ДЛАНКОВОД [зборник поезија]

Page 56

ДЛАНКОВОД

Александар Јовановски НАШАТА РАКА – НАШАТА ДУША

Бескрајот е подадена рака на постоењето. Во него спие мислата за космичката правда. Со раце ја допираме секоја желба, молкум испраќајќи ја кон ноќното небо, додека со раце го галиме светлежот кој трепти. Нашата болка спие некаде во галаксиите, однесена на ветрот од нашите усни додека тајно со стегната рака изговараме молитва. Татнежот од градите го смируваме со раширена дланка, поставена над нашето срце додека тешко вдишуваме. До ситност го знаеме венскиот цртеж на рацете, во чиј стисок живеат нашите души. До ситност ги знаеме рацете кои ја имаат мапата на нашето тело и мапи на тела чуваме во браздите на своите. Преку преплетот на рацете, две тела ја спојуваат својата сенка во една. Љубовта минува како струја низ срцата само кога рацете се стегнати во прегратка. На денот на осуда ни ги бараат отисоците од рацете, на денот на апсење ни ги врзуваат одзади, кога се предаваме ги држиме високо, како да не се наши, како да немаме ништо со нив. Кога умираме, ни ги врзуваат во чвор, за нашата душа да патува во мир. Зар може да се земаат, да се поделат нашите раце од нашата душа? Зар не се рацете продолжена рака на нашата душа?

56


Issuu converts static files into: digital portfolios, online yearbooks, online catalogs, digital photo albums and more. Sign up and create your flipbook.