Issuu on Google+

ГОДИНА VIII

*

БРОЈ 162

*

13 ЈАНУАРИ 2017

*

www.kavadarci.gov.mk

*

БЕСПЛАТЕН ПРИМЕРОК

ОГАН СРЕД СЕЛО, СО ВИНО, РАКИЈА И КОЛБАСИ ЗА ВАСИЛИЦА Со песни и со игри се прославува доаѓањето на Православна нова година, празникот Василица, кој главно се поврзува со практикувањето на бркањето на лошите духови и демони со помош на Џоломарите. Во Тиквешијата и годинава во сите села празникот Василица ќе биде прославен во многу домови, како слава на семејството или како христијански празник, со посета на црквите. Во некрстените денови, по раѓањето на Христос, треба да се чуваме од лошите духови и злите демони. Тие се тука меѓу нас, па во нас. Затоа треба да ги избркаме и да не подлегнуваме на нивните искушенија, а на Василица Џоломарите ја имаат таа задача. Древната традиција, масовно е практикувана во сите села од Тиквешијата, а во Општина Кавадарци особено. Ресава, Бегниште, Сопот, Дреново, Возарци и другите села како во Марена, потоа во Глишиќ, се палеа огнови сред село, а кумовите на славата го организираа животот околу него. Заиграа и Џоломарите кои рано наутро од куќа по куќа ќе ги бркаа самовилите, караконџулите, демоните. За возврат добиваа пари, јадење, вино,

ракија од домаќините. Попладнето кога се се стишува, се вадат реквизитите, џаламарите ја симнуваат од себе облеката, се мијат и седнуваат на трпеза. Притоа се прави биланс на собраните пари и даровите во храна и пијалаци. И започнува подготовката за идната Василица. Традицијата се следи така по ред, со години. Само со непосредно присуство на овој обичај може да се почуствува неговата вистинска моќ и веднаш да се разјасни дилемата зошто се задржал до денешни дни, со истиот интензитет како што било во минатото. Маските на Џоломарите од Ресава и Бегниште се препознатлив белег за овој крај. Тие се изработени исклучиво од природен материјал. Ќулафка-наметка, шајачни панталони, гумени опинци, волнени чорапи, околу половината врзуваат широки кожени ремени со 10 до 15 клопотарци, тешки над 15 килограми а мустаќите и брадата се од волна. Маскирањето на лицата се врши со саѓи од огништата. Ако случајно ноќта помеѓу 13 и 14 јануари наминете

во овие села можете да ја видите групата Џоломари во која учествуваат: дедо, баба, зет, невеста, поп, гатач и други Џоломари па ќе морате да платите пари за да го поминете патот. Ритуалот завршува утредента на 14 јануари кога група тргнува по куќите, во дворовите тропаат со клопотарците, попот ги благословува домаќините, а домаќинката ги дарува со брашно, месо, вино, ракија и други плодови. На крај откако ќе се посетат сите куќи тие се собираат во една определена куќа, прават гозба од даровите кои ги собрале, а од парите купуваат маски за наредната година. Димитар Мурџев

ТРАДИЦИЈАТА ПРОДОЛЖУВА ВО СЕЛАТА ВО ТИКВЕШИЈАТА

Во верувањето на македонскиот човек посебно важно место има периодот од Божиќ до Водици, односно периодот од раѓањето на Исус Христос до неговото крштевање. Кај нас овие денови земаат големо значење, поготово во селските средини каде се одржуваат обичаи кои имаат длабоки корени. Познати се под името Пагански обичаи, односно период исполнет со религиозен страв и разни магиски заштити. Терминот Паган доаѓа од латинскиот збор „паганус“ што во првобитното значење „рурален“ „селски“ или „на селото“ ако го толкуваме како придавка. Но, ако го толкуваме како именка па-

ганус се означува како селски жител или селанец“. Тоа е религија на почитување на природата, славењето на Мајката земја, на годишните времиња и воопшто на целата природа. Најчесто паганизмот се среќавал во селата, меѓу селското население. А, доказ за тоа обичајот на „Џоломарите“ од селата Ресава и Бегниште, но истовремено и практикување на овој обичај во селата Дреново и Сопот во овој Етнички предел Тиквеш. „Џоломарската игра“ е позната низ цела Македонија, но во зависност од тоа каде се одржува овие обичаи имаат различни имиња: Џаламари, Џоломари, Џамалари, Бабари, Суровари, Василичари, Русалии и сл. Се смета дека овие маскирани групи се организираат со цел да ги избркаат лошите духови што шетале во 12 некрстени денови од Божиќ 7 јануари, па до Богојавление 19 јануари. Сè е во контекст на раѓањето на Исус Христос и неговото крштевање

кое се случило на 13 годишна возраст. Според народните верувања тогаш шетаат разни вештерки, вампири, чума, колера и др. Исто се верува дека и водата е опседната од овие духови, таа е леунка-немоќна некрстена, крстот е врзан и нема сила во овие денови да помогне да ги прогони. Нивните ритуални игри се проследени со драмски и комични елементи исполнети со магиски дејства кои имале за цел да го истераат лошото, а истовремено да донесат бериќет и благосостојба за годината што настапува како во семејството така и на земјоделските површини. Зборот Џоломар го среќаваме само во овој етнички предел Тиквеш. Од истражувањето и разговорите со мештаните за зборот Џоломар немаат некакво објаснување, така било и така останало. Но, истовремено и Етимологијата како наука не го познава зборот Џоломар. Џоломарите од овој етнички предел заедно со цврстите закони на маскирањето, во кое нема импровизации, се е во својата изворна форма со векови и ништо не смее да се менува. Кети Ванчева, Томе Крстевски-етнолози


ОПШТИНСКО ЈАВНО ГЛАСИЛО

ПРВОТО БЕБЕ Е НА СЕМЕЈСТВОТО ЈОВАНОВИ ОД КАВАДАРЦИ

Првото бебе родено во Кавадарци во новата година е на семејството Јованови од Кавадарци. Мајката Христина донесе на свет здраво машко бебе, тешко 3630 грама. со должина од 51 сантиметар. Денеска во посета на гинекологија беше градоначалникот Александар Панов. Традиционално на мајката и на бебето им беше предадена награда од општината. Панов упати честитки до семејството Јованови, но и до останатите семејства кои во првиот ден од новата година добија принова. „На фамилијата Јованови им го честитам првото дете. Симболично, годината да биде силна, јака бидејќи

првото дете е машко. Раѓањето на деца значи иднина за Кавадарци и Република Македонија. Да се раѓаат што повеќе деца, да ни се зачува генот, да ни се зачува македонскиот род“- рече Панов. Лекарите од гинекологија во Кавадарци вчера имале полни раце работа. Извршени се пет породувања. Дел со царски рез, а дел спонтано. Началникот на гинеколошко–акушерскиот оддел, прм. Д-р Бранко Поповски информира дека сите бебиња и мајки се во одлична состојба. „Првото бебе е родено во 08.30 ч. Жената е примена после полноќ со прснат воденик. Се работи за 19 годишна родилка. Породувањето е со царски рез поради големината на плодот за карлицата на мајката. Мајката е добра, бебето е одлично. Вчерашниот ден имавме пет породувања. Вториот пораѓај е со повторен царски рез. Породено е женско бебе во 10.30 ч., тешко 2700 гр. со

49 см должина. Третото породување е треторотка во 11.20 ч. Бебето е тешко 3.400 гр. со 50 см должина. Четвртото породување е на 14 годишна мајка со 138 см висина, со прснат воденик. Бебето е машко. Породено е со тежина од 2300 гр. Раѓањето е извршено спонтано. Петото бебе е породено во 18.30 ч. Се работи за женско бебе со тежина од 2750 гр. Сите се добри и бебињата и мајките“, информира д-р Поповски. Во 2016 година на кавадаречкиот оддел за гинекологија и акушерство има помал број на породувања, споредено со 2015 година. Според д-р Поповски се работи за помал број бидејќи пациентките избираат да се пораѓаат и во комерцијални болници во земјава. „2016 година имаме 478 породувања. Од кои 245 машки, а женски 233. 12 деца се повеќе машки од женски. Имаме три близначки породувања. Нешто специфично за нашето породилиште кое е меѓу ретките во Македонија е тоа што го држиме европскиот просек на царски рез. Имаме 16 % породувања со царски рез. Тоа е процент и во европските породилишта. Што значи кај нас се породуваат нормално. За

жал во многу породилишта царските резови се над 50%. Не збориме за комерцијалните болници. Имаме лесен пад на породувањата. Во 2015 имавме 513 породувања, или 35 раѓања помалку во 2016. Не се работи за реален пад. Имаме пациенти кои одат во комерцијални боплници и падот се должи токму на тоа“ рече д-р Поповски. Бебињата се во одлична состојба потврди и д-р Мирјана Шемова, педијатар од детското одделение. Таа нагласи дека детското одделение е максимално исполнето со дечиња на возраст од три месеци поради компликации од грипот. „Состојбата на детско одделение е вистина алармантна. Исполнет е и последниот кревет. Имаме високо фебрилни деца. Се работи за деца со мала возраст од месец дена, начесто од 3-4 месеци, фебрилни по неколку дена со респираторни инфекции. За среќа немамае гастро интестинални проблеми. На гинеколкошко акушерското одделение состојбата е добра. Сите родени бебиња вчера се во одлична состојба“ – рече д-р Шемова. Aнгел Данов

ЧЕСТВУВАЊЕ 74 ГОДИНИ ОД УБИСТВОТО ХУМАНИТАРНИ ПРЕХРАМБЕНИ ПАКЕТИ ЗА ТРИЕСЕТТИНА ЗАГРОЗЕНИ НА НАРОДНИОТ ХЕРОЈ СТРАШО ПИНЏУР На 4 јануари 2017 година пред СпоСЕМЕЈСТВА мен куќата на народниот херој Страшо Напладне на Бадник 2017 година, градоначалникот Александар Панов во името на општината, а со помош на донаторите подели прехрамбени пакети за социјално најзагрозените семејства. Станува збор за традиционална хуманитарна акција која Панов редовно ја спроведува во изминат��те осум години. Во изјава градоначалникот Панов истакна: „Ова е само мал скромен дел од она што како општина го правиме во текот на целата година. Овојпат поделуваме прехрамбени пакети за најзагрозените семејства со што сакаме барем малку да им го развеселиме празникот и да искажеме хуманост кон оние кои имаат потреба од ваков тип на помош. Преку Центарот за социјални работи добивме список со имиња, а истиот го надоградивме и од мои лични сознанија и контакти со лица од оваа категорија. Врз основа на тоа утврдивме нешто над триесет вакви семејства во градот. На мојот повик за донација до фирмите кои се бават со трговија се одзваа 4 компании: Слога пром. Маркети, Кит-Го, Мин-Екс маркети и Маркети Тд-Тд. Нивната хуманост денеска ја испорачавме до

2

нашите сограѓани. Во оваа прилика сакам да нагласам дека на следната седница на Советот на Општината во јануари, ќе предложам до советниците да изгласаат одлука за начинот на распределба на парите кои не ги потрошивме за новогодишната забава на плоштадот. Најверојатно овие исти лица надополнети со нови имиња ќе добијат нова помош, со што барем во вој зимски период би им ја намалиле грижата околу набавката на прехрамбени артикли“. Традиционалната божикна ху­ма­нитарна акција општината ја спроведе во просториите на салата „Јасмин“. Димитар Мурџев

Пинџур, се одржа чествување по повод 74 години од убиството на еден од најголемите револуционери и борци за слобода од поновата историја на македонскиот народ, народниот херој Страшо Пинџур. Пред бистата на Спомен куќата во Ваташа свежи свеќиња положија: делегација на Боречката организациија и почитувачи на традицијата на НОБ предводена од првоборецот Атанас Златевски - Наце, Градоначалникот на Општината Александар Панов, делегација на Советот на Општината предводена од претседателот Горица Пеливанова-Вилхелм, Советничката група на СДСМ, како и претставници на ООУ „Страшо Пинџур“ од Кавадарци. За животниот пат на херојот говореше Петре Камчевски директор на Музеј Галеријата во Кавадарци. Тој се задржа на неколку значајни моменти битни за животот и револуционерното дело на народниот херој Страшо Пинџур кој рано останал без татко. Подоцна за него се грижи баба му Наца на која ќе и остане приврзан до крајот на својот живот. Завршил основно образование во Ваташа, а нижа гимназија во Кавадарци. Страшо иако релативно многу млад жестоко му се спротивставил на српскиот психолог Василие Правуловиќ, кој за Македонците тврдел дека се прост и необразован народ. Во Белград се запишал на Правниот факултет

и станал член, а бил и секретар на Културно просветното друштво „Вардар“. Во 1939 г. заедно со Ристо Михов и Ѓошо Бојаџиев ја обновуваат работата на КП за Кавадарци. Во 1940 се вклучил во работата на партиската организација во Скопје и е еден од најзаслужните за формирањето на скопскиот партизански одред. Кон крајот на декември 1942 г. заедно со Мирче Ацев се уапсени во куќата на Јован Митрев и се спроведени во Скопскиот областен затвор. По невидена тортура во која учествувале неколкумина бугарски агенти, Страшо Пинџур починал на 4 јануари 1943 г., како резултат на жестокото тепање. Неговото тело е изнесено од затворот и закопано на непозната локација, така да и денес не се знае каде е неговиот гроб. Годинава почит кон народниот херој беше оддадена и во Касарната на АРМ во селото Петровец близу Скопје. Пред бистата на Страшо Пинџур букети цвеќе положија делгации на Сојузот на борците на Македонија, старешеини од Касарната „Страшо Пинџур“ како и делегација од Општина Кавадарци. Димитар Мурџев


ОПШТИНСКО ЈАВНО ГЛАСИЛО НОВОГОДИШНИ ПАКЕТЧИЊА ЗА БОЛНИТЕ ДЕЦА

Претставници од кабинетот на градоначалникот Александар Панов на ден пред Новата 2017 година беа во традиционална посета на болните деца во Детското одделение на Општа Болница Кавадарци. Од името на општината, градоначалникот и Советот тие им поделија новогодишни пакетчиња и на момент да им го развеселат претстојот во болничкиот оддел.

НА БАДНИК РАДОСТ ВО ДОМОТ НА СЕМЕЈСТВОТО ЃОРЃИЕВИ

Со новогодишни пакетчиња истиот ден беа израдувани и децата од Специјалната паралелка во ООУ „Страшо Пинџур“, како и во Дневниот центар за лица со посебни потреби. Нив ги посетија претставници на „Фени индустри“ и традиционално донираа новогодишни пакетчиња. Димитар Мурџев

АЛЕКСАНДАР МАЛИНКОВ Е ДОБИТНИК НА ЗЛАТНА КОЛЕДАШКА

Актерот Александар Малинков е овогодинешниот добитник на признанието „Златна коледашка“ која му се доделува на најдобриот шегаџија на веќе традиционалната манифестација „Дедо цепе бурина“, која по осми пат на Коледе се оддржа во Кавадарци. И покрај обилните снежни врнежи кои само го дополнија прекрасниот празничен амбиент, на годинашното издание на манифестацијата која го спојува традиционалното чествување на Коледе со кавадаречкиот хумор настапија седум учесници кои покрај коледарскиот оган со своите вицови на различни теми ги насмеаа присутните, само говори дека оваа манифестација е една од омилените на многумина кавадарчани. „Во очи на паганскиот празник Коледе кој традиционално се

одбележува секоја година во Кавадарци со палење на коледарскиот огин, локалната самоуправа и културниот дом уште пред осум години одлучија да се приклучат кон одбележувањето на празникот на малку покултурен начин. Така настана и овој фестивал на вицот и шегата чиј наслов е симболичен. Во основата на овој фестивал е и добрата музика, како и презентација на извонредните пијалаци кои се произведуваат во Тиквешијата“ рече меѓу другото директорот на Домот на културата „Иван Мазов - Климе“, Владимир Темков. Покрај Малинков, признанија и награди добија и останатите учесници, меѓу кои голем дел се и веќе стандардни учесници на оваа манифестација. Даниел Уневски

На Бадник, ден пред Божиќ, старата и трошна куќа на семејството Ѓорѓиеви во селото Дреново ја посети кавадаречкиот Дедо Мраз, за да однесе пакет со храна и новогодишни пакетчиња за четирите деца. Радоста што ја однесе во нивниот сиромашен дом беше неизмерна, а насмевките на нивните лица беа најголемата награда за Ѓорѓи Вареловски, кој се надева дека наредната година ќе има можност да израдува барем неколку семејства на кои тоа најмногу им е потребно, за време на новогодишните и божиќните празници. Инаку, Вареловски во Кавадарци е познат по тоа што веќе 19 години во својот двор пречекува и со новогодишни пакетчиња дарува многу деца, не само од градот туку и од цела Македонија. Годинава тој одлучи со скромните парични средства, кои ги оставија некои посетители на неговата новогодишна бајка, дополнети со негов прилог, да купи основни прехранбени артикли и новогодишни пакетчиња и за Божиќ да му ги подари на едно семејство што живее во тешки услови. Од Центарот за социјални работи во Кавадарци му беше посочено семејството на Зоран и Елизабета Ѓорѓиеви од селото Дреново,

кои имаат четири деца, една ќерка од 14 години и три сина од 12, 9 и 6 години. И покрај студеното време и отежнатите услови на патиштата, Вареловски успеа да обезбеди џип и на Бадник да го посети домот на Ѓорѓиеви. „Не можам со зборови да ја опишам радоста што ја предизвикав кај семејството Ѓорѓиеви со моето доаѓање во нивниот скромен дом. Сигурен сум дека со продуктите ја збогатив сиромашната бадникова трпеза и со моето доаѓање донесов многу топлина во нивните срца во овие студени јануарски денови. Ќе ги спомнам и неколкуте дечиња од Дреново што тој ден ги затекнавме како се лизгаат и кои исто така ги дарував со новогодишни пакетчиња. За мене тој ден претставуваше голема среќа и уште поголем поттик да истраам во мојата мисија, која сам ја одбрав: додека сум жив да бидам Дедо Мраз и да ги радувам децата“ вели хуманиот кавадаречки Дедо Мраз, Ѓорѓи Вареловски. Тој искрено се надева дека наредната година бројот на луѓето што ќе можат да издвојат минимални суми за хумани цели ќе биде поголем, а тој е подготвен со нивна помош да израдувам повеќе семејства. Мирјана Мукаетова

3


ОПШТИНСКО ЈАВНО ГЛАСИЛО ОД 50% ДО 60% ИЗМРЗНУВАЊЕ НА ЛОЗОВИТЕ НАСАДИ ВО ТИКВЕШИЈАТА

Ниските температури предизвикаа големи штети на лозовите насади во Тиквешијата. Најкритични за виновата лоза беа деновите недела и понеделник 8. и 9. јануари кога беа измерени од -18 до -22 степени што предизвика измрзнување од 50% до 60% кај најзастепните трпезни и вински сорти. Во АД „Гоце Делчев-Тиквеш“ деновиве стручен тим од агрономи ги анализираше примерозите на лозови прачки од шест лозарски региони и тоа: Шамаци, Љубаш, Раец, Возарци, Трстеник и Фариш. Најголем процент на измрзнување е регистрирано во Фариш и тоа 60% кај сортата „Вранец“, додека во понискиот дел во атарот на селото Трстеник измрзнувањето кај „Вранецот“ е 40%. Од трпезните сорти анализите покажале измрзнување од 40% до 50% кај сортата „Афус Али“, од 45% до 60% кај „Мишел Палиери“, 70% кај „Рибиер“ и 50% кај сортата „Кардинал“. Кај „Смедеревката“ која е една од најзастапените сорти во Тиквешијата регистрирано

е измрзнување од 30%, кај „Бургундецот“ 25%, сортата „Шардоне“ е измрзната од 15% до 25% додека кај сортите „Каберне“ и „Жилавка“ има најмало измрзнување од 10%, а ��ај „Темјаниката“ измрзнувањето е 25%. Најголем процент на измрзнување има регистрирано кај сортата „Сира“ 70%. Анализите за утврдување на степенот на измрзнување на лозовите насади во АД „Гоце Делчев-Тиквеш“ ќе продолжи и наредните денови бидејќи со досегашните анализи не се опфатени сите сорти меѓутоа првичнте сознанија се дек штетите се големи, а родот од годинашнава реколта е преполовен“ изјави директорот Ристо Милев. Во АД „Гоце Делчев-Тиквеш“ кое поседува 800 хектари под лозв насад и е најголем производител на трпезно и винско грозје во Македонија во голем процент од лозјата резидбата е завршена што значи дека можност за корекција на родните папки при резидбата не е можна. Мирјана Мукаетова

„ЛУКАР“ ЗАМРЗНА - АЛТЕРНАТИВАТА „БОШАВА“ ЈА СПАСИ СИТУАЦИЈАТА Кавадарци, Неготино и Росоман на 8 јануари 2017 г. останаа без вода за пиење како последица од прекинот во водоснабдувањето поради поларните температури од кои замрзнаа хидро објекти на регионалниот водовод „Лукар“. „Две екипи беа на терен и се обидуваа каде што е пристапно да интервенираат и да ја доведат состојбата со водоснабдувањето во нормала. Со оглед на должината на водоводот и конфигурцијата на теренот се работеше во текот на ноќта и се продолжи наредниот ден. екипите на ЈП „Комуналец“ успееа донекаде да ја санираат состојбата при што се нормализира водосабдувањето, но системот повторно функционира на исклучително ниски температури“, рече раководителот на Водовод и канализација при ЈП „Комуналец“, Марјан Прескакулев. Кавадарчани и Неготинци во текот на ноќта добија вода за пиење откако во функција беше ставен алтернативниот водовод ХМС „Бошава“. Тие ќе се снабдуваат со вода за пиење, се додека не се надмине проблемот со главниот регионален водовод „Лукар“. Градоначалникот Александар Панов, одржа прес конфереенција која имаше за цел да ја запознае јавноста со проблемите што ги направија ниските температури врз водоснабдувањето. „Кавадарци веќе три дена се соочува со овој проблем“, вели Панов и додава дека први тоа го почуствувале жителите на Возарци

СНЕГОТ ГО ОТЕЖНУВА ДВИЖЕЊЕТО И СООБРАЌАЈОТ

Сите патни правци во општина Кавадарци се проодни, но сообраќајот се одвива во отежнати зимски услови. Првиот снежен бран кој ја зафати Македонија донесе снежна покривка од 12 до 20 сантиметри во Кавадарци и околината. Снежниот бран за момент го прочисти воздухот и го намали ширењето на грипот. Зимската служба започна да интервенира на 5 јануари Бадник од 18 часот. На терен се работеше до 23 часот. Најпрво се расчистуваа главните градски сообраќајници, а потоа механизацијата на „Ја-ми“ интервенираше во низинските села, Сопот, Марена, Фариш, Раец, Дреново, Ресава, Бегниште и Шивец. Екипи на зимската служба работеа и во текот на ноќта. Утрото на 6 јануари од 9 часот механизацијата работеше на расчистување на патните правци од Мрежичко кон Рожден и Мајден. Овие патни правци беа оспособени за сообраќај во отежнати

4

зимски услови најдоцна до 16 часот. Паралелно се расчистуваа и патните правци кон селата Страгово, Крњево и Бохула. При првата посериозна зимска инервенција по улиците и патиштата беа расфрлани 23 м3 ризла и 10 тони индустриска сол. Екипите на зимската служба по расчистувањето на локалните патни правци кон селата работеа на расчистување и на улиците во градот од втора и трета категорија. Општина Кавадарци ги информира граѓаните дека при нови снежни врнежи зимската служба е подготвена за нови интервенции. Од општината согласно законските обврски апелираат до граѓаните при новите снежни врнежи самоиницијативно да превземат чекори за расчистување на снегот пред своите домови и деловно стопанските објекти, а возачите да водат сметка за прописно паркирање како не би дошло до проблеми и пречки во расчистувањето на снегот од страна на службите. Oпштина Кавадарци во оваа прилика го повторува апелот до старите лица од планинските села во подкожувјето да се симнат во градот, а ловџиите и другите граѓани без потреба да не одат во селата од Бошавијата и мариовскиот дел на Тиквешијата. Димитар Мурџев

кои се снабдуваат со вода од линијата за Фени. Во саботата по паѓањето на температурите под -25 и -30 степени започнале да замрзнуваат воздушните вентили на „Лукар“ и „Тиролскиот зафат Стара Река“. По стартувањето на новата линиуја во систесмот со дополнителни 50 литри во секунда, состојбата е ублажена но сепак водата замрзна и ја снема кај граѓаните кои живеат по погорните катови и во Високата зона. На ваквата состојба дополнително му „кумуваа“ самите граѓани кои оставија ноќта да течат славините за да не замрзнат. Ете таа потрошувачка, која е рамна на летна потрошувачка на вода, директно влијаеше градот да остане без вода. Енормната потрошувачка, која некои ги штитеше од замрзнување, за жал остави цели реони без вода. Во тој пртавец препораката, ако сакаме да бидеме солидарни: да не се практикува овој начин на оставење на водата во ноќните часдови, затоа што тоа директнио влијае на состојбата на теренот“. Димитар Мурџев

НИСКИТЕ ТЕМПЕРАТУРИ И МРАЗОТ ГИ ОШТЕТУВААТ ВОДОМЕРИТЕ Мрзнат водомери поради ниските температури во Кавадарци. Раководителот на Работната единица за водовод и канализација при Јавното претпријатие „Комуналец“, Марјан Прескакулев информираше дека околу седумдесет водомери се пријавени како нефункционални поради студот. „На замрзнатите водомери им се искршени стаклата и тие не се во функција. Доколку не реагираат навреме, водокорисниците кои имаат вакви дефекти остануваат без вода за пиење бидејќи водата ја полни шахтата и дворот. Затоа е неопходно ваквите проблеми да се пријават навремено“, порачува Прескакулев. Мрзнат водомери кај дел од водокорисниците кои имаат непрописно направени водомерни шахти. Екипи на ЈП „Комуналец“ се на терен и работат на отстранување на ваквите дефекти. Димитар Мурџев


ОПШТИНСКО ЈАВНО ГЛАСИЛО

ПРОЕКТ ОД ВАКОВ РАЗМЕР − ПРЕДИЗВИК И СОН НА СЕКОЈ ЗОГРАФ Новата градска катедрална црква „Св. Маченичка Параскева Петка“ е гордост на градот бидејќи нејзината изградба претставува остварување на дамнешниот сон на кавадарчани за возобновување на рушената црква „Св. Петка“ пред околу 170 години. Изградбата стартуваше во август 2010 година по примерот и на ист начин како што се граделе црквите во минатото кога биле достигнати највисоките дострели во ранохристијанската црковна архитектурата. „Црквата претставува продолжение на исконската култура и вистинска можност на помладите генерации да им се пренесе чистата совршена форма како одраз на чистата христијанска вера на македонскиот народ“ вели авторот на прокетот архитектот Трајче Грков. „Св. Петка“ е градска катедрална црква за свечени убави моменти поставена на парцела од 7,5 илјади квадратни метри, изградена е од монолитен травертин набавен од Мариово а ја ѕидаа неимари македонци од пограничните села во Албанија. Иконостасот е од прилепски бел мермер а трите црквени ѕвона набавени од Австрија се целосно автоматизирани со софтвер и хардвер и произведуваат прекрасна музика. Напоредно со завршните градежни работи годинаипол внимателно се бараше и бираше зографот кој ќе го слика фрескоживописот. Од повеќе понуди беше одлучено црквата „Св. Петка“ да му се довери на ликовниот уметник Павле Апостоловски од Скопје кој повеќе од 15 години професионално работи како зограф. „Проект од ваков размер би му бил предизвик и сон на секој зограф, можеби јас бев најсреќниот. Кога го видов објектот кој на прв поглед фасцинира, делува импозантно, има некоја магија која веднаш ве освојува и ве пренесува во еден друг свет без да знаете дека ќе имате среќа вие да го работите. За мене претставуваше голем предизвик и мислам дека привилегијата е моја затоа што можам да оставам еден траен белег. Кога ќе видите колкав е објектот и колку архитектонски е разигран, прво што помислувате е како тоа да се изработи а да биде коректно и ликовно издржано и се разбира пред сè канонски, што дополнително ве поттикнува да почнете повеќе да истражувате и бирате начини и искуства од нашите стари мајстори. Предизвикот е голем и секојдневен, често пати ќе се најдете пред некоја површина која треба композициски да ја решите бидејќи никогаш однапред не може да се предвиди како целосно ќе изгледа сцената. За мене од секогаш византискиот бил најубавиот период и се трудам во тој дух да ги изработам

не само ликовите, туку и драперијата, композициите и орнаментиката. Сметам дека би било многу неубаво и погрешно да се видат ликови изработени по терк од византискиот, драперија да речеме од поствизантискиот период а орнаменти од 19 век или преземени од повеќе периоди што денес кај нас може да се сретнат за жал во повеќе наши новоживописувани цркви, што е недозволиво. Затоа работата со моите помошници се одвива со големо внимание. Секој елемент, секоја боја, секоја нијанса многу вниматлно се бира, особено сината која го симболизира небото и зелената која ја симболизира земјата кои што доминираат во живописот во црквата и кои за време на живописувањето треба да останат исти. За мене овие основни бои се како басот на симфонискиот оркестар. Знаете ако го отстраните басот се друго ќе звучи како да лебди. Истото се однесува за ореолите, бордурите и орнаментите. Бидејќи црквата има ѕидови кои што асиметрично се повторуваат треба кога ќе погледнете да најдете логика помеѓу архитектурата, канонското распоредување, композициската поставеност и пропорционалноста на фигурите и другите елементи, за да може секоја композиција или сцена без разлика колку елементи (фигури) има да стои и да диши а да не биде предимензионирана. Ете тие елементи не само во црковното сликарство туку и во класичното ја сочинуваат сликата

односно композицијата“ објаснува Павле Апостоловски. Апостоловски смета дека зографот треба да има добра теолошка подготвеност и добро да ги знае житијата на светците бидејќи тоа би му помогнало. Од страна на организаторите на проектот ангажирана е Мирјана Машниќ- историчар на уметноста со долгогодишно искуство. Машниќ за црквата „Св. Петка“ ја изготви генерално целата програма - распоред за тоа како ќе изгледа црквата со тоа што во тесна соработка со зографот Павле Апостоловски ги решаваат површините за одредени сцени. За сигнатурите (натписите) и останатите текстови кои што се на црковно словенски јазик исто така од страна на зографот се ангажирани стручни лица така што се избегнати сите можности за некоја грешка. Досега е насликана олтарската апсида, куполата и северната апсида некаде по слободна проценка околу 500 квадратни метри. „Со голема почит кон архитектот на црквата Трајче Грков за кого мислам дека со овој проект се надминал самиот себе сметам дека оваа црква претставува вистинска синтеза на најдобрите архитектонски решенија на црквите и манастирите од византискиот период. Ние живееме во Македонија која е ризница на богатство од ваков тип на објекти. Тука пред сè мислам на фрескоживописот и иконописот кои и до ден денес се предмет на проучување во светот.

Од тој златен византиски период има многу што да се научи и тоа од декоративното, стилизирано сликарство, естетика, висока декорација, графика, психологија и многу други композициски елементи. Особено стилизацијата е доведена до тој степен што само неколку елементи од карактерот го прават ликот на светецот и истиот тој светец ќе го препознаете било како да е свртен. Професијата на зограф или овој занает се состои од неколку работи кои треба да ги знаете. Мора да го прифатите начинот на сликање во фрескосликарството. Во портретите треба да биде сочуван карактерот на ликот и да биде донесен во една што поедноставна форма. Значи стилизирани се: увото, носот, усните, вратот, прстите... речиси се. Старите македонски зографи не дека не можеле да ги насликаат поинаку, тие биле врвни мајстори, неповторливи... кои црковното сликарство го довеле до таква стилизација што во многу едноставна форма изгледаат така убаво и богато и имаат богата психологија. Секој лик е доведен до совршенство во едноставноста. Ако добро погледнете и ако секој лик посебно го анализирате во едноставноста ја гледате величината на тој мајстор, во три потези да се наслика око, веѓа, капак и зеница. Тоа се постигнува со време, знаење и долго искуство, едноставно мора да созреете како и во секоја друга професија. Јас секој ден го започнувам со молитвата: „Господи дај ми здравје и волја да можам да го исполнам ветувањето пред самиот себе и волја да можам да ја завршам работата“. Кажувам волја бидејќи многу е важно да не ја изгубам, да не се претворам во некој кој дошол, сработил и си отишол, односно да се случи барајќи да ги испочитувам роковите да изгубам нешто друго. Треба да се истрае бидејќи има многу искушенија и откажувања. Јас сум одвоен од семејството, од домот, се работи секојдневно. Не е важно дали сте изморени, дали нозете ви се отечени, дали надвор времето е убаво за прошетка, има сонце... не треба отпуштање. Проектот е огромен, најголем досега што сум работел, треба да се одржи континуитет, да се истрае за да оставам нешто од кое треба да се гордеам и било кога да дојдам да речам: „Јас бев тој, со скромност бидејќи никој никаде не направил нешто совршено, совршен е само Господ“. И верувам искрено дека кога ќе влезете во црквата, таа импресија и магија која ја имате од надворешниот изглед на црквата ќе продолжи да ве држи до крај и ќе биде уште повозвишена. Мирјана Мукаетова

5


ОПШТИНСКО ЈАВНО ГЛАСИЛО ДВЕ БОГОЈАВЛЕНСКИ ПРОЦЕСИИ ВО КАВАДАРЦИ

Наредниот четврото на 19 јануари, православните верници го одбележуваат големиот празник „Богојавление-Водици“. Во духот на христијанската традиција МПЦ преку своите свештеници за верниците го организира водосвето со литургии во црквите кои завршуваат со фрлање на осветниот крст во поголемите водотеци. Годинава по осми пат МПЦ и општина Кавадарци ќе го организираат водосветот од мостот на Луда Мара кај „Јаворот“, како и на Браната „Моклиште“ кај с. Ваташа. Кавадаречкото свештенство за празникот „Водици“ 2017 година организира најпрвин света архиерејска литургија во црквите „Св. Димитрија“ и „Св. Пет-

ка“, по што ќе уследат две свечени поворки-литии кон местото на водосветото. Литијата од старата црква кон реката ќе се упати во 11:30 часот а од црквата „Св. Петка“ во 11:15 часот. Фрлањето на светиот крст во Луда Мара е во 12:00 од мостот кај Јаворот. МПЦ апелира до верниците доколку сакаат вистински да го чествуваат водосветот најпрвин да присуствуваат на свечените литургии во црквите, а од таму организирано во поворка да дојдат до мостот. Исто така појаснуваат дека света вода треба да се полни од соодветните садови и базентчиња во самите цркви, а не од реката. Димитар Мурџев

ЗА НОВОГОДИШНАТА НОЌ БРЗАТА ПОМОШ СО ЗГОЛЕМЕН БРОЈ ИНТЕРВЕНЦИИ

Грипот во Кавадарци се шири со епидемиолошки размери, велат лекари. За време на новогодишната ноќ во Итната медицинска помош дежурните лекари имале полни раце работа. За преглед се јавиле шеесетина пациенти, 90 отсто од нив биле со компликации од грипот. „Бројот на прегледи е трипати зголемен од вообичаено поради грипот. За новогодишната ноќ имавме и тројца млади, лесно повредени во тепачка, а амбулантски се третирани и две алкохолизирани лица“ информи-

6

ра началникот на Итната медицинска помош во Кавадарци, д-р Антоан Паракеов. Тој упати апел до граѓаните да не повикуваат брза помош само за покачена телесна температура, бидејќи на тој начин се намалува капацитетот на брзата помош. „Имаме случаи да се повикува брза помош поради покачена телесна температура, без било какви други сериозни здравствени проблеми. На овој начин се ремети работењето на тимовите на брза помош поради што е можно да се задоцни на посериозен повик, кога има пациент во животно загрозувачка сотојба“ вели д-р Паракеов. Пациентите кои имаат само покачена температура или имаат симптоми на настинка е потребно да земаат аналгетици или антипиретици. Aнгел Данов

БОГОЈАВЛЕНИЕ ВОДИЦИ

„Водици“ или „Богојавление“ е денот на кој според христијанското предание Св. Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Се прославува на 19 јануари, и со тоа му се дава значање на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот. Со овој празник завршуваат не само дванаесте т.н. „Некрстени денови“ туку и циклусот зимски празнувања. Во предхристијанското празнување и традиција, Богојавление бил празник на многубожниот бог давател Дајбог ги исполнувал желбите на луѓето кои му се обраќале При отворањето на небото. Имено според верувањето, ноќта спроти празникот точно на полноќ се отворило небото и на сите што будни ќе го дочекаат тој час Бог им ги исполнувал желбите. Водици се празнува два дена, првиот ден на 19 јануари освен Богојавление и Водици усте се вика и Војордан и Машки Водици а, вториот ден 20 јануари, Собир на Св. Јован Крстител уште се вика и Женски Водици. Тоа значело дека првиот ден во минатото ги бањале зетовците и машките први деца, а вториот ден невестите и женските први деца. Овој обичај се изведувал на тој начин што ги носеле на реката, а таму свештеното лице по специјален обред ги попрскувал со светена вода. Во минатото карактеристично за Водици е што се празнува во поголеми или помали групи, кои се викале кумства или братства. Сите членови се сметаат за роднини и меѓусебно се обраќаат со „Свети Јоване“, „побратиме“ и сл. Според дамнешните сфаќања што ги прифатила и црквата, кумството е сродство, па за кумовите како и за крвните роднини важи законот за егзогамијата. Секое братство има свој кум кој го викаат Св. Јован. Тој го чува крстот една година, од едни до други Водици.

Еден ден пред празникот на 18 ти го викаат „Водокрст“ или „Водопост“. „Водокрст“ доаѓа од крштевањето т.е. осветувањето на водата, а „Водопост“ поради тоа што се работи за строг пост. Рано наутро на знакот од камбаната сите кумови одат во црквата. Секој со себе носи котле со вода и во него крстот што му припаѓа на тоа братство. Откако попот ќе ги провере сите крстови дали се правилно врзани со босилекот т.е. (треба да има толку гранчиња колку што има куќи тоа братство), ги пее сите крстови заедно и со тоа ја осветува или крштева водата. Со овој чин, оваа вода добива профилактичка моќ, со неа во текот на денот се прска низ куќата, шталата со цел да ги избрка сите лошотии. Денес традиционално, во Македонија па и во Тиквешијата, свештените лица го фрлаат ритуалниот крст во некоја поголема вода, а луѓето скокаат во водата и се обидуваат да го фатат крстот. Се смета дека на тој ден сите води се крстени, овој ритуал го симболизира влегувањето на Христос во реката Јордан. Во библиската Палестина, на реката Јордан се слушал гласот на пророкот на Св. Јован Крстител, кој ги повикувал луѓето да се покајат за своите гревови и да примат крштение. Ги крштевал луѓето од Ерусалим и од цела Јудеа. Исус Христос доаѓа при Јован на јордановските води, Јован ја познал величината на Христовата божествена природа и затоа зборува: „Еве го јагнето божјо, кое ги зеде гревовите на светот врз себе!“. Со тоа Христос го потопи прародителскиот грев и грвовите на сите луѓе од постоењето на светот. Штом се крстил, излегол од реката му се отвориле небото и душата божја во телесен вид како гулаб се спуштил над него, гласот од небесата говорел: „Овој е мојот возљубен син кој е по мојата волја“. Поради него ги повикува сите луѓе на светот да станат синови и ќерки Божји. Кети Ванчева, Томе Крстевски етнолози


ОПШТИНСКО ЈАВНО ГЛАСИЛО ТРАДИЦИОНАЛЕН БОЖИКЕН КОНЦЕРТ НА МУЗИЧКОТО УЧИЛИШТЕ

Во вторникот на 10 јануари 2017 година, во Салата при Домот на културата „Иван Мазов - Климе“ Кавадарци се одржа традиционалниот Божиќен концерт во организација на Основното музичко училиште, а под покровителство на градоначалникот и Советот на општина Кавадарци. На концертот настапија ученици и професори од ООМБУ „Лазо Мицев Рале“ Кавадарци, како и студенти на музичките академии, поранешни ученици на ова училиште. На сцената публиката имаше можност да ги види оркестарот и хорот на училиштето под диригентската палка на Звонко Богев, а во пијано соработка на Емилија Кабранова Филипова,

НОВОГОДИШНА ПРЕТСТАВА Последните денови на 2016, а во пресрет на Новата 2017 година, Театарот при Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ Кавадарци за најмладите ја прикажа претставата „Волшебникот од Оз“, специјално подготвена како Театар на сенки и прилагодена за Новогодишните празнувања. Претставата ја следе учениците од нижите паралелки од шесте кавадаречки основни училишта. Беа прикажани вкупно 10 претстави, кои ги видоа над 2400 ученици. После одгледаната театарска претстава децата се упатуваа на плоштадот каде Дедо Мраз им делеше новогодишни пакетчиња подарок од општината, градоначалникот и советот. Димитар Мурџев

Стеван Волчев и Даниела Паланкова Маџункова. На концертот беа исполнети познати дела од сериозната музика во интерпретација на хорот, оркестарот, традиционалниот оркестар, потоа камерниот соатав труби како и камерениот состав флејти. Како солисти и во дует настапија младите музичари: Даниела Јовановска и Ѓорѓи Филков, потоа Миа Мартина Маџункова, Јован Јованов, Александар Витанов и Ристе Спанџов кои изведоа познати класични дела. Своја точка имаше и камерниот состав од Државното музичко училиште од Штип. На концертот хорот и оркестарот на училиштето ги исполнија поп нумерите „За овој свет“ од Тоше и „Верувај во Љубовта“ од Оливер. Концертот заврши во духот на новогодишниот концерт на виенските филхармоничари, кога оркестарот го извере „Радецки марш“ од Јохан Штраус. Димитар Мурџев

НОВОГОДИШЕН КОНЦЕРТ НА БИТОЛСКИОТ КАМЕРЕН ОРКЕСТАР

На 30 декември во Кавадарци се одржа Новогодишен концерт со музика од филмовите за Џејмс Бонд. Концертот е дело на камерниот оркестар од Битола кој во Кавадарци ова лето исто така имаше успешно гостување во Домот на културата. На сцената во салата од Домот на културата „Иван Мазов Климе“ беа диригентот Владимир Димовски кој прави аранжмани и триесетина музичари. Присутните уживаа во дванаесет композиции. Познатиот Камерен оркестар од Битола исполни специјална програма составена од познати музички композиции од популарниот филмски серијал за Џејмс Бонд – „James Bond Simphony“. Концертот заврши со „Божиќна песна“ од Мараја Кери. Како солисти пејачи настапија: Наде Талевска, Ирена Димов-

ска и Мики Секуловски. Настанот беше организиран во соработка со локалната самоуправа и Домот на културата. Никола Трајановски како координатор на оркестарот, упати благодарност до градоначалникот и општината Кавадарци. Инаку во оваа форма, оркестарот постои веќе четврта година и како што нагласи Трајановски, одлично функционира. Претходно опстојувал четириесетина години со прекини. „Среќен сум што во Кавадарци го имаме последниот дванаесетти концерт за оваа наша успешна година. Всушност, за оркестарот ова е досега најуспешната година“, нагласи Трајановски. Убава музичка претстава која ги воодушеви кавадарчани. Марјан Димитров

135 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ЈОВАНЧЕ ПОП АНТОВ На 4 јануари се навршија 135 години од раѓањето на Јованче Поп Антов, учител, револуционер и месен војвода од овој крај. Роден е во с. Ваташа во свештеничко семејство и е најмал од браќата Поп Антови. Основно училиште завршил во Ваташа, а прогимназија во Прилеп, каде како учител работи неговиот брат Тодор. Контактите на неговиот брат со видни македонски револуционери му овозможуваат уште рано да ја осознае идеата на македонската револуционерна организација и да ги прифати нејзините принципи. По завршување на прогимназијата се запишува на Педагошкото училиште во Скопје. Јованче иако палав со немирен дух го сака својот позив и веднаш по завршувањето на училиштето од страна на Црковно-училишната општина е поставен за учител во Кавадарци. Набргу станува член на ТМОРО, а во 1904 година поради неговата револуционерна

дејност за да не биде уапсен се илегализира и се вклучува во револуционерната чета на војводата Добри Дас-

калов. Јованче Поп Антов особено се активира во чистење на теренот во Тиквешијата од врховистичките банди. Во една таква акција против врховистичкиот војвода Јован Радњански бил тешко ранет и е приморан два месеца да помине на лекување. Бидејќи раната се комплицирала користејќи ги врските на постарите браќа бил испратен во Солун, каде останува се до конечното излекување. По враќањето во Ваташа станува раководител на месната организација, а извесен период е и раководител на месната ваташка чета. На 28 јуни 1906 година Јованче Поп Антов бил убиен пред селската кафана среде бел ден од страна на еден турчин член на т.н. „Тајни турски комитети“, чија што цел била ликвидирање на сите значајни личности на организацијата, кои биле потенцијална опасност за егзистенцијата на турското население во Тиквешијата. Петре Камчевски

7


ОПШТИНСКО ЈАВНО ГЛАСИЛО

ГОДИШНО СОБРАНИЕ НА ЏУДО ФЕДЕРАЦИЈАТА

Минатата среда Кавадарци беше домаќин на вонредното собрание на Џудо федерацијата на Македонија на кое што присуствуваа 39 делегати од вкупно 21 џудо клуб од Македонија. На седницата на собранието беа разгледани барањата на осумте клубови по чија иницијатива истото беше свикано, а се однесуваа за работата на Џудо федерацијата на Македонија. Покрај овие точки, делегатите го усвоија и извештајот за работата

на џудо федерацијата на Македонија за 2016 година, беа усвоени планот и програмата за работа на џудо федерацијата на Македонија за 2017 година, а беше усвоен и финансискиот план и програма за 2017 година. Во изјавата за медиумите, претседателот на Џудо федерацијата на Македонија, господинот Ванчо Настов потенцираше дека во новата 2017 година Џудо федерацијата на Македонија заедно со сите џудо клубови,

ИМЕТО ФК „ТИКВЕШ“ СЕ ВРАЌА ВО ГРАДСКИОТ ПАРК КАКО МОТИВ ЗА ОПСТАНОК ВО ЛИГАТА Со големи амбиции и под името ФК „Тиквеш“, кое што е препознатлив белег на кавадаречкиот фудбал, градскиот фудбалски клуб „Тиквеш“ утре сабота, 14 јануари ќе ги започне подготовките за продолжетокот од сезоната во втората по ранг македонска фудбалска лига во кој главна цел ќе биде обезбедување опстанок. По сите перипетии кои се случуваа во есенскиот дел од шампионатот, сомнителните тренери и уште посомнителните засилувања, лоши резултати, катастрофална гол разлика и само седум освоени бода, раководството на клубот верува дека промените кои стартуваат со враќањето на името ќе значи и нов почеток за кавадаречкиот фудбал. „Административните процедури за промена на името се веќе завршена работа, „Љубанци“ е веќе минато, а „Тиквеш“ е името кое ќе треба да не обедини, но и да им даде дополнителен мотив на сите оние кои ќе го облечат дресот со славното име“, ни изјави Ѕвонко

8

Костов, тренер на клубот. Во продолжение од разговорот Костов го најави и стартот на подготовките. „Подготовките за продолжението од шампионатот ќе стартуваат утре во 11 часот на градскиот стадион во Кавадарци. Правиме напори и веќе добивме потврда од четири искусни, прволигашки играчи, а преговараме со уште тројца квалитетни фудбалери кои треба да ни помогнат во остварувањето на главната цел, опстанок во лигата, но и во намерата да и понудиме на кавадаречката публика убав и допадлив фудбал. Сеуште е рано да ги објавиме имињата, но се надевам дека многу наскоро ќе го потврдиме целиот ростер, за потоа целосно да се фокусираме на подготовките и воигрувањето на тимот“. За потсетување, првото коло од продолжението на шампионатот е закажано за на 25 февруари, а во него „Тиквеш“ ќе му гостува на тимот на „Хоризонт Турново“. Даниел Уневски

членки на федерацијата, несебично потпомогната од генералниот спонзор, компанијата „Кожувчанка“ ДОО ќе продолжи со уште поголем елан да ги реализира зацртаните цели и планови. Големи амбиции за престојната година има и Џудо клубот „Кожувчанка“ кој е еден од најактивните и најуспешните клубови во Македонија, чии џудисти се редовно помеѓу најдобрите во своите категории. Даниел Уневски

МОЈСОВ СЕ ВРАТИ ВО МАКЕДОНИЈА Искусниот македонски интернационалец, Ѓорѓи Мојсов се врати во Македонија и до крајот на сезоната ќе го носи дресот на битолски „Пелистер“. 31 годишниот кавадарчанец во „Пелистер“ пристига од тимот на „Жетису“ од Казахстан, со кого му заврши договорот, па откако изминатите денови ги договори личните услови со тимот од Битола, во понеделникот и официјално стави потпис на новиот договор. Ова не е прв пат Мојсов да го носи дресот на „Пелистер“. Претходно постариот од браќата Мојсови има настапувано за битолскиот клуб во периодот од 2005 до 2007 година и од 2013 до 2014 година, а во македонскиот шампионат го носеше дресот и на „Ренова“, „Хоризонт Турново“, „Вардар“, „Работнички“ и својот матичен клуб „Тиквеш“. Веднаш по потпишувањето на договорот, Мојсов со своите соиграчи замина на зимски подготовки во Охрид, поради лошите временски услови во Битола, а се очекува тимот да го засили и еден португалски фудбалер од „ЦСКА“ Софија. Даниел Уневски

КК „ФЕНИ ИНДУСТРИ“ ПРОДОЛЖУВА СО ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ВТОРИОТ ДЕЛ ОД СЕЗОНАТА По паузата за новогодишните празници, кошаркарите на „Фени Индустри“ веднаш се вратија во тренажен процес, па и покрај екстремно студеното време, продолжуваат со подготовките за вториот дел од сезоната, во која тимот на Малинков ќе треба да го потврди впечатокот дека е кадарен за високи дострели. Официјално, првиот натпревар во новата година кошаркарите на „Фени Индустри“ ќе го одиграат на 18 јануари, и тоа против екипата на „Сутјеска“ од Црна Гора во рамките на претпоследното коло од воведната групна фаза од балканската БИБЛ лига. Почетокот на натпреварот кој најверојатно ќе значи и враќање во „Јасмин“ на миленикот на кавадаречката публика, Горан Гајиќ кој настапува за „Сутјеска“ е закажан за во 19 часот. Три дена подоцна, кавадаречките кошаркари ќе му гостуваат на тимот на „Охрид АВ“ во рамките на деветото коло од домашното првенство, а ритамот среда-сабота продолжува со завршниот натпревар од групната фаза од БИБЛ лигата против „Карпош Соколи“ во Скопје и на домашен терен против битолски „Пелистер“. Даниел Уневски

ЛЕК ЗА СЕКАКВА БОЛЕСТ - За подобрување на мокрењето - пијам пиво. - При отсуство на апетит - пијам бело вино. При низок крвен притисок - пијам црвено вино, а при висок - коњак. - Ако имам ангина - пијам ракија... - А вода? - Таква болест уште не сум имал...

Илија Пемов Ако на шише од Фанта има капаче од Кока Кола, значи дека во шишето има ракија. Кавадаречка мудра изрека

Општинско јавно гласило Издавач: Локална самоуправа Кавадарци Уредник: Димитар Мурџев Лектор-коректор: „Европа 92“ Печати: Печатница „Европа 92“ Кочани Бесплатен примерок


162-vesnik-kavadarci__web