Истражувачки алатки во економијата

Page 98

Finance Think – Институтот за економски истражувања и политика применуваше прашалник „Делфи“ во неколку ситуации. На пример, за целите на прогнозирањето на идните текови на иселување и за дознаки во четири земји од Западниот Балкан (Petreski et al. 2017) методот беше спроведен на следниов начин. Во секоја од четирите земји беа конструирани две групи испитаници: i) околу десет стручњаци од областа на емиграциите и на развојната економија; и ii) околу 20 примачи на дознаки по земја. Стручњаците се избираа со следење на нивната стручна експертиза, односно лица што истражуваат и / или професионално ја истражуваат динамиката на миграцијата и дознаките во секоја земја. Тоа вклучи истражувачи на универзитети / институти, професионалци / истражувачи во централните банки и министерствата за финансии; професионалци во рамките на агенциите за миграција / дијаспора, банкари на девизни плаќања и слично. Оваа група е во суштината на дизајнот на „Делфи“. Другата група беше составена од околу 20 примачи на дознаки. Оваа група не беше составена од стручњаци сама по себе и постоеше убедување меѓу истражувачите дека оваа група, исто така, може да обезбеди доволно сигурна процена за насоката, големината и ефектите на миграцијата и на дознаките. Секоја група помина низ два круга анкетирање. Постоеше и трет, заеднички круг. Имено, вториот круг обезбеди резултат од претходниот круг што се спроведе врз истата група и беше побарана потенцијална ревизија на мислењата. Третиот круг обезбеди агрегатен резултат од вториот круг од другата група; стручњаците добија збирни резултати од групата приматели, и обратно, и беа побарани потенцијални ревизии. Оттука, го следевме степенот на консензус во рамките на групите, но, исто така, и меѓу групите. Во литературата има голема разновидност за методите што се користат за мерење на консензусот и на групната стабилност; за преглед видете кај Von der Gracht (2012). Покрај тоа, стандардите за мерење на консензусот никогаш не биле строго поставени, што предизвика неконтролиран пораст на начините за мерење на консензусот (Meyrick, 2003). Сепак, стандардна мера за мерење на консензусот остана коефициентот на варијација. Buck et al. (1993) тврдат дека стабилното намалување на овој коефициент меѓу круговите би значело зголемување на консензусот, додека Zinn et al. (2001) и English and Keran (1976) тврдат дека коефициентот на варијација од или под 50 проценти значи дека е постигнат разумно добар внатрешен консензус. За да се измери стабилноста на групите, се користат три мерки. Првата е стандарден t тест, кој го елабориравме во делот за статистичката анализа.

96


Issuu converts static files into: digital portfolios, online yearbooks, online catalogs, digital photo albums and more. Sign up and create your flipbook.