Page 1

Број 149

ЦЕНТАР ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ НА МАКЕДОНИЈА

Август 2015

МАЦЕФ промовира енергетска ефикасност и почиста животна средина Во овој број:  Од уредникот  Активности на МАЦЕФ  МАЦЕФ Анализа  МАЦЕФ истражува за Вас  Новости од Македонија и светот  Занимливости  Корисни web-адреси  Манифестации

OД УРЕДНИКОТ

Почитувани колешки и колеги, членови и симпатизери на МАЦЕФ! Во жешкиот август, и ангажираноста на членовите ја достигна точката на усвитеност. Покрај основите задачи од меѓународните проекти (во текстот видете повеќе), се приготвуваат финансиските извештаи за 16 месечниот ангажман. ЕУ захтева (што кај нас не е баш пракса) за секој час посветен на проектот да се одбележи кога е одработен, на кој дел од проектот и што е завршено. При изработката на студијата за когенерација произлегуваат многу вредни сознанија како на пример дека количински потрошената електрична енергија во еден објект е во просек 60/40 % (во полза на дневен режим на работа) но финансискиот однос е на ниво од 85/15 %! Од таа причина и нашите напори се да се избалансира овој финасиски однос, со енергетски зафати. На 13 август се организираше завршната манифестација на IPA проектот за јакнење на капацитетот на Министерството за економија (сектор енергетика) и Агенцијата за енергетика, во присуство на министерот г-дин Б. Незири и г-дин М. Клаука од ЕУ делегацијата во Македонија. Се гордееме со нашиот придонес во овој проект! Вашето внимание сакаме да го привлечеме со меѓународната активност, но уште повеќе со ПРОВОКАТИВНОТО прашање за дискусија. Очекуваме да ги добиеме вашите ставови, а дискусијата ќе ја држиме отворена! Особено би ги ценеле ставовите на засегнатите институции – Министерства, Стопански комори (градежништво), Собрание на РМ, Организација за заштита на потрошувачите и сите инвеститори во овој сектор. Редовни активности на меѓународните проекти multEE, REACH, Streetlight EPC и RePublic_ZEB. Прашање за ДИСКУСИЈА: Ако во Законот за градба не е наведено дека е потребно да се приложи и дополнително Елаборат/Проект за ЕЕ (Енергетска ефикасност) за да се добие дозвола за градба, дали е нужно да се приготвува и оваа докуменација како дел од Основниот проект, иако Инвеститорот приложува таков доказ – Потврдата за ЕЕ (предвидена во Законот)? Во рамките на соработката со стопанските организации ја одбележуваме посетата на организацијата Енерго Систем. Причината не е единствено деловната соработка, туку континуираниот раст и преселбата во новите простории, придружени со импозантен магацин! Им пожелуваме и натамошен раст и да има многу повеќе вакви организации кои континуирано растат во Македонија! Нашата web страна подолго време (за жал) е во трансформација (нов сервер, нови потреби, преангажираност...) но ќе биде (ова е чест политички термин, зар не) ? Очекуваме Ваше јавување и дискусија! Поздрав до следниот број Проф. д-р Константин Димитров

ЗА МАЦЕФ МАЦЕФ е доброволно научно здружение, коешто нуди услуги и стручни знаења од областа на енергетиката и заштита на животната средина во Република Македонија и пошироко. МАЦЕФ е член на: - меѓународната мрежа за енергетска ефикасност RENEUER (Regional Network on Efficient Use of Resources) - мрежата managenergy формирана од страна на European commission DG Energy and Transport www.managenergy.net - Асоцијацијата на Консултантски организации - на РЕЕЕП, Motor Challenge Programme и официјален партнер на Sustainable Energy Europe - член на Деловниот совет на Универзитет Американ Колеџ Скопје

Активности на МАЦЕФ

Проект Streelight-EPC Во месец август во рамки на проектот Streetlight – EPC активно се работеше на изготвување на првиот извештај за проектот. Целта на овој извештај е врз основа на постигнатите резултати, да се направи увид во динамиката на спроведување на проектот кај сите проектни партнери и динамиката на изработка на потребните проектни материјали. Паралелно се работеше на изработка на извештаите за реконструкција на уличното осветлување со поставување на ЛЕД светилки, наменети за општините кои во изминатиот период доставија соодветен список на инвентарот од системот за улично осветлување со кој располагаат. На почетокот од месец септември во Сантандер, ќе се одржи работен состанок. Целта на состанокот е да се направи увид во изработените извештаи и да се дефинираат идните проектни активности. (ДТ)Повеќе... Проект REACH Во месец август активностите на проектот REACH беа насочени кон подготовка на административниот извештај за досегашниот тек на проектот со крајна цел комплетно следење на сите планирани цели и резултати. Во таа насока, од страна на МАЦЕФ беше подготвен наративен извештај за досега постигнатото, како и финансиски извештај за досега користените средства за нормално функционирање на проектот. Освен ова, активностите на проектот ги опфатија и планирањето за набавка на енергетско ефикасните уреди коишто ќе бидат поделени на енергетски сиромашните домаќинства.(ЖИ) Повеќе... Нов работен состанок во Септември на РеПублик_ЗЕБ проектот во Барселона, Шпанија Главната цел на проектот е да дефинира исплатливо оптимизирани „пакети на мерки“ базирани на ефикасни технологии со гарантиран квалитет за обнова на јавните објекти кон nZEB кои се стандардизирани и усвоени од градежниот сектор и сопствениците на објекти. МАЦЕФ е локален спроведувач на овој проект во Македонија. Останатите партнери се универзитетите во Торино, Будимпешта и Букурешт, КРЕС од Грција, Енергетски Институт „Хрвоје Пожар“ од Хрватска, БСЕРЦ од Бугарија, ИРЕЦ од Шпанија, ЛНЕГ од Португалија, БРЕ од Велика Британија, ЦТИ од Италија, ЗРМК од Словенија. На состанокот во септември ќе се финализираат документите кои беа завршени во изминатиот 6 месечен период и исто така ќе се договори работниот план во наредните 6 месеци. Во

Имате желба за соработка? Ве молиме контактирајте нé на: МАЦЕФ – ул. Н. Парапунов 3а/52, 1000 Скопје, Тел. 02 3090 178 Факс 02 3090 179, e-mail: macef@macef.org.mk www.macef.org.mkСледете нé и наMACEF Facebook


ИНФОМАЦЕФ 149

Страница 2

наредниот период, потребно е да се усвои софтверска алатка и да се направи анализа на трошоци и корисност, со цел да се најде оптималното решение во избраните референтни објекти за секоја земја учесник на проектот. Во меѓувреме, посетете ја интернет страната на проектот на http://www.republiczeb.org/ и преземете ги извештаите кои се подготвени како дел од активностите на овој проект! (СП) Проект МултЕЕ МултЕЕпроектот е финансиран од Европската комисија како дел од Хоризонт2020 програмата. Партнери на проектот, покрај Центарот за енергетска ефикасност на Македонија се и Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) GmbH (Германија), Универзитетот од Роскилде (Данска), Еколошки Институт (Германија), Агенција за енергетика на Австрија (Австрија), Енергетски институт Хрвоје Пожар (Хрватска), Институт за физичка енергетика (Латвија), Енергетски институт на Литванија (Литванија), Центар за обновливи извори на енергија и заштеди – КРЕС (Грција) и Агенција за енергетика и иновации на Словачка (Словачка). Општата цел на multEE е да се подобри квалитетот на следење на мерките за енергетска ефикасност и заштедите на енергија и хиерархиското ниво на реализацијата (monitoring). Во изминатиот период беа анализирани постоечките методологии за пресметка на заштеди од мерки во енергетската ефикасност во сите земји во Европа. Исто така, направени беа неколку анкети со цел да се анализираат постоечките системи за следење и верификација, како и нивната моментална примена во земјите во Европа.(СП) GGF – Green for Growth Fund! Зелените ЕКО и ЕКО плус кредитите на Халкбанк Во месец август соработката помеѓу МАЦЕФ и ХАЛКБАНКА, во однос на реализација на ГГФ Проектот во Република Македонија, продолжи со истиот интензитет како и во изминатиот период. На 11.08.2015 претставници од МАЦЕФ и ХАЛКБАНК беа на информативен состанок во фабриката Благој Ѓорев во Велес, со цел утврдување на можноста за искористување на поволностите кои ги нуди кредитната линија. На состанокот беше утврдено дека потребно е да се направи листа на мерките кои се предвидени да се спроведат во кругот на фабриката, а потоа е потребно да се класифицираат на стандардни и нестандардни мерки за зголемување на енергетската ефикасност и искористување на обновливите извори на енергија. Стандардните мерки се со дефинирани услови, за овој тип на мерки нема потреба да се изработи детална енергетска контрола, во нив спаѓаат реконструкција на објектите и евалуацијата ја прават службениците за заеми од ХАЛКБАНК. Нестандардните мерки се мерки за кои е потребно да се изработи детална енергетска контрола, евалуацијата ја прават енергетски инспектори, во овој тип на мерки спаѓаат мерките за подобрување на индустриските процеси и сл. Потребно е да се нагласи дека при евалуацијата на двата типа мерки се утврдува степенот на зголемување на енергетската ефикасност и нивото на намалување на емисиите на CO2 за најмалку 20%. МАЦЕФ по втор пат е избран како техничка поддршка за ЕКО кредитите кои ги нуди ХАЛКБАНК, а се овозможени од кредитната линија GGF - Green for Growth Fund или ГГФ - Зелено за развој!ЕКО кредитите се наменети за физички и за правни лица за финансирање проекти од енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, намалување на емисијата на јаглерод двооксид, подобрување на животните услови преку промена на топлинската изолација, врати и прозорци, нови системи за греење итн. За повеќе информации обратете се во Центарот за енергетска ефикасност на Македонија-МАЦЕФ на телефонот 3090 178 или eлектронската пошта d.dimovska@momee.org.mk. (ДТ) „Физибилити студија за изградба на когенеративна постројка за производство на електрична енергија, топлинска енергија за греење и техничка пареа“

Здружението МАЦЕФ во месец јуни започна со реализација на проектот изработка на „Физибилити студија за изградба на когенеративна постројка за производство на електрична енергија, топлинска енергија за греење и техничка пареа ЈЗУ ГОБ 8-ми Септември, Друштво за изградба, управување и издавање на повеќенаменска сала Борис Трајковски ДООЕЛ Скопје со сите придружни спортски содржини во комплексот, Здравствен дом – Поликлиника Букурешт, ПЕТ Центар и други објекти“-финансиран од Министерството за здравство на Република Македонија. Во изминатиот месец МАЦЕФ активно работеше на дефинирање на моменталната состојба на потрошувачката на енергија во споменатите објекти и утврдување на вкупниот енергетски потенцијал на когенеративната постројка за производство на електрична енергија, топлинска енергија за греење и техничка пареа. (ДТ) МОЈ СТАВ Во рамките на својата дејност, се сретнуваме со законски одредби кои се недоречени, а произведуваат дополнителни финансиски трошоци. Се прашувам: Која е причината за ова дополнително оптоварување на инвеститорите од страна на општините и Министерството за транспорт и комуникации? Дали се нема доверба во квалитетот, потполноста и објективноста на издадените Потврди? Како потсетување: овластените лица (енергетски контролори) кои имаат право да ги приготвуваат Потврдите, имаат помината дополнителна обука од 90 часа и полагаат јавен испит (теориски и практичен дел, според програма од Министерството за економија). Кој има право, кој е овластен да ги приготвува овие Елаборати за енергетска ефикасност? Дали за тоа се овластени единствено енергетските контролори? Или елаборатот може да го приготви било кое лице? Кој степен на подготовка е нужен за да се стекне право за изработка на овие Елаборати за ЕЕ (обука, полагање испит, слично како за енергетските контролори)? Дали ќе се доделуваат овластувања за оваа намена единствено на технички лица (која дејност?) или и на економисти (финансиски влијанија на ефикасноста)? Според тоа, на основното прашање, јас си додавам и редица други. Се надевам од пристигнатите одговори да добиеме насока за да организираме средба во Стопанските комори и да формираме заеднички став – што е оптимално за потребите на оваа струка. Проф. Д-р Константин Димитров

МАЦЕФ Анализа

Стопената сол како алтернатива на батериите при производството на електрична енергија Еден од најголемите недостатоци на соларните извори на енергија е неможноста да произведуваат електрична енергија 24 часа на ден. Бидејќи најголемата побарувачка на електрична енергија секаде во светот бележи пик веднаш штом сонцето ќе зајде, од 17 до 23 часот, овие технологии ја губат трката со конвенционалните извори на енергија, бидејќи главнот изовор на енергијата е сонцето. За да произведуваат електрична енергија фотоволтаичните панели, врз нив мора да паѓа светлина, па за да бидат поконкурентни овие технологии се комбинираат со литиумионски батерии кои ја чуваат електричната енергија до моментот кога има најголема побарувачка. Меѓутоа проблемот настанува кога се прават централи со голем инсталиран капацитет. Литиумските батерии како најефикасни и најиздржлива опција се прескапи кога се говори за капацитет на ниво на мегавати. Инвестицијата за батерии чини до три пати повеќе од инвестицијата за самите фотоволтаици, што ја прави оваа технологија комплетно неисплатлива во овој момент. Иако, батериите се една од најнеразвиените технологии кои не бележат значајни надградби на капацитетот, ефикасноста, брзината на полнење од самото пронаоѓање, сепак се една од технологиите кои се наоѓаат во речиси секој модерен уред, а концепт на технологиите како супер-кондензаторите се децении далеку од индустриско производство. За да добиеме пореална

Имате желба за соработка? Ве молиме контактирајте нé на: МАЦЕФ – ул. Н. Парапунов 3а/52, 1000 Скопје, тел. 02 3090 178 и факс 02 3090 179, e-mail: macef@macef.org.mk www.macef.org.mk ;Следете нé и наMACEF Facebook


ИНФОМАЦЕФ 149

Страница 3

слика најубаво би било да искалкулираме колку средства се потребни за да обезбедиме батерии кои би имале капацитет од 1 MW за време од 10 часа. Како пример ќе ги земеме најновите Тесла батерии кои чинат 3.500 долари за 10 kWh. За да добиеме капацитет од 1 MW ни требаат 100 вакви батерии кои би ја донеле цената до 350.000 долари. За овој капацитет да трае цела ноќ или 10 часа ни треба 10 пати повеќе капацитет или 3.5 милиони долари. Што за инвестиција од 1 милион долари за 1 MW фотоволтаична централа ја надминува инвестицијата за 3.5 пати. Доколку електричната енергија би ја продавале на македонскиот пазар по пазарна цена на електричната енергија (во моментов 43 евра за MW), би значело дека инвестицијата би си ја вратиле за нешто повеќе од 10 години. Или пак ако средствата за централата се земени од некоја од банките треба да чекаме дури до 15 години за централата да почне да генерира финансии за реализаторот на проектот, а фотоволтаиците имаат рок на траење до 25 години, тоа го прави овој модел комплетно неодржлив во моментов најмногу поради тоа што батерите имаат рок на траење помал од 10 години. При ваква комплицирана ситуација инженерите и научниците го решиле овој проблем со комплетно различен пристап. Имено, тие решиле да го искористат стариот и веќе добро познат, усовршен и економичен пристап со искористување на технологијата која е измислена за време на индустријализацијата пред речиси 300 години. Технологијата на турбина напојувана со водена пареа која денес се користи во модерните нулкеарни и термо-централи и произведува 75% од денешните глобални потреби за електрична енергија. Идејата е да се постават многу хелиостати на поле, така што секој хелиостат ја рефлектира сончевата светлина на врв на кула во централен ресивер каде што топлината се искористува за произведување на електрична енергија за разлика од фотоволтаиците каде што се искористува сончевата светлина. Токму оваа предност овозможува складирање на топлината со помош на течности за размена на топлина во резервоари, која што подоцна може многу лесно да се пристапи и да се одржува турбината да работи со полн капацитет и за време на ноќта. (Под стопена сол не се подразбира онаа иста сол која што ја користиме во нашите домови за готвење, туку мешавина од 60% содиум нитрат и 40% потасиум нитрат. За разлика од домашната сол која е составена од натриум хлорид). За да обезбедиме доволно пареа за турбина од 1 MW да работи со полн капацитет за време од 1 час се потребни 101 m3 стопена сол, што значи дека за 10 часа (без топлински загуби) би биле потребни 1010 t стопена сол за да обезбедат доволно пареа за турбината да работи 10 часа. Цената на еден тон сол се движи од 500 до 1500 долари за тон. Ако земеме средна вредност од 1000 долари за тон значи дека се потребни 1 милион долари што ја прави оваа технологија многу поконкурентна од батериите. Ова е моментална реална слика на технологиите во индустријата. Во иднина се очекува пад на цените на двете технологии. Тесла со новата Гига фабрика очекува да ги намали трошоците за батериите и до 50%, додека пак агенциите за енергетика на САД и Европската Унија во моментов инвестираат милијарди долари во истражувања за нови материјали и технологии кои би биле поекономични и поефикасни од стопената сол како и технологии за менаџирање на солта. Во Македонија, според географската местоположба има потенцијал за инвестиции во двете технологии, меѓутоа зависи само од политиката која треба да ги направи условите за инвеститорите да можат да инвестираат во рамките на законот и енергетските регулативи. ИЗРАБОТУВАМЕ ЕНЕРГЕТСКИ КОНТРОЛИ Издаваме СЕРТИФИКАТИ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ Издаваме Изјави/Потврди за исполнување на барања за минимални енергетски карактеристики, потребни за вадење градежна дозвола. Приготвуваме ИЗЈАВИ/ПОТВРДИ за станови кои треба да се понудат на пазар за продажба или изнајмување. Изработуваме и помагаме при подготовка на Програми и Акциони планови за енергетска ефикасност на општините усогласени со обврската која произлегува од Законот за енергетика.

ТЕРМОВИЗИЈА - СНИМАЊЕ СО ТЕРМАЛНА КАМЕРА

Снимање на објекти на терен, анализа и извештај. Информации на тел.: 02 3090 178 или macef@macef.org.mk

МОМЕЕ - Македонска oпштинска мрежа за енергетска ефикасност Сегашни членови на МОМЕЕ се општините: Сарај, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Центар, Гази Баба, Валандово, Чаир, Кочани, Ресен, Берово, Аеродром, Гевгелија, Штип, Чашка, Прилеп, Богданци, Кичево и Демир Капија.

Годишна членарина: 24 000 денари

ЗАЧЛЕНЕТЕ СЕ - ЗДРУЖЕНИ СМЕ ПОСИЛНИ! Повластена цена за изработка на Програм и Акционен план за ЕЕ. За членовите – бесплатни совети и помош !

МАЦЕФ ИСТРАЖУВА за ВАС „Службен весник на Република Македонија“ бр. 146/2015 од 26.08.2015  Закон за изменување и дополнување на законот за заштита на природата  Закон за изменување и дополнување на законот за заштита од бучава во животната средина  Закон за изменување и дополнување на законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема „Службен весник на Република Македонија“ бр. 140/2015 од 18.08.2015  Правилник за енергетски биланси и енергетска статистика

Новости од Македонија Средба на министерот за економија, Беким Незири со лиценцираните трговци на нафта, нафтени деривати и природен гас во Македонија На 18.08.2015 министерот за економија Беким Незири одржа средба со лиценцираните трговци на нафта, нафтени деривати и природен гас во Македонија и претседателот на Македонската енергетска асоцијација Кочо Анѓушев, со цел претставување на моменталната состојба за снабдување и испораката на енергенси до институциите, деловните субјекти и граѓаните, по направената анализа на енергетскиот пазар. На средбата министерот Незири нагласи дека - „Една од главните цели на Министерството за економија е сигурност во снабдувањето со енергенси до крајните потрошувачи, како на регионално, така и на национално ниво.“ Во делот на снабдувањето со нафта и нафтени деривати, компаниите уверуваат дека проблем нема да се појави. Според податоците, ОКТА е најголемиот увозник со 43% од структурата на увозот. На Лукоил отпаѓаат 13%, а 44% вкупно на останатите помали увозници, кои увезуваат за сопствени потреби. Во делот на потрошувачка на нафтени деривати, Макпетрол се јавува со 37%, а останатите со 63%. Што се однесува до мазутот, вкупната потрошувачка на мазут е 118.295 тони, од кои најголемите потрошувачи се ЕЛЕМ (35%) и ФЕНИ (51%), а останатите со 14%. Според законот, производителите на електрична енергија треба да имаат во секое време оперативни резерви за 15-дневни потреби за работа со максимален капацитет.(СП)Повеќе Со континуираните реформи, Македонија станува составен дел од заедничкиот енергетски простор на Европа На 14 август се одржа церемонијата на затворање на проектот „Зајакнување на административниот капацитет на Секторот за енергетика во Министерството за економија и Агенцијата за енергетика“- финансиран од ЕУ. Според министерот Незири во рамки на проектот беа изработени новите нацрт-текстови на

Имате желба за соработка? Ве молиме контактирајте нé на: МАЦЕФ – ул. Н. Парапунов 3а/52, 1000 Скопје, тел. 02 3090 178 и факс 02 3090 179, e-mail: macef@macef.org.mk www.macef.org.mk ;Следете нé и наMACEF Facebook


ИНФОМАЦЕФ 149

Страница 4

Законот за енергетика и Законот за биогорива, како и разни стратешки документи од значење за понатамошниот развој на енергетскиот сектор, насоки за потенцијалните инвеститори и извештаи во врска со обврските на Македонија кон Секретаријатот на Енергетската заедница. Беа проучени модели на постоечките најдобри европски практики за да се овозможи поголема ефикасност при усогласувањето со законодавството од Договорот за енергетска заедница и законодавството на ЕУ за енергија и да се обезбеди стабилна законска и регулаторна рамка, како и поголем потенцијал за инвестиции во енергетскиот сектор. Раководителот на Секторот за соработка во Делегацијата на Европската Унија, г-динот Мартин Клауке објасни дека станува збор за проект со вкупен буџет од 1,6 милиони евра, финансиран од страна на Европската Унија, од кои 10 отсто беа национално кофинансирање. „Овој ИПА проект ѝ помогна на земјата да ја подготви новата законска рамка, во согласност со правилата на енергетскиот пазар на ЕУ, како и да ги зајакне капацитетите за имплементација на правилата. Новиот Закон за енергетика има за цел да го транспонира европското законодавство за гас и електрична енергија, а пазарот на енергија да биде целосно ефективен и во согласност со европскиот. Ова ќе ви помогне да ги задржи цените на најниско можно ниво, да се зголемат стандардите на услугите и да се осигура безбедноста во снабдувањето. Воедно, развиени се повеќе стратешки документи, вклучувајќи и функционална анализа на институциите кои се вклучени во овој сектор, а сите овие активности се направени во тесна координација со Енергетската заедница“, рече Клауке, додавајќи дека со реформите коишто континуирано се спроведуваат, Македонија станува составен дел од заедничкиот енергетски простор на Европа, а ЕУ е подготвена да ѝ помогне на земјава и во понатамошните чекори за приближување кон Европа. (СП) Повеќе

Новости од светот Република Хрватска со зголемен број на електрани на ОИЕ На 13 август Хрватското здружение за енергетика го заврши деветтиот Анекс на Студијата за Статусот на проекти за обновлива енергија во Република Хрватска. Податоците кои се наведни во анексот се темелат на податоците кои се објавени на почетокот од месец август од страна на хрватскиот енергетски оператор (ХРОТЕ). Според тие податоци, на 7 август во Република Хрватска имало 1207 електрани на обновливи извори на енергија со вкупна инсталирана моќност на електраните изнесува 430,88 MW, што претставува зголемување од 137 електрани со вкупна инсталирана моќност од 18,28 MW во однос на извештајот објавен на крајот од јануари оваа година. Пришто, 130 се фотонапонски електрани, една хидроелектрана, три електрани на биомаса и три електрани на биогас. Во периодот што следи се предвидува да се пуштат во погон дополнително уште 138 централи, со вкупна планирана моќност од 502,61 MW, според склучените договори за откуп на електрична енергија од обновливи извори на енергија коишто сеуште не се пуштени во погон. (БК) Повеќе...

Занимливости Бавното движење на роботизираните уреди ја намалува потрошувачката на енергија до 40 проценти Со минимизирање на забрзувањето на индустриските роботи, потрошувачката на енергија може да се намали до 40%, додека се задржува зададеното време за производство. Ова е резултат на нови алгоритми за оптимизација кои се развиени од истражувачите од Универзитетот за технологија Чалмерс. Оптимизираното движење на роботите го намалува забрзувањето и успорувањето, како и времето на мирување бидејќи состојбата на мирување исто така троши енергија. „Ние едноставно го оставаме роботот да се движи побавно наместо да чека другите роботи и машини да го достигнат производниот процес до следната секвенца. Оптимизацијата исто така го одредува редоследот по којшто се извршуваат различните операции за намалување на потрошувачката на енергија, без

притоа да се намали вкупното време за извршувањето на процесот,“ вели Професор Bengt Lennartson кој го започна истражувањето. Оптимизирањето никогаш не ја менува работната патека, само брзината и секвенцата. „Првичните резултати покажале значајно подобрување, од 15 до 40 проценти намалување на потрошувачката на енергија. Со цел да се проценат вистинските енергетски заштеди, потребно е да се спроведат понатамошни тестирања,“ вели г-дин Kristofer Bengtsson, којшто е одговорен за спроведувањето на новата стратегија за оптимизација. (БК)Повеќе... Анализа за проценките за глобалното загадување со жива Откако честичките на жива ќе се испуштат во атмосферата од енергетските централи, овој вид на загадувач на околината има сложена траекторија дури и откако ќе се наталожи на земјата и потоне во океанските води. Живата може повторно да се емитира повторно назад во атмосферата постојано. Овој таканаречен „ефект на скакулец“ ја одржува високо токсичната супстанца во циркулација, којашто во комбинација со емисиите на чад може да ги продолжи ефектите кои ги има на животната средина за десетици години. Меѓународен тим којшто е предводен од истражувачи на МИТ спровеле нова анализа којашто обезбедува поточни проценки за изворите на штетните емисии на жива ширум светот. Анализата со помош на глобална симулација ги споредува измерените вредности на содржината на жива во воздухот, целта е да се пресмета учеството на жива којашто се емитира повторно или пак потекнува од енергетските централи и други антропогени активности. Тимот на истражувачи наведува постои можност за подобрување на проценките на загадувањето со жива и да се помогне во подобрувањето на стратегиите за контрола на загадувањето ширум светот. Новата анализа покажува дека Азија ослободува изненадувачки голема количина на антропогена жива. (БК) Повеќе...

Корисни интернет адреси www.energyweek.mk www.reachenergy.eu www.managenergy.net/kidscorner www.eubuild.com www.erc.org.mk www.sustenergy.org/www.ase.org/ www.worldbank.org www.motorchallenge.org/www.rec.org www.energy.eu www.republiczeb.org www.display-campaign.org/ www.energie-cites.org/ www.reeep.org www.kids.evn.com.mk www.europesustainableenergy.comwww.rexus.com.mkwww.ri.com.mk www.rehau.com.mk

Манифестации Иновации во полето на енергијата, моќноста и електричните машини Од 7ми до 8ми ноември 2015 Истанбул, Турција Конференцијата IEPEM-2915 иновации во енергетиката, моќноста и електричните машини, претставува една од областите на кои се фокусирани меѓународните работилници за претставување на новите идеи и достигнувања во областа на енергетиката, моќноста и електричните машини. (БК)Повеќе... Меѓународна конференција за енергетските технологии Од 21ви до 23ти декември 2015 Истанбул, Турција Меѓународната конференција за енергетските технологии ќе биде во можност да ги консолидира и отвори комуникација за неопходноста од синергија на научната и техничката способност со познавањата на животната средина и влијанијата на социјалната средина. (БК)Повеќе... Европска конференција за гасот 2015 17ти до 19ти ноември 2015 Женева, Швајцарија Европската конференција Есен Гас 2015 е насочена на тоа да се одговори на новите динамики на пазарот со кои се соочуваат Европските индустрии поврзани со гасот, додека ја прославува својата 30 годишнина.(БК)Повеќе...

Редакција: Центар за енергетска ефикасност на Македонија - МАЦЕФ Главен уредник: проф. д-р К. Димитров; заменик: Д. Трпкоска. Соработници: Ј. Д.Капац, Б.Калиманов, С. Паневски, Ж. Илиевски, А. Димески.

Имате желба за соработка? Ве молиме контактирајте нé на: МАЦЕФ – ул. Н. Парапунов 3а/52, 1000 Скопје, тел. 02 3090 178 и факс 02 3090 179, e-mail: macef@macef.org.mk www.macef.org.mk ;Следете нé и наMACEF Facebook

149 infomacef