Page 1

Меѓународна организација за акредитација на лаборатории (ILAC)

Зошто да станете акредитирана лабораторија?


Признавање на компетентноста за тестирање

Акредитацијата на лаборатории е алатка со која се утврдува техничката компетентност на лабораториите за вршење на одделни специфични типови на тестирање, мерење и калибрација. Исто така, акредитацијата обезбедува и формално признавање на компетентноста на лабораториите, што на корисниците им овозможува да ги идентификуваат и изберат соодветните услуги за тестирање, мерење и калибрација, што ќе ги исполни нивните потреби. За да се одржи ова признание, лабораториите периодично повторно се оценуваат од страна на телото за акредитација, за да се осигура нивната континуирана усогласеност со барањата и да се провери дали нивниот стандард во работењето се одржува. Помеѓу оценувањата, од лабораторијата може да се бара да учествува и во релевантни програми за тестирање на оспособеност, како понатамошна демонстрација на техничката компетентност. Акредитираните лаборатории вообичаено издаваат извештај од тестирање или калибрација, на кој е ставен знакот за акредитација или повикување на акредитацијата, како показател за нивната акредитација. Клиентите се охрабрени да проверат за кои специфични тестови или мерења лабораторијата е акредитирана, во кој опсег на мерења и мерна неодреденост. Овие информации најчесто се наведени во опсегот на акредитација на лабораторијата, даден во прилогот на сертификатот за акредитација. Описот содржан во опсегот на акредитацијата е корисен и за корисниците на лабораториите во пронаоѓањето на соодветната лабораторија или услуга. Телата за акредитација на лаборатории го објавуваат опсегот на акредитирани дејности за нивните акредитирани лаборатории во именици во печатена форма или на интернет.


Признание за изведбата (A benchmark of performance)

Акредитацијата на лабораторијата е од корист за лабораториите овозможувајќи им да се утврди дали тие си ја вршат својата работа коректно и според соодветни стандарди и им обезбедува признание за одржување на компетенцијата. Многу лаборатории работат во изолација од нивните конкурентски лаборатории и ретко, и дали воопшто, добиваат било каква независна техничка евалуација како оценка на нивната работа. Со редовната оценка од страна на телото за акредитација се проверуваат сите аспекти на работата на една лабораторија поврзани со постојано производство на прецизни и сигурни податоци. Се идентификуваат областите во коишто може да има подобрување и се разговара за тоа, а на крајот од секоја посета се изготвува детален извештај. Онаму каде што е неопходно, телото за акредитација ги набљудува и последователните активности, со цел да се осигура дека лабораторијата ги презела соодветните корективни мерки. Покрај комерцијалните услуги за тестирање или калибрација, производствените организации можат да ја употребат акредитацијата на нивната лабораторија за да се осигураат дека тестирањето на нивните производи од нивните лаборатории е коректно изведено.


Маркетиншка предност?

Акредитацијата е ефективна маркетинг алатка за организациите за тестирање, калибрација и мерење и виза при пријавување на тендери за договарачи кои бараат независно верифицирани лаборатории. Акредитацијата на лаборатории е високо признаена и на локално и на меѓународно ниво и на неа се гледа како на релевантен показател на техничката компетентност. Многу индустрии, како на пример, индустријата за градежни материјали, редовно бараат добавувачите на услуги за тестирање да имаат акредитација. При акредитацијата на лаборатории се користат критериуми и процедури специјално развиени за да се утврди техничката компетентност, со што клиентите се уверени дека податоците од тестирањата, калибрацијата или мерењето издадени од лабораторијата или инспекциските услуги се точни и веродостојни. Многу тела за акредитација објавуваат податоци за нивните акредитирани лаборатории, вклучително и информации за контакт со лабораториите и податоци за нивните способности за тестирање. Ова е уште едно средство за промоција на услугите на акредитираната лабораторија пред потенцијалните клиенти. Конечно, преку системот на меѓународни договори (види ја следната страна) акредитираните лаборатории добиваат еден вид меѓународно признание, кое им овозможува нивните податоци да бидат полесно прифатени на меѓународните пазари. Ова признание помага да се намалат трошоците за производителите и извозниците кои ги тестираат своите производи во акредитирани лаборатории, преку намалување или елиминирање на потребата за повторно тестирање во друга земја.


Меѓународно признавање на вашата лабораторија

Многу земји во светот имаат една или повеќе организации одговорни за акредитација на нивните домашни лаборатории. Повеќето од овие тела за акредитација го имаат усвоено стандардот ISO/IEC 17025 како основа за акредитација на домашните лаборатории за тестирање и калибрација, или ISO 15189 за медицинските лаборатории. Ова им помогна на земјите да воведат единствен пристап во утврдувањето на компетентноста на лабораториите. Исто така ги охрабри лабораториите, онаму каде што е можно, да ги усвојат меѓународно признаените практики за тестирање и мерење. Овој единствен пристап им овозможува на земјите да воспостават договори меѓусебе, засновани врз взаемна евалуација и прифаќање на меѓусебните системи за акредитација на лаборатории. Ваквите меѓународни договори, наречени Договори за мултилатерално признавање на акредитациите (MRA) се клучни во овозможувањето податоците од тестовите да бидат прифатени меѓу овие земји. Во пракса, секој партнер кој има склучено ваков договор, ја признава акредитираната лабораторија од земјата партнер исто како тој да и ја издал акредитацијата на соодветната лабораторија. Над 40 тела за акредитација на лаборатории го потпишаа мултилатералниот договор за признавање наречен ILAC договор, кој во голема мера го подобрува прифаќањето на податоци преку националните граници на земјите потписнички. Сите детали за ILAC договорот и листата на потписници може да ја пронајдете на веб страната на ILAC www.ilac.org Овој систем на меѓународни договори за признавање меѓу телата за акредитација овозможи акредитираните лаборатории да добијат одредена форма на меѓународно признавање и податоците наведени на извозните производи да бидат полесно прифатени на меѓународните пазари. Со ова ефективно се намалуваат трошоците за производителите или извозниците, а се намалува или се елиминира потребата производите да бидат повторно тестирани во друга земја. Земјите без потврден систем на акредитација може да бараат нивните лаборатории да бидат акредитирани од етаблиран систем на акредитација, така што нивните податоци од тестирањето и поврзаните производи ќе бидат прифатени на странските пазари. Овие земји исто така може да се обидат да развијат сопствен систем за акредитација, заснован врз структурата и искуството на етаблираните системи во други земји.


Кои видови на лаборатории може да бараат акредитација?

Ако размислувате да барате акредитација за вашата установа, првата работа што треба да ја направите е да стапите во контакт со соодветно тело за акредитација за да видите дали тоа може да ја акредитира палетата на вашите услуги на тестирање. Повеќето национални тела за акредитација може да обезбедат целосна акредитација за: Установи кои вршат било каков вид на тестирање, евалуација на производот или материјали, калибрирање или мерење; Приватни или државни лаборатории; Мали лаборатории со еден вработен или големи мулти-дисциплинарни организации; Мобилни лаборатории на терен или привремени лаборатории;


Како се акредитираат лабораториите?

Лабораториите можат да ги акредитираат сите или дел од нивните активности поврзани со тестирања и калибрација. Процесот на акредитација вклучува темелна евалуација на сите елементи на лабораторијата што придонесува за добивање на точни и веродостојни податоци од тестирањата. Процесот на евалуација може да трае од еден до неколку дена, во кој се вклучени -технички оценувачи/експерти, кои ги оценуваат специфичните видови на тестирање или мерење кои се употребуваат. Критериумите за оценка се базираат на меѓународните стандарди ISO/IEC 17025 или ISO 15189 кои се користат за евалуација на лабораториите во светот. Телата за акредитација на лаборатории ги користат овие стандарди особено за да се оценат факторите релевантни за способноста на една лабораторија да издаде прецизни, точни и веродостојни податоци од тестовите или калибрацијата. Притоа, задолжително се оценуваат и: Техничката компетентност на персоналот Валидноста и соодветноста на методите за тестирање Следливост на мерењата и калибрациите до националните стандарди Соодветност, калибрација и одржување на опремата за тестирање Околината на тестирање Земање мостри, ракување и транспорт на тестираните производи Потврда на квалитетот на податоците од тестирањето и калибрацијата. На крајот од оцената, деталниот извештај од евалуацијата ѝ се презентира на лабораторијата, со истакнување на сите области на кои треба да им се посвети посебно внимание и корективните мерки што треба да се преземат, пред да се даде препорака за акредитација на лабораторијата. Откако лабораторијата ќе добие акредитација, нејзината работа периодично повторно се оценува и испитува, со цел да се обезбеди нејзина континуирана усогласеност со стандардите и да се провери дали нејзиниот систем за квалитет се одржува. Исто така, помеѓу периодичните оценки, може да биде побарано лабораторијата да учествува во релевантни програми за тестирање на оспособеноста, како понатамошна демонстрација на техничката компетентност.


Меѓународна организација за акредитација на лаборатории

Каде можам да добијам повеќе информации? За повеќе информации поврзани со процесот на акредитација треба да го контактирате релевантното тело за акредитација. За да проверите дали вашата земја има едно или повеќе тела за акредитации на лаборатории, пробајте да го контактирате вашето национално тело за стандарди во министерството за индустрија или технологија. Алтернативно, ако имате пристап до интернет можете да ја посетите веб страната на Меѓународната организација за акредитација на лаборатории (International Laboratory Accreditation Cooperation - ILAC) www.ilac.org и да го искористите именикот со тела за акредитации на лаборатории, којшто е достапен на оваа веб страна.

Повеќе информации за ILAC ILAC е врвниот меѓународен авторитет за акредитација на лаборатории, каде членуваат тела за акредитација и придружни организации ширум светот. Интернет страната www. ilac.org нуди широк спектар информации за акредитација на лаборатории, како и локација/местоположбата на нејзините членови ширум светот.

За повеќе информации контактирајте нè на: The ILAC Secretariat PO Box 7507 Silverwater NSW 2128 Australia

ИАРМ Васил Главинов бб блок 10, мезанин 1000 Скопје Р. Македонија

Телефон: +61 2 9736 8374 Факс: +61 2 9736 8373 Имејл: ilac@nata.com.au Веб сајт: www.ilac.org

Тел: +389 2 3293 080 Факс: +389 2 3293 089 e-пошта: info@iarm.gov.mk www.iarm.gov.mk

© авторски права ILAC 2010 ILAC поттикнува авторизирана репродукција на нејзините публикации, или нивни делови , од страна на организации кои сакаат да ги користат овие материјали за области поврзани со едукација, стандардизација, акредитација, добра лабораториска пракса или за цели релевантни со областа на експертиза или дејствување на ILAC. Организациите кои сакаат дозвола за репродукција на материјалите и публикациите на ILAC мора писмено да го контактираат Директорот или Секретаријатот или преку електронска пошта, како на пример, имејл. Дозволата на ILAC за репродукција на материјалите се издава за она што е наведено во оригиналното барање. Секаква варијација на официјално користење на материјалите на ILAC мора да биде претходно наведена во писмено барање до ILAC за да се изаде дополнителна дозвола.

Broshura akreditirana laboratorija mak  
Read more
Read more
Similar to
Popular now
Just for you