работи“. Зашто Тито и неговите поддржувачи не изнашле некој албански Блаже Конески кој ќе изврши насилна глототомија на албанскиот јазик и од нивните наречја не создал некој нов, посебен албаноиден јазик? Сакавме, направивме одделен јазик, не жалевме и не жалиме сили да го афирмираме по светот и ни дојде благодедта. Сега јазикот ни е одделнен во семејството на словенските јазици и регистриран и во фасциклите на ОН. Со тој факт се помири и пред него попушти и официјалната грчка политика. Проектот на Белиќ, Цвијиќ, Мисирков и Конески се оствари и македонскиот јазик е “коинето“ на кој во Северна Македонија зборуваат Македонците. Сега академик Маџунков плаче што ќе го читаат само десет души (ако и тие) го читаат, а на сите конференции ќе седи со слушалки на уши за да го разбере колегата Албанец академик со кого им се канцелариите врата до врата. Албанството работи на сплотување на Албанците, а шовинистичкиот македонизам работи на принциопт на одземање, одвојување, сепарирање и изнаоѓање на непријатели секаде и секогаш, по секоја цена. Не можеш шовинизам да раскринкаш со шовинизам. Албанството има други болки. Од научно методолошка нерасчистеност сега Албанците тивко, по многу места сеат споменици од нивни колаборационисти на најцрната утопија на човештвото како борци на нивната национална утопија. Или, кого не смајуваат податоците што не им помогнавме и ги одвративме млади Албанци што појдоа како доброволни војници за т.н. Исламска држава, или Македонците муслимани, Турците, Ромите и Бошнаците од Северна Македонија што стануваат поголеми Турци од Ердоган... Дали ветерот на ваквите невесели појави некогаш ќе се жнее, не знаеме, но нам секогаш ни останува, заеднички, нешто друго да им понудиме на граѓаните. Двете најголеми етнички заедници во државата треба да повежбаат чесна игра, натпревар по јасни правила и со отворени карти за наше поевропејчување. Што не значи останатите помали етнички заедници се надвор од играта. Малку шеговито, неодамна албанскиот премиер забележа дека многу бавно одат процесите на пристапување, на влегување на земјите од Западен Балкан во здодевна Европа. Се сложуваме, но моето скромно чувство на провинциски писател (можеби погрешно), ми вели дека токму ние, одовде ќе им внесеме и на европјаните ќе им ја подобновиме подостинатата возбуда и подзаборавениот восхит. Има ли поголемо европско задоволство од гледањето на граѓаните во Северна Македонија како врз себе вежбаат и спроведуваат европејство. Невидена бела утопија! Европа ќе ја заболат рацете од ракоплескање. Балканските грди пајчиња пред нивни очи како се престоруваат во лебеди. А ние тоа го можеме, што би рекла Ангела Меркел.


Дали македонските Албанци ќе сакаат и ќе го прифатат овој натпревар, како што го одбиваат македонистичкиот проект? И на двете страни друго и не ни останува. Тој што ќе одбие, тој покажува колку е европеец. Во република Северна Македонија сме осудени да не бидеме шовинисти. Проблемот е како да обмислиме идеален модел на функционирање на државата. Досега, двете најголеми етнички заедници во Македонија вцртуваат во рамностраниот македонски триаголник две внатрешни крукчиња на својата правоверност. Заокружена подмолна молчаливост што негува во своето крукче свои колективни митови како принципи. Или, еден ист впишан круг во еден ист триаголник од два шестари. Како непомирливи противници, молчаливи и стрпливи секој одделно што чекаат погоден момент на другиот да му го загорчаат животот, одеднаш од нас се бара одвнатре, заеднички круг околу Македонија. Ништо поубаво. Но за таков потфат ќе треба барем неколкукратно самите да се надминеме. Па волшебните чизми од Петер Шлемил да ги обуеме и со чекорите од седум милји да ги испревариме и околните држави, затоа што по тој пат по некоја деценија и тие ќе мора да тргнат. Обединета Европа е опишаниот, големиот круг околу Европа. Кои се новите принципи за нашиот нов Устав? Едни кон други со грбовите, сите во Македонија работиме само преку разликите да се одбележуваме. На моменти фрламе страничен поглед во чиниијата пред комшијата и, зрната грав во неговата чинија се поголеми! Во моментов, дури божем нешто мудрувам, а Вие, стрпливо текстов божем го читате, на многу места околу нас, во разни универзитетски аули, во разни бизнис простории или хотелски сали, и кај нас и во светот, се одржуваат илјадници научни и специјалистички состаноци, конференции или конгреси каде што рабтниот јазик е англискиот. Токму тоа, во шарената, мала Северна Македонија, англискиот треба да биде работен јазик. Упоришната точка за шестарот од каде ќе се опише нашиот голем македонски круг. Или, најпрецизно, тоа треба да стои во Уставот што ќе се менува. Во неговата “преамбула“. Во Република Северна Македонија официјални јазици се македонскиот и албанскиот, а работен јазик е англискиот. И редоследно, како што новото име на државата ќе се внасува, со тоа темпо да се вградува во сите државни институции и употребата на англискиот јазик. Сите документи, сите сведителста, сите водења на државни книги, сето на англиски. Пратениците во Собранието да зборуваат на англиски. Министрите во Владата - исто, полицијата исто. Најбавно, но не за повеќе од четири - пет години и судството да прејде на англиски јазик. На сите средби, и пожелно е, во зависност од националноста, носителот на функцијата поздравно нека се обрати на својот мајчин јазик, но потоа, работно, само на англиски. На државната Македонска радио телевизија, (или како по новото име ќе се вика) првиот канал на англиски, вториот, како што е сега првиот, третиот како што е сега вториот. Еден провладин весник на англиски или доволно ќе е само провладиниот сајт на Макадонската информативна агенција,


(или како ќе се вика по новото име) исто на англиски. Останатите приватни телевизии и останатите медиуми, пазарно ќе си туркаат, ако им се исплаќа, како и до сега... Сите реформи во движење и нема чекање. Од предшколска возраст, од детските градинки, уште од следната есен да се почне на англиски јазик. Малку смешно, но само така, и деца и учителки заедно од боенки ќе учат англиски. И петки ќе им ставаме на рачињата. Уште од идната есен, сите ученици до четврто одделение, “без оглед на вера и народност“ ќе посетуваат настава на англиски јазик. (Оние учители што знаат англиски, веднаш се префрлаат во овие одделенија). Во сите училишта, село - град, од крај до крај на Северна Македонија. Наставата и учебниците, Оксфорд систем. Па потоа, од догодина, до петто одделение насекаде ќе се изведува настава на англиски јазик, идната од шесто, седмо... Па, година по година, истиот принцип и во средните училишта. На факултетите, се разбира. По неколку години, истиот државен само проширен проект, сето образование на два јазика, и на англиски и на германски. Овие законски регулирани, субвенционирани проекти на телевизиите постојано да се вртат. Емисии - курсеви за англиски и германски јазик деноноќно да “фрчат“. За возрасните, по училишта, по месните заедници, во џамиски и црковни простории, во секој можен јавен простор, секаде “вечерно“ , бесплатно учење на англиски и на германски, слично на повоените проекти за масовно описменување на возрасните, како што сме слушеле од родителите. Оваа постојана кампања да стане игра, забава, разонода, стил на живот, бела утопија умствено што ќе придвижува и ќе не извлече и излекува од овие идеолошки црнила. VI. Македонските и албанските душегрижници за јазикот и историјата, ова уште дури го читаат, со право ќе се запрашаат: како предметите по национална проблематика ќе се изведуваат? Два светски јазика и еден локален, нели таква е препораката и заложбата на Европската унија за образованието на своите млади граѓани. Еве, го изложивме. Нашите ученици и на часовите по мајчин јазик заедно ќе бидат. Заедно ќе учат по два часа и македонски и албански јазик. Таму кај што има и друга поголема заедница, дополнително уште по еден час јазик на таа заедница. На албанските ученици затоа што албанскиот им е мајчин јазик, по овој предмет ќе добиваат петки, а останатите од останатите етнички заедници, двојки и тројки. И обратно. Тие од македонски јазик во просек, ќе добиваат помали оценки, а Македонците повисоки. Најважното, младите спонтано ќе прозборат и ќе поднаучат од комшискиот локален јазик. Откако беспрекорно ќе го совладаат јазикот на светот, англискиот, па и германскиот и преку тие јазици и стекнати знаења ќе станат светски граѓани, дури тогаш, отпосле ќе го отфрлат шовинистичкиот плашт наметнат врз нивниот мајчин јазик. Од здобиената широчина од образованитето по светски стандарди, самите ќе можат најточно да го определат значењето, убавината и местото на нивниот


и на комшискиот јазик кои само повеќе ќе им омилеат, ќе ги негуваат, а тие веќе не ќе им служат како орудија за непријателства едни против други. Ние, постарите генерации кои во текот на образованието не сме имале ниту еден час на англиски јазик или германски јазик, со нашиот Тарзан инглиш затоа што не можеме да пишуваме на англиски или германски, за нас и за оние што сакаат на својот мајчин јазик да пишуваат, за нив и понатаму и секогаш ќе ги има од Министерството за култура годишните конкурси за потпомагање на литературата на јазиците на националните заедници. Проектот, република Северна Македонија без преведувачи и без слушалки со превод би требало да заврши за не повеќе од пет години. VII. Наставата по историја? Многу лесно. И таа на англиски. Истото градиво учениците заедно ќе го слушаат и ќе го учат на англиски. Нашите тукашни историчари ако не можат да се сложат и учебниците по историја заедно да ги напишат, Министерството ќе нарача странски специјалисти да ни ги напишат. И штом умен се правам, дозволете, до крај да ја “засолам“. Со намера најмалку да релативизирам, не можам да го прескокнам намерниот привид на македонските и албанските историски глорифицирачи на засебните национализми во досегашните наши учебници по историја. За таква научна цел, нашиве историчари го користат “методот“ на строго отфрлена дијалектика. На балканските историчари очигледно помил им е методот на статиката од градежништвото. Него го ползуваат, градат одбрамбени кули и со нив како национални паравани едни од други на средновековен начин се браниме, во нив по едно време ни станува тесно и задушливо и ајде наново, нашите кули кон противникот ги изместуваме. Пак да се потсетиме на резултатот од овој ползуван статички метод меѓу македонските и бугарските историчари. Сега меѓу едната и другата страна е зината парадоксална бездна. И покрај сите историски документи со бугарски историски предзнак, за бугарската страна е несватливо како сега одеднаш се појавија Македонците, а за нас во Северна Македонија, непоимливо е како тоа сите наши предци биле “национални предавници“ или “национално неосознаени“. Тоа е осветата од пренабрегнувањето на дијалектика. Профетскиот дух на проф. Денко Малески, првиот министер за надворешни работи во назависна Македонија, во повеќе колумни, многу умно заокружува, ние на Бугарите да им го признаеме минатото, тие во истиот момент нам да ни ја признаат сегашната македонска нација. Таа пренабрегната дијалектика е јасна и од односот на истакнувањето само на разликите меѓу албанските и македонските историчари, заради што се подзабораваат трудовите кои би требало да бидат подоминантни во четивото на тукашните наши историски учебници.


Меѓу другото, показателите од научните трудови посветени на исламизацијата во Македонија, (ако не се точни), сегашниве историчари можат наново да ги проверат. Веќе покојниот проф, Методија Соколовски, турколог, (и не само тој), постапно и детално, во многу трудови според пописите од педантните турски пописни дефтери, знаечки ги има проследено овие мачни “дијалектички“ процеси од минатото. Во првиот том од: Тетово и тетовско низ историјата, Тетово, 1982г., на стр. 117., после страници и страници табели и цифри, заклучува: “во градот Тетово во 1528 година околу 33% се исламизирани христијани или секое трето муслиманско семејство. Во 1545 година од 101 семејство 38 се исламизирани или 37%, а во 1568 година од 330 муслимански семејства во градот 184 се исламизирани или 56%, т.е. секое второ муслиманско семејство во градот е исламизирано.“ Како читетели на историски четива можеме уште за многу историски феномени да поставуваме прашања, како: за општествената ориентација на знаменитиот Скендер бег, човекот со три вери, од правослевец кој прешол на ислам, па во католик. За името на мајка му, славјанката Воисава, од тетовски Пирок, за името на татко му, правиславниот (словен?), Јон. Нивниот син, Скендер бег, цел живот антитурски настроен воин кому и Прличев, нашиот преродбенски поет од ХIХ век, му испејува цел еп. На Скендер бег словенското население не му се спротивставува, туку го поддржуваат, а сега, од современото албанство тој е свртен против нас. Или, за мировниот договор во Подгорица 1920., потпошан од тогашните водачи на националните движења, Тодор Александров и Хасан Приштина. Договор склопен во мирно време, без ничиј диктат. Не секогаш правнички и законски, но прашање е на чест и треба да се ребрендираат и имињата на навивачките групи Комити и Балисти... VIII. Некако, стасавме до крајот. И на крајот: нема квоти, нема проценти, нема вечно и мачно пребројување, туку целосно интегрирање на сите граѓани во “едно цело“. Граѓанско. И европско. Што не значи државата во буџетските институции не ќе води сметка за националната застапеност. Тоа нам, на корисниците на државните услуги многу не ќе ни значи кој чинивник, професор, полицаец, доктор, шофер или судија... е од која национална, полова или верска припадност. Европските институции овој и ваков наш долгогодишен, всушност наш перманентен и “вечен“ проект за наше суштинско поевропејчување сесрдно ќе ни го помогнат. И ќе нема разумна сила која таа и така конципирана наша нација што не ќе ја признае за засебна. Само една година, можеби и помалку, ваквата новата ситуација ќе ни создава само весели проблеми, а нема да произведува суштински проблеми, колкави се зрната грав во чинијата на другиот. Вака некако, рационално утописки обмислената македонска реалност практикувана во секојдневието, од реалноста ќе добива енергија за да се залетаме.


Со намален, дури преполовен број на пратеници во Собранието, со упростеното, веќе споменатото водење на административните работи кое самото ќе бара малку администрација и помал број на министерства и некабасти државни органи, за неколку години ќе добиеме ефикасна, продуктивна, прозрачна и евтина држава целата налик на стегната холдинг компанија од средна големина во европски размери. Кон ваков или некој отприлика ваков (северно) македонски модел на државно организирање треба да тежнееме. Македонска бела утопија, за сите сон, за никого кошмар. Кај ќе ни биде крајот?! Младен СРБИНОВСКИ

Profile for Nikola Angelkoski

"Македонија како утопија" Младен СРБИНОВСКИ  

"Македонија како утопија" Младен СРБИНОВСКИ  

Advertisement