Page 1

Институт за акредитација на Република Македонија

Акредитација во Европа Олеснување на усогласеност со прописите и на меѓународната трговија

АКРЕДИТАЦИЈА ТЕСТИРАЊЕ ИНСПЕКЦИЈА КАЛИБРАЦИЈА ВЕРИФИКАЦИЈА СЕРТИФИКАЦИЈА ИСПИТУВАЊЕ


За ЕА ЕА е назначена од страна на Европската комисија* со цел да управува со инфраструктурата за акредитација во рамките на земјите членки на ЕУ, ЕФТА и земјите кандидати за членство. Воспоставена во 1997 година, оваа организација е непрофитабилно здружение на национално признаени тела за акредитација. Организацијата е надлежна за усогласување на акредитацијата во Европа, со цел намалување на пречките во трговијата и заштитата на здравјето, безбедноста и животната средина. *Регулатива (ЕC) Бр.765/2008,Член14


Што претставува акредитацијата? Сите земји и сите сектори на пазарот се соочуваат со зголемување на бројот на техничките прописи, стандарди, тестирања и процедури за сертификација. Општо земено, овие работи се воведуваат со цел да се исполнат условите за квалитет и безбедност на стоките и услугите кои ги бараат потрошувачите, бизнисите и регулаторите. Сè поголемиот број на утврдени стандарди е проследен со соодветно зголемување на бројот на организации кои вршат независно оценување на сообразноста и усогласеноста со овие стандарди. Процесот на акредитација ја утврдува техничката компетентност и интегритетот на организациите кои вршат услуги за тестирање, испитување, верификација, инспекција, калибрирање и сертификација (заедно познати како оцена на сообразност). Акредитацијата се врши во интерес на јавноста, во сите сектори на пазарот и обезбедува транспарентна и непристрасна оцена на овие услуги и нивната усогласеност со меѓународно признатите стандарди и другите национални или секторски барања. Заедно, оцената на сообразност и акредитацијата претставуваат важни елементи на инфраструктурата за квалитет на една земја, заедно со метрологијата и стандардизацијата. Тие ја градат довербата која означува дека стоките и услугите, процесите, системите за управување и работата на поединците се усогласени со националните и меѓународните стандарди и прописи. Исто така, тие им помагаат на производителите и регулаторите во управувањето со ризиците и донесувањето на одлуки.

Кој се придобивките на заинтересираните страни од акредитацијата? За стопанството, прецизното калибрирање, мерење и тестирање, изведено во согласност со најдобрите практики, може да ги ограничи грешките и дефектите на производите, да ги контролира трошоците на производство и да придонесе за иновативна средина. Оттука, акредитацијата е неопходна алатка за донесување на одлуки, управување со ризици и селекција на снабдувачи. Исто така, акредитацијата може да обезбеди и конкурентна предност на домашните пазари во вид на пристап до договори во јавниот сектор, како и во странство преку поголемо прифаќање на извозните пазари.

За националните влади и регулаторите, акредитацијата е најдобриот механизам за идентификација на компетентни тела за спроведување на владините политики и регулативи насочени кон заштитата на јавноста и градење на јавната доверба во активностите кои имаат влијание на полињата како што се: здравјето, благосостојбата, безбедноста, животната средина, образованието и финансиските услуги. За потрошувачите, акредитацијата помага да се зголеми пристапот до стоки и услуги кои имаат постојан и сигурен квалитет и кои се безбедни.


Важноста на акредитацијата - одредени примери Акредитацијата е постојан процес на оцена на телото за оцена на сообразност, со цел да се осигури дека телото работи: непристрасно, технички компетентно, во согласност со потребните стандарди, со соодветните ресурси и дека е одржливо. Сите овие карактеристики се витални атрибути на тестирањето, испитувањето, калибрацијата, верификацијата, инспекцијата и сертификацијата, извршени во дејностите кои се наведени подолу. Овие се само неколку примери за тоа како акредитацијата помага во заштитата на здравјето и безбедноста на луѓето и избегнувањето на непотребни трошоци односно потенцијални побарувања за обесштетување. Животна средина Здравствени контроли на растенија. Тие се неопходни за намалување на ризиците од увоз на штетни организми како што се вируси, бактерии, габи и инсекти кои можат да им наштетат на домородните растенија и екосистеми. Подобрување на управувањето со животната средина. Сè повеќе е важно стопанствениците да покажат дека спроведуваат ефективен систем за управување со животната средина од кој произлегуваат придобивки, не само за подобрување на еколошкото работење, туку и подобрено управување и подобра усогласеност со прописите.

Сигурност и безбедност Истрага на местото на злосторот. За да се избегнат непотребните дополнителни трошоци за сите страни во правосудниот систем, а особено од погрешна судска пресуда, од витално значење е испитувањето на местото на злосторот и собирањето и анализата на доказите да биде извршено коректно и во согласност со највисоките стандарди со цел одржување на интегритетот на собраните материјали и нивното понатамошно чување. Телекомуникациска безбедност. Голем дел од електронското пренесување на информации и податоци вклучува работи кои се чувствителни поради лични, комерцијални или финансиски причини. Давателите на телекомуникациски услуги треба да можат да го покажат интегритетот и сигурноста на нивните системи за управување со безбедноста на информациите.

Здравје и благосостојба Обезбедување на чиста вода за пиење. Лабораториските анализи на примероците од вода за пиење и соодветното известување на резултатите треба да ги задоволат барањата на прописите, со цел одлуките во врска со прашањата на јавното здравје да бидат засновани на најдобрите и најточните можни информации. Медицинско дијагностицирање и тестирање. Секојдневно, десетици илјади медицински примероци се земаат и се тестираат. Пациентите, лекарите и здравствените работници треба да бидат сигурни во коректното ракување со примероците и во добиените резултатите, за да утврдат точна дијагноза и да препишат точна терапија.

Земјоделство и исхрана Обезбедување на безбедноста и автентичноста на храната. Довербата на потрошувачите, не само во безбедноста на храната, туку и во информациите за влијанието врз животната средина и за трговската етика на нејзиното производство и снабдување, може да се стекне само преку соодветна примена на системите за управување со безбедноста на храната, поддржани со веродостојни мерки на тестирање и контрола.

Деловно работење и финансии Отстранување на техничките пречки за тргување. Пристапот до нови пазари е олеснет поради меѓународното признавање на акредитацијата и еднаквоста и сигурноста на услугите за оцена на сообразноста. По тестирањето односно сертифицирањето од страна на акредитирано тело за оцена на сообразноста, производите и услугите можат да се извезуваат без да има потреба од повторни тестирања односно потврдувања за секој нов пазар.


Национални тела за акредитација Од 1-ви јануари 2010 година секоја земја членка на ЕУ има обврска официјално да назначи едно национално тело за акредитација кое ќе биде единствен давател на услуги за акредитација во земјата. Секое национално тело за акредитација работи во интерес на јавноста и обезбедува дека организациите кои вршат услуги за оцена на сообразност какви што се тестирање, испитување, верификација, инспекција, калибрација и сертификација, се способни тоа да го прават. На овој начин, може да се смета дека сертификатите, извештаите и другите резултати од оцените на сообразност, даваат поддршка на oбезбедувањето на производите, процесите и услугите во рамките на сите сектори на економска активност, кои се сообразни со доброволните односно задолжителните регионални, национални односно меѓународни стандарди или барања.

Во Европа, националните тела за акредитација се организирани во рамките на европската организација за акредитација (ЕА). Членките на ЕА се исто така и членки на две други организации со меѓународен карактер – Меѓународна организација за акредитација на лаборатории (ILAC) и Меѓународниот форум за акредитација (IAF).

Мултилатералниот договор (ЕА-MLA) ги намалува пречките во трговијата EA-MLA е договор, потпишан помеѓу телата за акредитација членки на ЕА, за меѓусебно признавање и прифаќање на еднаквоста и сигурноста на нивните услуги за акредитација, како и сертификатите и извештаите издадени од страна на организациите кои ги акредитираат (резултатите од оцените за сообразност). EA-MLA е целосно во согласност со Договорот на Светската трговска организацијата (WTO) за техничките пречки за тргување, со кој земјите силно се поттикнуваат да ги признаат резултатите од оцените на сообразност спроведени во други земји, какви што се тестирање, испитување, инспекција, калибрација, верификација и сертификација. Националните тела за акредитација, го потпишуваат MLA договорот единствено по спроведување на строга евалуација на нивното работење од страна на тим за оцена за да се утврди усогласеноста со ISO/IEC 17011, меѓународно признатиот стандард за тела за акредитација. Довербата на пазарот во EA-MLA и резултатите од оцените на сообразност спроведени од организациите акредитирани од страна на потписниците на EA-MLA, го поддржува слободното движење на стоките и услугите во Европа и во светот така што има својство на „пасош за

тргување“, со што се елиминира потребата од повторно тестирање, калибрирање, исипување и потврдување на производите и услугите во секоја од земјите во која тие се увезуваат односно продаваат. EA-MLA е признаен на меѓународно ниво од страна на Меѓународната организација за акредитација на лаборатории (ILAC) и Меѓународниот форум за акредитација (IAF). Исто така, извештаите и сертификатите издадени од организациите акредитирани од страна на потписниците на EA-MLA се признаени од страна на потписниците на мултилатералните договори на ILAC и IAF.


Европска организација за акредитација (ЕА) ЕА е назначена од страна на Европската комисија со цел да управува со инфраструктурата за акредитација во земјите на ЕУ, ЕФТА и земјите кандидати за членство. Главната цел на ЕА е да обезбеди дека резултатите од оцените на сообразност спроведени во една земја се прифатени од страна на регулаторите и пазарот во друга земја без дополнителни контроли.

Главната улога на ЕА е: Да делува како здружение за соработка на националните тела за акредитација со цел постигнување на кохерентен европски систем за акредитација кој ги застапува општите европски интереси; Да ја дефинира и усогласи акредитацијата во Европа со тоа што ќе обезбеди заедничко толкување и примена на стандардите кои ги користат членките; Да обезбеди транспарентност во работењето на членките и резултатите кои ги издават; Да го одржува мултилатералниот договор за меѓусебно признавање на акредитациските активности и

взаемното прифаќање на услугите и резултатите од акредитираните тела за оцена на сообразност; Да управува со процесот на евалуација на националните тела за акредитација во согласност со меѓународните практики; Да служи како технички ресурс за европските политики за акредитација.

Полноправни членки на ЕА се националните тела за акредитација од земјите членки на ЕУ и ЕФТА или од земјите кои ЕУ и ЕФТА официјално ги сметаат за земји кандидатки за членство во ЕУ или ЕФТА. Придружни членки на ЕА се националните тела за акредитација правно назначени како такви од страна на земји односно економии кои ЕУ и ЕФТА ги сметаат за потенцијални земји кандидатки за членство во ЕУ или ЕФТА, или пак земји кои ЕУ, во рамките на политиката на Европската комисија, за европско соседство (ЕNP) ги смета за земји односно економии од особена важност.

Дополнителни информации За дополнителни информации за ЕА ве молиме посетете ја интернет страницата на ЕА каде може да најдете информации за контакт со поединечните национални тела за акредитација во Европа и врски до нивните интернет страници.

www.european-accreditation.org

Информациите за регулативата (ЕC) бр. 765/2008 на Европскиот парламент и Совет може да се најдат на следниов линк:

http://eur-lex.europa.eu/LexUriServ/LexUriServ. do?uri=OJ: L:2008:218:0030:0047:en:PDF Институт за акредитација на Република Македонија

ЕА Secretariat 75 avenue Parmentier F-75544 PARIS Cedex 11 FRANCE е-пошта:secretariat@european-accreditation.org Тел: 33 (0)1 40 21 24 62 www.european-accreditation.org

© Авторски права ЕА 2013 година

ИАРМ Kej Димитар Влахов бр. 4, зграда 2, спрат 3, 1000 Скопје, Р. Македонија Тел.: +389 2 3293 080 Факс: +389 2 3293 089 e-пошта: info@iarm.gov.mk www.iarm.gov.mk

Со поддршка од Европската унија

Со поддршка од ЕФТА

EA Akreditacija  
Read more
Read more
Similar to
Popular now
Just for you